Д. НАСТАНИ СО ШИРОКИ И ДОЛГОРОЧНИ ПОСЛЕДИЦИ
Д. НАСТАНИ СО ШИРОКИ И ДОЛГОРОЧНИ ПОСЛЕДИЦИ
44. Улогата на Вашингтон во структурирањето на Охридскиот договор е логично продолжение, и значаен исчекор, на зацртаната американска политика кон Македонија и Македонците, која систематски и упорно се спроведува по распадот на Југославија. Полека, но сигурно, се стеснува просторот на македонизмот, се сечат неговите корени. Според сите индикатори, ако одлучно не се спротивставиме, тие се решени да продолжат сè додека тој не се исуши. Ако не се престроиме, тој момент и не е многу далеку.
44. 1. Заедничко за сите тие политики е што сакаат, еднаш за секогаш, да го затворат „македонското прашање”. Не е воопшто важно дали поаѓаат од тезата дека македонскиот е измислен народ или проблемот е што сме длабоко поделени и разединети и како такви несигурен партнер. Или, едноставно, Македонците им пречат во реализација на нивните балкански (големоалбански) планови и интереси.
Можеме одговорно да констатираме дека, сите овие 20-ина години, Вашингтон со прст не мрднал за да и` помогне на Македонија. Барем околу клучните државни прашања.
Секогаш настапувал воздржано, не се експонирал нагласено а, зад кулисите – играл на друга карта. Од непризнавањето на државата и приемот во ООН... сè до ултиматумот и уцената од Букурешт, во 2008, САД секогаш, без исклучок, ги игнорираа основните македонски интереси.
44. 2. САД сè уште не се свесни за виталноста на Македонците и за нивната издржливост. Не ги извлекле поуките од историјата, за неможноста тие да се истребат без поголема војна. Нивните планери мора да ги согледаат реалностите на теренот и правилно да ја оценат и почитуваат огромната толеранција која традиционално ја манифестира македонскиот народ.
Топката е кај нив, но и кај нас. Ако не следи наша соодветна, робустна противакција и одлучна борба да останеме тоа што сме... лошо ни се пишува. Досегашната наша неодлучност, некоординираност, непосветеност, ниското ниво на професионалност... не донесоа резултати и се во директна функција на туѓите замисли, кои се погубни за народот и земјата. Крајно време е на Американците да им кажеме – доста беше!
45. Тоа го потврдуваат и досегашните, поразителни резултати. Со рамковниот договор, на пример, македонската држава беше рекомпонирана на начин кој полошо немаше да го направат ниту Грците, ниту Бугарите, ниту Албанците, ниту Србите..., ниту сите заедно. А сите имаа(т) некакви претензии спрема територијата, народот, црквата... Далеку „подобро” од нив, тоа (ни) го направија САД.
46. За да се надмине сегашниот ќор-сокак, во кој се најде државата, македонската историја ќе мора што поскоро сериозно да се позабави со војната од 2001-та. Без да се прецизира што (ни) се случи тогаш, ќе биде сè потешко да се гради иднината. И дома, во земјата, и на надворешен план.
Мора да се каже гласно кој стоеше зад таа војна и зошто?
Мора да се утврдат и причините за поразот. Некој ќе мора да ја сноси одговорноста и за загубената војна и за неприфатливото реструктурирање на државата.
Одговорноста мора да започне од врвот и да оди надолу, сè до сите советници, кои изигруваа кисинџерчиња во Охрид.
Последните немаат командна одговорност, но мора да сносат макар морални последици за својата елементарна нестручност и недораснатост за проблемите со кои препотентно се нафатија, во подготовката на Охридскиот договор.
47. Целта на документирано утврдување на неодамнешното минато ниту може, а уште помалку смее да биде преиспитување на положбата на Албанците во општеството.
Неспорен придонес, и на војната, и на Охридскиот договор, е решавањето на одредени проблеми со кои неоправдано и долго се сооучуваа нашите сограѓани Албанци. Тоа мора да се почитува. Ама, сепак, мора да се потцрта дека за тоа да се постигне, во никој случај не беше потребна војна. И, од друга страна, не смее да се толерира никаков реваншизам, кој е присутен на политичката сцена.
48. Кога се разгледува позицијата на Албанците во Македонија, и грешките кои се неспорно направени, треба да се потсетиме и на иницијативата на Тупурковски кој, своевремено, излезе со апел за „историски договор со Албанците”. Идејата не беше елаборирана и не е јасно дали тоа беше политички блеф или нешто конкретно. Сепак, гледано од денешен аспект – во основа, тој беше во право.
Нешто мораше да се преземе. Навистина, во тој период Македонија беше соочена со перманентна криза, но, место отворање на ова прашање, имавме антиалбански демонстрации во паркот пред Собранието со, во најмала рака, нецивилизиран однос кон Албанците. Иако иницијаторите и учесниците би требало да се срамат од тоа што го приредија, некои од нив направија и кариери токму преку тој ангажман.
Власта не покажа чувство за овој проблем, а тогашната опозиција нè враќаше на почетокот на 20-от век, најавувајќи конгрес во Солун... Последиците од таквата незрелост и некомпетентност, на лидерите кои имаа по 30 години, ќе ги чувствуваме уште долго.
49. Односот на САД кон Македонија неизбежно мора да се анализира и во контекст на политиката и интересите на Грција. Неспорно е дека Вашингтон води сметка за нејзините аспирации, но тоа е од – секундарен карактер. Во релативно блиска иднина може да се покаже дека оваа американска политика е исто толку опасна и штетна за Грција, колку и за Македонија! Во Грција има преку милион Албанци... Околу
600 илјади се таму легално и, веројатно уште толку – нелегално. Тие ја контролираат мафијата и генерираат огромни пари... Прашањето за Чамирија виси во воздухот...
Сето тоа може да се активира во кој било момент, особено сега, кога рапидно слабее грчката држава, како резултат на длабоката криза. Ако се продолжи со приближен интензитет на решавање на „албанското национално прашање”, таквиот развој ќе биде – неизбежен.
50. Дека тоа не се измислици потврдува и еден неформален разговор во Москва, во 2006 година, со Теута Арифи, тогаш претседателка на собраниската Комисија за надворешна политика. Таа „се довери”: „Му реков на Ахмети дека е голема штета што нема(в)ме соодветни услови во Грција, и таму да направиме нешто како во Македонија, во 2001-та”!
Таа го покажа своето политичко кредо кое сигурно не е само нејзино. Застрашувачко, во секој случај.
50. 1. Албанците демонстрираат целосна лојалност и максимално ги спроведуваат директивите од Вашингтон.
Новата оска добро функционира, а и двете страни продолжуваат да ја зајакнуваат. Кризата во Грција ќе ја детерминира улогата на Албанците во земјата. Ако државата се консолидира и се врати позитивна енергија која ќе генерира развој, поголеми ексцеси не се реални, барем во скоро време. Но, ако дојде до хаос, Вашингтон може да заигра на картата и на тамошните Албанци, како што го прави тоа во Македонија.
Прва жртва на новата американска политка на Балканот беше Србија (Косово и Краина во Хрватска), втора Македонија (2001), каде приказната сè уште не е завршена. Ќе има ли трета?
51. Ова е само потврда дека политиката на САД не е многу комплементарна со долгорочните интереси на Грција. Атина има своја заслуга во отворањето простор за некакво „легитимно” оспорување на македонската држава, за нејзино држење на тенок мраз, кое Вашингтон максимално го искористи, но, на крајот, таа лесно може да испадне – најголемиот губитник.
52. Изблиците на антиамериканизам се релативно честа појава во Грција. Атина цело време кокетира и со Москва, каде купува и оружје, иако долго време е членка на НАТО, што создава додатни резерви во Вашингтон. По распадот на СССР и Варшавскиот пакт, на Балканот порасна улогата на Турција, меѓу другото, и на сметка на Грција, која веќе не е сосед на опасниот социјализам, кој замина во историјата.
Турција е сè позначаен глобален играч. Нејзината присутност и влијание во регионот, но и пошироко, благодарение и на исклучително брзиот повеќегодишен економски развој, постојано растат. Важна улога таа игра и во т.н. „туркофонски” држави во Централна Азија
(Таџикистан...).
Интересот на САД за Турција расте додека за Грција останува ограничен и намален.
53. На крај, да нагласиме дека американските планери треба да се потсетат дека Албанија и Албанците, по Втората светска војна, прво беа најдобар пријател со Југославија, потоа со СССР, следеше Кина. Со сите се раскараа и сите тие станаа нивни најголеми душмани. Сега се во прегратка со САД. До кога? Во градењето на политиката кон Македонија и Македонците, Вашингтон не треба да заборави дека сојузите и партнерствата, всушност, никогаш не биле вечни.
54. Секоја објективна анализа покажува дека Македонија, ваква каква што е, е најдобро решение за сите. Почнувајќи од Грција, преку Бугарија, Србија, Косово и Албанија, сè до Брисел и – Вашингтон. Македонија никого ниту оспорува, ниту загрозува. Толеранцијата и трпеливоста се главни карактеристики на Македонците. Така било со векови, така останува и така ќе биде и во иднина. Ако се осврнеме, макар на последниве двесте години – никој не настрадал од Македонците. Напротив, тие биле жртви на туѓи интереси и аспирации. Така е и денес. И тоа треба што поскоро да заврши. Во интерес на мирот во регионот.
Што побргу тоа се сфати, подобро за сите.
55. По непишано правило, големите и силните никогаш не ги признаваат сопствените грешки, туку одат до крај. Затоа, овој дел мора да го заокружиме со фактот дека САД, својата улога во војната од 2001-та ја заокружија на сосем „логичен” начин. Во хашкиот Меѓународен суд за поранешна Југославија беа судени – само двајца Македонци, од кои едниот беше и осуден! Албанци – немаше! Жртвите во судирот беа испратени таму, веројатно со цел да се оправда, верификува и валоризира војната која, нели, имаше „хуманитарен” карактер. Агресорите, меѓу кои имаше и „резбари” на човекови тела; и такви кои цел град оставаа со денови без вода за пиење; или кои минираа мотели со работници врзани за столбови... не стигнаа до Хаг. Беа амнестирани.
Се разбира, не по волја на македонската држава, иако поранешниот генсек на НАТО, Робертсон, години по настаните, ни порача – сами ги амнестиравте! Никој не ве присили! Тоа е само делумно точно бидејќи притисокот беше неспорен и жесток, други (т.н. „олеснувачи”) го водеа орото во тие времиња во државата која беше обезглавена, но пораката е кристално јасна – требаше да го одбиете тој недостоинствен чин или да го реализирате селективно; за тоа моравте сами да се изборите и никој немаше да може со сила да ви наметне поинакво решение.
Точно е така. Но под услов да имаш соодветни капацитети, да знаеш правилно да ги оценуваш ситуациите, можностите..., да имаш прави и искусни советници околу тебе, вклучувајќи и странски...
Сè заедно, меѓутоа, во прашање е врвна и недостижна американска хипокризија. Жртвата да се суди, а агресорот да ја ужива славата на победата! Апсурдот, навистина, го достигна својот максимум. Ни покажаа дека можат да ни прават што сакаат.
И филмските сценаристи би можеле да им позавидат на американските балканско-македонски планери.
56. Дека спомнатиот Хашки суд игра повеќе политичка отколку правна улога, ни потврди неговиот дански судија, Фредирик Хархов („Нè натераа да ги ослободиме Готовина и Маркач”, „Дневник”, 15 јуни 2013). Не дека тоа не беше јасно, но е сепак важно што потврдата доаѓа однатре. Во писмо упатено до неговите колеги во Судот како и на 40-ина други адреси, Хархов тврди: „Хашкиот суд не дели правда, туку спроведува политички одлуки”. Тој го обвинува претседателот на Судот, американскиот судија Теодор Мерон дека „вршел притисок кај другите судии во случаите на Готовина и Перишиќ”.
Според „Дневник”, во истиот текст, американскиот новинар Чак Судетиќ, кој за „Њујорк тајмс” известувал за војните во Југославија, за „Економист” изјавил: „Хитлер веројатно би бил ослободен од секаква одговорност за холокаустот ако му се судело според стандардите кои сега ги применува Хашкиот трибунал”.
И сега, кога САД се мешаат околу обвинетите лица од Хрватска и Словенија, каде тие не беа сосема директно инволвирани во војните, како може да се однесуваат кон војната во 2001-та, која беше под нивни менаџмент? Можат ли своите партнери и извршители да ги дадат на суд?
Исклучено. Во обѕир доаѓаат само тие од спротивната страна, со што и војната добива сосема поинаков призвук и третман. Тие, со Албанците, се – „хуманитарци”, Македонците – злосторници.
Користете ги левата и десната стрелка за да ја свртите страницата.
Испечатено од https://macedonianhistory.ca/mk/narrative/ulogata-na-sad-2/16 на 29 октомври 2026