Дел II НОД НА МАКЕДОНСКИОТ НАРОД ОД ЕГЕЈСКИОТ ДЕЛ НА МАКЕДОНИЈА (1941-1949) - Part 12
Македонската организација на НОФ, станала организатор и носител на народната власт на слободната територија во егејскиот дел на Македонија. Ги предлагала кандидатите за околиски, градски, реонски и селски народни одбори и раководители на народната милиција. За претседател на Народниот одбор на Костурската околија бил избран Крсто Мангов, а на Народниот одбор на Леринската околија Ристо Коленцев. Членови на раководството и активисти на НОФ биле поставувани за командири на народната милиција. Македонци за командири биле поставувани на милицијата во Костурската, Леринската и Воденската околија. (Hа истото место.)
Организацијата се грижела и за Македонците евакуирани во источно-европските држави; за животот и образованието на младите на мајчин македонски јазик. Нејзин претставник, воедно и претставник на ПДВ на Грција, бил Доне Сикавица.
(На истото место.)
Hадворешните односи на НОД, од егејскиот дел на Македонија НОД, како политички фактор - репрезент на македонскиот народ во егејскиот дел на Македонија, во надворешните односи, во односите со странските прогресивни партии и организации и на меѓународни форуми, го претставувале организациите на НОФ и АФЖ. Настапувале самостојно и во заедничките делегации со Привремената демократска влада на Грција и со грчките прогресивни организации.
Македонската организација на жените учестувала со свои претставнички во заедничката делегација на Демократска Грција; Евдокија Балева-Вера, секретар на Главниот одбор на АФЖ, и Малина Маркова. (Малина Маркова, од с. Желево, Леринско. Била активистка на АФЖ, член на Околискиот НО Одбор за Леринско. По Граѓанската војна во Грција емигрирала во Полска, а оттаму дошла во НРМ, во Скопје (кај семејството).) На конгресот на Светската организација на демократските жени во Будимпешта, одржан во декември 1948 година, Маркова на собирот се појавила облечена во македонска народна носија. Евдокија Балева, била избрана за кандидат-член на раководството на Светската организација на жените. (М. Фотев, Развојниот пат на НОФ, 60.)
Македонското националноослободително движење со делегацијата на НОФ во заедничката делегација на Демократска Грција, се претставило на меѓународниот конгрес на мирот, одржан во април 1949 год. во Прага, Чехословачка. Во делегацијата биле членовите на раководството на НОФ:
Евдокија Балева-Вера, Павле Раковски и Доне Сикавица. На одбележувањето на 34 годишнината од смртта на Јане Сандански во НР Бугарија, на 22 април, учествувала делегацијата од раководителите на НОФ во состав: Евдокија Балева-Вера - потпретседател на Централниот совет, и членовите на советот Павле Раковски и Доне Сикавица. (М.
Фотев, Развојниот пат на НОФ, 60.)
Во мај 1949 година, организацијата на НОФ остварила средба со Француската делегација (од 4 леви партии), на нејзина иницијатива, за време на посетата на Грција. Во делегацијата бил и истакнатиот француски поет Пол Елијар, член на Централниот комитет на Комунистичката партија на Франција.
(На истото место, 59.) Делегацијата била примена од претседателот на Централниот совет на НОФ, Паскал Митревски и од секретарот, Михаил Маљов. (Hа истото место.)
Средбата се одржала во црквата Св. Никола кај с. Штрково, Преспанско. (На Француската делегација и биле претставени националната посебност на македонскиот народ. И бил приреден ручек со македонски специјалитети, на кој присуствувале делегации на КПГ и на АКЕ, служеле девојки облечени во народни носии. (На истото место, 59-60.))
Македонското НОД, било претставено како заедничка делегација на Привремената демократска влада на Грција, на погребот на Ѓорѓи Димитров во НР Бугарија, во јули 1949 година. НОД го претставувал претседателот на Централниот совет на НОФ и министер во владата Паскал Митревски. (На истото место.)
Мерките на КП на Грција за инструментализирање на организацијата на НОФ за антијугословенската политика Генералниот секретар на КПГ Никос Захаријадис за разбивање на единството на раководството на НОФ, ги користел: Ставро Кочев, Пандо Ваена, Ташо Гушополу-Маки и други Македонци.
(М. Фотев, Развојниот пат на НОФ, 63.) Тој лично ги повикувал одделно раководителите на Организацијата и ги убедувал дека Југославија застранила од патот на социјализмот, водела антисоветска политика. За создавањето на НР Македонија им говорел дека било “политичко решение” и дека НРМ преставувала “националистичко жариште”. Раководството на КПГ не бирало средства својот став за македонското прашање, сообразен со резолуцијата на ИБ, да го наметне на раководството на НОФ за да го прифати како став на организацијата. Силен притисок вршел генералниот секретар Никос Захаријадис кој лично презел да раководи со НОФ, присуствувал на состаноците на Централниот совет и на Извршниот комитет. (Hа истото место, 61.) Целта била македонските комунисти и организацијата на НОФ “да ги компромитира во земјата и надвор, и да создаде конфузија во НОДЕМ.” (На истото место.)
Сепак, КПГ не била во состојба да преземе други драстични мерки против НОФ. Затоа одлучила да формира Комунистичка организација која ќе ја преземе раководната улога во македонското национално движење. Раководството на НОФ одбило да ја спроведе таа политика спрема македонското прашање, и во односите со Југославија, усогласена со СССР и другите источноевропски држави.
Основањето на Комунистичката организација во егејскиот дел на Македонија (КОЕМ)
Уште пред одржувањето на Вториот конгрес на НОФ, Захаријадис го подготвил основањето на Комунистичката организација во егејскиот дел на Македонија (КОЕМ), со цел да изврши силен притисок на делегатите. По неуспехот на конгресот да ја наметне политиката на КПГ, на негово барање и во негово присуство, непосредно потоа бил одржан основачкиот состанок на новата организација со учество на 163 македонски комунисти и членови на КПГ. На состанокот одржан на 21 март 1949 година, (Основачкиот состанок се одржал во присуство на генералниот секретар на КП на Грција, претседателот на Привремената влада Мицос Парцалидис и шефот на разузнавачката служба Мировиглис Периклис.) било избрано раководно тело иманувано како Привремена организациона комисија, за секретар бил поставен Михаило Маљов. (М. Фотев, Развојниот пат на НОФ, 62.) Захаријадис во поздравниот говор, го претставил создавањето на Комунистичката организација како потреба на НОД во егејскиот дел на Македонија, за да ја пополни големата празнина настаната поради слабостите на организацијата на НОФ која не се раководела од партијата и во неа се појавиле “шовинистичките тенденции.” (На истото место, 62.)
Според Фотев, КОЕМ не изградила организациона структура, не станала никаква организација, останала форум-инструмент на КПГ за нејзината антијугословенска и антимакедонска политика. (Фотев за нејзиното формирање пишува:
“Формирањето на КОЕМ со ништо не може да се оправда. Не се формирал да им служи на виталните интереси на македонскиот народ од Егејска Македонија. Основната цел поради која се формирал беше да ја лиши организацијата НОФ од нејзината раководна улога и да ја фрли на спореден колосек, да го наметне новиот курс на КПГ за македонското национално прашање. КОЕМ фактички не беше никаква партиска организација, туку форум на КПГ, без свои основни организации. КОЕМ беше инструмент со кого манипулираше генералниот секретар на КПГ.” (На истото место.))
Македонскиот народ од егејскиот дел на Македонија бил запознат со случувањата и основањето на КОЕМ неколку месеци подоцна, со објавувањето на говорот на Захаријадис на основачкиот состанок, во весникот “Непокорен” на 16 јули 1949 година. (На истото место, 62.)
Силниот притисок врз раководителите на НОФ продолжил и понатаму. Од Паскал Митревски, Евдокија Балева-Вера, Минчо Фотев, (Го задолжил Маљов да го повика и Фотев. За тоа Фотев пишува: “Тоа го стори преку секретарот на КОЕМ Михаил Маљов. Не повика да се јавиме во с. Вињани, Преспа. Заедно со Маљов отидовме во куќата во која беше сместен началникот за безбедност на Главниот штаб на ДАГ. Тука не пречека и разговаравме речиси час и половина. Се обрати лично (-ММ) и ми рече: Другар Фотев, како што е познато сите комунистички партии и влади на социјалистичките земји ја осудуваат КП на Југославија затоа што таа веќе скршна од социјалистичкиот пат, се отцепи од семејството на социјалистичките земји и е во остар судир со сите нив и со меѓународното комунистичко движење.
Нашата партија, КПГ, се солидаризира со Информбирото, со Советскиот Сојуз. Според тоа, сите комунисти во тој поглед треба да се единствени и решителни. Тоа е должност на секој комунист, порака на големиот Сталин. Сите комунисти мораме да одиме по патот по кој не води Советскиот Сојуз на чело со Сталин. Ти, другар Фотев, и сите други Македонци-комунисти, раководители на НОФ итн., мора да расчистите со Југославија.
Сите вие треба да гледате на Москва, а не на Скопје и Белград.
Тоа е став на ЦК на КПГ и се бара од секој комунист, од секој член на КПГ да го почитува. На крајот од нас побара да напишеме опширна статија за односот на Југославија кон НОФ и општо за односот спрема НОДЕМ. Ни вети дека таа статија ќе биде објавена преку радио “Слободна Грција” па и во органот на Информбирото “За траен мир и народна демократија”. Фотев одговорил: “Другар Нико, од моментот кога, како борец на ДАГ и член на КПГ, се борам против монархофашистите и англо-американските окупатори за слободата и независноста на земјата и народот, мојот став е јасен како бел ден. Што се однесува за статијата што барате да ја напишам, откажувам тоа да го сторам затоа што тоа не е моја работа, а просто не верувам дека е така како што се зборува за Југославија затоа што организацијата на НОФ никогаш не доби директива или сугестија да делува против народнодемократското и револуционерното движење на Грција и ДАГ. Вие сте добро запознати како и зошто се формира организацијата на НОФ, од нејзините цели не отстапувам. Тоа е се што имам да Ви кажам.” (На истото место, 63-64.)) и другите раководтели на организацијата на НОФ, се барало да пишуваат во духот на резолуцијата на ИБ за радиостаницата “Слободна Грција” и за објавување во печатот на источноевропските држави, особено во органот на Информбирото “За траен мир и народна демократија”. (М. Фотев, Развојниот пат на НОФ, 61-62.)
Нови жестоки обвинувања против НОФ биле преземени во јуни 1949 година, по добивањето на писмото од Михајло Керамитчиев и Илија Димовски-Гоче, доставено на 2 јуни до Политбирото на ЦК на КП на Грција, од Павле Раковски.
(Раковски со содржината на писмото запознал “негов круг на луѓе”, навреме не го предал на Политбирото на ЦК на КПГ, затоа бил исклучен од Централниот совет на НОФ. (На истото место, 64.)) КП на Грција писмото го претставила како писмо од партиското и државното раководство на македонската држава и го искористила за “најбрутални клеветнички напади врз НР Македонија и Југославија со извртување на вистината.”
(На истото место, 64.) Писмото било употребено за објавување на Резолуцијата од името на КОЕМ, (На 29 март бил одржан проширен состанок на Активот па КОЕМ со учество на 45 Македонци кадри на КПГ во присуство, повторно, на функционери на КПГ. На учесниците им бил поделен подготвениот текст од Резолуцијата на Политбирото на ЦК на КПГ, со датум 15 јуни 1949 година. На директивно барање за усвојување и јавно гласање и потврдување на гласањето со потпис Резолуцијата била усвоена. (Павле Раковски, Значењето на КОЕМ и на документот “Резолуцијата на КОЕМ”. Скопје, 1989, стр. 5.)) подготвена од генералниот секретар Захаријадис, (Фотев: “Автор на Резолуцијата беше генералниот секретар на ЦК на КПГ Никос”. (На истото место, 64.)) со која КП на Грција покажала и докажала пред јавноста дека македонските комунисти и борци ја осудувале политиката на КПЈ. Со тоа сакала “да ги вовлече во антијугословенска клеветничка кампања”. (На истото место. Текстот на Резолуцијата бил усвоен на проширениот состанок на Активот на КОЕМ, одржан на 19 јуни 1949 година.)
КП на Грција продолжила со пропагандата против Југославија, (Преку Радиото “Слободна Грција”, на 6 јули 1949 година, ја обвинило владата на Југославија за соработка со “монархофашистичката влада” во Атина за заедничко дејствување против Демократската влада на Грција и ДАГ. Во соопштението објавено од истото радио се наведувало дека “офицери на ЈHА се состанувале со офицери на грчката монархистичка армија” во реонот на Кајмакчалан. (На истото место, 64.)) особено против НР Македонија, обвинувана за разбивачка дејност против ДАГ преку инсталираната агентура, а тоа се однесувало за организацијата на НОФ. (М. Фотев, Развојниот пат на НОФ, 64.) Партијата организирала протестни антијугословенски собири и врбувала информбировски приврзаници, да бараат раководството да преземе казнени мерки против раководителите на НОФ и против сите македонски комунисти кои “одбивале да изјаснат против НР Македонија и против Југославија”. Протестните собирања биле иницирани од генералниот секретар Никос Захаријадис, и политичкиот комесар на Главниот штаб на ДАГ Василис Барџотас-Фанис. Тие им биле потребни за да подоцна ги повикуваат на партиска, политичка и кривична одговорност со казнување на раководителите, и за спроведување на репресии врз сите приврзаници на НОФ. (На истото место, 64.)
Раководството на КПГ ја активирала Службата за безбедност на ДАГ, која македонското население од селата во реонот на Вичо го претставила за нелојално и барала од Политбирото на ЦК на КПГ одобрување за негово упатување во погори за присилна работа. (Во службениот акт АЕ, К-20/291 меѓу другото се барало: “да се соберат сите тие луѓе и да се испратат на принудна работа. Оневозможување за нивно бегање кон непријателот Тито, со употреба на наши луѓе меѓу нив за информации и со нивно држење далеку од фронтот. се предлага да се употребат и други средства, особено мински полиња, кучиња, стапици, ѕвонци и сл.” (На истото место, 65.)) Барањето било прифатено и спроведено. Стотици Македонци приврзаници на НОФ, биле уапсени и спроведени во концентрациони логори да извршуваат принудна работа. (На истото место, 66.) И под такви услови македонската организација на НОФ опстојала и ја извршувала функцијата на организатор и предводник на македонскиот народ во оружената борба за остварување на националната рамноправност.
Поразот на ДАГ Грчката монархистичка армија со броен состав од 80.000 припадници, со артилерија, тенкови и авијација, на 10 август 1949 година, започнала голема офанзива против единиците на ДАГ на слободната територија во егејскиот дел на Македонија.
До 17 август ги пробила позициите на ДАГ (две дивизии и неколку помали единици), ги зазела планината Вичо и Преспа.
Македонското цивилно население кое се повлекувало било напаѓано од артилеријата и авијацијата. Со фанатична омраза, единиците на ДАГ на грчко-југословенската граница го спречувале бегалското население да не преминува на територијата на НР Македонија, и го присилувале да се повлече на територијата на Албанија. Притоа, “секој Македонец кој се обидувал да премине на југословенската територија го убивале.
Такви случи имало повеќе”. (М. Фотев, Развојниот пат на НОФ,
66.)
По жестоките борби, од 20 до 29 август на планината Грамос, ДАГ целосно била поразена. Захаријадис со началникот на Главниот штаб и министрите на Привремената влада на Грција кои се нашле непосредно на грчко-албанската граница, и по добивањето на радиотелеграмата за трагичната ситуација, веднаш преминале на територијата на Албанија. Десеткуваните единици на ДАГ под командата на генерал-полковникот Георгиос Протопапас-Кикицас, меѓу кои имало и македонски борци и офицери на ДАГ, вечерта, на 29 август, исто така преминале на територијата на Албанија, каде биле разоружани (Фотов пишува: “Овие моменти, ми се чини, беа најтешките што ги преживеаја борците на ДАГ во своето долгогодишно војување. Оружјето кое по цена на животот го одземаа од непријателот и со него над три години херојски се бореа против грчките монархофашисти го положија неславно, главно по вина на воено-политичкото раководство. Тешко може да се опише што преживеаја борците на ДАГ во тие моменти, што вриеше во нивната душа. Многу борци гласно плачеа. Повеќето од нив пушките ги припојуваа на градите, ги бакнуваа и ги предаваа со плачење. Тажни, уморни, молчеливо го продолжуваа патувањето пешки, без да занаат каде ги водат и што ќе стане со нив. Никој ништо не знаеше за судбината на своите најблиски;
родителите, брачните другари, децата. Борците гледаа еден во друг, никој не смееше ниту сакаше да прашува затоа што секое прашање остануваше без одговор. Тоа беше вистинска трагедија.” (На истото место, 67.)) и сместени во логори. (На истото место, 67.) Повлекувањето на единиците го следеле околу 2.000 Македонци од помошните единици на ДАГ “цврсто решени борбата да ја продолжат до крај.” (М. Фотев, Развојниот пат на НОФ, 68.)
Репресиите на раководителите на македонските национални организации на НОФ, НОМС и АФЖ И при самото бегство на територијата на Албанија, раководството на КПГ продолжило со жестоките напади на Југославија и со осудата на македонската организација на НОФ, како главни виновници за катастрофата на ДАГ. На 9 септември 1949 година, министерот за војна на Привремената демократска влада на Грција и член на Политбирото на ЦК и КПГ, генералот Мичос Вландас во логорот со 3.000 борци и офицери на ДАГ, меѓу кои и Македонци борци и офицери, одржал состанок на воено-политичкиот кадар. На присутните 200 офицери им ги соопштил заклучоците на Политбирото на ЦК на КПГ дека Југославија и македонската организација на НОФ (претставена како нејзина агентура која ја поткповала ДАГ) биле главните виновници за поразот. (Фотев кој бил присутен на состанокот пишува дека генералот Мичос рекол: “Кога нашата партија се реши за оружена борба се потпираше врз Југославија, на нејзината безрезервна поддршка што ни ја ветуваше. Се потпиравме на Југославија зашто блескаше славата на победата на НОБ и револуцијата. Но, еве, во најкритичниот и решавачки момент на нашата борба Тито ни го сврте грбот, не предаде, Преку неговата агентура (алудираше на НОФ - М.Ф.) го поткопуваше нашето народноослободително движење и ДАГ”.
(На истото место, 67-68.)) На партиските секретари од сите единици им наредил заклучоците да им ги пренесат на борците.
(На истото место, 68.)
Службата за безбедност на ДАГ, перманентно и систематски ги следела раководителите на НОФ активирајќи ги нивните досиеја (Фотев: “Докажано е дека КПГ уште од 1945 година го следеше животот и дејноста на раководителите на НОФ и за нив имаше отворени досиеја. Нејзините претставништва во НР Македонија, јавки на КПГ, од нивното создавање, летото 1945 година, се занимаваа со шпионска дејност против НОФ и НРМ”. (На истото место, 70-71.)) за оформување на судско дело, сослушувајќи активисти и експонирани приврзаници на македонската организација.
На 30 септември, Политбирото на ЦК на КПГ донело решение за апсење на раководителите и активистите на НОФ, НОМС и АФЖ. Во Албанија биле уапсени и предадени на албанската полиција преку 100 македонци борци на ДАГ и активисти на македонските организации, од кои триесеттина биле жени.
(Фотев пишува дека за судбината на некои од нив “ ништо не се знае”. (На истото место, 71.)) Уапсените без да им се суди биле спроведени во концентрационите логори. Во договор со претседателот на владата на Албанија, Мехмед Шеху и во присуство на претставникот на КП на СССР во Албанија Петров, на 2 октомври биле уапсени десеттемина главни раководители на НОФ, НОМС и АФЖ. (На истото место, 71.)
Тогаш биле уапсени: Паскал Митревски - претседател на Централниот совет, Евдокија Балева-Вера - потпретседател на Централниот совет и секретар на Главниот одбор на АФЖ, Михаил Маљов - секретар на Централниот совет и секретар на КОЕМ, Минчо Фотев - член на Извршниот комитет на Централниот совет и претседател на Главниот одбор на НОМС, Уранија Јурукова - член на Извршниот комитет на Централниот совет, Лазар Поплазаров (Лазо Поплазаров, роден во с.
Добролиште, Костурско. Бил комунист, член на КПГ, борец на ЕЛАС, член на Централниот совет на НОФ, по Граѓанската војна во Грција бил обвинет од раководството на КПГ како шпион на Тито, уапсен, во СССР таму осуден и спроведен во логор во Сибир. Во 1955 година бил ослободен и рехабилитиран, дошол во НРМ во Скопје, починал во 1991 година.) - член на Централниот совет, Ристо Коленцев - член на Централниот совет и претседател на Леринскиот окружен одбор на народната власт, Ташко Хаџијанев - член на Централниот совет Ламбро Чолаков - претседател на Окружниот одбор на НОФ за Костурско и кандидат за член на Извршниот комитет на Централниот совет, и Павле Раковски - поранешен член на Претседателството на Централниот совет на НОФ. На 7 октомври, биле спроведени во логорот “Бурели”. (М. Фотев, Развојниот пат на НОФ, 69.) Нивното апсење било јавно соопштено на собирот на офицерите и борците на ДАГ во истиот логор каде биле стационирани Главниот штаб на ДАГ и ЦК на КПГ. На собирот присуствувале: членовите на Политбирото на ЦК на КПГ, членови на Привремената демократска влада на Грција со нејзиниот претседател, претставникот на КП на СССР во Албанија Петров и претставници на Албанската партија на трудот. Пред собирот биле спроведени некои од уапсените раководители на НОФ. (На истото место, 71.)
Собирот бил организиран за да послужи како јавна трибина за нови жестоки обвинувања против Југославија. (Фотев: “На собирот прв зборуваше Никос. Обвинувајќи го раководството на НОФ како агенти на Тито меѓу другото рече: ‘Паскал Митревски и неговите соработници до последниот момент ја спроведуваа југословенската политика, како агенти на Тито ја поткопуваа оружената борба на ДАГ и активно и се спротивставуваа на политиката на КПГ.’ На судскиот процес во Унгарија против Рајк се докажа дека Титовата клика е агентура на англо-американските империјалисти. Тито насекаде создаде свои агентури, па и во Грција. Во НОФ имаше своја агентура на чело со Паскал Митревски која ја поткопуваше ДАГ, организираше дезертерства на македонските борци, да бегаат во Југославија. КПГ мора да ги уапси агентите на Тито и да ја уништи целосно југословенската агентура што разорно делува во нашите редови” (На истото место, 71.)) Пред присутните биле изведени некои од уапсените раководители. На Паскал Митревски и Евдокија Балева-Вера им било допуштено да говорат, при што тие обвинувањата упатени кон нив ги отфрлиле како неосновани. (Паскал Митревски изјавил: “Јас како претседател на Централниот совет на НОФ ја спроведував политиката што беше зацртана во програмата на Организацијата. Сите други обвиненија се неосновани”, веднаш бил прекинат. (На истото место, 72.) Евдокија Балева во одбрана рекла: “НОФ, НОМС и АФЖ предано му служеа на ослободителното дело на Грција. Под нивното раководство македонскиот народ масовно и херојски се бореше и затоа не сносат никаква историска одговорност за поразот на ДАГ.
Гпавниот виновник за поразот на ДАГ е ЦК на КПГ”.
Захаријадис ја прекинал и со висок тон им се обратил на присутните: “Што сака Вера, да и го кажеме псевдонимот под кој ја води југословенската ОЗНА.” За натамошниот тек Фотев пишува: “Вера не чекаше да добие збор, веднаш реагираше и гласно му извика: “Другар псевдонимот ми го знае целиот народ, тој е Вера. Вие не ми го знаете името, се викам Евдокија”. На тоа меѓу присутните борци и офицери на ДАГ се слушнаа извици: “Да живее НОФ”, “Да живеат АФЖ и НОМС!”. Други извикуваа: “Смрт на Титовите агенти!”.
Припадниците на полицијата на ДАГ се нафрлија на Вера и Паскал, им ставија лисици и ги одведоа. Така заврши собирот.
Уапсените раководители беа предадени на албанската полиција која истата вечер ги спроведе во злогласниот затвор Бурели”.
(М. Фотев, Развојниот пат на НОФ, 72.))
Шестиот пленум на ЦК на КПГ, за македонското прашање Пленумот бил одржан, на 9 октомври 1949 година. Реферат поднесол членот на Политбирото на ЦК на КПГ, Василис Барџотас кој го претставил ставот на раководството на партијата за македонското прашање. Ја соопштил промената:
Користете ги левата и десната стрелка за да ја свртите страницата.
Испечатено од https://macedonianhistory.ca/mk/narrative/mincho-fotev-e-book-macedonian/14 на 29 октомври 2026