Дел III ПРИЛОЗИ (Составени од Минчо Фотев) - Part 02
Од наведениот цитат и од другите многубројни факти јасно е дека за КП на Грција не постоеше македонско национално прашање. Затоа односот спрема македонското националноослободително движење бил деструктивен, а во одредени периоди отворено непријателски. На пример, во мај 1944 година, со сила е растурена македонската народноослободителна организација на СНОФ. По формирањето на НОФ, НОМС и АФЖ од егејскиот дел на Македонија, во април 1945 година, КП на Грција не бираше средства и најостро ги напаѓаше овие организации како автономистички, националистички и како непријателски на народнодемократското движење на грчкиот народ. За тоа постојат непобитни факти.
По резолуцијата на Информбирото, во јуни 1948 година, против КП на Југославија, односно по поразот на ДАГ, во август 1949 година, ги суспендира, подоцна ги расформира македонските организации НОФ, НОМС и АФЖ, упаси околу 50 македонски раководители, и започна масовно да ги малтретира приврзаниците на овие организации.
Никос Захаријадис во споменатата книга зборуваше и за организацијата на НОФ. Меѓу другото го вели следното:
“Признавањето на организацијата НОФ беше една од нашите грешки по националното прашање. Ни беше наметнато од тогашната ситуација, нужна грешка, зло. Не можевме тоа да го избегнеме, бидејќи упорно настојуваше Скопје. НОФ негативно дејствуваше, вршеше поткопувачка, автономистичка работа, организираше дезертирања од ДАГ кон Југославија. Југославија ги примаше дезертерите. Сето тоа беше работа на Скопје.” Во врска со овој цитат го наведувам и следниов цитат на Никос Захаријадис од неговиот говор на Првата конференција на КОЕМ (Комунистичка организација од Егејска Македонија) за Леринско, одржана на 15 јули 1949 година: “НОФ го претставуваше македонското ослободително движење.
Всушност НОФ ги изразуваше стремежите на македонскиот народ да се бори и да извојува свое општетвено ослободување.” Постојат и други многу слични контрадикторни изјави од највисоките раководители на КП на Грција, ДАГ и од Привремената демократска влада на Грција.
Факт е дека КП на Грција Македонците од егејскиот дел на Македонија ги третираше како етничка група, како и другите малцинства кои живеат во Грција (Власите, Ромите, Ерменците, Евреите итн.). Во извесни периоди, во зависност од настанатата ситуација и од развојот и подемот на македонското националноослободително движење, раководството на КП на Грција се јавуваше со промакедонска декларативна политичка платформа, како заштитник на националните права на македонскиот народ. Но, сето тоа беше тактизирање со цел да го придобие македонското националноослободително движење и да го сврти исклчително кон интересите на грчкото национално и класно ослободително движење.
КП на Грција на Третиот вонреден конгрес одржан во декември 1924 година, го прифати како директива ставот на Коминтерната за “единствена независна Македонија”. КП на Грција не презеде никакви конкретни мерки за спроведување на тој став. Би било нормално КПГ да формира македонски национален раководен орган, да изгради македонски кадар, да создаде македонска национална организација која ќе спроведува македонска националноослободителна политика.
КП на Грција тоа не го стори од чисто шовинистички причини.
Затоа што беше против ставот на Коминтерната за “единствена независна Македонија”. И создавањето на ВМРО (Обединета)
КП на Грција нерадо го прифати, затоа не пројави никаков интерес да ја помогне и афирмира таа македонска организација како националноослободителен и револуционерен фактор на Македонија и воопшто на Балканот.
Што се однесува до вториот став за “полна рамноправност на малцинствата” усвоен на Шестиот пленум на КП на Грција во декември 1935 година, беше единствениот став што го прокламираше. Но, и во тоа КП на Грција не остана доследна.
Затоа ќе наведам неколку факти од времето на народноослободителната борба 1941-1945 година. По окупацијата на земјата (1941 година), во времето на НОБ, КП на Грција не најде за потребно да покрене иницијатива и да формира единствена македонска народноослободителна организација со цел да му даде можност на македонскиот народ, да создаде свое националноослободително движење со кое ќе го мобилизира целиот борбен потенцијал против фашистичките окупатори и домашните предавници, да го афирмира своето учество во борбата против фашистичките окупатори, да го организира националниот и културниот живот, односно да се бори за оживотворување на националната рамноправност на македонскиот народ. Како замена за тоа КП на Грција на Македонците им ветуваше дека по победата на револуцијата во Грција, ќе ги добијат своите граѓански демократски права, рамноправност и национално-културни права во независна и суверена Грција. Ете каква политика практично спроведуваше. КП на Грција успеа да организира широка и интензивна националнополитичка пропаганда со сите можни средства со кои располагаше, агитираше за развојот и успесите на националниот отпор на грчкиот народ, за масовното учество на грчкиот народ во борбата против фашистичките окупатори и домашните предавници, за јакнење на КПГ, ЕАМ и ЕЛАС. Со секојдневна пропаганда остро го осудуваше фашистичкиот терор врз народот, органите што го вршеа, масовните апсења и стрелањата на грчките патриоти итн. Исто така организираше широка пропаганда за националноослободителната борба на грчкиот народ за ослободување на Грција од турското ропство, како и за борбите на грчката работничка класа против ненародните режими во Грција. Сите грчки национални празници се одбележуваа со борбени акции и други манифестации (митинзи, културно-уметнички претстави и др.) Во слободните територии и во единиците на ЕЛАС младинската организација на ЕПОН, организираше и разви богата културно-уметничка дејност изведувана од младински групи. КП на Грција редовно ги информираше партизаните на ЕЛАС и народот за положбата во Источниот и во Западниот фронт на сојузниците, особено за успесите и победите на Црвената армија. Но, никакви информации не даваше за развојот и положбата на народноослободителната борба на југословенските народи.
КПГ и ЕАМ апсолутно ништо не зборуваа за масовното учество на македонскиот народ во борбата против окупаторот и домашните предавници, за долгогодишната национална борба и револуционерните традиции на македонскиот народ. Ниту збор немаше изговорено за славното Илинденско востание, за Крушевската Република (прва република на Балканот) итн. КПГ не само што не беше заинтересирана за одбележување на националните празници на македонскиот народ, туку секоја иницијатива за одбележување на македонските празници остро ја критикуваше.
Пролетта 1943 година, југозападниот дел на Костурскиот округ беше целосно ослободен од партизанските единици на ЕЛАС во кои над 60% од вкупниот број на партизаните беа Македонци.
На таа слободна територија се наоѓаа околу 60 села, од кои 40 беа населени со Македонци. Таа слободна територија со тешки и крвави борби постојано се прошируваше. Така во почетокот на 1944 година, во западниот дел на Егејска македонија (Костурско и Леринско) беа ослободени над 80 македонски села. Во сите села беа формирани органи на народната власт кои нормално функционираа. Под раководството на КПГ и ЕАМ, почна да се развива широка културно-просветна дејност и се вршеа подготовки за отворање на основни училишта, се составуваа училишни наставни програми и тоа само на грчки јазик. За македонски училишта и настава (на македонски јазик - ММ) ниту збор не стануваше. Чести беа случаите кога македонските комунисти на разни партиски форуми го покренуваа прашањето и бараа да се отворат македонски училишта во кои наставата ќе се изведува на македонски јазик.
Исто така, бараа доследно да се спроведе принципот на национална рамноправност. Одговорот што го добиваа беше следниов: “Не смееме тоа сега да го допуштиме за 150.000 Славофони, и целата грчка јавност да ја свртиме против КПГ и народноослободителното движење на грчкиот народ со кое раководи. Тоа ќе се оствари по победата на револуцијата.” Карактеристично за односот на КПГ спрема македонското народноослободително движење, е тоа што никогаш не им кажа на македонските комунисти и борци за положбата и развојот на македонското народноослободително движење во вардарскиот дел на Македонија Њ Југославија, за ставот на КП на Југославија за македонското национално прашање, за одлуките на АВHОЈ итн. Со таквиот став и однос на КП на Грција за македонското национално прашање, за жал, се солидаризираа добар дел од македонските предвоени комунисти, раководители и партиски работници на КПГ, како на пример: Киро Пилаев- Петро, Лазо Трповски, Ставро Кочопуло, Анастас Караџа-Ташо, Атанас Хаџис и други.
За положбата и развојот на НОБ во Вардарска Македонија и воопшто во Југославија, за ставот на КПЈ за македонското национално прашање борците и комунистите од егејскиот дел на Македонија дознаа откако македонските партизански единици од вардарскиот дел на Македонија преминаа и престојуваа на теренот од егејскиот дел на Македонија. Секоја македонска национална манифестација, секое барање на Македонците за оживотворување на своите национални права, КПГ ги сметаше за националистички и автономистички. Таков беше случајот и со македонската револуционерна организација на СНОФ за која ќе стане збор подолу.
Таков беше односот на КП на Грција во базата спрема македонското националноослободително движење.
И покрај таквиот став и однос на КПГ спрема македонското национално прашање и македонското националноослободително движење, македонскиот народ ја прифати нејзината линија за заедничка борба со грчкиот народ под нејзино раководство, бидејќи тогаш друга алтернатива односно излез немаше. Се прифати со надеж и верба дека по победата на СССР против фашистичката оска, македонскиот народ со борба и крв ќе ја добие својата национална слобода и права. Но, неговите надежи и стремежи беа изиграни.
Македонските комунисти, патриотите, воопшто македонскиот народ, ако не ја прифатеа заедничката борба со грчкиот народ под раководство на КПГ, опасностите ќе беа неизбежни. Прво, постоеше реална опасност Македонците да станат жртва на врховистичката великобугарска политика. Таква опасност се појави во 1941 година, со доаѓањето на бугарските фашистички емисари од Софија во егејскиот дел на Македонија (Андон Калчев, Спиро Василев, Кирјазо Шкуртов, Киселинчев, Стумбов, Ѓорѓи Димчев, Младенов и други) и со формирањето на т.н. Осовински македонобугарски комитет и (организацијата “Охрана”). Второ, опасноста за Македонците беше голема да станат плен и да бидат испратени како заложници на работа во рудниците и фабриките на Хитлер.
Независно од таквата политика на КПГ и ЕАМ македонскиот народ од егејскиот дел на Македонија, благодарение на своите славни револуционерни традиции, на високата патриотска свест и националноослободителните стремежи, масовно учествуваше во НОБ против германско-италијанските- бугарските окупатори и домашните предавници. Околу 5.000 (пет илјади) Македонци доброволно стапија во редовите на ЕЛАС, над 10.000 (десет илјади) Македонци служеа во редовите на резервниот состав на ЕЛАС и околу 80% од вкупното македонско население активно беше вклучено и организирано во редовите на КПГ, ЕАМ, СНОФ, ЕА и во органите на народната власт. Огромни се жртвите, крвавите маки и материјалните штети што ги претрпе македонскиот народ во борбата против фашистичките окупатори. Но, за жал, и до денес не се знае кои се и колкави се човечките жртви и материјалните штети.
Практичната политика на КПГ дијаметрално се разликуваше од тоа што го декларираше и што му ветуваше на македонскиот народ. Непознавањето на практичната политика и мерките што КПГ ги спроведуваше во базата доведуваа до погрешни толкувања на одделни настани.
Развојниот пат на македонското националноослободително движење беше мошне тежок и макотрпен, не само поради тешките и крвави услови што му ги наметна грчкиот реакционерен државен режим и туѓите фашистички окупатори, туку и од шовинистичкиот однос и од деструктивната политика на КПГ. Ваквиот однос на КПГ спрема македонското НОД предизвика тешки далекусежни последици за македонската нација и народ.
За тешките последици од ваквиот неправилен став на КПГ, за илустрација ќе наведам некои нејзини ригорозни мерки. По резолуцијата на Информбирото на комунистичките и работничките партии против КПЈ (1948), КПГ провокативно, дури и злонамерно, ги заостри односите со КП на Југославија и ФНР Југославија ја прогласи за непријателска земја на грчкиот народ и на Демократската армија на Грција. Започна отворено, од информбировски сталинистички позиции да ја напаѓа Југославија, да го напаѓа НОД во егејскиот дел на Македонија раководен од македонската револуционерна организација на НОФ. Во времето на завршните операции на монархистичката фашистичка армија против ДАГ, при отстапувањето на ДАГ од подрачјата на планините Вичо и Грамос, т.е. од Леринскиот и Костурскиот округ, во август 1949 година, и нејзиното повлекување на територијата на НР Албанија, по налог на претседателот на Воениот совет на ДАГ, генералниот секретар на КПГ Никос Захаријадис и од претседателот на Привремената демократска влада на Грција Мичос Парцелидис, беше наредено сето македонско население од ослободените села задолжително да се евакуира во НР Албанија. Беше наредено секој Македонец кој се обидуваше да ја премине југословенската граница на лице место да се стрела. Такви случаи имаше многу. Како резултат на тие мерки околу 50 македонски села во Костурско и Леринско беа целосно испразнети од своите жители и опустошени. Оваа мерка на КПГ имаше за цел Македонците да ги исели од територијата на Егејска Македонија.
Во септември 1949 година, ПБ на ЦК на КПГ донесе решение да бидат лишени од слобода околу 50 раководители и основоположници на организациите НОФ, НОМС и АФЖ. На 2 октомври 1949 година, сите тие раководители беа уапсени и беа затворени во злогласните албански затвори: “Бурели”, во Тирана и други. Тие ригорозни мерки на КП на Грција имаа за цел да го обезглават македонското НОД и вината за поразот на ДАГ да ја префрлат на организацијата на НОФ.
Организацијата МАО беше дело на КП на Грција. МАО е грчки назив што значи: “Македоники апелефтеротики органоси” (Македонска ослободителна организација), а не Македонска антифашистичка организација. МАО по директива на КПГ ја формира Ѓорѓи Урдов-Џоџо (втор секретар на Окружниот комитет на КПГ за Воденско) во 1942 година, постоеше само во градот Воден и тоа многу кратко време. Христо Андоновски од Воденско, новинар и публицист, учесник во ЕЛАС, НОФ и ДАГ, во својата рецензија за трудот од Ташко Мамуровски
“Светли ликови од Егејска Македонија (1945-1949)”, (Скопје, НИП “Студентски збор”, 1987.) меѓу другото напиша:
“Организацијата МАО беше една ефемерна организација која никогаш не се прошири надвор од градот Воден, не смееме да претеруваме.” Македонската револуционерна организација СНОФ (Словеномакедонски народноослободителен фронт) се формира на 20 октомври 1943 година, по упорно отворено настојување и со јасни барања од македонските комунисти од Костурско, по исцрпните дискусии со претставниците на КП на Грција.
Основачкиот состанок беше одржан во легендарното с.
Д’мбени, Костурско, во куќата на Кирјако Цалев каде што беше избрано окружното раководство. Во потесното раководство (секретаријатот) беа избрани следниве другари: Паскал Митревски - секретар, а Андон Цалев и Киро Попвасилев членови. На 25 декември 1943 година, се одржа Првата окружна конференција на СНОФ за Костурско во селото Крчиште и беше избран окружен одбор од следните членови: Паскал Митревски - секретар, Андон Цалев, Киро Попвасилев, Лазо Поплазаров, Евдокија Балева-Вера, Васил Алексовски, Симо Калчев и Лазо Хаџиев.
Формирањето на организацијата СНОФ беше една од најголемите национални придобивки што силно одекна (и повлијае) на чувствата и националните стремежи на широките македонски маси. Преку СНОФ дојдоа до израз волјата и националноослободителните стремежи на Македонците од егејскиот дел на Македонија за националните права и слободниот национален културен и општествен развој. Со тоа беше сторен еден смел чекор за афирмација на македонскиот идентитет и борбата на македонскиот народ, кој во братска заедница со грчкиот народ и со сите демократски прогресивни сили во земјата, крваво се бореа против агресивните цели на германскиот и бугарскиот фашистички окупатор, за ослободување на земјата. Големото историско значење на СНОФ се гледаше од прогресивните начела, од основните задачи што ги извршуваше на национален план.
Тие начела за кои упорно се залагаше да ги реализира беа:
- развивање на македонската национална свест;
- културно-просветна дејност на мајчин јазик;
- негување на револуционерните национални традиции на македонскиот народ;
- мобилизирање на целиот борбен потенцијал на Македонците во борбата против фашистичките окупатори и домашните предавници;
- разобличување на великобугарската завојувачка политика спрема Македонија и на злосторничката дејност на врховистичката агентура;
- да го чува и развива морално-политичкото и националното единство на Македонците, како и братството и единството со грчкиот народ.
Организацијата СНОФ особено се залагаше и бараше од КПГ да се формира единствена македонска организација СНОФ за цела Егејска Македонија и да биде примена за рамноправна членка во коалицијата на ЕАМ како единствен и легитимен претставник на македонскиот народ од егејскиот дел на Македонија. Исто така се стремеше да воспостави врски и соработка со Народноослободителниот фронт од Вардарска Македонија. Организацијата СНОФ од КП на Грција бараше посебни македонски партизански единици во рамките на ЕЛАС.
Според мислењето, односно ставот на секретарот на Окружниот одбор на СНОФ за Костурско што ги изразуваше желбите и стремежите на македонскиот народ од егејскиот дел на Македонија, можеше да се смета како национално рамноправен и само на тој начин можеше перспективно да ги оствари своите национални цели и идеали - обединување на (целиот)
македонски народ. СНОФ беше, како што е наведено погоре, не само најголема национална придобивка во времето на Втората светска војна, туку и основен револуционерен фактор со јасна идејна и политичка определба за понатамошен развој на македонското националноослободително движење од егејскиот дел на Македонија.
КПГ, никогаш не сакаше СНОФ да има таков политички статус и да игра таква политичка улога со таква објективна национална програма и реална политичка насоченост. КПГ не сакаше ни да слушне за таквиот статус и улога на СНОФ од чисто големогрчки и шовинистички причини. Вршеше отворен притисок против СНОФ и бараше:
1. Да ја ограничи својата организациона поставеност односно СНОФ да постои само во селата со чисто македонско население, а во селата со мешано и грчко население да постојат само организациите на ЕАМ.
2. Да ја ограничи својата национална дејност во најтесни рамки, а острината на својата политика да ја насочи против великобугарската завојувачка политика и против дејноста на врховистичките агентури и вооружените банди на Осовинскиот македонобугарски комитет.
3. Да го мобилизира македонскиот народ само за давање сестрана помош на ЕЛАС. Тоа значи дека КП на Грција сакаше организацијата СНОФ да ја претвори просто во инструмент извршител на одредени политички и организациони задачи од практичен карактер.
По несогласувањето на СНОФ со ваквиот став на КПГ, КПГ бараше повод организацијата да ја расформира. На крајот тоа го направи. Како повод и послужи отцепувањето на групата Македонци борци од составот на ЕЛАС и заминувањето во Караорман - слободна територија на Вардарска Македонија, во мај 1944 година.
Патот и развојот на националноослободителното движење и за максималните цели на борбата на македонскиот народ од егејскиот дел на Македонија не го отвори Лазо Ошенски, туку тој пат го трасира раководството на организацијата СНОФ во октомври 1943 година. Таа е историската вистина! Кога станува збор за “писмото” на Лазо Ошенски од 24 јануари 1944 година, ги изнесувам своите сознанија, односно моите лични познавања како директен учесник во НОБ на теренот на Костурско во тој период. Споменатото писмо претставува вистинска загатка.
Такво писмо не и беше познато на организацијата на СНОФ, ниту на македонските комунисти и борци, никаква дискусија не се водеше. Тоа го тврдам категорично. Во тој период на тој терен бев на таква одговорна позиција што морав да дознаам за вакво “писмо”. Впрочем, уште има многу живи учесници во НОД во Костурскиот округ кои можат тоа да го потврдат. Во прилог го наведувам и следното: Во април 1944 година, се одржа Втората конференција на СНОФ за Костурско во с.
Д’мбени. Во својство на делегат на конференцијата учествуваше и Лазо Ошенски кој ниту истапи на таа конференција. На конференцијата не беше споменато таквото
“писмо”, никакви дискусии не се водеа за ставови изнесени во божемното писмо на Лазо Ошенски.
Кога станува збор за Лазо Ошенски потребно е да се каже за неговата лична улога во македонското националноослободително движење. Познато е дека Лазо Ошенски нема никаква посебна заслуга за создавањето и развојот на македонското НОД. Тој не учествуваше во формирањето на македонските националноослободителни организации, во формирањето на македонските баталјони и на Првата ударна бригада од Македонија под Грција, бидејќи во тој период се наоѓаше надвор од територијата на егејскиот дел на Македонија. За време на окупацијата во Костурско дојде за првпат кон крајот на јануари 1944 година, а во февруари 1944 година, Околискиот комитет на КПГ го стави на располагање на Окружниот одбор на СНОФ за Костурско, и тој таму остана како активист на СНОФ до почетокот на мај 1944 година, т.е. до присилното расформирање на СНОФ од КПГ и ЕЛАС. Потоа КПГ го стави на свое располагање. Лазо Ошенски не дојде во Југославија заедно со македонските баталјони. Тој во Југославија премина во март 1945 година, по склучувањето на договорот во Варкизе, по разоружувањето на ЕЛАС. Во октомври 1945 година, беше примен во раководството на НОФ и беше задолжен да раководи со економскиот и културниот одбор на македонските бегалци од Македонија под Грција со седиште во гр. Скопје. Во март 1946 година, со решение на ЦК на КП на Македонија, Лазо Димовски-Ошенски беше обвинет како класен непријател и беше разрешен од должноста, потоа исклучен од организацијата на НОФ. Тој не учествуваше во Граѓанската војна во Грција. До крајот на својот живот (1970)
живееше во Скопје.
За истапувањето на Аргир Кузевски, на една конференција помеѓу претставниците на КП на Грција и македонските учесници во отпорот против фашистичките окупатори, одржана на 20 ноември 1943 година, на која од името на Наум Пејов, Лазо Ошенски и од негово име изнесол ред барања. Пред се тоа не беше конференција од претставници на КП на Грција и македонски борци на отпорот, туку просто собир на селаните од с. Д’мбени организиран од одговорниот активист на СНОФ.
За притисокот на КП на Грција и настапувањето на расцепот и издвојувањето на еден дел од македонските единици и нивното префрлување под раководство на Наум Пејов на слободната територија во Вардарска Македонија, не е вистина дека под раководство на Наум Пејов еден дел од македонските единици се префрлил на слободната територија во Вардарска Македонија. Во тоа време (мај 1944 година) кога стана отцепувањето не постоеја македонски единици, македонските партизани служеа во редовите на ЕЛАС. Наум Пејов премина на слободната територија, односно се отцепи само со 6 (шест)
приврзаници на СНОФ. Атанас Коровешовски беше тој што се отцепи од ЕЛАС со група македонски партизани. Се на се на Караорман се собрале околу 60 Македонци од егејскиот дел на Македонија, од нив таму се формира македонски баталјон на кој за командант беше поставен Атанас Коровешовски, а за политички комесар Мичо Шишков.
Користете ги левата и десната стрелка за да ја свртите страницата.
Испечатено од https://macedonianhistory.ca/mk/narrative/mincho-fotev-e-book-macedonian/17 на 29 октомври 2026