Дел II НОД НА МАКЕДОНСКИОТ НАРОД ОД ЕГЕЈСКИОТ ДЕЛ НА МАКЕДОНИЈА (1941-1949) - Part 05
Како во партиските организации така и во партизанските единици на ЕЛАС во егејскиот дел на Македонија, КП на Грција испраќала офицери на грчката армија и грчката полиција, активни припадници на грчката квислиншка власт.
Во почетокот на март 1943 година, во Првиот костурски партизански одред биле примени: Кирцидакис, (Грк од островот Крит.) резервен поручник, шеф на пазарната инспекција во Костур, Коста Зизис, (Од Пелопонез.) резервен поручник на служба во префектурата во Костур, Мандаропулос активен заставник на грчката квислиншка жандармерија, Баскакис Паскалис активен заставник во грчката квислиншка полиција, (Тој за време на диктаторскиот режим на Метаксас од 1936-1940 година, бил началник на полицијата во гр. Хрупишта и Четирок, Костурско, ги прогонувал и жестоко измачувал македонските патриоти и комунисти.) сите во активна служба на грчката квислиншка власт до стапувањето во партизанскиот одред. Во тоа време во одредот стапиле и Теодорос Ефремидис резервен поручник на грчката армија и Никос Папатанасиу исто така резервен поручник, “познат националист и соработник на грчката полиција”. (На истото место, 63.) По доаѓањето во партизанските единици на сите им биле дадени офицерски командни должности. (Фотев: “Околискиот комитет на КПГ, ЕАМ и Штабот на партизаните на ЕЛАС од Костурска околија без да проверат и да утврдат со какви намери споменатите офицери изразија желба да стапат во редовите на партизаните на ЕЛАС, без да водат сметка како тие ќе бидат примени од борците и од народот со оглед дека народот на Костурската околија знаеше кои беа тие, го знаеше нивното потекло и минато, веднаш, без двоумење им доверија офицерски командни должности”. (М. Фотев, За контрачетниците, 63.))
Бргу се покажало дека биле уфрлени за да го дезорганизираат и разбијат партизанското движење. Папатанасиу кој командувал со партизанскиот одред од 70 борци го растурил и потоа дезертирал. Дезертирале и другите офицери кои подоцна ги предводеле вооружените банди на грчката антимакедонска терористичка организација ПАО. Кирцидакис со група офицери во с. Забардени, населено само со доселеници од Мала Азија, формирал терористичка банда од околу 40 Грци, која на 5 април 1943 година, ја разоружала и заробила, “на подмолен начин” групата македонски партизани која се наоѓала во селото. Меѓу заробените биле: Томо Чангов, Стерјо Мавранѕа, Таки Попдимитровски, др. (М. Фотев, За контрачетниците, 63.) На 9 април 1943 год., вооружени припадници на ПАО во заседа кај с.
Имера, Кожанско, ги заробиле партизанските раководители:
Лазо Трповски и Керасидис Симос и на најсвиреп начин ги ликвидирале. (На истото место, 64.) Истиот ден партизанските одреди на ЕЛАС ја разбиле бандата на ПАО во с. Забардени и ги заробиле дезертерите: Кирцидакис, Мандаропулос и Ефремидис кои партизанскиот суд ги осудил на смртна казна со стрелање. (На истото место, 63-64.)
Раководствата на КПГ и на ЕЛАС, и по сите тие случувања не презеле потребни мерки за расчистување со инфилтрираните агенти. Напротив, на сите инфилтрирани армиски и полициски офицери “националисти, а некои и познати ројалисти” им ги “легализирале командните позиции во ЕЛАС”. (На истото место, 64.) Од редот на тие грчки офицери биле: генералот Димаратос - командант на IX дивизија на ЕЛАС, потполковникот Московитис - командант на LIII полк, мајорот Лазаридис - командант на ХХVIII полк и др. Во IX дивизија на ЕЛАС која дејствувала во западниот дел на Егејска Македонија околу 70% од командантите и командирите биле офицери на поранешната грчка армија. (М. Фотев, За контрачетниците, 64.)
За поставување на докажаните македонски револуционери и борци на високи командни должности во партизанските единици на ЕЛАС не им пречело. Таквиот кадровски состав на командните должности во тие партизански единици на ЕЛАС, произлегол не само поради “отсуство на револуционерна будност” на раководствата на КПГ и ЕЛАС, како што пишува Фотев, туку во суштина се работело за добро осмислена и спроведена политика во егејскиот дел на Македонија.
Таа политика на КПГ била вградена во официјалните партиски документи, имала антимакедонска суштина. Пленумот на ЦК на КПГ во јануари 1942 година, усвоил заклучок партијата да дејствува како “словеногласното малцинство”, да не падне под влијание на демагогијата на бугарските окупатори. (Фотев: “Еве каков став зазеде ЦК на КПГ на VIII пленум во јануари 1942 година: Нашата партија треба да ја развива целата своја дејност да ги поучи националните малцинства, специјално словеногласните Македонци за да не бидат заведени од омразата поради националното угнетување од грчките капиталисти со сегашната демагогија на окупаторите, особено на бугарските империјалисти кои се сателити на Хитлер и Мусолини.” (На истото место, 58-59.)) Фотев тој став на ЦК на КПГ го оценува како “национална навреда за македонскиот народ” во егејскиот дел на Македонија кој токму под раководството на КПГ масовно учествувал во оружената антифашистичка борба и докажал на дело дека германско-италијанско-бугарската окупација ја сметал за “преминување од едно (грчко, на монархистичките режими) во друго потешко (тројно) ропство”. (На истото место, 64.) Македонскиот народ бил и останал доследен на своите револуционерни традиции за борба против сите поробувачи, и не постоела опасност да биде со окупаторот, “факт којшто раководството на КПГ требало да го знае”. (На истото место, 59.) Особено затоа што во егејскиот дел на Македонија КП на Грција “од денот на нејзиното постоење над 50% од населените места со Македонци секогаш имала најмасовни и најборбени партиски и младински организации (На истото место, 59.) на ОКНЕ”. (Младинска организација на КПГ.) Уште порелевантна потврда за смислената антимакедонска политика на раководството на КПГ, претставуваат фактите што ги наведува Фотев, за кои нема причина да не се земаат за веродостојни. Тој пишува дека во егејскиот дел на Македонија во основните организации на КПГ, ЕАМ, ЕПОН и др., за раководители биле поставувани лица кои стапиле во антифашистичкото движење по сила на околностите сврзани со револуционерните настани, а за кои било познато дека тие “уште во 1941 година ја прифатиле великобугарската политика за македонското прашање и директно или индиректно го помагале пробугарското движење или биле комитаџии”. (М.
Фотев, За контрачетниците, 65.) За тие кадровски решенија биле давани провидни, во суштина бесмислени оправдувања, со цел КПГ со тие лица, “поранешни активисти на пробугарското движење, да повлијаат на заблудените комитаџии, и на тој начин да го растурат комитаџиското движење”. (На истото место.) Минчо Фотев ваквите постапки на КПГ ги објаснува со нејзините “погрешни оценки и констатации”, “за брзоплета и непромислена кадровска политика” на раководството на КПГ (На истото место, 58) со “тешки далекусежни последици”. (На истото место, 65.)
Информативната блокада на КП на Грција Раководството на КП на Грција воспоставило и одржувало потполна информативна блокада за македонскиот народ во егејскиот дел на Македонија и македонските борци во партизанските одреди на ЕЛАС во врска со настаните во другите делови на Македонија. Весниците, билтените и другите гласила не објавувале свои, ниту пренесувале информации од другите гласила за текот и победоносното завршување на НОВ на македонскиот народ во вардарскиот дел на Македонија.
Првите информации биле добиени непосредно од единиците на Македонската војска од вардарскиот дел на Македонија по нивното преминување и за време на краткотрајниот престој на територијата во егејскиот дел пред крајот на 1943 и почетокот на 1944 година. (М. Фотев, За контрачетниците, 66-67.) И после тоа информативната блокада продолжила ригорозно да се спроведува. Партиските гласила не објавиле никаква информација за одржувањето на Првото заседание на АСНОМ, на 2 авуст 1944 година, и за конституирањето на македонската национална држава, рамноправна конститутивна членка на ДФ Југославија. (М. Фотев, За контрачетниците, 66.)
Токму тогаш раководството на КПГ се определило за неселективно масовизирање на партијата. Во партиските организации биле примани лица со политички убедувања туѓи на комунистичката идеологија, се зачленувале дури и “поранешни жандарми, грчки контрачетници, комитаџии, активни членови и функционери на грчките фашистички организации за време на диктатурата на Метаксас (1936-1940), црноберзијанци за време на окупацијата (1941-1943) и др. Не ретки биле случаите тие да бидат во повисоките партиски форуми на КПГ и на клучни функции во ЕЛАС, ЕАМ, ЕПОН, со фатални последици.” (На истото место, 66.) Со таков состав основните организации на КПГ ја загубиле авангардната улога, а КПГ стекнатата позиција како водечка политичка сила во Грција за време на антифашистичката борба, иако според податоците претставени на VII конгрес, одржан во октомври 1945 година, партијата имала 450.000 членови без младите комунисти членови на ЕПОН. (М. Фотев, За контрачетниците,
66.)
За КПГ и ЕАМ во Грција немало македонско прашање. За сето време на антифашистичката оружена борба спроведувале интегристичка политика преку разгранетата мрежа од органи и тела за агитација и пропаганда, како и преку средставата за информирање (весниците, билтените и другите гласила).
Одделенијата за агитпроп при околиските раководства на КПГ, ЕАМ, ЕПОН во егејскиот дел на Македонија и во бригадите и дивизиите на ЕЛАС “со сите можни средства што им стоеле на располагање; преку весници, брошури, летоци и др. воделе систематска интензивна пропаганда”, за континуитетот на оружената ослободителна борба против фашистичките окупатори со грчкото револуционерно минато; со “легендарните подвизи на грчките востанички чети во борбите против турското ропство во 1821 година, борбите на грчкиот народ особено на работничката класа против ненародните буржоаски режими за демократски политички и социјални права.” (На истото место, 67.) По секој поважен грчки историски настан организирале “борбени манифестации и партизански акции против окупаторот и контрачетниците”, го величеле националното револуционерно минато на грчкиот народ. (На истото место, 67.) Во единиците на ЕЛАС, секојдневно се раскажувало за подвизите и се пееле песни за Теодорос Колокотронис, Ригас Фереос, Караискакис, Атанасиос Дјакос и др. (На истото место, 68.) За националните револуционерни традиции на македонскиот народ; за македонските револуционерни великани, Гоче Делчев, Даме Груев, Јане Сандански и други, за Илинденското востание, за историските битки и херојските подвизи на славните илинденски востанички чети против турскиот аскер во Невеска, Клисура итн, за неговата континуирана борба за своите национални и социјални права не се споменувало ниту во партизанските единици на ЕЛАС во кои мнозинството борци биле Македонци, во време кога во егејскиот дел на Македонија “имало голем број на преживеани илинденски борци”. (На истото место, 67.) Раководството на КПГ систематски го игнорирало македонскиот народ.
По директива на КПГ, во штабовите на бригадите и дивизиите на ЕЛАС од втората половина на 1943 година имало младински чети на ЕПОН задолжени за реализирање на програмската културно-уметничка дејност од драмски и хорски групи формирани во тие единици. Во сите населени места во егејскиот дел на Македонија биле организирани културни манифестации на кои биле изведувани драмски претстави од животот и борбите на грчкиот народ, се пееле грчки револуционерни песни, биле рецитирани делови од револуционерната грчка национална поезија, се играле грчки народни ора, “ништо македонско не се споменувало”. (На истото место, 68.) Од септември 1943 година, во дел од западна Егејска Македонија под контрола на ЕЛАС, се отворале основни училишта и била организирана настава, раководството на КПГ издало директива во населените место со македонско население наставата да се изведува на грчки јазик. (На истото место.) Македонците, борците и народот огорчено протестирале. (На истото место.)
Со отворено негирање на најелементарните национални права на македонскиот народ од егејскиот дел на Македонија кој “самопрегорно и херојски се борел во заедничката борба со грчкиот народ против германските, италијанските и бугарските окупатори и домашните предавници.” (На истото место.) КПГ на дело докажала дека македонскиот народ од егејскиот дел на Македонија не го признава како народ, а ниту како национално малцинство. Докажала дека спроведува и ќе спроведува политика на негово интегрирање и асимилирање. Не признавала постоење на нерешено македонско национално прашање во Грција.
Тој став на раководстото на КПГ, го соопштил секретарот на ПК на КПГ од егејскиот дел на Македонија и Тракија Леонидас Стрингос на пленарен состанок на Обласниот комитет на КПГ за западниот дел на Егејска Македонија одржан во мај 1944 година, во с. Жупан. Директивно изјавил дека: “за КПГ не постои македонско национално прашање” (Ставот го образложил со повикување на демографските промени во егејскиот дел на Македонија, дека тука живееле 90% грчко население. (М. Фотев, Развојниот пат на НОФ, 11.)) егејскиот дел на Македонија за партијата бил и останал “интегрален дел на Грција” (М. Фотев, Развојниот пат на НОФ, 11.), дека партијата погрешила во согласноста за основање на македонската организација СНОФ, но набрзо ја согледала направената голема грешка и ја коригирала со нејзиното расформирање. (Стрингос: “Голема грешка направивме што дозволивме да се формира славомакедонската организација СНОФ, но таа наша грешка благовремено ја увидовме, па затоа ја расформиравме”. (М. Фотев, Развојниот пат на НОФ, 11.))
Фотев дава објаснување за ставот на КПГ соопштен од нејзиниот функционер кој раководел со партијата во егејскиот дел на Македонија. Тој пишува дека расформирањето на СНОФ се случило поради недоследноста и опортунизмот. (Фотев:
“Објективно гледано расформирањето на македонската организација на СНОФ во 1944 година, не е исправање на сопствената грешка на КПГ, како што тврди Стрингос, туку, недоследност на нејзиното раководство и израз на опортунистичкиот и шовинистичкиот однос спрема македонското национално прашање”. (М. Фотев, Развојниот пат, 11.)) Всушност се работи за тоа што го вели Стрингос декларираниот став за “национална рамноправност” (Фотев пишува дека таков став бил заземен на сегрчката конференција на КПГ во декември 1942 година и што функционерите и кадрите на ПК на КПК од егејскиот дел на Македонија и западниот дел на Тракија “му проповедале на македонскиот народ дека по победата над фашистичката оска сите Македонци ќе добијат слобода и рамноправно ќе живеат во слободна Грција. “(М. Фотев, За контрачетниците, 69.)), бил само парола на КПГ за придобивање на македонскиот народ (Фотев пишува дека тој став на КПГ “останал мртво слово” во актите. (М.
Фотев, За контрачетниците, 69.)), за остварување на своите политички интереси. Високите функционери на КПГ, ЕАМ и ЕЛАС останувале на ставот дека во “грчка” Македонија немало Македонци, туку славофони. Така биле нарекувани и македонските борци во единиците на ЕЛАС од Врховниот командант Стефанос Сарафис и командантот на групата дивизии на ЕЛАС во егејскиот дел на Македонија Еврипидис Барѕис. (М. Фотев, Развојниот пат на НОФ, 11.) Според тоа, КПГ, ЕАМ и ЕЛАС Македонците не ги сметале ниту за етничка група, како што пишува Фотев, (Фотев: “Раководствата на КПГ и ЕАМ македонскиот народ од егејскиот дел на Македонија го третираат како етничка група како што се: Власите, Ромите, Ерменците и Евреите кои живеат во Грција.” (М. Фотев, Развојниот пат на НОФ, 11.)) туку за јазична славофонска група.
Фотев пишува дека за тоа виновни биле водечките македонски револуционери, функционерите на КПГ: Лазо Трповски, Атанас Караџа, Петро Пилаев, Трифун Хаџијанев, Трпе Калимановски и др. Тие не покажале решеност да протестираат на насилното распуштање на националната револуционерна организација на СНОФ. Со одлука на КПГ и ЕАМ единицата на ЕЛАС под команда на Аристотелис Хутурас-Арианос, во мај 1944 година “на најбрутален начин ги уапсила раководителите на окружното раководство на СНОФ за Костурско.” (М. Фотев, За контрачетниците, 71.) Членот на раководството Лазо Димовски-Ошенски (Втор секретар на Окружниот одбор, избран на Втората конференција на СНОФ.) за да ја докаже својата лојалност кон КПГ пред партиската иследна комисија лажно ги обвинил членовите на раководството на СНОФ дека биле антипартиски елементи, македонски националисти. Врз основа на неговото лажно сведочење сите тие биле обвинети како автономисти и националисти, дека извршувале “туѓи директиви”. (На истото место, 71.) Веднаш потоа раководството на КПГ ја расформирало македонската организација на СНОФ.
Споменатите раководители за да ја докажат својата лојаност на КПГ со посветеност ја спроведувале нејзината политика спрема македонското прашање. (На истото место, 69.)
Токму поради таа кадровска политика и позиција на КПГ спрема македонското прашање, партизанското движење на ЕЛАС во западниот дел на Егејска Македонија, од март до септември 1944 година, до капитулацијата на Бугарија “минувало низ тешка криза”. Окупаторите преку инфилтрираната агентура во ЕЛАС и со квислиншките формации: грчката полиција, вооружените чети на ПАО, ЕДЕС и Влашката легија ги засилиле борбите против партизанските единици тероризирајќи го населението на слободната територија во егејскиот дел на Македонија, успеале да создадат свои бази во селата населени со мнозинско грчко население доселеници од Турција. (На истото место, 64.) Инфилтрираните агенти на окупаторите и групи приврзаници на грчките квислиншки организации во командните позициите на ЕЛАС предизвикале внатрешни судири во партизанските единици.
Најтешки оружени судири во единиците на ЕЛАС се случиле во селата Костанца и Забардени, преземени за ликвидирање на комунисти (Грци) и македонски борци. (На истото место.)
Настанатата состојба била максимално искористена од пробугарските организации: “Осовинскиот македонобугарски комитет” и “Охрана” да ја подобрат својата позиција и да го прошират своето влијание во Воденско, Леринско, а особено, во Костурско. (М. Фотев, За контрачетниците, 64-65.)
Раководството на КП на Грција се нашло во позиција да прави привремени отстапки.
Македонскиот баталјон “Гоче” во составот на ЕЛАС Во јули 1944 година, биле водени преговори помеѓу претставниците на Главниот штаб на НОВ и ПО на Македонија, и ЕЛАС за формирање на посебни македонски единици (М.
Фотев, Погледи и белешки, 18-19.) во составот на ЕЛАС.
Согласноста била постигната, раководството на КП на Грција одлучило да се формира македонски баталјон. Во реонот на планината Вичо, во с. Поздивишта, на 2 август 1944 година (Истиот ден, на Илинден, на четриесет и првата годишнина од Илинденското востание, кога во манастирот св. Прохор Пчињски, АСНОМ го обнародил конституирањето на македонската национална држава во вардарскиот дел од Македонија како рамноправна федерална единица во ДФЈ.) бил формиран македонскиот баталјон, (Истиот ден на 13 од заробените припадници на вооружените чети на пробугарското комитаџиско движење јавно им било судено за извршените тешки злосторства против народот и убиствата на партизаните.
Сите тие биле осудени на смрт и биле стрелани во с.
Поздивиште, Костурско. (М. Фотев, За контрачетниците, 56.))
првата македонска регуларна единица на македонскиот народ во егејскиот дел на Македонија во состав на XXVIII полк на ЕЛАС. Баталјонот во ЕЛАС бил регистриран под II-А, а бил познат под популарното име баталјон “Гоче”. (М. Фотев, Погледи и белешки, 18.) Формирањето било извршено во присуство на функционерите на КПГ, Ренос Михаелас -претставник на IX дивизија на ЕЛАС и Андони Андонопулос-Периклис, прв секретар на ОК на КПГ за Костурско кои свечено изјавиле дека ќе формираат македонска бригада и дивизија. (М. Фотев, За контрачетниците, 71-72.)
Баталјонот “Гоче” го сочинувале 4 чети, со вкупно околу 500 македонски борци од Костурско и Леринско; околу 200 партизани кои претходно служеле во единиците на ХХVIII полк, околу 200 од резервниот состав на ЕЛАС, околу 40 борци позадинци на СНОФ, КПГ и ЕАМ и околу 60 борци од баталјонот вратен на Караорман. (М. Фотев, Погледи и белешки, 18.) За командант на баталјонот бил поставен Атанас Коровешовски. Околискиот комитет на КПГ за Костурско веднаш го разрешил, поради напуштањето на ЕЛАС и заминувањето со борците на Караорман, а на негово место бил поставен Козмас Спанос-Аминдас кого борците не го прифатиле и затоа тој не стапил на должноста. За командант бил поставен Илпја Димовски-Гоче. (На истото место, 18.) Во Штабот на баталјонот биле уште Ристо Коленцев-Кокино, политички комесар, и Димитар Тупурковски-Титан, началник на штабот. (М. Фотев, За контрачетниците, 56.) Борците на македонскиот баталјон на партизанските капи имале исти значки како и другите единици на ЕЛАС, а не петокраки. (М.
Фотев, Погледи и белешки, 19.)
Како посебна единица баталјонот опстоил два месеца. (На истото место, 19.) Истовремено со борбените дејствија против германските окупаторски сили македонскиот баталјон извршувал акции за разоружрање на комитаџиските чети на “Осовинскиот македоно-бугарски комитет” за ликвидирање на комитаџиското пробугарско движење. Во текот на август и септември ги разоружал комитаџиите во селата: Мокрени, Бобишта, Загоричани, Комуничево и други села каде тие масовно го предавале оружјето, а некои од нив доброволно стапиле во редовите на баталјонот и храбро се бореле. (Фотев како такви ги споменува: Васил Зигенга од с. Загоричани, Суљо од с. Церешница, (На истото место, 56.)) Во тој период биле разбиени позициите на комитаџиите и уништени нивните упоришта во селата: Прекопана, Черешница, Олишта, Тиолишта, Сетомо, Шестрево и др. (На истото место.) На сите нив за кои било докажано дека извршиле предавства и злосторства против народот биле осудувани на смрт и стрелани.
Стрелани биле и Пандо Макриев, Ставро Темо, Пандо Гамврола (П. Гаврола од с. Комуничево.) и др. (На истото место, 56.)
Еден дел од нив како: Христо Руков, Апостол Гамврола, Ставро Гургушев и многу други избегале од егејскиот дел на Македонија во Бугарија пред нејзината капитулација. (На истото место.)
Во тој период, во почетокот на септември, македонскиот баталјон ги напаѓал германските позиции по патната сообраќајница од грчко-албанската граница до Лерин, ги уништил караулите и ја онеспособил сообраќајницата: Корча-Лерин и Лерин - Костур. (На истото место.) На 3 септември првиот вод на III чета (со командантот Михаил Апостоловски-Гранити (М. Апостолов од с. Крчишта.) и политичкиот комесар Трајче Цафара (Т. Цафара од с. Смрдеш, Костурско.))
предводен од политичкиот комесар на четата Минчо Фотев, влегол во градот Костур во моментот при повлекувањето на германската воена единица. По првиот вод влегол и водот на командирот Ташко Божинов, а потоа и единицата на ХХVIII полк на ЕЛАС предводена од Јани Пачура кој ја презел должноста командант на градот. (На истото место. 56-57.)
Штабот на полкот на ЕЛАС не прифатил македонската единица да го преземе градот. Остро го критикувал Штабот на баталјонот за извршувањето на акцијата без претходно одобрување и затоа наредил неговата единица да се повлече од градот. (М. Фотев, Погледи и белешки, 20.)
Користете ги левата и десната стрелка за да ја свртите страницата.
Испечатено од https://macedonianhistory.ca/mk/narrative/mincho-fotev-e-book-macedonian/7 на 29 октомври 2026