Дел II НОД НА МАКЕДОНСКИОТ НАРОД ОД ЕГЕЈСКИОТ ДЕЛ НА МАКЕДОНИЈА (1941-1949) - Part 10
Претставникот на КПГ и Керамитчиев не го прифатиле оддолжувањето, а ниту присуството на Митревски, за да ји спроведат одлуката на раководството на КПГ за отстранување од раководството на НОФ: Паскал Митревски, Ѓорѓи Урдин-Џоџо, Панде Шиперков, Ламбро Чолаков, Минчо Фотев, Никола Танов, Иван Ничев, (И. Ничев од гр. Гуменџе.) Иван Ковачев-Орфеј, Јани Пировски и други, кои биле застапници за самостојност во дејствувањето на НОФ. (М. Фотев, Развојниот пат на НОФ, 35.) За смена на раководството во НОФ Михајло Керамитчиев имал поддршка од “дисидентите во НОФ и НОД”
- Лазо Ошенски и други со кои тој “одржувал лични врски”. (М.
Фотев, Развојниот пат на НОФ, 35.)
Состанокот на Активот на НОФ Состанокот на Активот на НОФ, се одржал на 20 мај 1947 година. Учествувале 40 делегати, раководители на НОФ, НОМС и АФЖ, претставници на сите окружни раководства и околу петнаесет гости претставници на КПГ, ЕАМ, ДАГ, ЕПОН и АКЕ. На состанокот раководел Михајло Керамитчиев. Во рефератот што тој го поднесол била претставена воено-политичката и економската ситуација во Грција, положбата на македонскиот народ и состојбите на НОД во егејскиот дел на Македонија, со оценки што не одговарале на реалноста. (Фотев:
“Во рефератот наведуваше такви податоци и оценки кои што воопшто не одговараа на вистината.” (На истото место.)) При претставувањето на состојбите на НОД сите кои не се согласувале со неговите погледи и ставови ги прогласил за гркомани, предавници, страшливци. (Фотев: “Сите Македонци кои не се согласуваа со неговите лични ставови и сфаќања ги третираше како гркомани, како предавници на македонскиот народ, а Македонците кои од објективни или субјективни причини не беа во НОФ Керамитчиев ги сметаше за плашливци”. (На истото место, 35,)) Во отсуство на секретарот и повеќето членови на Главниот одбор на НОФ, на состанокот Керамитчиев издејствувал, без гласање за укинување на Главниот одбор, и избор на ново раководно тело на Организацијата кое, на барање од секретарот на ПК на КПГ од егејскиот дел на Македонија и Тракија, било именувано Координативно биро. Во Координативното биро од 5 члена влегле: Михајло Керамитчиев - секретар, Вангел Ајановски -одговорен за организациските прашања, Евдокија Балева-Вера -секретар на АФЖ, Павле Раковски - одговорен за агитпроп и Ламбро Чолаков- благајник. За инструктор на НОФ во источниот регион од егејскиот дел на Македонија бил одреден Вангел Ничев, а Минчо Фотев, дотогашниот член на Главниот одбор на НОФ и член на секретаријатот на ПК на ЕПОН за егејскиот дел од Македонија и Тракија, не е избран за член на ова тело /на координативното тело/. Од највисокото раководно тело на НОФ, биле отстранети секретарот на ГО на НОФ Паскал Митревски и членовите Ѓорѓи Урдов-Џоџо и Минчо Фотев. (На истото место, 35-36.)
Кризата на НОФ По промените спроведени на состанокот на Активот на НОФ, раководното тело на организацијата понатаму не можело самостојно да одлучува и “да креира своја политика во рамките на глобалната стратегија на КПГ и на Демократската влада на Грција”. (На истото место, 36.) Раководењето со НОФ го презела КПГ, а Координативното тело било претворено во извршно тело на партијата за спроведување на нејзините одлуки. (Фотев: “Координативното тело беше само политичка фигура, репрезентативно тело. Неговата улога и овластувањата се состоеја само во формално-правно покренување на иницијативи што ќе ги предлага КПГ за надлежно решавање и да се грижи за практичното извршување на задачите поставени од КПГ”. (На истото место, 36.)) КПГ одлучувала и за кадровските прашања во НОФ и АФЖ.
Координативното биро на НОФ постапило по барањето од раководството на КПГ, за разрешување од функциите на сите дотогашни раководители кои служеле во Демократската армија на Грција, за да им се прекинат врските со Организацијата како и на илјадниците македонски борци членови на НОФ. (М.
Фотев, Развојниот пат на НОФ, 36.) Таквата акција била спроведена, иако македонската национална организација, според Фотев, “беше еден од главните фактори за развојот на ДАГ”. (Фотев тоа тврдење го аргументира: “Бројот на Македонците во ДАГ беше околу 40%. Главните сили на ДАГ се наоѓаа и војуваа на тлото на егејскиот дел на Македонија (на Грамос, Вичо, Кајмакчалан и Пајак Планина) во Костурско, Леринско, Воденско итн, на теренот најгусто населен со македонско население. На Грамос и Вичо беше главниот фронт на двете завојувани страни и тука се водеа најтешките крвави борби. Седиштето на Главниот штаб и на Привремената демократска влада на Грција беше во Преспа. Тука беше најголемата населена слободна територија со околу 80% македонско население”. (На истото место, 37.)) По директива од КПГ, Координативното биро на НОФ, одлучило да се расформира македонската младинска организација НОМС, а младите Македонци да се зачленат во грчката младинска организација ЕПОН. Со расформирањето на НОМС, целта била НОФ да се изолира од “највиталната и најборбената организирана сила на македонскиот народ”. (На истото место, 37.) Експонирани спроводници на политиката на КПГ биле:
Георгиос Еретријадис-Петрис, Еврипидис Капетанос-Панос, Теодорос Евтимијадис, Танасис Зогас-Спирос и др. (На истото место, 39.) Целосното изолирање на НОФ од масата на македонскиот народ требало да заврши со усвојување на барањето од КПГ, од егејскиот дел на Македонија да се формира организација на грчката Земјоделска партија во која ќе членувале македонските селани. На КПГ и ЕАМ им била потребна организација на грчката Земјоделска партија за непосредно политичко влијание кај македонското селско население кое претставувало околу 80% од народот (На истото место.) и било базата на НОФ. Авторитетните македонски претставници биле отстранети од функциите во КПГ, ЕПОН и ДАГ. Паскал Митревски од ПК на КПГ за егејскиот дел на Македонија и Тракија, Минчо Фотев од ПК на ЕПОН, а Ѓорѓи -Урдов Џоџо од Главниот штаб на ДАГ. (М. Фотев, Развојниот пат на НОФ, 38.) Македонската организација на НОФ веќе не претставувала респектибилен политички фактор.
Координативното тело било претворено во инструмент на КПГ за спроведување на политиката за постапно ликвидирање на НОД на македонскиот народ од егејскиот дел на Македонија.
Од тоа тело “со измислени обвиненија” раководители и основоположници на НОФ, претежно младински раководители на НОМС, биле разрешени од своите должности и по казна биле испратени да служат во ДАГ или изолирани во грчките бегалски логори во Албанија. Во редот на прогонетите биле:
Јани Пировски, Иван Ковачев-Орфеј, Панајот Караџа, Благој Шолдов, Петро Георгиевски, (П. Георгиевски од с. Ошчима, Леринско. Бил борец на ЕЛАС, секретар на реонски одбор на НОМС во Леринско, командир на вод на ДАГ. Загинал во март 1947 година.) Петро Аспровски, Трпе Михајловски, (Т.
Михајловски од с. Крчишта, Костурско. Бил борец на ЕЛАС, во Првата македонска (Егејска) Ударна бригада, секретар на реонски одбор на НОМС во Костурско, политички комесар на вод на ДАГ. Загинал во 1948 година.) Лазо Ковачевски, Сотир Поповски (С. Поповски од с. Шкрапар, Костурско. Учесник во НОД на македонскиот народ од егејскиот дел на Македонија;
реонски секретар на НОМС, политички комесар на вод на ДАГ.
Загинал на планината Грамос во 1948 година.) (сите основоположници и раководители на НОМС), Васил Чочов, (В.
Чочов од с. Д’мбени, Костурско, револуционер-комунист, учесник во НОД на македонскиот народ од егејскиот дел на Македонија. Во 1941 година бил уапсен и спроведен во концентрационен логор во Германија. По ослободувањето од логорот се вратил, се активирал во НОФ, бил секретар на Околиски одбор, загинал како борец на ДАГ.) Тимо Ралев, Сотир Хаџидимитровски, Трајко Цафара, Фоти Бочевски, Пандо Ѓорѓиевски, Трифун Попов, Кирјако Цалев и др. (На истото место, 38-39.) Со масовните чистки што ги спровела “сепаратистичката група на Михаил Керамитчиев” било разбиено внатрешното единство во НОФ. (На истото место, 39.)
Првиот конгрес на НОФ од еѓејскиот дел на Македонија, 13 јануари 1948 година Со чистки и прогонства вршени од страна на Координативното тело се продлабочила спротивставеноста на двете политички струи во организацијата на НОФ. Приврзаниците на самостојноста на НОФ, се организирале за запирање на “деструктивната дејност на сепаратистите” предводени од Керамитчиев што водела кон целосно разградување на НОФ. На нивно барање кон крајот на јуни, во егејскиот дел на Македонија се вратил Паскал Митревски. За излез од кризата во која западнала организацијата тој покренал иницијатива за одржување на прв конгрес на НОФ. Иницијативата била поддржана од мнозинството од кадри и од членството на НОФ.
Состојбите во НОФ најнепосредено се одразиле и на оружената борба. Затоа КП на Грција морала да прави отстапки.
Политичкото биро на КПГ, дало согласност за одржување конгрес на македонската национална организација.
Подготовките за конгресот започнале во почетокот на октомври 1947 година. Во декември биле одржани окружните конференции на кои биле избрани нови раководства и делегати на конгресот. (М. Фотев, Развојниот пат на НОФ, 39-40.)
Првиот конгрес на НОФ, се одржал на 13 јануари 1948 година, во с. В’мбел, Костурско, во црквата Св. Димитрија. Воведен реферат поднесол секретарот на Координативното биро, Михајло Керамитчиев. Тој акцентот го ставил на докажување дека НОФ, како и СНОФ, имале исти стремежи и цели како и ЕАМ, вклучително и ставот за македонското национално прашање. Тоа не кореспондирало со реалноста. (Фотев:
“Навидите на Михаил Керамитчиев не се точни, бидејќи целите и стремежите на НОФ и СНОФ никогаш не беа исти со целите и стремежите на ЕАМ за македонското национално прашање”.
(На истото место, 40.)) Конгресот избрал ново раководно тело на организацијата – Централен совет на НОФ од 35 редовни членови и 15 кандидати за редовни членови. За претседател на Советот бил избран Михајло Керамитчиев, а за секретар Паскал Митревски. Централниот совет избрал свои извршни органи:
Извршно биро и Секретаријат, највисок раководен орган на НОФ. (М. Фотев, Развојниот пат на НОФ, 40.) Работата на конгресот ја следел секретарот на ЦК на КПГ, Јанис Јоанидис кој се спротивставил на барањето за обновување на расформираната македонска младинска организација НОМС.
Ставот на раководството на КПГ претставен од Јоанидис го поддржал претседателот на Советот на НОФ Керамитчиев, кој се изјаснил против обновувањето со образложение дека “положбата на македонската младина во ЕПОН била одлична”.
(На истото место.)
Раководството на КПГ за да обезбеди непосредна контрола на дејноста на НОФ наложило, со посебна одлука, во македонската организација да се формираат партиски организации на КПГ.
Тоа од раководството на НОФ било поддржано со очекување дека партиските организации ќе придонесат за “идејно-политичкото и моралното единство” во Организацијата.
Секретарот на Централниот совет на НОФ, повикал на “воспоставување на нарушените демократски норми во функционирањето на НОФ и АФЖ”, како битен услов за подигнување на “акционата способност” на двете организации за остварување на задачите во дејствувањето утврдени на конгресот. (На истото место.)
По конгресот Организацијата се посветила на извршувањето на поставените две приоритетни задачи: формирање на народноослободителни одбори како органи на локалната власт, и интензивирање на активностите за мобилизирање на народот за поддршка и учество во оружената борба.
Помошните единици и вооружените групи “слободни стрелци” во Костурско и Леринско На слободната територија во Костурско и Леринско, 90% од населението биле Македонци, биле формирани и помошни единици “претежно од постари лица” кои дејствувале во составот на ДАГ. (На истото место.) Помошните единици организирани во чети извршувале посебни задачи: прифаќање и згрижување на ранетите борци, пренесување на храна и муниција, градење на ровови и бункери. Целото организирано население масовно учествувало во помошните единици на ДАГ, предводено од активисти на НОФ и АФЖ. (М. Фотев, Развојниот пат на НОФ, 40.) Во регионот на Преспа, биле организирани занаетчиските работилници на производи за потребите на населението и на единиците на ДАГ: облека, обувки, пекарници за леб, ковачници и др. (Според пишувањето на Фотев за време на големата офанзива на силите на монархистичката влада на Грција против ДАГ, од 14 јули до 21 август 1948 година, “колони од натоварен добиток со храна и муниција од подрачјето на планината Вичо”. (На истото место, 41.)) Во заднината, “во тилот на непријателот” дејствувале оружени групи од Македонци доброволци наречени “слободни стрелци” кои извршувале борбени акции. Во соработка со населението извршувале и разузнавачко известителна дејност за разоткривање на шпионската мрежа на монархистичката агентура, како и заробување и казнување на шпионите. Групите извршувале диверзии на сообраќајниците, поставувале заседи и вршеле напади на штабовите на монархистичката армија. (616 На истото место, 41.) Со изведени акции од поголеми размери посебно се појавиле најбројните групи; во Костурско групата предводена од Живко Шанев, (Ж. Шанев од с. Желин, Костурско, искусен борец - комунист.) а во подрачјето на Сорович и Радош Планана, Леринско, борбената група на Мати (М. Булев од Екшису, Леринско. Бил борец во ЕЛАС, активист на Околискиот одбор на НОФ за Соровичко, командир на македонски партизански одред на НОФ и офицер на ДАГ.
Загинал во 1947 година.) Булев. (На истото место, 41.)
Реактивирање на поделбите во раководството на НОФ По промените во раководството на НОФ, на Конгресот застапниците на сепаратизмот, Михајло Керамитчиев и Илија Димовски-Гоче, според тврдењето на Фотев, “се занесувале со идејата дека би можеле да се вратат настаните од 1944 година кога македонските баталјони во отворен судир со ЕЛАС, се одделија и ја формираа Првата егејска бригада”. (На истото место, 42-43. Фотев не ги наведува имињата на другите од “сепаратистичката група” и на “дисидентите од НОФ и НОДЕМ”.) Тие не се помирувале со губењето на позициите во раководните органи, а со тоа и на влијанието за креирањето на ставовите и во донесувањето на решенијата по конгресот.
“Применувале тактика на двојно однесување: “лицемерно се однесувале кон раководството на КПГ, а од друга страна дејствувале подземно и фракционерски”. (М. Фотев, Развојниот пат на НОФ, 43.) За нивното националистичко дејствување и сепаратизмот виновни биле раководството на КП на Грција и партиската организација на КПГ во НОФ кои “неправилно се поставиле”. Тоа го искористиле сепаратистите и дисидентите на НОФ (Тие “одржувале врски и редовно тајно се состанувале”.
(На истото место, 43.) за да предизвикаат отворен судир во Централниот совет во кој тие ги загубиле дотогашните позиции.
(Во Координативното биро.) Со инсинуации и клевети дискредитирале многу од Македонците првоборци, основоположници на НОФ, ги нарекувале “антипартиски елементи” и ги етикетирале: “неверни Македонци”, “гркомани”, “авантуристи” и сл., (Фотев пишува дека тие “не избирале сретства против сите оние кои им пречеле на патот кон остварување на нивните болни сепаратистички амбиции и цели”. (На истото место, 43.)) а самите се претставувале како “најдобри синови на македонскиот народ, смели и доследни бранители на делото на Македонија”. (Hа истото место, 43)
Внатрешните поделби биле поттикнувани од претставниците на ПК на КПГ, за подготвување на терен за отстранување од раководните функции на водечките личности на двете спротивставени струи во Централниот совет на НОФ.
Поддржани од функционерите на КПГ: Георгиос Еретријадис-Петрис, Леонидас Стрингос и Теодорос Евтемијадис, со кои Керамитчиев одржувал постојани лични врски, со своите приврзаници барал свикување на Пленум на Централниот совет со намера да го преземат раководењето со НОФ. За свикување на Пленумот согласност дал Централниот комитет на КПГ.
Пленум на Централниот совет на НОФ Објавувањето на резолуцијата на ИБ против КП на Југославија, (Во јуни 1948 година.) раководството на КПГ го искористило за отстранување на водечките личности и промена на раководството на НОФ, и да го употреби како адут за да ја обвини македонската национална организација за сопствените внатрешни проблеми.
Пленумот бил одржан, на 8 август 1948 година, во с. Буково, Преспанско. Работата ја следела висока партиска делегација на КПГ предводена од секретарот на Централниот комитет, Јанис Јоанидис. (На истото место, 45.) На Пленумот се развила остра полемика помеѓу двете поларизирани струи во раководството на НОФ. Михајло Керамитчиев ги обвинил раководителите на НОФ како антипартиски елементи. Тој лично жестоко го обвинил Паскал Митревски. (За текот на работата на Пленумот Фотев пишува: “На Пленумот се разгоре остра полемика.
Сепаратистичката група на арогантен и безобразен начин, сличен на врховистичкиот стил, ги нападнаа сите раководители на НОФ кои ги сметаше (Керамитчиев - ММ) за гркомани и наводни антипартиски елементи, а на прво место најостро беше нападнат Паскал Митревски лично од Михаил Керамитчиев” (На истото место.45.)) Создадената ситуација ја искористиле претставниците на КП на Грција кои издејствувале Пленумот да го усвои решението на Политбирото на ЦК на КПГ, за отстранување на Паскал Митревски, но, и на Михајло Керамитчиев од раководството на НОФ. Михајло Керамитчиев бил разрешен од функцијата претседател, а Паскал Митревски од секретар на Централниот совет на НОФ, двајцата биле ставени на располагање на Главниот штаб на ДАГ. По нивното разрешување за претседател на Централниот совет на НОФ бил поставен Ставро Кочев, а за секретар Вангел Којчев. (За нивното доаѓање на раководните функции немало избор “ниту гласање на Централниот совет на НОФ”. (На истото место, 45.))
Политбирото на ЦК на КПГ, на 10 август 1948 година, со повикување на Првиот пленум на Централниот совет на НОФ, објавило резолуција за фракционерската борби во раководството на НОФ, опортунизам и опструкции, за суспендирањето на Митревски и Керамитчиев од раководните функции на НОФ за запирање на “непринципиелната фракционерска борба”. (На истото место, 45.)
Политбирото на ЦК на КПГ, го сменило раководството на НОФ за време на големата офанзива (од 14 јуни до 21 август 1948) на силите на грчката монархистичка влада против ДАГ, со главнина на силите во западниот и во централниот егејски дел на Македонија. (На истото место, 50.) Во време кога македонскиот народ предводен од НОФ “го понесол товарот (на борбите) на фронтот”, (На истото место.) народ кој во претходните жестоки борби “покажал самопожртвуваност и масовно xеројство” што било признаено од ЦК на КП (На IV пленум одржан на 28 и 29 јули 1948 (М. Фотев, Развојниот пат на НОФ, 45.)) во резолуцијата на Политбирото. (Во точката VIII се велело: “Пленумот на ЦК на КПГ го потенцира вонредниот придонес на славомакедноскиот народ за општото дело на слободата. Учеството на славомакедонскиот народ во ослободителната борба е сенародно и целосно. Со својата борба и со крвта на своите синови и ќерки славомакедонскиот народ си гради цврсто слободен и рамноправен живот и си ја осигурува и обезбедува својата народнодемократска иднина.” (На истото место, 46.)) За тоа признание македонскиот народ се изборил со масовното учетвуво во оружената борба од почетокот на Граѓанската војна во услови на најжесток терор и прогон од полицијата и специјалните единици на армијата и бомбардирањата на авијацијата на монархистичкиот режим.
(Фотев: “Грчката полиција и специјалните единици на монархофашистичката армија товареа на камиони старци, жени, бебиња и малолетни деца на воени камиони и преку селото Вишени ги протераа на слободната територија на Планината Вичо. Сите младинци од прогонетите семејства над 15 годишна возраст ги задржаа во затвор. Од протераните семејства 90% беа Македонци, а другите од влашко потекло. Нивните домови истиот ден беа целосно опљачкани, нивниот имот узурпиран.
Монархофашистичката армија раководена од американски офицери на чело со злогласниот генерал В. Флит, присилно исели околу 50 села од Леринскиот и Костурскиот округ и од Анаселичката околија. Селаните ги собираа во градовите во гета под најтешки услови. Голем број од селаните кои протестираа ги обвинија како соработници на ДАГ и ги интернираа на егејските острови. Монархистичката авијација, во која учествуваа американски и англиски пилоти, секојдневно ги бомбардираа и ги уништуваа слободните население места.
Со англиски воени авиони од типот “Спитфаер” и американски авиони од типот “Дакота” ги митралираа говедата и стадата овци по пасиштата, фрлаа запаливи течности на житните полиња итн. Монархистичката армија водеше тотално уништувачка војна не само против ДАГ, туку и против народот.
Животот на населението беше вистинска трагедија. Неговиот физички опстанок беше загрозен од бомбардирањата, од болести и глад. Привремената демократска влада на Грција упати апел до владите на народнодемократските земји за прифаќање на овој дел од населението. Повикот најде одѕив и пролетта 1948 година беа прифатени околу 25.000 малолетни деца до 13 годишна возраст.” (На истото место, 44.))
Со смената на раководството на НОФ, Политбирото на ЦК на КПГ го презело раководењето (По отстранувањето од функциите раководителите на НОФ Паскал Митревски и Михајло Керамитчиев биле повикани лично од генералниот секретар на ЦК на КПГ Никос кој им ја соопштил одлуката за нивно целосно деградирање. Фотев за тоа пишува: “Средбата беше одржана во с. Рудари, Преспа. Захаријадис обрнувајќи му се на Паскал Митревски рече: ‘Политбирото на ЦК на КПГ реши да стапите во редовите на ДАГ како обичен борец или како позадинец на слободната територија.’ Паскал без двоумење се реши да стане борец-партизан на ДАГ и веднаш беше испратен да служи во 107 бригада. Керамитчиев не прифати да биде борец на ДАГ наведувајќи дека наводно боледувал од епилепсија, дека неговиот нервен систем не ги поднесува експлозиите на тенковските гранати особено авионските бомбардирања и побара да му се дозволи да замине во Југославија на лечење. За да биде убедливо неговото тврдење инсценира епилептично паѓање во с. Буково во присуство на некои селани. Истото го направи и во с. Брезница, Костурско. Со неговиот личен курир Митре, без знаење на Централниот совет на НОФ, ја напушти борбата и преку ноќ премина во Југославија, во Скопје, кај неговото семејство ‘на лекување’. Според извештајот за финансиската состојба на НОФ, што го поднесе Крсто Мангов, член на Централниот совет, при заминувањето за Југославија Михаил Керамитчиев со себе понесол 813 лири сопственост на НОФ. Патот на Керамитчиев го следеа и неколку негови другари, меѓу кои и Вангел Ајановски-Оче. Ваквото капитулантско држење на Михаил Керамитчиев го осудија и некои негови најблиски другари истомисленици.” (На истото место, 47.)) со македонската организација. (Фотев упатува на вина на југословенското партиско и државно раководство кое ја договорило и на македонското раководство кое го наложило спроведувањето на Спогодбата за обединување на НОФ и КПГ со која договорачите “му признаа и му дадоа на раководството на КПГ на чие чело беше Захаријадис големи овластувања и права над организацијата на НОФ. Тие овластувања и права, односно довербата, крајно ги злоупотреби раководството на КПГ”. (На истото место, 47.)) Македонската национална организација била инструментализирана за антијугословенските позиции и “политика спрема македонското прашање” (На истото место, 46.) во новонастанатата состојба во односите на партиите по резолуцијата на ИБ.
Генезата на поделбите и соперништвото на политичките струи за превласт во НОФ и НОД Внатрешните поделби во НОД на македонскиот народ од егејскиот дел на Македонија, се појавиле уште во 1943 година.
(Фотев: “Сепаратизмот како националистичка појава и негативна состојба во НОДЕМ, односно во НОФ, има свои историски причини. Датира од поодамна, а дојде до израз уште во времето на НОБ на Грција и ЕЛАС во 1943 година”. (На истото место, 48.)) По основањето на НОФ привремено било постигнато акционо единство. Приврзаниците на Михајло Керамитчиев ја прифатиле политичката платформа на Организацијата и се бореле под нејзиното знаме, но, не ја прифатиле Спогодбата за обединување на НОФ со КПГ. Тие Спогодбата “ја нарекувале фамозна, втора Варкизе за македонскиот народ” и ја попречувале нејзината реализација.
Објавиле сопствена политичка платформа за која Фотев пишува дека била “со јасни изразито шовинистички тенденции”.
Користете ги левата и десната стрелка за да ја свртите страницата.
Испечатено од https://macedonianhistory.ca/mk/narrative/mincho-fotev-e-book-macedonian/12 на 29 октомври 2026