Canadian Macedonian Heritage Society Canadian Macedonian Heritage Society Станете член!

Ideological Activism: Macedonians Under Greece

7.0 КРИТИЧКИ ОЦЕНИ - Part 01

Од Стојан Кочов · Дел 24 од 26 · Околу 19 минути

Читај на English

7.0 КРИТИЧКИ ОЦЕНИ

(Рецензии и лични видувања)

ПРВА РЕЦЕНЗИЈА За трудот под наслов “Идеолошкиот активизам над Македонците под Грција 1945-1949 година” од Стојан Кочов.

Трудот под горе цитираниот наслов претставува синтеза на досега објавените со критички осврт написи во научните и јавни гласила за дел од македонската литература кон која што авторот има соодветен афинитет, но и критички осврт за историските настани за политичкото минато на македонците во Егејскиот дел на Македонија. Пасионираниот истражувач Стојан Кочов, кој во македонската историографија внесе нови ветришта во однос на историските проблеми во Егејскиот дел на Македонија, во овој труд, посебно во вториот дел ни се претставува како зрел историски аналитичар на настаните во кои што бил и непосреден свидетел. Но тоа не значи притоа глорифицирање на неговото учество и прикажување на настаните во позитивна конотација, туку јасно, конкретно, објективно и смело изнесување на фактите за кои досега се молчеше. А тоа се должи пред се на објективниот пристап на авторот, со силата на аргументите да го објасни прашањето зошто почнала Граѓанската војна во Егејскиот дел на Македонија кои беа нејзините носители, улогата на политичкото и военото раководство на Југославија и Македонија и, се разбира, на Грција, и на она најважното, кој тоа сакаше македонскиот народ од неговите вечни огништа да го протера, вршејќи над него класичен геноцид, поголем и од оној што го направиле Германците над Евреите. И што е важно, за т.н. Демократска јавност од целиот свет која ни збор не кажала ниту пак имала свои репортери и известувачи од самото место. Значи, тоа била една голема политичка игра, која катастрофално се одразила врз националниот, социјалниот и бројниот состав на Македонците, а која авторот Стојан Кочов успешно ја разоткрива.

Иако трудот е коципиран од критички осврти и пишани материјали презентирани на јавноста преку јавните гласила и посебни изданија, сепак тие не ја намалуваат вредноста на овој труд, туку напротив му даваат уште поголема тежина. Авторот поставува солидни основи за натамошни доистражувања на овие проблеми во македонската историографија и го отвора прашањето за конечно расветлување на многу историски проблеми кои денес се и тоа како актуелни посебно на релацијата на двете држави Македонија и Грција. Затоа оваа книга ќе биде извонреден прилог кој по ред прашања ќе даде и ред одговори толку потребни за овој сегашен момент, но и аргумент повеќе дека со војна не се решаваат било какви прашања, дотолку повеќе ако таа војна, како што беше Граѓанската војна во Егејскиот дел на Македонија, не беше доволно подготвена и згора на тоа со однапред познат резултат, се разбира на штета на Македонците. Токму од ова гледиште, оваа книга, иако не директно, туку индиректно, носи една порака, дека било какво натамошно делење на Македонците ќе има катастрофални последици.

Врз основа на горе изнесеното, имајќи ги предвид дека овој труд ќе има научна и општествена корист, со задоволство го предлагам за печатење.

Скопје, 19.04.1993 год. Со почит, Д-р Ѓорѓи Малковски Втора Рецензија на ракописот: Стојан Кочов: Идеолошкиот активизам над Македонците под Грција Рецензент: Д-р Симон Дракул Прв основен авторски предговор, за овој вид книги од битно воведничарско и обединувачко значење, ракописов се состои од шеснаесет посебни текстови (рецензии, осврти, полемики, статии итн.), во нивниот претежен повеќе публикувани, најчесто во “Македонско сонце”. Според својот карактер, тоа се главно осврти и оценки на бележити изданија (плус еден филм)

- обединети, на еден или друг начин и нормално со единственост на доблестите на својот интерес - т.е. големата тема на македонската трагедија од пред 50 години од Егејскиот, Беломорскиот, јужниот или “Грчкиот” дел на етно-историската извесна македонска територија. Почнувајќи со оценките на книгите од Петре М. Андреевски “Небеска Тимјанова”: на Димитар Димитров: “Уметност на Човекување” и “Меѓу тоталитаризмот и демократијата”; Стојан Киселиновски “Статусот на македонскиот јазик (1913-1987)”; Иван Чаповски “Враќање на поетот во Меглен”; Никола Кљусев “Камен остров”; “Анѓели на прогонството” од Паскал Гилевски; “И каменот е земја” од Петар Наковски; “Катарни години” од Ката Мисиркова - Руменова; “Вик” и “За македонските човекови права” од Коле Мангов, заедно со опстојниот осврт на некои од прашањата, што ги покренува филмот “Црвениот коњ” на Столе Попов а врз сценариото на истоимениот роман на Ташко Георгиевски, се содржините на првиот дел. Вториот дел, меѓутоа, ги содржи фундаменталните текстови на оваа книга од кои е најзначаен обемниот текст од наслов: Историјата (сепак)

треба да каже кој го активира “македонскиот синдром” за нашето самоуништување во годините (1945-1949) во Граѓанската војана во Грција. (Повод: Реакциите на книгата “(Само)жртвувањето на Македонците по Грција”), врз кој непосредно се надоврзува текстот “Време за растанување”.

Меѓу завршните и веќе сосема јасно излачени акорди на оваа книга се поместени двата текста под еден повод, со наслови: “За еден тип на активистичко деструктивно полемизирање” и “Откритие на полковниковиот молк (Кој е господинот Воријас?)”.

Вториот наслов на прв поглед сосема логично ќе се пристори потешкотијата на присобирање на една целина на вака распнатите на различни редови и области единици од содржината на предлаганиот ракопис. Но само на прв поглед;

бидејќи суштината на неговото содржинско единство не само што ја надвишува хетерогеноста, туку имено од таквите повеќестрани содржини и се состои единствената вредност. И токму богатството на областите и на видовите и на деловите, од кои е составен ракописот, само и придава сила на единственоста на неговиот предизвик и на неговата порака.

Разноликоста, престорена во квалитет, само од многу страни присобрана енергија за единственоста на настапот и на императивот, всушност, што го носи во себе овој крајно актуелен, битен и бескомпромисен ракопис. Во него, како основна интонација, независно за каков вид наслов станува збор, се јавува полемичноста не со поединечни гледишта (иако ги има и нив) туку полемичност со единственоста на едни состојби, устоличувани цели 50 години во нашата историска наука, пред се, но не и само во неа, туку во сета општествена јавност, устоличувани како жестоко, лажно и индоктринирано, идеологизирано сознание за тоа - што лежеше во појдовната, па и во предпојдовната основа за да се дојде и до беспримерната трагедија, која заврши со најжестокиот можен прогон на македонскиот народ од неговите предедовски огништа на најхеројскиот, највостаничкиот, најслободољубивиот и најпатриотскиот крај на Македонија низ сета нејзина историја -Костурскиот, Леринскиот, Воденскиот, Преспанскиот, Ениџевардарскиот, Солунскиот, Серскиот - со еден збор македонскиот Егејски крај.

Се покренуваат прашањата, без чие што разрешување во македонските традиционални состојби, всушност историското искуство не ќе стаса само уште еднаш да се престори во историска поука. Во единствена можна цена на секоја жртва;

бидејќи и нема поголемо обезвреднување на жртвата, од нејзината бесмисла.

Историјата на својот народ и се познава, всушност, преку најстрого критички процедените конечни сознанија и суштини.

Во историјата аргументот вреди само толку, колку што обезбедува подлабоко проникнување во тајновитоста на најпротивречните сочетанија на безбројните компоненти, од кои е составен историскиот миг; значењето на најневидливите сочинители во оваа смисла само толку повеќе стануваат значајни, колку што ерезултатот по малку соодветен на декларираните и од пропагандната машинерија широко распространувани ветувања на предизвикувачки перспективи.

Значењата на прашањата, што всушност во оваа своја втора книга по овој предмет авторот само ги продлабочува и продолжува да ги лоцира, - крај сета нивна конкретност, во случајов - поттикнуваат спрема размислии за единственоста на прашањето за севкупноста на македонската територија.

Независно во границите на чија држава, кога станува збор за конкретниот историски и за хетерогеноста на неговиот историски резултат, еден или друг македонски кат припаѓаше.

Поделеноста на македонската територија доведе и до поделеност на македонската народно ослободителна антифашистичка борба во Втората светска војна во зависност од државата, на која претходно и се припаѓаше: но, сега веќе и од партиската припадност на македонските кадри меѓу грчката, бугарската и југословенската комунистичка партија, членки на Коминтерната, при непостоењето ни на македонска комунистичка партија, ниту пак на каква и да било обединувачка нишка, по формалното распуштање на ВМРО

(об).

Погледнато на овој начин, како што и несакајќи потикнува овој ракопис, се претпоставува во сета далекусежност евидентните иницијатививо македонските комунистички средини кон сосредочување макар и на најлабаво единство во четиристраната, всушност, македонска антифашистичка народноослободителна војна. Како што се прикажуваат во највистинска светлина и жестокостите на средствата, со која се наложуваше четиристраната лојалност кон единствено можната партиска припадност.

Состојбите ги усложнуваше докрај и зоната на краен ризик, во кој, по формалното завршување на војната се најде Егејскиот дел на Македонија; додека двојственоста и недефинираноста и на самата припадност, па и на силите и во самата неа, создава од Грција земја со предизвик и спрема судир довчерашните најголеми антифашистички сојузници. Сознанијата на авторот на овие редови зборуваат за сеуште длабока потиснатост и на многу фундаментални вистини за односното време и за односниот простор со определени значења.

Граѓанската војна во Грција, меѓутоа, како и појавата на ДАГ, што, продолжувајќи ја војната уште цели 4 години, од Егејскиот дел на Македонија создадоа поприште на герилска, на идеолошка, на фракционашка, но и на национална пресметка, со најжестоките последици имено на овој план.

Зад идеолошки пораз, всушност, се прикри и долго потоа продолжуваше да се прикрива еден класичен пример на -етничко чистење. Како беше можен еден таков трагичен и непоправлив разултат? - се прашува авторот. Него не би бил во состојба да го постигне ни со најригорозни средства - ниеден туѓинец. Тогаш, кој беше оној, што најпрвин го подлага македонскиот народ да се крене во националноослоботителна борба, на еден ваков крајно загрозен терен и во најексплозивниот можен миг? А како маѓијата на оваа парола го даде својот полн учинок; кога народот стана со сите свои сили -тогаш од раководењето со оваа борба беше исклучено секакво македонско учество. Со борбите раководеше “чевларот Гусјас” и “тутуноберачот Маркос”, сега унапредени во генерали стратегијата ја создаваа се грчки стратези; 50-те проценти од составот на воените сили на ДАГ, Македонците, според тоа, долго и упорно продолжуваа да гинат по пропиштата на Грамос, на Вичо, по целиот егејскомакедонски, па и појужен грчки простор; а специјални луѓе врбуваа партиотски настроени млади луѓе и од меѓу бегалците во ослободената НР Македонија; додека по македонските села таму се оѕемаа од нивните мајки и се испраќаа во неврат по светот... Како беше сето тоа можно? Но, и како беше можно цели 50 години потоа сето тоа да се објаснува со најцрните идеологизирани невистини, чии што корави носители од понекои страни и денес креваат глас? На прашањата, што е и логично при самата помисла на една ваква трагедија, им нема крај. Беше ли во прашање всушност имено стратегијата на етничко чистење во основата на целокупниот однос на ДАГ во Егејска Македонија;

каква беше улогата на Југославија; каква на НР Македонија, на нејзината политика, на нејзината полиција, во сето тоа?

Конечно, со какви последици се одрази Резолуцијата на Информбирото, во крајноста на учинокот на заговорената стратегија? Па и со прашањето - кои беа оние индоктринираните поединци од меѓу македонските комунистички кадри, мислејќи вршат херојски дела, и повладуваат всушност на нејзината сила појдена во истребувањето на нивниот народ од неговата татковина и дедовина?

И од сето кажано довде можно е да се сфати за ракопис од кој вид е во случајов збор. Неговите формални карактеристики се:

јасноста, доживеаност, аргументираност, ангажираност, како и упатеноста во најпринципиелната можна насока на вистинољубивоста и највисоката можна објективност на историскиот суд. Се разбира, ништо од тоа не е можно, без усилби за излекување од коравата идеологизираност и индоктринација: без длабоко и добронамерно вистинољубиво и човекољубиво застругување и сплакнување на таквата наслојка, што не ќе може да мине ни без отпор, ни без бол. Бидејќи само со неа можело да се живее во заблудните самоуверености, дека се однесло во судбинскиот миг - херојски! Да, херојски! Но, за кого? И против кого? - Прашува авторот Рецензентот во случајов е исцело на страната на авторот на овој ракопис. Како што ќе биде секогаш на страната на авторите, што и со страст, но и со полно право - прашуваат.

Прашањето е овде, колку историско, толку и денес подвлечено актуелно; а такво ќе биде тоа уште долго, крај еден сосед, каков што е нашиот од југ.

Прашањето, меѓутоа, е во состојба да претставува и предизвик, па и императив, кон едно општомакедонско себеосознавањето и за глобалните состојби од времето, за кое станува овде збор, но исто така и за една цела и мошне едноставна, сложена и компликувана хроника на македонското суштествување оттогаш па до денес.

Бидејќи без таквите сознанија ќе биде само се потешко отстојувањето утре; но и отстојувањето воопшто на овој народ на неговиот балкански традиционален роден крај.

Конечно, станува збор за предизвик од императивен вид, што недвојбено сугерира и некакви начелни македонски себесочуствувачки принципи и договори, во кои би се наоѓале начелата барем на тоа што својот човек спрема својот народ може и смее; а што не може и несмее бидејќи севкупната наша досегашна историја на народните страдања и не зборува друго, освен дека се најчесто и се доживувало - од својот.

Како што и вистините се прикажувале; како и заслугите на заслужените им се оѕемале; како и што се повластувале оние, од кои народот ниеднаш не дочекувал за себе добро... Според мене токму во таквиот предизвик се крие највисоката вредност на овој ракопис, што го препорачувам за незабавно публикување.

Д-р Симон Дракул Со лично видување На трудот под наслов “Идеолошкиот активизам над Македонците под Грција, (1945-1949 година)” од Стојан Кочов.

М-р Јагнула Паскал Куновска Револуција или измама! Тоа е дилема која авторот Стојан Кочов, прв се осмели да ја постави како писан збор, пред свеста и совеста на сите нас, кои, во долгиот педесет годишен историски личен молк, лицемерно се однесувавме самите кон себе, затворајќи ги очите пред сопствената судбина и амбис, над која сеуште сме надвиснати.

Назад - по историските траги на нашиот погибел, не враќа авторот, до фактите, кои недвосмислено не исправаат пред ПРОСТУМОТ на Македонскиот народ, во периодот на Македонците под Грција и на Граѓанската војна од 1945-1949 година, и ни помага, да смогнеме сили, сами пред себе да си признаеме дека единствено ние сме за сопствената трагедија, соспственото истребување од предедовските огништа, за неизвесноста (како директна последица од минатото) пред која и денес сме исправени со оѕеменото право да се спомнува дека Солун, Костур, Лерин, Воден... се наши и дека немаме право да се откажеме од нив, зошто, домовите, кои по туѓа воља и сила ги напуштивме “долу”, се градени од нашите претци, врз наша земја.

Првично поставената дилема се отстранува пред непобитните историски и политички факти на овој неуморен трагач по вистината на сопствената трагедија - по се што има литерарен или било каков спој со Граѓанската војна во Егејскиот дел од Македонија и сопственото страдање кое произлезе од неа, кога категорички го избира гледиштето да Граѓанската војна ДАГ (1945-1949 година), е саможртва на Македонскиот народ. Во тој смисла, авторот Стојан Кочов апелира за прекин на историско фалсификуваните факти и будење на сопствената смисла исчистена од идеолошките подредености, чија жртва станавме и ние Македонците од Егејскиот дел на Македонија.

Овој труд, кој значи елаборирање на написите од македонската литература за чија содржина авторот посебно се интересира бидејќи се однесуваат на историското минато на Македонците од Егејскиот дел на Македонија, во првиот дел, преку критичките осврти, ја истакнува не само вредноста литерарна на делата со егејска тематика, туку посебно ја апострофира и сета своја љубов и тага како непосреден свидител на трагедијата на сопствениот народ и како зрел историски коментар на фактите - документите, кои неуморно ги истражувал и собирал, за да ги пласира пред јавноста. Тој со жал која извира од личната болка, ни ги расветлува сите документирани дејствија од нашето минато, спротивни на македонската стратегија, дирекно сврзани со процесот на самоуништувањето - самоистребувањето на македонската нација - народ, на геноцидот врз него и манипулациите со него до ден денешен, како и фактот дека последиците од Граѓанската војна се експлоатираат политички, кому како одговара, како во историографијата, така и во литературата која е напишана од тие мотиви.

Притоа, авторот посебно се осврнува и апелира да се фрли “револуционерната гордост” на измамените, изманипулираните и жртвуваните Македонци, таа трагедија на Македонците од Егејскиот дел на Македонија, бесрамно обработена во “Историјата за Егејска Македонија”, од луѓе кои сопствената трагедија се обидоа (а тоа им успеваше цели 50 години!) да ни ја сервираат како гордост. Вџашен од несфатливата заблуда, авторот извикнува: - О зар е можно тоа? - мислејќи и на политичката манипулација со страдалниците. Во таа смисла, вториот дел од трудот е сликовит приказ за историската ветрометина и тврдењето дека политиката може гордо да манипулира со човечката судбина. Па, следствено, се обработува растот и падот на активизмот, кој како повик за борба - да се бара правдата со оган и меч, не однесе до сопствениот пекол, до злото кое се вика самоистребување.

Каде е националната стратегија? - се прашува авторот, повеќе поради нас читателите, плашејќи се космополитизмот се уште да не не шармира и покрај пустошот што ни го остави, не само во родниот крај, туку и во душите на сите нас скорнатите - откорнатите.

Авторот Стојан Кочов библиски не потсетува дека времето е објективен судија и дека мора да излезе на виделина премолченото, преправеното, сервираното, маскираното...

зашто, универзалната максима е - да не се премолчува сопственото, во сопствената историја, во нашиот случај - трагедија.

Геноцидот кој што го доживеавме во име на македонската опција и националниот интерес, за авторот не постојат! Ние мислевме, вели тој, дека се бориме за наш национален интерес и опција но без стратегија, единствено се боревме и гиневме бранејќи ја Комунистичката идеологија, со туѓ аршин, како резултат на што, исто така туѓите, ни го активираа синдромот на македонското - сопствено самоуништување.

Кој го активира и зошто е активиран тој сопствен погибел на Македонскиот народ, авторот открива и отворено и јасно и гласно, го обелоденува пред сегашните и идните генерации. Тој, како поборник за вистината, отворено фактографира и прикажува дека сме биле жртви на туѓи идеолошки системи (со отворен страв да не се тие присутни и сега) и дека КПМ беше само мост меѓу КПЈ и КПГ за уништување на сопствениот народ. О, зар има поголемо проклетство?

Ако сме слепи и глуви цели 50 години, исти и денес кога не не познаваат, што им нудиме на идните генерации? - со право и со страв прашува авторот.

Како драстичен пример на својот основан страв, авторот ни го посочува фактот да Македонските борци во погибелната борба не беа водени од својот - Македонски генерал - таков немаше.

Тие беа доверени на Маркос, Маџирското куче, доселено од Мала Азија, колонист од македонската земја и од него се чекаше да го реши Македонското национално прашање, водејќи ги нашите македонски борци во планирана смрт. Тој лицемерен водач на нашата погибел, чекаше цели 50 години и пред да умре, 1992 година, ни ја кажа вистината во очи: “Смислата на мојата борба беше во тоа што ги протеравме Славо -Македонците од северните краеви на Грција. Ние ги убивавме Славјаните (Македонците) за да ја задржиме Македонија да остане Грчка”.

Ете, така тој Маџир, Грк по род, генерал Маркос, се припремаше и ни го реши националното прашање. А, ние, војска Македонска му дадовме, во смрт да ја води.

Зар треба друг доказ (а ги има многу во книгата на авторот) за да се потврди дека во целост се оствари целта на туѓинецот преку далекусежната проекција - да се сотре национален Македонски потенцијал и да се уништи едно трајно сведоштво за народ кој со векови живеел во своите прадедовски огништа.

Но, кај беа нашите Македонци, нашите водачи? Отворено прашува авторот, за да додаде дека нив тогаш никаде ги немаше како стратези, кои требаја и мораја навреме да ја насетат и избегнат трагедијата врз сопствениот народ. Тие место да мислат со своите глави и за сопствените народни - национални интереси, тие беа туѓи послушни слуги... глуви и неми. Дури по завршувањето на Граќанската војна, ислужени и истерани како другите, дефинитивно се прибраа во НРМ, да ја пишуваат “херојската историја на победниците...” прикривајќи го националното проклетство и геноцидот, толку очебиен за сите.

Сите тие наши силни водачи, во името на својата малоумност, не најдоа сила да го именуваат откорнувањето од татковата грутка кое почна заедно со Граќанската војна и поради Граќанската војан и кое трае до денес, исто толку и полувековниот молк и скриената вистина.

Никој од нив - констатира авторот Стојан Кочов - до денес, не се праша - до кога ќе молчиме за сопствената трагедија и како да се именува злото на Македонците под Грција, кое зло се уште трае, како продолжение, благодарение на нашето отсутво на самосвест и гордост.

Лесно е да се каже “горда сум што бев комуниста...” но, чесно е да се каже и покаже каде и како се грешеше и да се сноси одговорност поради сопствените грешки, како што е редно, бидејќи последиците ги осети и тоа без можност за корекција цела една нација, еден невин и саможртвуван народ.

Авторот потсетува со горчина која болка од неговиот збор дека не треба да се премолчи - заборави фактот, што Македончињата

- нашите деца сами ги отргнуваме од прегратките на мајките и во името на Револуцијата? Нив ги испраќавме по планините да се борат за Социјализам, додека децата, без морал и без скрупула, како споулавени, ги раселувавме каде не по светот, без совест, дека нема никогаш да се вратат во својата родна земја и дека многу од нив ќе растат како сираци по туѓи земји, никогаш не прегрнати и утешени од мајки. Така, така се отпуштија нашите домови, тврди авторот, и така згаснаа за на век нашите родни огништа и онеме нашиот афтохтон глас...

Помогнавме на Грчката пропаганда да го задржи пленот што лесно го доби 1913 година, во Букурешт, односно 1919 година, во Версај. Се изборивме во сопствениот погибел, па заслуживме и гробиштата на нашите деца, паднати за слободата на Грција да ни ги израмнат...

Па нас, благодарение на нашите “горди”, ни останаа само спомените и срамот, дека облечени во униформите на ДАГ, ја “браневме” Македонија. Ете, тоа е вистината на Македонскиот ПРОСТУМ! - јадосано извикува авторот Стојан Кочов и ни ја открива, без оглед дали на некого му се допаѓа или не, и дали на некого му ја крши “гордоста”, која што и во Сибирските не ја именуваа со заслуженото име - срамен крај!