The Balkan Mega-ethnos: National Doctrines of Macedonia's Neighbours
ПРЕДГОВОР БАЛКАНСКИОТ МЕГАЕТНИКУМ - ОД ЕТНО-РОМАНТИЗАМ ДО ЕТНО-НАСИЛСТВО - Part 08
Но, тие исто така се обидуваат да дадат исто толку аргументи, ако не и повеќе, дека всушност нацијата, како примордијална категорија, ја родила државата. А тоа е концепцијата на примордијализмот и на етно-романтицизмот. Тој еклектицизам, но и мешањето на теориските супстанци е присутен во сите наведени документи (на пример, во сите непосредно или посредно се тврди дека “нивната” нација создала нивна држава, и едновремено дека нивната држава ја консолидира нацијата, или барем ја ослободува и треба да ја до-ослободи). Тука настанува проблемот на третирањето на македонската нација. А македонската нација, дури и да е сфатена во етногенетска смисла, вистина долго време немала сопствена држава. Како можела таа нација да настане, а без своја држава? Оттука, сето негирање или премолчување или оспорување на македонската државност. На пример, од Самуил и Владимир, Радомир, Хрис итн., преку Кресненско-разловечкото и Илинденското востание, односно Крушевската република, до АСНОМ, 1944 година. Индикативно е затоа, и премолчувањето на “срамните”, или
“деликатни” моменти или периоди, во национално-државната историја на соседите, како што се СХС-владеењето во Кралството Југославија, српската предоминација во политиката, економијата и културата во последните декади на СФРЈ, но и премолчувањето на грчката граѓанска војна, на Втората светска војна во Бугарија и во Албанија, на холокаустот на бугарските територии, на српското владеење во Македонија, меѓу двете светски војни.
И второ, како можела вистина да настане македонската држава и државност, а да немало претходна етничка или национална заснованост на нејзината популациско-територијална рамка? Бидејќи, доктрините се тука затечени во еден јазол на збунетост и противречност, проблемот го решаваат на чисто гордиевски начин: ги прогласуваат македонската нација и држава за вештачки. Односно, повторно му се враќаат на марксизмот, на етно-романтизмот и на примордијализмот, но овој пат во смисла на интерпретација на примордијализмот и на марксистичката теорија како сталинистичка практика - на политички инженеринг во ликвидација или продукција на нации и држави. Во оваа смисла нема никакви начелни разлики во пристапот на сите четири доктрини.
Тие, непосредно или посредно, ја користат пред се марксистичката теорија, дури и кога ја обвинуваат дека влијаела да се создадат вештачки нации или пак дека влијаела – територијално и популациски, да се “оштетат” нивните нации.
Имено, и таму каде што, вистински, доктрините не можат да се поврзат со марксизмот, па дури и со неговиот австро-маркистички модалитет (Бауер), на помош доаѓа Коминтерната, односно Сталиновата полит-операционализација на марксизмот. Според Меморандумот на САНУ, но и според грчката и бугарската доктрина, токму таа операционализација во меѓудржавната и меѓународната политика, ја миноризирала српската нација во Југославија, крајно ја онеправдала бугарската нација, и вештачки ја создала македонската нација. Според албанската доктрина, пак, (дури и нејзиниот наслов потсетува на Кардељ и на разрешувањето на словенечкото национално прашање), ис-ториската, јазичкокултурна и етно-
културна компактност и развој на тие територии, им дава неприкосновено право на суверенитет, при што документите на ООН и меѓународните пакти и акти се само помошен аргумент и дериватив.
Доктрините немаат, речиси, никаква асоцијација со современата интерпретација на нацијата и национализмот, особено ако се говори за позитивна интерпретација на тие категории. Имено, најраспространетата струја во таа смисла, онаа на модернистите и етно-симболистите, на веќе споменатите Смит, Хобсбаум, Гелнер, Андерсон, Брубејкер и др., особено ја нагласува идентитетната, етно-културна и правна квалификација на нациите и на малцинствата, не на нивното историско потекло, на крвните или родовските врски, на територијата или распространетоста, на државноста, на економијата...
Севкупно, тоа значи, дека во доктрините нема некоја концепциска доследност ниту пак цврст ориентир во политичките изводи. Се работи, имено, за еклектичност во концепцијата и во тврдењата. Таму каде што таа не функционира, ќе се употреби некој сегмент на симболизмот или модернизмот; некаде пак на примордијализмот или на марксизмот. Па сепак, во основата на доктрините е онаа на етно-романтицизмот и примордијализмот, со преземената од марксизмот компонента на државен интервенционизам во создавањето на својата и негирањето на туѓите нации (македонската, на пример), како и преземената од модернизмот компонента на (погодно или непогодно) влијание на државата врз нацијата.
И на оваа точка се гради апсурдот и парадоксот на модерните доктрини на македонските соседи: Тие се повикуваат на наводните европски и светски доктрини и демократски практики на изградба на единствени нации (“nation building”) и на национални држави (“nation state building”), но заборавајќи го, игнорирајќи го и отфрлајќи го фактот дека западните и демократски доктрини и практики (освен најконзервативните и десно-националистички) паралелно и развојно ги обезбедувале правата на човекот и на заедниците, па и правото на
самоопределување и неговата заштита на индивидуално и колективно ниво. Во овие доктрини, директно се оправдува и заговара интеграција во нациите и националните држави, со асимилација и негирање на правата на човекот и заедниците. Националните доктрини, на ова ниво добиваат политичко-инженерски, конзервативен, ретрограден и антицивилизациски карактер.
Во истата смисла, и во таа доктринарна насока, се употребуваат, селектираат и се вреднуваат (всушност - се злоупотребуваат) меѓународните документи, акти, пакти или конференции, со што треба да се потврди чистотата на националните, односно, националистички претензии и барања. Освен српскиот документ (индиректно), сите други четири документи, непосредно се повикуваат на такви конференции и акти, кои би требало да ги поддржат нивните аргументи и барања (територијални, популациски, итн.). Притоа, се величаат оние акти и конференции што им одговараат (егземпларно – Сан Стефано кај Бугарите), а се игнорираат оние што концепциски, не им одговараат (Берлинскиот договор, на пример). Во текстот на Џафери тоа е речиси правило, заедно со извртувањето на смислата на меѓународните документи. Паѓа исто така во очи дека во сите документи се игнорираат цели историски периоди и значајни настани, како што се Граѓанската војна во Грција, или Бугарската окупација на Македонија, или – објаснувањето на геноцидот на македонските Евреи, уште повеќе пак – Големо-албанската творба 1941-1943/4 г., па периодот на Енвер Хоџа во Албанија, кој лично се споменува само како говорник на Париската мировна конференција. Ништо помалку не отсуствуваат и европските документи за етничките и човекови права, со кои сите соседи на Македонија имаат сериозни проблеми или меѓународни судски постапки.
Уште неколку заеднички и сумарни изводи од анализата на овие документи
Сите документи ја нагласуваат длабоката загриженост за судбината на својата нација или етнос, но и својата одговорност за таа судбина да не се развива и понатаму неповолно, за чие имплементирање услов е остварувањето на националниот
интерес, цели и перспективи, како примарни во однос на сите други: државни, партиски, меѓународни и европски итн. Судбината и перспективата на нацијата стануваат примордијален интерес на доктрините, споредено со сe друго; на пример, доколку се работи за логиката на европската интеграција, или за плурализмот и демократијата, или пак за пазарната економија, НАТО итн., тогаш тие елементи се само помошни и инструментални за еманципацијата и афирмацијата на таа нација. Не пак – обратно, кооперативни, интегративни, хармонизирачки, кохабитациски.
Документите апелираат на државниците, политичарите, интелектуалците, на меѓународните фактори и тела, но и директно на народните маси за - обединување, здружување, за заедничка акција, на акции и конкретни мерки за остварување на националните интереси, митски идеали, амбиции и најчесто – претензии и аспирации. Оттука, сите доктрини се – ревандикациски, реваншистички и иредентистички во својот супстрат, и посредно или непосредно, изнесуваат шеми на обединување, спојување, унифицирање, територијално сплотување па дури и хомогенизирање на нивните нации со асимилација. Тоа, без оглед на реториката на создавање граѓанска нација-држава, или на реториката на европска интеграција (типично кај бугарската и албанската доктрина), или пак на демократски социјализам со пазарна економија и граѓански начела и права на човекот (Меморандумот на САНУ). Во овој дел, доктрините имаат видлива националистичко-акциска компонента.
Сите доктрини, без исклучок (макар што српската е повеќе посредна, со алузии на земјите и регионите каде што има српско малцинско население), пледираат и го имаат во вид “сплотувањето и обединувањето” на нивната нација на историската и географска територија на таа нација. Таа, пак, практично ја опфаќа сета територија на Балканот. Се работи, значи, за “етномеморирана” територија, како своја територија. Се даваат аргументи, мапи и карти, извори и селектирани документи, дека таа територија е токму нивна етничка територија. Српската доктрина не директно (но некои од нејзините автори подоцна во свои трудови, секако), а другите
доктрини директно, претендираат на централната балканска територија, на Македонија; со тоа што излегува комично кога нивните селектирани етногеографски карти се стават една врз друга: прво Македонија не постои, а второ, доколку постои - е провинција на нивните држави-нации. Но, според некои поединечни и наши извори и публикации, и македонската етничка територија и “национално аморфната или заведената”-популација, исто така, би требало да се растегне на “големи парчиња” од територијата на денешните наши соседи. Тоа се се – соништата за балканскиот мега-етникум. Нема суштински разлики во “балканските” територијални претензии и апетити.
Во случај да немало воопшто припадници на соодветната нација на таквата територија (типичен случај е со албанската платформа, која се повикува на состојба од пред 2000 години) или пак, доколку имало малку припадници - тие ќе се прогласат за мнозинство што наводно било, претходно-историски изманипулирано (грчката доктрина), или, пак, дека припадниците на нивната нација биле несвесни и аморфни во чувствата на национална припадност, па требало малку да им се помогне за да се вратат на колосекот на нацијата (бугарската и грчката доктрина). Меморандумот на САНУ, бидејќи е работен во друг контекст и со други цели, не бара повеќе територии или нема непосредни ревандикации. Но, барајќи посебни права за српската националност во другите југословенски републики, всушност бара и доминација на тие територии. Тоа, неколкумина српски академици подоцна ќе го преточат во својата литература, но директно ќе се елаборира и во политичката програма на Милошевиќ, според кој сите Срби треба да живеат во една држава, Белград треба да биде престолнина на сите Срби, сите тие треба да имаат еден водач и сл. Дека сите припадници на нацијата треба да живеат во една држава е отворено начело и на албанската и на бугарската доктрина, само донекаде ублажено од сегашните ОН и ЕУ принципи. Интересно е што на неколку места, во текстовите се смета многу на интеграцијата во ЕУ, со која “границите ќе се отворат” а со тоа и етничките територии ќе се интегрираат во една целина.
Дивинизацијата на својот народ и чувството на негова т.н. виктимизација: речиси како правило, доктрините го возвишуваат својот народ, етнос или нација во однос на другите, односно, на соседите или пак на малцинствата - во епско-историски димензии, во што предничи бугарската доктрина, но не заостануваат ниту другите. Придавските квалификативи како – храброст, издржливост и отпорност, пожртвуваност, интелигенција и творечност, висока вредност на “генетскиот капитал” (бугарската доктрина) единствено се резервирани за својот народ, кој исто така по правило е “жртва на другите”, на соседите, на агресорите, на околностите и сл. и оттука, тој страда, потиснат е и угнетен, онеправдан, губитник. Така, суперлативите за неговите историски заслуги и жртви, треба да обезбедат подлога за неговата супремација во својата држава и обединување со деловите вон својата држава, но исто така и за враќање на историските долгови, штети и одземени или скратени права.
Факторите кои тој народ го онеправдале, го оштетиле, кои му ги скратиле правата, развојот, територијата, стандардот величината..., најчесто се туѓи фактори: историските околности, другите народи и околни држави, големите сили, Коминтерната и Сталин или Тито, властодршците, Европската уни- ја, ООН, но исто така и внатрешните фактори: елитите, неспособните раководства, неединствените, разединети, неосвестени национално и етнички - политичари, или пак самите историски околности: војни, рамнотежа на сили, сојузување на други држави, гео-политичка локација, пропаганда и многу други фактори.
На крајот од сите текстови провејува оптимизам, сигурност и верба во исправањето на историските грешки, неправди, неповолни диспозиции, особено ако дојде до национално освестување, сплотување и хомогенизација, со изразена акциска компонента на етно-политичка мобилизација, пред сe, на политичарите, на државниците, на интелигенцијата и сл. Бидејќи е јасно, дека меѓународната заедница веќе цврсто поставила некои бариери – против повторни политичко-територијални промени и разграничувања, доктрините најчесто ја гледаат иднината на својата нација или малцинство во
“укинувањето на границите”, со влегувањето во ЕУ или во посебен и автономен статус или права на своите делови во другите држави. Тоа, меѓутоа, не го резервираат и за другите малцинства на својата територија, бидејќи отворено сметаат на нивната асимилација (создавање “граѓанска нација”).
13. Мегаетникумот
Документите што ги поместуваме овде се едно сведоштво за етно- менталната фотографија на Балканот, макар што не ја чинат типичната, објективна и реална фотографија на регионот. Тие, како што веќе се наведе, не се официјални, државно-признаени и политичко-оперативни документи. Па сепак, тие не се ниту официјално и реално отфрлени, демантирани или барем критикувани во земјите од кои потекнуваат. Напротив, влијателни кругови, па дури и во државните органи и јавни академски и други јавни и медиумски институции во земјите -ги уважуваат и оперираат според нивната насока. Можеби се наоѓа понекој соговорник или автор во тие земји кој нема да се согласи со нив или ќе утврди дека документите се застарени, неважни, дека припаѓаат на тесен круг луѓе, дека се невлијателни и сл. Сепак, повеќето од документите, одиграа или се уште играат значајна политичка улога на современата балканска етно-политичка и државно-политичка сцена.
Во најмала рака, тие учествуваат во етно-идентификацијата на некои од балканските народи, па дури и кога немаат непосредни иредентистички и претензиски цели. Денес, како што е констатирано, една од раширените теориски и доктринарни рамки во науката за нацијата и национализмот, онаа на модернистите и на етно-симболистите, и на повеќе пати цитираниот Антони Смит, главно ја определува нацијата па и национализмот на идентитетна основа. Имено, како социјална категорија и акциска насока на популациски групи што внатрешно (интра) се идентификува самостојно; бездруго во однос на другите но не нужно- наспроти другите. Се разбира, имајќи во тоа и за тоа и дефинирани идентитетни, историски, етно-дистинктивни, јазички, и културни па дури и митско-симболни предиспозиции или основи.
Индивидуалната и колективната само-идентификација, за струјата на етно-симболизмот и идентитетната концепција на нацијата, се битен извод за насоките на формите на социјална организација на заедниците, па и на државната организација. Таа, се разбира, не го лоцира тој извод во некоја специфична реал-политичка состојба, односи или пак на рамнотежа на силите во меѓународната или регионалниот ентитет каков што е Балканот. Впрочем, тоа и не било приоритет на науката и теоријата, која и самата по себе има висока вредност. Тоа затоа што оправдува и гради подлога за модерни принципи на меѓународното право за човековите, па и националните и етнички права. Во која смисла ?
Прво, доколку една заедница или популациска група се определува или се чувствува како посебна и дистинктивна од другите, од соседните, од оние со кои комуницира или е здружена во политичка смисла, па нека се чувствува така и на етно-симболистичка основа (митови, митологија, историски создадени симболи и дистинкции), таа има право да се чувствува така и да ги стекне сите права од само-идентификацијата и само-определбата; потем, таа нема никаква обврска или должност да докажува зошто се чувствува или определува така.
Второ, овие доктрини се многу назад од современите и важечки меѓународно-правни акти кои го уредуваат човековото право на идентитет. Тоа пак е дефинирано во повеќе обврзувачки одредби на маѓународно-правните акти и документи. Меѓу другото во првите членови (8, 9, 10, 11) на Европската конвенција за човекови права, во чл. 3 од Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства, но и во повеќе членови од Повелбата за основните права на Европската Унија. Правото на сопствен идентитет и самоидентификација е веќе длабоко вкоренето во корпусот на меѓународното право и од тоа - нема назад.
Трето, разбирањето на идентитетната теорија на нацијата сепак донекаде го потценува дејството на т.н. етно-политички инженеринг, особено од страна на државите, а во оформувањето на националната свест, и спротивно - на
отсуството на свест и симболи ако државите на тие етнии не постоеле. И конечно, го запоставува или едноставно не го проблематизира глобалниот фактор на цивилизациски вредности, права и слободи на човекот и граѓанинот, на методите и начините да се остварат идентитетните етнички права и позиции. А тој, глобализациски фактор, денес игра сe поголема улога, меѓународно-правна, меѓународно-политичка, меѓународно-морална итн., во засно-вањето на позициите на малцинствата и на етно-групите. Дали е тогаш сеедно или не, во глобализациски и во интеграциски рамки и трендови, колку претензиите кон другите ќе се засноваат на “романтичната историја на својот народ” (Петар Стојанов, бугарски претседател), или на “демографската експлозија на својот народ” (албанската доктрина) или на “сегашната позиција на својот народ” (српската и грчката доктрина)? Па сепак, проблемот не е во самите разбирања на модернистичката, етно-симболистичката или идентитетната теорија на нацијата. Проблемот е во нивниот извод и контакт со теоријата за човековите права во рамките на меѓународното јавно право и потоа на нивниот заеднички извод и контакт со механизмите и актите за заштита и унапредување на правата на самоопределените народи и етникуми, без кршење на правата на другите.
Балканскиот мега-етникум е народ што постои идеалитетно, доктринарно, но и латентно ако не реално. Тоа не е чисто измислен народ, ниту исчезнат, како народот на Атлантида или, пак, народите на Маите и Ацтеките, на Хазарите и на Феничаните. Тоа, исто така, не е народот на Утопија, или Градот на Сонцето, или на Животинската фарма на Орвел. Тој има свој историски и географски идентитет и локација, има своја меморија и културна ознака, но за жал е недовршен и недоразвиен народ. Наместо да се доразвие и доврши во една граѓанска заедница и општество, со сите права на човекот, економијата, комуникациите, отворената култура и менталитет, тој опстојува на митологијата на довршување и дозревање наспроти и против другите и експандирајќи на сметка на другите.
Околностите условиле тој да се развива на европските или континентални периферии, да има нерамен и рапав ритам на продукциски и културен развој, па дури и стагнантен и запрен ритам во економските движења, на брза и недозреана смена на историски, политички и државни формации. Мешањето на историските формации, на средновековието и модернизмот, отсуството на индустријализмот, пазарот, на граѓанското општество, со сета мисловна и културна матрица што ја создава современата граѓанска нација како првенствено идентитетна социјална група, не како социјална група конкурентна или алтернативна, па и спротивставена на другите групи, влијаеле тој народ да се развива забавено и поинаку од другите модерни народи.
Се разбира, низ историјата има многу случаи на таков нерамен развој на народите, па и на цели региони и континенти, оптоварен со материјални, политички и со културни хипотеки. Балканскиот мега-етникум е, сепак, специфичен во тоа што заостатоците, бремињата и своите социјални услови, ги гледа како предизвикани од другите народи, од надворешни фактори, од завојувања, војни, од туѓи режими на власт и наметнати обрасци на живот, не од својата сопствена продукција на условите на живот или животните околности. Таа разлика се рефлектира во свеста како потрага по идентитет што е одземен или запречен, при што акциски, потрагата е свртена кон историјата и замислата на мега-етникумот. Се чини како мега-етникумот, популациски, територијално, демографски, ресурсно и културно, да може да го врати изгубеното во развојот, да ги модернизира социјалните и продукциски структури и да го облагороди и хуманизира опстанокот. Идеологискиот извод на таа свест е во етно-центризмот, во етно-мегаломанијата и во етно-конфликтуализмот.
Социјалните услови и наведените развојни разлики меѓу балканските народи ја потикнуваат силно националната и наци-оналистичка идеологија, таа, пак, од своја страна станува пречка за подем на индустријализмот, на граѓанското општество, на демократијата, на владеењето на правото и на модерните цивилизациски вредности. Додека секој и сите балкански народи не се еманципираат од своите мега-етнички
идеи за сопствената иднина, па и реалност, додека својата реал-ност и иднина не започнат да ја гледаат, да ја бараат и да ја гра-дат во односот до себе и во самите себе, дотогаш национализ-мот ќе создава пречки во развојот, ќе води кон конфликти, фрустрации и меѓугрупни контрасти.
Октомври, 2012
Извори и референци
Anderson, B., 1983. Imagined Communities. Reflections on the Origins and Spread of Nationalism. London: New Left Books
Ahrens, G., 2003. Implications of NATO and EU Enlargement for the Balkans. In-SabinaA., Auger, M. (Eds)- The Transatlantic Relationship: Problems and Prospects. Washington,DC: W.Wilson Center and The Stanley Foundation, March,2000
Antonic, S., 2002. Zaroblјena zemlјa. Srbiјa za vlade Slobodana Milosevica (The Enslaved Country. Serbia under the Rule of Slobodan Milosevic). Beograd: Otkrovenјe.
Allcock, Ј., 2000. Explaining Yugoslavia. London: Hurst & Co
Barth, F. (ed). 1969. Ethnic Groups and Boundaries. The Social Organization of Culture Difference. London: Allen & Unwin
Berger, P.L. and Luckmann, T., 1967. The Social Construction of Reality: a treatise in the sociology of knowledge. Garden City, N.Y.: Anchor Books
Bilandzic, D., 1985. Historiјa SFRЈ: Glavni procesi, 1918-1985. Zagreb: Skolska knјiga.
Breully, Ј., 1994. Nationalism and the State. Chicago: The University of Chicago Press
Bronner, S., E., 1999. Ideas in Action. Political Tradition in the Twentieth Century. New York, Oxford: Rowman & Littlefield
Carmichael, C., 2002. Ethnic Cleansing in the Balkans. Nationalism and the Destruction of Tradition. London/New York: Routledge
Danforth, L. M., 1995. The Macedonian Conflict. Princeton: Princeton University Press
Darmanovic, S., 1995. Real-sociјalizam. Anatomiјa sloma(shvatanјa liberalne teoriјe). Podgorica: Montenegropublic
Dick, C. Ј., 2003 (April). The Future of Conflict: Looking Out to 2020. Camberly: Conflict Studies Research Center of Defense Academy of UK.
Fine, Ј. V. A. 1991. The Early Medieval Balkans. Detroit: University of Michigan Press
Friedman, V., 2001/2002. Observing the Observers. In: New Balkan Politics. Vol.1, Skopјe- 2001-2002, pp. 123-159.
Gallagher, T., 2001. Outcast Europe. The Balkans 1789-1989. From the Ottomans to Milosevic. London and New York: Routledge
Geertz, C., 1973. The Interpretation of Cultures. London: Fontana
Gellner, E., 1964. Thought and Change. London: Weidenfeld and Nicholson.
Gellner, E., 1983. Nations and Nationalism. Oxford: Blackwell
Giddens, A., 1985. The Nation-State and Violence. Cambridge: Polity Press
Goati, V., 1999. Izbori u SRЈ od 1990 do 1998: Izbor naroda ili izborne manipulaciјe. Beograd: Centar za slobodne izbore i demokratiјu.
Гуно, Ж. М., 1997. Крајат на демокрацијата. Софија: Христо Ботев
Habermas, Ј. 2001. Why Europe Needs a Constitution. In- New Left Review, NY: No-11, Sept.Oct.2001, str.5-26
Held, D., and McGrew, A., 2002. Globalization and Anti-Globalization. Cambridge: Polity Press
Hobsbawm, E., 1990. Nations and Nationalism since 1780. Cambridge: Cambridge University Press
Horvat, B., 1985. Јugoslovensko drustvo u krizi. Zagreb: Globus
Hroch, M., 1985. Social Preconditions of National Revival in Europe. Cambridge: Cambridge University Press
Јust, R., 1989. The Triumph of the Ethnos. In- Tonkin, E. et all. (Eds): History and Ethnicity. London and New York: Routledge
Јовановски, Д. , 2005. Грчката Балканска политика и Македонија. 1830-1831. Скопје: Бато анд Девине
Kaplan, R., 1993. Balkan Ghosts: A Јourney through History. New York: St. Martin Press
Kardelј, E., 1973. Razvoј slovenackog nacionalnog pitanјa. Beograd: Kultura
Katz, A. 1985. Growth and Regional Variations in Unemployment in Yugoslavia: 1965-1980. Pittsburgh: University of Pittsburgh Carl Beck Papers.
Keduri, E., 2000. Nacionalizam. Podgorica: CID
Kennan, G., (Intr.) 1993. The Other Balkan Wars. New Introduction and Reflection on the Present Conflict. Washington: Carnegie Endowment.
Користете ги левата и десната стрелка за да ја свртите страницата.
Испечатено од https://macedonianhistory.ca/mk/narrative/balkanskiot-megaetnikum/9 на 29 октомври 2026