The Balkan Mega-ethnos: National Doctrines of Macedonia's Neighbours
ПРЕДГОВОР БАЛКАНСКИОТ МЕГАЕТНИКУМ - ОД ЕТНО-РОМАНТИЗАМ ДО ЕТНО-НАСИЛСТВО - Part 03
Проблемите на транзицијата во многу источноевропски и, посебно, во балканските земји, можат да се разберат и да се објаснат со динамиката и со процесот на мобилноста на елитата. Во таа смисла, Владимир Гоати во случајот на СРЈ како пост-СФРЈ заедница, ја проучува и потврдува конверзијата на старата комунистичка во нова, односно, рециклирана етно-политичка елита, а Слободан Антониќ во една извонредна социолошка студија го покажува сиот социјален механизам на премин на комунистичката елита во Србија - во елитата на Милошевиќ: популистичка, автократска и националистичка. Антониќ заклучува дека основните причини за долготрајноста на режимот на Милошевиќ биле во посебно вглобениот поредок
на моќ и на личните особини на носителот на режимот, кој успеал да го оневозможи осамостојувањето на владејачката елита и да ја врзе за себе. (Goati, 1999, Antonic, 2002). До слични заклучоци за Црна Гора доаѓа Срѓан Дармановиќ. (Дармановиќ, 1995). Социолошки гледано, речиси нема политичка елита во земјите на транзиција, која на прагот на промените барем малку не била националистички насочена, за да може да се идентификува, да се оформи и да се легитимизира во етно-социјалната база.
Проучувајќи малку подалеку од Балканот, Селени, Трејман и Внук-Липински, слични тенденции забележуваат во формацијата на транзициските елити во Полска, во Русија и во Унгарија (Szelenyi et all. 1995). В. Тишков, еден од најдобрите познавачи на меѓунационалните односи во бившиот СССР и во пост-советските држави, пишувајќи нашироко за национализмот во транзицискиот период во тие земји, сепак, предупредува на едностраностите во социолошкиот приод кон национализмот. Пред сe на тоа дека од анализата на сериозните диспропорции и корелации меѓу етничките и во социјалните структури, не произлегува автоматски дека постои основа за национализам. Второ, дека не е сосема коректно политичките и националистички борби за сувереност што се случуваат во Русија, да се третираат како меѓуетнички конфликти. Тие често ја повторуваат истата логика на децентрализација на големите мултиетнички државни формации, а оваа пак нужно вклучува и силни етнички и културални параметри; така е бидејки нејзините иницијатори и лидери претежно им припаѓаат на етно-титуларните групи. Но, ќе напише Тишков, “во Русија има ударни примери на ‘етничка камуфлажа’, со тоа што политичката борба за моќните интереси на локалните елити во републиките и во автономните области, се претставува како борба за ‘национално самоопределување’” (Tishkov, 2003).
Дилемите околу нацијата и национализмот, околу етносот и етно-центризмот, денес, во наши услови, во голема мера се сведуваат на две прашања, кои само на почетокот се поставени како теориски, а потоа се транспонираат како еклатантно политички и практични прашања. Првото е прашањето на социјалната и на политичката конструкција на нацијата и
етникумот, поправо на производството на претставата на нацијата и на етникумот. Второто прашање е она за посредувањето на таа претстава и конструкција - во политиката и акцијата. Двете прашања можат да се спојат во едно: кој, со што, и како учествува во генерирањето на етноцентризмот, кој што ќе се изрази не еманципациски, туку социјално-нападно и агресивно кон другите?
Но, и да се остави настрана оваа конфронтација, на повидок е едно многу едноставно прашање: дали вистина обичниот човек, масата граѓани во едно општество или заедница како негов дел, или пак некој сегмент од нив, со оглед на социјалната положба, на сиромаштијата, на ниското образование, на зависта, на кусогледоста и на себичноста - ќе се втурне во некаков национализам и етно-центризам, а да нема барем некој мал сигнал, дека сето тоа ќе им ја подобри животната положба? Многу тешко и многу малку веројатно. Социолошки, на ова ниво на разгледување, тоа не го покренува проблемот колку граѓаните во една заедница се свесни за тоа како и колку богато или сиромашно живеат. Го покренува проблемот зошто живеат така: помалку богато, полошо, помалку слободно, со помалку права и надлежности, особено во споредба со “некои други”? Некаде, во некои заедници, нека се тоа социолошки речено -примарни или секундарни, дури и терцијарни, луѓето исто така се прашуваат: зошто така живеат? Непосредните животни искуства на примарно ниво се рефлектираат како неповолно одразени и потем се рефлектираат на повисоките нивоа: политичкото, психо-политичкото, етно-политичкото, културно-политичкото. На тоа ниво, се креира т.н. идентитет на групата, но тој идентитет секојпат се креира во сооднос со некоја друга група: слоевска, класна, статусна, или пак расна, религиозна, во условите за кои зборуваме со - етничка.
На оваа точка, Неирн, Брубејкер, Андерсон и многу други современи автори ја гледаат подлогата на национализмот и етноцентризмот. Но, се разбира, тоа е само подлога, само некоја подлабока инстанца. Таа инстанца се преточува во политика, во акција, а некаде и во судири и во насилство, преку еден сложен социјален и социо-психолошки механизам, во кој клучна улога имаат т.н. “медијарни” или “интервентни” социјални групи:
бирократијата, веќе споменатите политички елити, интелигенцијата вклучувајќи ги и научните, па и медиумските кругови. Не е случајно што сите документи во оваа збирка, а и многу други и многу повеќе, се произведени токму во академии на науки и научни институти.
Национализмот е погоден извор на политичка легитимизација на елитите, бидејќи нацијата е реална и моќна заедница, особено во идентитетна и легитимизациска смисла. Бирократијата, пак, нема таква легитимизациска основа, таа мора да ја бара во професијата. Но, бидејќи професијата, посебно во земјите во транзиција, значи многу малку, и таа е принудена да се сврти кон етникумот и нацијата. Во транзициски услови, пак, кога интелигенцијата, науката и медиумите се главно материјално и професионално зависни од државно-партиските извори, а овие пак се етно-политички структурирани, станува појасно зошто барем дел од тие слоеви се свртуваат кон производство на етно-центрични продукти.
С. Бронер, еден од најпровокативните американски поли-толози денес, посебно го проучува соодносот на идеите и акцијата. Во однос на национализмот, тој заклучува: “Национализмот е сe уште идеологија на нашето време. Закоравените бирократии на нацијата-држава сe уште имаат интерес тој национализам да го репродуцираат. Застарените разбирања на националниот суверенитет и самоопределување, атавистичките традиции и обичаи сеуште имаат сила на внатрешен порив”. (Bronner, S. E., 1999, с. 334). Интересно е дека, на сличен начин, германскиот социолог Х. Кон, за улогата на интелигенцијата во источно-европските земји пишува уште пред 60 години: “Интелигенцијата игра стожерна улога во периферијата, каде што на ситната буржоазија ѝ недостасува потребна верба за да го избори својот пат на самоодржлив раст. Наместо неа, интелигенцијата треба да обезбеди митско чувство на различна судбина за целата заедница, со ковење национална култура што се базира на фолклорни елементи и мобилизација на масите. Отука моќта на идеалистичките и субјективистички компоненти на периферните национализми” (Кohn, H., 1967, гл.7).
Конечно, да укажеме на едно исклучително истражување на чешкиот социолог М. Хрох за национализмот во Источна Европа, во кое тој ја открива заедничката матрица на развојот на националистичките движења во регионот, кои започнуваат со мали котерии интелектуалци, писатели, актери, што ја елаборираат идејата на загрозеноста на нацијата, па потоа следи ширењето на таа идеја во пошироки кругови на патриоти-агитатори, учители и новинари, за да се дојде, на крајот, до многу широкото тело на средните и ниските слоеви, и до масовното движење. (Hroch, M., 1985).
6. Теорискиот пристап кон нацијата
Во општествените науки денес не постои единствена, или општо усвоена теорија за нацијата и етникумот, што е впрочем вистина и за отсуството на теорија и за многу други социјални групи, категории или процеси. Не постојат единствени гледишта ниту за многубројни поими, деривативни од нацијата: нација-држава, национализам, нацио-генеза, нацио-центризам и сл. Па сепак, колку повеќе се збогатува истражувачкиот фонд на сознанија за феноменологијата на нацијата и на етникумот денес, толку повеќе се изолираат некои латентни особености на таа појава. Во истата таа мера, се приближуваат и стојалиштата за тоа со што поволно, а со што неповолно, учествуваат нацијата и етникумот денес во цивилизациските текови и динамика. Кога е во прашање национализмот и етно-центризмот, нека се во форма на доктрина, идеологија или политика, треба да се каже дека не постои модерна теориска струја што ќе ги оправда или на која можат да се засноваат. Можат да се засноваат или, пак, самите да се повикуваат на надминати теориски и идејни извори, или, пак, на мета-теориски концепти. Тоа е, всушност, проблемот на општествените и научни проекции на минатото во реалноста, па и во иднината.
Дваесеттиот век, сепак, ни остави во наследство неколку поизразени и пооформени теориски гледања на нацијата и етникумот. На почетокот на тој век, особено во доизградбата на големите етатистички и империјални творби во Европа, се уште не малку влијание имал етно-романтицизмот, оние на
германскиот правник Хајнрих фон Тричке, на францускиот филозоф Ернест Ренан но и на мнозина други, инаку модерно насочени мислители: Кант, Фихте, Арндт, потоа, Диркем, Вебер, Хердер. Тие, со извесни разлики, го афирмираат т.н. етнички и етно-лингвистички детерминизам, ја нагласуваат наводната исконска и духовно зададена природа на нацијата како и значењето на нејзината историска меморија и “органска” политичка волја, како примарни во засновањето на човековата култура, дух и настојувања. А. Смит, кој дава продлабочен и критички преглед на ова струење, го смета за најсуштинско во затемелувањето на “волунтаристичките” и “органицистички” видови на мислата на национализмот и нивното проектирање во модерноста. Тие, ќе рече Смит, имале и најдолга историја и најдраматични последици. Култот кон предците, историското минато и наводната колективна политичка волја, се граѓата на етно-детерминизмот кога се “кове” нацијата, порачува тој. (Smith, 2001, гл.2).
Марксизмот и марксистичкото поимање на нацијата, на ова подрачје, беше втората значајна мисловна оставнина на минатиот век. Самиот Маркс и неговите сомисленици во 19 век, имено, можеа да го игнорираат, да го критикуваат па дури и да си подигруваат со прашањето на изразувањето на нацијата и национализмот во нивното време. По дефиниција, марксизмот беше космополитска и универзална идеологија, а во времето кога настануваше, нацијата и национализмот веќе беа политички впрегнати против ослободувањето на трудот и против, тогаш актуелната “светска револуција”.
Меѓутоа, веќе на почетокот на ХХ век, марксизмот мораше да ги решава проблемите на “светската револуција” која се одвиваше во “национални држави”, па и на комунистичката политика која се одвиваше во национални рамки. Токму на неподготвеноста да се даде одговор на тоа прашање, пропадна Втората интернационала. Односно, тогашното работничко движење, се подели во однос на прашањето дали во парламентите да се гласа за воените кредити, што водеа кон Првата светска војна. Во тоа време, марксизмот прво го афирмира погледот на т.н. австро-марксисти, кој беше заснован на една, колку-толку, конзистентна дефиниција на нацијата на
Ото Бауер. Имено, во познатиот трактат “Националното прашање и социјал-демократијата”, Бауер ќе напише дека нацијата “претставува севкупност на луѓето кои што со заедничка судбина и заедничка комуникација, чиј што посредник е јазикот, се поврзани во културна заедница”. (Според - Д. Миљовска, во- Б. Петровска, Ред. 2000, стр. 346). Оваа дефиниција е релативно широка и начелно не е далеку од сфаќањата на денешните етно-симболисти. Бауер верувал дека барем европските нации еволуирале од заедници со едно етничко потекло, преку класна диференцијација, до оформување “заедници по карактер”; односно, дека нацијата е етно-културна заедница која има своја историска и класна основа, но на чија еволуција може да се влијае политички. Нацијата, смета Бауер, не му пречи на современиот развој, ниту е врзана со политички дефинирана територија. Таа може да го сочува својот посебен историско-културен карактер, но и да учествува во процесот на поширока интеграција и еманципација.
Меѓутоа, сталинизмот во напонот на својата етатистичко-империјална моќ, станува, прво, свесен за значењето на нацијата за современата политика и држава, второ не смее да ја доведе во колизија со класната борба, и трето, во неа гледа инструмент што може корисно да го употреби. Некаде пред Втората светска војна, Сталин во “Марксизмот и колонијалното прашање”, ја поставува фамозната дефиниција според која нацијата е “историски формирана стабилна заедница на луѓе, настаната врз база на заедница на јазикот, на територијата, на економскиот живот и на политичката конституција, која што се манифестира во заедница на култура” (ибид. Петровска, стр.347). Сфаќањето на марксизмот, веќе сталинизирано, значи - дека таа е вистина развиена до капитализмот или вон него, но како компактна социјална заедница: таа има своја економска, територијална, политичка рамка, и, на крајот, се разбира, и културна. Не се културата или јазикот или судбината -примарната карактеристика. Националните својства кои ги создал “капитализмот”, имено, нееднаквостите меѓу нациите во, или меѓу државите, исклучивостите, хегемониите итн., социјализмот и комунизмот ќе ги разрешат со ослободителната мисија на трудот, но затоа и националната еманципација треба
да стане категорија на ослободување на трудот. Ова, денес многу лесно може да се конвертира - од ослободување на трудот во – ослободување на граѓанинот, во една хегеловска формулација за подигнување на човекот на ниво на граѓанин на државата како еманципаторски чин; во овој случај - како еманципирање на човекот во припадник на етносот и на нацијата како конститутивно ткиво на државата.
Оттука, политичката интервенција и конституција во динамиката на нациите е круцијална составка на сталинизмот. Тој така и се однесувал во времето на советската хегемонија и тоталитаризмот: преселувани се, иселувани, десеткувани и уништувани цели популации и етнички заедници, класифицирани се според лојалноста на системот, а хегемонијата на најголемата нација и формално е обезбедена. Оваа идеологија чини, освен тоа и градација на етникумите, според степенот на “историска созреаност”: етничка заедница, народ, нација! Макар што оваа варијанта на марксистичката дефиниција на нацијата не е автентичноста на марксизмот, таа е функционална и во најголема мера се користи во оформувањето на националните или етно-политичките доктрини на балканските држави, па и во текстовите што овде ги објавуваме. Политичката интервенција во тие текстови едноставно значи: етно-инжинеринг и асимилација, доброволна или принудна -сеедно.
Во времето на најголемите расправи за Уставот на СФРЈ, во 1973 година, Кардељ пишува нов предговор на своето познато дело “Развојот на словенечкото национално прашање”, од 1958, во кој нацијата ја определува како “специфична народна заедница, настаната врз основа на поделбата на трудот во епохата на капитализмот, на компактна територија и во рамките на заеднички јазик како и блиска етничка и културна сродност воопшто” (Kardelј, 1973, с.47). Кардељ, значи исто така ја врзува нацијата за капитализмот и за економската репродукција на класни основи, што значи сите нееднаквости, девијации и екстремизми што ги носат нациите и национализмот, што можат да му се припишат на капитализмот и на буржоазијата, а во крајна линија и на контрареволуцијата. Но, и Кардељ пишува за “компактна територија”, што е предвесник на правото на
самоопределување и аспирации на “меморираната” етнотериторија на нацијата. Подоцна, макар што Кардељ е злоупотребен, овој нагласок ќе стане лајт-мотив на борбите на просторот на бивша Југославија; имено за “етно-територијата” и егзистенцијата на секоја нација на своја, компактна територија. Според Кардељ, социјализмот во југословенската автентичност, реагира на национализмот - со концептот на потполната рамноправност на нациите (на југословенските народи и народности) а потоа, низ процесот на ослободување на трудот со нивно изедначување и хомогенизирање во една нација - во некое далечно време. Во Титовата доктрина, тоа беше политиката на “братството и единството”, и следствено на тоа - на создавање една, југословенска нација. Статистички, отука на пописите се јави рубриката – Југословени. Па сепак, тоа не беше политика на принудно претопување или креирање нации.
Во марксизмот се одржа и натаму се одржува градацијата на етно-заедница, народна заедница и национална заедница. И натаму се обезбедува интервентната улога на политичкиот фактор во “дизајнирањето” на меѓунационалните односи, еднаквоста, правата, територијалната компактност, што во услови на либерален социјализам, авторитарна партија и личност на чело, можеше долго да ја одржува југословенската федерација во една целина. Меѓутоа, во основа и југословенскиот марксизам, па и доктрината на нацијата, беше создаден, како што напишал Ханс Кон, од “интелигенцијата на периферијата на континентот”, за да се мобилизираат масите на митското чувство на одделност и реалност на заедницата, базирана на идеалистички и субјективистички компоненти на “периферниот национализам”. Ова се употребува и се злоупотребува и од текстописците на современите национални доктрини на македонските соседи.
Веќе е констатирано дека денес во теоријата превладуваат двете струи во интерпретацијата на нацијата, етносот и етно-политиката: модернистичката и етно-симболичката. Па сепак, не се превладани, напротив опстојуваат и се мошне влијателни и концептите на примордијализмот и етно-романтицизмот, донекаде користејќи изводи и од марксистичката мисла.
Нивните разлики во модерната мисла за нацијата и национализмот се оформуваат околу дилемата дали нациите се исконски, вечни и историски творби или, пак, се творби на модерното доба, општество и политички развој. Примордијалистите сметаат дека нациите се, речиси, био-социјални групи, дека имаат некои примордијални врски од етно-генетски, расен, органски, дури и крвносроден карактер. Дека на таа основа се формираат “културни, јазички, религиозни и природни дадености” на општествената егзистенција, а дека државата и политичката организација се главно секуларна и цивилна покривка на нацијата. Шилс и Гирц, меѓу попознатите носители на оваа идеја, инсистираат на тоа дека нациите се заедници од органска и органско-развојна природа, дека се вечни и незаобиколиви ( Shils, 1957, Geertz, 1973). Ова гледање му дава широк замав на подемот на националистичките идеологии кои докажуваат дека токму некои нации, токму “нивните” нации, за разлика од други - се историски, чисти, генетски или психо-генетски дистинктивни, избрани. Тие, меѓутоа, имаат два големи проблема: едниот е емпириски: имено, да се објаснат современите нации кои се недискутабилни, на пример, американската, швајцарската, индиската и многу други, кои настанале во последните векови со мешање на повеќе нации, религии, етникуми, јазици; и второ: био-генетските истражувања кои го негираат колективниот генетски код на некоја нација.
За модернизмот, во тие рамки не може да се зборува за “единствен поглед”, но може воопштено да се определи дека модернистите сметаат дека нациите не се вкоренети во древнината и во дамнешното историско минато, туку се плод на модерната историја, па и на блиското минато. Најмногу од нациите во светот се дури рецентно заокружени и исполнети и нема социолошка или културна евиденција дека биле “предмодерни” колективитети. Не се ниту продукт на природни или генетски, длабоко вкоренети фактори, туку на рационални и плански, или барем на целенасочени дејности, условени или објективни во современата епоха. Тие се дури и “замислени и измислени” заедници, “инвенција што ја урива традицијата”. Мнозина светски познати автори, најмногу социолози и политолози, истражуваат и аргументираат во оваа смисла: Р.
Бендикс, Г. Олменд, Л. Пај, К. Дојч, В. Ајзенштат, Д. Лернер, Е. Хобсбаум, Е. Гелнер, Е. Кадури, Б. Андерсон и мн. други. За Хобсбаум и Андерсон, се смета дека ѝ припаѓаат на струјата т.н. западен марксизам. Некои од нив се преведени кај нас.
Јазолната спојка на тие автори е, сепак, идејата на “изградбата на модерната нација”, на ткн. nation building, врз база на модерноста на условите и на факторите на таа изградба, како и на соодносот на нацијата и државата или на политичкиот фактор во тој процес на изградба. Нациите, се значи, продукт на модерноста, од Француската и од другите граѓански револуции - наваму. Во таа епоха, не само што пазарот бара широки простори за стоковото производство, за извозот и за инвестициите, за сеопштата размена и мобилност, туку и ги разбива традиционалните феудални заедници и врски со земјата, локалитетот, примарните социјални групи. Граѓанското општество сe уште не е изградено, а на државата и на индустријализмот им требаат инструменти на стабилност, на хомогенизација, на образование, комуникации и сл. не врз база на групации што разделуваат, како што се, на пример класите, расите, стратумите, јазичките заедници. Смит ги смета овие потреби како рефлектирани во мислата и дејствата на татковците-основачи и мислители на модерните нации: Ж. Ж. Русо, Е. Берк, Т. Џеферсон, Г.Мацини, Ј. Хердер и др. ( Smith, 2001, c.22).
Накратко, нерамномерните и контрастни социјални процеси на модернизација и нужноста од глобализација, доведуваат и до нужност од создавање или, барем, од созревање на нациите. Потребата од растеж и социјалниот развој, бараат стандардизирана, хомогена, централно одржлива, висока култура, култура што го исполнува и опфаќа сето население, а не само една, етничка елита. Гелнер е многу убедлив во оваа аргументација, тој е исто толку убедлив и во тоа дека нацијата е функционална само со индустриските општества. (Gellner, 1964, 1983)
Дејвид Хелд и Антони Мекгру, во својата позната студија за глобализацијата и антиглобализацијата (Held and McGrew, 2002), докрај ја развиваат теориската база на Ернест Гелнер,
Бенедикт Андерсон и посебно на Антони Смит за нацијата како историскокултурна идентитетна заедница, како ново-конструирана замислена и објективизирана заедница, силно потикната од политичките елити на модерните европски држави. Тие на создавањето и реалноста на нацијата гледаат, значи, од аспект на генерирањето на политичката држава во Европа во последните два века. “Условите за создавањето на модерната држава беа често истите услови што го генерираа чувството на националност... Бидејќи на создавачите на државата им требаше централизирање и преуредување на политичката моќ на стекнатите територии како и обезбедување и зацврстување на базата на моќ, тие беа зависни од кооперативните форми на општествени односи со нивните државјани” (Held and McGrew, 2002, s. 26) Централизацијата на власта ја уреди зависноста на владетелите од владеаните – заради човечките и финансиските ресурси. Со “нацијата” беше создаден поголем реципроцитет помеѓу управувачите и управуваните, а условите на нивната “размена” станале прашање на изборност. Би додале и на постепен развој на човековите права и институции на демократијата. Тоа, пак, не се случувало во најмногу од балканските земји.
Користете ги левата и десната стрелка за да ја свртите страницата.
Испечатено од https://macedonianhistory.ca/mk/narrative/balkanskiot-megaetnikum/4 на 29 октомври 2026