Canadian Macedonian Heritage Society Canadian Macedonian Heritage Society Станете член!

The Balkan Mega-ethnos: National Doctrines of Macedonia's Neighbours

ИДЕОЛОГИЈАТА НА СРПСКИОТ НАЦИОНАЛИЗАМ - Part 01

Од Димитар Мирчев · Дел 46 од 50 · Околу 18 минути

Читај на English

ИДЕОЛОГИЈАТА НА СРПСКИОТ НАЦИОНАЛИЗАМ

Научното и публицистичко дело на проф. д-р Лазо М. Костиќ Од д-р Воислав Шешељ ВЕЛИКА СРБИЈА а.д. БЕЛГРАД 2002

Белешка

Од многуте трудови кои во последните 15-20 години се објавени во Србија и кои даваат прилог во доградбата или осветлувањето на српската национална доктрина, бездруго се оделува делото на Лазо М. Костиќ. Воислав Шешељ, лидерот на Српската радикална партија и сегашен обвиненик во Хаг, во 2002, објави мошне екстензивна монографија за делото на Костиќ. Се работи за труд од над 1000 страници, со мошне сложена структура (15 глави со над 50 поглавја, подделови итн., со многуброен референтен апарат, литература и сл.), кој ја опфаќа сета историја на Србите, територијата, верата, јазикот и културата, односите со другите и соседните народи и други теми. Особено внимание им е посветено на односите со Хрватите, Албанците, Бошњаците итн., меѓу нив и со Македонците. Во овој текст донесуваме само три извадоци кои се однесуваат на Македонија, и тоа со мали скратувања, што се одбележени во текстот): “Српска Македонија” , 10-та подглава на Прва глава (стр.157-169); “Вештачка конструкција на македонската нација”, 14-та подглава на Шеста глава (стр.464-467) и “Македонското прашање”, 2/ѓ подглава на 11-та глава (стр. 725-737).

10. Српска Македонија

Српска Македонија опфаќа само 37% од вкупната македонска територија, групирана, главно, по течението на реката Вардар. Бугарскиот и грчкиот дел, Пиринска и Егејска Македонија, денес постојат само како географски простор, со оглед дека таму веќе е завршен процесот на систематската асимилација и на претопувањето на македонското население во Бугари и Грци. Денес како политички ентитет, како самостојна држава и како татковина на македонската нација егзистира само делот кого од

турското ропство го ослободи српската војска. За Македонците, главно, не може да се каже дека се Срби во вистинска смисла на зборот, но секако се етничка група која најмногу е сродна со Србите. Србите и Македонците се како браќа близнаци - не се исти, но се многу, многу слични. Името “Македонци”, Словените од оваа област го позајмиле од жителите на античката држава Македонија која била создадена уште во седмиот век пред нашата ера. Првобитните Македонци се народ на грчката етничка структура со големи примеси од Илирите и Трачаните, но и од други предисториски народи чии племиња меѓу себе се мешале и се асимилирале. Во половината на четвртиот век пред нашата ера, Македонија ја презела водечката улога меѓу античките грчки државички, а нејзиниот владетел Филип II, станал несомнен господар на Балканот. Неговиот син Александар Велики тргнал во освојување на светот, нижејќи неверојатни воени успеси, молскавично навлегувајќи во источната и во јужната страна на цивилизираниот свет, познат дотогаш. Неговиот величествен подем временски траел кусо: Александар умрел во 323 година, веројатно отруен.

Воените напори на Александар им носеле на војниците богат плен, ја ширеле елинистичката култура, но во исто време ја слабееле Македонија која се напрегнала многу повеќе од своите објективни можности. Македонското население масовно гинело во воените походи или се населувало на освоените територии како управувачки елемент, што демографски ја испразнило матицата. Смртта на владетелот довела до брзо распаѓање на царството.

Во третиот век почнуваат наездите на варварите. Тогаш Галите ја ограбиле Македонија, безмалку сето население го одвеле во ропство и ја опустошиле цела територија. Кон крајот на третиот век, Македонија закрепнала, но во почетокот на вториот век пред новата ера е покорена од Римјаните, кои во 168 година дефинитивно ја зазеле и темелно ја ограбиле. Во 148 година Македонија и формално станала римска провинција, а неколкуте востанија против римската власт во наредните години биле сурово задушени. Административната положба на Македонија во наредните векови одвреме-навреме се менувала,

а во времето на цар Диоклецијан влегла во состав на диецезата на Мезија, денешна Србија, додека Константин ја внесол во префектурата Илирик. Кон крајот на третиот век од нашата ера почнале новите масовни варварски налети. Прво ја опустошиле Костобоците, потоа Визиготите во четвртиот век, а во петтиот Хуните ја оставиле, речиси, без население. Во пустошењето на источните делови на Балканскиот Полуостров учествувале и Словените, кои во византиските извори се означени како Склавини и кои биле под хунска доминација. За разлика од Хуните, Склавините сe почесто се населувале на покорените територии.

а) Словенското населување на Македонија

Станува збор за јужнокарпатските Словени кои најгусто се концентрирале од Ѓердап до утоката на Дунав. Склавините припаѓаат на истата словенската група на која припаѓаат и Русите, Украинците, Белорусите и Србите и која претходно видливо се диференцирала од лешката групација во која се вбројуваат Чесите, Полјаците, Словаците, Хрватите и Словенците. Кон крајот на петтиот век поголем дел од Склавините биле покорени од Бугарите, кои се претопиле во нив, но им го наметнале сопственото име и владетелскиот слој. Асимилацијата на Бугарите во Склавините не се случила на просторот на Македонија, и ова е првото етничко диференцирање на Македонците од другите Склавини. Вториот елемент на дирефенцирање е населувањето ограничен број Срби во почетокот на седмиот век во околината на Солун. Многу блиски со Склавините, тие брзо се претопиле во нив, а потоа заеднички ги асимилирале затекнатите остатоци од поранешното население. Судбината на Склавините северно од Дунав била поинаква.

Нив ги асимилирале малку побројните Романи, а со тоа етничко претопување настанале Романците. Целиот шести век е обележан со постојаните масовни навлегувања на Склавините во источната половина на Балканот, с¢ до Егејското Море и до Епир на запад, додека во западната половина ограбувале Хините, односно Аварите.

Византискиот отпор бил сe послаб и понеуспешен, а словенскиот воен плен сe поголем, што ја зголемувало реалната воена моќ и ги јакнело нивните освојувачки апетити. Масовното, систематско словенско населување на Македонија, траело од осумдесеттите години на шестиот до дваесеттите години на седмиот век.

“Најјужно, во правец на текот на реката Бистрица, западно од Солун до Бар, се населила Драговитите. Веднаш до нив биле сместени Велегезитите, северно од нив, на просторот меѓу Охрид, Битола и Велес, се наоѓале Берзитите (Брсјаците) чие име и денес е зачувано во народот. Блиску до Солун живееле Сагудатите, а источно од овој град, кон реката Струма и кон полуостровот Халкидики, Ринхините. По долините на реките Струма и Струмешница се населиле Струмјаните, а источно од реката Места – Смилјаните.

Еден дел од Драговитите подоцна се населил во Полог.” (“Историја на македонскиот народ”, Завод за објавување учебници, Белград, 1970, том I, стр. 73-74.)...

Во половината на деветтиот век бугарскиот каган ја нападнал македонската територија на племето Словани, а канот Борис ја зазел по 852 година речиси целата област на Струмица и на Брегалница, потоа се префрлил на десниот брег на Вардар, пробивајќи се до Охрид. Според мировниот договор меѓу Бугарија и Византија од 864 година, поголем дел од Македонија паднал под бугарска власт, која во цела Македонија целосно се зацврстила во времето на бугарскиот владетел Симеон меѓу 893 и 927 година. Тоа е период и на дефинитивно зацврстување на христијанството меѓу Словените, создавање на словенската азбука, просветителското дејствување на Кирил и Методиј, на Климент и Наум, на Константин Презвитер и на Црноризец Храбар, но и на поп Богомил од подножјето на планината Бабуна и на појавата на богомилското движење кое ќе ја зафати Бугарија, Македонија, Тракија, Рашка и Босна. Бугарите на македонската територија ги растуриле старите родовско-племенски општествени односи и ги вовеле феудалните.

б) Македонија во времето на цар Самуил

Еден од најмоќните велможи на бугарската држава во времето на царот Петар бил кнезот Никола, од ерменско потекло. По смртта на Петар, синовите на Никола - Давид, Мојсеј, Арон и Самуил - во 969 година дигнале востание за да го освојат престолот.

За да го спречи тоа, Византија му помогнала на Борис, синот на Петар, да стане бугарски цар, додека од Исток навлегувале Русите, а востанието пламтело јужно од Софија. Откако во 971 година, византиската војска го поразила рускиот кнез Свјатислав, византискиот цар Јован I Цимиски го соборил Борис од престолот и го одвел во Цариград како заробеник, а Бугарија ја приклучил кон Византија. Синовите на Никола мирувале до смртта на Цимиски, а потоа дигнале ново востание, овојпат против византиската власт. На големата ослободена територија четворицата браќа владееле заеднички, а потоа Давид и Мојсеј загинале на различни места. Арон и Самуил се судриле, пришто Самуил победил и ги ликвидирал братот и неговото семејство, оставајќи жив еден нивен син. Самуил бил способен војсководач и многу брзо освоил големи делови од Македонија, од Грција, од Бугарија и од Србија.

Се прогласил за бугарски владетел, а престолнината ја оформил во Преспа. Во 986 година, Самуил кај Трајановата порта, во близина на Софија, му нанел тежок пораз на византискиот цар Василиј II, и, користејќи ги внатрешните нереди и борбата за престолот на Византија, продолжил со успешните освојувања, освојувајќи ги цела Рашка и Дукља, фаќајќи го, на измама и српскиот крал Јован Владимир кого го однел во заточеништво во Преспа. Ги запалил Котор и Дубровник, ги опустошил Босна и Далмација, се до Задар...

Василиј II лично тргнал во прогонот на војската на Самуил, неочекувано го нападнал на десниот брег на Вардар, кај Скопје, и го принудил на бегство. За заповедник на Скопје, Самуил претходно го имал назначено скопениот Роман, помладиот син на царот Петар, кој градот му го предал на византискиот цар. Синот на Самуил ја избркал својата жена, унгарска принцеза, со

што предизвикал судир со унгарскиот крал Стефан I, кој го победил Самуил. Значително ослабен, Самуил доживеал пораз од Василиј II во 1014 година, на Беласица, но успеал да избега во Преспа. Василиј ослепел 10.000 негови заробени војници, оставајќи му на секој стоти по едно око за да ја однесат војската кај својот владетел.

Кога ги видел своите слепи војници, Самуил од тага по два дена умрел, по владеењето со големата држава во период од 38 години.

Државата опстанала и по смртта на Самуил; ги опфаќала сите српски земји до реката Цетина, скоро цела Македонија, поголем дел од Бугарија, од Албанија, од Епир и од Тесалија. Современиците државата ја нарекувале бугарска, иако Бугарите во неа претставувале убедливо малцинство. Иако во неговата држава живееле сите Срби и сите Македонци, со малку Бугари и Грци, Самуил сакал да ги следи бугарските државотворни традиции. Во негово време е формирана Охридската архиепископија, а во неговата држава постоеле и Дубровничката и Драчката надбискупија…

(Овде се скусени пет страници кои се однесуваат на феудалните и крстоносните завојувања на Македонија до 1282 година и потоа на Македонија под турско ропство.)

в) Децении на востанички вриеж

Во тоа време Македонија ја зафатила длабока диференцијација на населението. Додека муслиманите егзистенцијално се врзувале со опстанокот на турската управа и само во неа ја гледале иднината, Македонците перспективата ја гледале во поголемото врзување со Србија, а бројните Цинцари се определувале за грчката опција. Бугарите со големо подмитување на врвовите на турската власт во 1870 година издејствувале декрет за формирање бугарска православна егзархија, независна од Цариградската патријаршија, кон која биле присилно приклучени македонски епископии, Велешката, Скопската и Охридската, како и српските, Нишката и Пиротската. Наместо грчкиот јазик, дотогаш протежиран во

црковната организација, почнал да се форсира бугарскиот, што ги предизвикало македонските интелектуалци да реагираат со формирање народни училишта и читалници, со собирање и објавување на народното книжевно творештво, со пишување и објавување голем број училишни учебници на македонски јазик, од кои некои се печатени во Белград. Македонскиот народен јазик постепено отворал пат за прераснување во книжевен.

Сe потешката економска положба, систематското угнетување од страна на самоволните турски власти и неродните години, во 1876 година го предизвикале големото Разловечко востание, чиј непосреден повод претставувал јакнење на репресивните мерки кон христијанското население во времето на почнувањето на војната на Русија, на Србија и на Црна Гора против Турција, како и разгорувањето на исламскиот верски фанатизам кој довел до убиство на конзулите на Франција и на Германија во Солун.

Тогаш и во Цариград се случил државен удар во кого султанот Абдул Азис е симнат од престолот и погубен со обвинение дека имал премногу благ став кон христијанските поданици. Водач на Разловечкото востание бил Дмитар Паторгиев Беровски (Грешка: Димитар Поп Георгиев-Беровски), кој долго живеел во Белград и се истакнал во борбите против Турците кои во 1862 година го бомбардирале српскиот главен град. Турците ова востание го задушиле, но Беровски, иако ранет во главата, со најблиските соработници се провлекол низ турските обрачи и продолжил да се бори со својата чета. Цивилното население повторно било изложено на турскиот одмазднички гнев и грабеж, со што уште повеќе се зголемила желбата за отпор. Следнатса година повторно пламнало ајдутството во вид на поддршка на српските и на руските воени напори. Главната улога ја имал Димитар Беровски. Многу македонски доброволци се приклучиле кон руската или српската војска, Русите, Србите и македонските востаници, навлегле длабоко во Македонија.

Русија и Турција со Санстефанскиот мировен договор се договориле Србија, Црна Гора и Романија територијално да се

прошират и да стекнат независност, а Бугарија да биде вазална и автономна држава во рамките на Турција, која ќе опфати голем српски и македонски национален простор. На бугарската вазална територија две години би се стационирала руската војска да овозможи формирање на автономните институции на власта. Македонците најмногу ги погодувал фактот што огромен број муслимански мухаџири се иселувале од српските и од бугарските простори и се населувале на македонските, менувајќи ја структурата на населението и отежнувајќи ги натамошните ослободувачки напори.

Пребеганите муслимани својот одмазднички гнев редовно го истурале врз македонските христијани. Тогаш биле ограбени и запалени многу села. Значително се зголемило и дејството на шиптарските пљачкашки банди, кои ги загрозувале и поголемите градови. На Македонците не им преостанувало ништо друго, освен помасовно да се вклучат во антитурските чети и така да ги заштитат голите животи. Кон крајот на 1878 година, во областа на Струма пламнува Кресненското востание, чиј водач бил рускиот козачки атаман Адам Колмиков, а началник на штабот Димитар Беровски.

Англиската влада им помогнала на Турците во задушувањето на востанието, обезбедувајќи брз транспорт на трупите...

По повеќе разни конспиративни иницијативи, во Солун во 1894 (Грешка, треба да стои 1893 година) е формирана Македонската револуционерна организација и Централниот македонски револуционерен комитет, чиј претседател станал Христо Татарчев, а секретар Диме (Грешка, Даме) Груев. Во идеолошки поглед нејзините предводници најмногу биле под влијание на руските народници, но и на анархистите, мациниевците и на гарибалдивците. Организацијата прогласила дека нејзини основни цели се автономијата на Македонија и будењето на самозаштитната свест на Македонците, а во организациски поглед инсистирала на македонскиот национален ексклузивитет, иако во неа имало прилично интелектуалци школувани во Бугарија. Уште на стартот е поведена огорчена борба против бугарската егзархиска организација и нејзината политика, која најефикасно ги лекувала сите првични

бугарофилски заблуди. Тоа ја мотивирало бугарската влада да ги интензивира сопствената пропаганда и комитските активности, барајќи во исто време од Турците да ја сузбијат српската пропаганда. За да ѝ се парира на Внатрешната македонска револуционерна организација, во 1895 година во Софија е одржан конгрес на сите македонски емигрантски здруженија на кого е формиран Македонскиот комитет со изразито пробугарски аспирации. Бугарските комитски одреди не постигнале некои позначајни резултати, но со својата дејност успеале да ја влошат положбата на македонскиот народ во турското ропство и да ја компромитираат неговата позиција во светското јавно мислење. Тоа уште повеќе ги мотивирало македонските револуционери, во чие раководство се посилна улога имал Гоце Делчев, да инсистираат на Солунскиот конгрес во 1896 година на автохтоност и независност на своето движење.

Финансиските проблеми ги принудиле револуционерите да прибегнат кон терористички методи за доаѓање до средства, првенствено со грабнување богати Турци за изнудување пари.

Најуспешно било грабнувањето на американската мисионерка Мис Стон во 1901 година кое го извел истакнатиот револуционер Јане Сандански, кое на Организацијатра ѝ обезбедило многу пари и меѓународен, иако негативен публицитет. Често се користело и присилното собирање “доброволни” прилози на побогатите Македонци. Организацијата се вооружувала сe повеќе и набрзо пристапила кон формирање герилски чети. Револуционерното движење станувало с¢ помасовно, а водечката улога ја имале учителите.

Врховистите на теренот претставувале се помала конкуренција... Внатрешната македонска револуционерна организација систематски се подготвувала за вооруженото востание, но додека нејзините главни предводници морале да се повлечат во длабока илегала или да избегаат во странство, до претседателската функција се дограбил агентот на бугарската влада и тајниот врховистички експонент Иван Гарванов, кој закажал конгрес во Солун во 1903 година и го туркал движењето во предвремено востание, иако на таквото решение

се спротивставувале отсутните Гоце Делчев, Ѓорче Петров и Јане Сандански. Се случил внатрешен раскол, а по солунските атентати и диверзии, турските власти уапсиле поголем број национални борци. Набрзо во близина на Серес, во судир со турската војска, загинал Гоце Делчев, а во Солун Турците го фатиле Иван Гарванов. Востанието во битолскиот крај почнало на 2 август, на Свети Илија 1903 година, а најдобра била организацијата на востаниците во Крушевскиот реон, под водство на Никола Карев. Крушево паднало во востаничките раце и станало главен центар на Илинденското востание и на Крушевската Република. Републиката формирала привремена влада и почнала да го организира животот на ослободените територии. Сепак, востанието освен во битолскиот, немало масовен караткер во скопскиот, во солунскиот и во едренскиот округ. Се свело на интензивни комитски акции. Во Серскиот округ се случиле судири меѓу македонските национални и врховистичките чети. За да го задушат востанието, Турците ангажирале големи сили од 170 000 војници и скоро 500 топови. И покрај големата храброст на борците во тримесечните борби, востанието е совладано. Гневните Турци спровеле вистински масакр меѓу македонското население. Убиени се, речиси, 10 000 луѓе. Но, трагедијата на македонскиот народ имала силен одек во светот, зголемувајќи го анимозитетот кон турската управа.

За да ја ублажат тешката положба на Македонците, руските и австриските цареви во ноември 1903 година ѝ ги наметнале на Турцијата т.н. Мирцштетски реформи, кои се применувале од следната година и кои подразбрирале контрола на европски сили над дејствувањето на турскиот административен апарат. Во 1904 година е постигнат договор меѓу Србија и Бугарија за поделба на интересните сфери во Македонија и интензивирано е уфрлањето герилски чети во македонскиот простор. Бугарските комити и врховисти биле под контрола на бугарскиот генерал Цончев, а нивната активност станува масовна во 1905 година. Во овој период врховистите се судираат со четите на Јане Сандански, претрпувајќи тежок пораз од македонските националисти во мелничкиот крај. Српската влада уште во 1904 година формирала четничка акција чии активности се интензивирале исто во 1905, посебно во кумановскиот, во скопскиот, во паланечкиот, во кратовскиот,

во бродскиот и во кичевскиот крај. Српските четници жестоко се бореле против бугарските врховисти и комити. Најистакнати српски четнички војводи биле Глигор Соколовиќ, Јован Бабунски, Јован Довезенски, Василие Трбиќ и др. Во солунскиот крај дејствувале грчките герилски чети. Македонската револуционерна организација во тоа време се соочувала со сопствена криза, со проблеми, со судири, со расправии, со прогон на врховистите, со свикување повеќе конгреси, безуспешно обидувајќи се да ја поврати некогашната политичка сила и влијание во македонскиот народ.

Нов битен момент во македонските политички околности ќе внесе Младотурското движење во 1908 година, во кое македонското христијанство се вклучило со големо воодушевување. Центар на Младотурците бил Солун. Револуцијата успеала да го собори Абдул Хамид II и за нов султан да го донесе Мехмед V, но положбата на Македонците со зацврстувањето на власта на Младотурците значително се влошила. Разочарани и систематски прогонувани, македонските национални револуционери формирале во 1909 година Народна федеративна партија, која наместо дотогашната примарна вооружена борба се преоринетирала на парламентарна. Главни предводници на таа партија биле Димитар Влахов и Јане Сандански. Веднаш по одржувањето на основачкиот конгрес, бугарските агенти по втор пат извршиле атентат врз Јане Сандански, кој бил тешко ранет. Влахов станал пратеник во турскиот парламент. Набрзо партијата ја зафатиле франкционерски борби, а во 1910 година Влахов го исклучил Сандански, сакајќи да се дистанцира од револуционерните елементи. Одржан е вонреден конгрес кој го отстранил Влахов, но набрзо младотурскиот режим ја забранил партијата...

г) Српско ослободување на Македонија

Србија и Бугарија во 1912 година склучиле сојуз и се договориле да ја поделат Македонија. Кон сојузот набрзо се приклучиле и Грција и Црна Гора. На 18 октомври сојузниците ѝ објавиле војна на Турција. Српската војска им нанесла тежок пораз на Турците кај Куманово, а набрзо го зазела и Скопје, чие воено разорување го спречиле странските конзули

поттикнувајќи ги Турците да го напуштат без борба. Србите на Турците им нанеле нов пораз кај Битола и ги принудиле на бегство. Бугарите излегле на Егејско Море, а Грците влегле во Солун. Кон српската војска се приклучиле многу Македонци, но и на бугарската во нејзиниот реон на оперативните дејства. Поради поделбата на Македонија, во 1913 година, се случила Втората балканска војна во која Бугарија е поразена и загуби огромни територии: со Букурешкиот мир поделбата на Македонија станала дефинитивна. Србија не успеала да ја укине воената управа во својот дел на Македонија, зашто морала да ги сузбива шиптарските немири, мнозинството муслимани се преселувале во Турција, а почнала и Првата светска војна. Во српската војска биле регрутирани 50.000 Македонци кои храбро се бореле на сите фронтови. Иако сојузниците барале Србија да ја жртвува Македонија за да се придобие Бугарија, српската влада воопшто не се согласила, зашто Македонија се сметала, се чувствувала и се прифаќала како интегрален дел на српството во вистинска смисла на зборот.

Во 1915 година Србија се нашла во многу тешка ситуација, а Бугарија влегла во војната и по тешки борби кај Криволак го зазела српскиот дел од Македонија. На српско-грчката граница е формирана линијата на фронтот која од север ја држеле Бугарите, а на југ англо-француските трупи. Бугарските чети го зазеле и источниот дел од Егејска Македонија, формирајќи фронт на реката Струма. Србите и Французите во 1916 година ја ослободиле Битола, формирале нова линија и го продолжиле позициското војување.

Бугарските и германските окупатори кон македонското население се однесувале брутално, изложувајќи го на тешки репресалии.