The Balkan Mega-ethnos: National Doctrines of Macedonia's Neighbours
ИДЕОЛОГИЈАТА НА СРПСКИОТ НАЦИОНАЛИЗАМ - Part 02
“Сето време додека траела окупацијата, бугарските окупатори и нивните германски сојузници во Македонија спроведувале реквизиции од сите видови човечка и сточна храна, масовно ја одземале и ја колеле стоката, ги изнесувале од Македонија материјалните и културните богатства, масовно го праќале населението на принудна логорска работа, извршувале регрутација и мобилизација на македонското население
способно за војска и со сила го вклучувале во војната, масовно го интернирале и го депортирале цивилното население, спроведувале огромни колежи во многу села и населби. Ова биле основните и секојдневни обележја на многустраната окупација на Македонија. Тогаш илјадници Македонци умреле од глад, од болести, од физичка исцрпеност и од воените пустошења.” (“Историја на македонскиот народ”, книга II, стр. 368.)...
Вардарска Македонија дури по Првата светска војна е целосно интегрирана меѓу другите српски земји во рамките на југословенската држава. Воените разорувања предизвикале длабока економска и социјална криза, а власта прилично невешто ја спроведувала аграрната реформа што заедно со несомненото влијание на Болшевичката револуција, доведувало до пробив на деструктивната комунистичка идеологија. Државната бирократија немала доволно слух за етничките, културните и за јазичните специфичности на Македонија, посебно за просечното образовно ниво на населението, а бугарската влада продолжила да уфрла комитски банди, ставајќи ги под своја директна контрола остатоците од некогашното ВМРО. Во западните краишта и натаму дејствувале шиптарските колечки банди. Меѓу политичките партии во македонските области најсилно влијание имале Радикалната, Демократската и турско-муслиманскиот Џемиет. Значителен успех на локалните и на парламентарните избори постигнувале комунистите, се до забранувањето на Комунистичката партија на Југославија со Обзнаната, како субверзивна организација, инструментализирана од странските сили. Централната власт ги укинала затекнатите феудални односи, а Турците, приличен број локални муслимани и малку Шиптари, се иселиле во Турција. Врз основа на аграрната реформа, од вкупниот аграрен фонд, 40% од земјата им е поделена на македонските селани кои немале земја, на другите 60% се населувани селани кои немале земја од погусто населените области, со оглед дека Македонија била малку населена, под југословенскиот просек. Во Кралството на Србите, Хрватите и на Словенците, во 1921 година на еден квадратен километер просечно живееле по 49 жители, а во Македонија само 31. Радикалната партија јавно ја изразувала
подготвеноста македонскиот дијалект службено да се користи во работата на државната администрација, иако немало посериозни обиди тој јазик книжевно да се вообличи и да се нормира. За некое посебно национално угнетување не може да стане збор од едноставна причина што режимот се раководел од концептот на интегрирано југословенство, па истакнувањето на српските знамиња било забранувано како прекршок...
Бугарија и Грција со Нејскиот мировен договор склучиле конвенција за размена на населението, врз основа на која Македонците и Бугарите од Егејска Македонија и Тракија се иселувале во Бугарија, а Грците од Бугарија во Турција. Македонските бегалци се раселувани низ цела Бугарија, со што е олеснета нивната денационализација. Врховистите ја формирале автономистичката ВМРО, која дејствувала заедно со обединетото ВМРО од југословенската територија, лажејќи го народот дека сака единствена автономна Македонија, но ја уживала поддршката на бугарските тајни служби и ги протежирала големобугарските интереси, служејќи се само со терористичките методи во практиката. Владата на земјоделскиот лидер Александар Стамболиски имала многу благонаклонет став кон Македонците и кон нивните стремежи и развивала пријателски односи со Белград, сакајќи општо-југословенско соединување. Во 1923 година, по три години владеење, дворските кругови направиле пуч, го убиле Стамболиски и многу негови приврзаници.... Новиот режим ги растурил вмровските терористички банди, но го продолжил изразито антимакедонскиот курс, систематски сузбивајќи ги сите форми на изразување на македонската национална свест.
Во Егејска Македонија пред Првата светска војна живееле само 30% Македонци. Толку имало и Турци, Грци имало малку помалку и околу 15 проценти биле од други националности. Со Лозанската конвенција од 1923 година, Грција и Турција се договориле за размена на население. Заминале скоро сите Турци, а дошле Грци од Мала Азија, па оваа област според националната структура дефинитивно станала грчка. Во Бугарија и во Југославија тогаш се преселиле околу 50.000 Македонци, од вкупно 330.000, па учество на Македонците во егејската структура се симнало под 25%. Со оглед дека набрзо
дошле двапати повеќе Грци од иселените Турци, вкупно 640 000, процентот на Македонците станал уште помал. Грчката власт постојано го избегнувала извршување на обврските од потпишаните меѓународни договори во поглед на заштитата на малцинските права и настојувала со посуптилни методи да ја спроведе денационализацијата и асимилацијата на Македонците. Кога во 1924 година грчката влада изразила подготвеност егејските Македонци да ги третира како бугарско национално малцинство, дошло до тешки нарушувања на југословенско-грчките односи. “По барање на Македонците од Егејска Македонија, југословенската влада посебно инсистирала тие да бидат признати како Срби, односно како српско национално малцинство во Грција.” (“Историја на македонскиот народ”, книга III, стр. 233.) Грчката влада се предомислила, па во 1926 година, егејските Македонци ги признала како припадници на српското национално малцинство во својата држава. Во времето на диктатурата на Метаксас во 1938 година, со специјален закон во Грција е забранета употребата на македонскиот јазик и во приватниот живот, а припадниците на македонското национално малцинство се дискриминирани во секој поглед.
По фашистичкото распарчување на Југославија поголем дел од Македонија, областите долж Морава, нишката и тимочката област ги окупирала бугарската војска. Западниот дел од Вардарска Македонија го окупирале Италијанците и го приклучиле кон Албанија. Во бугарската окупациска зона е инсталиран воено-полициски апарат, комплетно увезен од Бугарија. Бугарите во локалните Македонци воопшто немале доверба, па најголемиот број државни службеници го донесле од Бугарија и ги поставувале на важните места во окупацискиот управен апарат. Применуван е посебен окупациски правен систем, базиран на гола репресија и извршување на судската власт од страна на воените судови... Бугарските окупатори не биле во состојба да формираат квинслишка власт, а најмногу што успеале да постигнат е да формираат мрежа на доушници и денунцијанти. Систематски е водена пропагандна акција за денационализација и бугаризација на Македонците, посебно низ апсолутната инструментализација на образовниот систем. Комунистичкото востание во Вардарска Македонија имало
краток здив, се сведувало на спорадични диверзии и напади, се до капитулацијата на Италија, кога се создале услови за формирање слободна територија, вклучувајќи ги и Дебар и Кичево. И четниците на Дража Михајловиќ немале поголем успех во 1943 година, кога закрепнале, го формирале Вардарскиот четнички корпус, составен од четири бригади. Партизаните и четниците се судирале и на македонски терен, заемно слабеејќи се. Комунистите сметале дека многу поголема опасност им се заканува од четниците отколку од окупаторите. Меѓутоа, комунистите посебно внимание посветиле на изградбата на организациската инфраструктура, речиси, на целата територија, па подготвено го пречекале големото омасовување на партизанските одреди, откако западните сојузници го подржале Тито, Црвената армија стапнала на Балканскиот Полуостров, а германските сили почнале да се повлекуваат од Егејското Море. Борбите против германските и бугарските окупатори станувале се поинтензивни. Уште во текот на војната, комунистите ја прокламирале македонската федерална единица во составот на Југославија и својата волја ја реализирале веднаш по војната.
14. Вештачка конструкција на македонската нација
Комунистичкиот режим македонската нација ја прокламираше и ја санкционираше во практиката со декрет. Таа тогаш стана и категорија на официјални статистички извештаи, иако во славистичките научни кругови не можеше да се устоличи нејзиниот октроиран јазик. Како што вели Костиќ: “Не оди тоа толку лесно: не може со волшебно стапче да се создаде народност. Потребни се многу реквизити, во прв ред традиција.” (стр. 42.) Кога првпат, на почетокот на овој век, уште во времето на турската окупација, била лансирана идејата да се создаде македонски јазик, реагирал истакнатиот славист Ватрослав Јагиќ во книгата “Словенски јазици”, објавена 1909 година, со следните зборови: “Предлогот сочинет во ова доба, еден дијалект на Македонија да се направи писмен јазик на земјата, дури и кога би бил коректно замислен, мора решително да се отфрли како одвишно ситнење на духовните сили.” (стр. 42.) И Александар Белиќ сметал дека постојат само три јужнословенски јазици: српскохрватскиот, бугарскиот и
словенечкиот, старословенскиот исчезнал, а македонскиот никогаш не постоел.
Јеврем Груиќ, во својство на застапник на министерот за надворешни работи, во 1878 година му напишал на Јован Ристиќ, неофицијален српски претставник на Берлинскиот конгрес: “Жителите на Велес напишале и стотици од нив потпишале една петиција во која молат да се приклучат кон Србија, зашто ‘отсекогаш биле Срби (стр. 43.)..... За нив не може да се каже дека се преместени во сосема туѓа и на природата битно поинаква земја.” (стр. 43.) Сите тие под комунистичката диктаторска власт присилно се прекомпонирани во нова, вештачка нација... Не само Јован Цвииќ, туку и многу други научници одамна докажале дека областите Скопје, Кратово и Тетово, не влегуваат во “географскиот поим на Македонија, туку на Србија.” И “Историско-географскиот лексикон”, печатен во Базел во 1727 година, тврди дека Скопје се наоѓа во Србија, а Македонија е јужно од него, додека “Универзалниот лексикон”, објавен во Лајпциг во 1740, го прецизира територијалниот опсег на Србија според сфаќањата на тогашната наука: “Србија, латински Сервија, или, според некои, Серблија, една голема плодна покраина во Европа, која Римјаните ја викале Горна Мезија, на исток граничи со Бугарија, на запад со Босна и со Далмација, кон југ со Албанија и со Македонија, кон север со Дунав и со Сава кои ја делат од Ердеља и од Влашка. Таа сигурно своето име го добила од Србите...” И тогаш кога Пеќката патријаршија имала најтесен територијален опфат, нејзе и припаѓале Скопската и Штипската епархија, додека на Охридската архиепископија и припаѓале само териториите јужно од Тетово, од Скопје, Велес и од Штип... Костиќ го додава и сопственото сознание: “И топономастиката во овие области оставила трага на српството. На пример, во северозападниот дел од денешна Македонија, се наоѓаат селата Србиново, Србица и Србјани, за кои е утврдено дека потекнуваат од средниот век. Србиново е недалеку од Гостивар, во долината на реката Лакавица, додека Србица и Србјани се наоѓаат во околината на Кичево. Србиново денес има 120, Србица 170, а Србјани 100 домаќинства. Во Србиново и Србица денес живее шиптарско население, а во Србјани и македонско и шиптарско.” (стр. 50.) Костиќ е свесен
дека процесот на националната идентификација во Македонија уште не е решен и дека тоа прашање е многу компликувано. Во српскиот дел од Македонија со децении се врши присилна десрбизација, но во бугарскиот, или во грчкиот дел, концептот за посебна македонска нација, едноставно, нема приврзаници. Научниците и стручњаците македонското население го означувале како српско или како бугарско, но никој сериозен не го сметал како посебен народ.
И официјалните бугарски и грчки власти не го признаваат постоењето на македонската нација. Бугарите тврдат дека станува збор само за нивни сонародници. “Македонската националност ја создаде Југославија, една клика антисрпски расположена. Однесувањето на Бугарија и на Грција покажува дека Србија, кога би постоела, дури и комунистичка, никогаш не би се случило да признае некоја посебна македонска нација. За тоа била способна само Југославија и некои антисрби на нејзиното чело.” (стр. 59.)..
Значителен дел од српското население во Војводина по потекло е од Македонија. Многу личности од Македонија повеќестрано ја задолжиле српската култура и значително придонесле за зачувување на српската национална свест. Костиќ го наведува Христифор Жефаровиќ, истакнат хералдичар од XVIII век, родум од Охрид, Атанас Јовановиќ, голем сликар родум од Враце, социјалниот лиричар Коста Абрашевиќ од Охрид, истакнатиот раскажувач Анѓелко Крстиќ од Струга, големиот книжевник Момчило Настасиевиќ, книжевниот критичар Петар Џаџиќ, од Битола итн.
Иако родниот крај му е околината на Преспанското Езеро, Бранислав Нушиќ зборуваше дека во себе има и српска и влашка и арнаутска крв, но дека, сепак, најмногу е Србин. Никаде не спомнува дека, можеби, е Македонец. И патриотскиот српски поет Владислав Петковиќ Дис по потекло е од Куманово. Јован Јовановиќ Змај се гордееше со фактот дека неговиот прадедо се преселил од Македонија. И Никола Пашиќ, Бранко Радиќевиќ и Јован Стерија Поповиќ потекнуваат од македонските краишта.
д) Македонското прашање
Прашањето на Македонија, како посебна федерална единица, Костиќ го смета за специфично доколку опстане југословенската федерација. “Македонија претставува територијална самостојност, демографска различност од другите краишта, јазична, дури и етничка посебност. Оваа етничка посебност е сосема скорешна:
таа не беше подготвена, таа настана сосема ненадејно за стручњаците (етнографите и славистите), таа не е извојувана, воопшто, туку е подарена. Таа не ниту директен плод на македонски дејци (тие биле поделени меѓу наклонетоста кон Бугарија и наклонетоста кон Србија), туку е плод на активноста на Светозар Вукмановиќ Темпо и на неговата дружина. Сепак, оваа етничка посебност сега е разгласена на сите страни, влезе во енциклопедиите и во лексиконите (науката ја прифаќа со резерва или воопшто не ја прифаќа), а жителите на Македонија ѝ стануваат се поверни. Таа нема да може никогаш повеќе да се дефетира, да се избрише, да се смета за непостоечка. Без сомнение дека со текот на времето таа ќе се ублажи и дека ќе добие поприродни пропорции, но никогаш повеќе нема да исчезне. Сегашните властодржачи на Македонија и на Југославија, еднакво антисрпски расположени, вредно се трудат така да биде.” (стр. 121.)
За Србите и четворната федерација ќе биде неповолна зашто во државата ќе ги има повеќе од Хрватите, од Словенците и од Македонците заедно, а во власта ќе партиципираат со една четвртина влијание. Освен тоа, ќе бидат изложени на коалициски блокади во државните институции. “Таквата колаборација на сите единици против Србија е повеќе од сигурна. Јас веќе ја гледам со своите духовни очи. Против џинот секогаш се здружуваат џуџињата ако сакаат нешто да постигнат.” (стр. 122.) Костиќ го согледува и фактот дека во Северна Македонија живеат Срби кои со задоволство територијално би се приклучиле кон Србија, додека Арбанасите (Албанците) од западните делови ќе се стремат да се групираат со другите сонародници. “Не е неможно и во внатрешноста на остатокот од Македонија да се појават етнички струи кои не
одговараат на дадените калапи. Зашто, денешната Македонија со својата народност, не е создадена природно, како што беше речено погоре. Таа му е наметната на населението. Можеби еден значителен дел од населението со големо задоволство ја прифатил, но има многу кои се покориле на силата, останувајќи, во суштина, тоа што се. Несомнено дека има Срби и во внатрешноста на Македонија, и на југ и на запад, кои и самите не можат да дојдат до израз. Во слобода тие повторно би се појавиле, а Македонија со својата посебност би можела да биде потрошена.” (стр. 122.)
За македонскиот јазик Костиќ вели дека е “еден преоден облик меѓу српскиот и бугарскиот јазик. Мене дури ми личи на бугарски (зашто јас бугарски не знам), а на Бугарите им личи на српски. Но, нема сомнеж дека е близок и до едниот и до другиот.” (стр. 123.) Македонците книжевен јазик никогаш немале, ниту книжевност и писменост воопшто, сe до Втората светска војна.
“Исто така им е познато на сите истории и на сите лингвисти дека не постојат стари, писмени македонски споменици, туку само српски и, во многу помал обем, бугарски... Во српскиот дел на Македонија постојат повеќе дијалекти, но два меѓу нив се однесуваат, речиси, како посебни јазици; разликите меѓу нив се, можеби, како меѓу еден од нив и српскиот, или незначително помали.”) стр. 124.)...
По проучувањето на научните резултати од компетентни лингвистички истражувања, македонското јазично прашање Костиќ го резимира со следните зборови: “Официјалниот ‘македонски јазик’, создаден во летото Господово 1945, всушност, е комбинација од разни говорни дијалекти во Македонија. Ниеден дијалект не е прогласен за книжевен јазик, туку од секој е земено по нешто. Но, за основа на книжевниот јазик на Македонците се земени говорите од западниот дел на централна Македонија, пред се од триаголникот Прилеп-Битола-Кичево-Велес, а посебно градскиот говор на Прилеп. Како што се гледа, за основа е земен дијалектот кој најмногу се разликува од српскиот. Според сето ова, денешниот македонски
јазик е една вештачка творба, нешто креирано и наметнато, а не органски произлезено (каков што е српскиот јазик), јазик без жива основа и корен. Штом создадоа нов книжевен јазик, мораа да создадат и ново писмо, да востановат азбука за тој јазик. И тоа одеше со авионска брзина. Се состанаа комисии, донесоа одлука и се се реши со указ.” 9 (стр. 125.)...
Јован Цвииќ Македонците ги нарече флотантна маса, подготвена да се претопи во Срби или во Бугари, во зависност од тоа во чија држава ќе се најдат. Сличен став застапува и Вендел. Јозеф Берге, Македонија ја сметал за длабоко тенџере во кого се претопуваат народите и културите. Покрај архаичното, праисториско, балканско население и Словените, овде со векови се населувале Печенези, Кумани, Черкези, Татари, Турци, Арбанаси, но и многу муслимански мухаџири кои овде се концентрирале паралелно се ослободувањето на српските земји од турското ропство. Овде по Првата светска војна е населен и поголем број српски колонии.
Како што пишуваше Јован Цвииќ, македонските краишта, “според лингвистичките и етнографските особини и според историските традиции, кои се закопани во народната душа, задремани, но кои лесно можат да се разбудат, можат да се означат како повеќе српски или повеќе бугарски. Такви повеќе српски се пределите околу Скопје, Кратово, Тетово и натаму на северозапад кон Стара Србија, чиј назив е погрешно раширен врз Македонија. Овој предел, заедно со Косово и Метохија, ја прави срцевината на старата српска држава, на која се надоврзуваат најславните традиции на српството, сите архитектонски и уметнички словенски споменици се српски.” (стр. 133.)...
За Костиќ е посебно значајно дека Македонците објективно постојат само во оние делови од Македонија кои ги ослободила српската војска. Пиринска Македонија е целосно бугаризирана, а Егејска грцизирана, дополнително колонизирана со населувањето Грци, прогонети од Мала Азија, но етничката структура битно и се измени и со масовното бегање на Македонците по загубената граѓанска војна на која ги подбуцнуваше Тито со комунистичките знаменија...
Протагонистите на титоистичката политика “дотолку посилно и побезобѕирно им го наметнуваат македонството и на оние кои го сакаат и на оние кои не го сакаат. Тие настојуваат загубите од надвор да ги надоместат во самата Југославија... Па така бројот на “Македонците” според народноста сé повеќе се шири... Бидејќи изразот “Македонија” досега беше само географско име, него без посебно спротивставување ќе го прифатат сите нејзини жители, дури и оние со несловенско потекло. Зашто, кога ќе кажат дека се Македонци, тие не лажат. Тие со тоа не сакаат да ја определат својата народност, но властите македонски тоа го прифаќаат и го толкуваат на начин кој им е ним соодветен. Така успеаја во бројот на Македонците да внесат и десетици илјади несловенско население. Таму како “Македонци” се вбројуваат и Србите и Бугарите, и вистинските Македонци кои ја сакаат таа националност. Потоа и многуте малцинства. Посебно куцовлашкото, но и муслиманското.” (стр. 142.)
Многу Срби беа присилени презимињата на “иќ” да ги сменат на “ски”, а учеството на граѓаните од српска националност во вкупното население во официјалните статистики вештачки се намалува. Сепак, како што споменува Костиќ, “ако оваа состојба потрае подолго, македонската народност има шанси да се консолидира, зашто се употребуваат страшни средства таа да се одржи и да се зацврсти.” (стр. 143.) Секогаш и секаде најмногу се малтретираат Србите. “Тие едноставно се принудени да се откажат од српството и да се претопат во Македонци. Не смеат за ништо на светот да се означуваат уште како Срби. Би можеле да бидат и Власи и Цигани и што било друго, само не Срби. Иако тој секогаш бил Србин, иако старите со векови му србувале, иако е потомок на српските свештеници и на српските комити, тој не смее да каже дека е Србин.” (стр. 145.) Костиќ е свесен дека поранешната официјална политика била да се посрбат национално несвесните македонски христијани, дури и дека имало притисоци врз “национално неопределените Македонци да се определат како Срби”, што значи дека на “лицата без народност им ја нуделе својата, а не некоја друга, помала народност. А сега ‘Македонците’, непознати во етнографијата ги принудуваат сосема свесните и национално определени Срби да се откажат од српството и да
станат нешто ново, дотогаш непознато. Од припадници на еден голем народ, да станат припадници на еден народ со никакво, токму со никакво минато, ниту големо ниту мало. Од припадници на еден културно-изграден народ, кој ги има Његош, Тесла итн. принудени се да станат припадници на еден народ кој штотуку почнал да ја учи новосоздадената азбука.” (стр. 146.)
Костиќ го проблематизира и името Јужна Србија и не одрекува некои случаи на административно самоволие и бирократска затапеност. Меѓутоа, со оправдан гнев ја отфрла комунистичката флоскула за големосрпската хегемонија. “Прецизно гледано, навистина, целокупното национално ‘угнетување’ на Македонците од страна на Србите се сведува на тоа што овие им го наметнале својот книжевен јазик. Но, мора уште еднаш да се нагласи дека Македонците друг, поблизок, книжевен јазик немале, кој би им бил забранет, дека српскиот книжевен јазик скоро бил еднакво близок со македонскиот говорен јазик како со нишкиот или врањанскиот. Од друга страна, Македонците можеле секаде, без ограничување да го употребуваат својот говорен јазик, и приватно и кај властите, посебно во судовите. Дури и ако биле чиновниците Срби од север, тие ги разбирале исто како самите Срби.” (стр. 151.)
Костиќ не застанува тука во логичкото оспорување на тезите на антисрпската пропагандна хистерија на комунистичкиот режим. Се тврди дека во Македонија и воопшто во Југославија, владеел великоспрски шовинистички дух. Добро, да речеме дека е така (иако не било баш така). Што барал од Македонците тој великосрпски дух? И тие да се прогласат и да се сметаат за составен дел на српската “владејачка клика”, да бидат целосно рамноправни со другите Срби. Има тука и национално наметнување, но нема национално поробување. Ако во една држава, или во едно општество, една нација е супериорна и водечка, тогаш одвај може да се смета како национално ‘искористување’, кога цели други јазични групи со неодредена национална свест се примаат во тој владејачки слој за рамноправни членови. Сите експлоататорско-владејачки слоеви во историјата биле затворени и непристапни. Србите им ги пружија нас Македонците сите услови со нив целосно да се
израмнат, да се стопат во нив, и тие да бидат соучесници и соуживатели на “големосрпската хегемонија.” (стр. 151.)
Користете ги левата и десната стрелка за да ја свртите страницата.
Испечатено од https://macedonianhistory.ca/mk/narrative/balkanskiot-megaetnikum/47 на 29 октомври 2026