The Balkan Mega-ethnos: National Doctrines of Macedonia's Neighbours
ВОВЕД - Part 02
ВОВЕД
Застојот во развојот на општеството, економските тешкотии, нараснатите општествени напнатости и отворените меѓународни судири, предизвикуваат длабока загриженост во нашата земја.
Тешка криза го зафати не само политичкиот и стопанскиот систем, туку и целокупниот јавен поредок на земјата. Секојдневни појави се: неработењето и неодговорноста во работата, корупцијата и непотизмот, отсуството на правна сигурност, бирократското самоволие, непочитувањето на законите, растечката недоверба меѓу луѓето и се побезобѕирниот индивидуален и групен егоизам.
Распаѓањето на моралните вредности и на угледот на водечките установи на општеството, недовербата во способноста на оние кои ги донесуваат одлуките се следени со апатија и огорчување кај народот, со отуѓување на човекот од сите носители и симболи на јавниот поредок. Објективното испитување на југословенската стварност допушта можност сегашната криза да заврши со социјални потреси со несогледливи последици, не исклучувајќи го ниту толку катастрофалниот исход како што е распадот на југословенската државна заедница. Пред она што се случува и што може да се случи никој нема право да ги затвора очите. Особено нема право најстарата установа на научното и културно творештво на овој народ.
Српската академија на науките и уметностите се смета за обврзана во овој судбоносен момент да ги соопшти своите видувања на општествената состојба со убедување дека со тоа придонесува во барањето излез од сегашните неволји. Природата на овој документ, меѓутоа, не дозволува оддалечување од клучните прашања на југословенската стварност. Во тие прашања, за жал, мора да се вклучи и неопределената, а со новите настани, мошне актуелизирана тешка положба на српскиот народ.
МЕМОРАНДУМ НА САНУ (2)
(За промени на Уставот на Југославија, имајќи ги во вид следните големи цивилизациски принципи кои се неопходен услов за подемот на модерното општество)
а) Сувереност на народот. Во самиот темел на модерната цивилизација се наоѓа идејата дека највисокиот извор на политичката моќ е самиот народ, дека единствениот легитимен политички авторитет е оној кој потекнува од слободно-изразената волја на народот, па според тоа не постојат морални и правни основи каква и да е елита (според милоста божја, според крвта, религијата, расата, класата, идеолошката припадност, историските заслуги или по какво и да е друго оправдување) да си го присвои правото да говори, да одлучува и да се служи со сила во името на народот.
Народот може само да ја препушти политичката власт на определено време на своите претставници, со право да ги избира, да ги контролира и да ги сменува, а по потреба и со сила да ги заменува, доколку го прекршат “општествениот договор” и наместо општите народни интереси да започнат да ги следат своите посебни интереси. Принципот на сувереност на народот го афирмира демократската политичка филозофија и практиката на демократските револуции од осумнаесеттиот век. Меѓутоа, крајните радикални консеквенци на овој принцип ги изведе социјалистичката теорија. Ако монополот на економската моќ исто така е една од основите за образување на елитите кои можат да му се наметнат на општеството и да постигнат полна контрола над неговиот политички живот, тогаш со принципот на сувереност на народот се неспоиви и сите институции кои го овозможуваат тој монопол, нека е тоа капиталот или бирократската држава. Во таа смисла полната сувереност на народот би била остварена дури во едно бескласно општество во кое и политичкиот и економскиот и културниот живот би биле организирани на демократски начин.
Претпоставката на таквата демократија (“демократија на советите” или “интегралното самоуправување”) е слободниот избор и сменливоста на сите функционери, јавната контрола
над нивната работа, поделбата на власта, отсуството на бирократски привилегии. Тие предуслови се одамна остварени во модерното општество. Југославија тоа ниво сe уште не го постигнала, макар што уште одамна ја прокламирала идејата на самоуправноста, дебирократизацијата и депрофесионализацијата на политиката.
б) Самоопределувањето на нацијата. Во модерното општество секое политичко угнетување и дискриминација на национална основа е цивилизациски неприфатливо. Југословен-ското решение на националното прашање во почетокот можело да биде сфатено како примерен модел на многунационална федерација во која принципот на единствена држава и државна политика бил успешно споен со принципот на политичка и културна автономија на нациите и националните малцинства. Во текот на последните две децении сe повеќе слабее принципот на единство, а пренагласуван е принципот на национална автономија, кој во практиката се претвори во сувереност на деловите (на републиките кои по правило не се национално хомогени). Слабостите кои од почетокот беа присутни во моделот, стануваа сe повидливи. Сите нации не се рамноправни: српската нација, на пример, не доби право на сопствена држава. Делови на српскиот народ , кои во значителен број живеат во другите републики, немаат право, за разлика од националните малцинства, да се служат со својот јазик и писмо, политички и културно да се организираат, заеднички да ја развиваат единствената култура на својот народ. Незапирливиот прогон на Србите од Косово на драстичен начин покажува дека оние начела кои ја штитат автономијата на едно малцинство (Албанците) не се применети кога се во прашање малцинствата во рамките на малцинството (Србите, Црногорците, Турците и Ромите на Косово). Со оглед на постојните облици на национална дискриминација денешна Југославија не може да се смета за модерна и демократска држава.
в) Човековите права. Модерната епоха започнува со афирмацијата на човековите права. Првобитно тоа беа граѓанските права: слободата на мислата, на совеста, на говорот, на движењето, на договорот, организирањето, на
јавното манифестирање, демонстрациите, изборот на своите претставници. Во нашиот век на граѓанските права им се додадени социјално-економските права: правото на труд, на слободен избор на професијата, на школување, на еднаква награда за еднаква работа, на социјална сигурност. Генералното собрание на ОН ги формулира сите овие права во својата Универзална декларација за правата на човекот, прифатена на 10 декември 1948 година. Нашата земја е една од државите што ја донесоа оваа декларација; Југославија е исто така потписник на Хелсиншките договори и на сите слични меѓународни документи.
Несомнено е дека има доста современи држави кои во поглед на степенот на остварување на човековите права се наоѓаат под нашата земја. Но и кај нас сe уште се прогонуваат “вербалните деликти”, се забрануваат и се уништуваат книги и се симнуваат од репертоарот театарски претстави кои се “идејно неприфатливи”, се попречува јавното изнесување мислења, се забрануваат организирањето, манифестирањето и демонстрирањето, користењето на уставното право на испраќање протестни петиции на државните органи се квалификува како непријателски акт, се прогонуваат иницијаторите на протестните прекини на работа, изборите на функционери се претвораат во фарса на самоименување. Додека сето тоа се случува не можеме да се сметаме за цивилизирано и просветено општество.
г) Рационалност. Модерното доба е доба на рационалност. Општествените установи и начинот на организирање на целокупниот општествен живот мораат да го положат испитот пред судот на разумот. Тоа не е секојпат рационалноста на целите: голема слабост на нашата епоха е разделувањето на политиката, етиката и науката. Но, инструменталната рационалност и способност за изнаоѓање адекватни средства за целите, еднаш усвоени, и за ефикасно спроведување на определените политики е conditio sine qua non на секоја модерна држава. Тоа, понатаму, значи дека секоја модерна држава е еден голем систем чии поединечни делови се регулираат на единствен начин и така се ускладуваат и се насочуваат, дека правилата на играта се јасни, стабилни и променливи само по
сериозно проучување и подготвување, дека државните чиновници се избираат, пред сe, според критериумите на компетентност и личен интегритет, дека донесувањето одлуки во најголема мера се потпира на сигурни информации и анализа на трошоците и веројатната добивка. Ниту еден од тие услови на рационалната политика кај нас не е задоволен: нашата држава ја чинат осум одделени и слабо поврзани системи, единствена политика на развојот не постои, а и кога на хартија би постоела не би можела да се реализира во практиката; правилата на играта постојано ад хок се менуваат и во најдобар случај можат да се знаат само за една година нанапред; функционерите се избираат, пред сe, врз основа на критериумите на лојалноста и во голема мерка се некомпетентни и поведливи; одлуките се донесуваат набрзина, произволно и пристрасно, без претходна јавна дискусија, врз основа на неверодостојни, еднострани информации и земајќи ги предвид можните алтернативи. Додека ваков нерационален стил на работа превладува во нашата политика, ние не можеме да се сметаме за модерно општество.
Од оваа анализа следува дека политичката демократизација и коренитата кадровска обнова, вистинското самоопределување и рамноправноста на припадниците на сите југословенски народи, вклучувајќи го и српскиот, целосното остварување на човековите граѓански и социјално-економски права, и доследната рационализација на југословенскиот политички систем и политиката на развој, се оние неопходни предуслови без кои не може ниту да се замисли излезот од сегашната криза на југословенското општество.
Користете ги левата и десната стрелка за да ја свртите страницата.
Испечатено од https://macedonianhistory.ca/mk/narrative/balkanskiot-megaetnikum/42 на 29 октомври 2026