The Balkan Mega-ethnos: National Doctrines of Macedonia's Neighbours
2. КОНФЛИКТИТЕ МЕЃУ НАЦИОНАЛНИТЕ ДВИЖЕЊА ВО XIX ВЕК
2. КОНФЛИКТИТЕ МЕЃУ НАЦИОНАЛНИТЕ ДВИЖЕЊА ВО XIX ВЕК
Во XIX век народите на Балканот стекнуваат јадро околу кое ќе бидат конституирани нивните држави-нации, нивните национални идеологии, што се совпаѓаа со зоните со мешано население каде што доаѓаше до национални претензии.
Македонија претставува една од зоните во кои таквите проблеми особено остро се манифестираа. Во 19 век, таа географска зона беше место на судир на четири антагонистички национални идеологии - грчката, бугарската, српската и албанската. Според тоа, неопходно е заради постигнување на нивните ревандикации, секоја од страните како суштински фактор да го користи националниот идентитет на жителите на регионот.
Во тоа време, а без притоа да говориме за муслиманите кои претставуваат околу една третина од вкупното население, извонредно тешко беше прецизно да се определи националниот идентитет на христијаните во Македонија. Сe до средината на 19 век, селските маси останаа верни на цариградската егуменска патријаршија, чувар на грчкиот јазик, на византиската традиција и дури и на историското паметење. Тоа требаше уште повеќе да го засили спонтаниот елан кој ги водеше кон грчката култура негркофонските групи населенија, т.е. славофоните, влахофоните или албанофоните. Сепак, во заднината и, посебно во славофонските зони во центарот и на север на Македонија, националната грчка идеологија споро напредуваше; веќе тогаш започнаа во регионот да се шират нови влијанија. Антагонизмот меѓу грчката и бугарската црква кој крајно се зголеми по основањето на Бугарската егзархија во 1870 година, беше во основата на сериозните судири меѓу Грците и Бугарите во областите со мешано население во Македонија.
Грчко-бугарскиот конфликт
Грчката национална идеологија го ставаше акцентот врз класичното грчко минато на Македонија и, се разбира, врз епохата на Александар Велики и неговото дело. Токму во таа епоха на локален словенски идеом - но со грчка азбука - беше отпечатена и набрзо внесена во програмите на училиштата кои сe уште се наоѓаа под турска контрола, една брошура во која се раскажуваше животот на Александар и во која се инсистираше на континуитетот на грчката нација. Паралелно, се вложуваа напори да се негува и да се шири традицијата на Византиската империја. Двете повеќенационални империи - империјата на Александар и Византиската империја - се нудеа, всушност, како веродостојни примери, кои овозможуваа да се верува дека и покрај разликите во јазикот и обичаите, одделните групи население би избрале да се идентификуваат со грчката култура во најшироки државни рамки. Токму една визија од тој вид имаше предвид Рига Дефере со неговата балканска федерација.
Од своја страна, бугарската национална идеологија се обидуваше да им ја наметне на славофоните во Македонија бугарската културна традиција. Но, тука Бугарите се сопнуваа на една голема пречка: значаен дел од славофонското население, посебно во централните и во јужните региони, всушност живо ја беше сочувало историската грчка традиција. Бугарите набрзо сфатија дека историскиот фактор се покажува недоволен за да се обезбеди ширењето на бугарската национална идеологија; затоа, се свртија кон други начини за моделирање на националната свест.
Тие започнаа да ги експлоатираат лингвистичките афинитети. Потоа се обидоа да манипулираат со индигнацијата на народот против социјалното угнетување од страна на отоманскиот окупатор. Нивната цел беше избувнување народно востание кое, вешто водено, би можело да се претвори во бугарско национално движење. Потоа се обидоа да го искористат антагонизмот меѓу селското население и грчкиот клер, денунцирајќи го жестоко она што тие го нарекуваа “духовна потчинетост на екуменската патријаршија”. Со помош на бугарската држава, започна процутот на бугарски училишта во градовите и во селата на Македонија. Првобитната амбиција на тие училишта беше на учениците да им се всади чувство на гордост од средновековната историја на Бугарија и, посебно, од империјата на цар Самуил, чија што претстолнина беше Охрид.
Но бугарскиот историски арсенал не можеше да биде противтежа за грчкото културно и историско наследство во Македонија; тоа ги натера Бугарите да се впуштат во систематско фалсификување на историјата, приграбувајќи ги едноставно историските настани и личности.
Така грчките мисионери Кирил и Методиј беа претставени како Бугари, а нивното апостолско и цивилизаторско дело помеѓу Словените стана “политичка и културна акција остварена од Бугарите”. Некои општи текстови од тоа време одеа дотаму што на Александар Велики, толку присутен во духот и во срцето на населението на Македонија, му припишуваа бугарско потекло. Тоа е тактика која не може а да не потсети на сегашната пропаганда на Скопје, во која Александар Велики е претставен како великан на Скопје.
Србите, Романците и Власите подоцна се појавија на македонската сцена. Србите сметаа дека треба да се мобилизира споменот на српското присуство на Македонија во средниот век - наспроти фактот, од хронолошка гледна точка, дека тоа присуство се ограничува на времето на Цар Душан и на неговите наследници (XIV век).
Романци и Власи
Во двете последни децении на XIX век на македонската шаховска табла се појавува еден дополнителен актер: Романците, кои се стремат да им наметнат својата национална идеологија на Власите. Од сите не-гркофонски населенија во Македонија, Власите најтопло ја поддржаа грчката национална идеологија. Тие претставуваат жив пример на вистината дека едно негркофонско население може совршено да се интегрира во грчкото национално движење. Во текот на војната за независност од 1821, сличен феномен е забележан и кај албанофонските христијани (“арванити”) кои сосема се идентификуваа со грчката национална кауза.
Сепак, кон крајот на 1860 година, романската национална идеологија го започнува својот пробив во некои влашки заедници и нејзиното влијание се зголемува во 1877 со
стекнувањето на независноста на Романија. Романската пропагандна машинерија го истакнуваше заедничкото латинско потекло на романскиот и на влашкиот јазик, обидувајќи се притоа да го експлоатира историскиот фактор, посебно со помош на фантастичните теории за заедничкото потекло на Власите од јужниот дел на Балканот и дунавските Романци. Макар што не беа занемарливи, ефектите на таквата пропаганда, сепак, останаа ограничени. Една од суштинските причини што ги спречи Романците да го придобијат мнозинството Власи за нивната кауза беше и таа што Власите со векови се идентификуваа со Грците со кои живееја, активно учествувајќи во сите битки за ослободување на грчката нација. Соочени со таквото живо историско сеќавање, историските аргументи што се однесуваат на романскиот период не држат.
Еден друг, многу значаен, проблем започнува да се поставува во XIX век: Имено, во колкава мера славофоните од Македонија биле Бугари или припаѓале на посебна словенска група. Во тоа време, името “Македонци” беше широко распространето, било во неговото регионално и географско, било во неговото културно значење. Кога Србите сфатија дека нема да успеат славофорите во Македонија да ги претворат чисти Срби, тие решија да ја наметнат тезата за посебен славо-македонски народ кој се разликува од Бугарите, но им е близок на Србите.
Подоцна, некои револуционери произлезени од редовите на бугарското национално движење, започнаа да ја промовираат идејата за македонска држава, самостојна во однос на Бугарија, а нивната парола беше “Македонија на Македонците”, но тоа беше само маневар. Всушност, ако раководителите на тоа движење оставаа впечаток дека се борат за создавање независна Македонија, тие многу внимаваа да не го променат историскиот бугарски идентитет на Словените во Македонија и останаа приврзаници на бугарската национална идеологија. Тие се разликуваа од Софија само со својата политичка цел: автономија а, не обединување.
Користете ги левата и десната стрелка за да ја свртите страницата.
Испечатено од https://macedonianhistory.ca/mk/narrative/balkanskiot-megaetnikum/32 на 29 октомври 2026