Canadian Macedonian Heritage Society Canadian Macedonian Heritage Society Станете член!

The Balkan Mega-ethnos: National Doctrines of Macedonia's Neighbours

3. БУГАРСКИОТ НАЦИОНАЛИЗАМ - Part 03

Од Димитар Мирчев · Дел 22 од 50 · Околу 14 минути

Читај на English

Цар Борис Трети и владата на проф. Богдан Филов ја прифаќаат “формулата” за остварување на нашиот национален идеал -“Обединета Бугарија”, наспроти неизвесноста на иднината. Бугарија е обединета без ниту еден војник на бугарската војска да пролее крв на бојните полиња. (Види карта бр.14).

Макар и за кратко време, Бугарија го постигнува својот идеал -“Обединета и неделлива татковина”.

Пред навлегувањето на бугарските војски во Вардарска и во Егејска Македонија се случува еден исклучителен политички акт.

Бугарското население во сите населени места на Вардарска и во Егејска Македонија основа “Акциски комитети”. Овие комитети претставуваат неофицијални органи на бугарската власт и се јавуваат како демонстрација на бугарското национално самоопределување. Тие остануваат во основата на официјалната, подоцна установената бугарска државна администрација.

Во новоослободените земји, нашата војска е пречекана како ослободителна - со цвеќе, венци и на раце. Тоа е природно, бидејќи во текот на две десетлетија (1918-1941), Бугарите во Македонија водеа борба за ослободување и обединување. Во Македонија се дислоцира Петтата бугарска армија, во која 70% од офицерите и 50% од војниците се родени во Македонија. Сега тие се враќаат во своите родни места, кај своите родители, браќа и сестри.

Со установувањето на официјалната бугарска власт во Македонија, бугарската држава презема, според размерите, огромно градење училишта, болници, цркви, патишта, мостови.

Прави урбанистички планови за сите градови во Македонија. Започнува изградба на железнички линии за поврзување со Бугарија. Го отвора универзитетот во Скопје. Општите инвестиции за трите години слобода во Македонија надминуваат 30% од националниот буџет на Бугарија. Сето тоа говори дека бугарската влада кон новоослободените земји во Македонија и во Тракија се однесувала како кон свои исконски земји, населени со Бугари.

По 22 06 1941 година, по директива на Коминтерната, БКП организира партизанско движење во Бугарија. Тоа е непосредно поврзано и раководено од Москва, за разлика од други ослободителни движења во Европа. Отука, движењето е повеќе “револуционерно-комунистичко”. Извршуваните саботажи и терористички акции предизвикуваат остра реакција од Владата. Се формира жандармерија, која започнува анти-партизански и анти-терористички дејства. Се отвораат неколку концентрациски логори, во кои се притвораат не само активисти, туку и симпатизери на БКП.

Партизанското движење не покажува сериозно противдејство на внатрешната и на надворешната политика на Владата.

Бугарија е принудена од силите на Тројниот пакт да им објави војна на Англија и на САД. Тоа решение има фатални последици за земјата. И покрај тоа, Германија не може да го натера цар Борис да испрати наши војски на Источниот фронт против СССР.

Во 1941 година, под притисок на владата на Германија, кај нас е усвоен “Законот за заштита на нацијата”. Врз основа на него, бугарските Евреи се лишуваат од граѓанските, политичките и од стопанските права. Обидот на Германија да го наметне нивното екстрадирање од Бугарија, наидува на остра реакција на бугарската општественост и на православната црква. Тие не го дозволуваат нивното екстрадирање и уништување. Со овој акт на демократизам и хуманизам, Бугарија ги заштитува своите граѓани Евреи. За жал, бугарските власти не можеа да ги заштитат Евреите во новоослободените земји, поради ултимативниот притисок на Хитлер за конечното решавање на

еврејското прашање, уште повеќе што овие земји во тој момент не беа под јурисдикција на бугарската држава.

Откажување од националниот идеал и неговата замена со идеологемот - “Изградба на социјализмот”

Во 1944 година, Црвената армија, по успешната Јаш-кишиневска операција, навлегува на балканскиот воено-оперативен театар и се придвижува кон границите на Бугарија. Наспроти, постојните дипломатски односи меѓу двете земји, СССР на 5 09 1944, ѝ објавува војна на Бугарија, а на 8 09 1944 година, Црвената армија упаѓа преку Добруџа и ја окупира целата земја.

На 9 септември 1944, се изведува воен преврат од група офицери, сврзани со политичкиот круг “Звено”, со “решавачка помош” на Црвената армија. Симната е владата на Константин Муравиев, составена од претставници на опозициските демократски сили. Создадена е влада на Отечествениот фронт на чело со Кимон Георгиев, но фактички раководена од комунистичката партија.

Бугарија ѝ објавува војна на Германија. Бугарската војска учествува во последната етапа на Втората светска војна со дејства на Балканот (го ослободува Поморавјето со Ниш, цела Вардарска и голем дел од Егејска Македонија) и Унгарија. Во битките против германската армија, Бугарија дава повеќе од 32.000 војници, убиени, ранети и исчезнати без трага. И покрај тоа, по завршувањето на Втората светска војна, Бугарија не е призната, вклучително и од СССР, за завојувана земја на големата коалиција. Таа повторно е ставена на обвинителната клупа на победените. Во времето на Париската мировна конференција, претставниците на отечествено-фронтовска Бугарија, на чело со Васил Коларов, не ги заштитуваат на достоен начин нашите национални интереси. Бугарија успева да ја сочува Јужна Добруџа, но ги губи Бугарското Поморавје, Македонија и Беломорска Тракија. Со тоа на нашиот национален идеал му е нанесен тежок удар. Бугарија повторно е во состојба на национална катастрофа.

По масовните убивања без суд и пресуди (како во 1923-1925), за приврзаниците на бившите политички режими кај нас и за активистите на ВМРО, значи за виновниците на националната катастрофа, е основан “народен суд”. На обвинителната клупа, заедно со лицата што учествувале во гонењето партизани, се исправени “фашистичките” бугарски политичари како и многу дејци од културата. Тие се обвинети за “велико-бугарски шовинизам” и за соработката на Бугарија во Втората светска војна, како сојузник на нацистичка Германија. Осудени се на различни временски казни затвор, а мнозина од нив и на смрт.

Во услови на советско воено присуство, Бугарија е натерана од владејачката БКП, да се откаже од својот национален идеал, којшто е прогласен за “великобугарски и шовинистички”. Националното прашање и се потчинува на класната борба и се жртвува во името на “социјалистичката револуција”.

Јалтската конференција на “Тројцата големи” (февруари, 1945) ја решава поделбата на Европа, поставувајќи ја Бугарија конечно во “советската зона” на влијание. Ова решение ја определува политичката судбина на Бугарија за следните 45 години.

Во околности на политички насилства и во присуство на делови на Црвената армија, на 8 09 1946 година, се одржува референдум, со кој Бугарија е прогласена за Република.

Владата на Георги Димитров го воспоставува режимот на “народна демократија”, варијанта на “пролетерската диктатура”.

Се забрануваат политичките партии и организации. Се отвораат нови конц-логори, во кои се притвораат илјадници бугарски граѓани, претежно интелектуалци, несогласни со политиката на БКП.

Целата нација се поставува во услови на тотална диктатура. Најтежок е ударот врз бугарската интелигенција, врз средните и имотните слоеви од населението. Се врши национализација на

индустријата, експропријација на крупната градска сопственост, како и насилна колективизација на земјата.

Бугарскиот народ се лишува од основните човекови права – неприкосновеноста на личноста, слободата на зборот, правото на информираност и правото се да патува по светот.

Нашата држава е претворена во сателит на СССР, со ограничен суверенитет и национална независност.

Во 1945, на територијата на Вардарска Македонија, се создава Народна Република Македонија, во рамките на Југословенската федерација. Таа се создава согласно со прочуеното решение на Коминтерната од 1934, за создавање “македонска нација” и согласно со доктрината на Стојан Новаковиќ, за “македонизмот”.

Таа република се изградува на антибугарска основа. Од Белград е наметнато создавање “македонски јазик”, со српска азбука, туѓа на морфологијата на јазикот на македонските Бугари. Со неа се цели кон нивното оддалечување од бугарската јазична норма.

Започнува процес на грабеж и фалсификување на бугарската национална историја во оној нејзин дел, што се однесува на географската област Македонија. Истовремено со тоа , потекнува и плански процес на денационализација и македонизација на македонските Бугари - 23.000 луѓе се убиени, а околу 140.000 минуваат низ конц-логори, единствено затоа што не се откажале од бугарското самосознание.

Во исто време, во Беломорска Македонија се развиваат истите процеси на асимилација и терор над бугарското население, објавено од Грците како “елини бугарогласни (вулгарофони)”, а подоцна - “елини славофони”. Ова население смислено се вовлекува во Граѓанската војна во Грција, од страна на Грчката комунистичка партија, која по победата му ветува гарантирање на бугарските национални права. Билансот е трагичен. Убиени се илјадници Бугари, над 60.000 се упатуваат како емигранти низ целиот свет.

Голем дел од нив, се вклучуваат во македонските патриотски организации во САД, Канада, Австралија и Европа, каде што ја продолжуваат борбата за остварување на бугарскиот национален идеал - националното ослободување и обединување со татковината. Другиот дел е раселен низ сите социјалистички земји, најмногу во СССР.

За да се оствари решението на Сталин и Тито за Вардарска Македонија под раководство на Георги Димитров, Десеттиот пленум на ЦК на БКП, во август 1946, усвојува едно чудовишно антинационално решение - да се создаде “македонска нација”, во Пиринскиот крај. Ниту една партија и ниту една влада во светската историја, не би си дозволила да натера дел од својот народ да се откаже од својата национална припадност. Во остварувањето на ова решение, илјадници патриоти во Пиринска Македонија се малтретирани и интернирани, а други исчезнуваат без трага.

Многу од нив ја претпочитаат смрта од откажувањето од бугарското име.

Низ сиот 45-годишен период на тоталитарно управување, БКП води недоследна и често мошне противречна и волунтаристичка политика по националното прашање. Национализмот се разгледува како пројавување шовинизам и фашизам, а националнихилизмот, како доказ за висока комунистичка свест и интернационализам.

Создаденото културно-просветно и хуманитарно друштво “Родина” во 1937 година од Бугаро-муслимани, за кратко време успева да го поврати бугарскиот национален идентитет на околу 90.000 души, кои го примаат христијанството. Непосредно по 9 09 1944, активистите на друштвото “Родина” во Родопите се прогласени за фашисти и се репресирани. Речиси сите Бугаро-муслимани што се вратиле во бугарската нација, насила се вратени во крилото на исламот. Со овој акт повторно започнува нова кампања за одродувањето на овие Бугари.

Турското население добива специјални привилегии. Отворени се десетици турски училишта и гимназии со настава на турски јазик. Новосоздадената турска интелигенција започнува да пројавува интерес за турскиот национализам, со што ѝ создава проблеми на социјалистичката власт.

Во 1956, на чело на власта во земјата застанува Тодор Живков, кој за кусо време тоталитарниот режим кај нас го претвора во авторитарен.

Во тој период продолжува индустријализацијата на земјата и механизацијата на селското стопанство. За размерите на земјите, создадена е значителна индустрија. Целата стопанска и надворешно-економска дејност на Бугарија се одвива со СССР и со членките на СЕВ.

Се воведува бесплатно образование. Се создава атмосфера на социјална сигурност. Се отвораат редица виши училишта и културни институции. Уметноста и културната дејност му се потчинети на партискиот идеологем - “социјалистичкиот реализам”.

Бугарската православна црква е лишена од можноста да ја извршува својата народно-корисна дејност, со тоа што е претворена во “декоративна институција”. Активно се дејствува низ “борбениот атеизам” за нејзиното отстранување од бугарскиот духовен простор.

Заради мошне централизираниот систем на раководење со стопанството, и наметната “уравниловка”, стандардот на живот останува низок. Тоа ги засегнува посебно интелектуалните слоеви на населението, а во корист на неквалификуваната “работничка класа”. Цената, платена од целиот народ за изградената “материјално-техничка база на социјализмот”, е мошне висока. Тоа го определува и нискиот животен стандард во сиот тоталитарен период.

Во текот на 45 години, националниот идеал се заменува со “пролетерски интернационализам”, со “социјалистички

патриотизам” и со други идеологеми. За врховен идеал се прогласува “изградбата на комунизмот”.

По 1961, БКП започнува нова политика по националното прашање. Се затвораат турските училишта, започнува процес на национално преосвестување на Бугарите-муслимани и на дел од Циганите. Во 80-те години, овој процес, под името “возродителен”, се раширува и ги опфаќа Турците, Татарите и Циганите.

Овде е местото да се одбележи дека не само во случај на управувањето на БКП, туку и во сета 120-годишна нова историја на Бугарија, Бугаро-муслиманите се трипати покрстувани. Овие срамни страници од нашата нова историја најчесто се плод на ситнопартиски сметки и на отсуство јасна и доследна политика на нашите државници по бугарското национално прашање.

Бугарија низ сиот тоталитарен период не води своја самостојна и независна надворешна политика. Доктрината “Брежњев” на “ограничен суверенитет” нe тера постојано да го усогласуваме секое надворешно-политичко прашање во Москва. Тоа се однесува и на македонско прашање, болно за бугарската нација. Плимите и осеките во политичките односи меѓу СССР и Југославија ги определуваат расположенијата на бугарските политичари во однос на Вардарска и на Егејска Македонија, респективно во однос на Југославија и Грција.

Незаинтересираноста на управувачите од времето на тоталитарниот режим за судбината на Бугарите што живеат во туѓина е уникатна. Дури во седумдесетите години, БКП започнува да ја ревидира својата политика кон “македонското прашање”, но по принципот на двоен стандард. Од една страна, им се дозволува на бугарските научници-историчари да работат на проблемите на македонското прашање заради заштита на “историската вистина”, а од друга, во својата надворешна политика БКП ја спроведува линијата на признавање на “македонскиот јазик” и на “македонската нација” (Види -Решение бр. 333 од 22 06 1971 на Пленум на БКП).

Со наближувањето на 1300-годишнината од основањето на бугарската држава, се повлече забраната за целосно истражување на бугарското национално прашање. Се остваруваат, значителни според своите размери, пробиви на бугарската национална историја и култура кај нас и посебно во светот. Тоа е пречекано со восхит и изненадување од странците, кои повторно го откриваат духовниот гениј на еден од најдревните европски народи.

Прославата на 1300-годишнината од бугарската држава е еден мошне енергичен и храбар обид да се обнови националниот идеал за духовно обединување на сите Бугари кај нас и во светот. Во времето на кризата во комунистичкиот систем што започна во почетокот на 80-те години (“Солидарност” во Полска, дисидентите во СССР), овој обид е запрен како резултат на силниот притисок на КПСС, во името на “социјалистичкиот интернационализам”.

По 1985, во Бугарија настапува стопански застој, кој се јавува како вовед во големата стопанска криза што започнува кон крајот на 80-те години.

Бугарија во пост-тоталитарниот период

На 10 ноември 1989, беше извршен политички преврат, кој му стави крај на тоталитарното владеење во Бугарија.

Бугарската држава од тоталитарниот режим наследува 12 милијарди долари надворешен долг, неефикасно стопанство, ограничени извозни можности, силно ограничување на нашите традиционални пазари по распадот на СЕВ. Земјата е исправена пред тешка економска криза. Се јавува голема безработица. Тоа причинува повеќе од 250.000 души, претежно млади и високообразовани Бугари да емигрираат. Настанува процес на интелектуално осиромашување на нацијата.

Започнува преодот од тоталитаризам во демократија. За излегувањето од стопанската криза се наметнува спроведувањето структурна и финансиска реформа, која што

мошне доцни. Тоа многу ја влошува економската и социјалната положба во земјата.

Бугарија преживува тешка демографска криза. Таа се должи не само на емиграцијата на големи маси бугарски граѓани, но и на ниската стапка на фертилитет. Постојано влошуваниот животен стандард и недостатокот доволно средства го нарушува нормалното функционирање на здравствена заштита, на образовните и на културните институции во земјата.

Во 1991 година, Големото народно собрание го усвојува новиот устав, кој предвидува планско разградување на структурите на тоталитарната држава и поставување на основите на парламентарна република.

Во преодот кон демократија, одново се раѓа неопходноста од бугарски национален идеал. Веќе се говори, се пишува и се дејствува отворено, со грижа за судбината на Бугарите надвор од државните предели.

Денес Бугарија нема национален идеал. Не се посочени ниту најблиските национални задачи.

По 10 ноември 1989, националното прашање се сведува на заемните односи меѓу етничките заедници во земјата. На тој начин, тоа одново е насочено кон внатре. Напорите на установите, на партиите и на организациите, го носат духот на несовладливи идеолошки спротивности. Тоа уште повеќе ја продлабочува националната разединетост.

Прашањето на заздравување во слободна Бугарија станува водечко, а судбината на нашите сонародници “надвор”, повторно се изместува во заднина. Со нова сила се наметнува себеоправдувачкото: “Прво да се спасиме себеси, потоа ќе ги помагаме браќата зад границата”. Економската привлечност на бугарската држава е сведена на нула.

Националниот идеал се носи и предава од поколение на поколение. Во него може да се изврши промена или прекин, но посилна треба да биде прифатливоста. Ние, Бугарите, сме еден

од оние напатени народи со неостварен идеал, што ни тежи и кога не сме свесни за него. Вербата во можноста “да бидеме”, е длабоко повредена. Не е исчезнато мешањето на идеалите од времето кога во детските читанки, интернационалистите го заменуваат Вардар со Искар, без согласност на Дедо Вазов.

Според тоа, би било почесно да започнеме од самите себеси, а после да се лутиме на туѓите фалсификатори.

А сепак, немаме друг избор, освен да се надеваме дека националниот идеал не е погребан, туку е вкоренет во бугарскиот народ, зошто без него, ќе се претвориме во население што живее на определена географска широчина. Дури и името Бугарија ќе се претвори во географски поим…