Canadian Macedonian Heritage Society Canadian Macedonian Heritage Society Станете член!

The Balkan Mega-ethnos: National Doctrines of Macedonia's Neighbours

3. БУГАРСКИОТ НАЦИОНАЛИЗАМ - Part 02

Од Димитар Мирчев · Дел 21 од 50 · Околу 18 минути

Читај на English

Седумте бурни години (1887-1894), на Стамболовата управа се период на бескомпромисна борба против сите кај нас што се подготвени да допуштат надворешно вмешување, што би довело до ограничување на националниот суверенитет и до независност на земјата.

За време на неговата управа, се создава законодавство што ја штити приватната сопственост и производите на бугарската индустрија, која забележува значаен напредок. Нашето селско стопанство бележи напредок. Трговијата процутува, како што се шират пазарите за извоз. Надворешни заеми се употребуваат за железничко-патна изградба и за вооружување. Бугарија постепено се претвора во европска земја, со европски главен град. Гимназии и болници никнуваат до касарните и фабриките, создавајќи претстава за една нова Бугарија. Во 1892 година, во Пловдив е отворена првата земјоделско-индустриска изложба.

Во тие тешки времиња за бугарската нација, судбината на Бугарите од Тракија и од Македонија како да останува на втор план.

Довчерашниот национал-револуционер, Стефан Стамболов, смета дека слободата на тие земји треба да се добие не со оружје, туку со просвета и со духовно обединување. Тој ја оценува огромната улога што Бугарската егзархија ја играла во зачувувањето на бугарското национално сознание во Македонија и во Тракија, со тоа што на секој начин ја подржува. Со такт и умеење, Стамболов добива берати од султанот за назначување на владици во Македонија и во Тракија.

Бугарската егзархија вклучува во Македонија седум епархии, водени од владици - Охридската, Битолската, Скопската, Дебарската, Велешката, Струмичката и Неврокопската, како и со седум заменици во - Костурската, Леринската, Воденската, Солунската, Поленинската (Кукушката), Серската и Мелничката, како и две во Беломорска Тракија - Драмската и Едренската, со над 1.300 свештеници, 1.600 цркви, 73 манастири. Бугарската држава сестрано го помага големото дело на Бугарската егзархија. Во Македонија и во Едренска Тракија, се отвораат 1.373 бугарски училишта, од кои - 13 гимназии во Солун, во Скопје, во Битола, во Сер, во Лозенград и во Едрене, со 2.266 учители и вкупно со 78.854 ученици.

Бугарската егзархија игра исклучително важна историска улога во културно-националниот развој на Бугарите во Македонија и во Тракија. Таа го подржува единството на бугарскиот народ.

Напоредно со просветната и со културната дејност на Егзархијата, се раѓа и национално-ослободителното движење во Македонија и во Едренско.

На 23 октомври 1893 година, во Солун се создаваат Бугарски македоно-одрински револуционерни комитети (БМОРК) од Дамјан Груев, Петар Попарсов, Иван Хаџиниколов, д-р Христо Татарчев и од други дејци. Творците на Организацијата си поставуваат за цел да се борат за извојување целосна политичка автономија на Македонија и на Тракија, како етапа кон обединувањето со Бугарија. Подоцна, на чело на организацијата застанува Гоце Делчев, кој изградува сеопфатна револуционерна мрежа од комитети во цела Македонија и Одринска Тракија. Во 1895 година, во Софија се создава Врховен македоно-одрински комитет (ВМОК), на чело со Трајко Китанчев, организација на бегалците од Македонија и Одринска Тракија, со истите цели и задачи. Во 1902 г, БМРОК се преименува во Тајна македоно-одринска организација (ТМОРО), а во 1905, во Внатрешна македоно-одринска револуционерна организација (ВМОРО). На 2 август (Илинден), на 19 август (Преображение) и на 14 септември (Крстовден во Серско) 1903, ВМОРО во Македонија и во Одринска Тракија го дига - Илинденското востание. Востанието е израз на безизлезната положба на Бугарите во Македонија и во Тракија и на нивната решеност да си го дадат животот за својата слобода. Европските Големи сили, остануваат молкум, заради недостатокот единство по прашањето на македонската автономија во рамките на Берлинскиот договор (чл.23).

Бугарија не е во состојба непосредно да го помогне востанието, заради реагирањето на сите соседни земји.

Задушеното востание потикнува 50.000 злоставувани Бугари од Македонија и од Тракија да побараат спас во Бугарија.

На 22 09 1908, е објавена независноста на Бугарија од Османлиската империја. Тоа е важен политички акт на владата на Александар Малинов, во нашата национална историја. Нашата држава станува царство, се стекнува со правна еднаквост во меѓународните односи и го отфрла, наследениот од Османлиската империја, режим на капитулации кон Големите сили. Во 30-годишниот слободен живот, Третата бугарска држава покажува забележлив стопански подем. Изградена е мрежа на железници, патишта и пристаништа. Поставена е основата на бугарската индустрија. Макар што Бугарија е селско-стопанска земја, таа успева да постигне завидни стопански и финансиски успеси. Тоа создава услови за барање политичко или воено решение за остварување на националниот идеал- обединета Санстефанска Бугарија.

Бугарија не може да се впушти сама во војна, без сојузници, не само заради значителните извори на Османлиската империја, туку и заради очекуваното вмешување на другите балкански држави против неа. Тие никојпат не ќе и дозволат да посегне сама врз османлиското наследство во Европа.

Србија поставува услови да биде почитуван принципот на автономија и да се разграничат сферите на влијание во Македонија. Настанатите тешкотии се надминати со посредништво на Петербург, кој се стремел да се изгради Балкански сојуз против пенетрацијата на Германија и Австро-Унгарија кон протоците и кон Блискиот Исток. Со договорот, потпишан на 29 февруари 1912, српската влада го признава за “неспорно бугарски”, поголемиот дел од Македонија, при што само Скопскиот округ е прогласен за “спорна зона”, по што треба да се произнесе високиот арбитар, императорот Николај Втори.

Заради спорот за поседувањето на Солун, во договорот склучен со Грција на 1 мај 1912, не се определува поделбена линија.

Тоа на Грција ѝ дава предност подоцна да го стави пред свршен факт во Македонија својот сојузник зафатен со воени дејства во Тракија. Со приклучувањето на Црна Гора, завршува

изградувањето на Балканскиот сојуз, полн со противречности и со карактер на привремена коалиција.

Политичката кусогледост и недалекувидост на царот Фердинанд Први и на владата на Иван Гешов, не им дозволува да ги проценат долгорочните трагични последици за Бугарија, од склучениот Балкански пакт. Единствено Бугарската егзархија, на чело со нејзиниот главатар - егзархот Јосиф Први, го осудува овој акт со пророчки зборови, упатени кон цар Фердинанд Први - “Триесет години копав бунар со игла во Тракија и во Македонија, кого Вие со еден замав го закопавте!”.

Започнува првата Балканска војна (1912-1913). Бугарскиот народ ја дочекува веста за војната со одушевување и со патриотски ентузијазам. Вербата дека со неа ќе се обедини распарчената татковина, ја мобилизира сета нација. Уште од првите денови на војната, во редовите на бугарската војска се вклучува создадениот Македонско-одрински отпор и чети на ВМРО, во состав од 70.000 луѓе.

Бугарската војска ја понесува на плеќи основната тежина на војната. За четири недели, турската армија е поразена во битките кај Лозенград, Љулебургаз, Булаир и особено кај Едрене. Ослободени се милион и половина “браќа надвор од Рила и Родопите” во Македонија и во Тракија. Во тие борби, бугарскиот војник ги покрива со непресушлива слава своите бојни знамиња и на целиот свет му докажува дека е достоен да ги брани родот и татковината.

Додека бугарската војска војува на Источно-тракискиот воен театар, сојузниците окупираат голем дел од Македонија. Прекршувајќи го договорот со Бугарија, Србија и Грција објавуваат дека територијалната поделба на Македонија треба да биде не на етничка основа, туку на основа на фактичката окупација на териториите. Тоа е основната причина за никнувањето на споровите меѓу сојузниците.

За Бугарите во Македонија, слободата запира на Вардар и Брегалница. Владите на Србија и Грција се откажуваат од своите договорни обврски. На 19 мај 1913, тие склучуваат

против-бугарски сојуз, заснован на древниот закон на завојувачите –“о кајшто стапнала војничката нога” Балканскиот сојуз е разурнат однатре. Во своето својство на арбитар, Николај Втори ги поканува четворицата министри-претседатели во Петербург, укажувајќи на неопходноста од отстапки во спорната зона. Незадоволна од голтнувањето “само” на Силистра, Романија се присоединува на против-бугарската коалиција. Високата порта со нестрпливост чека да се вмеша во новата војна на повидок и да поврати барем дел од загубеното. Соседите на Бугарија не сакаат да дозволат образување и утврдување силна држава во срцето на Балканот низ природно национално обединување.

Подложено на општо потиснување, бугарското население во Македонија испраќа жешки молби за заштита. Непрекинатото “ползење” на вероломните сојузници, според Главната команда, треба да добие поучен отпор. Цар Фердинанд заповеда, преку својот помошник, генерал Михаил Савов, “да се одговори со сите средства”. (Потврдено од Парламентарната анкетна комисија на 17 редовно Народно собрание). Во ноќта на 17 јуни 1913, бугарските војски ги напаѓаат противничките позиции во Македонија.

Долго очекуваниот повод за војна им е пренесен на Србија и Грција.

Романија извршува мобилизација и ѝ упаѓа зад грб на завојуваната бугарска армија. Турските дивизии се втурнуваат во Источна Тракија, оставена на немилост, сеејќи насекаде смрт и разурнување. Бугарија се наоѓа во фронтален обрач, сама против пет држави. Големите сили не се вмешуваат, чувајќи се од прерано вовлекување во наидувачката голема војна. Преговорите за мир во Букурешт му го потчинуваат правото на силата.

Договорите за мир што следуваат во Букурешт (28 07 1913) и во Цариград (16 09 1913), ѝ даваат на Бугарија само еден девети дел од Македонија, ѝ ја одземаат Јужна Добруџа и Источна Тракија, но и го сочувуваат излезот на Бело море преку Западна Тракија (Види карта бр.10).

Втората балканска (меѓу-сојузничка) војна, завршува со национална катастрофа. Над 250.000 бегалци од Македонија и од Одринска Тракија се прогонети од своите родни огништа во Бугарија.

Во летото 1914, избувнува Првата светска војна. Тоа силно ја издигнува политичката и воена цена на Бугарија. Таа зазема клучна положба на Полуостровот, располага со силна и извежбана армија и може да дејствува цврсто и заострено против соседите.

Компромисната дипломатија, особено руската, вложува непрекинати напори за да ја привлече Бугарија како сојузник. Ѝ се предлага веднаш да ја заземе Источна Тракија, а условно ѝ се ветува поголемиот дел од “неспорната зона” во Македонија. Царот Фердинанд и бугарската влада се убедени дека Србија и Грција, кои се територијално многукратно проширени, во Македонија нема да отстапат ниту педа земја. Таа позиција се потврдува од многубројните декларации, направени во Белград и Атина.

Германија и Австро-Унгарија кои веќе војуваат со Србија, покажуваат поголема и безусловна дарежливост кон Бугарија, во Македонија, во Поморавјето и во Тимочко. Руското отстапување од Карпатите и Висла во 1915, пропаѓањето на Дарданелската операција и позициското мирување на Западниот фронт, им ставаат крај на колебањата на политичките фактори во Софија.

На 24 август 1915, владата на д-р Васил Радославов потпишува договор за сојуз меѓу Бугарија и Германија. Приложената тајна спогодба го гарантира присоединувањето на спорната и беспорната зона во Македонија, на бугарското Поморавје и Тимочко. Ако Романија се определи против Централните сили, Бугарија ја добива назад Јужна Добруџа до Санстефанската граница. Ако тоа го стори и Грција, на Бугарија ѝ се предава и Југо-источна Македонија. Меѓу Бугарија и Османлиската империја се постигнува спогодба за преминување на долниот

тек на Марица, со железничката линија Одрин-Дедеагач под бугарско владеење. (Види карта бр. 11).

Бугарската војска, во која учествуваат околу 150.000 Бугари од Македонија (прославената 11-та Македонска дивизија), како и единици од дезертираните 34.000 Бугари од српската и 19.000 од грчката армија, покажува нечуени подвизи во битките за Поморавјето, за Македонија и за Добруџа.

Големата војна е изгубена. Бугарија одново е повлечена во пропаста на национално урнување. Се дигаат војнички бунтови.

На 27 09 1918, во Радомир, замјоделскиот активист Рајко Даскалов ја прогласува Бугарија за република. Востанието е задушено.

Цар Фердинанд Први е принуден да абдицира. Во текот на 25 години тој многу придонесува за успешниот развој на бугарската држава. Меѓутоа, во последните шест години, со негово непосредно учество, Бугарија е вовлечена во три војни. Тоа ја води до две национални катастрофи, што става негативен знак во билансот на неговото царување.

На престолот доаѓа цар Борис Трети (1918-1943). Во неговите раце е оставено државното наследство - економски разорената држава и социјално раслоеното општество.

На 27 ноември 1919, мин.претседателот Александар Стамболиски го потпишува Нејскиот мировен договор (Види карта бр.12).

По силата на на овој договор:

- Србија одново ја добива Вардарска Македонија и успева да издејствува стратешка граница во однос на Бугарија. Таа дополнително ги зема Струмичко, Босилградско, Царибродско и дел од Кулско-старите предели на Бугарија;

- Грција, освен Егејска Македонија, го зема уште и бугарскиот излез на Бело Море, меѓу реките Места и Марица;

- Романија- ја зачувува Јужна Добруџа.

Ова доведува до нов бран од 200.000 бегалци од Македонија, Тракија, од Добруџа и од Бугарското Поморавје кон Бугарија.

На Бугарија ѝ се наметнати тешки репарации. Огромните жртви и пропаѓањето на националното обединување, во душите на многу Бугари вкоренуваат сомневање во можностите за неговото остварување по воен пат.

Во 1920 година, во услови на тешка повоена криза, на власт доаѓа Земјоделскиот сојуз на чело со Александар Стамболиски.

Се спроведуваат редица реформи, но самата селска власт предизвикува сериозна затегнатост, разединување и судири во општеството. Тоа се изразува во општественото дискредитирање на чиновништвото, на претприемништвото, на активистите на национално-ослободителното движење во Македонија, Тракија, Добруџа и особено во офицерскиот слој, кој поседува голем престиж во општеството. Причината за таа околност е во откажувањето на раководството на БЗНС од бугарскиот идеал за национално обединување и од водените војни за негово остварување. Во надворешната политика, Стамболиски спроведува линија на зближување со Србија, до голем степен скршнувајќи од бугарските национални интереси.

На 9 06 1923, Воениот сојуз извршува државен преврат, поставувајќи ја на власт владата на проф. Александар Цанков. Раководните личности на Земјоделскиот сојуз емигрираат во Кралството Југославија, каде што некои од нив им се ставаат на располагање на југословенската и на грчката влада.

Особено место во нашата најнова историја игра Коминтерната со грубото вмешување во политичкиот живот на земјата. Главната цел ѝ е остварување на “Доктрината за светска пролетерска револуција”на Ленин и Троцки. Коминтерната ги претвора сите компартии во светот во свои сателитски секции.

Под превезот на легалните комунистички партии, таа организира саботажни и терористички акции во речиси сите европски земји. Нашата земја е една од државите што се предмет на такви дејства.

Според решение на Коминтерната, во Бугарија се испратени В. Коларов и Г. Димитров. Тие го наметнуваат, против волјата на претседателот на БКП, Димитар Благоев, становиштето за дигање вооружено востание кај нас. Мошне осиромашениот народ, разорен од долгата и исцрпувачка војна, кој не е вооружен и подготвен, турнат во анти-владин метеж - брзо и жестоко е задушен. Тоа им дава основа на управувачите да го донесат во 1924 “Законот за заштита на државата”, кој ги забранува сите терористички и конспиративни партии и организации, оневозможувајќи ја нивната дејност.

На 16 04 1925, со решение на ЦК, воената организација на БКП извршува атентат во катедралата Света Недела. Во него се убиени 147, а ранети 500 души, меѓу нив и многу личности од политичката елита на Бугарија. Тоа станува повод за извршување на масовни политички убиства и предизвикува состојба на граѓанска војна во мошне разединетото општество.

Поучена од националните катастрофи, Бугарија се свртува кон обид за мирна ревизија на тешките и неправични Нејски решенија. Националната програма е поделена на минимална и максимална, приспособена на умереност и постапност.

“Мирната ревизија” бара сообразување со развојот на меѓународните односи и наоѓање процепи во противречностите меѓу Големите сили. Борбата за житницата Јужна Добруџа и излезот на Бело Море привремено го изместува македонското прашање како главен предмет на надворешно-политичките напори.

Во тоа време, во земјите окупирани од Србија и од Грција, Македонија и Тракија, започнува процес на геноцид и асимилација на бугарското население. Масовно се убива и се прогонува бугарската интелигенција - свештениците, учителите и видните личности. Народот е подложен на исклучително

национално и економско угнетување. Тоа го наметнува обновувањето на ВМРО и нејзината вооружена и културно-просветна борба против новите поробувачи со лозинката за автономија или политичка слобода на Македонија. Оваа борба минува низ два периода - од 1918-1924, на чело со Тодор Александров и од 1925-1941, на чело со Иван (Ванчо) Михајлов.

Во овој период, Коминтерната вложува исклучителни напори да го потчини на својата класна идеологија бугарското национално-ослободително движење во Вардарска и во Егејска Македонија. Таа се стреми да го претвори ВМРО во “тупаница на пролетерската револуција на Балканот”. За реализирање на оваа цел, Коминтерната создава свои сателитски организации насочени против ВМРО, како ВМРО-Обединета, Македонската федеративна револуционерна организација (федералисти), користи и некои комунисти од Македонија и леви земјоделци. Со своите дејства, без оглед на нивната идеолошка основа, овие организации во тоа време им служат на интересите на Србија и на Грција во Македонија. Обидот на Коминтерната да се инфилтрира и да го преземе ВМРО преку свои агенти, предизвикува остар конфликт, кој завршува со редица убиства. Тие се случуваат меѓу активисти на ВМРО на чело со Тодор Александров и Иван Михајлов од една страна и од друга -активистите на Коминтерната во Бугарија, во Вардарска и во Егејска Македонија. Затоа едномислениците на Иван Михајлов кај нас беа најжестоко прогонувани по 9 09 1944 година.

Истовремено, Србија и Грција во својата борба со ВМРО, успеваат да заврбуваат со застрашување, некои деградирани активисти на организацијата - главно федералисти, создавајќи од нив контрачети во Македонија. Тие оставаат крвава трага во редица градови и села на Македонија.

Обидот на ВМРО да ја зачува организацијата од агентитe на Коминтерната, на Србија и нa Грција, доведува до братоубиствена војна, која останува неразбрана од голем дел на бугарското општество до денес.

Низ својата целокупна дејност во тој период, ВМРО успеа да го одржува будно бугарското национално сознание и идејата за ослободување на населението од Македонија и Беломорска Тракија. Во текот на две десетлетија, таа успеа да го држи отворено националното прашање пред светската јавност, заштитувајќи ја на најдостоен начин бугарската национална кауза. Не е помал и придонесот на западно-покраинските, добруџанските и тракиските Бугари, останати вон границите на татковината.

Ограбена територијално и материјално од своите соседи, разоружена и оставена без регрутна армија, Бугарија е исцрпена.

Дел од бугарската интелигенција се оддава на национална ма-лодушност и излез во национално-нихилистички позиции. Овој период се совпаѓа со Октомвриската револуција во Русија и револуционизирање на значителни маси на населението на Германија, Унгарија и Бугарија, незадоволни од последиците на светската војна.

Во овој тежок период за Бугарија, министер-претседателот Андреј Љапчев (1926-1931) заветува дека во слободната држава треба да се сочува “јадрото на бугарската нација”, зашто, “додека ја има Бугарија, ќе има и надеж за поробените Бугари”. Поважно е да го сочуваш искастреното, одошто да го ризикуваш и него, “речиси за ништо”.

Умереноста се наметнува и од недостатокот редовна армија, на која ќе се потпре надворешната политика за постигнување на националните идеали.

Бугарија упорно се откажува од придружување на Балканскиот пакт, склучениот на 9 02 1934, бидејќи не го признава наметнатиот повоен статус-кво.

Неуспесите на српските власти во асимилацијата на Бугарите во Вардарска Македонија за триесет години, наложува промена во нивната тактика. Пуштена е во акција доктрината “за

македонизмот” на српскиот политичар и научник Стојан Новаковиќ од 1888 година. Таа се состои од 6 основни тези:

1. Формално да се тврди дека Македонските Словени не се ниту Срби, ниту Бугари, туку одделен народ - македонски;

2. Македонскиот дијалект непрекинато да се оддалечува од бугарскиот книжевен јазик;

3. Српскиот јазик сe повеќе да навлегува во македонскиот;

4. Да се користи српската азбука;

5. Да се хули делото на Бугарската егзархија како денационализаторско во Македонија;

6. Постојано да се повторува дека Македонците немаат ништо заедничко со Бугарите.

По решението на Коминтерната во 1934 година, за создавање “македонска нација”, бугарското население во Вардарска Македонија е подложено на интензивен процес на македонизација. Во тоа време, БКП спроведува кај нас линија на создавање на “добруџанска”, “македонска” и “тракиска” нации.

На 19 мај 1934, Воениот сојуз повторно се вмешува во политичкиот живот на земјата, раскината од меѓупартиските глодања и од бруталното мешање на надворешните сили во внатрешните работи на земјата. На политичката сцена излегува и политичкиот круг “Звено”, раководен од Кимон Георгиев. ( Водачите на овој преврат (Кимон Георгиев и Дамјан Велчев) подоцна се искористени од Москва за остварување на превратот на 9 09 1944, за создавање Отечествено-фронтовската влада под раководство на БКП.)

Заедно со измената на Трновскиот устав и со забраната на политичките партии, тежок удар е нанесен и на национално-ослободителното движење во Македонија, на Западните покраини, на Добруџа и на Тракија, со тоа што се забранети

нивните организации, на прво место ВМРО. Со оваа антинационална постапка, оваа влада активно ги опслужува југословенските, грчките и романските интереси.

Наметнатата воена диктатура го отвара патот за авторитарно управување на цар Борис Трети, до крајот на неговиот живот.

Фашизмот никојпат не доаѓа на власт во Бугарија. Во земјата се создадени и дејствуваат малубројни организации од фашистички тип, кои, меѓутоа, секојпат се во опозиција на владите, сe до 9 09 1944 година.

Бугарија е притисната во железен обрач од своите соседи. Десетлетија бугарскиот народ собира сили за лекување на раните од војните, нанесени на секое семејство и на сета држава. Дури кон крајот на триесеттите години, започнува процес на економско заживување, кој го достигнува својот врв во 1939 година.

На 7 септември 1940, врз основа на една перфектна дипломатска акција на цар Борис Трети и на неговата влада, на чело со проф. Богдан Филов, се склучува Крајовската спогодба. На Бугарија и е вратена Јужна Добруџа. (Види карта бр.13).

Со склучувањето на Тројниот пакт на 27 09 1940, тоталитарните сили си ги поделуваат сферите на влијание и завојувањето нови територии во светот. Како резултат на ова, полето за лавирање на Бугарија застрашувачки се намалува. Цар Борис одбива да ја присоедини Бугарија кон новооснованиот пакт, го отфрла предлогот на Мусолини за учество во војна против Грција и не го прифаќа советскиот предлог за склучување пакт за заемна помош.

Бугарската дипломатија вложува неуморни напори за зачувување на добитната неутралност, но наскоро и таа изгорува во пламените на светскиот пожар. Хитлер е решен по секоја цена да и помогне сојузничката Италија која трпела понижувачки порази. Затоа издава директива за преминување на 12-та армија преку бугарска територија.

Во почетокот на 1941 година изборот на Бугарија се стеснува меѓу сојузот со Германија, кој што претпоставува национално обединување, или разбивање со окупација. Надвладува неопходноста од зачувување на државата и на народот од ужасите на војната. На 1 03 1941, Бугарија му се придружува на Тројниот пакт.