ГЛАВА ЧЕТВРТА - Part 01
ГЛАВА ЧЕТВРТА
Занеме ходникот по тишината на стапалките
Седеа на креветите.
Во нејзиното молчење тој читаше старо исчекување. Меѓутоа познавајќи го добро нејзиниот карактер, тој очекуваше дека целиот живот ќе го измачува со нови и нови барања. Румена беше вистинска убавица и небаре Добрин на се премолчуваше.
Одекот на грациозните чекори на дежурниот полека замираа по должината на големиот сив ходник.
- Ја слушаш ли? - го запраша Румена.
- Што? - се занесе и тој да слуша.
- Тишината на стапалките, - и гракна да се смее. - Времето продолжува да тече... Го чекаме нашето испитување. Но ниту еден од нас не може да проникне во иднината што не чека, можеби и ние нечујно ќе исчезнеме во тишината.
Румена го укоруваше поради неговата партиска припадност. Таа го омаловажуваше и почнуваше жестоко да го напаѓа, дека тој и ја запустил младоста, со неговата ограничена совест и зошто тој на луѓето не им раскажува за неговата кариера, а тоа страшно ја мачеше до невиден бес. Слушаше како вели дека тоа очигледно му било должност, во една револуција, на секој да го стори, да даде се од себе, а по револуцијата се ќе си дојде само по себе... Страв и го стегаше срцето и ужас ја мачеше од помислата, ако останат на листата на чекање. Можеби нивните надежи некој ги избришал како со рака.
- Велиш дека ова било време без љубов? - и одвај и се оцрта нејасна насмевка кај Добрина.
- Токму така, - одговори таа. - Веќе е време да почнеш да го следиш животот. Не сум те видела да направиш молитва пред јадење, ниту молитва по јадење.
- Но, ти знаеш дека четириесет години јасно се оцртани во линијата на религијата со празнина и сега по прифатениот од на политиката и марксистичката идеологија најпрактичен е само атеизмот, а ти ме тераш на молитва. Смешно, нели?
- Тоа го тврдите вие кои посакувате да се идентификувате -државата е иста со партијата; и апаратот и сите заедно сте некој бесмртен... Инспиратори и организатори на еден систем на телесна и духовна контрола врз луѓето. Кај вас се е некако чудно; недовербата и сомневањето доаѓаат од апсолутна моќ до патолошко сомневање. И таквата власт е како причина за проникнување и прекинување на комуникацијата со обичните потреби за релаксација на душата. Власта ви е како нагон. Само во тебе таа семка некој ја откорнал, а без тој нагон си обичен наивко.
- Не, - рече тој. - Тоа е твоја оцена.
- Така е, ни останува само да се надмудруваме со глупави и празни расправии, кога знаеме дека иднината ни зависи од други.., а веруваме дека луѓето се раѓаат со својство на човечност, не со својство на партиска идеологија, - му рече и се испружи на железниот кревет, покажувајќи дека таа никогаш не се плаши од маж.
- Румено! - и се обрати питомо, без закана, - мислиш дека некој од овие иследници би можел да ме сфати? Но нашите соборци знаат дека сме тука, се разбира дека знаат. Но, знаеш што! Носејќи ја со години низ сибирските затвори, во длабината на душата тајната желба, посакувам да се вратам кај мајка ми.
Си припомнувам, тоа беше во летото 1934 година. Измачен од безнадежноста и бесперпективната положба во која се наоѓав по завршувањето на гимназијата, се враќав дома со полна глава црни мисли. Мајка ми чекала долго и кога ме виде, откако ручекот мој од варени компири го сокрила во скришната камара, ми рече: “Оди и наручај се...” Но, кога не најдов ништо од ручекот, бидејќи помислив оти моите огладнети сестрички
го изеле, постојав и не ги обвинив, а кога излегов во дворот, се чу гласот на мајка ми: “Јадеше?..” И одговорив: “Да, да јадев...”
Самоубиството ми се покажа како единствен излез. Се погрижив и го најдов пиштолот на татко ми. Имаше само пет патрони. Доволен беше еден во слепоочницата. Решив тоа да го сторам во визбата. Вратата бесшумно се затвори и останав сам во бетонскиот кафез, обидувајќи се да ја совладам клаустрофобијата. Сива светлина на магливо леринско утро, сонцето одвај понекогаш ја минуваше таа тенка граница. Цврсто ги стегав клепалата иако некаде длабоко внатре биеше чудно ѕвоно. Стравот пред вистината ме натера да си ја претставм мајка ми како ме здогледува испружен со растурен мозок. Каков удар за неа! Во семејството само јас бев машко и таа се гордееше. Ќе истраам. Како доказ го прифатив поразот на немоќта пред прстот на судбината. Во тој миг бев се, само немоќен. Се качив во собата и почнав да читам нешто од религијата, оти знаев дека тоа е вештина на живеење. Таа отвара пред човекот застрашувачко море на можности во визбите на психата. Читав за аскетизмот, кој восхитува со својот прагматизам, за фрустрираноста и сите нагласени особини на нарцизам, чувство на семоќ, а од следбениците се бара апсолутна доверба, послушност, аскетизам, сексуално воздржување, постоење, рано станување пред изгрејсонце, молитви, неупотреба на алкохол и опојни средства, а забрането е и самоубиство. Се сторив жива вода од потење, а прочитав дека тие верници поседуваат фасцинантни способности на вешти полемичари и обично проповедаат толерантност и социјална правда, но и тоа дека тие се со контролирана агресивност.
Размислував и посакав да станам даскал, па и самиот да проповедам добри работи.
На први септември 1934 година се запишав на Педагошката академија во Солун. Набрзо успешно го започнав животот како студент, но со воениот закон бев повикан на отслужување на воената обврска. По шеснаесет месеци се вратив од Атина со офицерски чин на грчката армија – антиполохагос (водник). Сe чувствував сигурен и повеќе не посакував да влезам во
просторијата на замисленото злосторство. Но, ме погодуваше гневот в очи бидејќи новиот директор ме имаше испишано од натамошните студии кога разбрал дека мојот предок е од домородците. Тоа беше во времето на владеењето на Метаксас.
Кога се појавив пред него, ми се обрна со зворовите: “ А, значи, вие сте тој. за жал, драги господине, немате право...”
Се вратив во Лерин со тешко срце... Што сега?
Единствениот што ме пречека беше пак тој стар пријател. Одвај го кренав погледот, го чув како ми вели: “Во Лерин утре доаѓа кралот Георгиос Втори, во обиколка на Македонија.” Се присетив на неговите зборови: “Глупости, собери се и оди напред! Тоа го бара животот...”
Утредента, стокмен во својата офицерска униформа, побарав прием. Зборував кратко за самоволието на директорот.
Заклучив: “Јас отидов да и служам на татковината, а директорот настојува да бидам казнет за тоа!”
Кралот погледна во писмото што го држев и праша:
“Пишувате за случајот во писмото? “ Му одговорив: “Да”. “Оставете ми го и бидете без грижа!”
Го зеде писмото и го стави на масичката до него. Ми ја подаде раката. При ракувањето ми ја стисна раката со одвај забележителна насмевка. Изгледа дека навистина можев да бидам без грижа.
Во ноќта на четврти август беше извршен државен удар. Лерин вриеше од воени и полициски патроли и тенкови. Се вршеа масовни апсења. Напнато, очекував да бидам уапсен, се до утрото. Но, не бев! Ми олесна. Тоа беше доказ дека уште не сум во црните списоци на Асфалијата (државна безбедност) како член на ОКНЕ.
Истиот ден добив и официјално известување од кабинетот на кралот, дека мојот случај е позитивно решен.
Кога се јавив кај директорот на Педагошката академија, ме пречека со широка насмевка, како да се радува што ме гледа и на неговите очи се читаше:
“Кој би помислил оти располагаш со толку големи врски!”
- Значи, таков бил патот за највисокиот знак на достоинството? - го запраша Румена со нерешителен глас.
- Чудно, - промрморе Добрин. - Но едно е вистина, дека во моето школување намерно се всадуваше единственото прашање: непоколебливо верување во чистотата и единството на грчкиот народ, јазик и култура.
Воспитувањето ми всадуваше претстави. Секоја година на училишната парада по повод востанието против “Турците”, приказната започнуваше со грчкиот генерал кој отепал толку многу поробувачи во еден ден, та на неговиот меч треба да му се оддаде посебно признание. Сите школски книги ги величеа оние византиски кралеви кои успевале да ги задржат надвор од империјата на дивјаците од Исток.
Сите епохи имаа по некој прилог кон листата на хероите кои се бореле за чистотата на Грција.
Кога сфатив дека таквото образование единствено резултира во интелектуална ароганција и морална сиромаштија, дојдов до сознание дека во раните култури на Егејот постоело силно афроазиско влијание. Сфатив дека Александар Велики не ја распространувал на исток грчката култура, туку носел терор и несреќа. Разбрав дека Солун имал еврејска култура рамна на виенската пред да колаборираат локалните Грци за нивното истребување. Се засрамив од сознанието дека во Македонија и Тракија живеат заедници кои ги третираат како отпадници само затоа што нивниот мајчин јазик не е грчки.
Кога сето ова го осознав, јас вторпат бев несреќен човек.
Utilisez les flèches gauche et droite pour tourner la page.
Imprimé depuis https://macedonianhistory.ca/fr/narrative/wonders-talkachi-e-book-macedonian/5 le 29 octobre 2026