ГЛАВА ПРВА
ГЛАВА ПРВА
Талкачите се враќаат на корените
Автомобил-комбе подзастана пред големата железна порта и набрзо му отвори службеник кој се поздрави само со возачот. До целта стигна веднаш, возејќи забрзано преку една уличка и застана точно меѓу две бараки. Во дворот бесцелно шеткаа неколку мажи и жени со разновидна облека, руска, полска, чешка и унгарска и кога ги видоa новодојдените, повеќето од нив се стрчаа кон возилото, а неколку останаа на плочникот да се расправаат за националниот развој на Унгарците во заткарпатскиот дел, под романска власт. Домарот на прифатилиштето стоеше пред влезот број три, со врзоп клучеви и чекаше. Новодојдените слегуваа со куфери и разни торби, маж кој вешто држеше во забите папироска, облечен во азијатска топлогрејка и бујна руска форашка, а по него беа две жени со дете што одеше со војнички чекор. Возачот сврте со автомобилот и си замина намигнувајќи му на детето. Низ ходникот се слушаше само одот на домарот кој носеше тешки потковици. Тој им подаде клуч од собата тринаесет; соба со асиметрична положба и пет кревети, мијалник и оштрбено огледало.
Домарот, кога оцени дека Добрин Сувогорски е глава на семејството, му подаде список да потпише и да ја прими состојбата во собата. Им покажа во која просторија се дели храна и им го кажа времето што беше определно согласно режимот на прифатилиштето. Откога излезе овој, секој по своја желба седна; креветите се затресоа и почнаа да крцкаат, а еден кревет остана празен.
Румена Сувогорска пред да седне здогледа по чаршавите дамки од мрсни капки, а на секое ќоше од чаршавите и перниците имаше печат втиснат од управата. Штиците на подот беа намачкани со црно изгорено масло, чешмата капеше, закачалката беше на самата врата. Над вратата стоеше закачен изразито робусен звучник, малку накривен и се слушаше тивка музика. Румена го сврте погледот кон таванот и се загледа во
светилката од која, чиниш со мака излегува светлина, цинично се потсмевнува и гледа во Добрина.
- Прифатилиштата насекаде се исти! Десет години талкаме од едно во друго... Туѓи чаршафи, кревети исклатени од бес, излигавени перници и заеднички нужници. Мирисам на туѓа мочка. До кога? - му се обрати на Добрина.
- До кога ќе чекам пред вратата на колективен нужник? Не дочекувам да излезе испостраната, па јас да клекнам. Преку трулите штици да слушам машко шуркање, или некој мене да ме слуша како се пнијам...
- Детето ми мириса на дезинфекција, на хлор и на дидитиви, -стана бесна и отиде кон огледалото над мијалникот. Се чешлаше и постојано зборуваше.
- Го хранам со лажици од кои јаделе луѓе заразени од сите видови болести, разни идиоти. Погледни го! - му се сврти на Добрина. - Ми личи на агитатор. Дури и неговите екстремитети ја загубиле симетријата. Не знае да заигра, се врти околу нас, смрдливците. Навикна и тоа да прислушкува и да шепоти во доверба “само тебе”... чиниш илегалец е. А, што да речам што цели десет години ме следат погледите на сенилни старци? Понекогаш полни со злоба, затоа што станале немоќни, -иронично се смее, префрлувајќи ја долгата коса преку рамото на Добрина предупредувачки - ми се здодеа од шалтерите и чекалните. Молби, таксени марки, изјави и докажувања. Десет крштелни имам со различни датуми. Кое е точно!? - се смее на глас. Првото, во кое не заведоа со презир и туѓо име? Во другото само датумите се грешни.
Добрин тргна кон неа и подвикна.
- Зошто толку сакаш да ме разубедиш?
- Знам, има луѓе со две лица, едното за жената, другото за другите луѓе. Јас не сум виновен што револуцијата создава и такви. Знам, и сега жените не се создадени за да бидат разбирливи, туку да бидат љубезни, гулабице моја!..
Мајка и гледаше во Румена како се чешла пред огледалото, и се доближи со нежност и ја погали по лицето.
- Румено, мајкина, иако си минала низ маки, имаш убава лика, -и рече мајка и Петра, која веќе со нив беше уште од петтото по ред прифатилиште. Румена, чиниш небаре доби полет, се сврте детински:
- Ах, мори мамо! Ако Добрин имаше малку љуов за мене како што се фалеше кога ме зема, јас не ќе имав време да се исчешлам.
- Хм, каде би била мојата моќ, кога не би постоела машка револуционерна вообразеност? Тие таквите кога ќе дојдат на власт, стануваат префинети егоисти. Мамо, жената која повеќе не е сакана, треба да прави се само да не плачи, нели сум жена на револуционер?.. Тој знае да ме убеди, дека секаков раскош го расипува човекот. Убедувањата му биле такви. Така бил задоен како револуционер - одмавна со главата и чешлето и падна.
Добрин сега се повеќе молчеше. Не ги слушаше луѓето и во разговор не се мешаше, па затоа и за него се помалку знаеја. Се чувствуваше виновен за неуспехот, но сега, слушајќи ја Румена нестрпливо изговори:
- Јас само ти предложив, а ти имаше право да си бираш маж.
Румена, чиниш одвај чекаше, веднаш се одзва, но сега како и таа да носеше некакви вина:
- Ете, те избрав. Си бил убав, си бил големец, а сега и јас имам толку право на радост и среќа, колку што тебе ти признаваат другите... И што ни останува како што велиш “Вистината ќе победи”. Но, не губи надеж дека лагата и клеветата можат да навратат и тука, и тука мој Добрине! Ти, Добрине, си одлежал осум години во логорите. Гледаш, животот ни мина само во сурова борба, во талкање и искуство - разлутено ја притегна славината што постојано капеше и со видна гримаса на очај ја тресеше раката.
- Сега очекувај да ни минат во сеќавање прифатилиштата и логорите, а ги има доста миличок, само присети се на: Елбасан, Бурели, Варшава, Вроцлав, Згордзелец, Љубљанка*, Бутирка*, Лефортово*, Краснојарск, Иркуцка, Варкутл, Алма Ата, Ташкент, Крајова и уште ли? За нас правдата задоцнила.
* комплекс од затворите во Москва
- Јас имам такво чувство.
Добрин сакаше да и пристапи, но остана како стаписан.
- Ти сигурно очекуваше пречек каков што им следува на ослободители? Па, што ако сум пречекан како обичен? Сакам да сум ослободен од сечија милост. Милоста за мене е понижување, човек ни самиот себе си не смее да си доделува милост. Тогаш се чувствува како заробеник.
- Ти мислиш од тебе зависеше пречекот, мој Добрине? Не, не од тебе, туку од други зависиш за таквата твоја несакана милост. Тоа требаше да го кажеш.
- Јас бев војник и му служев на својот народ ако сега е прерано да ми се признае, тогаш што?.. Но, ти со својот песимизам, знај еднаш засекогаш дека не можеш да ме очаеш. А јас, навистина не можам да најдам начин ти повеќе да ме сакаш. Ти гледаш дека сега сум ништо... И навистина ти толку многу сонуваше што сега се помалку почна да веруваш во мене, - се врати до креветот и легна да задреми. Ја спушти капата на очи и процеди низ заби:
- Доста!
- Јас ќерко, кон татко ти имав право да ја извршувам својата должност. Ти не личиш на мене... Јас кога страдав за татко ти бев среќна. Сега штом ќе се вратам во Лерин ќе му раскажам. Татко ти на грчките острови животот го мина. Што треба јас да барам од него? И знај дека мажот гледа подалку - и рече мајка и Петра Прстенарова.
- Јас тоа го правев десет години по овие прифатилишта. Ме ставаа на должност како што бараа другите. Сакам да бидам жена! Тоа веќе не е моја должност што сакаат другите!
Румена нервозно средуваше, вадеше од куферите, преместуваше и речиси сите придремуваа, а таа понекогаш очајно фрла поглед по ѕидовите и гледа разни гребнатинки, шари, потписи кои од кај дошол и отишол, а мислите не и сопираат:
“Ох каде и да погледнам, каде и да ги вперам моите очи и мисли, никаде не ме очекува радост. Смрди на гнила истрошеност, се е старо, сиво...
Нешто ми ги задушува чувствата. Длабока опасна безволност ме води се до гнасниот пекол на очајот и чувствувам празнење на срцето, а јас сум жена што треба да го живеее времето во надеж, оти сум жена на револуционер, а сега веќе него го сметаат за излитен пустеник... Прифатилишта! Секаде се исти. Ист мирис, се е исто и домарот и звукот на чиниите, музиката обилува од маршеви, а син ми слушајќи ја си го загуби својот природен од... Ќе рече ли Бог да опустите! Ох, не луда ли сум што зборувам, син ми е роден во нив. Не тој ги сака”.
Се доближи до прозорецот, потоа фрли поглед над наткасната, ја зеде в раце тетратката во која Добрин водеше разни белешки.
“Словените не оставија на мртва стража чекаме фрлени во заборав уште од пред Самоила живееме во грчот на времето што лачи злоба ...”Вичо, 1947 год.
Преврте неколку листови и пак се задлабочи да чита.
“Велат дека личиме на мумии побакарени од бронзеното време...”
- Па добро Добрине! - воздивна и се загледа некаде далеку низ прозорецот. “Види го ти поетот мој”. Потоа, ја обзеде некакво
смеење и се пласна на креветот. Сите ги разбуди кога продолжи на глас да вика:
- Еј, поету мој! Навистина сега личиме на мумиии.
Добрин ги протри очите и смирено им се обрна на сите:
- Сонував чуден сон. Сакате да ви го раскажам. Румена гледајќи отсутно, рече:
- Ти пак нешто идеализираш? Имаш право, живееме со надеж. Значи, има што да се сонува... Велат дека надежта е втората душа. Ајде да ти го слушнеме последниот сон.
Добрин се почувствува неудобно и завладеа тишина.
- Велиш, идеализирам? - Хм, - изусти со чувство на вина. - Ти треба да знаеш, кој страсно си го сака татковинското, тој е чувствителен за она што му припаѓа, возбудлив е на навредите, но возвишен е и горд што издржува!
Румена го погледна попреку и му рече:
- Ех, мој Добрине - и остана така да го слуша сонот, но Добрин веќе го симна погледот и поцрвене. Тој сега не можеше ништо да и каже, омразата му го стегна грлото, а сепак реши да ја праша, придавајќи му на својот глас жалосен тон, отколку што чувствуваше.
- Си ја мразела ли мајка ти во животот? А, зошто сум ја мраезл јас? Да, мене ми се случи да ја мразам својата родена мајка.
Сега сите се свртија кон Добрина и го гледаа.
- Кога бев ученик, се до завршувањето на гиманазијата ја грдев, зошто таа не знаеше да зборува грчки. Ех, толку ме имаше опиено учителот. Кога велеше овие домородците се од варварско потекло, се чувстував понижен оти сум роден од такви родители, но при крајот на студиите во Солун, почувствував голема вина на душта што и денденес ја носам.
Сите го гледаа заинтересирано.
- Но, зборот ми беше за сонот. Сонив дека држам предавање за националното прашање во Лерин, пред многу народ. Добив толку апалузи, што на крај се втурнаа многу старци да ме бакнуваат. Јас оттогаш се преродив, но веќе се срамев пред мајка ми и татко ми. Тој туѓ грев уште го носам, бидејќи некој ми го натрупа во крвта и сакаше да ме одроди.. И се така ми течеше сонот во осознавање. А ете сега и летото четириесет и деветата година, во одблесокот на големиот воен пожар бев осуден заедно со други како шпион и предавник на револуцијата и ми беше отворен вториот картон од раководството на грчката партија. Првиот картон ми беше од владиниот режим на Грција, за моето осознавање што сум ги будел масите од македонскиот народ.
Румена иронично го погледна и му рече:
- Си сонувал тоа што не треба - и почна силно да се смее.
Utilisez les flèches gauche et droite pour tourner la page.
Imprimé depuis https://macedonianhistory.ca/fr/narrative/wonders-talkachi-e-book-macedonian/2 le 29 octobre 2026