ГЛАВА ДВАНАЕСЕТА - Part 02
Офицерот, веднаш му одговори дека тоа не може на “ев” и “ов” зашто тие се бугарски, па затоа можеш да се викаш само Кафеџиевски. Ставре не се согласи, велејќи им дека ние Македонците имаме великани на “ов” и “ев” како што се Гоце Делчев, Петров, Карев, Узунов, Чакаларов, Хаџидимов, Поптрајков, и други, а освен тоа Грците еднаш веќе му го смениле презимето и го викале Кафеџис. Потоа изнарече една дузина Полски презимиња: Јарузелски, Псежински, Држински, Василевски и рече дека зарем можеме ние Македонците да речеме дека тие се наши презимиња, па продолжи да набројува руски презимиња - Сапошников, Маслов, Киров, Ворешников, Петров и небаре подналутено рече - “зарем можат Бугарите да велат дека овие се Бугари”, но тоа најлесно го прават Грците, тие ќе ти стават едно “с” и ќе ти речат дека си Грк.
Кафеџиев со своето објаснување се почувствува небаре задоволен, но офицерите инсистираа на своето, па така настана расправата се помачна, дури Ставре во еден момент побара да му се вратат документите и да се врати во Полска. Завладеа молк и офицерите рекоа дека не треба да се случи барем со вас од Полска, оти Југославија и Полска имаат добри односи.
Ставре, задоволен од тоа што се покажа вешт во одговорите, си зеде слобода малку повеќе да раскаже и за животот во социјалистичка Полска, поткрепувајќи го целиот развоен период и народниот петгодишен план со научно фундирани методи, употребувајќи строго научни изрази, така што за момент офицерите останаа со зинати усти. Неговото доаѓање во Југославија го образложи со два основни мотива - македонскиот патротизам и Македонија, но исто така како интернационалист, најмногу го засакал атрактивниот самоуправен систем, што го цени како висок дострел во социјалистичката изградба на југолсовенската мултинационална заедница. Офицерите останаа збунети и веќе престанаа да инсистираат, но едниот од нив се осмели да го праша: - Вие другар Кафеџиев, сигурно се познавате со некој од нашето раководство?
Прашањето уште повеќе му ја зацврсти позицијата на Кафеџиев и само потврди со социјалистичкиот манир:
- Секако дека не...
Уште тој ден се смести во прифатилиштето во “Автокоманда”, задоволен што си го докажа своето социјалистичко самоуправно педигре. Не можеше да се одлепи од мислата, дека стана слободен граѓанин.
Сега веќе не беше под контрола на Партијата, влезен во педесетата година од животот, маркиситички добро потокован, се посвети на анализата на минатото, како да велеше - на револуцијата и нејзиниот пораз, на одамна збрканата историја, на одењето по маките низ Полска, Бугарија, Романија, Унгарија, Чехословачка и Русија.
Се присетуваше на постојаното приспособување на учењето нови јазици, средби, разделби, на газењето на достоинството, но не сакајќи се повеќе ги насочуваше мислите во Полска, кога беше во немилост од Грчата комунистичка партија, кога впрочем како по психограм му се подредуваа настаните, откако го исклучија од Партијата и го испратија од Бугарија по казна за Полска. Тоа беше партиска казна што уште го боли и ја носеше како незарасната рана која небаре и ден-денес ја крие пред своите борци, пред идното комунистичко општество во кое утре треба да зачекори човештвото. Тоа го мачеше, го назадуваше, го правеше немирен со необјасниви душевни причини.
Во Вроцлав, се вработи во фабриката ПА-ФА-ВАГ. Го помнеше социјалдемократот Радомски, кога небаре со татковска грижа му помогна да се запише во Високата школа за општествени науки при ЦК ПОРП, во Варшава. Не можеше да го заборави доброто на еврејката Буздинска, која настојуваше да се прими како беспартиец, но таа го сторила тоа од причина што Кафеџиев ја откри многу подоцна.
Кога дозна која била таа Еврејка, Кафеџиев доживеа нешто необјасниво, доби крилја и нова вера во идеалите на комунистичките идеи. Отиде, купи значка со ликот на Ленин, која до ден-денес ја носеше на реверот.
Еврејката, директор на школата беше вдовица на почитуваниот полски комунист и соработник на Ленин, другарот Станислав Буздински, кога во триесет и осмата, заедно со целиот ЦК на Полската комунистичка партија, монструозно како “предавник” го ликвидирал Сталин. Ставре најмногу беше трогнат од тоа, кога таа, на Комисијата за неговиот прием им рече: “Другари ете уште една трагедија на еден револуционер... Треба да го примиме на студии, ваквите луѓе ќе му требаат на идното комунистичко општество...”
Кафеџиев со тоа почувствува дека вербата во комунизмот му е вратена и останува света задача пак да се вклучи во социјалистичката самоуправна изградба. Сега небаре следејќи го приемот на Еврејката Буздинска, по неговото враќање во
прифатилиштето, се сретна со многу луѓе, другари борци, од Полска, Бугарија, Унгарија, Романија и Русија, дозна многу непријатни и убави работи. Пред се му бодеше очи тоа што сите Егејци се поделени во две основни различни групи и луѓето беа зајадени за идејните прашања на револуцијата, но кај луѓето беше загубено трпението, па нештата мошне се беа извртиле и искривоколчиле, во корист на едната група или на другата, а за Кафеџиев остануваше да си објасни дека таквите феномени во сите револуции се присутни и останува да се избере вистинскиот ленински курс, но се плашеше дека луѓето ќе бидат толку теоретски подготвени кои се пред скршнувањето од овие принципи, бидејќи водачите на основните ривали се стремеа што повеќе луѓе да придобијат со помош на своите позиции во државните функции.
Кафеџиев тоа го сметаше за непринципиелна партиска политика и ценеше дека тоа е спротивно на ленинските принципи.
Кафеџиев во своето медитирање забележа и други ненормалности, а таквите појави ги сметаше како спротивни на некои човечки и рационални норми и установи дека тоа било пречка за нормалното вклопување на егејската популација во овдешната средина. Тој забележа дека сите Егејци, иако се политички и професионално подобро потковани во опшетествениот развој не се соодветно исползувани, затоа што луѓето се заразени од источноевропските идеологии. Кафеџиев како правдољубец, преку истражувањата со помош на источноевропските методи кои на малкумина им беа познати, од поединечните случаи направи систематизирани табели и графикони дури по реони како што живееле во Егејска Македонија, потоа по земјите од каде што дошле и на крајот по прифатилиштата во Скопје и низ целата земја. На Кафеџиев, откако ги означи сите пунктови на таквите жаришта, работата му стана јасна. Според неговите размислувања, беше дојден моментот да се алармира научната марксистичка мисла за таквите сложени идејни прашања меѓу Ефејците. Тој долго остана во своето размислување “како да се реагира” но најмногу се потпираше на своите сонародници, повратници од Полска. Мислеше дека само тие се израснати како
слободољубиви и либерали, благодарение на полскиот режим. Тука ја наоѓаше потпорната точка и го ценеше како интересен феномен што бараше посебни социолошки и психолошки истражувања.
Но за овој проблем немаа проговорено ниту социолозите, ниту психолозите, само политичарите душкаа по нивните стапала, а историјата уште немаше втасано да ги забележи епопејските борби на Вичо и Грамос и на хероите во таа војна. Кафеџиев мислеше дека неговите искажувања, неговите марксистички ставови еден ден ќе созреат и ќе нараснат, па ќе може да се организира една акција за идентификација на идејните раслојувања на Егејците. Овој проблем го измачуваше со денови и непреспани ноќи и оттогаш секој ден преживуваше моменти на речиси неиздржлив ентузијазам - со повод и без повод.
Utilisez les flèches gauche et droite pour tourner la page.
Imprimé depuis https://macedonianhistory.ca/fr/narrative/wonders-talkachi-e-book-macedonian/16 le 29 octobre 2026