ГЛАВА ЧЕТИРИНАЕСЕТАТА
ГЛАВА ЧЕТИРИНАЕСЕТАТА
Каков шок! Погоди Добрине!
Што? - со мака отварајќи ја својата сува уста и капаците од впиените очи, изусти тој.
- Ти признаа. Ќе ти го прочитам! Предмет: Известување во врска со жалбата Број 13 59355-ти октомври 1989 годинаСкопје
Врз основа на позитивното мислење, согласно Законот (“Службен весник на СРМ, бр.23/80)
Вечерта во станот владееше голема тежина и молк. Пред да го земе јадењето, Добрин ги постави рацете како за молитва, потоа ги рашири и ги покри дланките во став на примање милост. Вилицата му беше стегната, а кожата на лицето исушена.
“Веќе сум мртовец, не можам ништо да си кажам... Не вреди да се живее на пепелот од изгасената среќа. Човек треба да собере сила и целосно да расчисти со минатото...” загледан во книгите со рамнодушна заинтересираност разговараше сам со себе.
Делјан ги исчисти трошките од постелата и со особена грижа му ги покри нозете со уште едно резервно ќебе. Таткото небаре посака да го благослови со блага насмевка на неговата искривена уста. Зборуваше се потешко, ги затвораше очите и така потонуваше во некоја меланхолија.
Ноќта, небаре беше близу до неговото лице. Снегот се лепеше по прозорците. Понекогаш ги отвораше очите, низ телото му поминуваше некаков кус, но вознемирувачки трепет.
“Можеби тоа е страв од смртта?”, и пак ги затвораше очите, посакаувајќи да заспие по примањето на ињекцијата за смирување од неподносливите болки. Понекогаш сам се зачудуваше на своето минато, кога се присетуваше: “Од каде ми беше таа моќ да минувам низ животот со гордост, со толкава храброст. Ех, мој Добрине. Можеби затоа што сме се нарекле
како револуционери и треба да бидеме луѓе од “посебен ков” или нашата закаленост?”
Сувогорски беше многу чувствителен и не дозволуваше ни ронка лажна вина да падне врз него. Тој уште од раното детство се наоѓаше длабоко во несреќите, во трагедијата, но животот го принудуваше да истрае, да не ја прекине нишката на животот, да го зајакне неговото битие, да направи од него не исклучително суштество, туку нормално.
Пак молчеше и не гледаше во сликата на Румена, туку во главниот прозорец од собата, некаде далеку, можеби некаде каде што не допира смртта. Не, сега лежеше болно, со омрачени очи и олабавени раце. Чувствуваше како му се намалуваат способностите и многу од сознанијата му исчезнуваат како протерана магла. Неговите очи како да бараа прошка, но кога вратата зачкрипи и се отвори, Румена влезе радосна.
- Прекрасна вест! Порадосна не може да биде! Лицето на Румена зрачеше од среќа и несвесно промрморе, надвор од себе од вчудоневиденост и од среќа - Каков шок! Погоди Добрине!
- Што? - со мака отварајќи ја својата сува уста и капаците од впиените очи, изусти тој.
- Ти признаа. Ќе ти го прочитам!
Предмет: Известување во врска со жалбата Број 13 5935 5-ти октомври 1989 година Скопје
Врз основа на позитивното мислење, согласно Законот (“Службен весник на СРМ, бр.23/80)
Напоменуваме, дека уважувањето на жалбата од Добрин Сувогорски од страна на Комисијата е и на позитивно мислење на Посебната комисија при Републичкиот одбор на СЗБ од НОБ на Македонија, која согласно Законот дава мислење за учесниците во ЕЛАС и НОДЕМ. Според ова мислење и искажувањата на членовите на Комисијата за утврдување на
својство на носител на одговорни функции во воените и политичките органи за време на НОВ во Грција - Егејска Македонија од 1941-1945 година (ЕЛАС0 и органите на Демократската армија на Грција и органите на политичките организации на Макеонците од Егејскиот дел на Македонија од 1946-1949 година (НОДЕМ).
Имајќи го предвид напред изнесеното Комисијата за утврдување својство на носител на одговорни и раководни должности одлучи... ПОЗИТИВНО
Шеф на кабинетот
Румена возбудена се доближи и го бакна, а потоа извика триумфално.
- Добрине! Конечно по триесет години ти признаа!! Тоа е ПРАВДА! А не одмазда од своите соборци.
Добрин стана и имаше заканувачки изглед што човек го има пред своето супер-его да ја поврати контролата врз неговото тело, да се тргне од смртта, па како да се исплаши од она што го дознал со текот на годините и како со рака болеста го седна на креветот што мирисаше на камфор и пот. Двајцата седеа молкома, неподвижно и не сакаше повеќе да зборува, помина во некоја агонија.
Румена го куражеше и му велеше:
- Подобро изгледаш... Навали се. Ти барем ме знаеш, дека не ги сакам мажите кои дрдорат само за минатото...
- Да ти донесам млеко? - го запраша, местејќи му ја постелата.
Добрин небаре потона во мислите на минатото. Се присети на сибирските затвори. На судбината која му беше насилно скршена. На едно време кое имаше боја на отсутност. На ќелијата, во која можеше само да размислува, но не и да изговори нешто, да молчи, да ги гмечи болката, лутината, стравот, срамот, бесот и смеата. Да се обвинува самиот себе си,
да си легнува како во гроб, но смртта се уште да не го допира, а таа да биде тука, до него, во влажните ѕидови. Да се живее со затворени очи и уста во сибирските ноќи. Над тој ужасен мраз, под таа бледа месечина, под тие далечни ѕвезди.
Дури и да не посакуваш да го мериш времето. Чуму ти е тој божемен ден и неговата светлина? Небаре беа тоа векови. Скован во иње, тоа влечкање на греди низ непроодните тундри. Снегот кревок, ти крцка под голите стапала и одиш кон целта што ти ја покажуваат смрзнатите бајонети. Тука и таму ќе гушнеш некоја берјоза, како да ти е сестра и само еден миг посакуваш да и ја кажеш целата вистина. Темницата во тундрата била потопла и на човека му дава мигови на отсутност и инстиктивно повеќе му ја грее душата отколку тоа сибриско млечно сонце.
Бараш голтка чај, да ти мине пријателски низ телото.
- Добрине, земи го млекото, - молбено му рече Румена.
Добрин ги отвори очите со страв.
- Што се случи? - прошепоти Румена.
- Ништо, - рече Добрин, ми се пристори како да слушнав нешто.
- Да не влезе некој? - потстана да види Румена.
- Не, не е тоа.
- Па што?
- Ми се пристори како некаде далеку да слушам топовска падба - рече тој и пак се отпушти.
- Сигурно си вообразив, - и пак остана напрегнато да слуша.
- Господе - рече тој, - би сакал барем брзо да осамне.
Во главата му одекнуваа топовски канонади, му навираа спомени. Почнуваше секогаш од најблиското време и се сведуваше кон минатото.
Спомените му се движеа низ темната февруарска ноќ. Во снежното поле му се движеа темни фигури. Луѓето како да му се потскриваат од смрзнатиот ветар или почнуваат брзо да одат. Пак, ужасни грмотевици, огномет од бои. Стрелаат тенкови, топови, автомати, митралези, пушки. Крвават ранети луѓе. Небото чисто, свети месечината. Колоната оди кон Кајмакчалан. Дим, јазици од пламен, мирис од изгорена крв.
Му се редеа сите села, изгорени, само ѕидините како џурувкосани тела виреат над снежните намети. Три деноноќија траеа борбите. Му истекуваа годините од четириесеттата до четириесет и деветата. Гледаше пред себе со вкочанет поглед. И туку одеднаш како да се запраша - “Војувавме за победа, колку црна крв, војничка крв. Плач по своите луѓе. Зарем навистина ли така доаѓа смртта...”
Настапи молчење. Но небаре во овој смртен час посака да си приспомне пак на нив.
“Го гледаш смртно ранетиот војник, чувствува порив, со подгорени усни, да промрмори. Зошто? Зошто? Таа празнина, несомнено, што по смртта следи. За да згасне конечно огнот и времето, потоа да ги избрише сопствените траги. Да, омразата ти го уништува духот, како што борбата телото. Зарем гордоста не ќе ја крене нашата горчлива судбина до вистината? Ми признаа, по триесет години? Ми признаа! Ми признаа!!?
Гледаше во снежниот прозорец, како на филмско платно, воздух, оган, вода, војници и игра на судбината.
Човек би можел да се плаши од она што го дознал со текот на годините. Од каде му е на човека таа моќ да минува низ животот со гордост, со толкава храброст?
Се присети на Сократ кој рекол пред своите ученици - “Глупав е стравот од смртта. Додека ме има мене, ја нема неа, кога
смртта ќе дојде, тогаш ме нема мене. Значи, смртта и јас никогаш не се среќаваме.”
Во мислите му се јавија разни размислувања и се обидуваше да си даде одговор, дека секое суштество се обидува да и се спротивстави на смртта. Погледот на Добрина молеше, проколнуваше, бараше уште еден час, уште неколку минути, тој имаше уште нешто да каже, дека и тој и се посветил на татковината, некогаш и го давал својот млад живот. Можеби тогаш оваа таткова земја ќе го примеше поинаку, не наклеветен, не омразен, во свој сопствен гроб.
Ги затвори очите и повеќе не гледаше во прозорецот.
Утринската светлина го облеа прозорецот и сончевите зраци ги осветлија ѕидовите на собата. Сувогорски лежеше мртов покриен со бел чаршав.
На гробиштата беше многу студено, стушено и сиво. Ожалостени беа многу. Во дворот на капелата се појави Строгов, но така дискретно што никој не го забележа. Можеби ги внесуваше последните белешки во досието на Добрин Сувогорски.
Поворката тргна по угорнината. Ја мина парцелата на заслужените и првоборците, па на борците и стигна до општонародните. Одеше немо, се до ископаниот стар гроб. Покрај пресната земја стоеше стар крст и врзоп од стари коски.
Се одржаа говорите и еден од нив рече: - Добрин Сувогорски не умре сега, туку пред триесет години.
Можеби човекот сакаше уште нешто да каже, но силниот ветар му го однесе ливчето од затреперените раце и човекот занеме, гледајќи во мртовецот.
Потоа заедно со другите и тој фрли грст земја над спуштениот ковчег.
Utilisez les flèches gauche et droite pour tourner la page.
Imprimé depuis https://macedonianhistory.ca/fr/narrative/wonders-talkachi-e-book-macedonian/18 le 29 octobre 2026