Canadian Macedonian Heritage Society Canadian Macedonian Heritage Society Devenir membre !

Wanderers

ГЛАВА ТРИНАЕСЕТАТА

Par Стојан Кочов · Partie 17 sur 46 · Environ 10 minutes

Lire en English Lire en English Lire en Македонски

ГЛАВА ТРИНАЕСЕТАТА

Добрин:”Убава си. Во Америка си се разубавила. Прифатилиштата те имаа остарено.”

Беше шест часот наутро, а Румена ја немаше. Добрин чекаше загрижен. Помисли дека можеби авионот не полетал, но гледајќи низ прозорецот на својата соба, ја виде натоварена со куфери.

Румена беше силна по природа и никогаш вербата ја немаше напуштено. Погледот ја одразуваше нејзината внатрешна сила.

Нејзиното двегодишно отсуство на Добрина му донесе многу грижа, но сега веќе како да заборави на се кога ја здогледа како ја отвара вратата.

- Сполај му на бога, - и рече Делјан.

- Жал ми е, навистина ми е жал, - му одговори Румена. - Но не знаев што друго да сторам.

- Добро утро - му се обрати на Добрина кој лежеше неподвижен. Неговото благо лице зрачеше со добрина, но беше исцрпен од тешката болест.

- Мило ми е што ти се допаднаа подароците, Добрине, - рече и се наведна да го бакне. Знаеше дека сета лутина му помина. Го чувствуваше нежниот допир на неговите усни. Со немиот бакнеж како да сакаше да и каже дека се и простува.

- Врската е од покојниот маж на тетка ми Фросина. И свечениот костим е од него, а гледам дури и не се познаваат дека се носени. Тој бил голем џентлмен, ми раскажуваше тетка Фросина.

Сега Румена и покрај своите фантазии и мечти за богатство, беше свесна за домашната положба. Нејзините чувства кон Добрина беа изменети и необични, чиниш од неа се беше

изгубило она што постојано ја опседнуваше, желбата да се бори и да освојува.

- Сега не грижете се за облека - им велеше.

- За сите донесов, дури и повеќе. Американците се богати, - им зборуваше вознесена од некаква среќа.

Стана и набрзина се облече. Вознемирена и измачена од мислите кои ја обземаа за Добрина, застана пред огледалото и ја поправи шминката. Добрин ја гледаше со втренчен израз на лицето и даваше одраз на чесност и замореност, на љубов и воздржаност, па не издржа да и рече:

- Убава си. Во Америка си се разубавила. Прифатилиштата те имаа остарено.

- Верував дека ќе ми признаеш, мој Добрине - му одговори свртувајќи се кон него со расплетени коси.

Румена сега ги избегнуваше караниците и непријатностите што доаѓаа од органите на власта и од непризнавањето на Добрина, сега беше секогаш со насмевка и со љубезен збор. Но, мислите и се насочуваа кон иднината и така многупати се запрашуваше каков ќе и биде животот...

Сега се и беше јасно, по долгото непризнавање на заслугите. Добрин можеби и од тоа се разболе. Тажните спомени повторно и ги опседнуваа мислите и ја чувствуваше болката што и го имаше загорчено животот. Оценија и таа и Добрин дека им останаа само талкањата и докажувањата.

- Боже, навистина колку ме излудуваше таа неправда, а сета вина ја фрлав врз тебе, - му рече на Добрин.

Румена понекогаш седеше задлабочена во талкањето на својата фантазија, чекајќи барем малку да се изменат времињата; ќе дојде ли време на правда и просперитет, барем, за младите, за овој мој Делјан. Такви мисли и се вртеа во главата кога гледаше

во Добрина, како го подјадува болеста. А можеби и Делјан ќе ја наследи нашата анатемисаност.

Во социјализмот, родителите на децата им оставаат само тоа да им се протега како црно-црвена нишка во нивниот живот. Можеби луѓето ќе се прашуваат: “Кое е тоа момче? Зошто да не му помогнам на момчето? Тоа момче е од анатемисани родители и го бие лош глас, а вие многу грешите ако мислите дека не е така. Плодот од крушата ќе падне само под стеблото. Минатото не лаже.”

Вознемирена и подисплашена, посакуваше да заборави и самата си даваше одговор: “Какво ужасно размислување е тоа! Зарем треба да сметам дека луѓето не ќе се изменат?” Одмавна со глава и рече со подбивен но тажен тон: “Едноставно бог има моќ и сила. Нека стори се што е во негова моќ да ги среди работите”.

Таа веќе не веруваше во ништо, сите празни фрази што ги имаше слушано од минатото ги здипли како стари износени шејови и ги исфрли одамна од својата глава.

Се присети на луѓето што стрижеа до гола кожа, и потоа им црнееше черепот, а веѓите им остануваа густи и темни како тоа да и правеше луѓе кои и се закануваа на иднината.

Ја држеше фотографијата од Добрина што му ја имаше испратено од сибирискиот град Тајшот и небаре и се воомјази еден таков човек, облечен во сиво грубо палто, со недоврзани скорни, како држи торба со вошкосани партали; тој е непријател на револуционерната татковина, непријател на народот, излезен од студените ќелии и превоспитан. Таа фотографија сега ја стискаше и ја сакаше најмногу, бидејќи и кажуваше се.

Се присети на паролите од партијата - “Сомнителните испратете ги во логорите за да ги извршуваат казните, не треба да се води никаква истрага, ниту да се поведуваат некакви обвиненија, оти тоа не води во заблуда и им даваме време за да

се соземат, туку едноставно доволен е зборот на партискиот секретар. Секретарите се синови на партијата...”

Едно утро, Румена го допре лицето до прозорското стакло и долго гледаше во прифатилиштето.

Некаков грижлив немир и го обзеде срцето. Посака да ги посети тие стари сожители. Се облече во рубата од тетка Фросина, косата ја собра во кок, се изнакити со старомодни прстени, а в раце држеше длабока чанта со блескава тока. Одот и беше чуден и несигурен, причината беше во високите чевли што ја правеа и повисока, и и даваа посебен шарм, небаре на постара дама.

- Каква радост? Каква среќа? - рече првата жена што ја сретна.

Парфемот што се лачеше од неа се почувствува низ целиот ходник и жените завидливо ги отвораа носниците да помирисаат од ова американско ливанто, како што и рече жената на Хенри Марузелски.

Секоја од жените посака да ја покани, но Румена со задоволство влезе кај Лина Диневичина, почитувајќи го нивното домашно пријателство.

- Убава си, Румено, - и рече Лина, фаќајки едно влакно од нејзините гради.

- Ох, Америка ти е Америка. Што да се прави. Ние уште ќе талкаме. Ќе се бориме со овие гадинки - во тој момент со лачените чевли згмечи една покрупна лебарка.

- Зошто си толку тажен? - му се обрати на Мице Диневичин. -Изгледа си загубил во играта со домино?

- Не, не, ништо само така, - и одговори Мице, со некаква партиска конспиративност.

- Ајде, ајде кажи и на Румена. Таа е наш човек. Тоа кога и да е ќе излезе на видело, - му велеше молбено Лина. Мице се

поднаведна и како да зазеде став пред партиски актив, се фати за подбрадата и рече:

- Доживеавме раскол меѓу нас. Сега никој со никого не зборува. Длабоко се разминавме по идејните прашања за изградбата на социјализмот.

- Не разбирам зошто, - запраша Румена. Па зарем тоа е вистина! Не ми се верува? - уште еднаш зачудено рече Румена.

- Здивеа луѓето, не се сакаат. Почнаа да се откаажуваат од основните постулати на работничкото движење. Ова е чудо невидено. Сакаш се да знаеш?

- Да, - одговори Румена со љубопитност и продолжи. - Убаво се ослободи од улавштините.

- Добро жено, убедена си во тоа? - ја запраша со исчудување Мице.

- Човеку, ако не бев убедена, не ќе ти го кажев! - му одговори Румена. Мене и Добрин, вчера ми рече:

“Прости ми, Румено, се гледа дека сум бил опседнат со тоа што го сакаш ти. Јас си го поминав животот исполнет со празни илузии за се”. Ете тоа ми го рече Добрин мој.

- Па тогаш, зошто не ми плукнеш мене в лице? - зачудено и рече Мице.

- Така е човеку!

- Зошто се смееш толку, несреќен човеку?

- Се смеам оти многу полошо ќе биде ако душата ми ја направеа превртлива како на Алексо Шлипковски.

- Прибери се, Румено! Немој многу да го дигаш гласот - рече Мице.

- Прави што сакаш, јас одбивам секаква дискусија по тоа прашање - му рече Румена. - А долгогодишниот стаж во Партијата? - ја запраша зачудено Мице, ценејќи го како едно од најклучните прашања.

- Е, за тоа ништо не се добива ниту пак некој ти гарантира. Тоа ти е како заборавена љубов. Обично во љубовта се чуваат фотографиите и љубовните писма, а во нашиот случај ќе си ја чуваш партиската книшка и ако си способен ќе си пресметаш што си можел денес да купиш од каматата на членството што си го давал, - смеејќи се му рече Румена.

- Зошто зборуваш така чудно? Доволно беше да ја видиш Америка и да плукаш на се. Ме изненадуваш. Зар така да зборува една жена на револуционер и раководител на револуцијата?

- Што сакаш со тоа да кажеш? Сакаш ли уште да живееш во заблуди или да бидеш...

Румена којзнае зошто не ја доврши мислата, но во тој момент се присети на Добрина и остана натажена небаре не можеше да најде одговор за овие триесет и неколку години.

- Ти знаеш што се случува со сите нас во прифатилиштето? Сигурно не! Тие што се дојдени од Полска, сите се ревизионисти и во ништо не веруваат. А пак, тие од Романија, ниту таму ниту ваму, оди ти со нив да градиш социјализам. Од Чехословачка, сите најдобро се вклопија во самоуправувањето.

А за чудо едно, неколцина од Унгарија, се затворија во себе и јавно не ја одобруваат интервенцијата на Црвената армија. Само ние од Ташкент, крепко стоиме, непоколебливи инетренационалисти. Тоа се вели верност, а не дувниветровци. Види нешто од капитализмот и преврти го умот, ете како тебе... - малку подналутено и зборуваше Мице.

- Вие ме изненадувате - му одговори, газејќи на лебарка што протрчуваше околу нејзините нозе.

- Те изненадувам, велиш, а што ќе речеш ако ти кажам дека неколцина од нас се обележани...

- Како и зошто обележани, човеку? - љубопитно и зачудено му се обрати Румена.

- Ете така! Кога доаѓа на посета кралот на Грција, нас неколцина не земаат во притвор. Хрушчов да дојде исто. Сега, пред еден месец беше царот Хаиле Саиле, пак исто, или кој било друг државник, ние веќе си го знаеме... и објаснуаваше Мице даскалот од Долна Преспа.

Румена прсна од смеење и одвај, со солзи на очите, рече:

- Ама, интернационалисти сте биле! Во Америка, Канада и Австралија, нашите за такви будалштини не знаат ништо. Само тука си го потхрануваме умот со такви лудости, - посакуваше уште нешто да каже, но ја прекина Мице.

- Прибери се, Румено! Немој да газиш по нашите идеали. Такви негатори низ нашата славна историја на работничкото движење и на социјализмот ги имаше многу, - и одговори со некакво олеснување и со надеж дека и докажал дека тука нема никакви двоумења.

- Така е, човеку жртвите најмногу веруваат, си се запрашал зошто? Ако знаеме зошто и како сме излажани, во таа револуција, па уште и од кого, денес не ќе не јадеа и овие гадинки. Ги гледаш! Тоа се мелези со меѓународни муцки, јаки и приспособени за живот, неуништливи и откога знам се по нас одат. Дури и под кожата ќе ни се напикаат, ќе ни ја исцедат крвта, потоа и умот. Ништо не ги уништува, освен да излеземе надвор сите голи и да ги запалиме овие наши судбински прифатилишта, оти ако тоа не го сториме до смрта ќе страдаме од нив. Можеби тогаш умот ќе ни се одмори, не ќе има кој да ја пренесува заразата, ќе оздрави човекот...