“ДА ЖИВЕЕ КПГ! ДА ЖИВЕЕ ГЕНЕРАЛ МАРКОС! ДА ЖИВЕЕ НАШАТА ПРЕСТОЛНИНА КОНИЦА!”
“ДА ЖИВЕЕ КПГ! ДА ЖИВЕЕ ГЕНЕРАЛ МАРКОС! ДА ЖИВЕЕ НАШАТА ПРЕСТОЛНИНА КОНИЦА!”
2.
Се слушна гласот на Спирос: “Ако мрднеш, ќе те убијам!” Непријателот не беше многу упатен во воената наука, па така Спирос без страв му се приближи, го фати пиштолот за цевката и се обиде да му го извлече од цврсто стиснатите прсти околу рачката, додека стариот човек испушташе гневни неразбирливи извици.
Тоа беше еден старец со проширени зеници, со брадосано и испиено лице, со разретчена бела коса, замотан во козинава гуња, а беше маслосана и мирисаше на кисловина и на маслиново масло.
“Другар комесаре!” му рече, “немам лоши намери кон вас партизаните”.
Помладиот што беше со него, само ја отвораше и затвораше устата, а од неа не излегуваше никаков звук; му се гледаа само белките, односно црвенките од очите, па Леонидас помисли дека ќе му приумре од страв.
Леонидас ја извади матарката и го понуди со вода, а тој одговори “Ευχαριστο χρισιανε*” и ја крена раката како да го благословува и дури тогаш Леонидас забележа, загледувајќи ја добро неговата облека, дека беше свештено лице. Тоа биле попот и клисарот од црквата “Света Богородица”.
Попот рече:
-Јас сум Боговдахновенславопеец на пресвета Богородица и нејзин радосен служител. Светата моја душа е во рацете Христови.
Потоа го отвори светото евангелие и почна да не благосовува:
Попот, охрабрен, рече:
-Па вие сте биле добри луѓе и со чисти господови души, а нас ни проповедаа дека сте колачи и крвници против религијата и поповите.
Разговорот престана, смеата исчезна, се најдовме во место каде што смртта со уживање му помага на се што е против човекот. Пак лазиме и чекаме. Слушаме предупредвање: “Немојте да газите до портата, не фаќај, не допирај се…” Се такви тревожни предупредвања. Пред нас ненајдено се појавија одблесоци од светлини насочени од големи рафлектори. Вистинско чудо е како останавме живи.
3.
Во следната ноќ беше најстудено. Температурата на воздухот беше минус 20 степени, а можеби и повеќе. Откако еден од моите другари во понеделникот ноќта го истакна партизанското црвено знаме, тоа ни даваше сигурност да влеземе подлабоко во градот Коница, нашата идна престолнина. Така и правиме, влегуваме во секој двор, во кој се влегува низ тесни метални порти стиснати меѓу големите ѕидови од камен или од тули. Пред нас се убави нови домови. Наоѓаме оружје. Расфрлени униформи на ранети од бурандарската војска. Миниран простор, неексплодирани мини, неексплодирани бомби, ги ставаме настрана, а местата ги обележаваме за оние што доаѓаат зад нас, за да знаат каде се крие опасноста.
Како да сме во некаков голем кафез и секој миг очекуваме нешто да се случи. Се наоѓаме под една голема стреа. Небаре чекаме, готови сме на ред за отстрел… Околу нас е се уште полно со мини и мораме да внимаваме кога сакаме да направиме чекор во просторот.
Немирни сме и тоа многу добро може да се почувствува по нашите постапки. Се обидуваме да се концентрираме, стравот не прави очајни и исцрпени. Не знаеме дали сме свесни што не очекува.
Аријанос ненадејно го обзеде чувство на бескорисност, со саати талка наоколу прашувајќи што се случува. Само по некогаш ќе не укореше:
-Престанете да се сожалувате сами себе и малку раздвижете се, - и со мала итрина посакува да внесе борбен дух.
Ние сме вистински патриоти што се извишуваме над сите и секакви лични интереси.
Нестрпливо пак нешто проговори:
-Откажете се од она “сакам” – “сакам”. Ние сме војници на легендарниот генерал Маркос и треба да создадеме чувство на независност на телото и духот. Да мислиме само на победа. Утре треба да марширате на овој плоштад, вие сте оваа славна и непобедлива војска…
Андонис рече со шепот:
-Аријанос шета како сивопер паун и посакува од нас да направи аскети; со гладување, со изложување на студ и дури меѓесебно да не разговараме. Ех мој побратиме – пардон другар Огњанов, оваа вечер на сите луѓе во мирните градови им носи луда ноќ, а ние во скоравена облека, склопчени во окопите, ги слушаме зајадливите забелешки на Аријанос, кој не вади од такт кога вели:
“По првото убиство, секој човек – војник ќе добие голема релаксација”.
Леонидас рече:
-Додека паметните надежи се гасат во една срамна нечесна деценија од најстрашните војни – Втората светска војна, луѓето како Аријанос ќе кажуваат прикаски. Тоа добро го паметат дури и децата што уште се плашат од војната, што не беа никогаш ни среќни ни добри…
Ова е големо предавство и замка, но за нас ова се денови на последна надеж. Затоа, додека ноќе врескаат неартикулирани гласови, трескотат кршења, се газат луѓе, се слушаат истрели и паѓаат тела, треба да знаеме: Нема престолнина во овој град. Народот треба да не сака, да се радува и да се гордее со нас ослободителите… Овој пат не е умно да се војува! Овој пат не важи правилото дека тешкото и неопходното се предуслови за вредното. Сега тешкото и неопходното предизвикуваат најтежок и најнеопходен ужас, чија замка сите може да не проголта, а смртта е безвредна кога сами ја бараме.
Ако не се вразумиме, малку подоцна по беснеењето на лудилото, илјадници венци од цветови легнати безживотно врз нашите гробови ќе бидат залудни.
Гледаш, патриотите професионалци како Аријанос, кога е густо, заповедаат и викаат по нас “Напред!” Овие патриоти го сметаат патриотизмот за начин жив да се помине и низ овие најтешки татковински искушенија. Дури се перчат дека се подготвени за татковината да загинат до последен. Впрочем, кај се видело – татковина без лажговци? Некои умни луѓе, како Ганди на пример, патриотизмот го сметал за човекољубив. А човекољубието не повикува на убивање. Ама овие со своето родољубие повикуваат на убивање, тие се себељупци.
Господ нека им помогне!
А, повратиме? Што мислиш за ова наше раководство, зар не ти личи на себељупци преоблечени во големи патриоти?
Му реков:
-Не, тие велат дека се комунисти!
А глупавиот Аријанос и на Олимп да се изкачи, си останува глупав. Тука глупоста само пред разумот беснее. Но најлошото е дека нашиот глупав мајор и во овие услови се стреми да не убеди дека не е глупав.
Каде е нашата свест, сите да вкниме: Еј, вие генерали! Запрете го лудилото!!!
4.
Денеска е мирно. Веќе можеме да земеме воздух колку што сакаме. Во понеделникот и вторникот не беше така. Но во очекување сме на овој изразито динамичен и возбудлив ден.
Синоќа по целата фронтовска линија беше мирно, но ние сме постојано подготвени на се. Пред да ги отвориме конзервите со студено јадење, нашиот мајор Аријанос ни даде цврст збор дека утринава ќе капитулираат владините сили и градот Коница ќе го прогласиме за наша престолнина. Јас сум сигурен дека ќе се случи тоа. Ние сме од челичната Маркосова војска. Имаме силна волја со која би можеле не само Коница да ја направиме наша престолнина туку да поместиме и планини. Јас верувам во вас. Денес е идеален ден, ден кога ќе дојде до израз нашата стратегија, ни велеше командантот Аријанос кој веруваше во се што ќе кажат од политичкиот врв на политкомесарите.
А нашите политкомесари во оваа војна купуваат души, умови, соништа. Тие за возврат не подудираа по плеќи и со тоа ни потврдуваа дека веќе сме нивни. Им се додворувавме, но не сме сигурни да стапиме во разговор оти не сме сигурни дали треба повеќе да бидеме космополити или патриоти. Ризикот е голем. Молкот пред нив е злато.
Оти тие сказните за непријателите и пријателите ќе ги претворат во реалност, иако ние сите знаеме дека злото и доброто стојат заедно.
Тие се спротивни, лошото никогаш не може да стане добро. Злото и доброто се две различни лица на светот, на животот, на намерите, на однесувањето, а со тоа политкомесарите добро манипулираат.
Но народот знае. Дедо ми велеше:
“Добрината и убавината одат заедно. Оној што е добар, тој им е и убав на луѓето. Оној што го избира злото е грд и не им се допаѓа на луѓето”.
Utilisez les flèches gauche et droite pour tourner la page.
Imprimé depuis https://macedonianhistory.ca/fr/narrative/jamka/8 le 29 octobre 2026