Canadian Macedonian Heritage Society Canadian Macedonian Heritage Society Devenir membre !

Noose

Глава 18. – Коррените на злото Корените на злото и мрачните тајни за геноцидот - Part 01

Par Стојан Кочов · Partie 22 sur 27 · Environ 20 minutes

Lire en English

Глава 18. – Коррените на злото Корените на злото и мрачните тајни за геноцидот над Македонците под Грција во Граѓанската војна (1945-1949).

1.

На московскиот вогзал на перонот број 2 тукушто пристигна возот за Белград. Имаше многу народ. Еден средовечен маж својата долга рака ја држеше врз рамењата на една преубава русокоса жена. А погледот му беше заскитан во далечината. Гледањето напати му беше тажно, чиниш чувствуваше некакво последно збогување со градот Москва и погледот му стануваше речиси мечтателен.

Една група талкачи се враќавме од Ташкент за Македонија.

Стоевме пред вагонот и чекавме кондуктерот да отвори и да влеземе.

Но кога седнавме во исто купе, влезе и човекот што го гледав на перонот со убавицата.

Убавицата со сосредоченост ме гледа в очи (веројатно нешто и прозборил човекот што мило го држеше под рака).

Таа од глава до петици беше облечена во староруска носија.

Во мене се разбудија некакви силни чувства кога човекот го погледнав одблизу. Сега седев спроти него и тој во еден миг ми се насмевна. “Колку интелигенција и привлечност во таа насмевка?” си велам во себе.

Зборувавме на руски, но тој во еден момент ми рече:

-Од каде кај вас во рускиот јазик се најде леринскиот дијалект?

Се загледав во него и во себе си реков: “Чудно, па овој човек личи на Богдановиот сој...” Го гледам неговото убаво, спокојно чело без брчки, неговата рака положена врз коленото. И јас му се насмевнав, но малку се стаписав.

-Јас сум Павле Богданов, но и ти си ми познат?

-Познат? Јас сум Јане Огњанов.

Богданов запре за миг, ја наведна главата, а потоа со миловиден поглед ја опфати целата моја лика.

Возот веќе тргна на југ, а Богданов прозборе не обраќајќи се кон никого.

-Не верувам дека ова е вистина, - рече тивко и продолжи: - Не можам да поверувам дека токму тука ќе се сретнам со саканото момче на мојата покојна сестра Лена.

Се сврте кон жена му и и вели:

-Надежда Ивановна, ако беше жива сестра ми Лена можеби Јане ќе ни беше зет.

Павловите тажни сини очи беа управени во мене и со неизмерна тага продолжи:

-Но војната си го стори своето. Судбини безброј и несреќи толку по светот и ништо. Како ништо да не било со нас Македонците.

Беспомошни сме пред таквите големи злоби.

Се знам, и за мајка ми Лина, знам и за сестра ми Лена, но за браќата Васил и Мито не знам ништо, а пак за татко ми Ламбро, ама ич ништо.

-Малку се знае за македонската трагедија, но од историските документи со сигурност може да се каже кои ни го обесија на врат и добро ни го затегнаа идеолошкиот синџир на комунизмот. Токму тој синџир (направен од КПЈ, врзан од Колишевски) во Граѓанската војна беше најсуров, најкрвав и најбезбожен. Ропски синџир – неразјаснет до ден-денес.

-Меѓу Македонците настана ново пребројување: чиј си и кој си?

Борба за ново престројување и од Македонците се бараше сервилно и ропско расположение, - рече Павле Богданов – висок офицер кој ја завршил воената академија “Фрунзе” во СССР. По Втората светска војна бил меѓу првите пратени во воената академија “Фрунзе” како млад офицер од Титовата армија, со многу други млади од “Егејската бригада” и други офицери од цела Југославија. Но во времето на Имформбирото се определил за Сталин и подолго останал да живее во Москва, на работа во Институтот за военополитички науки.

2.

-Кон крајот на војната почна да се дознава се; за сите судбински тајни на Македонците: војните, тероризмот, граѓанските немири имаа предизвикано привремени растројства но на крајот се покажа дека тоа биле брановите на планираната глобализација (поделба на сфери на влијанија) по Втората светска војна.

Всушност, комунизмот беше атрактивен од многу причини, вклучувајќи ја и идејата за универзална правда и хуманитарни социјални односи. Тоа беше одговор на големата светска војна и на духовната криза по Првата светска војна, и подоцна на геноцидот на нацистите, и убедување дека се наближува крајот на доминацијата за Западот над светот. На крајот, се најдовме во свет поделен според договорот во Јалта, комунизмот за некои беше единствен реалистичен избор за Централна Европа.

Ги помнам очите со кои искрено и милно ме гледаше. Бев убеден дека тој ја знае вистината за нашата кобна судбина. Му поставив неколку прашања:

-Која е вистината за македонските организации НОФ и АФЖ.

Имаа ли сознание за границите на можното, што можеше всушност македонскиот народ да добие од граѓанската војна? Имаа ли тие македонски организации визија каде одат и зошто тие не се викаа македонски, н. пр., МНОФ и МАФЖ, а го повикуваа македонскиот народот на масовна војна?

Дали ние Македонците можеме, дури сега, откако заврши Граѓанската војната, да знаеме кој го активира ” македонскиот синдром” за нашето (само)жртвување во годините 1945-1949!?

Дали крвавата приказна во Македонија под Грција почна со илегалното донесување на злото од организациите НОФ и АФЖ!?

Што се случи со формирвањето на НОФ и АФЖ во Скопје под раководство на КПЈ/КПМ?

Дали раководителите на НОФ и АФЖ, можеби несвесно по налог на туѓинците, направија увоз на “револуција” во Македонија под Грција!? И токму на тој простор од НОФ и АФЖ беше применет стариот добар принцип: ”Ако не си со нас, тогаш си против нас”.

Дали идеолошкиот активизам беше и алиби за доуништување на Македонците во Грција?

Што ни се случуваше? Зошто и од кои причини се развиваше стратегијата за ”масовна одмазда”?

Ќе кажема ли ние Македонците кој донесе решение за таков катастрофален потфат!?

Павле Богданов смирено се поднамести со сериозен израз на лицето и ми вели:

-За Граѓанската војна во Грција, всушност се покажа дека беше валкана војна, дело со многу неразјаснети причини за гибелот на Македонците во тоа црвено губилиште.

Во таа војна немаше двовласт, како што пропагираа НОФ и АФЖ дека тие биле воен и политички фактор. Раководствата на НОФ и АФЖ, кога тргнаа по туѓи директиви, не знаела каде одат. Кога го турнаа македонскиот народ, не знаеја зошто. Кога војната заврши, не знаеја каде им е народот и не знаеја каде биле.

Тие тргнале по туѓи директиви и цело време оделе без компас.

Зошто не го носеле името МНОФ и МАФЖ, од тоа се гледа дека не биле автохтони организации на македонскиот народ.

Ние за Граѓанската војна имаме две стории:

Едната е КПЈ/КПМ не оформија како НОФ и АФЖ и не турнаа во војна! Но тие организации не беа автохтони и не се родија од вистенските потреби на Македонците под Грција. Тие беа создадени за потребите на КПЈ, а КПМ во тоа време беше под силно влијание на КПЈ и не беше во состојба тоа да го спречи, ама и ниту имаа доволно сознание за таквата планирана геноцидна катастрофа над Македонците под Грција.

Другата е КПГ која цело време не водеше како Славомакедонци и бараше од НОФ и АФЖ тотално саможртвување. Кон крајот на војната, ги анатемоса како Титови агенти, идеолошки итро не искористи и не остави по светот.

И всушност постои една вистина: со едни што предизвикаа геноцид, и со други што го довршија геноцидот, низ борба со поданство и со двострана и безмилосна манипулација.

Тоа беше итрата мамка за саможртвување на Македонците.

Збунето го прашав:

-Значи, тие биле само мобилизаторски сервис а не политички или воен фактор, како што го лажеа народот?

-Да! И никогаш тие наши организации не претставуваа никаков фактор, туку беа претворени во сервис на грчките раководители што ја водеа војната.

Организациите НОФ и АФЖ ја прифатија лекомисленоста, негрижата за сопствената судбина и донесуваа решенија кои им помагаа на туѓинците да организираат и да извршат ”меко” етничко чистење. Тие ја обезмакедончија Македонија под Грција. Немаа сознание за границите на можното, што можеше всушност македонскиот народ да добие од таа војна.

Токму овие наши организации, инструирани од туѓинците, насилно го забија ”црвениот клин” во срцето на македонските селани под Грција.

Македонското прашање лично Захаријадис, особено го користеше во Граѓанската војна, а тоа се должеше на неспособноста на македонските политичари, зашто тие уште на почетокот на војната по директива работеа како поданици на КПЈ.

Потоа се случи внатрешен раскол и почнаа да се напаѓаат. На крајот војуваа сами против себе за да си ја спасат главата. Кон крајот на војната патриотската лојалност им наложи да прибегнуваат кон КП на Југославија или да станат жртви на КПГ. И тоа се случи.

Тоа ни покажува дека, ако човек не војува за интересите на својот народ и ако влегува во некаков колективен интерес – комунистички, од него нема ништо. Ние Македонците пропаднавме пред да станеме свесни за своите национални грешки. Тие наши луѓе се заглавија во процепот меѓу улогите на жртвата или на победникот. Сите тие наши раководители на НОФ и АФЖ (кои во 1945 година слегоа од Југославија по налог од КПЈ/КПМ), комунистите Грци и раководителите на ДАГ нив ги гледаа како заостанати бомби за кои не знаеш кога ќе се активираат и колкава штета ќе направат.

По завршувањето на војната сите раководители на овие организации беа пратени во Сибир. Грците тоа го направија многу итро, ги натераа Советите да ги осудат Македонците преку високото законодавство на СССР.

-И навистина беше така, - му потврдив и посакав да се искаже, да му олесни.

-Кај нас најголемиот дел од борците, особено оние што станаа талкачи по светот, се прегазени од историјата и од времето. Кога се работи за прашањата од доменот на нашата трагедијата тие се разочарани од НОФ и АФЖ.

Ужасно е сето ова што се случуваше со нас Македонците во таа војна... – тивко рече и продолжи:

-Да, ќе кажам отворено. Се покажа дека овие организации пропагираа туѓи пропаганди што беа кобни за Македонците.

Македонскиот народ не беше и уште не е информиран за се што ни правеа КПЈ и КПГ.

Кон најголемиот дел од активистите на НОФ и АФЖ, факт е дека КПГ се однесуваше како насилник затоа што имаа апсолутна политичка власт и можеа да вршат страшен притисок.

Се штрекнав! Зоврев! Го прекинав:

-Ме интересира дали националниот идентитет ни беше толку силен што не се плашевме дека ќе не протераат од нашите огништа?

И сега што ќе се случува со нас?

Богданов смирено продолжи:

-Што да чекаме да ни се случува, повеќе од тоа што станавме бездомници – талкачи.

Гласот му беше длабок и нежен и продолжи:

-Кога денес човек размислува што рекле некои мислители за историското минато: Народ што не црпе искуства од своето минато, тешко може да ја планира својата иднина, но ако ја проследиме нашата историја, не се памети дека имало преземена акција од туѓинците што не ја реализирале преку Македонците – манипулирајќи или потпалувајќи ги таквите идеолошки поданици. Па човек ќе се праша: Што не научивме од историјата? Не го научивме автентичното македонско опстојување на прадедовите огништа. Да, вистина е, посебно ние Македонците под Грција, допрва ќе треба да ја отвориме книгата на проблемите и ќе треба еднаш јавно да се извиниме за минатото, а тоа да им биде поука на младите во иднината. Да не го заборавиме најелементарното нешто: дека, пред се, нашиот народ тука (во Македонија под Грција) имаше корени и со векови човекуваше со свое достоинство! Ако продолжиме со сите наши неодговорности, неспособности, некомпетентности, несовесно да ги прославуваме тие настани искривоколчени со ”случајности”, или да се правдаме со ”судбина од која не се бега”, никогаш нема да се ослободиме од случајните луѓе што го доведоа македонскиот народ до ископачување.

И факт е дека тие што сакаа да не уништат, знаеја (знаат) многу повеќе од нас, ние за нив не знаеме речиси ништо!! Ние и ден-денес ги криеме нивните валкани зафати. Дури и некои наши историчари не советуваат да молчиме: ”да не ја сечеме гранката...” Зар тоа не го објаснува ФЕНОМЕНОТ НА НАШАТА ПОДАНИЧКА СВЕСТ?

Зар тоа не е ВАЗАЛСТВО? Зар не е вистина дека македонските организации во 1946 година со т. н. ”братство и единство” добија нов господар на кој треба да му бидат слуги?

Да, токму тогаш на македонските организации им беше скршен ‘рбетот и станаа ВАЗАЛИ: потчинети, зависни и слуги на новиот господар (КПГ) со невидени отстапки:

Ако еден од основните национални атрибути е јазикот, тогаш како можеле организациите НОФ и АФЖ, по т.н. ”братство и единство” (1946), да се ”откажат” од националниот идентитет?

Дали тие Македонци во единиците на ДАГ, што беа регрутирани и пратени во длабината на Грција, можеа да зборуваат македонски?

Се разбира дека не. Тие таму беа предупредувани дека: ”Името и презимето, нужно треба да бидат на грчки, а треба да се зборува само на грчки јазик”.

Тоа значи дека конечно навикнавме на политичкото насилство над сопствениот национален идентитет приближно како магаре на ќотек.

Со текот ба војната, онака напатени од постојаните обиди за негирање на сите особености на македонското, на нивото на нашата масовна психологија дека прво КПЈ/КПМ и КПГ се наш спасибог.

Каква ретка среќа доживувавме! И тоа во време на денот да не пееме песни за Таткото и Водачот (на КПЈ или на КПГ), за наједноствниот Човек од сите луѓе... Да, туѓинците ги сметавме за наш спасибог.

Сами си создадовме низа комплекси и симптом на одвоени невротични карактери: едни со КПЈ, други со КПГ.

Овие масовно раширени комплекси, создадени уште на почетокот на 1945 година, претставуваа најсериозни пречки во обидот да се дефинираме и да опстоиме на една издржана национална стратегија како да опстанеме на своите прадедови огништа, без да влегуваме во таа пеколна војна што имаше туѓи цели, а не наши.

После некој ни е виновен за тоа што КПЈ/КПМ и КПГ не фрлија во идеолошкиот отпад! Како да ја исцелиме таа болка, таа наша постојана и трајна болка: по нашиот дом, по нашите блиски што ги оставија своите коски на боиштата во Граѓанската војна? Како да заздравиме?

Историски хроники

(Преглед за развојот на настаните во 1945 година.)

ПАРОЛИ НА НОФ, АФЖ И НОМС СО “СТРАТЕШКИ ДИРЕКТИВИ” ЗА ”МАСОВНА ОДМАЗДА”.

Се пропагираше: да се рашират нашите организации НОФ и АФЖ секаде каде што има Македонци, во секое село, во секој град, квартал, колиба и земјоделска куќа. Ниту еден Македониц, Македонка или Македонче да не остане надвор од НОМС, АФЖ, НОФ и надвор од нивните влијанија.

Уште на 1 јуни 1945 година покажуваат многу воинствено истрчување, и тоа една година пред да биде официјално објавена Граѓанската војна во Грција.

”Само така организирани ќе можеме да го уништиме фашизамот и да ги добиеме своите права и право на целосно самоопределување.” ”Напред. Сите Македонки во Антифашистичкиот фронт на жените (АФЖ), за целосно уништување на фашизмот, за нашата слобода, за нашите права”. Да ги скине ропските синџири.

Но тоа беше време кога цел свет знаеше дека на 9 мај 1945 година беше прогласена тоталната победа над фашизамот, а по се изгледа дека нашите пароли биле излитени или погрешно зајмени.

Значи, ете како македонскиот народ се најде (стоеше) вџасен и разгромен пред овој последен, судбински повик, затоа што знаеше дека со дипломатски трампи исчезнаа безброј Македонци, а сега се бараше од нив масовно учество за да бидат сомелени во т.н.

револуција, односно, како што ја нарекуваа активистите на НОФ и АФЖ: продолжување на Илинден.

-Кои беа всушност нашите сојузници во Граѓанската војна?

-Никој! Па дури ни КПМ, зашто и таа беше целосно потчинета на КПЈ.

Значи, македонски нихилизам, грешки, поданство и реки крв, но да се вратиме на фактите:

За остварување на таа стратегиска цел, беше применета и вооружена форма на борба, за што раководството на НОФ по неколку дена, односно на 28 април 1945 година, реши да формира македонски партизански единици.

А развојот на силите на НОФ и АФЖ и политиката на КПМ/КПЈ за оптималното омасовување на целокупниот македонски народ беа немилосрдна.

-Ете токму за ова Труман реагира и потенцира:

”...Ако падне Грција под контрола на некое вооружено малцинство, многу лесно ќе завладеат збрки и аномалии на целиот Среден Исток. Така исчезнувањето на Грција како независна држава ќе има длабок одраз врз сите европски земји чии народи се борат...

Ако не и помогнеме на Грција во овој критичен момент, последиците ќе бидат тешки, колку за Запад толку и за Исток. Должни сме да преземеме непосредна и решавачка акција”.

Значи, ако политичката стратегија и тактика на Маркос била за неомасовување на вооружениот отпор, и тоа со искусни борци од ЕЛАС, тогаш каде да ја бараме логиката на таквите политички процеси? Тоа што го правеше НОФ со невидено галопирање во омасовувањето на Македонците селани: нофистите и афежистите користеа една комбинација на политичка демагогија и сентиментална манипулација со селаните.

Така се формира таа наша позната искривена симбиоза: лажни верувања и очекувања – рамно на ветувања.

Од таквата стратегиска цел на КПМ/КПЈ, организацијата НОФ и АФЖ беше организирано во 5 окружни, 10 околиски, 3 градски и 32 реонски раководства со 120 професионални кадри на НОФ, АФЖ и НОМС, и беа организирани 220 села (половина од овие села се унуштени во времето на Граѓанската војна – м.3.), а функционираа 170 селски и градски организации. Во тој период биле создадени и воени формации – до баталјони.

Од историски аспект, самите слогани (НОФ и АФЖ) си ја имаа завршено функцијата уште кога се прогласи пред светот победата над фашизамот, но за Македонците изгеда дека тоа не важеше. Но, со тоа грчката влада го озакони (донесе спеџијални закони, кои исклучиво важеа само за нас Македонците) насилството против таквите организации (НОФ и АФЖ) во Грција и власта одговори со невиден терор до крајот на Втората светска војна. Ова, се правеше, уште пред да почне Граѓанската војна, зашто таа официјално е прогласена на 31 март 1946 година, со решение на Вториот пленум на КПГ, одржан на 12 февруари 1946 година.

Наместо нофитите да се соочат со реалноста, тие, како креатори на македонките организации се обидуваа да создадат реалност (за преземање против Македонците најстроги мерки од владините институции: терор, апсења и легитимни миграциони процеси), ситуација каква што им требаше на проектантите за нашето искоренување.

Многу се базираа и врз официјалната изјава на маршал Тито во Москва, на ден 26 април 1945 година за “Њујорк тајмс” во која се вели: ”...Ако Македонците од грчките области изразат желба да се обединат со другите Македонци, Југославија ќе ги почитува нивните желби... дејствувала поттикнувачки за македонскиот народ и во ЦК КПМ но, исто така, и на противничките сили кои против силите на македонскиот НОФ во Грција применувале злосторнички мерки...” Нема сомнение, дека оптималната цел на НОФ и АФЖ, (КПМ/КПЈ)

беше да ги опфатат тотално сите Македонци под Грција и да ги стават во функција на сенароден фронт за реализација на програмската цел.

Но, многу аналитичари си го поставуваат прашањето. Ако таквата стратегиска цел беше прифатена како грижа од КПМ/КПЈ, тогаш, зошто само пред неполни три месеци овие највисоки тела на Југославија беа против паролата: ”Да го свртиме оружјето кон Солун!”, односно: ”На Солун, не на Сремскиот фронт?!” Значи, накратко, неправедниот поредок, наметнат во Јалта, го следеше едно безредие, исто така суров и без сомнение уште покрваво за нас Македонците под Грција, што се најдовме поделени во четири држави. Идејата за светскиот комунизам беше попразна во значењето од кога и да било порано, и зачудувачки е да се констатира пред оваа немоќ.

Во тој период реакциите на КПГ и на владата во Атина беа против формирањето на НОФ и АФЖ.

Ете како организациите НОФ, АФЖ, и НОМС, создадени во СФРЈ

– Скопје, беа пречекани во Грција од левите сили, на кои НОФ и АФЖ не натера да им бидеме верни и на кои им го поверивме сиот македонски потенцијал, па дури и децата.

Два месеца по формирањето на НОФ, раководителите на КПГ, на Дванаесеттиот пленум на ЦК КПГ (јуни 1945) во резолуцијата ги прогласуваат грчките позиции, односно границите на север, несигурни и загрозени:

”Решително се спротивставува на секое територијално барање од која и да е страна против Грција. Зачувувањето на територијалниот интегритет на државата е првостепена задача на секој грчки патриот”.

Види: (ТО ККЕ АПОТО 1931-1952 стр. 110). Понатаму се вели дека Англија, како ”голем пријател” на Грција, односно военополитичкото присуство на Британците се прогласува како неопходно за да бидат осигурени нашите позиции и нашите граници на север”.

Ете, сега е сосема јасно како и од кого го прифативме ритамот на глобалното индоктринирање и од тоа немаше назад. И тогаш ја изгубивме историската шанса за остварување на националните права во Грција, кои беа утврдени со меѓународното право. Нели сево ова беше туѓински аршин за Макдонците под Грција?

ЗНАЧИ, НОФ И АФЖ БЕА ФОРМИРАНИ НА 23 АПРИЛ 1945 ГОДИНА, ОРГАНИЗИРАНИ И РАКОВОДЕНИ ДО ПОЧЕТОКОТ НА ГРАЃАНСКАТА ВОЈНА ОД КПЈ/КПМ, И СЕ ПОКАЖА ДЕКА БЕШЕ ГОТОВА ТЕАТАРСКАТА СЦЕНА ЗА ВОЈНАТА, А МАКЕДОНЦИТЕ ОД ТАКВАТА ЕМОЦИОНАЛНА ЗАРАЗА СТАНАА ЖРТВИ ЗА ТУЃИ ИНТЕРЕСИ.

Преглед на разбојот на настаните во 1946 Развојот на левите сили (КПГ и ЕАМ) и политичките настани на почетокот на 1946 година се одвиваа според концептот за неомасовување на населението во вооружен отпор и поради таквиот став беа враќани илјадници војници и офицери, сите симпатизери и членови на КПГ и на ЕЛАС, кои беа жестоко прогонувани од новата власт во Атина.

Но зачудува концептот на НОФ под раководство на КПМ/КПЈ според кој уште во 1945 година беше извршена масовна мобилизација на македонското население, кое беше зачленувано во НОФ и АФЖ.

Очевидно, тоа покажува дека е внимателно испланиран идниот концепт преку стратегијата и тактиката на туѓинците за нашето искоренување.

(Атина-Прага-Белград-Москва)

(Следните факти се клучни моменти во целата историја на НОФ и АФЖ – од воените архиви: СССР, Југославија и КПГ.)

Да го проследиме ∆ΙΜΙΟΥΡΓΩΣ творецот на Граѓанската војна (30/31 март 1946-30 август 1949)

На 20 март 1946 година Захаријадис ја напушти Атина и замина за Прага. Патувањето, едновремено, било искористено и за разговори со комунистичките лидери, од кои Захаријадис побарал поддршка за вооруженото дејствување од повеќе лидери на европските комунистички партии, но речиси од никого не добил одобрение, туку тоа го гледале како незрел потег. Најзначајните лидери: Торез на Франција и Толјати на Италија му укажале ”дека е опсано да се прибегнува кон оружје”. Посебно Георги Димитров му укажал дека ”меѓународната ситуација не дозволува избувнување на нов вооружен конфликт, кој фактички би им овозможил директно мешање на западните сојузници на БАЛКАНОТ”. Но сите тие лидери добро знаеја дека Захаријадис, по девет години заточеништво, во мај 1945 година се врати во Атина од концентрациониот логор Дахау, во Германија и им остави чуден впечаток со својот најнов став. Тој со британски авион пристигна во Грција и веднаш по враќањето ги презеде своите поранешни должности на генерален секретар на КПГ и започна со работа.

Но Захаријадис на тие средби во Прага добил и доста информации за маршал Јосип Броз – Тито дека “по успехот на герилското движење во Југославија, Тито бил насочен кон проширување на ’револуциите’ насекаде на БАЛКАНОТ”.

Захаријадис, посебно вознемирен, на враќање од Прага го посетил Белград, каде што барал да биде примен од маршал Тито.

Захаријадис бил примен од Тито и тие разменувале на руски понекој збор без преведувач и Тито, пасакувајќи да наздрави, му се обратил:

-Што мислите за иднината на БАЛКАНОТ?

Захаријадис му одговорил:

-Маршале, токму затоа сум дојден кај вас по инсистирање на многу лидери кои многу Ве почитуваат по успехот на герилското движење во Југославија. –И детално му ја објасни политичката положба и дека народот е подготвен да се бори и да ја преземе власта од англо-американските империјалисти.

Тито, не можејќи да го скрие задоволството, расположен со своите соборци: Ранковиќ, Кардељ, Ѓилас, Темпо, Колишевски и други, му рекол:

-Животот не оди назад. Револуциите носат прогрес, развој на општеството и на производните сили. Јас од името на Комунистичката партија и на народот, ви ветувам широка помош што е потребна за една организирана народна армија.

Вие знаете дека ние по Втората светска војна веднаш мислевме на една револуција и не случајно денес во Егејска Македонија дејствуваат токму такви револуционерни сили од граѓани на Грција – Македонци. Тие се раководени токму од нашите опитни центри кои имаат долга револуционерна традиција. Ние сме подготвени тие сили и силите што се во логорот Булкес да ги ставимет под ваша команда.

Тито се свртел кон Колишевски и му рекол:

-Лазо, запиши, и направи се, тие сили под мотото “братство и единство” да се стават под КПГ во корист на револуцијата.