ΠΡΟΣ ΤΗ ΝΙΚΗ
ΠΡΟΣ ΤΗ ΝΙΚΗ
ΖΙΤΩ Ο ∆ΣΕ* Захаријадис беше навикнат на овации. Но сегашните овации се очекуваа посебно од највисокиот воен штаб, најдобриот дел од народот и иднината на народот.
Аплаузите ја потресуваа бараката, офицерите викаа: “Да живее другарот Захаријадис! Да живее најголемиот син на роботниот народ!”
-Другари, -Захаријадис се насмевна и посака да им даде знак да почне заседанието.
Самаридис, кој во Штабот беше еден од почитуваните високи офицери, поседуваше големо чувство за одговорност, беше доверлив човек на комунистичката партија и строг. За него велеа: Тој може да го принуди човека постојано да ја преправа истата работа додека за него не биде совршена. А тоа се потврди кога го рашири на масата големиот лист хамер, се видоа разнобојните стрелки и Логотетис рече:
-Со црвените стрелки се означени нашите напади што треба тотално да го разбијат на непријателот, а со зелена боја се упориштата на владината војска. Некој од присутните рече:
-Од стратегиска гледна точка, целата акција беше детално и внимателно испланирана. Со еден збор – чапаевски напад.
Мавташе со еден лист хартија и почна да чита цела низа дефиниции со кои се дефинираа основните воени правила на стратегијата и тактиката.
-Вистинско знаење. Го очекував ова од вашата остроумност, другар Самаридис, - му рече генерал Маркос повлекувајќи обилно дим од цигарата “папастратос”.
Генерал Маркос, му беше познат на Водачот како човек кој фанатично се движи кон својата цел.
*Кон победата! Да живее ДАГ!
Подготвеноста ја потврдува со високо кревање на рацете и со бесмислената упорност на голем инаетчија.
Водачот еднаш го нарече гениј на инаетчиите и му припишуваше животински особености, па често велеше “…генерале, се инаетиш како магаре на мост”, или “генерале, инаетот глава кине”. Ама генералот си го тераше своето и мислеше дека инаетот е поблаг и од медот и со тоа ја осмислуваше својата кариера, ја дефинираше, ја операционализираше.
Националист, интелигентен, со големо неформално образование, итар и опасен, Водачот знае дека само некои недоветни офицери се уште веруваат дека неговата тврдоглавост и неговото мрморење се израз на висока интелигенција и политичка зрелост: користи се, само за сопствени интереси, газејќи по туѓите.
За Водачот тој негов галоп кон местото за Бог на Грамос, бил и е во погрешна насока, а на Водачот најмногу му пречеше тоа што Маркос не можел да сфати кој треба да биде Бог.
Водачот го следел долго време, посебно откако го назначи за генерал и главатар на ДАГ. Еднаш дури го нарече:
“Матен мистик без особено образование и стратешка подготвеност.
Идеален тип што не ги разбира нештата. Тој стана маскиран заробеник на фикс-идеи”.
Захаријадис често се смееше во дискусиите на Маркос кога категорично ги отфрлаше неговите мислења.
“Внимавај, генерале мој! Од тебе зборуваат незрелоста и неукоста. Ти ги претпочиташ личните пред колективните искуства на човештвото.
Досега не сум сретнал понеобјективен од тебе.
*** Бил толку разработен планот дури и целата влада со своите министерства била многу функционално сместена во гимназијата на градот Коница, па дури било предвидено (а тоа произлегувало од функциите на министерствата) за секое министерство на кој кат би било сместено и на која врата да им се напише.
Први кат: Потпретседател и министер за внатрешни работи – ГИЈАНИС ЈОАНИДИС.
Втори кат: Претседател на Привремената влада на слободна Грција и министер за војска ДАГ – генерал МАРКОС ВАФИЈАДИС.
Трети кат: Министер за правда – МИЛТИЈАДИС ПОРФИРОГЕНИС.
Трети кат: Министер за надворешни работи – ПЕТРОС РУСОС.
Во градската болница: Министерство за здравство – ПЕТРОС КОКАЛИС.
Во градскиот хотел: Министерството за социјала и грижа за работниот народ – ВАСИЛИС БАРЏИОТАС.
Во градската кафеана: Министерство за национална економија – ЛЕОНИДАС СТРИНГОС.
Во еден дел од поштата: Министерствот за земјоделство и сточарство – ВЛАНДАС МИЧОС.
Самаридис со смирен тон објасни дека во нападот учествувале два полка со околу 3.000 борци и еден независен баталјон и четири полка биле распоредени во длабината на реонот на градот Коница, покажувајќи по стрелките. Здивна малку натажен, чиниш сака да изрази некакво сочувство за неуспехот, и рече:
-Прв пат нашата демократска армија употреби топовско гранатирање од две топовски батерии кои беа распоредени над градот, - покажувајќи ја местоположбата.
Потоа следуваа информациите со кои располагаше Генералштабот дека градот Коница го бранеле и обезбедувале еден пешадиски полк, една чета вооружени граѓани кои многу си го сакале градот и полициски сили. Се на се силите на противникот немале повеќе од
2.000 војници.
Нападот почна на 24 декември 1947 година, траеше до 4 јануари
1948 година.
Загуби:
-Од наша страна жртви 700 партизани од кои 250 мртви.
Од Владината војска жртви 513 војници од кои 104 мртви.
Застана во став на почит и рече:
-Нападот на Коница не успеа!
3.
-Навистина е за восхит колку многу работи знаете, другар Самариотис – му рече генерал Гусијас дополнувајќи ги честитките од Водачот на генерал Маркос.
Гусијас, мал и полничок, беспрекорно го негува своето тело, однатре со најдобра храна и пијалак, и однадвор – со офицерска униформа, мустаќи, потстрижан, колонска вода и беспрекорно закопчан.
Тој досега беше безначеан и колеблив, но важеше како архаичен компромисер и голем “готвач” на политички интриги, но и на кадровски комбинаторики во партијата, а сега тука, на Грамос, стигнал до врвот со изграден систем на релации и комбинации, опасен. Но тој сега е во игра од технички причини, иако досега на воено поле беше тотално незабележителна воена фигура, која дури тешко се снаоѓа и во улогата на подофицер.
Водачот за него велеше:
“Гусијас е човек што може да го камофлира бесот и да го искаже на индиректен начин во форма на постоајано приговарање, озборување, непријатни и саркастични дофрлувања, игнорирање или прекинување на комуникацијата со одредени луѓе без никакво објаснивање. Но Водачот за него го знаеше и тоа дека Гусијас прекумерно ужива во пиењето и во храната и дека тоа му е чест облик на ублажување на чувствата и борбата против придушувањето на бесот.
Некои од офицерите се прашуваа:
“Кој е тој?” Одговорот беше:
“Се е, само не политичар и воено школувано лице.” Полковник Софијанос не беше сосем убеден, но не знаеше како да им се спротивстави. Затоа го избра подолгиот пат, тргнувајќи од други аргументи.
Тој рече:
-Во тој план, навистина, уште стапките на мравите што не се внесени. Се е педантно исцртано од Самаридис. Ние водевме војна, а не игравме фудбал. Над нашите глави фучеа куршуми.
Одекна силна смеа. Тие се смееја, сите до еден, и Самариотис можеше да види како им играат адамовите јаболка. Се смееја и Водачот и генерал Маркос, ама во еден момент Водачот тропна со прстите по масата и сите замолкнаа како галени кутренца пред големиот стопан.
Полковникот продолжи и рече:
-Колкумина од нас ќе бидат исправени пред совеста, за да им биде кажано се на нивните мајки. И знаете ли колку ги нема сега во нашите редови: според пописот, со кој ми реферира штабниот офицер, сигурно ги има околу двесте и четириесет и пет мртви и уште педесетина изрешетени од куршумите на снајперистите.
Потоа се јави за збор Георгиос Ѓанулис, чесен човек, добронамерен, со цврст став и со морални вредности на офицер.
Отворен, комуникативен, упорен да биде близу до народот. Мошне способен, многу искусен за герилска војна. Имаше карактер и силни убедувања, силна волја и лојалност кон партијата.
Тој рече:
-Полковник Софијанос е совршено искрен и тој е примерен воин кој ги приврзува борците кон себе. Ние сите се разочаравме од тој план, од се што знаеме и немаме причина за радост, туку само за жалење поради една таква воена стапица што ја доживеавме со многу жртви на млади животи.
Нашата голема амбиција применета во погрешно време, ете, заврши со катастрофа. Оваа голема несреќа ја предизвикавме сами.
Какво оправдување ќе им дадеме на тие стотина мајки?!
Ова не е помало зло од она што го направил Ирод во Витлем, иако тука е помала бројката, но ова ме потсетува на убиството на 14.000 свети деца. Никогаш нема да ќе можеме да го отплатиме гревот што го сторивме спрема овие млади и неискусни за војна.
Полковник Софијанос растреперено рече:
-Денес не се случува ништо што претходно не се случувало. Само што денес сето тоа се случува цинично, од деца сакаме да правиме жртви и да ги прогласуваме за херои. Тоа сите нас што ја водиме војната ќе не однесе во гибел.
Очите на генерал Маркос и на Водачот Захаријадис се ококорија небаре тие можат да го сфатат рапортот на полковник Софијанос.
Водачот се нали неколку голтки вода и долго молчеше. Најпосле изусти:
-Луѓе? – се праша тој сиот збунет потресен и продолжи:
-Не, не, ако е така, тогаш тоа е катастрофа за Партијата. Тука треба да се бара вината во воениот кадар, но никако да се обвинува партијата.
Точно е дека не беа обучени војници или, подобро речено, беа луѓе, но деца. Деца под седумнесеттата година, - рече Захаријадис. – Никако не ни требаше тоа. Тоа не смееше да ни се случи.
Во тој миг се воздржа да го искаже бесот. Тој се ослободи од непродуктивните фрустрации и посака правилно да го насочи бесот.
Со свој стил и начин посака да објасни и да фрли поинакво светлина на ситуацијата во која се расправаше за воената стратегија, но предложи подолг одмор.
4.
Лицата им изгледаа страшно. Владееше гробна тишина во која се слушаа само надворешната виулица и ветрот низ прозорецот како цвили како претепан пес.
-Не очекував такво потценување, полковнику Софијане, -подналутено му се обрати Самаридис.
-Ама самиот ми имате кажано дека не знаете да војувате, ниту пак би можеле на вашата возраст да ја совладате воената стратегија и тактика, сега кака даскал по нацртна геометрија.
-Ама како? – праша Самариотис и продолжи: - Јас сето тоа го нацртав, читајќи ги големите руски војсководци. Не можам! Не можам да ве разберам зошто сакате да ме дисквалификувате. А што ќе беше ако се служев со литература од капиталистичките земји?
Полковникот се насмевна.
Utilisez les flèches gauche et droite pour tourner la page.
Imprimé depuis https://macedonianhistory.ca/fr/narrative/jamka/12 le 29 octobre 2026