Глава 9. - Збег во белата смрт
Глава 9. - Збег во белата смрт
1.
Се разбегавме на сите страни. Багавме со исчадени карабини, слушајќи го крикот на омразите. Јас, Андонис, Спирос, Сотир, Кољо, Петре и една цела сурија фативме кон високиот рид Клефтис.
Ненадејно, Кољо офна. Беше погоден во левата рака. И ете го сега, се подига, лази притаено по снегот. По нас, бурандарите и вооружените коничани се потпалија како бесни кучиња, само викаат:
“Пукајте во нив да ги искорениме натрапниците, за да завладее мир во нашиот град. Ве молам, нишанете добро. Господ Бог е со нас, градот е наш. Убивај! Убивај!
Им викаше еден од офицерите.
“Ќе ве фатиме, проклетници, ќе ве фатиме и на ражен ќе ве печеме… Проклетници, чума да ве собере. Ни го испоганивте градот, ни ја одзедовте радоста од пречекот на Новата година. Антихристи, ни ја испоганивте црквата, ни ги вознемиривте мртвите…
Злосторството ваше ќе ви го вратиме со злосторство! Тие се бунтовници, против нив е и Бога и треба да се оковат… Тие се опасни”.
Ме полазија морници.
Со напор се искачивме на ридот, Клефти и, пред една белина со многу долини, видовме орман од борови што се простираше во недоглед. На работ на шумата излезе ранет елен, а по него глутница волци нагрвалија и го достигнуваат. Сите не одвлече таа глетка и со гнев ги гледаме резјарените волци.
Само Леонидас, чекорејќи брзо низ силниот ветар, ми шепнува:
-И волците се исти како нас…
Пред нас, само што ја минавме пресеката, под ридот се одделуваше голема падина. На просторот царува снегот, реткост е да се сретне понекое осамено, скржаво дрвце. Северецот силен, сув и студен, предизвикуваше агресивност. Секој од нас се држеше за срцето. Од непрегледната белина како да доаѓаа звуци на нови мелодии од смртен страв. Иако повремено Леонидас го обземаше депресија, главно беше ведро и оптимистички расположен што останавме живи.
Леонидас рече:
-Го сакам овој бел свет, само во ваква белина човек се ослободува од илјадниците мисли што не мачеа низ уличните борби во градот.
Сполај му на Господ, фативме поштук по ужасот што не снајде.
Зад нас оставивме само пластови од омраза и страв. Да не може човек да ги раскопа со векови, ниту со божја помош…
Тргнавме прудолу. Патеката одеднаш заврши. Продолживме.
Одењето низ оваа белина е рамно на одот низ самиот живот. Навеви снег. Очајно гребење по синкавиот мраз. Од синото и сиво бранување, чиниш исчезна границата меѓу небото и земјата. Андонис се подлизна, но Костас го поткрепи. И почна нашата борба со планината. Се бориме сите што побрзо да влеземе низ дрвјата, а планината лежеше, поточно се креваше рамнодушна, таа дури не не забележуваше, а над нашите глави авионите згрмуваа со своите јаки мотори и рафали што ги истураа со некаков бес врз нас.
Авионите постојано ја надлетуваа белата долина. Прво полека прават полукруг, па на враќање се устремуваат, го испуштаат смртоносниот синџир од бомби како молњи се движат, се губат во синилото, чиниш се птици грабливци. По цел ден надлетуваат. Грми планината. Секој пукот, секоја експлозија одекнуваат како да се распукува земјата. Невидена паника. Премногу е студен денот.
Јануарскиот студ гризе до коска и ти се чини дека срцевината ти ја глода.
Пред нас со мака се движи и Поликсена Кирјаку. Таа е санитарка во нашиот баталјон. Лицето и е измачено и болно. Темно.
Раскопчаните гради забрзано и со мака вдишуваат воздух, вратот и помодрел, а раката и фатила мразулки, ја крие небаре да не и ја однесе белината. Чекори и посакува да им помогне на ранетите.
Стигнавме до долгата заледена стрмнина од долината. Згазнав на бош и се лизнав надолу. Се превртев, продолжив да се свлечкувам надолу. Тукушто се созедов, гледам како сноп по мене се тркала и Леонидас, ама тој беше крупен и брзината на лизгањето беше многу поголема и изгледаше застрашувачки, не дај Боже да наиде на некое дрво…
Потоа внимателно тргнавме по снегот што фатил ледена кора која ни ги крепеше чекорите.
Леонидас се крсти и се моли, а јас ги корнев со премалените прсти мразулките од косата и веѓите.
-Ела со мене, - ми вели загадочно капетан Ѓорги Калков, и речиси ме влече накај ископаниот гроб во смрзнатиот снег, зад една неголема ела.
-Знам дека се сакавте како родени браќа, па посакав ти да го погребеш.
Во гробот лежеше мојот побратим Јован Котев. Беше ранет во левата нога од авионите и небаре за час му истекла последната крв.
Лицето му беше модро и згрчено од болка.
Плачев и го покривав со грутки снег, барем пред моите очи да не го колват грабливите птици или да не го растргнат гладните волци.
Се свртев кон полковникот и му реков: отсега баш не мие гајле за револуцијата.
Капетан Калков и мајор Аријанос, не рекоа ништо, не реагираа, само во најскришното делче од левото око на мајор Аријанос наѕрев колебање дали да ме оправда или да ми врзеш слаканици и да ме убие како пес на смрзнатиот снег. Моето заминување на тој свет би го оправдал, ама тука пристигна полковник Софијанос кој беше од оној тип луѓе кои сакаа работите да течат природно и спонтано и ги презираше сите што ја гледаа наивно човечката судбина, посебно на сите нас што спрема нив бевме навистина незрели деца за таква војна.
Полковникот рече:
-Нека му е вечна слава!
Ние го повторивме истото и тргнавме накај височинката.
Во тој миг отспротива тукушто се пробија и пристигнаа многу наши соборци. Тоа беше полковник Мичо Палиологу, кој имаше задача да ги одбрани патот и преминот над мостот Бурезани, но и да го блокира патот кон планината Калпаки.
Тие ја донесоа веста дека еден баталјон бил уште опколен од владината војска на самата планина Калпак ии имало многу измрзнати и дека не можат да се движат при отстапувањето.
2.
Сонцето веќе беше исчезнало зад планините. Огромниот сињак од темни облаци над долината на Коница се движи бавно на запад, како влечен од таа се послаба светлина што ги бои неговите рабови црвено. Одеднаш стана постудено и изгледа дека ноќта ќе биде невидена цикна, иако тоа е вообичаено за ова зимско време од годината.
Беше ноќ, дуваше силен ветер и страшна виулица беснееше во гората трупајќи цели ритчиња од снег. Некој пак офна, уште појасно повторуваше со офкањето. Во истиот миг офкањето се слушна појасно и пред да разбереме нешто. Пред нас меѓу голите високи дрвја се покажа едно бледо лице и големи вдлабнати очи што не гледаа страдалнички.
Војникот одвај изусти:
-Волци! Волци не нападнаа. Цела глутница, ене онаму…
Спасувајте се! Од нашите можеби има расчеречени. Тие беа немоќни да се бранат. Малку се спасија и се разбегаа прудулу.
Беше страшно возбуден и целиот се тресеше како во треска.
Се собравме на куп. Но моќниот брзоплет и гневен Аријанос, со песји очи и еленско срце, грубо се истурка на средината и стоеше скршено на средината и се до зората така со страв…
Леонидас рече:
-Животните се борат за да се нахранат, но не водат војни. Нам, денес, единствената цел ни е да убиваме луѓе. Колку голема измама!
Најстарите истории на човештвото, неговите митови и приказни за јунаци, главно зборуваат за смрт и за убивање. Ние во оваа војна сме одредени да умреме поради тоа што некој ги замислил формата на колективната омраза и сите измислени конфликти. Тие добро ги знаат сите форми на оваа војна. А тие форми се болести на достоинството, неправди, понижувања и фрустрации од секаков вид.
Тие форми предвидуваат колективно себеосакатување. Идеата дека човекот по природа е добар, ја нема.
Катадневно го слушам Аријанос:
“Ние сме револуционери, потпорни столбови на татковината, на овој народ! Удрете, пукајте, да ги уништиме, само така ќе исчезне злото во светот, зашто веќе нема да има злосторници”.
Затворив очи. Нешто необјасниво, што се уште ме прогонува…
Тоа гневно ‘ржење што не нетера да молкнеме. Верувам дека Господ знае што си змислуваме.
“Господе, така ли треба да умреме?” си велам во себе.
Чекавме долго. Но ноќте како да немаше крај. Ми се стори како да се огласија посмртни песни, кои во нашите сопствени уши ѕвонеа како трубите на страшниот суд.
Војниците од владината војска веќе се повлекоа, искористувајќи ја слабата светлина за да продолжат да не гонат, се вратија во својот логор што беше токму кај излезот од градот. Кога стигнаа во логорот, командантите му поднесоа рапорт на генерал Зафиропулос, а тој им се обрати со невидено задоволство:
Така треба да се води модерна војна, со максимална координација, а не на инцидентниот начин на бунтовничките сили на генерал Маркос, и резултатот е тука, за да може да го види секој. Ете (покажа на јамката), тоа се педесет и пет негови луѓе распнати на крст и обесени. Тие се “виновни” затоа што, по наредба на генерал Маркос, стотици невини луѓе што ги натераа сосила да го преземат градот наш и од него да направат престолнина и трон за генерал Маркос, ги нашла бедна смрт. А според идентификацијата на телата, тоа се невини селски деца…
“Но бандитите треба да сфатат дека злото се корне, не се негува…” – рече високиот офицер Зафиропулос од владината војска.
Едно свештено лице одвај се проби во првите редови и, небаре посака да го оспори офицерот, и му рече:
-Господине генерале, нашата религија недозволува такви одмазди.
Вашата денешна одмазда би му дала значење на нивното движење, нивниот водач, генерал Маркос, би станал идеал на фанатиците, самиот фанатизам би се покажал оправдан. Ние коничани спасот треба да го гледаме во враќањето кон доблестите, кон своите корени што ги имаат во патријархалните имашливи фамили и во црквата.
Повикувањето на одмазда, на војна на сите против сите, значи отворање на нови лавиринти на омразата. А во таква ситуација е преголема моќ да се најдат едноставни објаснувања. Тогаш и Господ Бог ќе крене раце од нас. Единственото оружје со кое може да се победат злото и омразата е почитта кон овие убиени и љубовта кон овие млади пленови од маркосовата војска.
3.
Седам на крајот на постелата на Павле Шуменков, кого ние уште од мали деца го завикаме Димо. Можеби затоа што во книгата на родените го имаа запишано со името и презимето Павлос Димос, а сите нас не имаа прекрстено, ама си се познававме дека сме од Шуменкови, од Косенкови, од Римпапови, од Ристанови, од Котеви, Киркови, туку, ете, така го викавме Димо, најмногу затоа што така го викаше и даскалот Какламакис кој не учеше на грчки.
Шуменков се повеќе и повеќе копнееше за дома, ама го гледам дека е и во некакво бунило, нешто загрижувачко го мори.
Лекарот поминува покрај нас без да го погледне.
-Тој ме мрази, - рече Димо.
Му одговорив:
-Така си замислуваш. Лекарите не мразат никого. Тие се придржуваат кон Хипократовата заклетва, која произлегува од неговата позната изрека; “Природата лекува, а лекарот се грижи за болникот”.
Седевме еден спроти друг, колената ни се допираа. Димо молчеше.
Му реков:
-Готов сум да ти поверувам доколку можеш да ме натераш да ти поверувам. Заколни се во најсветото за тебе.
Тој ми одговори:
Заколни се, ако ме предадеш, јазикот да ти се исуши и засекогаш да занемеш.
Му одговори:
-Се колнам.
Димо проговори и рече:
-Вчера на визита, заедно со дежурниот офицер, тој молчеше, а офицерот ме нарече: “Хипохондрик”. Лекарот, му објаснуваше на офицерот: “ Стравот е една од примарните емоции. Оние што не можат да се контролираат, од тоа може да им зависи животот”.
Му изнакажа еден куп стручни зборови за стравот.
Потоа му рече:
“Во секоја војна психосоматските болести се во пораст. Посебно кај таквите млади луѓе”.
Офицерот ме погледна со понизност и ми рече пред сите:
“И ти си ми некој војник на нашата славна Маркосова армија.
Страшливец! Срам да тие што си се нашол во нашите редови. А си бил од родот Македонци од родот на најголемиот војсководец – Александар Велики”.
Му реков:
-Смири се. Биди задоволен што се извлековме од смртта.
Димо молчи, ама лицето му покажува дека во него надоаѓаат почетоци на мачни одговори.
Се чинеше дека ја оплакува смртта на нашите другари, но и својата.
-Мојата смрт нема да биде последица на старост, на болест, на изнемоштеност. Јас сум убиен. Убиен од измамници. Од оние на кои им требаше градот Коница за да направи престолнина, заложувајќи не нас, невините деца. Ти знаеше дека од 320 што не пратија тука, во Епир, не останавме ни 70 и тие сме полусакати. А генералите сонуваа да слават, сонуваа да бидат херои. А што мислиш, ние што ќе бевме, ние пак ќе бевме слободни?
Нашиот ум тие го имаат заробено. Мислиш дека ние сме слободни? Не, туку ни ја наполнија душата со гнев и ни го тутнаа оружјето в раце, оружјето да убиваме.
И ти не си Ти, јас не сум Јас.
Ако убиеш некого, мислиш дека твојот Бог ќе се задоволи? Дали ти мислиш дека ќе станеш слободен? Твоето срце ќе остане заробено и душата ќе ти биде полна со гнев или мислиш дека ќе те слават?
Кој е твојот и мојот Бог, ако му го урневме домот на граѓанинот од Коница и ќе ни простеше?...
Ние, Маркосовите партизани, се движиме слободно по планините, но со заробено срце… Клучот на твоето и на мое срце го има некој што го знае само нашиот Господ Бог.
Што мислиш ќе умее ли Македонија да пее онака како што пеевме ние за неа?
Ме плаши немоќта и нашата македонска безгласност, ме плашат беззаконието, безредието и хаосот. Ме плаши војната, ме плаши иднината, ме плаши живеењето без перспектива, без иднина, ме плаши тоа што генералите ја испланираа ова граѓанска војна. Ме плашат омразата, несигурноста, лошотијата на луѓето и губењето на довербата. Се плашам дека ќе ја изгубам прадедовата куќа. Се плашам од клетвите на луѓето на кои им ги урнисавме куќите. Ме плаши нискиот степен на свесност за реалноста и за сопствената одговорност. Се плашам од тоа што не ја знам вистината за оваа војна и доаѓањето на 320 млади Македончиња дури во Епир, и дека треба токму ние невини – подготвени да умреме за да стане Коница престолнина на генералите…
Зар и сега не можеше да поверуваме дека НОФ и АФЖ, кои се носат со интернационалстичките заблуди и со надежи за нас Македонците дека би требало да го бараме спасот во бескласното општество и дека токму тука е клучот за слободата на Македонија?!
И ете ти го крвавото финале, се случи во овој град Коница.
Но ние Македонците треба еднаш да сфатиме дека тие наши нофити и афежисти се со поданичка свест и не знам колку им е грижа за тоа што животот им згаснал и на многу твои другари во оваа црвено губилиште.
Ех, побратиме мој, ова крваво мачилиште можеби ќе остане запишано во црната книга на комунизмот, но нас Македонците нема да не споменат.
Ние имаме невидлив водач кој ни го покажува патот кон човечката несреќа.
Тоа е единствениот одговор за стореното зло и за она што следува! Ме плаши тоа што злото и деструкцијата се гласни, а разумот е тивок. Се плашам дека, кога ќе се вратиме (ако се случи тоа), нема да најдеме ништо од прадедовите огништа…
Оваа македонска катастрофа ќе остави трајни лузни кај сите нас.
Ти знаеш, нашите баби и дедовци велеа:
“Големо зло е да не правиш добро”.
Се вџасив од неговото размислување, а тоа го знаев и јас ама никому не го кажувам.
Посакав да го утешам:
-Ти знаеш дека многумина од нашите се мртви, но и многумина останаа без раце, нозе и тешки инвалиди.
Ме погледна:
-Цела ноќ не спијам кога ќе помислам како беше. Срцето ми чука забрзано, мислите ме убиваат – леле, умирам. Ме фаќа некакво лошење, тресење, потење, бранови на топло и ладно и страв од смртта.
Во ноќта стравот ми се зголемува, чувствувам напад на паника.
Сакам сосе постела да избегам, а не знам каде…Не сакам да се дружам со никого. Не можам да мислам. Ја загубив довербата во секого. Во стомакот чувствувам чемер, не сакам никаква храна.
Тој ја наведна главата и ми рече тажно:
-Ние веќе не се враќаме дома. Станавме бездомни деца, глотка на ветриштата од војната. Во моите гради тоа боли. Нашите пријатели што загинаа во Коница, тоа страшно боли. Нив веќе ги нема…
Чувствувам во моето срце како волк самотник да трча, да рие, да вие во моите гради, ме јаде, ме буди од длабок сон…
Ми дава знак да му се приближам. Се навалувам и тој ми прошепотува:
-Јас не верувам во некаква победа, ако уште еднаш не одведат во таква улична борба, ќе не сотрат… Ах, сите наши другари ги дадоа животите за животот на генералите. Колкумина мора да умрат додека да се дознае дека веќе премногу умреле! Колку уши и срца ум се потребни за да го слушне човековиот крик? Токму тој наш младешки КРИК?
А сите оние што останаа да лежат по улиците на градот, оставија аманет дека Нова година ќе ја дочекаат дома, ќе бидат заедно со своите.
Што мислиш: на ова боиште сме дошле божем со слава да правиме македонска историја?!
Одговорот, пријателе, е одвеан од ветрот, одвеан, неповратно.
Ја ислушав сета исповед со шепотлив глас. Би се рекло дека во шепотот мрмореше една таинствена страшна судбина, една грижливо опеана тајна човечка трагедија.
Кон крајот мислите почнаа да му се матат. Ги крена рамнодушно рамената и ме гледаше.
Му реков:
-Нека биде Бог со тебе.
4.
Медицинската сестра Хрисанти имаше лице со облик на месечина, симпатични образи како шимпазно, костенливи проникливи очи и цврсто тело. Таа не е класична убавица, но зрачи добрина и блискост кога ги врши најсложените преврски. Очите и имаат необичен магичен изглед.
Тоа необично утро ја донесе и веста дека Димо сам направил јамка и се обесил на еден висок млад бор. Го нишал ветрот, така босоног… Оставил и проштално писмо:
“…Тешко е да мислиш убаво и добро ако мараш да мислиш само на тоа како да ги преживееш минутата и денот… Денес нашиот поглед за животот е уништен…” Господе, така ли требаше да го видам Димо. Затворив очи, ги отворив, ама ми се наполнија солзи.
Реков: - Судбина наша.
Зад мене се слушна гласот на Леонидас:
-Судбината, според Лајош Зилахи, е нешто што дејствува пред да се манифестира во просторот, пред да се претвори во настан. Длабоко однатре се сложуваат и хармонизираат разни делови од случувањата и, кога ќе се претворат во видлив настан, обично тогаш велиме:
“Судбина” и тогаш обично е предоцна да се влијае.
Ти одамна велиш, навикни ја душата на мали несреќи, за да биде имуна на големи несреќи. Ништо не убива толку во човекот колку што убива кога така ќе го видиш саканиот човек.
Пред да си одиме, веста во мојата свест, миг-два бев вчудовиден.
Ме обзеде чувство на грозење, немир, сожалување и одбивност кон мрачната природа на смртта.
Прашав: - Мртов ли е?
Ех, побратиме мој, јас немам сила да го гледам, но душата вечно ќе ми тагува…
Не знам зошто, ама смртта на Димо многу ме здоболе. Долго мислев на него. Многу другари пред моите очи ми издишале, ама некој се одвојува и останува во сеќавањето.
5.
Во деновите на рахабилитацијата во заедничката болница се собравме на куп и разговаравме за добрите и лошите страни на пушката.
Сите пациенти на нашиот оддел имаа борбени искуства, па зборувавме само за битките. Најчеста тема беше: зашто во таквите битки Германците беа вооружени со автомати, а ние ги немаше. Со зла волја ги наведуваме маните на одредени пушки и автомати.
За една од најслабите точки го сметавме неточниот нишан, застарен и несмасно сместен над цевката. Сите признаваме дека во добрите страни спаѓа хромираната цевка што не ‘рѓосува и не бара редовно подмачкување. Со тоа најверојатно ќе беа решени војничките маки со чистењето и затоа никој намаше забелешка. За кундакот и дршката потврдивме дека се во извонредна верзија и се направени од дрво, а подоцна се заменети со склоплив метален кундак.
Заклучивме и дека дизајнерите ги одразуваат, повеќе потсвесно отколку немерно, концепциите на културата на кој и припаѓаат. Во САД по традиција на преден план се ефикасноста, виртуозноста, спектакуларноста. Јапонските пушки се квалитетни, но не можат да го отстранат впечатокот дека се само преработени, иако добри копии.
Германската традиција, рековме дека полага на издржливоста и на извесен начин е блиска до руската, но затоа внесува многу елементи за доста удобност, а старо правило е дека колку што е една направа покомплицирана толку е поранлива. Во Русија отсекогаш се гледа на функционалноста, додека дизајнот и другите шминки се без никаква важност.
Најмногу се задржавме на ефикасноста на зрното (куршумот) и заклучивме дека тие се “гаранција” за успешноста, затоа што ротираат во телото на погодениот и предизвикуваат смртоносни рани.
Од оваа наша анализа, според гестикулациите, остана најзадоволен Аријанос, но не можеше да каже ни збор зашто куршумот го имаше погодено во долната вилица, но нашата дискусија го праваше горд поради тоа што ние и во слободното време живееме со суштинските проблеми на војната…
6.
Неочекувано, пред земјанката не посети Виорели Ѕин Ѕиф, Влав, млад човек со врзана коска. Тој беше фатен токму три дена по нападот на градот Коница и заробен со неговиот копачки и друг алат со кој подолго време трагал по скриено богаство. Сите го избегнуваа и беше маркиран од политкомесарите како сомнително лице – капиталист. Во тоа се уверив кога неколкумина од нашите тргнаа некаде и не сакаа да се дужат со гостинот. Но Ѕин Ѕиф не им врза кусур, а можеби и не знаеше дека е следен директно од политкомесарот Спирос. Неговото сомнение се засновуваше врз тоа дека градот Коница е многу стар град што може да крие богатство. Не се зборува ни за бродови што се потопени крај брегот, а во кои имал многу златници или за скап порцелаин. Но затоа постои митот за богатиот италијански генерал што немал наследник. Тоа богатство во денешни пресметки (1947 година) би изнесувало неколку милјарди фунти.
Во случајот златната треска се појави пред пет години, на закопот на еден пасиониран копач на скриеното богатство во боровата густа корија, место од споменатите воени архиви , каде што неколку години бил лоциран италијанскиот главен штаб за Епир по окупацијата на Грција во Втората светска војна, и таму било собирано и скривано огромното количество злато. И од точни разузнавачки извори се вели дека Италијанците, кога се вдале во бегство, го закопале на 5 м северно и 7 м или 17 м источно од големиот бел бор што бил делнат од јужната страна со голема тапа секира и на тоа место било напишано презимето на аѓутантот Алберто.
Меѓу копачите, кои обично работеле ноќе, токму на полноќ, кога месечината е млада, бил и Виорели Ѕин Ѕиф, но тој сега тврди дека уште не може со сигурност да го најде токму тој бел бор…
Досега од илјадници коничани што имале можност да ги гледаат книгите, никој не се усреќи. Но токму тоа ја шири несреќата.
Се јавила и една друга усна верзија – властите на Коница воделе преговори тоа богатство да му припадне на режимот, значи, да и биде отстапено на Атина и да стане дел од државните резерви.
Се ширеа и вакви гласови: можеби сам си е виновен Виорели Ѕин Ѕиф, оти, кога го заробија, тој, се збуни. Без да сака, подозриво не праша:
-Ако навистина сте дојдени за златото, сакам да ви се придружам и ќе ви ја покажам картата на италијанскиот логор, а тоа можеби ќе ви помогне да не лутате и да не губите време.
Тогаш политкомесарот Спирос и Аријанос прснаа да се смеат и Аријанос му рече:
-Ние се бориме за социјализам, а овој не тера да бараме богатство!
Што сакаш? Повтори пак!
7.
И така минуваа денови, месеци, доаѓаа нови ранети, а вестите од војната продолжуваа да пристигнаат, некогаш добри, некогаш лоши.
Неколку месеци подоцна во ладна врнежлива пролетна ноќ во земјанката бевме сами со Леонидас.
Тој ми рече:
-Виде ли што направија од нас, дури да не зборуваме за нашите болки, туку да длабиме во совршена анализа за ефикасноста на убиственото зрно… Којзнае уште што ќе направат од нас…
Леонидас имаше изглед како на позната аристократска личност.
Кога ни делеа храна, ќе фрлеше поглед наоколу и ќе направеше гримаса, покажувајќи одвратност кон мирисот на туч манџата или смрдливата риба, лукот и евтиниот тутун, а тоа често пати имав забележено дека го прават Димо Шуменков и Рула, но таа го правеше тоа пред да се омажи за генерал Царухас.
За Царухас и Рула си намнисувам дека не го завршивме разговорот дури до длабоката ноќ.
Взори, тукушто се растуркаа облаците и огреа сонцето, Леонидас ја извади главата од окното и ми вели:
-Денес, полека ќе те прошетам до врвот на карпите и оттаму ќе ти го покажам елитниот логор на Водачот и генералите.
Utilisez les flèches gauche et droite pour tourner la page.
Imprimé depuis https://macedonianhistory.ca/fr/narrative/jamka/10 le 29 octobre 2026