Глава 19. - Првиот судир на судбините Живот и визија без ритам - Part 02
Токму по оваа војна во Македонија под Грција се урна македонскиот народен начин на живеење. Се обездети македонската куќа, се беше пратено во пеколот на црвеното губилиште. Грчките комунисти многу вешто го поведоа народот преку организациите НОФ и АФЖ, што беа формирани по иницијатива од КПЈ, а сега и беа препуштени во раците на КПГ. Во својот став објаснив дека токму поради таквиот наш слугински менталитет на полтронство и послушност, работите веќе ”забегале” до степен на неповратност...
Тоа послужи Македонија во Грција да стане гробница на јунаци.
Југословенската КП/КПМ и грчката КП не водеа разумна политика кон Македонија, посебно за Македонците под Грција. Тоа беше злокобна политика, која веќе со години ја водеа и комунистичките водачи кон Македонија под Грција и македонскиот народ. Од обете страни не користеа како жртви и повеќе не водеа кон ископачување отколку кон слобода. Слободарските чувства на несреќниот Македонец, бескрајно беа експлоатирани. Македонецот, чист и искрен во своите чувства, гинеше во битките на Граѓанската војна. Таква беше политиката и таква остана и откако заврши војната.
Тоа е јасно како бел ден и нема потреба да докажувам дека тие во оваа војна се стремеа да не искористат само како жртви и да не остават по светот...
И денес, поислувам што значи тоа да си мал народ?
Но таа свест беше уште таква и по моето враќање во Скопје.
Тогаш политиката се креираше во ЦК и од единствената партија на власт – КПЈ. Но, уште полошо беше и во редовите на КПГ или, како што сега дознавме, и во СССР беше исто. Никому не му се дозволуваше да ги коментира нивните решенија и ставови, туку требаше тие априори да се спроведуваат на целокупниот југословенски простор. Сите знаеја дека така мора да биде.
Но ние Македонците, низ целиот период на војните, постојано се придвижувавме низ полињата како на шаховска табла, некогаш црни некогаш бели (некогаш со КПГ некогаш со КПЈ), но секогаш сме биле пиони – црни и бели, овде-онде понекој офицер, никогаш како кралеви. Служејќи низ животот, се движевме низ полињата што ни ги обележуваа овие туѓи водачи: Тито и Захаријадис, настојувајќи да издвоиме некаква победа над нивниот замислен или над нашиот нереален противник.
-Сите сме со иста судбина, сите минавме по патеката на смртта, но секој со свое мислење е во потрага по неразгатнатите тајни.
Ми се чини дека ние Македонците на својот пат не му одредивме доволно простор за да си ја кроиме сами судбината, туку истрчавме по туѓите пропаганди, боси в трње”, низ историските фортуни и луњи што ја имаа зафатено Егејска Македонија.
На крајот, најважното, според мене: Ние Македонците, сега се уверивме дека во неодамнешните тешки години претрпевме разурнувања и уништувања на македонските живеалишта и директо насилство со убивања и протерувања.
Ние, жртвувајќи се, сега гледаме дека за нив не постојат идеали, не постојат свети нешта, не постојат морални ограничувања. Се можело да се стави во функција на сопствените интереси (како што ни велеа, ”во интерес на Партијата”), се можело да се каже во сопствена корист, се можело да се направи за сопственото јас (за Водачот – моќникот).
Се каам затоа што со нашата поданичка душа им помогнавме на туѓинците да не ископачат. Господ нека им ја зачува храброста и во иднината на сите оние што останаа близу до гробовите на своите најблиски. Ние бевме излажани и со тоа си ги потценивме нашите предци кои со векови го чуваа и развиваа македонското простумење...
Ги вели овие зборови со прикриено спокојство во гласот во кој се насетуваат и тага и достоинство...
Се труди да се совлада, се созеде и се насмевна, а образите се уште му беа пламнати, ме праша:
-Твојата желба?
-Јас мечтаам да се вратам среде старите прекалени дрвја, да ми бидат зборовите долги како миг, а бакнежот како студена вечер што доаѓа по тежок ден, кога на жнеење ми капнуваше потта по носот како солза, и да гледам како од љубов птиците летаат...
Од воената хроника Колку повеќе се ближеше крајот и се наѕираше исходот на борбата на Демократската армија толку повеќе Албанците беа принудени да водат сметка за својата инволвираност во грчките настани, со тоа што можеа да ја компромитираат Албанија и да ја изложат на опасност да биде нападната од НАТО. Поради тоа, на 5 мај 1949 година, министерот за внатрешни работи на Албанија Мехмет Шеху нареди да се расформира логорот што беше организиран во непосредна близина на грчко-албанската граница, каде што се чуваа граѓани на Грција осудени на смрт од преките судови на Демократската армија.
Повеќето од затворениците бевме Македонци, осудени поради агентурска дејност во корист на југословенските разузнавачки служби, над кои пресудите се извршуваа на самото место.
Односите меѓу двете партии особено се влошија по поразот на Демократската армија во битката на Вичо од 10 до 16 август 1949 година. Непосредно по битката на Вичо, Мехмет Шеху им рече на членовите на ПБ на ЦК и КПГ Јанис Јоанидис и Мичос Парцалидис дека тактиката на Демократската армија на Вичо беше еден чекор кон катастрофата, а нeјзиното продолжување на Грамос ќе резултира со целосна катастрофа. Тој изрази мислење: дека “Привремената демократска влада треба да се расформира”.
На 10 јули 1949 година Тито ја затвори границата спрема Грција, а КПГ, по директива на КПСС, на 23 јули ги прекина односите со КПЈ.
По овој чин во Албанија се случија следните настани:
На 22 август 1949 година, во Корча, беше одржана средба меѓу Захаријадис и Енвер Хоџа, Мехмет Шеху и Капо од старна на АПТ.
Актуелното прашање што се дискутирало на средбата, беше прашањето за префрлувањето на околу 5.000 борци на Демократската армија, кои се повлекоа во Албанија по поразот на Вичо и тие требаше да им се приклучат на единиците од Демократската армија на Грамос. За префрлувањето беше потребна согласност и ангажирање на албанските власти.
На прашањето на Енвер Хоџа:
-Што ќе правите доколку владините сили на Атина нападнат со сите сили?
Захаријадис одговори:
-Ќе се бориме до последен. Или можеби ќе се повлечеме во Албанија.
Енвер Хоџа изрази стравување дека такво нешто сериозно ќе ја изложи и ќе ја комплицира меѓународната позиција на Албанија.
Мехмет Шеху знаел за предлогот на Советскиот Сојуз дека треба што побрзо да се распушти Демократската армија, но Захаријадис упорно го премолчувал тоа. Шеху уште еднаш потврдно му рекол:
-Време е да си го признаете поразот и не би било целесообразно и разумно овие сили и осакатени борци да ги префрлите од боиштата на Вичо во конечната гробница на Грамос.
13 Во август 1954 година беше потпишан во Блед (Југославија)
воен Сојуз меѓу Југославија, Грција и Турција.
Балканскиот пакт од 1953 година беше еден момент како поддршка на Југославија од заканите што беа упатувани од земјите на комунистичкиот лагер и затоа не траеше многу. Така во 1961 трите земји оценија дека Балканскиот пакт станал мртво писмо.
Utilisez les flèches gauche et droite pour tourner la page.
Imprimé depuis https://macedonianhistory.ca/fr/narrative/jamka/25 le 29 octobre 2026