Canadian Macedonian Heritage Society Canadian Macedonian Heritage Society Devenir membre !

Noose

Глава 5. - Во смрт за тронот на генерал Маркос “Глупоста е вечна, но е неморал

Par Стојан Кочов · Partie 5 sur 27 · Environ 12 minutes

Lire en English

Глава 5. - Во смрт за тронот на генерал Маркос “Глупоста е вечна, но е неморална”, велеше Сократ, “ќе ја сфатиме како дел од човечкото постоење, но сепак би требало да и се противставиме.”

1.

Потонувавме со се поголем страв, плашејќи се дури и од своите стапалки, небаре ја пикавме главата во јамка. Цел свет се подготвува за дочекот на новата илјада деветстотини четириесет и седма година, а ние војуваме. Понеделник е, 24 декември.

Никој не мислеше на тоа како ќе го нападнеме градот. Чиниш сите верувавме во својата револуционерна сила која никогаш досега во историјата на светот ја нема ниеден револуционер.

Лаењето на кучуњата беше се посилно.

Црна е ноќта. Црна како камен. Сите сме на штрек. Се спуштавме под закрилата на темницата. Од дишењето на постарите мустаќите им се заледени. Одвреме-навреме се слушаа тивките гласови на командирите на четите: “Внимавај! Не зборувај!” По малку, време се појавија треперливите светлини на гардот, што личеа на езеро од светилки. Предупредувањата продолжуваа. Како што се приближувавме кон градот, кој се уште се гледаше од висина, срцата ни се стегаа. Дотогаш повеќето од нас и не сме ни биле во град, а сега влегуваме да водиме борба. Градот со своите светлини ни изгледаше огромен во споредба со селата на Грамос.

Одејќи по козјата патека, спонтано ми доаѓаа спомени од селото, од дома…

Стигнавме до крајот на долгиот пат, оставајќи ги зад себе шумите и потоците на една ридеста земја богата со дрвја.

Дуваше непријатен северен ветар што ја замрзнуваше секоја капка вода. Здодевен ветар, се вовлакуваше в коски. Сите барички каде што минувавме беа замрзнати, мразот крцкаше при газењето. А лицата ни беа вцрвени како на ракови.

Командирот Аријанос е човек што е на позицијата на партијата и кој треба да научи дека во политиката не е пресудно да бидеш храбар (ветерничав), а неговите часови ги плаќаме ние војниците, сега облечен во униформа од заробен висок офицер на владината војска, сака да шармира со својот војнички говор и со своите наредби. Вели дека ние денес го заложуваме својот живот за поубаво утре. Андонис не реагира, тој ја промени тактиката, не му се противи, само кима со глава и молчи. Сите се чудиме како успева во тоа, оти тој секогаш скемучеше во такви ситуации и не сакаше лесно да го заложи својот живот.

Андонис ми шепнува:

-На овој мазен тип основна храна му се вниманието, комплиментите и со него може човек да има мир ако секогаш му ја потхранува нарцисоидноста. Во секој миг сака да не претвори во жртви во ровови, а ако не го прифатиме, ќе ни фрли кимка. Најтешко му е особено кога пред други луѓе му се противи некој…

Уморени, накиснати и измрзнати од долгиот марш, едноставно не можевме да ги активираме автоматите.

Тогаш Аријанос доби “генијална” идеја и на јуриш не прати нас минерите кои во жестокиот налет буквално ги дигнавме во воздух.

Бурандарите, пак, во целата таа мешанца пред нивните очи упатуваа дури се што им беше при рака.

Напредуваме со мислата на командирот дека треба да ги убиваме тие што не ни се покоруваат.

Се најдовме на едно место каде што патот се делеше и водеше удулу по долги скали до уличките на стариот град. Како што навлегувавме во стариот град по сводените тесни камени улички, така тој стануваше се пострашен без луѓе.

Аријанос ни вели:

-Пред нас се открива голема перспектива на нов живот. Како ќе се случи тоа? Тоа е работа на стратезите, вашата работа е храбро да си ја извршите работата. Треба да се гордеете со својата храброст. Од тој миг нашата самоубиствена фурија почна, но сите се прашувавме во себеси: Дали навистина пред нас се открива нов живот, кон ново општество?

2.

Се пука, го слушам звукот на куршумите, а студот се повеќе владее со мене и со моите соборци – “минерите”, така не викаа.

Животот не е ништо. Ми студи и сакам да се движам, ама не смеам.

Секое подигнање на главата значи поблиску до смртта. Стравот и надежта во мигот беа заемно поврзани. Снајперистите пукаат везден.

Не земаат добро на нишан и неколкумина од нашите се мртви, ги нема, а ние, стутулени во облеката што ја немавме соблечено со месеци, напредуваме; чекор по чекор се одиме по снегот, а влажните цоколи се повеќе ни ги стегаат нозете. Влегуваме кон плоштадот на градот Коница. Насекаде трештат викотници и пукотници на оружје.

Граѓаните на Коница, сите предадени на своите должности, почнаа да употребуваат оружје. Сега сме близу до најистакнатата градба, величествена, една долга, правоагална црква со засводен покрив и со тркалезни столбови наредени од сите страни од надворешната страна.

Секој наш чекор значеше последен пат да ја видиме месечината што се појавуваше зад зимската магла, ноќе.

3.

Боровите што го окружуваа плоштадот, чиниш тажеа, а можеби беа налегнати и од напластениот обилен снег.

-Што се случува, Огњанов? Проклетство, ќе загинеме, - ми рече капетанот Ѓорги Калков.

- Сега се е во ред, - го кренав ранецот што ѕвечкаше преполн со парчиња експлозивни и запаливи материјали. Можеби нешто се скршило. Проклетство; ако го напукнав детекторот или двогледот.

Тоа го сторија и Стасе Римпапов и уште неколку други момчиња од нашата чета. Продолживме кон улицата лути сами на себе.

Ненадејно, Римпапов испушти остар силен крик. Неговото лице добиваше безизразен изглед. Левата страна на лицето му ја имаа зафатено грчови што се движеа во бранови.

-Можеш ли да станеш? – го прашав поднаведнат над него.

-Не… Да.

Му помогнав да стане на нозе. На помош притрча и капетанот Ѓорги Калков.

Беше погоден со бесшумен снајпер и со отровно зрно, точно во вратот. Падна на грб, колената му се исправија, а телото се вкочани како да го фати грч. Главата му удри на плочникот со силен крцкав трескот. Вкочанетоста траеше неколку секунди. Потоа рацете и нозете почнаа да му потреперуваат и да се грчат во ритам. Ја загуби контролата и под него се завири моч.

-Господи Боже! – викнав, а истото го рече и Калков. Извикав на глас: О грозна вистино! Стасе потонуваше во мрак и крв без да знае мајка му.

О, каква болка, сакам да извикам на ова место и малку да се оддалечам.

Стасе одеднаш пак ги спружи нозете, зафатен можеби од уште една серија грчови. Потоа телото почна да му се извива напред-назад.

Го исплази јазикот и пак го вовлекуваше. Очите му беа полуотворени.

Помислив дека не знае што му се случи, обидувајќи се да ни соопшти нешто. Но неговиот напор мина без ниеден збор.

Ја зграпчив неговата глава и се обидував да го смирам, но рацете ми се наполнија од толпата крв што му бликаше од втратот. Тукушто го загледав право в лице, видов како ги зарива забите во долната усна забивајќи ги се подлабоко и подлабоко – се додека не потече крв, која почна да му се слева низ брадата и вратот. Тој низ плач бараше помош. Ме стисна со рацете и одново се гризна за усната силно, и сурово испушти последен жален крик.

-Почина. Бог нека го прости. – Тоа го повтори и капетан Ѓорги Калков, одговорен за нас Македонците.

Во моето срце немаше омраза, туку сама ужас. Да, можев, би го отепал убиецот, но не го мразев. Не се мрази бесно куче, велеше дедо ми.

Стасе се чувствуваше уште дете и знаеше да ја подели љубовта, но не омразата. Пред да тргнеме, сега под командата на Каљко, не ја допеавме песната “Абер дојде, Донке”.

Насекаде по улиците тече крв, малку по малку ја губиме силата и стануваме бесчувствени. Се движиме по волја на командантите. Ние младите, пак не сме способни да поднесуваме нешто потешко, ниту пак свирепоста на непријателот.

Газам по крвта и во себе си велам: “О грозна вистино, потонуваме во крв и мрак, без да знаат нашите родители!”

4.

Стравот околу нас расте сестрано: во длабочина, во ширина, во височина. Како што расте и бројот на мртвите, на човечките несреќи.

Се е во опаѓање и пропаѓање. Како да се измери тегобноста на обичниот човек? Кој ќе ја утврди и ќе ја каже вистината што се случува сега? Сетики ќе се најде некој здрав и честит човек, велеше Леонидас и солзите му течеа над мртвиот Стасе Римпапов.

Во тој миг си ги намнисав неговите зборови: “Не убивај! Не повредувај! Не врши насилство! Тоа е израз на благодарност”, така велеше мојот 17- годишен врсник и соборец кога бевме насилно мобилизирани околу 320 деца во Македонија и пратени за војници во армијата на генерал Маркос и сега ги даваме безмилосно животите за да го устоличиме во градот Коница.

Во целото лудило на очекувањето на победата во градот Коница, тргнавне по една тесна и темна улица. До тогаш сум немал можност да прескокнувам преку лешови. Глетка од која на човека му се обзема здивот, која боли, која тревожи, која ти ги нагризува коските и стомакот ти го превртува.

-Уште еден црн облак над многу мајки, -рече Каљков. Ги покривме со шинелите за да не ги вознемируваат другите наши соборци.

Стравот и недовербата се повеќе се засилуваат во нас. Сето тоа ни создаваше негативни чувства спрема противникот кој пукаше од заседа или од бункерите. Сите знаевме дека чекориме кон лошото, кон смртта, по непознатите калдрмисани улици и кривулестите сокаци низ кои имаше поставено експлозиви кои во секој момент можеа да бидат кобни за нас. Чекориме кон смртта, небаре смислено вршиме самоуништување и наше непостоење, до исчезнување.

5.

Во секој миг ни се закануваа краткотрајни неволи или смрт.

Емоционално сме сите напрегнати и дури чудни ни се погледите. Јас и Андонис Теодоракис меѓу првите одиме низ смрзнатиот снег, кој ни крцка под нозите, како да ни зборува за нешто страшно.

Андонис ми вели:

-До кога ќе се убиваме? Имаме ли уште што да делиме?

Му одговорив:

-Се е јасно со нашата судбина.

Се сетив на стиховите од Александар Твардовски.

“Брег одлево, брег оддесно, Во пеколот татнат топовски истрели, Борба се води света и праведна, Борба се води не за слава, Борба за живот на земјава.” Пред нас нема никој. Се воздржуваме да отвориме оган, зашто така ни е наредено. Да избегнуваме да го употребиме чкрапалото на оружјето додека не стигнеме до целта. Од другата страна не е така.

Везден пукаат. Зад нас, моите другари од “минерите” и “слободните стрелци” и оние од пешадискиот баталјон што сме во првите позиции, со клепки потешки од жар за спиење и за одмор, животот го имаме дадено за парче мирно небо. Обележуваме каде се подметнати ескплозивни мини од типот “телермајн”. Некои не можеме да ги откриеме, оти се многу добро камуфлирани. За нив немаме соодветна опрема, ни требаа “детектори”. Од првите бункери, распоредени низ градот, па дури и од прозорците се пука кон нас. Се влечкаме, лазиме и педа по педа напредуваме. Одвај се добравме до првите убави, бели, и топли неколкукатни домови. Аламе низ темницата, минуваме меѓу нив, а никој од нас не е сигурен дали некој од прозорците се готви да пука во нас. Во секој момент некој однатре ќе истури силен рафал или рачна бомба. Тоа е така. Секоја борба е рамнотежа меѓу нападот и одбраната. Ако не си доволно брз, ако ти е противникот побрз – ќе умреш.

Манолис одмазднички рече:

-Ние сме на дното, но дното не е место каде што човек може продолжително да престојува без да се обезличи, без да ги загуби бојата, мирисот и вкусот и без да стане нечовек. Зар ние сме тие што треба да умрат за генералите?!

Тие уште пукаат во нас, го бранат градот, своите домови, и нема каде да бегаат, а ние не настапуваме со мисла да убиваме, туку сакаме со мирно да ги покориме и градот да го прогласиме за престолнина на Привремената демократска влада. Владата на Маркосовите партизани.

6.

Декември во Епир е обично сув и ведар, полн со синило, но од север од високата планина Гољо Каменик се спушти ладен бран донесуваќи облачно снежно небо.

Наредниот ден повторно тргнавме кон бункерите, од кои извираа светлосни куршуми и се губеа далеку над нашите глави. Не ги познававме улиците во твој град, но решително им се доближувавме на бункерите. Свијок, и пред нас се појавија група војници што беа подготвени за фронтален напад кон излезот на главната улица.

Излеговме на сосема празна улица, по Кољо се наврвчивме сите:

Јован, Спирос, Герасимос, Калин, Стасе и Андонис.

-Нека умре кој умира, а нека живее кој живее! - викна Герасимос и истрча накај окното на големиот бункер да им фрли рачна разорна бомба.

Некој со иронија рече:

“Нека живеат генералите и партијата!” Андонис ми шепоти:

-Јас не сакам да умрам, и во тој миг неколку наши војници дојдоа, го собраа искасапениот војник и си заминаа со отпуштени лица.

Потоа дознавме дека тој ти бил од втората чета која напаѓаше од левото крило.

Дури взори, по толку атакувања, влеговме во ископатите ровови, длабоки до погоре од појасот. Сите што сме тука се чудиме: целото место е ископано од ровови. Којзнае колку време им требало да го направат тоа. Во ноќта, во окопите се одмораме меѓу две стражи, ама студот ни копа во коските. На еден дел од окопите се појави силен оган, пламења се извишуваа, а експлозија немаше. Тоа беше од фрлени полни шишиња со запалива течност. Тревога. Се упативме накај пламенот, ама со страв, оти тоа може да биде добра мамка.

Небото се повеќе е исчадено од пукање или од зимската студена магла – сињакот. Ноќта ја минавме треперејќи при секој шум.

Кога не се пука кон нас, јадеме конзерви, небаре сме се ослободиле од насилството и мислите со злоба и омраза. Јадеме и доживуваме неизмерно олеснување и блаженство, ако навистина успееме да го устоличиме генерал Маркос. Да седне на тронот, а ние да извикуваме: “ДА ЖИВЕЕ ГЕНЕРАЛ МАРКОС! ДА ЖИВЕЕ ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА ПРИВРЕМЕНАТА ДЕМОКРАТСКА ВЛАДА НА СЛОБОДНА ГРЦИЈА! УРА! УРА! ДА ЖИВЕЕ НАШАТА НОВА ПРЕСТОЛНИНА НА ДЕМОКРАТСКАТА ВЛАДА СО ГЕНЕРАЛ МАРКОС! УРА!