“БРАЌА МАКЕДОНЦИ! СТОЈТЕ ЦВРСТО И ГЛЕДАЈТЕ ГО СПАСЕНИЕТО ШТО ЌЕ ВИ ГО ДОНЕСЕ Н - Part 01
“БРАЌА МАКЕДОНЦИ! СТОЈТЕ ЦВРСТО И ГЛЕДАЈТЕ ГО СПАСЕНИЕТО ШТО ЌЕ ВИ ГО ДОНЕСЕ НОФ И АФЖ!”
1.
Во Рудино, и по Втората светска војната, некако злото доаѓаше од недоапица; брзо како и пролетта. Одеднаш полето и планините раззеленуваа, ливадите и градините се ишаруваа со најразновидни цвеќиња, а планините се полнеа со нови револуционери и разни банди.
Едно мајско неделно утро во1945 година, ги слушаме ударите на камбаната кои не известуваат ни за мртовец ни божји за празник, туку претставуваат тревожни и чудни, безредни клепања, а потоа и тревожниот рапав глас на Ване Мингов:
“Селани! Ој селани! Ве повикувам на сретсело. Ќе ни зборуваат нашите. Не плашете се…”
“Новодојдени! Кои се овие луѓе со таква безумна желба за власт што ги прави не само подмолни туку и премногу лековерни.” Од каде доаѓате, другари!
Еј пријатели, од каде сте?
Веста за новодојдените ја прочита Филип Јажин, секретар на Основната организација, комунист и член на потесното раководство на НОФ.
Селаните беа зачудени кога дознаа дека причината за нивното доаѓање било кревањето на револуција. Но кога почна да ги прозива дека сите треба да станат членови на НОФ и АФЖ, останаа со зинати усти, а и ние што бевме штотуку влезени во седумнаесеттата година, се острелушивме.
Се слушнаа гласови:
“Па нели војната заврши!?” – шепнеа селаните.
Можеби тоа беше првиот влез во мрежата на војната и оттогаш почна патешествието на мојата генерација.
Јажин со продолжи револуционерен тон:
-Спомнете си за вашите дедовци илинденци. И тие беа на неполни 18 години кога во првите борби со својата смелост и непоколебливост станаа едни од најдисциплинираните борци во комитските чети и бездруго најхрабри револуционери во овој наш крај. Во оваа света војна на чело со НОФ, зад нас стојат маршал Тито и генаралисимусот Сталин. Време е нашиот македонски образ и во ноќта светлина да зрачи! Јунак македонски, никаде не се посрамотил или понижил, одел со исправен ‘рбет, а тоа за човекот и особено за нас Македонците многу значи.
Така ја објасни оваа обмислена национална акција на организациите НОФ (Народноослободителен фронт) и АФЖ (Антифашистички фронт на жените) и пред насобраните продолжи:
-Драги селани! Да ви ја пренесам големата радост дека во костурско, едновремено, НОФ, на чело со Митровски, организира и свои вооружени единици, кои развија герилска борба. Тие се првите единици на нашата македонска војска. Целта на организацијата НОФ, која застана на чело на македонското националноослободително движење, е со примена на сите форми на борба, да се бори за самоопределување и обеденивање на македонскиот народ.
2.
Но уште првото доаѓање на активистите, предизвика голема возбуда во селото Рудино. Ги имаше шестмина од организациите НОФ и АФЖ, облечени во кожени палта и со нарамени руски автомати.
Секој маж и секоја жена дојде да ги види, па дури и цела сурија деца. Се ширеа разни приказни за овие луѓе, дека биле од оние борци што биле пребегани од ЕЛАС во Титовата армија, по покана од Титовиот генерал Темпо. Сега тие станале закоравени комунисти и сакаат да ни ги изгаснат светите цркви и манастири Селаните шепотеа: Сакаат да ни ја изгнасат и испоганат и нашата света вода, во која сме крстени сите ние. Да ни исчезнат и молитвите наши, сакаат да ни го помрачат умот, нашата љубов и вера. Сакаат да ни ги урнат домовите, да ни ги избришат спомените за нашиот Бог и нашето име.
Но откако една селанка, Ристана Шуменкова Богданова, која сите ја знаеја како Трајковица Богданова, (јатрва на Лина Гајдова Богданова – Ламбровица Богданова), на големиот собир рече дека има прашање, сите се опулија кон неа, а активистите се намусија и ја сменија својата настројба.
Таа подизлезе напред со исправена става и лесно крената глава, што ја засилуваше миловидната каприциозност на нејзиното лице и им се обрати:
-Сакам нешто да кажам.
Значи, сега сите ние жените ќе му припаѓаме на Антифашистичкиот фронт.
Јас не ви верувам дека овие организации се македонски. Ако се македонски, зошто не се викаат МНОФ и МАФЖ. Ова нешто е нејасно!
На кој македонски фронт ќе не носите? Па нели Германија капитулира, зар има уште фашисти? И кај ќе го ставиме тој фронт и со какво оружје ќе се бориме? И каква борба ќе водиме?
А децата? На кого ќе ги оставиме? Но уште поголем срам, кога ќе слушнат нашите мажи во Америка и Австралија, што ќе речат?
Значи, Америка со право ќе им рече на нашите мажи: “Абре луѓе, што станува со вас? Вашите жени зедоа пушки против англоамериканскиот империјализам?! Не терате да бидеме безбожни.
И во која црква ќе си ја правиме молитвата? Или со нас си играте мајтап-војна.
Ако се откажеме од нашиот Бог и ако го прифатиме и следиме вашиот главатар, кој ќе не штити од гневот на нашиот запоставен Бог? Па тогаш, нека не голтне земјава што не храни… Како улавки - без мажи и деца.
Тоа ќе биде исконско зло. Така катраносани ќе шетаме по гората…
И продолжи да реди и да го колне злото што го донеле овие луѓе…
велејќи:
-Но пак да ве опитам: дали со ова што правите, нам не ни ја ставате ЈАМКАТА?
Ристана Шуменкова-Богданова остана простум, сама со својот стас.
Со очите отворени, со рацете раширени, со срцето отворено, чиниш ѝ застана грутка во грлото.
Чека во очај, без да загуби надеж. Челото ѝ се ороси со пот, си мислеше во себе да не се онесвести. Лошо ѝ беше и низ заби проколна “Капка да ве удри”.
Веќе ги крена рацете, чиниш се препушти на ЈАМКАТА.
Една афежистка, стана и упати испитувачки поглед кон Ристана Шуменкова-Богданова, па кон сите рече:
-Вашиот Бог не е жив и не може да ви нанесе никакво зло… Сите ние решивме да се бориме против англоамериканскиот империјализам и, ако треба, ќе умреме за слободата на својот народ!
А ти, другарке Богданова, со тоа што кажа, сега знаеме дека ти, и таквите како тебе, нам, на борците, ни е јасно дека сте на страната на Америка.
Сите почнаа да зборуваат истовремено, викаа и посегаа да ја дофатат и симнат од импровизираната бина. Во тој миг во очите на афежистката блесна искра на буден борец, а гласот ѝ стана непријателски и уплашено рече:
-Па вие сте биле улави – продадени души, а јас ви зборувам за комунистичка револуција.
Трајковица се прекрсти и рече:
-Бог да ни е на помош. Досега сите знаевме дека мажите ја прават војната. Што си се натопорила, мори сетро, со тој автомат. Жената е родена да држи дете на гради, а не пушка што убива луѓе! Војната, тие машинки за убивање им припаѓаат на мажите. Вистина е дека повеќето од мажите ја сакаат војната, зашто им носи слава и тоа им прави задоволство во борбата, жените не уживаат во тоа. Ние жените сме за раѓање и одгледување на родот за нацијата.
Видовме, каков ужас и варварство ни остави војната со Германците и Италјанците.
Зошто пак војна? Зошто македонските жени ги повикувате масовно да влезат во војна преку таа ваша организација АФЖ!?
Во тој миг Ристо Калчунов, окуражен, ѝ викна на афежистката:
-Човек да се плаши од вас, значи, вие не грешите само спрема нас туку и спрема Бога. Па вие, другарке, добро знаете дека сите наши луѓе се печалбари и со тоа си го хранеа семејството, а вие ги прогласувате за непријатели и англоамерикански фашисти! Зошто прајте така? Ги дивите и ги анатемосувате селаните.
Неколку раскикотени девојченца гледаа љубопитно во новодојдените.
Молчете. Сакам да слушам што се случува, им реков.
Едвај успеав да се воздржам и да не се насмеам, зашто не им верував на фразите со кои се служеше афежистката, беа толку излитени што во мене будеа слика на протерана невеста од домаќинска куќа…
Ние, селските момчиња, не разбиравме што се случуваше всушност. Не разбиравме што значи навистина “револуција”, само зборовите на Филе Јажин му ги паметам кога еднаш ми прошепоти и рече: - Слушај, во ваква матна ситуација нема да велиш не! Но што знаеш, можеби утре во комунизмот ќе страдаш. Такво е времето. Вие со син ми, како младинци, ќе исполнувате секакви наредби без приговор. Твоите дедовци и моите нели беа илинденци. Нема да приговараш. Ќе слушаш, можеби еден ден и ние Македонците ќе ја дочекаме слободата…
3.
И така нофтите “удирајќи ги темелите за ‘иднината’ на Македонците и Македонија”, почнаа да му пропагираат на својот мал народ ГОЛЕМИ ИЛУЗИИ.
Активистите им се обраќаа на селаните: “Тој што денес нема да го насети здивот на советизацијата (што ја зафати цела Европа), значи, безусловно брзо ќе биде отфрлен и заробен во идното бескласно општество: во една обединета Македонија во рамките на Југославија”.
А еден од нив мавта со весникот и покажува на изјавата што ја дал маршал Тито во весник “Њујорк тајмс.” Во Москва во април 1945 година, во која се вели: “…Ако Македонците од грчките области изразат желба да се обединат со другите Македонци, Југославија ќе ги почитува нивните желби…” По ова се слушна силен вик: “Ура! Ура, да живеат другарот Тито и Сталин”.
Тие зборуваа толку убедливо што еден од селаните рече:
“Бесмислено би било да им се застанува на патот на овие наши предани луѓе кои сета своја енергија ја насочиле кон спасот наш и кон љубовта на големите браќа Тито и Сталин”.
А еден друг селанец, со прекрстени нозе, седеше на самиот крај на оградата. Образите му беа црвени, небричен, а се држеше молчаливо;
со рацете отпуштени на колената. Имаше темнокостенливи очи и светлозлатеста коса. Се насмевна како на некоја блага шега.
Зборуваше полека, јасно развлекувајќи ги зборовите, како што зборуваат во Костурско, а се викаше Сотир Гајдов-Ученото, син на поп Дамјан Гајдов. Се сврте кон говорникот и му рече:
-Вистинската причина за вашето доаѓање е нејасна. Ова е нечија фантазија, или добра стратегија на голем револуционер, сонувач што сака да создаде ново балканско прекројување или со тоа Тито сака да си ги реши внатрешните проблеми преку грбот на Македонците.
Ние Македонците не сме ни први ни последни што ќе бидат употребени во овој голем балкански експеримент, во кој велите:
СОВЕТИЗАЦИЈА НА БАЛКАНОТ.
Чудни се времињата во кои опстојуваме. Настаните од балканските војни најчесто се случуваат зад грбот на Македонците.
Секој ВИСТИНСКИ пат е мошне тежок, но сакам да знам:
Прво, каква иднина и власт ни нудите вие? Кои се вашите мисли и дали, според вас, ние Македонците можеме да ги спречиме војната и нашето искоренување од родниот крај? Можеби денес никој не верува дека војната би можела да биде искористена во корист на туѓинците, а ние да си останеме со прстот в уста…
Кога знаете дека конечно во Грција, на 12 февруари оваа година, во Варкиза се потпиша договор меѓу раководителите на КПГ, ЕАМ и ЕЛАС, а од другата страна владата на Пластирас и британскиот генерал Скоби, и власта е во рацете на владата и на Британците.
Второ, ме чуди тоа што не знаете дека во народното собрание на Србија, што се одржа на 10 ноември 1944 година, ставовите на Пијаде, Ранковиќ, Ѓилас и Влахов биле за ставот што вие го прокламирате: “Целиот македонски народ има желба за целосно обеднување на Македонија”, но само по два дена, на 12 ноември 1944 година, Јосип Броз – Тито, кога се сретнал со грчката делегација, им изјавил: “Прашањето за обединувањето на егејскиот дел на Македонија со другите делови на Македонија не треба да се поставува”. А и ставот на големиот брат Сталин бил следниот, по влегувањето на советската армија во Бугарија и истакнувањето на идејата за југословенскобугарската федерација, а особено потенцирањето на обединувањето на Македонија, што претпоставувало одвојување на егејскиот дел на Македонија од Грција, биле силни причини Черчил да отпатува за Москва на 8 октомври 1944 година, каде што со Сталин потпишале заеднички договор со кој Грција целосно паднала под влијание на Велика Британија. Набргу потоа британските сили се истоварија во Грција, а на 18 октомври 1944 година пристигна од емиграција владата на Папандреу и тој на 5 ноември издава наредба да се распуштат единиците на ЕЛАС. А со тоа и СОВЕТИЗАЦИЈАТА на Грција станува голема лага.
Зар вие не го знаете тоа и така истрчувате, што вели нашиот народ, “боси во трње”. Зар со тоа не им помагате на легитимната влада на Грција и на Британците е да го дотолчат нашиот народ.
За какви браќа и каква советизација ни зборувате? - рече Сотир Гајдов и продолжи:
-Зар ги заборавате решенијата во Јалта (5).
Се прашувам, но и многу луѓе се прашуваат:
Што ќе се случи со формирањето на НОФ и АФЖ во Скопје под раководство на КПМ/КПЈ? Дали вие со овие организации, можеби несвесно по налог на туѓинците, правите увоз на револуција во Егејска Македонија! Можеби ова е време кога се помалку го посакуваме минатото. И враќањето назад. Зар македонската свест за себе, за својата реалност не е целосно свртена кон идеолошкиот активизам? Зар со ова туѓинците не посакуваат пак да не турнаат во преграткита на колонистите?
Колку сложена е историјата! Наместо по Втората светска војна да одиме право кон мир, сега се свртуваме кон бесмислена војна. Луѓето сосила ќе ги тераме, не прашувајќи ги за нивната волја. Таквата војна ќе нема оправдување.
Подла загатка. Правдата ќе биде долга и скапа: може да ни донесе геноцид.
Прво од грчката страна: зошто грчките комунисти не ја почнаа подготовката за заземање на власта, туку Елас го предаде оружјето и власта ѝ ја предаде на грчката влада на Папандреу што се врати од емиграција?
Второ од југословенска страна: зошто македонските војници кои посакаа да одат на Солун беа сите арестувани и некои дури ликвидирани, а денес токму тие што ги арестуваа македонските војници ни ги организираат НОФ и АФЖ и пак не сплеткуваат во опасна замка, а можеби и ни ја стават повторно судбоносната ЈАМКА.
Навистина, тогаш, на 7 јануари 1944 година, имало причини да не се оди на Солун, затоа што во тоа време Британците во Грција имале (но и сега ги има) стационирано околу 200.000 војници, 400 авиони и 3.000 тенкови. Покрај нив имало и сега има околу 100.000 грчки војници, и во Солун се наоѓале, и се уште ги има, околу 10.000 војници на кралска Југославија. Сите тие биле и се уште се под команда на британскиот генерал Скоби.
Сега јас се прашувам: Вие што сакате тука? Тито, кој тогаш, разумно ги спречи македонските војници да не одат на Солун, по неполни два месеца ве праќа вас?! Вие со оваа акција на НОФ и АФЖ вршите повик за војна? Но тоа е повик за (само)убиств на сопствениот народ. Повик да се фатиме за смртоносно оружје. Дали сега со нас не се прави една голема измама?!
Зар не можете да разберете дека оваа ваша акција нема никаква врска со оправданоста или чесноста спрема соопствениот народ? Ние Македонците не смееме да си дозволиме токму на овој начин да бидеме искористени. Да го тераме соопствениот народ во војна. Со овој чин си дозволуваме да ни се наметне туѓиот тутор, и тогаш ќе мора да се помириме со фактот дека немаме реални шанси за успех во овој повик на нашиот народ во Народноослободителниот фронт – НОФ и АФЖ. Но јас сега се плашам дека по овие акции ќе не пикнат под чадорот на КПГ, а Грците се мајстори да манипулираат со нас. И токму тогаш нема да можеме да ја одбраниме извесната политичка идеја како борци да браниме извесен политички став како полезен за нашиот народ и нашата татковина.
Што мислите? Зар тоа што сега вие го повикувате македонскиот народ да се обедини со добра волја и да влезе во НОФ и АФЖ, не е нечија туѓа иницијатива потхранета од КПГ и КПЈ, а не родена и одобрена од самиот наш народ? Не знам; во овие сурови тоталитарни режими, ако некој од нас ќе може да се дрзне и да проговори за изневерените патриотски идеали, убеден сум дека веднаш ќе не прогласат за непослушни, а за таквите непослушни е познато како исчезнуваат: на робија, во прогонство или, не дај Боже – под земја, како непријатели на народот. Што мислите, ќе најдеме ли сили да речеме: народе македонски! Водачот Тито, или Захаријадис, не го спроведува она што ни го проповедаше а и вети?
Убеден сум дека никој нема да може да ја разбере вашата измама ниту ќе може да ја објасни како е обмислена оваа ваша акција преку организациите НОФ и АФЖ.
Сега си припомнувам на зборовите од дедо ми:
“Тој што не си го сака и почитува своето, тој ќе биде искористен толку пати колку им е потребен на туѓинците.”
4.
Радио Лондон јави дека состанокот на “Големата тројка” што се одржа од 17 јули до 5 август 1945 година во гратчето Потсдам близу Берлин, во дворецот Селиенкоф, во основата бил бесполезен, освен за една историска релевантна последица – отворањето на таканаречената Студена војна. Оттогаш сојузниците на антихитлеровската коалиција, Велика Британија (Винстон Черчил), САД (Хари Труман) и Советскиот Сојуз (самодржецот на СССР, Јосиф Висарионович Сталин), кои со крајни напори успеаја да го победат германскиот фашизам, престанаа да се сакаат меѓусебе, отворајќи ја онаа етапа во поновата историја што дури подоцна ќе го добие името Студена војана.
Токму на конференцијата во Потсдам, Винстон Черчил ја формулира синтагмата за “железната завеса” што ја означи поделбата на Европа на сфери на интерес.
5.
Грчката реакција ја оквалификува организацијата НОФ како предавничка, автономистичка и крајно “опасна” за националните интереси на Грција. Но истовремено се одговори и ЦК на КПГ (април и јуни 1945 година), на XI и XII пленум на ЦК на КПГ, и донесе одлуки кои се карактеристични по игнорирањето и фактичкото непризнавање на македонското НОД, односно НОФ. И со тоа беше отворена фронтална борба против водечките кадри на НОФ, односно против сите Македонци кои членуваа во овие организации.
Во врска со тоа на XII пленум на ЦК на КПГ (јуни 1945) се вели:
“НОФ, со брзото омасовување и со своите воени формации, опасно ги загрозува грчкиот карактер на Македонија, грчките позиции и интереси во неа, територијалниот интегритет на грчката држава”.
Практично, со прогласувањето на таквите ставови, односно за територијалниот интегритет на Грција, што е “загрозен” од македонското НОД, организирано и сега во НОФ, се јави како повик до грчкиот народ во Македонија и цела Грција да се бои против НОФ, да ја спаси Македонија, зашто се стравуваше дека Тито имал “Завојувачки планови против грчка Македонија и сакал да ја присоедини (анектира) Егејска Македонија”.
4 “Водечките македонски активисти, осудувани од КПГ, беа прифатени од КПМ/КПЈ. Со јавна поддршка на КПМ/КПЈ се конституира Политичка комисија за Егејска Македонија (октомври 1944), се формира Првата македонска егејска бригада (ноеври 1944), а потоа, наместо нив се формира сенародна политичка организација, народен ослободителен фронт – НОФ (истовремено АФЖ и НОМС во април 1945), чија военополитичка активност наскоро стана основен белег на времето во тој дел на Македонија.
5 На средбата во Јалта е договорена поделбата на сфери на влијанието и границите да останат статус кво.
Глава 2. - Од прегратките на КПЈ во прегратките на КПГ Врз основа на договорот меѓу Тито (КПЈ) и Захаријадис (КПГ) од 14 октомври 1946 година, набргу пристигнаа претставниците Караиванов (6) од КПЈ и Јоанидис од КПГ и ја прогласија следната спогодба: “Македонската организација НОФ (АФЖ и НОМС) и нејзиното раководство поминуваат во целост под КПГ, а вооружените од НОФ, малите македонски единици, поминуваат под команда во ДАГ и под раководство на генерал Маркос (7)”.
Пак диктат, послушност и свиен ‘рбет.
1.
Мај 1946 година, шурнаа големите дождови врз селските куќи, улиците се наполнија и од нив истекуваше голема вода како грозоморна и горчлива река. Глибаа селаните низ матните води, а добитокот одвај исплива, но некои од послабите добичиња беа однесени од водата.
Ова беше прва пролет на големите потопи.
Потоа се појавија стравотни водни стии и со своите грозоморни сенки и морничави пиштења ги нагризуваа мајските ноќи, чиниш сакаа на селаните да им ги урнат домовите, да им ги избришат спомените, да им го помрачат умот пред Бога.
2.
Селото Рудино, по верување, беше поделено на два табора и тогаш настанаа конфликти и раздор. Предвоеното чувство на колективност, пријателството и дарежливоста кога меѓу селаните се даруваше и тоа што на секој му требаше повеќе отколку на некој друг, се изгубија, она што претставуваше душа во две тела, се се изгуби и завладеаја “инстинктивните чувства”. Дури и поголем дел од луѓето беа родени како недоволно љубопитни за судбината што ги чека.
Новите настани со доаѓањето на НОФ и АФЖ предизвикаа и радост и страв. Се беше во потрага по своето исчанчено место.
Проблемот се појви и се очекуваа спротивни мисли дека идеолошките проблеми ќе раѓаат нови проблеми.
Во тие денови селаните зборуваа само за исти нешта. Имаше денови кога тие околу тебе, тие со кои можеше да се поздравиш, да ги гледаш, имаа различен израз на лицата, радосен или тажен. И, за големо чудо, оттогаш до ден-денешен селаните од Рудино и од околните села не се променија ни трошка. Од нив се изродија се некакви кодоши, предавници, лицемери, ситни профитери, подлизурковци и какви уште не мизерни изроди кои, како по некое правило, застапуваат туѓи агенти и интереси.
Тие луѓе, кои селаните ги нарекуваа “расипани од комунизмот”, го сочинуваа мнозинството од учесниците во сите селски одбори на овие новодојдени организации.
И, според нив, се именуваа како национални институции. Сето тоа беше како на панаѓур, со некаква лунапарковска националистичка свест. Самиот факт дека народот се повикуваше на револуција, во крајна линија беше бесмислен и шуплив, зашто идејата беше туѓа.
Цинизмот на КПЈ за грижата за Македонците може да се изрази со еден збор: Југославија во 1944-1945 година сакаше да си ги реши внатрешните проблеми.
Меѓутоа, имаше и друга категорија луѓе, “внимателни и нерасипани”, кои апстинираа од светот на политиката.
Една пролетна вечер во1946 година, на Велик петок, на сретсело во Рудино, под големиот чинар, седевме на дрвени столчиња и пеевме стари македонски и револуционерни песни. Забележав како темните интелигентни очи на Сотир Гајдов, кружејќи наоколу, запреа на моето лице. Тој ме гледаше со блага насмевка, можеби затоа што бев најмладиот од селските ергени.
Тој тукушто беше вратен од островот Макронисос, каде што бил осуден на смрт и долго лежел во самица, а тоа било место на болка и мачеништво, каде што страдаат осудените луѓето сами пред својата смрт.
Целта на власта била да го натера да се откаже од своите политички и национални уверувања и од Комунистичката партија и да го доведе до таква физичка и психичка исцрпеност, што нивото на безнадежноста ќе достигне до точка да биде подготвен да умре.
Во самицата останал се до зори, кога се извршувале стрелањата.
Еднаш го прашале: “Каква смрт сакаш?” Сотир им одговорил: “Ве молам, сакам да ме убиете за да ја напишам последната песна за жената на моето срце…” Екзекуторите му рекле: “Да ја чуеме!” Тој кратко им одговорил: ”Не ја пеам од страв да не ми ги изгори усните…”
* * * Понекогаш гласно пеел илинденски песни и ги пишувал писмата до љубената:
“…желбата ми е да не носиш црнила, да не плачиш да не редиш кога ќе ја чуеш лошата вест”.
За секој затвореник, изјавите на покајување биле клучна фаза во процесот на иследувањето и малтретирањето на затворениците, тие методи биле воведени уште при владењето на Метаксасовата диктатура (1936 – 1940).
Затворениците можеле да бидат ослободени и пуштени дома, па дури и смртната казна да се замени доколку се откажат од своите идеи. Тоа го сторил и Сотир Гајдов, но по покајувањето беше доведен до разочарување и пред секого беше сомничав, човек со изгубена доверба, дури и за своите најблиски другари.
Тој во својата изјава за покајување напишал:
“Изјавувам дека ја осудувам Комунистичката партија и се срамам што бев најзин следбеник. Ги повикувам сите заведени млади да не им веруваат на комунистите…” Сега за Сотир Гајдов велеа дека тој е човек кој и во такви мигови, својата мисла, својот израз на лицето не ги споделува со другите. Тој човек не е како другите и сега дури не верува ни во Господ. Значи, Гајдов одмна расчистил со црквата и со крстењето. Како и сите ние задоените од идеолошкиот активизам.
Тој вели:
-Мојата генерација беше формирана од протестите и полициски палките, од надежите генерирани не само од комунистичките идеи туку и од Илинденското востание во 1903 година. Се откажав од религијата, поради што многу жалам до ден-денес носам вина спрема татко ми, поп Глигор Гајдов, кој беше многу набожен до крајот на животот.
Utilisez les flèches gauche et droite pour tourner la page.
Imprimé depuis https://macedonianhistory.ca/fr/narrative/jamka/2 le 29 octobre 2026