Canadian Macedonian Heritage Society Canadian Macedonian Heritage Society Devenir membre !

Noose

(СУПТИЛНА МАНИПУЛАЦИЈА СО МАКЕДОНСКИОТ ЧОВЕК И СО НЕГОВАТА ИСТОРИЈА.)

Par Стојан Кочов · Partie 18 sur 27 · Environ 13 minutes

Lire en English

(СУПТИЛНА МАНИПУЛАЦИЈА СО МАКЕДОНСКИОТ ЧОВЕК И СО НЕГОВАТА ИСТОРИЈА.)

На 27. 03. 1949 година е свикан основачки состанок од 163 комунисти, делегати на Вториот конгрес на НОФ, на кој едногласно е решено да се формира комунистичка партија на Македонија од егејскиот дел на Македонија, која би била засебна организација и дел од КПГ и би се викала КОЕМ. (За овој настан, се велеше дека е најсветлата точка од грижата што ја водеше КПГ спрема нас Македонците, но да ја оставиме историјата да каже колку навистина беше и остана “светла”...)

Нашите стари за минатото тешко секојдневие од националното угнетување раскажуваа дека Грците се полоши и од Турците. Дедо ми велеше:

“Турците немаа вера, но имаа исав, Грците немаат ни вера ни исав.” Трајко Богданов, обезумен, се сврте кон полузајденото момче и го праша:

-Те молам, кажи ми, имав син пратен во народните републики, можеби е тука со вас. Се викаше Ѓорги Богданов.

Ранетото момче се загледа во Трајко и потстана. Му го покажа врзопот од плочки и му рече:

-Чичко, нека му е лесна земјата, еве ти ја неговата плочка со број

12. Тој меѓу првите беше смртно погоден, но не знам точно каде е сега неговото тело. Но сигурно е тука, низ ровот што го минавте...

Трајко Богданов, збркан, го фрли автоматот, се врати во ровот и почна да ги пребарува труповите...

2.

Приказната за момчињата со плочките што ги носеле на гуша: со реден број и ликот на генерал Маркос тоа им бил индетитетот и само под тој број ги знаеле; од каде е, кое е и чие е дете.

Младиот командант раскажува:

-Кон павилјоните во Тулгеш тргнавме како надојдена река и се измешавме во големиот двор. Се баравме еден со друг; брат и брат, брат и сестра, но најтешко ни беше да си ги најдеме нашите ”мајки”:

Во домот имаше многу деца на кои не им се знаеше ни името ни презимето, ни родното место, ни родната мајка и татко. Ни дедо ни баба. Едноставно, како што бевме собрани во логорот преку граница и така со години, како сенки, ги бараме своите најблиски, својот идентитет. Се чувствувавме отуѓени, чиниш на сите нас генерал Маркос ни стана татко. Така и викавме кога учителот не прашуваше:

– Чиј сме?

Одговаравме: –На Маркос!

-А чиј е Маркос?

-Маркос е наш!

Но, наверојтно за да бидеме рамноправни, или којзнае зошто, во Калиманешти ни ги одзедоа имињата. Тоа беше последното што го имавме од дома, тоа наше национално обележје. Потоа околу вратот ни врзаа метални плочки со тркалезна форма, на кои од едната страна беше гравирар ликот на генерал Маркос, а од другата – бројка што требаше да ни го замени личното македонско име и презиме.

Јас го добив бројот 520 и, кога ме прозиваа на романски, требаше да се јавам со зборовите: ”Чинч суте доузен ши о”.

Кон крајот на 1948 година, пак со воз тргнавме за Полска. На границата не пречекаа Полјаци, со комплет послуги, медицински персонал. Луѓето беа многу љубезни со нас, а истовремено беа вџасени – како тоа партизански деца, чии родители се уште водат борба на боиштата на планините Вич и Грамос, да немаат имиња?

Кога стигнавме во домот ”Бабурка”, не облекоа во нови руби, а се што соблековме сосе плочките, се фрлаше на куп и личеше на заробена војска.

Животот често беше полн со суровост и жестоки поигрувања.

Полјаците ги викавме добри чичковци, а најмногу го сакавме пан Пјотр Пшежински. Не сакаше и тој, не викаше “потoмци на една мртва војска”. Стар, опитен Полјак, поранешен бизнисмен и филантроп. Многу години бил по логорите, многу не сожалуваше и ни велеше дека по судбина сме биле исти, оти и тој во логорите имал број, но без лик на некој водач.

-Вашата судбина е потешка, зашто ви го обесиле на врат да го носите генерал Маркос, кој во вашата земја е дојден како колонист и ги ужива сите права, а вие и вашите родители сте прогонувани...

Јас молчев. Што можев да речам? Само гледам во плочките со огорченост и ужас. Ете, НОФ и АФЖ пропагираат дека ова е ослободителна војна, а овие деца па и сите ние сме безимена војска.

Овие деца ги водат под број како резервни делови од некое смртоносно оружје.

Молкот го прекина ужасниот плач и болниот татков крик на Трајко Богданов.

Ранетото момче ми вели:

-Изгледа Богданов го најде мртвото тело на својот син Ѓорги.

Ѓорги беше храбар и пекаше по татко си да го сретне.

-И кога и како ве донесоа на фронтот? – праша Митре Житаров кој исто така имаше две многу мали деца со млада жена Ристана Житарова, која била одредена како ”омадархиса” – (десетарка што треба да води грижа за десетина деца).

Ранетото момче со ампутираната кога, се грчеше и со мака продолжи да ни ја раскажува целата приказна.

-Неколку месеци по нашето заминување од родните села, кога не собраа луѓето од НОФ, АФЖ и КПГ и не пратија по демократските источни држави за да се спасиме од сигурната смрт, од гладот и болештините, тие истите пак не вратија во пеколот на војната. Тоа почна уште кон крајот на 1948 и на почетокот на 1949 година.

Кога не повикаа, како последна поголема група, беше 15 март 1949 година во 8,30 часот, директорот на Домот ни соопшти дека денеска по ручекот ќе допатува во нашиот детски дом делегација на Политбирото на Комунистичката партија на Грција (КПГ).

Точно во 16 часот пред домот се појави еден “татраплан”, голема лимузина, и уште невлезен во главната врата, почнавме да извикуваме пароли и да го пееме партизанскиот марш. Штом запре колата, излезе Милтијадис Порфирогенис, член на Политбирото на ЦК на КПГ и министер за правосудство во Привремената демократска влада.

По свечената вечера, што мина во радосно расположение и апсолутна тишина, директорот ни соопшти дека младите момчиња и девојки од 15-16 години во 20 часот ќе имаат состанок со гостинот, а другите, во 19,30 треба да одат на спиење.

Во 20,15 часот гостинот влезе во салата, а ние станавме и со долг аплауз го поздравиме со паролите:

“Да живее Маркос! Да живее КПГ! Да живее слободна Грција!...” Министерот седна и сите ние седнавме по него, а тој пак се исправи како планински врв пред нас децата и со тивок глас почна да ни раскажува за борбените успеси што ги постигнуваат единиците на ДАГ против монархофашистите.

Тој рече:

-ДАГ има во свои раце 25% од целата територија на Грција. Во секое село има народна власт, народни одбори, народни судови, селски задруги, основани се народни болници, културно-уметнички и фолклорни друштва, народот се чувствува слободен и по неколку дена во наши раце ќе паднат градовите Флорина, Костур, Воден и други градови и 1949 година ќе биде ГОДИНА НА ПОБЕДАТА!

Ние од радост станавме и почнавме да викаме:

“Да живее слободна Грција! Маркос победа! Маркос победа!” Гостинот не смири и продолжи:

-Младинци и младинки, синови и ќерки на нашите борци на херојската демократска армија, јас сум пратен од Политбирото на ЦК на КПГ и од нашата Привремена демократска влада за да ве повикам да дојдете долу, во татковината, зашто нашата света борба има потреба од млади луѓе, млади борци, достојни на своите татковци и мајки кои секојдневно постигнуваат борбени успеси против нашиот непријател – монархофашизмот.

Министерот лизна од чашата вода, направи скриена насмевка и продолжи:

-Исто така ќе си ги видете вашите убави ослободени села, вашите родители, роднините и сите домашни.

Затоа ве повикувам сите што сакате ”доброволно” да се вратите во слободна Грција, да станете и тука да се запишите.

Министерот држеше список, што го имал кај себе со нашите имиња. Ние сите еден по еден се потпишавме, 31 младинец и 8 девојки.

По ова гостинот ни се обрати:

-Знаете дека доброволците од Романија и Бугарија веќе се вратија многу порано во ”слободна Грција” и за многу кратко време одлично го совладаа оружјето и овие денови стануваат редовни борци на славната ДАГ, а другите ваши другари од другите демократски држави се на пат за татковината, а во најкратко време ќе ви биде соопштено и вам. Но едно сакам од вас: за вашето враќање во татковината, на никого ни збор. Ни на тукашните ни на домашните, на никого, разбирате, зашто кој од вас ќе каже или ќе напише, тој ќе се смета за непријател на нашата света борба.

Следниот ден, во понеделникот по ручекот, не собраа нас “доброволците” и директорот ни рече:

-Од денес до вашето заминување, ќе имате секоја вечер ноќно тренирање на терен за да се научите на ноќни борби. За враќањето во Грција на никого ни збор, ни на вашите помали браќа и сестри. Кој ќе се осмели да каже, ќе биде истеран од домот и строго казнет.

Во тој миг слушнавме силен истрел. Житаров одеднаш ме фати за рака и влеговме во некаков ров и трчавме наведнати, понизни, чиниш одиме во некое беспаќе.

Туку одеднаш пред нас лежеше Трајко Богданов, мртов во прегратка со својот син... Во маки пеколни испушти душа кутриот.

Се обидувам да си ја избришам од умот таа глетка на син и татко за кои заврши војната и изгубеноста на нивниот корен.

4.

Леонидас, се понемирен и повознемирен, ми вели:

-Голем е бројот на причините за злоупотребата на децата-војници.

Ете, и Партијата вели:

”Ние сме во револуција и можеме да им понудиме калашников наместо тетратка.

Тие се нај евтини зашто помалку јадат и се попослушни. Полесно може да се заменат и да се искористат. Тоа го прават и капиталистите. На фронтот им се доделуваат разни функции во воената служба, па се до живи детектори на нагазни мини. Во логорите ги користат како робови за да приготвуваат јадења и да чистат.

Тие се послушни и со нив полесно се манипулира. Затоа можат да ги натераат да работат се што ќе побараат возрасните од нив.” А според тврдењата на психолозите, децата можат да се претворат во машини за убивање, зашто повеќе се во состојба да ја запостават реалноста. ”Децата-војници се мошне добри борци, не мислат на ништо друго освен на својата задача. Тие се борат, при што не помислуваат на враќање во своето семејство. Не се плашат од ништо”, смета еден бунтовнички офицер во Конго. Сепак, постојат и мал број деца кои сами доброволно се пријавуваат, било заради одмазда било поради глад.

Но за да станат такви борци, прво треба да се скршат и да се подложат на перење на мозокот. Затоа мораат да извршат ужасни приемни ритуали: ги тераат да убиваат и да мачат дури и обични невини луѓе...

Но ете како партијата и Водачот Захаријадис гледаат на ова прашање на историското воено заседание што се одржа деновиве:

бележито беше како Водачот го доживува задоволството да ги води другите и да го привлекува нивното внимание. Тој уште како младинец ја доживувал радоста во својата надмоќ над другите. Во својата кариера во партијата, небаре на свечен начин, чекор по чекор, настапувал кон врвот. Напредувал како да гази по свое, чиниш дека е феудален господар. Таков бил неговиот пат...

Така се калеле комунистите... Секој што ја познава душата на младиот човек ќе сфати дека тој најмногу слуша борбени повици. Во сите револуции младите биле на чело...

Леонидас со насмевка ми вели:

-Таквото брзо искачување до врвот, што му го заврти умот, таквата невидливата сила што му донесе успех, го вовлече во заблуда

– во безобѕирност и лекомисленост дека тој може да се справува и со воени стратегиски прашања.

На заседанието, Бодачот за да ги смири духовите зазел став на мудрец, и рекол:

-Кога победата детално ќе се опише, престанува да се разликува од поразот и од загубите во битките.

Вие тука го опишавте поразот многу детално и речиси престанува да се разликува од победата. Но Сартровата филозофија на егзистенцијализмот, постојано го тера човекот како свесно суштество кое пред себеси постојано си поставува задачи и цели. Трудејќи се да ги оствари тие цели, човекот гледа во иднината и на тој начин ја негира сегашноста. Откако ќе оствари една задача, пред себеси поставува друга, и така до крајот на животот. Ние сме револуционери и не очекуваат нови визии и нови победи кон комунизмот! Тоа важи и за нашите млади. Тие се иднината на оваа земја. Остварувањето на овие визии, тоа е всушност реализирање на нашите цели, на среќата на човештвото, на работничката класа.

Водачот најмногу се плашеше од невнимание, да не ја загубат партијците класната свест.

На крајот на советувањето извика:

-Да живее Црвената армија која се бори да му ге подари на светот мирот, слободата, демократијата и социјализмот – Светлата иднина на човештото.

* * * По завршувањето на историското воено заседание, Водачот (изигрувајќи скромност, небаре е земја што молчи) направи промени во воениот генералштаб и за нов генерал го назначи Георгиос Гусијас.

Гусијас беше неук човек и се што не поднесуваше да гледа или да почитува кај другите, беше во него. Некои се прашуваа зошто и како чевларот станал генерал и кој го довел тука? И зошто Водачот, поставува неуки луѓе?

Едни велеа за полесно да ги сменува, а други, збунети, се сеќаваа на Евангелието во кое се вели: “Широк и огромен е патот што води во пропаста”.

* * * По пристигањето во Главниот штаб, генерал Гусијас ги смени правилата и избра свои луѓе. Се разбира дека Самаридис го остави на неговата функција и положба и кон него изразуваше некаква чудна почит.

Целта на генералот беше да внесе раздор меѓу потчинетите.

Најголемиот сон му беше да создаде мрежа за да контролира се, до најмалиот тетаљ. Бидејќи донесе нови правила и начин на работа, даде можност за, како што тој велеше, “професионален напредок”.

Значи, тој што ќе се адаптира на неговите закони, ќе преживее, а кој не ќе биде отстранет. Доколку “новоизбраните” ја прифатиле промената без да се изложуваат многу на шушукања, генералот спрема нив беше штедар и готов да ги обвие со кратките раце.

Но еден од отстранетите повисоки офицери со денови се подговуваше психички да му се јави на Гусијас и да го праша до кога ќе ја крие вистината за непознавањето од воената стратегија и тактика. Тој еден ден му рече:

-Кај тебе грдата завист била скриена во форма за присвојување.

Ти изразуваш желба за тоа што не ти припаѓа и за успесите на други...

Верен си и на партијата и сите те знаат како крпач и потковувач на чевли, ама со воената наука и со познавањето на теоријата за стратешките и тактичките прашања, одамна си се разминал.

Гусијас се вцрви и дури посегна по револверот.

11 Прво оптимистичко сценарио на Захаријадис: се дава самоопределување на македонскиот народ. Значи, ни понуди визија за независна Македонија.??!!

На 30-31. 01. 1949 година е одржан петтиот Пленум на ЦК на КПГ и на него е исфрлена паролата за независна и обединета македонска држава во рамките на балканската федерација. Поради тоа на 3.02.1949 година е свикан Вториот пленум на Централиот совет на НОФ и се прокламирани нови принципи на НОФ, за иднината на Македонците под Грција.