Глава 14. – Силата на срадањето Посета на логорот именуван “Силата на страдање
Глава 14. – Силата на срадањето Посета на логорот именуван “Силата на страдањето”, во кој беа затворени родители чии синови и ќерки беа насилно мобилизирани на фронтовите што ги водеше ДАГ низ цела Грција.
1.
Беше зима, јануари 1949 година. Студено, снег врне, па кога фати еден сув студ, камен и дрво се распукуваат. Ветерот фучи и ги крева шаторите и провизорните засолништа.
Болно, чумаво време; човечки жртви, немаштија, гладување. И сите села се празни. Ужас ги обзеде сите, како да се сотре целиот народ, а од фронтовите на Грамос и Вичо почнаа да пристигаат се полоши и полоши вести. Им се смрачија лицата на луѓето, клапнавме и ние борците.
Во логорот “Длабока јама“, конфузијата и хаосот кај родителите продолжуваа и по исчезнувањето на илјадници млади македонски деца што беа евакуирани во март 1948 година и однесени во прифатилишта во народните републики: Романија, Чехословакија, Унгарија и Полска, но наскоро, по наредба на КПГ, селективно беа праќани на фронтовите на Грамос и Вичо.
Родителите беа апсени и држани под силен идеолошки притисок, но една група родители се бунтуваат и ја формираат организацијата “Силата на страдањето” за да барат спас за своите деца кои сосила раководствата на КПГ, ДАГ и НОФ и АФЖ ги мобилизираа и ги праќаа на смртоносните боишта.
Како што се приближуваме, логорот одеднаш ни создаде чуден впечаток, можеби затоа што се издвојуваше од шумскиот предел.
Сиот беше ограден со бодлива жица и имаше реа на изгорено, изгниено и остар дим.
На една лединка, преку оградата, една белокоса, остарена жена, чии очи и нос беа премногу црвени од плачење, се крстеше под едно чаталесто дрво на кое висеше јамка. Чиниш се се збрало во нејзиното око и глетката многу бргу тргнува од окото кон срцето и тука и се населува за навек.
Милата старица. Се сеќавам на неа како сега да било. Ситна, слабичка, сосема се изгубила во своите црни алишта под црната шамија, кои не ги симна до крајот на животот. Тукушто беше излезена од “куќата на мртвите”. Така ја викаа старата барака што беше населена со живи старци што личеа на мртовци.
Ми стана жал. Сакав да заплачам, но не можам. Си мислам, ако си поплачам, ќе ми стане полесно.
“Никој засега не им верува на нејзините солзи”, ни вели чуварот што тромо шета околу оградата. Па тоа не е ден, не е два, туку години на ред... Колку ли се?
Пред затворената врата, наречена “Мртва врата”, од колци испреплетени со жица; кој влегол низ неа, никогаш веќе не се вратил жив. На еден куп камења, изѕемнат седеше Сотир Гајдов. Беше неизбричен и неиспран и носешше шајачно палто и извалкан елек, а носеше темни панталони што блескаа од маснотија и кои некогаш му биле од костумот кога бил зет. На нозете носеше стари војнички цокули докрај излижани...
Некако неумесно беше сиот згрутчен: несвидлив и несмасен.
Оддалеку се чувствуваше како од него надоаѓа миризба на недосушена кожа од пресно заклана овца.
Мразеше се, дури и без причина. Во неговата крв можеше да се препознае море од јадови. Во него молчеа мислата и срцето. Се будеше само од екот на оружјето и чекаше порака за нечија смрт.
Го гледам и размислувам: “Зар овој е Сотир Гајдов? – Ученото попско дете.”
-Добар ден, стрико Сотир! И ти ли си тука?
Уплашено и мрзливо ја крена главата и ме опули намусено. Седи во глувата тишина на логорот.
-Тука сме сите што се бунтуваме и не потпишавме согласност да ги дадеме децата ниту на Фредерика, ниту на комунистичките команданти и на нашето АФЖ, кои како натрапници влегуваа во нашите куќи и насилно ни ги земаа децата. Ти, Трајко, како комунист, што ќе кажиш за сето ова што го прават комунистите? Ете, снаа ти Ламбровица, денес ќе ја судат, како ќе му објасниш утре на брат ти Ламбро?...
Настана молк, Трајко се стутули и остана занемен, а Сотир Гајдов продолжи:
-На кралицата Фредерика целта и била да им ги земе децата на родителите, а тие да дезертираат од комунистите.
Сега тука сите сме жигосани од комунистите и ја чекаме смртта, а децата наши никој не знае каде се по Европа ни ги затурија, а дури пропагираат дека ги спасиле. Тоа ми личи, како тој што рекол: “Ти ја запалив куќата, ама те спасив”.
-Господи Боже, - ми вели Трајко Богданов држејќи го автоматот на готовност и продолжи:
-Значи, на кралицата Фредерика целта и била: да ни ги земе децата, а ние да дезертираме од ДАГ и да се откажиме од комунистичките идеи. А на комунистите целта им била да ни ги земат децата за да ни држат нас, татковците и мајките, заложници и од одземените наши деца и да создават услови за решавање на проблемот на резервите на ДАГ со нови борци.
Па има право снаа ми Ламбровица. Значи, со нас Македонците со тоа го почнале геноцидот и едните и другите.
Потстана Сотир Гајдов, фрли поглед наоколу, чиниш му се разврза јазикот, и ни вели:
-Историјата не е само минато. Нашата умствена и патриотска свест и совест не треба да ни дозволува да бидеме само набљудувачи, да талкаме во место, да ги нуркаме главите во песок и да молчиме пред неспокојствата и пред опасностите, но сега за таквото зло треба да кажеме и пред комунистите.
Знаете ли каква им била целта на комунистите?
Зад акцијата за спасување на нашите синови и ќерки се криеше многу перфидна намера: да се обезбедат поголем број борици за ДАГ и да се турне целото македонско население во војната.
Не помина многу време, комунистите преку нашите организации НОФ и АФЖ извршија масовна мобилизација на сите што досега не беа вклучени во редовите на ДАГ, под изговор “дека сега родителите се ослободени од грижата за своите деца”. По ова се обездети и се опустоши македонската куќа и македонските жени масовно беа вклучени во заднината на фронтот.
Разнебитувањето на Македонците беше и останува основна грчка цел.
-Значи, не им се разликуваат акциите; дали тоа го прави грчката буржоазија или комунистите?
-Да. Со комунистите години не убедуваат, дека ќе се откажат од тоа што го прави Атина, но се покажа дека Грците имаат иста цел.
Ете, на видело е нашето ископачување.
Морничави мисли му се сноват. Во градите фурии му се раѓаат.
Миг не минува да не помисли и: “Смртта пак не зема”.
Предметите околу него за миг се обвија со сенчеста магла, која постепено се затемнуваше во леплива и густа боја.
Зачудува, живее со желба што боли. Тој не ја прогонува смртта од своите соништа и во мигот, со нежност и сила, ниту помислува дека има поголема казна од смртта.
2.
Логорот заличуваше како да се подготвува за некој голем празник.
Затворениците работеа без здив и стражарите им гракаа:
-Брзо! Побрзо! – повторуваа.
Ги исчистија патеките на логорот, ги затегнаа шаторите, насекоа дрва за големото огниште и ставија да се вари грав. Се беше највнимателно организирано.
Другиот ден претпладне пристигнаа во логорот судијата и двајца од политичките македонски организации, нофистот Филип Јажин и афежистката Фана Тапанциева и една десетина вооружени борци на ДАГ.
Ближеше пладне и логорашите се збираа на окосената ливада.
Наредбата веднаш предизвика жива реакција кај толпата. Сите почнаа да зборуваат истовремено, викаа и посакуваа да истрчаат да ја заштитат Лина Богданова. Следуваа неколку секунди тишина. Потоа толпата вивна во еден глас.
-Зар е можно тоа?! Да се убиваат невини жени? Тогаш сите нас стрелајте не. Обој повик, сочинет од стотици гласови, како гром одекна во логорот “Длабика јама”.
Исцибрен и стушен, педесетогодишниот Тодор Пелифанов долго дремеше замолкнат. И покрај својата старост, едно време одекна со силен глас и зборуваше со силно и грлно и со големи гестикулациии.
Прикрепувајќи се на дреновиот стап, рече:
-Тешко е да се живее овде без нашите деца. Траумите се големи.
Одам по туѓите гробови да плачам.
Зар и јас сум непријател на мојот народ што имам два сина во Америка, а еден син ми загина борејќи се во ДАГ на фронтовите на Грамос?
Тодор, трогнат, се струполи на земја и во себе си рече: “Нашиот живот личи на самоубиство”.
Сите зјапаа во Тодор Пелифанов, кој даваше знаци на задременост со побелени очи. По ова трогателно братско зближување, сите започнаа меѓусебен разговор.
Во тој миг во очите на воениот судија Караникас, блесна искра на буден комунист, а гласот му стана непријателски и повтори:
-Јас сум воен народен судија и судот го донесувам врз факти, - рече и продолжи:
Лина Богданова, родена 1904 година (Моминско име Лина Гајдова, ќерка на поп Глигор Гајдов – ликвидиран во 1945 година, на 65 години старост, како непријател на нашата идеологија), произлегува од многу религиозна фамилија што е против нашата комунистичка идеологија. Таа од почетокот на револуцијата била против нашите стратегиски цели, се осудува како непријател на слободарскиот народ. Таа се покажа дека е голем непријател на нашата света борба и работи за интересите на англо-американскиот империјализам, и најверојатно поради тоа што нејзиниот маж Ламбро Богданов, роден 1900 година, од 1936 година е во Америка. Не тврдиме, но сигурно тој работи за Американците, а синовите Павле и Васил се високи офицери во Титовата армија, сега и тие станаа најлути непријатели на нашата борба.
Ние и партизаните на генерал Маркос, раководени од Комунистичката партија, се бориме за доброто утре. Мислам дека Македонците треба да бидат на првата линија и да дадат се од себе, со тоа ќе се постигне слобода, па и самоопределување на македонскиот народ.
Обвинетата Лина не случајно го стори и следното дело: Кога цел народ се фрли самопрегорно во борбата за нашата света слобода, раководен од нашето мудро раководство на чело со Захаријадис, таа им ги попари нозите на своите две деца; синот Мито Богданов, роден 1935 година, и ќерката Елeна Богданова, родена 1933 година, за да не ги даде во редовите на ДАГ да се борат за идеалите на КПГ која има за цел да се ослободи Грција од англо-американскиот империјализам.
Обвинетата Лина Богданова стоеше и трепкаше, а тој и упати прашање:
-Кажи ја вистината; дали навистина сама го стори делото или некој те поучи на таков чин? Или можеби од омраза кон твоите деца?
-Зошто ме прашуваш за тоа? Глупавао е да зборуваш за такво нешто. Тие се мои деца. Јас сум ги родила и не сакав да и ги дадам на некоја афежистка или комунистка, да ги пратат на боиштата да загинат. Гласот и беше толку слаб и тажен што одвај се слушаше. На човек му беше доволен само еден поглед на нејзиното лице за да сфати колку страда таа.
-Значи, велиш сама си се решила на тој гнасен чин и со тоа свесно си застанала на страната на многуте непријатели на нашата света војна.
Очите и се полнеа со солзи додека го слушаше, Солзите се повеќе и светка во очите.
Само Сотир Гајдов, кој стоеше покрај нас, ја сврте главата за да не ги гледа СОЛЗИТЕ НА СЕСТРА СИ.
Натажен, ми вели:
-Каква е оваа наша судбина? Досега сите знаевме за неделата на националистичката грчка влада, а овие комунистите ти биле посурови и посвирепи!
Истиот миг Трајко Богданов, најмалиот брат на Ламбро Богданов, деклариран комунист, ми вели:
-Има право Сотир. Ние Македонците сме излажани и не поделија;
братот против брат. Доблесно е да се преиспитаме дали заслужуваме и натаму да бидеме тие што, ќе се саможртвуваат и во голема мера ќе решаваат за интересите на туѓинците! Останавме глуви, неми и слепи, добра е земјава што не крепи.
Но во тој миг се слушнаа и други гласови и сето внимание и погледот ми беа насочени кон Лина Богданова која стоеше достоинствено, а намерата на обвинителот беше да ја наведе да каже дека таа е соработничка на непријателска организација. Но таа докрај остана да кажува дека не носи вина и велеше:
-Тие се мои деца... не припаѓаат на никаква партија, туку се деца мои и на Ламбро Богданов. И сите нека знаат дека јас сакам да умрам како Ламбровица Богданова.
Обвинителот беше сосема збунет. Беше невозможно да се поверува дека оваа жена си ги спаси децата, односно не ги даде во редовите на ДАГ.
Тој последен пат и упати прашање:
-Сега кај ти се децата?
-Син ми Мито е кај татко му во Америка. Јас сама ноќе преку планината го одведов до градот Лерин, а на враќање ме уапсија.
Ламбровица срони неколку солзи и рече:
-Ќерка ми Елена си го одзеде животот... Не можеше да ги поднесе критиките на афежистките, затоа што не отишла доброволка да се бори за таа ваша што ја велите света слобода, а најмногу ме караше мене...
Ламбровица молчеше и величествено, како достоен воин, чекореше до ЈАМКАТА што висеше на едно чаталесто дабово дрво.
Изненадувањето беше толку големо што зацари мртва тишина...
Ламбровица си рече во себе: “О боже, ќе ме обесат!” Обвинителот Караникас си рече во себе: “Мислиш дека би ти простиле!?” Се огласи воениот судија Караникас:
Смрт на фашизмот и на нашите непријатели!
Мала Преспа, Есента 1949 година.
3.
Тој развој на настаните со нас Македонците имав можност да го набљудувам во илјадници случаи. Колку повеќе ја набљудував поданичката игра на НОФ и АФЖ, толку повеќе растеше мојата одвратност кон таа геноцидна војна.
На 12 август 1949 година гореше целата линија на фронтот на Вичо се до Бела Вода и нашите единици ја напуштаа фронтовската линија. За последен пат посакав на минување да видам што стана со луѓето во логорот “Длабока јама”.
Логорот беше пуст, само јамката се нишаше од тихиот ветар и куп партали расфрлени низ лединката... Сонцето веќе го лижеше врвот на палнината Врба и, кога сосема ја спои земјата со небото, го затемни просторот над долината Преспа и во еден мрачен и волшебен пејсаж, се разлеа над езерото.
Сенките на големите дрвја во долината беа огромни, чиниш се сенките на обесените. Пространата преспанска долина се затемнуваше, небото над сето ова беше докрај ведра синевина, но јас се чувствував се поодвратно; сам на себе се изгледав некако прогонет и проколнат.
Ми беше болно тоа што најпосле морав да го напуштам немоќен тој проклет логор на нашите родители. По мене клинкаше, заталкан со обесен автомат, но подзашеметен, и Трајко Богданов кој долго остана да ја гледа јамката на која беше обесена снаа му Ламбровица...
*** Сега со години ме потсетува прашањето на Сотир Гајдов: “Кога еден народ, под агресивна идеолошка пропаганда, преминува во едноумие, колкумина од нив ќе убиеш?
Utilisez les flèches gauche et droite pour tourner la page.
Imprimé depuis https://macedonianhistory.ca/fr/narrative/jamka/16 le 29 octobre 2026