Canadian Macedonian Heritage Society Canadian Macedonian Heritage Society Devenir membre !

Noose

Глава 11. - Сенката на бесмртниот лав од Вичо и Големите преселби од Румелија

Par Стојан Кочов · Partie 13 sur 27 · Environ 12 minutes

Lire en English

Глава 11. - Сенката на бесмртниот лав од Вичо и Големите преселби: од Румелија и Тесалија

(Ιροηκί φάλαηγγα)

1.

Тукушто пристигнавме на планината Пиерија и покрај самата корија од високи борови направивме набљудувачко стражарско место и будно ја очекувавме “Херојската неворужана фаланга”, која доаѓаше дури од Румелија и Тесалија.

Погледот од набљудувачкиот пункт беше мошне широк, но половината од целиот хоризонт пливаше во магла и апсолутна тишина. Се испулив со дурбинот на југ, каде што беше вгнездена непријателската војска, ама ништо не забележувам. Уште еднаш го шетам погледот по сите заветрини и пак ништо, забележувам само глангосани могили и стрвнички крвожеден волк како лунѕа, а капетан Ѓорги Каљков ми шепоти:

- Тие умеат добро да се камофлираат…

Гледам се ронат карпите во темните витли, се ежат ридовите, небаре сето зло ќе истече низ долината.

Каљков, на еден припек од мартовското сонце, се навали на еден многулетен бор и си ја пошти кошулата која вриеше од вошки. Но така некако постапува, чиниш тоа го прави одмазднички. Се случува во одредени мигови дури и лицето да му се згрчи.

Го насочив двогледот кон него и го следам како на лицето му играат набабрените жилички.

Тој беше весел човек, со насмеано лице. Бил почитуван од сите;

потекнувл од славно семејство од кое произлегле многумина слободољупци, особено неговиот дедо, прочуен илиниднески војвода.

Така и го запознав во таа далечна 1945 година, кога во нашиот костурски крај на планината Вичо, како војвода со брада и нарамени реденици. Така тогаш се движеа по македонските села првите одреди на НОФ, пропагирајќи света борба за обединета Македонија.

Тој, по партиска задача на НОФ и КПГ, уште во минатата 1947 година во ноември пристигна во Главниот штаб на реонот “Антихашија” да не смири нас “бунтовниците” кои баравме да се вратиме во Македонија и таму да се бориме. Баравме слободно да ги пееме нашите македонски песни, оти Грците не спречуваа под изговор: “Не правете го тоа, оти тука, во овие грчки предели, населението не знае кои сте вие”.

Еден ден, по пристигнувањето на Каљко, комесарот на главниот штаб не стави во строј, ни го претстави и ни рече:

“Драги млади борци, ви давам чесен партиски збор дека ние комунистите, по добиената наша борба и слобода ќе ви дозволиме да си ги пеете вашите песни колку што сакате. Тоа ви го гарантираме ние комунистите кои сме следбеници на Ленин и Сталин. Да живеат Револуцијата и братството и единството меѓу грчкиот и славомакедонскиот народ! Да живеат другарот Захаријадис и Сталин!” Сега Каљков е унапреден во капетан на ДАГ и, подолго време е во штабот назначен за одговорен за Македонците, а повеќето од нас го викаме војводо.

Од набљудувачкото место го гледам преку двогледот и му мавтам со рака, ама тој не ме гледа. Го гледам со колкаво задоволство, со колкава радост ја облекува испоштената кошула. Потоа од џебот извади една семејна фотографија и ја гали со погледот, занесено. Се сеќава на ликовите од својата жена и децата. Ја гледаше со топлина што му ја загреваше душата. Ги бакна ликовите и ја спастри фотографијата во едно излитено тефтерче.

Ме нажали кога видов дека очите му се наполнија солзи.

Му реков претпазливо:

-Војводо, гледам дека и ти си станал пречувствителен. Обиди се да не примаш се на срце.

Ме загледа.

Остана Каљко навален на многулетниот бор во глувата тишина, чувствувајќи се виновен, несигурен и без поука од многугодишните порази. Тој беше од оние доброволци кои бестрашно тргнале со костурските комити во патриотска смрт. Скутлен седи како отуѓен воин. Спомените го влечат како планински поток, го фрлаат и трескаат низ брзаците. Тука на Пиерија и Грамос не има многу. Тој знае дека сите овие костурчани и леринчани ја сакаа револуционерната одбрана на Македонија, но не заради црни очи туку затоа што ги избавуваше од неопходноста да се борат за татковината. Повеќето од нив загинаа под андартскиот нож на ЕЛАС

– и не можеа да не загинат кога всушност најголемиот пораз беше трагичната поделеност на еден народ; на комити и андартски комунисти.

Нивното загинување чувствително ја наруши рамнотежата во македонските редови. Тие што останаа живи, влегоа во редовите на Титовата армија со “егејската бригаде” (8) во октомври 1944 година, намамени од генерал Темпо, и си го спасија животот од андартскиот нож.

Молчев покрај него. Во еден миг го прашав:

-Војводо, не разбирам зошто си пратен овде и назначен како одговорен за нас Македонците?

Лицето му се преобрази и ме опули зачудено. Челото му се поткрена одвај забележливо, усните му подзатреперија.

-Ти се колнам дека не знам.

Верувај ми. Таквата воена функција во оваа војна е смешна и лицето како мене е трагичен лик и, како што велат Грците, таквиот човек е αγνωµοη кој нема сопствено мнени, несамостоен, нерешителен, неопитен, наивен, глупав, неразумен, променлив, неустојчив, непостојан: скршен му е духот од туги моќинци, и ги изгуби клучните факти во врска со самиот себе.

Човек со две вистини, без официјален потпис, кој има задача:

никој ништо од вас да не знае, а јас да ве терам да се саможртвувате од името на револуцијата.

Моето слепо и нејасно дејствување како одговорен за вас младите Македонци, го доживеав во борбите во градот Коница, кога ве терав вас, неопитните млади момчиња, да гинете. Тогаш сфатив дека тоа ме води во трагична грешка. Такавата трагична грешка сега ја доживувам со страдање и каење.

Што е вистина: вистината за нас Македонците е конструирана од КПЈ и КПГ.

На почетокот се обидов да молчам, но решив дека веќе не треба да се молчи.

Ете, тој израз на неговото лице и тој поглед не можев да ги разгатнам, но со невидена смелост му велам:

-Војводо, нели ти се чини дека живееме во злоба и војни од сите страни? Војуваме, но не за Македонија. Станавме глуви, неми и слепи за се што пропагиравте кога дојдовте од Југославија и се раководевте од КПЈ/КПМ од април 1945 година се до “братството и единството” во октомври 1946 година.

Сега една работа ми стана сосема јасна; значи ние паднавме во рацете на измамници. Дури сега сфатив кој го мами нашиот народ и кој не турка во овие планини да бидеме гонети како волци.

Ме погледна испитувачки и ми вели:

-Тоа е, можеби, жално, но е факт. И самите факти се доволно речовити. Огромни се проблемите што паднаа врз плеќите на Македонците.

И такви какви што сме, добра е земјата што не крепи, - ми рече и продолжи:

-Денес, по Втората светска војна, на Балканот се одржува несигурна рамнотежа. Ние не треба, не требаше и не треба да си правиме илузии дека европските сили и нашита блиски соседи ќе дозволат да се изврши обединување на Македонците. Сега дури и јужните словенски народи се против тоа. За нас одамна беше потребно да се тргнеме од војната и да не учестуваме во неа…

Нашата вистина одамна е удавена во витлите и брзаците на КПЈ и КПГ. Бескрупулозноста стана правило по 1948 година, а бруталноста стана единствен метод во пресметувањето со нас Македонците. Тие ни малку не ги сожалуват Македонците што гинат по фронтовите за нивните интереси.

Сите не гледаат со песји очи. Ние не треба да го заборавиме тоа соочување.

Историските предвидувања на НОФ, што беше формиран во Скопје при ЦК на КПМ по налог КПЈ и повеќе од една година со него раководеше КПЈ/КПМ, направија огромна пропаганда над Македонците: “Ниту еден Македонец и Македонка не треба да се најде надвор од антифашистичките организации НОФ и АФЖ, и освоија многу приврзаници, но уште на почетокот на војната во 1946 година, сите наши саможртвувања беа крајно проблематични.

Посебно кога Колишевски во Скопје ги повика раководителите на НОФ и АФЖ и им рече:

“Сега вие одете долу (во егејскиот дел на Македонија). КПГ е вашиот раководител… и многу други работи им изнарекол. Оттогаш се до ден-денес се прашувам и не можам да си го објаснам феноменот на нашата поданичка свест.

Зар тоа не е вазалство? Зар тоа не е вистина дека ние Македонците добиваме нов господар, на кој треба да му бидеме слуги? Ете, токму, оттогаш и нашите организации не значат ништо. Со тоа т.н. “братство и единство” дозволија да се сруши и нашиот идентитет. Од Македонци КПГ не именува во “Славомакедонци”.

Денес повеќето од нас сме тука, во длабината на грчката територија, и не советуваат да не зборуваме и да не пееме на македонски. Името и презимето наше да се изговара и пишува на грчки. Сега, по раскараниот Сталин, Тито и Захаријадис, сите нас не водат за непријатели. Титови агенти. Некни дознав дека се ликвидирани неколку мои соборци со кои ојдовме од Титовата армија. Не знам ништо, ни за мојот најблизок пријател Васил Богданов.

Сите штабни офицери на Титовата армија што беа тука, во штабот на ДАГ и му помагаа на генерал Маркос, си заминаа, а ние Македонците останавме да се бориме со надеж дека се бориме за идеалите на Македонија.

Сега почнаа вистинската деградација и изопачувањето на интересите на Македонците во оваа војна.

Друг жален симптом е тоа што мажот и жената се мобилизирани и се наоѓат во единиците на ДАГ, а децата и старите останаа сами.

Но за нас Македонците сега посебно 1948 година е кобна. Ги собраа децата и ги пратија по европските држави под грижа на партијата. Од нив ќе прават јаничари. Слушам дека им обесиле по една плочка на вратот со ликот на Маркос, а од другата страна ги завеле под реден број и со тоа ги лишиле од нашите основни белези:

со лично име и име на татко и мајка и презиме. Тие деца станаа деца на Партијата и на Маркос. Ги одродија. Ја обездетија македонската куќа и македонското семејство го изгуби карактерот на културните традиции и стана ПОЛИТИЧКО СЕМЕЈСТВО.

Сите тие симптоми на пропаѓање се разултат на нашиот неправилен светоглед.

“Објективно минато” за нас не постои. Значи, ние денес сме жртви и соучесници во нашето откорнување, од историското паметење, од идентитетот и традицијата, од нашето пеење за татковината.

Сега од никого немаме поткрепа.

-Војводо, кога во 1947 година те доведоа по партиска линија во Главниот штаб на антихашијата и те поставија за одговорен за Македонците, на нас 320 побунети младинци од костурските и леринските села, ние сите гледавме во тебе Спасибог. Сега тие уривачки бранови на грдата и ненаклонета судбина, заедно ги доживуваме. Не нема повеќе од половина, тие останаа вечни стражари во градот Коница и по ридиштата.

Дали треба сето ова да се поднесува рамнодушно?

Треба ли да се верува на ветувањата дадени од тие што ја обездетија и ја уништија македонската куќа?

Сега не остана ни трага од НОФ и АФЖ, од КПМ и Тито.

Само ние раштркани по боиштата на Грамос и во длабината на Тесалија и Епир ја доживуваме личната интимна драма.

Тој ми рече:

-Кога ќе помислам на нашите урнисани семејства и до какви бесмислени жртви не доведоа нашите организации, посебно лекомислените и не неодговорни лица на АФЖ: кога пред очи ќе ти минат безбројни обздомени деца; кога ќе се сетам на тој бескраен национален срам, на безбројните страдања на македонските млади мајки.

Тие наши жени, тие наши сестри низ фронтовите нагризани од старвот, очајот, депресијата, по секој свиреж на куршум, во молитвата ја бараа последната утеха за спас.

Мислам дека е грев да се премолчуваат овие работи. Ние Македонците сме биле родени како недоволно заинтересирани за судбината што не чекаше.

Старите велеа: ”За да се победи некое зло, најпрвин треба тоа да се открие и да се сфати”.

Но сега е доцна…

Не се плашам од смртта, туку од злото што не најде во животот.

Се опули кон небото, во вршките на големата бука и, мислејќи на нашата гибел, сакаше да ми рече:

-Прашај го ветрот кој лист од гранката ќе биде следен…

2.

Стоев замаен. Барам човек, пустелија, кланица… Сфатив дека веќе никој нема да помине по ова проклето место.

Војводата молчеше долго, дишејки бавно и длабоко. Беше погоден уште со првите истрели. Веројатно беше седум часот наутро, кога нашата единица беше на фронтовската позиција на највисоката стрмнина на планината Пиерија, близу до височинката во месноста Кунджупја.

Каљков, се мачеше да си дојде на себе, ама крвта под него се имаше доста завирено. Со годините ближеше до средновечен човек, но имаше срце на воин. Најпосле изговори:

-Куршумот ме стигна одзади, но колку и да е болна раната од злобен куршум, не се давам!

-Јас сум војводата “вишенски” и само за едно бев решен; крвта да ја пролеам само за Македонија.

Му реков:

-Те паметам како таков, со големата брада… а ве имаше многу, но зошто сега, по 1948 година, тука, на Грамос, ве убиваат како Титови офицери?

Тој ја наведна главата и ме прегрна преку половината. Ми рече:

-Умирам под туѓо небо и во планините на осамата. Покрај војниците млади Македонци, кои тука ги оставија коските. Тие умираа храбро според моите наредби. Ние партизаните сите сме без шлемови, гологлави, па ветерот и по смртта ќе ни ги вееше црните и русите коси.

Покрај нас минуваа многу ранети со главите замотани со црвени преврски. Ранетите се потпираа на другите, по камењата и по дрвјата.

Некој молеше, редеше гласно. Медицинската сестра Роксана го допре по главата, го погали, го поткрена влечејќи го за рамената и го исправи.

Каљко, држејќи слика од жена си и децата и бакнувајќи ја со страст, си ја голтна плунка, ја потисна солзата и рече:

-Ех, каде си Македонио?

8 Во слободна Битола на 18 ноември 1944 година беше формирана “Првата егејска бригада”, од борците на двата пребегнати баталјони.

На 28 декември 1944 година беше распоредена во Западна Македонија: Кичево, Гостивар и Тетово, со задача да се бори против балистичките банди на Џемо и Мефаил кои биле формирани уште во времето на италјанско-германската окупација. Со специјална наредба број 236 (строго доверлива) од маршал Тито, на 2 април 1945 година беше побарано расформирање на “Првата егејска бригада”.