Guilty Without Guilt (Short Version)
ХРОНИКА (ПРОЧИТАНО ВО ИСТОРИОГРАФИЈАТА) - Part 01
ХРОНИКА (ПРОЧИТАНО ВО ИСТОРИОГРАФИЈАТА)
ВРЕМЕ НА ИСЧЕКУВАЊА И ЖЕЛБИ ПОСИЛНИ ОД ОКОЛНОСТИТЕ Во втората декада на октомври 1944 година Леринско -костурскиот баталјон се оддели од ЕЛАС и се префрли во Вардарска Македонија (ФНРЈ), каде што се организира во бригада во составот на НОВ и ПО на Македонија -Југословенската народна армија (ЈНА).
ПРОГЛАС ДО МАКЕДОНСКИОТ НАРОД ВО ГРЦИЈА Комунистите (Македонци), кои ги напуштија редовите на КПГ, ЕАМ и ЕЛАС, беа остро осудени, а беа прифатени од КПМ/КПЈ. Сега со инструкции и помош на КПМ/КПЈ во Битола беше конституирана ПОЛИТИЧКАТА КОМИСИЈА ЗА ЕГЕЈСКА МАКЕДОНИЈА, на чии работни состаноци претседаваше претставник на ЦК на КПМ. Во слободна Битола на 18 ноевмри 1944 година беше формирана Егејската бригада, од борците на пребегнатите македонски баталјони и ново пристигнатите бегалци од Македонија под Грција. Што ни покажува ова? Стара омраза, нови несогледувања. Но историјата на сите осознаени луѓе има свое наравоучение, но не и за нас Македонците. Повторливите трагедии како да ни се предизвик во патоказот на иднината. СТАВОТ НА ФДМ (Федерална Демократска Македонија) „ЗОШТО НЕ НА СОЛУН?”
...Политичкото и военото раководство на Македонија реално ја оцени, ја држеше и ја контролираше ситуацијата за време на јануарските настани, не дозволувајќи притоа да преовладаат емоциите над разумот, и на тој начин што туку формираната и кревка федерална Македонија да биде вовлечена во нова војна, практично, против сојузниците од антихитлеровата коалиција, на која страна се бореше и самата таа во текот на Втората војна.” ДИПЛОМАТСКИ ПРИТИСОК На 9 декември 1944 година, шефот на Британската мисија во Белград, Меклеан, го посети Јосип Броз Тито и му го кажа својот заклучок дека формирањето на Бригадата (Егејска), открива територијални претензии врз грчката и бугарските територии и му обрна внимание да не се меша во грчките работи, односно во судирот меѓу ЕЛАС и британските сили во Атина, што започнаа на 3 декември 1944 година.
Тито го убедуваше Меклеан дека Југославија нема никаква претензија на грчка Македонија и дека Првата Егејска бригада нема да оди во Грција. На 22 декември 1944 година, Тито нареди Егејската бригада да не замине за Егејска Македонија, на ЕЛАС да не му се даде ветената помош, што се должи на директивата на Сталин до раководството на КПГ да ја прекине оружената борба и да побара мирољубиво решение за судирот со Англија.
Со специјална наредба под број 236 (строго доверлива од Маршал Тито, на 2 април 1945 година побара расформирање на „Егејската бригада.”)
Но од нашите историографи имаме друго тврдење: „Не цел месец по формирањето на Егејската бригата во Битола, КПГ и ЕЛАС побараа таа да се расформира и нејзините борци да влезат во единиците на ЕЛАС, со што не се согласија ниту егејските раководители, ниту Јосип Броз ТИТО”. (Види; д-р Ристо Кирјазовски, фељтон - низ борбените страници на Егејска Македонија: Илија Димовски-Гоче).
РАЗВОЈОТ НА НАСТАНИТЕ ВО 1945 ГОДИНА И СОЗДАВАЊЕТО НА ОРГАНИЗАЦИЈАТА НОФ Хаотична неизвесност на македонските перспективи. Настан за паметење. Голем исчекор во (не) познатото: 23 април 1945 година, беше ден (време) на асиметрични и болни судбински обрачи. Народот никој и за ништо не го прашува:
Дали со самиот чин формирање на НОФ и АФЖ, по Втората светска војна, сами не сме ја предизвикале кобната судбина на македонскиот народ под Грција? Дали со познатите спротиставени политики и практики на комунистичките партии (Југославија, Бугарија и Грција), спрема македонското национално прашање, идеолошки токму во оваа Граѓанска војна со умисла ни го ангажираа „македонскиот синдром” и не доведоа до: Македонецот - спроти Македонецот? По ова идеолошка збрка, за нас Македонците настана фатална дезорганизираност на македонските позиции.
Значи, ако досега сме го познавале:
А) македонското движење со бугарска етничка историска - тенденција;
б) македонското национално движење со македонска етничко историска - тенденција, сега по Втората светска војна се јавува и в) македонско движење со пројугословенска историска - тенденција.
Големиот политички превид што ни се случуваше пред нашите очи во 1945 - 1949 година, всушност, беше најтрагичен. Тоа беше особено време, во кое не само македонската историја ќе забележи дека ретко кој народ во историјата како нашиот, самиот си ја посакувал толку злокобно својата несреќа.
Долги години иследувајќи го целото ова прашање (создавањето на НОФ и сите маки кои доаѓаат оттаму, зошто не можевме да бидеме сами со својата македонска правостојност), произлегуваат три клучни прашања:
Првото: како ова наше прашање (борба), им го покажавме на светот, конкретно на Големите сили, и нашата улога и визија со македонска опција во Граѓанската војна?
Второто: како ние - Македонците, самите гледавме на ова прашање и дали низ целиот период на Граѓанската војна, бевме уверени дека ја остваруваме токму македонската опција?
Или, можеби ја почитувавме ленинската теза дека, комунистичкото движење, на националното прашање гледа, како на тактичко и во основа одговара на интересите што секогаш одговараат со државните интереси на доминантната нација, во нашиот случај на грчката. Тогаш се поставува прашањето: Зошто така не пропагираа НОФИТЕ и АФЕЖИТКИТЕ, па ќе бевме сведоци на една сосема друга ситуација, а можеби и не ќе доживеевме таков национален пораз.
Третото: Зошто едно такво витално и национално прашање (големи жртви, изгубен македонски географско - историски простор итн.), не е третирано во интегралната македонска историја, туку како секторска – „Егејската”, а таквата не може да има рамен третман во изучување и презентација на националната историја.
Се до 1945 година македонскиот народ под Грција имаше цврсто духовно и национално единство. Постарите Македонци и нивните деца и внучиња живееа со ист дух, и го негуваа македонскиот национален идентитет и единствени на таа стратегија, значи македонскиот човек, како стратегија за опстанок го прифати: „Културното затворање и затворањето на поединецот во идентитетот и во заедницата - македонска“. И, НОФ токму на таква почва најде доверба и над масите стана доминантен господар во пропагирањето на политиката што ја диктираа:
КПМ/КПЈ од 23 април 1945 - до т.н. „Браство и единство” до 21 ноември 1946 година, (Токму по овој чин настанува иронијата и многу елегантно КПМ/КПЈ, си ги измија рацете од Македонците под Грција. Но, да ја проследиме ова добро позната историска приказна).
КПГ од 21 Ноември 1946 година до ликвидацијата на ДАГ во 1949 и годините на емиграцијата KОИ БЕА ВСУШНОСТ НАШИТЕ СОЈУЗНИЦИ ВО ГРАЃАНСКАТА ВОЈНА?
Одговорот е: Никој! Па дури ни КПМ, бидејќи и таа беше целосно потчинета на КПЈ.
Значи, македонски нихилизам, грешки, поданство и реки крв, но да се вратиме на фактите:
За нас - Македонците како полувековен проблем е што не е докажано со каква национална стратегија на 23 април 1945 година е создадена во Скопје организацијата: НОФ (Народно ослободителен фронт) за Егејскиот дел на Македонија, надвор и независно од КПГ и од било каков политички субјект во Грција кој повеќе од една година делува и се раководи од КПМ/КПЈ и Програмската 9 цел на НОФ, беше: да се бори за извојување на националните права и правото на самоопределување на Македонците под Грција. За остварување на таа стратешка цел, беше применета и оружена форма на борба, за што раководството на НОФ по неколку дена, односно на 28 април 1945 година реши да формира македонски партизански единици. (Види: Кирјазовски, 1995/202)
Се поставува прашањето: Како сето тоа ќе го оствареше НОФ?
Кога повеќе од јасно е дека еден дел од македонскиот субјективен фактор, не беше на ниво на барањата и целите на македонското национално - ослободително движење. Тоа се потврди зашто не успеа да се соочи со многу сложените проблеми, што ги создаваа внатрешните и надворешните фактори. Ниту беше во можност да ги процени нивните сили, а уште помалку стратешките интереси и планови. Зошто до сега никој од тие стратези во НОФ, КПМ и КПЈ не дадоа одговор?
Зошто секој од учесниците во таа војна, остана да си го поставува прашањето:
Ќе беше ли во состојба НОФ да го оствари самоопределувањето во една новосоздадена положба во Македонија под Грција со извршената етничка промена на населението во 1924 година, кога преку 600 илјади доселеници - колонисти беа населени на македонска земја и со тоа грчката држава од Македонците направи малцинство?
Еве Зошто?
По националност:
Грци 711.428 50,36 % Македонци 240.000 17 % Караманли 210.000 14,87 % Ерменци 80.000 5,66 % Евреи 68.206 4,83 % Власи 44.414 3,14 % Роми 25.302 1,79 % Разни 33.127 2,35 % Вкупно 1.412.477 100 % Во рамките на грчкото население е опфатено и разновидното бегалско население дојдено од Кавказ. Грчкото население по потекло и јазик, всушност е под 50% од целокупното население што живееше во Македонија под Грција. (Види С.
Киселиновски 2000/48.)
а) Ќе требаше ли некој од НОФ да ги праша тие доселеници дали би сакале да живеат во некаква балканска федерација, или со тоа ние - Македонците си правевме непријатели од овие луѓе. Но, се поставува прашањето дали тие како комунисти Македонци реагираа, на таквите акции од грчката влада. Тогаш, на тоа прашање (менување на етничкиот состав на Македонија), гледаа како на направено од хуманост спрема тоа население?
б) Дали НОФ знаеше дека за скоро, тие колонисти веќе се на чело на левите сили во Грција, како ЕАМ и КПГ, (кои не немаа во своите програми - С.К.), како Захаријадис, Парцалидис, Иоанидис, Маркос и други, и како можеше да очекува поддршка за таквата оптимална програма за самоопределување на Македонците?
в) Зошто тоа го прави сега кога тие истите членови на НОФ, како учесници во редовите на ЕАМ и ЕЛАС не им даваа да добијат никаков политички субјект во годините на антифашистичката борба и зарем имаа заборавено дека беа прогонети кога побараа национални права и беа наклеветени и анатемисани како автономисти, сеционисти, комитаџии и славофони?
Но, да се вратиме на најголемата манипулација од раководствата на КПЈ и КПГ, кога на средбата на 2 април 1946 година Тито и Захаријадис во Белград без присуство на Македонците решија:
1. Македонското народно - ослободително движење од Егејскиот дел на Македонија предводено од НОФ, а раководено од КПЈ-КПМ, да се стави под раководство на КПГ и да се измени програмската цел на НОФ во која сега ќе гласи: НОФ ќе се бори во сојуз со грчкиот народ за спасување на Македонскиот народ од физичкото истребување. КАКО!?
Тоа е вистината, и можеби е дел од стратегијата на туѓинците кои посакаа преку манипулацијата на НОФ, да си ја остварат целта, бидејќи од таквото делување на НОФ, грчката држава имаше преземено законски мерки со невиден терор и прогон, таквите воени зафати наликуваа на физичко истребување.
Народот беше принуден да ги напушта родните огништа и да бега во Југославија или владините сили за безбедност ги испраќаа по островите.
2. Договорено е слободна регрутација на сите пребегани луѓе за испраќање како борци на ДАГ од целокупната политичка емиграција во Југославија. Од луѓе кои еднаш веќе успеале да се спасат од теророт, но тие сега се мобилизираа од разни Ворјасовци и ги враќаа во пеколот. Значи: со Македонците се случуваше нешто необично и од грчката држава и од самите нас, па човек ќе запраша: Што е со нас Македонците?
3. За нас Македонците, коренито беа изменети условите по договорите меѓу Тито и Захаријадис, односно КПЈ и КПГ и импликациите од робувањето кон еден или кон друг беа катастрофални. Но, по сето ова НОФ за чудо станува погласен во паролите за тоталните мобилизации на Македонците. Ги повикува Македонците и ја прогласува КПГ како единствен спасител и добронамерник за разрешување на македонското прашање на Македонците под Грција, а такви беа и препораките од КПМ/КПЈ (Види: Директивите и препораките на Лазар Колишевски во книгата на д-р Ристо Кирјазовски
1995/29)
Значи, на 23.04.1945 година, токму во Скопје, во просториите на ЦК на КПМ, формирана е организацијата НОФ 10 (Народно ослободителен фронт) на Македонците под Грција. Во составот на оваа организација се формирани АФЖ и НОМС. А со каква национална платформа? Платформата беше за остварување на туѓи интереси. Она што НОФ можеше да смета во перспектива, а сигурно и сметаше беше заштитата од КПМ/КПЈ.
Таквото погрешно сфаќање на националното прашање, веќе наплатено со жртви и со поништување на многу национални вредности, слепо се брани и денес по цена на тотално национално пропаѓање. Тешко беше да се излезе од лавиринтот на сите манипулации околу КПГ и КПЈ, зошто се работеше за едно добро разработена стратегија во која дури и оние луѓе обележени како „тврди националисти”, пред агресивната катадневна пропаганда потклекнаа, во корист на т.н.
„класното”, а националното (посебно за нас - Македонците), беше формално.
Но, од исходот на настаните се покажа дека за НОФ (за сите нас Македонците, посебно под Грција), беше лет во хаос?! А во хаосот кој е моќен, тој е праведен. Значи правдата не е во правилноста, туку во моќта. Тоа се потврди!
Значи, што се случи: народот ја предаде својата слобода бидејќи на тоа го принуди НОФ, извориштето на таа идеологија, а тие луѓе, туѓинците ги имаа устоличено да не водат, но само до одреден период. Види: „ДОКУМЕНТИ - за борбата на македонскиот народ за самостојност и за национална држава” Том втори.
ДИРЕКТИВИ ОД ГЛАВНОТО РАКОВОДСТВО НА НАРОДНООСЛОБОДИТЕЛНИОТ ФРОНТ ДО ОКРУЖНИТЕ ПОВЕРЕНСТВА НА НОФ Септември 1945 год.
Да се рашири нашиот НОФ секаде каде што има Македонци во секое село, во секој град, кварт, колиба и земјоделска куќа.
Нити еден Македонец, Македонка или Македонче да не остане надвор од НОМС, АФЖ, НОФ и надвор од нивните влијанија.
(стр. 721-722-723)
ПАРОЛИ НА НОФ, АФЖ и НОМС НА МАКЕДОНЦИТЕ!?
Уште на 22 Ноември 1945 година, покажуваат многу воинствено истрчување и тоа една година пред официјално да се објави Граѓанска војна во Грција:
„Ниту еден Македонец не треба да се најде надвор од антифашистичката организација НОФ. Само така организирани ќе можеме да го уништиме фашизамот и да ги добиеме нашите права и правото на полно самоопределување“. -Антифашистичка организација НОФ „Напред. Сите Македонки во Антифашистичкиот фронт на жените (АФЖ) за целосно уништување на фашизмот, за нашата слобода, за нашите права“. - Антифашистичка организација АФЖ.
(Само напомена, цел свет знае оти на 9 мај 1945 година беше прогласена тоталната победа над фашизамот, а по се изгледа дека нашите пароли беа излитени или погрешно позајмени.
Несериозно кон нашите добри македонски селани од Костурско, Леринско, Воденско и.т.н. кои бескрајно им веруваа
- на валканите пароли - како на свои синови, оти, ако тоа го правеа Грците, нашиот човек не ќе беше влезен во тој геноциден зафат).
Народот ги знае кои се тие луѓе, (кои го натераа да биде еуфорично среќен). Тие луѓе не беа малку вредни, и јас ги почитувам, оти нивната заблуда беше убава, но беше заблуда.
Заблудата беше прекрасна, си го сакаа својот народ, од тоа немаше поубаво, но тие го сакаа на погрешен начин, го уништија: го натераа да се саможртвува, обездетија, обездомија и го фрлија по светот за никогаш да не може да се врати. А тие наши политичари од НОФ и АФЖ станаа апсолутни губитници, смешни и збунети во сибирските тундри.
Значи, ете како македонскиот народ се најде (стоеше) вџасен и разгромен пред овој последен, судбински повик, затоа што знаеше дека со дипломатски трампи изчезнаа неброени Македонци, а сега се бараше од нив масовно учество, за да бидат сомелени во т.н. револуција, односно како ја нарекуваа активистите на НОФ и АФЖ: продолжување на Илинден.
Народот вели: „За да верува некој во мене, морам да кажам нешто во што јас верувам”. Како да се најде одговор; зошто овие наши луѓе нофити и афежити, толку многу им веруваа на тугинците?! Веруваа во војна со нејасна македонска цел. А ако се постави прашањето; Зошто им веруваше македонскиот народ на НОФ и АФЖ, а не на КПГ, тоа прашање е доволно апсолвирано. Народот велеше: „Нашчи се ...“ и дури толку им веруваше македонскиот народ, дека токму тие ја гледаат реалноста на македонскиот национален идентитет, па е потребно само во една таква војна да влеземе и да не има што помасовно. Но, во целиот тој кобен модел на туѓинците, единствена неизвесност беше и остана само неизвесноста...
Како што подоцна грчката влада и КПГ, отворено ќе кажат, Тито имал „завојувачки планови против грчка Македонија” (исто, с. 205), а преку НОФ, односно со помош на НОФ „ќе ја присоедини - анектира Егејска Македонија” (исто, с. 271).
РЕВИЗИЈА НА СВЕСТА Можеби им дала повод тогашната изјава на Тито во Москва: Во Москва на 26 април 1945 година, Маршал Тито даде изјава за „Њујорк тајмс” во која вели: „Ако Македонците од грчките области изразат желба да се обединат со другите Македонци, Југославија ќе ги почитува нивните желби.”
*** Интервју:
„Со чисто срце и со мирна совест“ Но, многу непобитна и интересна е и изјавата на Колишевски во неделното списание „Старт” година 2, бр 62. стр. 21, дадено на писателот Јован Павловски во интервју насловено „Со чисто срце и со мирна совест!”. Во него Колишевски вели:
Старт: Кога сме веќе кај Ранковиќ: Неговото име тесно е поврзано со помошта што Југославија им ја даваше на грчките партизани по завршувањето на Втората светска војна во 1945 година. А познато е дека меѓу партизаните имаше голем број Македонци од Егејска Македдонија.
КОЛИШЕВСКИ: За тоа малку е зборувано од автентични извори. Можеби за првпат, еве, сакам да кажам: Се работеше за опстанок на егејските Македонци, на кои им се закануваше иселување, па се залагавме таму, во Егејска Македонија, да се формираат партиски организаци и партизански одреди. Заедно со Ранковиќ и со неколку генерали, во крајна дискреција, ја водевме таа акција. Да, формиравме Покраински комитет и вооружени формации за одбрана на селата во Егејска Македонија. Ги снабдувавме со оружје партизаните и ги примавме нивните ранети. Ги храневме, ги облекувавме, ги вооружувавме, ги префрлавме со камиони од оваа страна на границата, кога беа потиснувани. Објективно, тие во 1946 година водеа војна под мошне поволни услови: им го дадовме се она што нам, како партизани, во војната, ни недостигаше. Ќе раскажам една мала сторија, за која не сум зборувал досега:
Кидрич во првата година по победата раководеше со стопанскиот живот на Југославија, па, во таа рамка, и со прехранувањето на луѓето во земјата. Беше одличен математичар и не можеше, а да не забележи дека јас, постојано, му барам следување на храна за Македонија, повеќе отколку што ни припаѓа - вишокот го дававме на Македонците од Егејска Македонија. Кидрич знаеше да се налути на моите постојани барања храна, и лут, знаеше да рече: „Аман, бе Лазо, па колку во Македонија има Македонци, кога постојано бараш толку храна!”. Ми стана непријатно, па му реков на Ранковиќ дека треба да му ја откриеме тајната на Кидрич. Ранковиќ се согласи. А кога му раскажавме за што се работи, тој со смеење ја прифати нашата тајна и не правеше проблем, кога баравме повеќе брашно и друг вид следување. Дури откако му објаснивме и се избакнавме тој и јас. Групата за снабдување со оружје на македонските и грчките партизани ја раководеше генералот Јово Капичиќ” (покасно еден од одговорните и директор на затворот „Голи Оток“ заб. С.М.)
И ова акција на Колишевски со генералите ни покажува дека таа војна беше нечиста за Македонците под Грција и со тоа се потврдува дека НОФ беше заведана од туѓи цели и интереси од воинствениот Генералштаб на ЈНА и политиката на КПЈ.
Но, да се запознаеме со уште еден став на Колишевски:
„...Прашањето за обединување на Македонија повторно било актуелизирано во месеците непосредно пред донесувањето на уставот на Федеративна Македонија и одржувањето на Париската мировна конференција. За одржувањето на Првиот конгрес на Народниот фронт на Македонија одржан од 2 до 4 август 1946, Ф.О. (Форин Офис) бил известен на 13 август. Во извештајот се нагласува присуството на конгресот на Колишевски, како претседател на Народна Република Македонија и секретар на територијалниот одбор на Народниот фронт на Македонија, М. Нешковиќ претседател на српската влада, Фране Фрол, министер за правда на федеративната влада, делегација од делот на Македонија под Бугарија на чело со Крсто Стојчев, делегат на бугарското собрание, делегати од Грција „или како што овде се веле Егејска Македонија” и делегат од Трст, Еуѓен Лауренти. Она што му дало посебен белег на конгресот била манифестираната желба на „македонскиот народ да биде слободен и обединет во Република Македонија во рамките на ФНРЈ (Федеративна Народна Република Југославија).“ Остварувањето на таа идеја, можела да се оствари само со зајакнување на културните врски со Пиринската област и националното осознавање на народот што во тој дел на Македонија би создало услови за остварување на желбата за обединување на овие области со Република Македонија. Во однос на идејата за обединување се нагласувало дека дотогаш во печатот „малку или скоро никаков публицитет не им било дадено на тие идеи во Југославија до појавувањето на Манифестот” а „односот кон грчка Македонија е неодреден и е нешто повеќе од платонска симпатија. Но како и да е, јасно е што лебди во воздухот”.
Во својот говор Колишевски во Битола се спротивставил на идејата за обединета и независна Македонија надвор од рамките на Југославија или под протекторатот на големите сили. Тоа според Колишевски би преставувало „уништување на сегашната македонска федерална единица”. (Види: Т.
Чепреганов, 1997/152).
Практично, прогласувањето на територијалниот интегритет на Грција, загрозен преку НОФ, се јави како повик до Грците во Македонија и цела Грција да се борат против НОФ, да ја спасуваат Македонија под Грција.
Значи, со појавата на НОФ, во регионот настана пекол. Со тоа се создаде сива зона, опасно место за живеење и поле за воено -стратешки натпревар меѓу идеологиите за туѓи цели.
Ако и малку ја анализираме таквата неповолна ситуација, посебно, од национален интерес, никој умен не би го дигнал на оружје македонскиот народ - кој се наоѓаше во една најфлуидна
(неизнасилена, но менлива) ситуација, а тоа го стори само НОФ
- диригиран од КПМ/КПЈ. За Македонците, Граѓанската војна, беше време без логика, посебно прогласувањето на НОФ -Народноослободитeлен фронт, а тоа значеше мобилизација на целокупниот македонски потенцијал под Грција. ЗОШТО?!!
Како ќе стигневме до успех?
И ден - денес, секој страдалец си го поставува прашањето ЗОШТО?!
ЗНАЧИ, НОФ БЕШЕ ОФОРМЕН И ОРГАНИЗИРАН ОД КПЈ/КПМ, И СЕ ПОКАЖА ДЕКА МАКЕДОНЦИТЕ СТАНАА ЖРТВИ ЗА ТУЃИ ИНТЕРЕСИ Прво: на 23 април 1945 година во Скопје во ЦК на КПМ, биле формирани организациите за Македонија под Грција НОФ, АФЖ и НОМС раководени од КПМ/КПЈ, се до ноември 1946 година. Програмската цел им беше извојување на националните права и правото на самоопределување на Македонците под Грција. (Види: Кирјазовски Ристо, 1966/181 и Раковски Павле,
1990/199).
Но и историчарот Лазар Лазаров, (1998/62), не упатува на извештаите испратени до француската влада на 26 септември 1945 година од страна на францускиот генерален конзул во Солун, Жерар Раул Дувал, во кои вели: „... Седиштето на организацијата НОФ се наоѓа во Скопје, на југословенската територија... по се ми се чини дека пропагандата на НОФ на Славофоните е остварување на идејата за автономна Македонија, а југословенската влада ја контролира ова организација и ја гледа грчка Македонија како сопствен дел на југословенската територија...” (стр.62)
Иторичарот Ванче Стојчев (види: фељтон „Силите што го спречија обединувањето на Македонија” (Н.М. од 8.9.2001 год.), потврдува: „... Во Скопје на 23 април 1945 година, по иницијатива на КПМ, било конституирано основачко биро на Народно - ослободителниот фронт, (НОФ) за Егејска Македонија. Со ова биро раководел ЦК на КПМ. Основна задача на оваа македонска организација била да застане на чело и да ја предводи борбата на македонскиот народ во егејскиот дел на Македонија. Во составот на НОФ биле формирани НОМС и АФЖ и сите нивни членови биле префрлени во егејскиот дел на Македонија. Покрај монархофашистичките и британските сили, присуството на НОФ го отфрлиле и ЦК на КПГ и ЕАМ кои тоа го прогласиле како загрозување на територијалниот интегритет на Грција. НОФ го покренал македонскиот народ во борба, но не успеал да се зацврсти како раководен орган. КПЈ и КПМ исто така не биле во можност да им пружат позначајна помош на Македонците во Егејскиот дел на Македонија, додека КПГ ги штитела грчките интереси.
Utilisez les flèches gauche et droite pour tourner la page.
Imprimé depuis https://macedonianhistory.ca/fr/narrative/guilty-without-guilt-mac/5 le 29 octobre 2026