Guilty Without Guilt (Short Version)
ХРОНОЛОГИЈА НА ПОВАЖНИТЕ НАСТАНИ ВО 1947 ГОДИНА - Part 04
За правда, т.е. право, треба да се каже, дека во т.н. „Слободна Грција” (Котурско и дел од Леринско и Грамос), луѓето можеа да зборуваат колку што сакаат на македонски јазик, но скоро во селата ги немаше, сите беа мобилизирани и ставени во единиците на ДАГ. Но дали тие Македонци во единиците на ДАГ кои беа рагрутирани и испратени во длабината на Грција можеа да зборуваат македонски? Тие таму беа предупредувани дека: „Името и презимето, нужно треба да бидат на грчки, а јазикот треба да се говори само грчкиот, зашто грчките борци ќе помислат дека вие сте: „Бугари? или Југословени?” (прашалките се мои - С.К.). И, следеа оправдувања дека: „КПГ нема сторено доволно објаснување на грчкиот народ, за да знаат Грците кои сте вие Славомакедонците...” Но, едно е вистина, дека сите регрутирани Македонци во ДАГ, по насилните мобилизации што следеа во (1947-1949 година) беа заведени со грчки имиња и презимиња, а тоа се правеше (ги покануваа преку одборите на НОФ и АФЖ) спрема книгата на родените. Таквите книги беа воведени од грчките поранешните влади на Атина.
Највероватно, сите овие прашања беа оставени, за по слободата, како и многу други витални прашања од интерес на Македонците кои гинеа во името на КПГ.
Но, да се вратиме на проблемот со одземените деца, бидејќи официјално не најдов кој беше овластен за извршување на таквата злокобна акција и по чии налог се земени децата (освен дека се знае за пропагирањето на НОФ и АФЖ, спрема она познатото од нашата историја дека: НОФ и АФЖ биле воено -политичка сила – „апсолутни владетели” на сопствениот простор, но што се однесува до нивното владење, тие биле целосно обврзани само да ги спроведуваат наредбите на КПГ, која располагаше со огромна моќ на идеологијата и најверојатно тие им дале на КПГ целосен кредибилитет, дури да не располагаат ни со децата на својот народ.
Ако и ова што го трди д-р Кирјазовски е историски точно, тогаш станува се појасно дека ние Македонците соработувавме во миграционите процеси, но останува да се истражува какви идеолошки обрски превзеле НОФ и АФЖ спрема налогодавците, а спрема сопствениот народ без никакви обврски: Тој вели: „...За успешно извршување на оваа акција беа ангажирани органите на народната власт. Народната милиција, политичките организации и другите институции.
Посебна улога за целосен успех на акцијата во подрачјето на Егејскиот дел на Македонија одиграа Македонските организации, НОФ и АФЖ, кои притоа го мобилизираа целокупниот свој кадровски потенцијал.
За успехот на акцијата придонесе и тоа што евакуираните деца потекнуваа главно од подрачјата на Егејскиот дел на Македонија каде што се водеа најжестоките и најкрвавите борби, па префрлувањето во странство беше многу полесно, бидејќи тие подрачја се наоѓаа под контрола на ДАГ. И, што беше најважно, родителите на децата, претежно Македонци, целосно беа на страната на ДАГ и лесно се убедија и се согласија за евакуација на своите деца...”
(Види: Кирјазовски 1989/36-37).
Така размислуваше и така пропагираше елитата на НОФ и АФЖ, со своите заеднички илузии па дури и мислејќи дека силно ја држат власта и се на правилниот пат во животот, дека можеа да решат се за судбината на македонскиот народ.
Елитата, размислуваше тогаш кога требаше поинаку да размислува. Тогаш имаше крупни не совпаѓања меѓу тој тип на размислувања и реакциите на обичниот македонски селанин, но тој беше дочекуван со: „Ти не си наш!” и со тоа омразата му ја исполнуваше душата, а таквата беспрекорност стана судбина, а животот безсмислен.
За жал, од таквото размислување, сведоци сме на полувековното марширање низ Балканот и по светот.
Ете, со такви покорувања станавме нација со туѓ патриотизам, односно идеолошки војници. Македонскиот патриотизам, чувството на љубов и верност кон своето татковинско дело, беше лишено. А, тоа го потврдува и следното: Низ сите високи состаноци и донесувањто на судбински решенија не е забележано присуството на Македонци. Зошто? Затоа што НОФ од секогаш беше во инфериорна (потчинета, подредена, помалку вредна улога и спрема кадрите на НОФ се гледаше со некаков инфантилизам), положба спрема КПГ, а тоа го дозволија во своите преговори и КПМ/КПЈ, кога го договорија т.н. „Братство и единство” помеѓу нив и КПГ.
Но во сета оваа трагедија е и нашето полувековно колективно замолчување на свеста и најболното е тоа што го измачува човека: како можевме ние Македонците да замижеме пред очигледното, дека се посега токму по нашиот корен и разделбата на тие деца од местото на раѓањето се прогласува за иден состанок само со историјата.
Светот, знае малку за трагедијата на Македонците под Грција, најголемиот дел од таа трагедија, погрешно ја знаеме, па дури и ние самите. Тоа е сурова вистина, но Македонската држава и државност со своите институции, како вековен идеал на македонскиот народ, и по полавек, не се ни одзва.
Во ваквиот вител на спротивставувања околу „Историската правда и историската вистина” навистина е тешко да се најде одговор, но види заради волјата на вистината:
Архив на Македонија (АМ), збирка: „Егејска Македонија” во НОБ 1945-1949, АЕ: том 1, 2, 3, 4, 5, сите документи се преведени од грчки јазик.
Со ова и ќе го завршам историското сведочење за однесувањето на НОФ и АФЖ.
РАЗВОЈОТ НА НАСТАНИТЕ ВО 1948 година На 1.06.1948 година, Политбирото на ЦК на КПГ донесе решение со кое се суспендираат Михаило Керамитчиев од претседател на НОФ и Паскал Митревски од секретар на Главниот одбор на НОФ „Поради непринципиелна фракционерска борба”.
Ова покажува на еден типичен потфат од КПГ: како максимум го користи СИНДРОМОТ НА НАЦИОНАЛНО КОДОШЕЊЕ -стана погубен за Македонците.
На 27.08.1948 година, заседаваше ПБ на ЦК на КПГ со дневен ред:
а/ Борбата на Грамос која се нарече: „Епопеја на Северен Пинд, политички и воени прашања и укази” б/ Отстранувањето на Маркос Вафијадис од генерал и водач на ДАГ, поради болест и неговото заминување за Москва в/ Новиот воен Совет ќе го сочинуваат:
1. Никос Захаријадис - Претседател и врховен командант на ДАГ.
2. Георгиос Вондициос - Раководител на воените битки.
3. Василис Барџиотас - политички Комесар на Главниот Штаб.
4. Мичос Вландас - Одговорен за воените ресурси.
5. Леонидас Стрингос - Државната управа.
г/ Реорганизација на Главните Штабови по околии и создавање на воени дивизии. Унапредување на офицери во воени високи чинови на ДАГ. (Без ниеден Македонец. б.м.)
Прилог Наредба (27 август 1948 година)
Имајќи ја во предвид ново создадената ситуација, на 23 декември 1947 година и предлогот на Главниот Штаб на Демократската Армија на Грција Решаваме:
1. Разрешување и реорганизација на Главните околиски штабови и создавање на дивизии.
Дивизиите се наименуваат со своите команданти, како што следи:
Дивизија Место Командант I Тесалија Харилаос Флоракис (Гиотис)
II Румели Гианис Александру (Диамандис)
III Пелопонес Стефанос Гјузелис IV Епир Колигианис IX Македонија Танасис Гениос (Ласанис)
X Македонија Никос Теохаропулос (Скотидас)
XI Македонија Пандо Вајна Во седиштето на Привремената Демократска Влада, 27 август
1948 година.
Претседател и Министер на воените сили на ДАГ.
Генерал Маркос На 15. 11. 1948 година, Политбирото на ЦК на КПГ донесе одлука да го исклучи и да го суспендира генерал Маркос од функциите главен командант на ДАГ и член на ЦК на КПГ.
На 23 ноември 1948 година Главниот штаб во реонот на Вичо издаде наредба да се изврши мобилизација на сите мажи и жени кои не беа мобилизирани поради болест. „Со таа наредба практично беа мобилизирани сите Македонци од Костурско и Леринско. Со оваа мобилизација беше опфатен и целокупниот професионален кадар на НОФ и со тоа родните огништа на Македонците останаа пусти. По оваа ТОТАЛНА мобилизација во ДАГ населението македонско (од 270.000-300.000 Македонци под Грција, учествуваше во ефективите на ДАГ со повеќе од 50% (спрема македонската историографија: активни учесници во редовите на ДАГ биле околу 15.000 до 17.000 борци), а грчкото осум - милионско население во Грција, учествуваа само со еден мал %, тоа се од основните вкупни ефективи на ДАГ, бидејќи според грчките официјални податоци ефективите на ДАГ биле од 25-30.000 борци, што значи произлегува дека во редовите на ДАГ биле не повеќе од 20.000 борци. По еден таков зафат на ДАГ со мобилизациите, сите македонски семејства беа растурени и се најдоа во разните единици на ДАГ, па дури и во длабината на Грција. Сите тие ново мобилизирани луѓе беа неспособни за војување, бидејки не само што немаа знаење за воено сложени операции а се бореа против една добро опремена и обучена војска, пред нивното современо оружје, сите подоцна во битките беа испокасапени, бидејќи сите тие беа подложени на неподносливи услови, но најмногу е тоа дека тие немаа минимални знаења и во ракувањето со оружјето.
РАЗВОЈ НА НАСТАНИТЕ ВО 1949 ГОДИНА Последна акција за мобилизација на Македонците и надвор од границите на Грција: 09.02.1949 година (Зарем овој чин не беше спротивен по меѓународните човечки права???...).
На барање на Порфирогенис (член на Политбирото на КПГ), во Скопје беше примен во својство на делегација на КПГ и се одржа состанок со преставниците на НОФ и се бараше регрутирање на околу 300 нови борци за ДАГ од бегалците што беа избегани во Југославија, но тоа не се реализира.
Прво оптимистичко сценарио на Захаријадис: се дава самоопределување на Македонскиот народ. Значи, ни понуди визија за независна Македонија?!
ДА ВИДИМЕ КАКО И ПРАЗНИТЕ ПАРОЛИ СЕ ДЕЛ ОД ВОЈНАТА На 30-31.01.1949 година, одржан е петиот Пленум на ЦК на КПГ и на него е исфрлена паролата за „Независна и обединета македонска држава во рамките на Балканската федерација”.
Поради тоа на 3.02.1949 година свикан е II-от Пленум на централниот совет на НОФ и се прокламирани нови принципи на НОФ, за иднината на Македонците под Грција ПОГАЗЕНИ ВЕТУВАЊА На 7.03.1949 година ЦК на КПГ објави соопштение во кое се демантира одлуката на КПГ за заземениот став за македонското прашање на 5-от Пленум и ставовите на II-от Пленум на НОФ од 3.2.1949 година. Значи, историјата не учи дека ветувањата дадени во времето на војна не се секогаш тоа што требало да бидат.
Второ оптимистичко сценарио: се создава комунистичка партија на Македонците под Грција.
Utilisez les flèches gauche et droite pour tourner la page.
Imprimé depuis https://macedonianhistory.ca/fr/narrative/guilty-without-guilt-mac/15 le 29 octobre 2026