Guilty Without Guilt (Short Version)
ХРОНОЛОГИЈА НА ПОВАЖНИТЕ НАСТАНИ ВО 1947 ГОДИНА - Part 01
ХРОНОЛОГИЈА НА ПОВАЖНИТЕ НАСТАНИ ВО 1947 ГОДИНА
02.1947 - Во февруари 1947 година, Велика Британија ја извести Владата на САД, дека од економски причини на 31 март 1947 година ќе прекине да ја помага Грција. Владата на САД, оцени дека доколку не ја наследи улогата на Велика Британија, Грција неминовно ќе падне под влијание на Русија.
20.02.1947 - Во Атина меѓу Владата на САД и грчката влада, е потпишана спогодба за помош на Грција. САД почнаа да ја остваруваат доминацијата во Грција, истиснувајќи ја Велика Британија.
До 01.01.1948 - Воена опрема и помош дадена од Југославија на ДАГ. (Види: список на комплетна опрема во книгата
„Македонците и односите на КПЈ и КПГ, 1945-1949”, стр.263 од д-р Ристо Кирјазовски), „Преглед на воената опрема и друга материјална помош за ДАГ”.
24.02.1947 - Кралот на грчката држава и грчката Влада јавно ги повикува борците на ДАГ да се предадат до 15 март 1947 година. Во повикот се вели, дека сите сторени дела против државата и народот ќе им се амнестираат, ако до одредениот рок се придржуваат на повикот и се вратат во своите домови.
01.03.1947 - Претседателот на САД Хари Труман објави решение со кое се прокламира „Трумановата доктрина” за ангажирањето на САД во Грција. На Грција и беше доделен кредит и современа воена опрема за опремување на владината војска. Истовремено на грчката влада и беше ставен на располагање американскиот генерал, специјалист за борба против герила господинот Ван ФЛИТ. Со неговата стратегија и применетата тактика во последните битки на фронтовите на Вичо и Грамос, беше ликвидирана ДАГ и исфрлена надвор од границите на Грција.
15.09.1947 - Од 15 до 17 септември е одржан III-от Пленум на КПГ, на кој се расправаше за воените прашања. На пленумот е истакната паролата: „Сите на оружје, се за победата!” Решено е да се создаде слободна територија на Кожанската висорамнина, која е опкружена со планинските масиви на Каракамен, Пинд, Пиерија, Кајмакчалан и Вичо.
27.09.1947 - Главниот штаб на ДАГ издаде наредба за мобилизација на сите мажи од 17 до 35 години. Со не помал интензитет, за веќе неколку месеци (од 4-ти – 9-ти месец), се вршеше мобилизација на бегалците Македонци, (политичката емиграција во Југославија), низ Скопје, Велес, Штип и Битола, од разни Ворјасовци и се испраќаа во единиците на ДАГ. (Види:
Ф.М. во ИНИ, СК.4-271/60, стр.73-76).
КОБНАТА 1948 ГОДИНА И РАЗВОЈОТ НА НАСТАНИТЕ До 1.01.1948 година, воена опрема и помош дадена од Југослсавија на ДАГ. (Види: список на комплетна опрема во книгата „Македонците и односите на КПЈ и КПГ, 1945-1949”, стр. 263 од д-р Ристо Кирјазовски), „Преглед на воената опрема и друга материјална помош за ДАГ.” НОФ и „историските” решенија, донесени на Првиот конгрес на НОФ На 13 јануари 1948 година во црквата на с. В'мбел, Костурско, беше одржан Првиот конгрес на македонската националноослободителна организација НОФ. Беше речено:
„Првиот конгрес на НОФ претставува најсветла етапа на македонската поилинденска историја... и стои на интернационални позиции и со искрена намера да помогне во развитокот на грчкото движење. НОФ се согласува три четвртини од македонските партизани да се борат во редовите на ДАГ јужно од Олимп, односно во сите краишта на Грција ...”, и беше констатирано дека во единиците на ДАГ се мобилизирани повеќе од 20.000 Македонци. Во тоа време според податоците на ГШ на ДАГ, низ цела Грција немало повеќе од 25 - 28.000 борци на ДАГ).
Да ти се многу години генерале! Да живее генерал Маркос и мудрото раководство на КПГ!
*** Смислената стратегија на туѓинците, потпомогната со паролите на НОФ (несвесно, поданички: преку синдромот на идеолошкото верување, се за Партијата, се за комунистичките вождови, да се крене и старо и младо), имаше голем „емотивен набој”, но за интересите на нацијата беше од „секундарно значење”.
Кога се изарчија (потрошија) паролите, привршија значајните конгреси, луѓето станаа рамнодушни на тревогите. Бескрајна едноличност. Тежи и притиска сивилото, оловното небо над Македонија, за кое допринесовме токму тука (по препорака) да ја лоцираме војната... Се си има своја цена. Политичарите на НОФ и АФЖ, лесно како искусни (поучени) гимнастичари на разбој, се префрлуваа на другата страна, ја менуваа бојата како камелеони.
Ѓулињата и бомбите фучеа, заканувачки, како диви ѕверки. Ги уриваа ѕидовите од куќите, во коишто се раѓале и живееле генерации. Луѓето бегаат, стегаат заби, збивтаат. Лицата им беа влажни, облеката натопена со крв, очаени и принудени да си ги дадат децата - родот македонски (и пак со измама)... и така во недоглед.
Се сеќава ли некој од НОФ(итите) и АФЕЖ-(итите) што се се случуваше? Накусо, се се преобразува во својата спротивност, но НОФ и АФЖ (КПМ/КПЈ) и КПГ тврдеа(ат) дека тоа на Македонците само им се причинувало(ва)??!!
Навистина, по долгодишните истражувања, човек повеќе не знае(ше) кому и во што да верува. Освен во една вистина:
Македонците беа терани да се борат за да ја изгубат Македонија под Грција, тоа го потврди и генералот Маркос по враќањето од СССР во Атина.
Зарем, нели е тоа деградација на човековото достоинство, кога се знае дека војската со која командуваше овој генерал (деклариран комунист), беше составена од илјадници Македонци и дека се дадени илјадници жртви. Таквиот став, спрема Македонците (НОФ, АФЖ и КПМ) не е само цинизам...
МОТИВИ ЗА ЧЕДОСОБИРСТВОТО КАКО ЗАШТИТАТА НА НЕБОРБЕНОТО НАСЕЛЕНИЕ И ДЕЦАТА СТАНАА ПРОПАГАДИСТИЧКИ ПОВОД СПРЕМА ПАРТИЗАНИТЕ?
1. Мотивите и програмата што ги имаше владата на Атина за отселувањето на децата.
(Авт. Превод.) Госпоѓите на Кралицата, како што ги нарекуваа (72 атињанки), ги оставија своите семјства, и безбедни домови, за да ги спасат децата (во северните околии). Тие патуваа со саати качени на мазги, не гледајќи на опасностите од боиштата, само со цел да ги пронајдат децата по селата и да ги земат пред тоа да го сторат комунистите. Тоа претставуваше една разочарувачка и страшна борба, одејќи по тие патишта кои по некогаш и го губеа тој пат, но и покрај сите тие стравотии битката ја добија.” Грчката Кралица Фредерики, „Мерки за постигнување разумност”, стр. 137.
*** Ете како ја објаснува програмата на владата на Атина за „Педомазома”, Кларс Барентзен (Clars Barentzen):
„И двете завојувани страни во Граѓанската војна се базираа на тоа дека сите отселувања (миграции) на деца од воената зона, настануваат од нужност и причините за „одземњето” секоја страна го правела истото, како што го правела и другата страна.
Од сето иследување произлегува дека и за двете страни, многу е тешко да се откријат точните мотиви и да се каже: Кој, зошто и кога прв почнал?.
За комунистичката страна, информациите што се присобрани од УНСЦОБ и од други извори, покажуваат дека масовните иселувања биле почнати во март 1948 година, иако неколку групи деца биле земени уште во јануари (Види: Clars Barentzen): Извештај на УНСЦОБ а/574. 30; “Се објави дека иселувањета почнале уште во јануари, но активно продолжија во март”.
За владината страна, во спомените на кралицата Фредерика се тврди и многу јасно е дека „борбениот пат”, за „одземање на децата пред да ги земат комунистите”, почна одма по создавањето на „Кралското здружение за грижа на деца”, во јуни 1947 година, но расположивите писма со поплаки, потврдуваат дека многу покасно се принудени на таква специјална програма за отселување на деца, приближно се совпаѓа со истиот период на време, кога и владината пропаганда почнала да ги обвинува комунистите дека вршеле „Педомазома”. Веројатно изјавата на кралицата се однесува на некоја збрка со општата преселба на села од воената зона и кога владината војска ја имаше почнато уште во 1947 година и што требаше, природно, да прими илјадници деца и немоќници”.
Да напоменеме дека комунистичкото министерство за надворешни работи, во својата декларација со датум од 7 март 1948 година, се вели дека: „За последната наредба на Фредерика” за собирање на сите деца во детски логори со едно оправдување дека сега тие тоа го прават исклучиво за тоа што тоа го прави истото и кралицата.
Можеби тоа имаше врска со едно објавување што го имаше објавено и грчката влада во Атина, предходниот ден, на 6 март 1948 година, дека бројноста на одземени деца се движи околу 14.000 деца од Северните „бандитски” реони.
(Согласно информациите на Велика Британија од Солун, Од дописите на архивот на американското министерство за надворешни работи: 868. 00/3-1948).
Оваа вест, која доаѓа по осум дена од почнувањето на пропагандистичката операција против комунистичкото „Педомазома”, изгледа дека произлегува прва официјална вест, за една таква работа од атинската влада. Ова се совпаѓа со веста дека весниците во Атина почнаа во март да објавуваат написи за мали групи деца кои беа иселени или имаа избегано од северните села на Грција со цел да се спасат од насилното одземање.
Слично, во истото време, комунистичкиот печат ја објави и првата жалба за една веројатна владина акција за „земање на деца од мајките”.
Согласно едно американско соопштение кое зборува за времето од јануари - март 1948 година потврдува:
„Окружните управители, војската и морнарницата се сложија на соработка, на планот од кралицата Фредерика за отселување на деца. Целта им е да отселат 10.000 до 12.000 деца. До 31 март имаа отселено 6.240 деца. (тоа го потврдува: Програмата за надворешна помош на ИПА Фореинг Релиеф Праграм (Foreign Relief Program), Грчка мисија, јануари - март 1948 година, стр.
14).
Американската мисија за помош на Грција (А.М.Г) објави, во месечната мисија за април 1948 година, дека мисијата ја пратеше владината експедиција на оддалеченост, и дека „Со препорака на истите во назначените места, останаа спречени да контролираат, но Мисијата, оцени дека бројот на одземените деца е околу 10.000.” Иако и УНСЦОБ не се занимаваше, официјално со претпазливоста што ја земаше грчката влада, комисијата испрати на 19 април 1948 година, еден лист прашалник до грчкиот претставник - довереник, за да прибере информации во врска со бројот на децата за згрижување, на отселените деца од страна на грчката влада, токму од северните реони на Грција.
Грчкиот претставник, одговори на 23 април 1948 година и кажа дека има 5.500 деца на возраст од 3 - 14 години кои беа отселени од целокупните реони на Македонија и дека приближно 2.150 деца беа сместени во разни центри во Солун.
Но, исто така околу 5.000 деца беа собрани и од Серес и Тракија. Ова дело го извршија под надзор (налог), на министерството за општествена грижа.
(Извештај на УНСЦОБ А/754 (1948), стр. 19).
Атинскиот печат почна да објавува подробности за владината акција за иселување на деца од 1 април 1948 година.
Со наслов: „Денес пристигнува во Атина првата група деца” и понатака пишува во „Катимерини” дека „1.000 деца од реоните во кои владеат бандитите (партизаните на ДАГ), беа пренесени со еден брод од Солун во селото Кастри, на Кифисија. Една втора група ќе пристигне „утринава”, значи на 2 април, во Пиреја и уште една трета група ќе пристигне „по неколку дена.” Овие деца ќе се пренесат во Патра и во Сиро. Во истиот број на „Катимерини” се објавија и опишаа две средби кои се остварија во текот на вчерашниот ден: „Кралицата, вчера во 11 часот го прими потпредседателот на владата господинот Цалдарис и господинот Glisgulnt и се задржаа во подолг разговор. Во текот на разговорите, кралицата ги запозна господата Цалдарис и Глисгулнт (Glisgulnt), со постигнатите успеси и соработка што ги имала за постигнатото денес, за акцијата од собирањето, преселувањето и згрижувањето на децата, кои беа откинати од бандитските северни реони (се мисли на Воденскиот, Леринскиот, Костурскиот и др.)”.
Весникот пишуваше, дека се нужни ваквите средби и треба да продолжат, а едно такво советување се одржа и во министерството за надворешни работи, под председателство на Цалдарис, на кое имаа земено учество многу грчки министри и американски мисионери, но тука беше и специјалниот повереник назначен на чело на американската воена мисија, генералот Ван ФЛИТ (Van Fleet).
Согласно репортажата за ова советување, беа именувани „повеќе комисии и поткомисии” и имаа почнато со истото дело за собирање на децата, „со помош на воените каманданти кои биле во тие реони”.
На советувањето се реши да се отпочне со една нова комисија од председателството на министерството за Грижа. Ова комисија ќе требаше да има „Исклучителна задача да изработи целосен систем за згрижување на иселените деца”.
На крајот, статијата завршува со тоа дека се разговарало за две опции на грижа за таквите деца. Едната беше за сместување на групи деца во хуманитарните здруженија „каде ќе имаат целосното школување и грижа”, другата опција беше сместување во одредени семејства, во кои веќе имало најавено дека одредени семејства се спремни да примат голем број деца и да им пружат гостопримство. Со таквата акција, државниот буџет не би се оптоварил премногу од овие програми, бидејки парите беа депонирани од касата на кралицата Фредерика: „Се одредила сума пари за згрижување на децата за потполно покривање на трошоците за време од околу шест месеци.
(Види весникот: „Катимерини 1. 4. 1948 година). Авт. Превод).
2. Мотивите и програмата што ги имала Привремената Демократска Влада (ПДГ) - ДАГ и КПГ.
Од печатот на ДАГ и КПГ (партизаните - андартите):
Многу брзо, по првите жалби на грчката влада, раководството на ДАГ (КПГ), потврди дека навистина имало таква акција за собирање на деца, со цел да ги оддалечи од Грција. На 3 март 1948 година, радиостаницата на „Слободна Грција” го потврди следното:
„Партизанската (андарската) радиостаница објави дека согласно „договорот” помеѓу земјите кои беа членки на Коминформот, Грчиња на возраст од 3 до 14 години ќе се испратат во Бугарија, Југославија, Албанија, Романија, Унгарија, Полонија и Чехословакија. Согласно со ова објавена вест, во „Слободна Грција” (значи во реоните под контрола на партизаните -(андартите) имало барања од народните одбори во овие реони со молба за згрижување на нивните деца, и бараат организирано да им се овозможи испраќање во демократските земји, кои веќе дадоа согласност за прием и гостопримство на овие деца, бидејќи тие ќе бидат жртви на американскиот окупатор. Тие таму ќе можат да си го продолжат своето школување.
„3 март 1948 година” Реакцијата на вториот човек на ДАГ:
„Вистинскиот, достоинствен и човечки потфат на ДАГ, е окарактеризиран од владата на Атина како... „насилно собирање на деца”... „чедобитво” и „јаничарење”. Но вистинското насилно собирање на деца и јаничарење тоа го направи истата влада во Атина на државата Грција, бидејќи многу деца на партизаните на ДАГ, со невиден терор и со измама се најдоа во нивните раце, каде ги имаат затворено во разни т.н. школи на кралицата Фредерики во Лерос, каде навистина ги воспитуваа за јаничари и ги учеа децата дека нивните родители им се предатели (предавници), и треба да ги поткажуваат на органите на прогонот и државната безбедност!” Василис Барџиотас, висок дејател на КПГ и политички комесар на ДАГ. „Борбата на Демократската Армија на Грција”, стр.
128.
На 15 март 1948 година, весникот „Ексормиси” што го печатеше: Демократската Армија на Грција во реонот на планината Грамос, објави едно известување на министерството на Надворешни работи на Привремената Влада, со датум од 7 март 1948 година. На почетокот се објаснува за првичните зафати на прагматичниот потфат:
(„Народните и други организации за згрижување на деца од „Слободна Грција”, и многу илјадните родители и ополномоштени, се обратија пред извесно време со апелирање до човекодобродетелските организации на народно -демократските земји и побараа од нив да ја земат грижата за грчките деца и детската младина, која е на работ на гибелот од варварството на монархофашизамот.” „...Човекодобродетелските организации и покровителите на детските организации, како и други разни организации на младината на овие земји, со особена радост и задоволство ги прифатија молбите на овие родители и изразија подршка за грчките деца, па дури и иако треба да ги задржат на подолг период.”)
Значи: по ова „гаранција”, од овие организации; КПГ и Привремената Демократска Влада: „Реши да ги прими сите молби на народните одбори (организации), и на родителите и да ги задоволи со тоа што ќе го одобри заминувањето (иселувањето) и останувањето во тие земји на децата, се додека условитево нашата земја не бидат безбедни за нивно враќање”.14 Понатака во весникот не се даваше некоја поконкретна информација за хронологијата за важноста и опстојателствата на ова решение, но од искажаното се објаснува со изопштвеност за создадената положба:
Катастрофата што се создаде од политиката на
„монархофашизамот”, Проблемот е се поголем со храна за децата, Скитањето по патиштата на градовите и селата на околу 150.000 и повеќе деца од кои секојдневно умираат по десетина, „Последниот указ на кралицата Фредерика, која им нареди на потчинетите да ги соберат сите деца, без разлика да ли се во центрите на градовите или било каде, за да ги претворат во јаничари и да ги стават со сила во хитлеровската организација на младината” и на крај,
„Најсуровите и најстрашните бомбардирања на незаштитените жени и деца, од кои во последно време беа убиени околу 120 деца.
Истиот број од весникот „Ексормиси”, објави еден новинарски напис од еден овластен на „Ексормиси” во кој се вели: „... дека посетил повеќе реони на „Слободна Грција” со наслов: „Жените и децата се заблагодаруваат на Привремената Демократска Влада и на ДАГ”. Тој во својот напис објаснува дека има уште многу родители и од селата кои се под контрола на Владата од Атина. Тие дојдоа до „Слободната територија” во слободните села и напишаа молби до Народните Совети, за да ги замолат и да им дозволат да ги примат и испратат и нивните деца, бидејќи во тоа време се вршеше попис за масовно иселување на децата од овие слободни села. Едноставно се молеа и тие да им ги запишат (стават и нивните деца во тие списоци): „Од половината на февруари до 5 март, од 59 села, родителите ги имаа дадено своите деца и бројката изнесуваше 4.784 деца”.
Весникот ги дава истовремено дури и редоследот на броевите под кои се запишани децата, а тоа го прави за деца од повеќе села кој ги именува со името, и во тој ист напис објаснува за уште „стотици” телеграми од родителите кои ја изразуваат благодарноста кон Привремената демократска Влада15”.
Две недели подоцна, на 1 април 1948 година, весникот „Ексормиси” напиша дека:
„Во волски коли и на мазги, коњи и магариња беа натоварени деца, многубројни фаланги (конвој од мали деца се движеа пешки кон разни правци”. Пристигнувајќи еден таков конвој во едно село, доцна во ноќта, се се опишува во детали: „неколку од децата одеа пешки, другите беа качени на коњи, мазги, магариња и покрај нив одеа нивните мајки. Тие беа од селата (Загоричани), (Куманичево), (Бомбаки), (Тиолишта), (Кондораби). Најмалите беа позаспани качени на магаренцата.
Кога децата се разделија и се оддалечија во приквечерината:
„Истите мајки кои ги пратеа своите деца останаа да ги гледаат од далеку, тие се повеќе се одалечуваа. Ги отпоздравуваа со мајчински солзи и болка и со една неописива омраза кон англоамериканските окупатори и монархофашисти, кои беа виновни за децата што не им ги оставија на своите мајки да си се радуваат со своите деца!”).
Потоа следуваат неколку статистички податоци:
„До моментот се испратени пет групи. Се иселија околу 1.884 деца со околу 100 жени кои ги надгледуваат децата. Во овие денови се припремаат уште 3 групи од 1.150 деца.
Во истата статија се тврди дека:
„Во заробената Грција, монархофашистичката влада на Атина објавила една дива војна против Грчињата и нивните мајки.
Војската и милицијата дејствува и врши воени експедиции по селата и им ги грабаат малечките деца од прегратките на своите мајки”.
„Од 150 дечиња кои ги грабнаа монархофашистите од селото Буф-Леринско (многу мајки успеаја од скришум да си ги одземат своите 25 деца, тоа се случи токму во центарот на Лерин. Потоа сите мајки заедно отидоа и се пожалија и си ги добија назад своите одземени деца”.
На крај статијата потврдува дека во реоните на Александрополис, владини агенти им се заканија на група родители, ако не им ги предадат нивните деца кои посакуваа да ги соберат и однесат во логорите на кралицата Фредерика.
Весникот „Ексормиси”, кој го издаваше ДАГ во реонот на Грамос, објави сопштение на министерството за надворешни работи на Привремената Демократска Влада на Грција со датум од 7 март 1948 со наслов „Родителите и децата ја молат владата” и понатака се вели дека „Од средината на февруари до 5 март, од 59 села на слободната територија родителите дадоа 4.784 деца”, а исто така на 20 март привремената влада донесе решение за евакуација на сите деца што се на возраст до 14 години, за да се испратат во Југославија, Унгарија, Романија, Чехословачка и Полска и, според податоците биле испратени околу 28.000 деца.
3. Мотивите и програмата што ја имала организацијата НОФ и АФЖ.
Дали нас Македонците не водеше некаква верба во сопственото револуционерно искуство и сега посакавме да отвориме нов период во развојот на македонските револуционерни традиции или се случи нешто друго.
Но, се поставува прашањето; дали НОФ и АФЖ имале сознание за границите на можното, што всушност можеше македонскиот народ да добие од таа Граѓанска војна, или несвесно ја прифатија лекомисленоста за таков голем исчекор. Говорот на веродостојните факти, кажуваат за некоректност и за непрофесионалност во водењето на политиката и способност за водење на еден народ, оти сите исходи на настаните тоа го потврдуваат. За нас Македонците, за време на НОФ се уриваше едно, за да се „сошие” друго.
Повикувањето на Сенароден Фронт, значи, да претпоставиме дека тоа беше повик за спас од кризата на нашиот македонски идентитет во Грција, а факт е дека македонскиот човек во 20-от век беше по потрага по својот индетитет. Но таквата агресивна агитација на НОФ (потсилена од туѓинците), за жал стана матрица и нужно поведение кај широките македонски слоеви, кое се усмери само кон: „Уништување на англоамериканските окупатори” и таквата насока на агитација, стана рак рана кај македонскиот обичен селанец. Тука, ама баш тука го истроши и својот интелектуален ум и својот живот и си го отвори патот за прогонството.
Борба со злото?
И така, НОФ, со својата ропска послушност и сега како и во 1946 година со не спласната еуфорија го презема водството во организиран мрачен поход и не доведе до најновите страдања.
Треба отворено да се каже, дека по оваа акција (со децата), НОФ повеќе не претставуваше ништо. Со судбината на овие деца располагаше КПГ и ДАГ, како што беше и со нивните татковци и мајки.
Но, што е најважно; НОФ ниту презеде, а и ниту можеше да преземе било каква акција во полза на македонските деца, со нив сега располагаше КПГ и раководителите на ДАГ.
Се поставува прашањто:
Што би било ако 28.000 деца останеа во Грција или ја имаа можноста да се вратат во своите домови? Дали такво прашање си постави НОФ? Данес имаме илјадници примери за оние кои насила се вселуваат во туѓи земји, а ние се иселувавме под пропагандата на КПГ! ЗОШТО?
Сведоштва: Говор на НИКОС ЗАХАРИЈАДИС на вториот конгрес на народноослободитениот фронт.
25. март. 1948 година
„...Илјадници деца се спасија и се обезбедија во земјите со народна демократија. Така словеномакедонскиот народ е мирен од ова гледна точка16 “ Како да се протолкува оваутешување од вождот на КПГ (Граѓанската војна) за обездетување на Македонците??!!
Впрочем, „крупните чекори” на македонскиот народ и не му беа потребни. Од таквите преамбициозни народни водачи (тука вклучувајќи ги и НОФ и АФЖ), кои секогаш преземаа „крупни чекори” на секој план, една од заостанатите прегазени жртви се и децата кои до ден - денес останаа по светот, чие „Спасување” како феномен на едно време, веројатно трајно ќе остане како непријатен спомен во македонската историја.
Во тој дух, да ја проследиме: „Нова Македонка”, весник на АФЖ од септември 1948 година, каде што пишува:
„...Денеска сите се насолзивме. Се трогнавме како никојпат.
Седевме во сенката под една топола. Никој од нас уште не спиеше. Се стемнуваше и ќе тргнувавме на работа, ноќе работевме. И ... еве ја другарката Цвета од АФЖ. Само што иде, ние се радуваме. Кога е со нас, не знам зошто не се плашиме нит од топот.
Овојпат ни донесе писма од нашите деца, коишто се наоѓаат во народните републики. Ги читаме писмата, рацете ни се тресат.
Срцето ни чукаше силно, но нашите ластари беа далеку. Што убаво ќе беше да ги бацевме малку!
Но тука идат аероплани. Алтилеријата фрла гранати по нашите села. Колку е убаво што нашата Влада ги испрати таму нашите деца за да се спасат.
Utilisez les flèches gauche et droite pour tourner la page.
Imprimé depuis https://macedonianhistory.ca/fr/narrative/guilty-without-guilt-mac/12 le 29 octobre 2026