ГЛАВА 22 - Part 04
Неколку дена заедно сновеа, заедно пееја, заедно мечтаеја и борбени песни пееја за Македонија, ама остана лут и многу разочаран кога виде дека командата на македонската војска од Вардарско одби да ги прими младите Костурчани кои масовно сакаа да ѝ се приклучат и се чудеше, и се прашуваше себеси и другите зошто некој не сака да се направи една македонска војска?
Некој од командата им рекол дека партиите се разбрале и така како што се разбрале, така ќе биде. Сфати дека партиите сакаат ослободителната војна да се води само до таму до каде зафаќа предвоената гранична линија и ако нема да се така придржуваат на ова, тогаш ќе бидат осудени како автономисти и така би. А младинците се враќаа дома засрамени и исмеани. Прегрми војната, Егејската бригада по борбите со балистите ја расформираа надвор од Гостивар, борците ги растурија по разни служби и тој почна во себе да мисли дека дојде време по македонската земја веќе да не се копаат нови гробови. И секој ден од Егејот доаѓаа бегалци, стигнуваа лоши вести, се појавуваше оружен отпор. Размислуваше да оди или не. Беше без работа, се хранеше од општинскиот казан.
Се пријави во народната милиција. И тука најде работа. Му рекоа дека негова задача е да ја продолжи борбата против народниот непријател.
Чекори тој пред старичката, нешто мрмори и инаетливо ја гмечи под себе правливата патека спржена од летната жега. Меѓу гранките на старите попатни дабје мигнува сонцето и само за краток миг в очи им паѓа опаленото небо. В лице им удри тешка, неподвижна и задушлива жега и во од им суши издив. Излегоа на височинка. Лево од патот – шума. Под дебелите и високи дабје и по целата долга и ширна ливада – споулавено раздвижена црневина луѓе и добиток. Над нив викотници и облак сива прашина. Надојдува и надотекува, се згустува, бучи, баботи, протура и рои толпата, ја исполнува ливадата и шумата и по други беспаќа дотекуваат нови бранови жени и мажи натоварени само со тоа што во последен миг успеаја да дигнат од дома и тераат пред себе стока. Безредна, непрегледна и гневна е толпата, се турка, се превалува, расте, се збира и гмечи, се дроби, бранува, се згрчува и згустува, се згушува и здавува, и вика, та колни… Се згрвалија и луѓе, и добиток кои лошото ги подбра и ги влече, ги турка се подлабоко во туѓо… Некој на сет глас викна и со викот ја затера толпата, која уште повеќе се затрча по удолницата разврескана, расплакана, развикана и разулавена. Навалицата гази и толчи, се затркалува, затупотува, затуркува и никој не може да ја заузди.
Врисок и плач на жени и дечиња кои грчевито се држат за мајкините поли. Зацвиска коњ и откинат од узда – разглавен и разуздан високо затрептува и зафрлува нозе, удира и гази.
И до каде што може во времињата да допре со паметењето, тој не си спомнува за ваква страшна и болна, кобна и тажна, ужасна и потресна глетка што сега се распостелува пред неговите очи.
Стои исправен и онемен; со крвјосани очи замаглен поглед спушта врз огромната црневина и чувствува дека го фаќа замрачување. Закатанета му е устата и сал му се присторува ли дека во него се клокоти, дека дури сега од него се откорнуваат долго закоренетите пароли кои ја гласеа и утврдуваа вербата во некое подобро утре со кое растеше, зрееше и созреваше. Му велеа дека нему и на сите околу него и подалеку, животот ќе му биде замеден, а тој замелушен сал слушаше и замласкуваше со празна уста. Та можеби затоа безизлезно влета во виорот без да размислува за последиците. Послушноста, вербата и довербата во водачот и партијата – му беа патоказ. Од горе па надолу го учеа – само еден е умен и само тој еден е за да мисли, а тој само да извршува. Се досега пред себе ја гледаше само онаа замислена прекрасна иднина која длабоко му ја беа вкорениле недоучените партиски секретари и ете, сега, со очај во очите, го гледа безизлезот. Збунет е и се чини дека допрва прогледа и согледа. И каде ли сега отиде таа беспрекорна и безусловна, непоколеблива, слепа, тврда, огромна и нескршлива верба? Замаглено гледа на развиканата и расплакана бегалска толпа што како огромно црно платно налегна и ја покри целата ширина. И пак и одново му се присторува дека некој таинствен глас на разумот, совеста и осудата допира до него некаде од срцевината на дебелите и многувековни дабје што растат на оброчиштето од спротива и го прашува: ЗОШТО! ЧИЈ ГЛАС СИ СЛУШАЛ И ПОСЛУШАЛ?
Разгоден, разголен, распартален и разјадосен е. Се чувствува испразнет, загубен и измамен. Во што да верува и во што да има надеж? Се изони таа и чувствува пустош. Погреши ли? Ја погреши страната? Го погреши патот? Сега од неговата свест не се одлепуваат овие прашања; ги чувствува како отворена рана, како удар зад удар, а болката, маката и чемерот се пласти и напластува.
Боли изгубената надеж. Зачмаен е, збогоросан, збобрен, се му згорчи, се му се зборави. Сега веќе не се плаши од докарок, туку само од закорок. Стои на ритчето обезличен, разголен и обескуражен. И разбра дека веќе нема избав.
Пред него запустеници, а зад него запустување! Се е изгорено, пепел сторено. Занемен стои пред видикот што раздвижен и разовкан црнее во сончевата заодба.
Во коријата што е скраја од кривулестото џаде, под широко разгранетите дабје ги легнуваат ранетите. Од другата страна на ридот се уште слегуваат прудолу борци на ДАГ. Едни со забрзан чекор, други трчаница. Во нивните очи умор и пцости. Млад албански поручник, на лош грчки јазик, им наредува да скршнат десно. Вели дека таму е збирното место и секој да си ја најде својата единица. На полјанката до патот стојат десетина товарни камиони. Друг албански офицер им наредува во нив да го товарат оружјето. Тој вика и пцуе на албански кога некој не ги извршува неговите наредби. Едни во камионите, други во купови го фрлаат оружјето и се тргнуват настрана. Со раце исчадени од барут, ги бришат солзите, сомнително се гледаат, шепотат. Тешко, со срам се поднесува поразот. Беа готови на се, до послден да не ги напуштат бункерите што со месеци беа градени на сите височини на Вичо. Тие беа, ама други погрешија во есапењето. Смислено ли? Наеднаш се слушна брмчење на моторцикли и маж без офицерски ознаки нареди:
-Другари! Секој во својата единица. Постројте се и тргнете по оној човек! Марш! Тој покажа со рака и заедно со брмчењето на моторот го снема.
ГЛАВА 25 На небото што пред квечерина гори во пурпур, стрвниците не престануваат да кружат. Отаде планината го снема црвениот диск на сонцето. На лединката, отаде границата, под ведрото и оѕвездено небо, врволиката тивко потплачува, колне, пцуе, лелека, мачно изречува збор за помен. Од зад ридот огреа полна месечина.
Крстовица виде парче, незафатено место и се упати таму. Го одрами веленцето. Со плеќите се потпре на каменот од кој се уште зрачи топлина. Облак засени месечина и настана мрак. Покрај неа, во темницата, во која таа е небаре ништо и како да не постои, поминуваат непознати, натоварени, папсани, молчеливи, неми.
Врват луѓето, врват, пред себе тераат добиток, се довикуваат, доенчиња заплачуваат, залипуваат старци. Жена се разбреа на сет глас, растура колнежи во црната темница и се дави во грчот на липањето…
Крстовица пред себе испружи раце, ги допре стапалата, а потоа земјата. Сега и е полесно да дише. Зема здив, ја брише потта од челото, потоа од лицето и одново се забрадува со црната шамија.
Се загледува горе. Високо, таму во недостижното, мижуркаат ѕвезди. Повремено настанува кратка тишина и тогаш се слушаат глуви татнежи и одвај забележиви треперења на воздухот. Таа се навали на веленцето што го стави како возглавница и ѝ се пристори дека е дома во глуво доба, крај своето огниште во кое сигурно се уште тлеат жарчињата што ги покри со спуза; ѝ се пристори дека е во шарената гостинска одаја во која го распосла излитеното веленце и мисли на своито рожби и на челадта од рожбите свои кои израснаа на ова веленце. А сега, каде ли се сега?
За најстариот знае дека лежи под една карпа на Иван Планина. За вториот син знае дека работи во некој рудник во Канада, за Коца, дека е испратена на заточение на островот Егина во Егејското Море, затоа што момчето ѝ заминало со Егејската бригада. За двата внука знае дека лани парчосани останаа на Грамос, а за внука си слушна дека нешто жешко ја каснало за плеќи кога се повлекувала од Негуш и останала да лежи во окрвавениот снег.
Така ѝ рекоа и таа се уште верува, дека внуката успеа да се исправи и дека се уште го држи патот што води кон Вичо. И со мислата пак се враќа на почетокот, се пронижува низ се што помина, а најмногу ја болат болките непреболени, болките недолечливи од кои срцето и е раскинато кога научи за Павле кој останал на Иван Планина. Тогаш ѝ пратиле писмо со печат и царски знак дека синот јуначки загинал на албанските планини, јуначки бранејќи ја грчката патрида против Италијанците. Ама Крстовица не се осмели да го праша човекот кој ѝ го читал писмото што носело царски знак зошто триесет и шестата година него, сега јунакот од Иван Планина, заради едно “добро утро” изречено на македонски, шест месеци прележа на еден од камените и суви острови во Егејско Море? И зошто ли тогаш му дале рицинус и го посрамотиле? И кога пак на грчки ѝ го читале писмото за двајцата внуци кои лани останале меѓу карпите на Клефтис во Грамос, дека и тие јуначки отстоиле за славата на Грција, тогаш нејзиното срце не дознало гордост, не почувствувало достоиство, туку се згрчило во непреболот и во навредата затоа што тие, имајќи своја земја, свои корени натопени со крвта на толку други јунаци, во писмата ѝ пишувале оти загинале како Грци за Грција, а неа затоа што не го знае грчкиот јазик и в црква не го разбира попот на грчки и не знае на грчки да му се моли на Бога, ја презираа. И кога Крсто не ѝ се вратил од војната во Мала Азија, и тогаш ѝ читале дека тој, Ставрос, славно паднал во Али Веран за величието, за славата и честа на големата мајка Грција. А кога пред тоа му ја облекле униформата, го нарекле незнамитис, затоа што на секое прашање поставено на грчки, не знаејќи го грчкиот, одговарал – не знам. Загинал “незнамитисот” во туѓа земја, а нејзе ѝ испратиле писмо со печат и царски знак. И така мајкините и бабините најсакани гинеле за славата на Грција и вределе за Грција само тогаш кога знаеле да пукаат, да убиваат други, да отстојуваат, со својата крв да ја величаат Грција. Секогаш така со нив, со незнамитите кои биле сакани и величени само тогаш кога гласно свирела воената труба и најгромко удирале воените барабани. И тогаш им го земале зборот. А тоа било време кога им било забрането на својот јазик да ја искажуваат болката и жалта кон умрените и на умрените на крст да им го пишуваат нивното родовско презиме. И Господ, по силата на законот, не признавал други молитви освен оние изречени на грчки. А Господ единствен семоќен преку устата на сегрчкиот патријарх на едни им велел да се радуваат, а на други да страдаат во молчење и да се хранат не со добрината и љубовта Божја, ами со горчината на пониженоста. Така во тие времиња се славел еден христијански Бог, но на сите не им било дозволено на свој јазик да испраќаат молитви кон Него и да го величаат името Негово. А таму каде секоја недела и секој празник гласно биеле црковните камбани – молитвите биле неми, зборувале само очите, се молеле челата, образите, метаниите ниски, ниски до самоти земја допирана со чело, одвај забележливите движења на усните. Знаеле гласно да речат – Амин, а тивко, нечујно “Христос воскресе” и за “многу години”. И кога од боиштата добивале писменца со лоши вести, тогаш престанувале да се плашат од рицинусот, од камшикот, од сувиот остров на Егејот; пуштале писоци и лелеци на свој јазик зашто само така најдлабоко, најболно, најпотресно, за олеснување на болката и за долг спомен на покојниот, ја искажувале својата болка. Така трипати Крстовица одјареми страв и многупати, и на празник, и во делник, и на веселба, и на закоп, и на разбуд редеше гласно. Пред бојот со Италијанците во оние вечерни училишта, со мака успеале да ѝ ги научат на грчки првите редови на “Оче наш” ама набрзо потоа стигнала лошата вест и ете и таа молитва не ѝ помогнала иако попот и учителот ја убедувале оти Господ Бог сака само молитви шепотени на грчки. Во нејзиното паметење нема место за заборав, ниту за доброто, ниту за лошото.
Седи Крстовица потпрена врз студениот камен и низ солзи се мачи да продре во далечината во која низ замаглината на солзите се појавува нејзината куќа. Во неа веќе ги снема вечната топлина и светлината, добрината и тажниот поглед на Богородица пред која секој ден и ноќ без престан гореше маслениче. Сега угасна и тоа.
Умре вечната и тивка убавина што се гледаше од високиот чардак.
Вплетена во него се исуши лозата. Висат од жегата исушените гроздови. Во дворот изгоре старата јаболкница. Од под нејзините стреа засекогаш одлетаа ластовиците и ветерот, презаситен со чад, далеку го однесе мирисот на џунџулето и босилокот што толку многу ги имаше во дворот. Пусто… Запустено… Подига таа раце и со дланките си ги допира образите. И брише, та брише солзи…
Во еден миг почувствува дека заслабнува и дека во неа нешто почна да се крши. Заплака… тивко, без треперење, без гласно липање, ама од сесрце. Откако се изнаплака, почувствува дека во неа влегува некакво олеснување, небаре долго очекувано смирување. Се обидува да стане ама и покрај целиот напор останува да клечи. Гледа наоколу и се обидува да ги долови ноќните шумови. И се чини дека до неа, покрај неа, нема никого.
На чекор или два, во тревата се одгласи штурче, најпрвин тивко, испрекинато, срамежливо. Престана, небаре наслушнува; засвири одново, кратко и изгледа исплашено од светулката што неколкупати болсна со мешето крај патот – прекина. Се оѕва чекор подалеку – продорно, довикливо, го наполни мракот со себе. Таа сврте глава и тогаш почувствува како трепери ноќниот воздух од далечните подмолни татнежи. Наслушнува. Шумат дрвјата во огромната пустелија што се шири околу неа. Во жешката августовска ноќ тивко поддувнува ветер. Колку нежно ѝ ги допира образите. Во неа нешто како да живнува и се пробудува, нешто што затрупано со урнатините на животот. - Господе, зарем умирам или полудувам? – смирено и без уплав се прашува и дури сега почувствува дека ја болат колената од клечење. – Клечам? Пред кого? Зошто? – се прашува и полека стана.
Под превезот на мрачнотијата луѓето заедно со стоката се редат во колони. И кога и шумата, и ридовите се слеаја во едно, громовит глас ги поведе зад себе и сите тргнаа во мракот. Над нив, на огромното небо, во непроникнатата ноќна длабочина, небаре се размрдаа ѕвездите и полека, чекор по чекор тргнаа над колоните…
Се разденува. Намуртена, бледорозова развиделина се спушта од кај Бела Вода и мрзеливо се постелува отаде Преспанското Езеро. Крстовица го поправи веленцето, го префрли преку рамо, се наведна како да оди наспроти силни ветришта и појде по пустото правливо џаде. Оди право пред себе газејќи по трагите на тие кои појдоа пред неа. Сега не свртува опул зад себе. Во ноќта што ја помина на лединката скраја од правливото џаде, смртта, чиниш, помина покрај неа, се загледа во нејзините солзи и се врати таму, зад ридовите, кај езерото, во трските, во ширното поле на Мала Преспа.
* * * Двете колони тенкови, едната од Лерин преку Псодери, а другата од Костур преку Габреш, се сретнаа на крстосницата подолу од селото Желево и се упатија кон Превалот каде владината пешадија веќе два часа води борба. Не се задржуваат.
Брзаат да излезат на рамнината во Раби и оттаму да го фатат Пероо, теснецот меѓу двете езера и на овој начин на единиците кои се повлекуваат од Бела Вода и Бигла да им го затворат патот кон Албанија. Пред да влезат во Оровник се слушнаа три силни експлозии. Полетаа во воздух трите мостови пред селото. Потоа се стресе земјата и воздухот се наполни со чад. Минерите ги уништуваат магацините со оружје и храна вкопани во подножјата на ридовите меѓу Оровник и Попли. Противникот ги премести артилериските батерии на нови позиции поблизу до Преспа и отвори оган. Ги бие патеките по кои врват отстапниците и бегаат во Албанија. Во утринските часови од југ долетаа првите авиони и, летајќи еден зад друг, најпрвин ја напаѓаат Врба, а потоа во низок лет ги митралираат и ракетираат ридовите над Медово и Раби. Камиони префрлуваат пешадија до Штрково и таа веднаш влегува во борба. Два баталјона на ДАГ жестоко се бранат.
Тенковите свртија лево и се втурнаа во полето во насока на Пероо.
Противтенковските мини избувнуваат под тенковските гасеници.
Запрен е напредокот. Единиците на ДАГ кои се повлекуваат од Бела Вода им се придружуваат на бранителите во Раби, но на пладнето добиваат бочен удар од владината војска која се проби од насоката Клештина – Раково – Герман. Повлекување. Оставајќи ги убиените и ранетите се повлекуваат кон Пероо по бришаниот простор. Противникот од сите оружја ги има на нишан и ги бие.
На 14 август, кај месноста Кула, каде се соединуваат големото и малото Преспанско Езеро, во воздух е дигнат мостот. Водите од големото се прелеваат во малото езеро. Единици на ДАГод состовот на 14-та бригада останаа отсечени. Од селото Раби до мостот, во рамницата, долж брегот и во трските се движат голем број припадници на ДАГ и цивили. (Од Раби до мостот има 5 километри). На овој простор се одигра најголемата драма на ДАГ, покрај таа во Лерин. Беспомошните луѓе се борат гради в гради.
Десетици авиони во низок лет ракетираат, бомбардираат, митралираат, сеат страв и ужас. По авионите бијат тенковите, топовите и минофрлачите, а потоа во јуриш тргнуваат единиците на ЛОК – чети за ридско гонење, кои најжестоко се расправаат со борците на ДАГ. Ранетите ги колат, ги стрелаат.
Во утринските часови на 15 август минерите на ДАГ го дигнаат во воздух мостот меѓу двете езера. Надеж за живите и ранетите борци на ДАГ веќе нема. Некои се обидуваат да го препливаат езерото, нив ги убиваат авионите, други, до последен крушм се борат и се бранат скриени во песокот и трските.
Колежот продолжува целиот ден на 14 август. Ден од единиците на14-та бригада која ги држеше позициите на Бела Вода, користејќи го густежот на врбите покрај езерскиот брег, не се предаваат, ставаат силен отпор и на стемнување се повлекуваат кон границата со Југославија. Предлогот на југословенските офицери да влезат на југословенска територија, но под услов да го предадат оружјето, не го прифаќаат. По долги и бесплодни преговори, откако добија храна и вода, поделени во три одреди, ноќе се повлекуваат кон Бела Вода.
Се што уште може да трча, да оди и да се влече, се упатува кон високите и густи трски. Борците на ДАГ и многу од цивилното население, кои не успеаја да го преминат Пероо, тука, во трските и песокот, бараат спас. Повеќето кои паѓаат, крушум добиваат во темето, плеќите, нозете. Полето послано со мртви и ранети. Нив ги сотруваат тенковските гасеници. Два тенка се пробија до теснецот.
Силна експлозија и полета во воздух насипот што ги дели двете преспански езера. Водите налудничаво поплавуваат дел од плажите и Преспанското Поле. Ова го смири бесниот напад.
Тенковите застануваат и по кратко време се повлекуваат се до патот што врви под селата. Авиони во фомации по три наизмечно долетуваат од Рупишта и Кожени и во низок бришан лет го бијат полето, трските езерото. Се навалуваат на левото крило, свртуваат во полукруг, ја бијат Сува Гора и се губат зад планината Врба.
Така на секои пет-десет минути, а потоа долетуваат авиони од Лерин. Над Преспа се спуштаат од кај Бела Вода. Летаат во хоризонтална линија, така го опфаќаат целото мало Преспанско Езеро и бијат. Високо се издигнуваат водите, езерото клокоти, горат трските. Некои се обидуваат да препливаат, но не стигнуваат до брегот.
* * * Во командниот пункт на Третата дивизија што пред малку е поставен на ритчето над селото Попли, остро заѕвони телефонот.
Командантот ја подигна слушалката и веднаш застана во став мирно.
-Да, да, господине генерале. Напредуваме. Веќе владееме со целиот простор од источната страна на езерото. Не, да, има само спорадичен, скоро поединечен отпор. Каде? Скриени се во трските и таму се бранат. Да, се разбира, до паѓањето на мракот ќе ги совладаме, а во текот на ноќта нашите единици ќе ја заземат таканаречената Африка, западно од езерото. Молам? Прашувате како се држи нашето храбро воздухоплоство? Во полето и езерото го сее стравот, ужасот… Пеколот од небо на земја го симна, господине генерал… Да, се е под наша контрола… Да, да, господине генерале. Денес е четиринаесетти август. Утре без борба ќе го прославиме празникот Голема Богородица. Да, благодарам. Господине генерале, ако ми дозволите, сакам да речам дека ова што тука сега се случува, веќе не е борба, ами чисто убиство, колеж, да не речам злосторство. Наредете да престане овој пекол… Езерото е црвено од крв… Да, се разбира, господине генерале. Јас како војник и старешина ќе си ја вршам мојата војничка должност, но како човек…
Зуе слушалката. Од другата страна на жицата занеме гласот.
* * * Петнаесетти август. Во цела Грција се слави празникот Голема Богородица. Веста за големата победа во Атина стигна по радиоврска, но неа најмногу цела ноќ ја вестеа истрели со светлоносни куршуми и ракети кои се пренесуваат од рид до рид, од град до град, па се до Атина.
Селаните од околните села, кои не успеаја да избегаат отаде границата ги собираат убиените. Во августовската жега се шири реа. Попладнето од Лерин стигнаа булдожери и почнаа да копаат длабоки ровови во песокливата земја. Во нив еден врз друг ги фрлаат убиените борци на ДАГ, а потоа булдожерите ги посипуваат и грижливо ја израмнуваат земјата. Се чини дека тука е свежо изорана нива.
Во Раби чека колона војнички камиони. Од целото преспанско боиште и од другата страна на езерото, па се до кајшто држи границата, со џипови и на носилки носат убиени и ранети владини војници. Убиените ги товараат во камионите и ги носат во Лерин.
На гробиштата веќе се ископани гробовите. Во присуство на леринскиот владика и официјалните воени и цивилни власти, свечено, со труба и химна ги закопуваат. Војнички фанфари и истрели од плотуни се слушаат по секое покривање на гробот. На крстот – име и презиме. Граѓанството со откриени глави стои собрано до самите гробишта. До нив и меѓу нив стојат и тие кои дезертираа, кои потклекнаа, поткажуваа и предаваа. Стојат неми, со рацете скрстени малку пониско од папокот. Камбаните бијат, а некои од граѓанството на балконите ги изнесоа радиоапаратите и ги развија знамињата. Низ цела Грција радиостанците ја пренесуваат панихидата од атинската митрополија.
А тука во Преспа, е тивко во заодат на сонцето, во чии румени воздишки одблеснува штотуку смирената вода. Тука, на големото преспанско гробје, белобрад поп, чија сенка ја издолжува заодат, стои на земјата ишарена од газениците на теновите и булдожерите и со растреперен и скршен глас, шепоти:
-“Блажени се бедните по дух, зашто нивно е царството небеско.
Блажени се оние кои плачат , оти ќе се утешат. Блажени се кротките, зашто тие ќе ја наследат земјата. Блажени се гладните и жедните за правда, зашто тие ќе се наситат. Блажени се милостивите, зашто тие ќе бидат помилувани. Блажени се чистите по срце, оти тие ќе го видат Бога. Блажени се миротворците, зашто тие ќе се наречат синови Божји…” Попот прекина и тргна пред себе, газејќи по меката земја. Во Лерин бијат камбаните, а владиката, завршувајќи ја панихидата, рече:
-Блажени се оние кои ги исполнуваат заповедите Негови, за да имаат право на живот и да влезат во градот низ портите. А надвор се кучињата, врачевите, блудниците, крвниците, идолопоклониците и секој кој сака да лаже и лаже…” Граѓанството на војничките гробови положи цвеќе и венци и предводено од ѓупски свирачи, намуртено се растури по своите домови.
А тука над преспанското гробје се слуша само плисокот на езерската вода, нема плачење, нема цвеќе и венци, не бијат камбаните во Орово, Попли, Штрково, Медово, Раби, Герман, Нивици, Граждено, Винени, Лак, Буковик и Дреново. Северецот носи далечен одзвук. Тоа камбаната отаде граница во Долно Дупени, бие…
Тивко е и во тишината се слуша одвај чујниот и потулен глас на стариот поп:
-“Блажени се гонетите заради правда зашто нивно е царството небеско. Блажени сте вие кога ве срамат и прогонуваат и кога ќе говорат против вас секакви зборови. Вие сте солта на земјата. Вие сте светлината на светот…” Прекина. Воздивна и од неговото зарипнато грло тешко се откина зборот – Амин.
Utilisez les flèches gauche et droite pour tourner la page.
Imprimé depuis https://macedonianhistory.ca/fr/narrative/golemata-izmama/28 le 29 octobre 2026