ГЛАВА 22 - Part 02
На местото од каде допира претсмртниот здив – чад – црн и густ, остар и лут се врти и превртува, се прелива и превиткува во големи клопчиња кружи и пече, гризи очи и грло. Се распосла загушлива и огнена жега. Воздухот топол, тежок и спарен.
Испомешан мирис на изгорено тело, барут и гнилеж…
* * * Владините единици кои тргнаа од Кулкутурија, по тешки и крвави борби, ридот Моро го зазедоа во18,00 на 11 август и без да се задржат тргнаа кон ридот 1554, подножје на Лисец, кота 1827.
Без успех. Наидоа на жестока одбрана.
Истовремено Триесет и петтата бригада од составот на X-та дивизија, ноќта на 10-11 август во 02,00 часот се доближа на 500 метри од позициите на ДАГ на ридот Рото. По артилериската подготовка во траење од половина час, тргна во напад. Жестокиот отпор оваа бригада ја натера да се вкопа на оддалеченост од 150 метри од позициите на ДАГ. Нова полчасовна артилериска подготовка. Во 03,00 – јуриш на владините и 13,30 часот на 11 август падна Рото.
* * * Тивко, одвај чујно се пренесуваше:
-Опколени сме!
-На пробив!
Во мракот ги напуштаат рововите и бункерите и додека извршија извидување, почна да зазорува. Бледо е небото над ридовите. Пред да ги огрее сонце, над Бигла и Лунѕер, Јоргова Глава, Чука и Моро долетаа авионите. Растваруваат оган и колку што одлетаа згрмеа топовите.
Не тргнаа. Ги фати сонцето и настана денот. Легнати останаа во густежот на дабовата шума. Нечујно, тивко, цел ден, се додека над нив не легна мракот, тие ги остреа ножевите и штиковите. И кога падна густ и тежок мрак – тивко се пренесе наредбата:
-На пробив!...
Подножјето на Баро цела ноќ го газеа единиците на ДАГ кои се повлекуваа од Плати, Крстот, Главата, Рото и Полената. По текот на реката Белица, борејќи се, во од се пробиваат кои Брезница.
Итаат да ја претрчаат клисурата што ги дели Мали-Мади и Јамата, да го претрчаат патот до Брезница. Таму им е спасот…
* * * Уништен е отпорот на Чука. Никој не изброја живи. Ранетите под нож или со крушум в глава. Се брани Моро. Главната команда на ДАГ борбата ја следи од плитките ровови ископани над Винени. Тука не допираат ниту бучавата на авионите, ниту грмежот на бомбите. Во круговите на двогледите – купишта земја исфрлени нагоре и облаци чад. Нападнат е Лисец. Командата на XI-та дивизија на ДАГ доби писмена наредба од Главниот штаб да го напушти Лисец доколку до утрото на 12 август не го совлада целиот сектор. Набргу следи нова – Лисец да не биде напуштен се до нова наредба. Немаше кој да ја прими. Командата без наредба го напушти Лисец. Во одбрана е неодамна формираната 102 бригада, составена од постари мажи и инвалиди.
Дури сега командата на ДАГ го сфати значењето на Лисец.
Сфати дека Лисец е клучот на целиот фронт и затоа и покрај жестоката одбрана, владината војска тука го насочи главниот удар.
Командата на ДАГ која со одбраната на Вичо, раководи од седиштето над селото Винени отаде езерото Мала Преспа, дури сега го сфати стратешкото значење на голиот врв на Лисец. Тој, кој го држи Лисец, ја има контролата на околните ридови и што е најважно, го отвора патот кон Превал и оттука долж џадето, се вклинува во Преспа.
* * * Паѓа команда:
-Офицерската школа на помош!
Тргнаа молчејќи. Се до приодите на Лисец, покриени со букова шума, исправени трчаат.
-Во стрелци, напред! – падна команда.
Се наведнаа. Со долги чекори и скокови се доближуваат до приодите на Лисец. Од сите ридови допираат долги митралески и автоматски рафали. Киро успева да процени дека Јамата, Баро и Рото се уште се бранат, но по глувите рафали добива впечаток дека отпорот слабее. Полената жестоко се брани. Горат околните ридови. Ненадејни рафали и експлозии на рачни гранати. Киро како покосен легна под стеблото на најблиската бука. Оттука до падините на Лисец – само стотина метри гол, бришан простор.
-Киро! – до неговите уши допре тивок и исплашен глас.
-Што е?
-Комадантот…
-Што комадантот?
-Убиен е…
-Лажеш! – просаска тој. – Каде е?
-Ене, под букана лежи.
Влечеќи се, се најде до убиениот командант. Почувствува како му се стега грлото. Погледна на околу. Офицерите, влечејќи се, се доближуваат до позициите на непријателот од каде не престануваат рафалите. Густа и бесна стрелба во мракот. Киро се исправи зад дебелото буково стебло. Оцени дека непријателот не е окопан. Покрај себе слушна кршење на гранки. Тоа е потпоручникот Костас, младо момче од тесалиските села. Се наведна и рече:
-Истрчај до четвртиот вод и кажи му на командантот со две одделенија да го нападне левото крило.Брзо!
Се влечат. Сто метри. Вперен поглед пред себе, здржано дишење. Бела ракета. Се е осветлено. Пикнаа глави во испржената трева. Згасна ракетата. Од левото крило допреа автоматски рафали. Се раздрдореа два пушкомитралеза. Тоа е нашиот, четвртиот вод - помисли Киро. Педесет метри. Веќе се слушаат довикувања и пцовки. Тоа се гласови на офицерите на противникот. Далеку побелуваат врвовите на планините. Бледо надоаѓа зората. Дваесет метри. Киро се исправи и на сет глас викна:
Јуриииш! На нож!
-На нож!
-На нож!
Од горе се слушна наредба:
-Напред! На нож!
Киро не успеа да го извлече остриот фински нож. Пред него се исправи противнички офицер од составот на ЛОК, специјалните единици за борба во планински услови. Само за миг ја виде вперената цвека на пиштолот. Во последен момент се фрли на земја. Куршумот зацвили над неговата глава. Локаџијата се нафрли врз него. Киро ги почувствува неговите прсти околу вратот. Одвај успеа да се сврти на колк. Ја довлече левата рака до слабината на противникот и го стегна. Почувствува олабавеност.
Нагло, со коленото го удри меѓу нозе. Со десната рака го зграпчи неговото лице, а прстите од левата се стегнаа во менгеме. Со глава го удри меѓу очите. Еден, два удари. Покаџијата брзо ги тргна рацете од неговиот врат и посегна по ножот. Со десната нога му го изби од рака, го фати за коса и молневито го повлече настрана. Со левата го удри по уво и поправи уште еднаш. Полуседнат го дофати ножот. И во мигот кога веќе беше готов да му го забоди в гради, слушна продорно – Ааах! Погледна таму, од каде допре жалосно и маченичко довикување. Двајца локаџии со штикови го бодеа Костас. Одеднаш се сврте и со силен замав го фрли финскиот нож. Во офицерската школа е најдобриот фрлач на нож.
Локаџијата кој беше наведнат лево одеднаш се исправи. Му се прекршија нозете во колената и полека како да клечеше за молитва, падна врз Костас. Другиот локаџија нагло се сврте. Киро со долги чекори и крвјосани очи се втурна кон него. Силен удар на тупаница му замагли очи. Втората тупаница го кутна. Во последен момент го одбегна силниот удар со ногата. Се преврте два- трипати. Полунаведнат виде како пред неговите очи, во изгревот на сонцето, болска штикот на противникот. Го одбегна ударот, со десната нога му го изби штикот од рака и во истиот миг неговата тупаница се растовари во лицето на противникот. Уште една и трета и четврта. Удира додека локаџијата не падна. Брзо го подигна штикот и, како што го учеа офицерската школа, му го забоде под клучната коска. И колку што можеше, колку што имаше сила, го повлече надолу. Почувствува како му ги крши ребрата. Се уште има сила да го задржи веќе мртвото тело на противникот. Во мигот кога го спушти на земја, ги виде неговите ококорени очи исполнети со ужас и болка. Забележа дека истрелите се се поретки. Борбата стивнува. Погледна на ридот.
Кон него со тежок, изморен чекор, доаѓа командантот на четвртиот вод. Обајцата имаат помодрени лица и окрвавени униформи. Седнаа еден до друг.
-Го презедовме Лисец? – праша Киро и плукна настрана.
-Успеавме. Станувај. Одиме горе. Ќе се прегрупираат и ќе тргнат во напад. Станувај!
До самоти рид, до бункерите и рововите одвај петнаесетина метри. Поминуваат покрај мртви. Мирис на пивтосана крв и барут.
Ранетите викаат, довикуваат, стенкаат. Сонцето високо на два-три остени. Киро засенчи очи со раката и погледна надолу на кај Јамата, Рото, Баро и Полената. Лежат под облаци чад. Погледна на југ. Мали-Мади во оган и пламен. Како орли над мрша, кружат авионите. Митралираат, ракетираат, бомбардираат, одлетуваат и веднаш долетуваат други. Застана пред бункерот и го слушна зарипнатиот глас на својот соселанец Павле.
-Не многу силно, ама жилаво беше момчето. Ама, кутрото не знаеше на кого наиде – прекина Павле, покажувајќи им ги на другарите своите шепи слични на лопата. – Со колено ме удри меѓу нозе. Ми се стемни. Е, си велам – продолжи тој фалбаџиски – момче, пониско од појасот не е дозволено. Го треснав наопаку. Се навали настрана и тогаш, кучкиниот син, го извлече штикот. А јас мојата кама. Се наведнавме и се меркаме. Тој направи некакво чудно движење. Јас отскокнав. И тогаш, ѓаволот, бргу се наведна и в очи ми фрли шепа земја. Ослепев. И наеднаш ми се здрве рамото. Оф, оф, оф, а бре ти разбираш што значи боли? Не стегај толку!
-Мирувај, мирувај, завршувам со преврската-рече болничарот.
– Ама крвариш како заклан вол. Од каде, бре, кај тебе толку крв?
Ама крвари, та крвари раништето…
-Нека, крвари, лошата крв тече. И, ти велам, ми го закова штикот во рамото. Се налутив и го зграпчив. Му го скршив вратот.
Сакаш ли да го видиш?
-Ајде.
Излегоа од бункерот и слегоа десетина метри подолу. Во високата истапчена трева лежи млад, дваесетгодишен војник. Под десното око – модрица. Павле се наведна и со здравата рака го откопча џебот од војничката блуза. Оттаму извади неколку фотографии и еден плик. На една од фотографиите, четириесетгодишна жена со црна шамија на глава и тажна насмевка.
-Ова треба да е мајка му – рече Павле. – И мајка е таква. Тажна и загрижена…
Седнаа. Павле го отвори пликот.
-Гледај – писмо. Убаво чкртнато. На, читај. Ти добро знаеш грчки, нели?
-Хм… “Драга моја мајко… Аха, значи на мајка си ѝ пишувал. – Денес по зајдисонце тргнуваме во бој. Командантот на бригадата ни рече дека за три дена ќе завршиме и ќе ѝ дојде крајот на оваа проклета војна и дека тие, кои ќе се покажат храбри, ќе добијат една недела наградно отсуство. Колку би сакал да бидам еден од нив. Чезнеам и многу сакам да те видам. Знам дека и ти ме чекаш и се молиш пред иконата на Богородица. Денес е убав летен ден.
Во селото во кое се наоѓа нашата бригада има многу овоштарници со круши и јаболка. Плодот зрел, а гранките свиткани од тежина.
Кога ги гледам, ми се чини дека се наоѓам во нашите овоштарници со лимони и портокали. Ми пишуваш дека годинава многу родија.
Нека даде Бог ова да е последно писмо што ти го пишувам од пеколот. Стрпи се драга моја мајко, наскоро ќе се најдам во твоите прегратки. Морам да прекинам, бидејќи водникот нареди да тргнеме во напад…” Киро, кој во меѓувреме застана покрај нив, тивко праша:
-Читај, зошто прекина?
-Нема повеќе… Еве го крајот – рече и со очите покажа на трупот.
Во текот на денот и до полноќ, разретчената офицерска школа на ДАГ одби девет противнапади, но не го издржа десеттиот напад. Наредба: повлекување. Во подножјето на Лисец, од страната на западните удолници, се собираат, носејќи ги со себе ранетите. Раненосачките ги преземаат и ги префрлуваат до џадето.
Тука чекаат камиони со вклучени мотори.
Од штабот на бригадата стигна курир. Наредба: противнапад.
Се враќаат. Наведнати, чекор по чекор ја намалуваат оддалеченоста од позициите на противникот. Над нив фрчат куршуми од долги и кратки рафали. Наведнуваат глави. Жедни и гладни, загледани пред себе одат со отечени очи од неспиење, отскокнуваат и напред чекор по чекор. Од уста во уста, тивко ја пренесуваат наредбата:
-Подготви го ножот!
Прилепени до земјата, се влечат пругоре. Излегоа на бришан простор.
-Јуриииш! – громовит глас се растури во воздухот. Трчаница влетуваат во првите ровови. Истрелите папсаа. Пцости, кркор, тешко дишење, глуво удирање со тупаници, писок, топло лизгање на ножот по коската, чад – пламен – светлина – мирис на крв – газење по мртво тело – откината рака – пресечен грклан – издупчени гради – болка – крв – штик на штик – нож на нож – цевка на цевка - оган – нож – пцовки – молба – молскавици – крв -крв – крв -мрак – мрак… Противникот не издржа. Овој пат Лисец единаесетти пат премина од рака в рака.
Белузнава зора. Високо – розови облаци. Од кај Жервени, каде веќе беа сместени шест батерии на противничка артилерија – загрме. На Лисец како град паѓаат топовските гранати. Киро ја пикна главата во ќошот на бункерот и замре во неподвижност. По дваесетминутна артилериска подготовка, противникот, прегрупиран, тргна во напад. Киро подигна глава и погледна низ пушкарницата. Криејќи се зад камењата и грмушките, како на вежба, се приближуваа противничките војници. Го притегна пушкомитралезот.
-До наредба не пукај! – се пренесе команда. Командантот влезе во бункерот и му нареди на Киро да премине во другиот бункер и да го преземе тешкиот митралез.
-Доаѓаат! – се слушна тивок глас.
Ниско наведнати и со скокови, се доближуваа владините војници. Од ридот Чука се огласија тешките минофрлачи Лисец го опсипуваат со гранати… Глуви детонации, пукот, трештење, одгласи на митралеско кашлање и тапи татнежи на топовски и минофрлачки гранати се слушаат од кај Бигла. Со низок лет пикираат авионите над Полената, Баро и Јамата. Кулкутурија и Голината молчат. Таму згасна отпорот. Десет минути траеше минофрлачкиот оган и со последната граната, небаре е дадена наредба за јуриш.
-Пали! – остро допре гласот на командантот и се изгуби во екот на стрелбата. Се испомешаа истрелите. Бесно и непрекинато фрчење на куршуми. Лево и десно од бункерот на Киро, рафално пукање на автомати и пушкомитралези. Низ пушкарницата влегува чад и остар, благуњаст мирис на барут. Малку понатака од бункерот – долг и распарувачки врисок на тешко погоден човек.
Кркори во ровот тешко ранетиот. На Киро му се потсекоа нозете.
Пред бункерот експлодираат рачни гранати. Излезе и едноподруго фрли две гранати. Војниците во шлемови занемеа. Го прескокна ранетиот, зеде две рачни гранати од еден убиен и, легнувајќи во ровот, без да гледа, ги фрли. Знае дека само на десетина метри далеку е противникот. Лево од него на сет глас викна командантот:
-Митралезот, сестра ти! – рика тој. – Митралезот! Митралезот!
Дејствувај!
Се врати во бункерот и, вртејќи ја цевката лево и десно, пушти долг рафал. Болничарката довлече ранет во бункерот. Тој за ‘рка, од устата му истече локва крв и надвисна на нејзините раце.
-Со рачни гранати! - извика командантот.
Прудолу бегаат владините војници. Ги гонат рачни гранати, кратки автоматски рафали и врисоците на ранетите. Командантот нареди повлекување на втората одбранбена линија. Трите болничарки ги прибираат ранетите. Мртвите остануваат таму каде ги најде смртта. Муви се собираат врз пивтосаната крв.
Противничката артилерија почна да ја бие првата линија на рововите. Кратка пауза. Сега одново префлување на првата линија и пред да стигнат, артилериските гранати почнаа да ја ораат втората одбранбена линија. Противникот со нови сили, во бранови тргна во напад. Киро го остави заклештениот тежок митралез и почна да пука со пушкомитралезот врз кој мртов лежеше нишанџијата. По првиот рафал тој промени позиција. Легна зад високиот камен и чека да се доближат шлемовите. Зад неговите плеќи закракаа автомати. Сврте глава. Гласно опцу. Викна:
-Оставете ги да се доближат!
Од појасот откопча две гранати што пред малку ги беше обесил и ги стави пред себе. Врз каменот удираат крушуми. Силна експлозија на граната. Парчиња од камен му го спржија лицето.
Автоматите онемеа. Викна:
-Еј, вие таму! Живи сте?!
Никој не одговори.
На дваесетина метри од него – шлемови. Војниците со подвиткани ракави и куси панталони се доближуваат, викваат, пцујат, се закануваат. Ја фрли едната рачна граната и во мигот кога сакаше да ја фрли втората, пред него избувна црнина, го облеа топол воздух, во ушите заѕвонија стотици ѕвона. Не слуша истрели, само гласови и пцовки. Почувствува дека нешто го пече, се обидува да се подигне, но мракот станува се погуст. Чувствува силни удари на цврсти војнички кондури и кршење на ребрата.
Тоа малку го освести. Испружи рака настрана. За миг отвори очи.
Во устата нешто топло и солено. Со последните сили посегна по пиштолот. Нови удирања и краток рафал. Го пржи раката која полека почна да се здрвува е до рамото. Искри пред очите. Нозете и раката веќе не ги чувствува. Само мрак, црневина пред очи. Се замолкна…
Ветеното засилување не пристигна.
Напладне падна Лисец.
Киро, здробен и изрешетан, остана да лежи зад каменот…
* * * Грмежлив и кобен глас ги поплати селата отаде Лисец и долж друмот, лево и десно, го исполни просторот.
-Фронтот е скршен!
-Фронтот се скрши! – викаа високи гласови и меѓу леѓето растураа и распалуваа страв. Расте ужасот. Голем страв ги совлада, ги склешти и обессилени од ужасот, се вдадоа во бегство.
Гласници јавнати на коњ, трчаат на сите страни и со вик и камшик кажуваат и покажуваат на каде да се бега. Гневливо бодињаат коњи, претрчуваат низ селските сокачиња и викаат:
-Бегајте! Бегајте! Грчката војска доаѓа! Бегајте!
Во топотот на коњските копита, се додека викањето трае, како ехо се повторува и пронижува викот:
-Бегајте! Бегајте!Се скрши фронтот! Доаѓа грчката војска! Ќе колат, ќе бесат и ќе силуваат, ќе пљачкаат, ќе палат, ќе убиваат!
Бегајте!
Коњаниците кои по наредба го сееја стравот и ужасот, го претрчаа Превалот. Се разделија на раскрсница – едни се стрчаа кои Буковик, Л’к и Дреново, други долж џадето кон Герман.
И фатија луѓето во Преспа да собираат во торби и во вреќи највредно што им остана.
Довикувања, пискотници, лелеци, плачови, пиштења. Врволика и голема грвалица го наполни џадето. Жена се разбреа на сет глас и растура колнежи да самоти небо. Над луѓето небаре ветроштина со раширени крилја растура страв и ужаснати се вдадоа во бегство.
Тие, кои први го преминаа Пероо, тесниот премин меѓу двете езера и кога фатија пат за Винени, тогаш видоа висок чад и јасни пламење.
Со голо око гледаат како истите коњаници ги потпалуваат созреаните жита. Гореа недожнеаните ниви. Пламен го голта созреаните леб…
* * * Густиот чад од топовските ѓулиња го развеа ветерот и се отвори небото. Топлина зрачи од искршените камења. Наредено – никакво движење. Ридот се чини е мртов. Отаде, гледаат со двогледите. Чешлаат секој камен, секоја грмушка. При најмало движење живнуваат топовите и ридот одново гори. Вивнуваат купишта раздробен камен. Долг е августовскиот ден. Изморени, замелушени, со лице залепени до земјата, клопче клечат во плитките ровови. Пече сонцето и земјата е изгор. Водникот ја повтори наредбата – ниту чекор назад, одбрана до последен.
Секој обид да заземат нови позиции е рамен на смрт. Зад нив нема ниту триста метри до шумата. Таму би биле побезбедни.
Меѓупросторот гол како бричена глава. Маченичка тишина и помачно исчекување.
Земјата испечена од сонцето и изгорена од гранати. Со иззабени казми удираат во кременот. Со раце исфрлаат земја и здробен кремен. Кожата од дланките – одрана – крвават отворените рани. Пржат, горат и лутат фултаците наполнети со жолта течност.
-Плиток е ровот! – разврескан глас на командантот.
-Гледаш? Погледни – викна некој од борците. Каква корист од нив? Како ќе држам оружје? Подобро пушти ме на прва линија…
Таму ќе бидам покорисен.
-Стрпи се и трај – помирливо рече командантот. – По некој ден и тука ќе биде прва линија. Копај…
-Може ли со вакви раце да се копа? – тој испружи раце пред очите на командирот.
-Копај… Може да се копа и со такви раце. Копај и ќе видиш колку лесно ќе ти биде кога и тука ќе почнат да паѓаат топовски ѓулиња. Копај, копај што подлабоко за да има каде да пикнеш глава. Тогаш ќе заборавиш дека те болат дланките… копај…
Цела ноќ од трапот носат вода и ги полнат тукушто започнатите ровови. Намекнува скрката и се до изгревот трае копањето. Копаат и патем погледнуваат на ридот што се извишува лево од нив. Цела ноќ нема прекин на митралеските и автоматските и рафали. Зазорува. Се слуша бучава на авиони и само по неколку воздивнувања ридот го покри густ чад. Купишта земја и дробен камен се креваат нагоре. По третиот круг ги снема авионите и кратко потоа почна артилериската подготовка. Се чини дека ѝ нема крај. Од свирежот на топовските гранати болка во ушите.
-Еј, ти со чалмата! – тоа е гласот на командантот. – Не прави сеир, туку продолжи да копаш!
Ја подигна казмата и во тој миг секнаа свирежите на топовските гранати. Настана некаква чудна тишина. Си помисли дека оглуве. Му се пристори дека до него допира нешто што му заличи на викање. Ја спушти казмата и се заврти кон полето. А таму – раздвижени точки кои со секое отчукубање на срцето, растат и се доближуваат кон ридот. А ридот молчи. Чека. Точките растат. Сончеви одблесоци на шлемовите и штиковите, на автоматските и митралеските цевки. Сега веќе со голо око се гледа како трчаат владините. Веќе јасно се гледа првиот ред. Војниците исправени грабаат напред и сега се појасно допира долго – е-е-е…
Сфати. Тоа војниците на противникот викаат “напред!” Веќе го гледа и вториот и третиот противнички ред и гледа како војниците од првиот ред полунаведнати го фатија подножјето на ридот. И во тој миг слушна митралески и автоматски рафали и виде како легна првиот ред, подзастана вториот и скрати чекор третиот. Ридот – ечи. Илјадници вжештени куршуми го заградија приодот. Колку ли време помина откако со оган живна ридот? Не знае, ама гледа дека се повлекува противникот и слушна – грмеж… Ридот во чад.
Ветерот го одвејува и грми, и грми, и одново грми… Топовите престанаа да бијат. Се подигна противничката пешадија.
Наведната тргна кон ридот сподавен во густежот на чадот. Гледа како во скокови војниците ја фатија угорнината и слушна како одеднаш ридот проѕевна со митралески рафали и трештење на рачни бомби.
-Значи – жив е ридот, живи се нашите … промрморе, плукна во дланките, ја подигна казмата и со сета сила удри во кременот.
Ноќта стигна наредба да се напушти ридот.. Пред тоа стигна коњаник и пренесе да се тргнат мините зашто треба да поминат тие кои се повлекуваат. Тие, кои ги поставија мините, ги немаше и немаше кој да каже каде се поставени мините. Никој не им рече која патека да ја фатат. Одеа направо во минското поле… Од 28 на новите позиции се јавија само петмина…
* * * Командантот на Вториот корпус издаде наредба IX Дивизија ноќта на 11-12 август да ги нападне утврдените позиции на ДАГ на ридиштата над Косинец и Лабаница. Тие ридови го заградуваат патот кон селото Смрдеш од каде се протега автомобилскиот пат Корча – Лерин. Задача на IX владина дивизија е да го уништи отпорот на ридовите меѓу селата Косинец и Лабаница, да се пробие кон селото Смрдеш со цел да го затвори патот за отстапување на единиците на ДАГ од Мали-Мади и во продолжение да го заземе патот Смрдеш – Брезница – Желево и со тоа да го затвори отстапувањето од реонот на Вичо, со што единиците на ДАГ би се нашле опколени.
Со цел да зајакне ударната сила на IX Дивизија, во претпладневните часови на 11 август на нејзино располагање беа ставени 42-та пешадиска бригада и два артилериски полка кои беа стационирани во селото Тиквени. Бавно движејќи се по патот Четирок – Света Недела – Ошени – Долно Папратско, колоната камиони, на која ѝ се придружија два баталјони на 41-та бригада, на одредените позиции во Крчишта, со задоцнување стигнаа во попладвените часови и додека се распоредуваа, ненадејно беа нападнати од артилеријата на ДАГ, која беше поставена во котлинката над Лабаница, близу албанската граница. Ова не остана без несаканите последици. Поради неочекуваното задоцнување, IX владина дивизија не успеа во овој дел на фронтот да го изврши тактичкото изненадување што беше одредено со оперативниот план со кој требаше во текот на првите вечерни часови, со синхронизирани борбени дејствија, 41-та бригада да се пробие меѓу ридовите што го делат Косинец од Лабаница и во од да го заземе Смрдеш, додека 42-та бригада имаше наредба да го штити нејзиното лево крило, пробивајќи се на север долж грчко-албанската граница, а 43-та бригада да ги заземе ридовите над Косинец. Меѓутоа, артилеријата не успеа навреме да заземе позиции и да ја изврши планираната получасовна артилериска подготовка. Поради ова беше наредено бригадите да тргнат во напад во 21,00 часот, но и овојпат задоцни артилериска подготовка, та затоа јуришот почна во 24,00 часот. Борбите водени во блиско растојание траеја до 05,00 часот на 12 август и беа прекинати поради жестокиот отпор на кој наиде 41-та бригада.
Utilisez les flèches gauche et droite pour tourner la page.
Imprimé depuis https://macedonianhistory.ca/fr/narrative/golemata-izmama/26 le 29 octobre 2026