ГЛАВА 2 Два дена пред Митровден, на Вичо и Мали-Мади падна првиот снег. Ѓорѓи, - Part 02
Дуро, ѓуптинот од Ошени, со образите подуени во топки и со раширени нозе, цврсто вбиени в земја, нагоре го подига кларинетот, небаре ја пушта свирбата да лета, потоа клекнува пред оровотката и го презема гласот на чупите. Некако жалосно го врти свирењето кое се покрива со зборовите: “да ви виме фустаните”, а многу умилно жали и завива кога се пее “да ви виме”… - И токму тука тапанот прекинува, ама гласно удира кога одекнува “чиј е”…
- Тапанџијата навалува уво на тапанот, косо гледа на чупите, и удирајќи дум-дум-дум, потскнува и вели: - Така: - така – така – оф!
-Лепо беше! – тивко изусти Ѓорѓи.
Сите разговори, пофалби и префрлувања прекинуваа кога се играше “Левото” ‘или” “Невестинското”. Некаде пред пладне, мал прекин. Дуро размрдува прсти над кларинетот, син му, Кирјак, тивко удира на тапанот. Трубачот издува неколку пискливи –та-та-та – и плука настрана. Киро, држејќи го во левата рака расчадениот чибук, а во десната ќесето, му се доближува на Дуро, нешто му шепоти на уво, тој само мрда со глава како коњ пред поило, подига веѓи, што е знак другите свирачи да се подготват.
Киро подига рака и – грмнува “Бајрачето”. Поведува Киро. Лесно, како да ја испробува земјата дали ќе го крепи неговиот чекор.
Долг, широк поглед постелува наоколу и отаде куќи – до ридјето.
Од џебот извлекува бело шамивче, лесно го развејува над глава.
Знак дека по него треба на оро да се фатат и други. До него Мара, Киревица, жена му. По првите неколку чекори, Киро ѝ го подава на Мара шамивчето и се тргнува настрана. Води Мара – чекор со левата – напред, па двапати на прсти, разигрува колкови, лесно – галежливо легнува стапалото врз зеленото руно на младата трева, небаре оди по трагата на срна… Кротко подигна глава, гордо и достоинствено погледнува, чиниш сака на сите да им каже – ете, јас сум таа, погледнува пред себе, откинува десна рака од половината, ја издигнува над глава, миг ја држи неподвижна и наеднаш брзо движење во кое шамивчето се развејува во тактот на чекорот; движи рака, врти бело шамивче и напред, размрдува снага, пред себе пушта долг поглед и колкови врти. Киро му пријдува на Дуро, од внатрешниот џеб го извлекува ќесето, буричка во него развлечено, долго одбира, ваѓа голема пара, плука на неа и со замав ја залепува на челото на Дуро. А Дуро, кој не откинува око од ќесето, кога ја почувствува парата на своето чело, го подигна кларинетот и од сега свирките се слушаат до Борово и Телок, до Стените и Тумбите… Мара го прави третиот круг. Се свртува, со десната рака ја фаќа друшката за десна, а левата ѝ ја стави на рамо, но не се потпира, одвај ја допира како да сака само да ѝ шепне нешто и напред обете една до друга со ист чекор…
Стишува кларинетот, се придружува трубата и тапанот удира најгласно и оди накај последните оровотчии. Дуро се доближува до Мара и само од два-три чекови и свири пред нозе. Мара крши веѓа, стресува колк и стапка по стапка – напред… И само за миг Дуро прекинува да свири…
Во орото влегуваат чупите. Постарите, бришејќи чела што им ги ороси пот, застануваат во круг и мрдаат со рамена и со колкови во тактот на орото. Нема врева, не се слуша збор, сите очи се вковани во чупите. А тие од себе се да дадат, зашто срамота е за чупите од Костурско ако не знаат да го играат “Бајрачето”. Исто како да не знаат да одат по вода, гости да пречекаат, одаи да постелат, пита, млечник, оризник, бурек, попарник да месат и да зготват… И во “Бајрачето” тие сами за себе се огледало и сами од себе место на кое око фрлаат и нишан оставаат беќарите. И се повеќе расте орото – во него се фаќаат и најмладите. Фана, која е позната по тоа што најдобро го игра “Невестинското”, секогаш кога се играше “Бајрачето”, се фаќаше на крај. Крајот секогаш во Костурско го држи добар играорец. А таква беше Фана. Ама за главата на “Бајрачето”, во целото село само една беше – само Мара!
Ѓорѓи се стресе. Спушти раце, отвори очи – полјанката празна и пуста. Само за миг се врати во времето кое кој знае дали некогаш пак ќе се врати?!
- Лепо, лепо, беше… - рече и со дланката на образот исуши солза…
Напладне мегданот остануваше празен. Луѓето се растураа по дома и по гости кај роднини и пријатели, а попладнето пак се собираа. Чупите беа променети во други рува и кога се фаќаа на оро, тогаш и покрај другите песни се пееше:
Два фустани Дона има Еден зелен, другио червен.
Зеленио за на оро, Червенио за на бој…
Така се пееше и играше до ланската година. Летото ги собраа и чупите и ги пратија на Грамос. Ѓорѓи таму виде некои, ама сега подраго му е да ги гледа низ споменот тука на полјанката, отколку таму на Грамос, облечени во воени униформи, со пушки или шмајзери и најчесто гладни, вошкосани, парталави, ранети и … За срце се фаќаше кога ги гледаше така.
Таму на боиштата тој виде многу рани и многу ранети пренесе, а се млади момчиња и девојки. И секогаш си велеше: -Болат отворените рани, ама болат и раните што се невидливи, е тие, де, најмногу и најдолго болат. – Него го боли осамата на местото во кое само низ споменот живнува вчерашниот ден, -вчерашниот чекор кој водеше до оваа полјанка…
-Лепо беше… лепо… - рече кој знае по којпат и натажен, пак го фати патот што води кон долното маало. Сврти поглед кон високите тополи што вишнеат под ридот. Таму сега виде само урнатини; го виде тоа што некогаш беше куќа на Киро. Чардаците ги снема. Таму тие седеа заедно и, пиејќи ги последните капки од кафето, си ги спомнуваа времињата поминати во Америка… Кога стигна до куќата на Лабро Поповски, застана. За него и постарите имаа незаборавни спомени. Тој некако се одделуваше од другите.
Нашетан, начитан и умен. Знаеше долго и умно да расправа и да ги тера другите да мислат. Илјада деветстотини и дваесет и петтата се врати Лабро во селото. Последен пат што го имаа видено, беше илјада деветстотини и осмата. Тогаш тој му се приклучил на Сандански и тргнал да ја урива царштината во Цариград. И не му се слушнало името. Велеа дека некаде му завршил здивот. Времињата го фрлиле во Бугарија, а оттаму во Одеса, во Русија, каде го оплакувал распарчувањето на Македонија. Неговите четири ќерки, една по друга се испомажиле, а дома во црнина останала Зоја. Од Русија дојде остарен и не помина една недела кога од Костур дојде човек на новата власт и го одведе. Таму, во Костур, го распрашуваа дали е руски или бугарски шпион и дали сака од Грција да го оддели делот од Македонија. Шпиунлакот го одрече, ама потврди дека за него има само една Македонија и дека само таква ја сака. Го скапаа од тепање и пак истиот човек од власта го пратија в село да јави за да дојдат да си го земат човекот дома оти му е многу лошо. Дома го донесоа поцрнет и отечен. И сите ја чекаа камбаната на умрено да удри. Некои од бабите, негови врснички, одеа в црква и палеа свеќи, молејќи ја Богородица, Лабро да си умре дома и со своја смрт, зашто дотогаш сите мажи од оваа куќа умирале од нож, од кама, од сабја или од куршум. Палеа свеќи во надеж дека со смртта на Лабро ќе пропадне проклетството што надвисна над оваа куќа. Ама Лабро, еден од првите илинденски мустаќлии во селото, оздраве и на Водици ги покани пријателите со кои комитуваше и ги биеше грчките андарти. Куќата се наполни и се распеа. Лабро, кај кого зовреа старите времиња и се уште живите надежи, небаре пред себе ги виде барутосаните илинденски знамиња и од мртвилото воскреснатите стремежи, ја откопа манлихерката закопана во деветстотини и петта, излезе на чардакот, испука неколку куршуми, викајќи: Да живее Македонија.
Селскиот кмет го поткажа. Џандарите го одведоа во Костур. За Лабро повеќе глас не се слушна. Жените, излегувајќи од црква и раздавајќи под црковниот трем, го спомнуваа: - Земете за душата на Лабро…
Еве ги и урнатините од куќата на поп Васил. Што е со него?
Слушна дека кога разгореа бојовите, поповите си оделе во Костур и во Рупишта, дека нив со себе ги собирала владината војска за да ги спаси од комунистите. Отиде ли поп Васил со војската? Живее ли во Костур или во некој друг град го чуваат војници? Ѓорѓи зачудено мрдна со глава и на крајчето од неговите усни се појави одвај видлива насмевка. Му текна дека пред години, кога џандари од Д’мбени дојдоа во селото и по куќите ги ловеа момчињата и девојките кои учествуваа на демонстрациите во Костур, викајќи по улиците да не се врати кралот Георгиос, а потоа сретсело пееја македонски песни, поп Васил прв ги бранеше. Насилно, туркајќи го џандарот кој стоеше на стража пред вратата на црквата каде ги тепаа младинците, влезе внатре и со крстот в рака се упати кон Лимнео, висок и дебел началник на џандармериската станица во Д’мбени. Не му се обрати со добро, туку му се развика:
-Ти - му рече – паствата да ми ја оставиш на мир. Ако треба да се казнат, тогаш јас ќе ги казнам и јас ќе јавам во Костур кој прави лошо и кој не ја сака државата!
Лимнео му се насмевна во брадата, го поттурна настрана, на најблискиот младинец му врза шлаканица и му рече на поп Васил:
-Виде? И немој да заборавиш дека тука јас сум државата, па дури и твојот Бог! Разбра?! Гамо ти Панагија су ќе то Христо су!
Ексо! (Да ти ја ебам Богородица и Христос! Надвор!)
Поп Васил тешко ја голтна навредата. Излезе од црквата, вјасаница отиде дома, се преслече, ја јавна маската и одјава во Костур. Таму му се пожали на владиката, се расправаше во џандармериската управа. Се врати утредента. Лазо, за кога поп Васил уште пред војната знаеше дека е комунист, го пресретна и го праша:
-Е, попе, дали измоли милост кај твојот владика и кај власта?
-Пули си ја работата, Лазо… - со изморен и навредлив глас врати поп Васил. – Колку јас што знам или како што велиш ти, келку шо ми сечи умо – прво тебе треба да те претепаат, ама досега дури и не те прашале како се викаш… И уште почудно е што досега џандарите ниту збор не ти рекоа, а камо ли клоца или шлаканица да ти врзат… И ти, а и тие двајца-тројца, како тебе, треба да сте први пред стапот на Лимнео… Ги мамите деците и чупите, ги туркате таму каде вам ви е жешко! Бери ум, Лазо!
Толку од мене! – рече поп Васил и без да го погледне, фати пат за дома.
Неколку дена подоцна пак дојде Лимнео со своите луѓе.
Селаните ги собраа пред црква, а тој стоејќи на високиот камен, викаше заплашуваше:
-Со оваа рака – се закануваше – на секој ќе му го искорнам јазикот, ако некој ми каже дека зборувал на тој гнасен словенски јазик или како што го велите вие, гамото Христо сас, (Да ви го ебам Христос) македонски! – Тој долго зборуваше за тоа што ли се ќе им направи на селаните, при што по секој втор збор им пцуеше Богородица, Светиот крст, татковците и мајките. Вечерта поп Васил го сретна недалеку од црквата, му направи знак да застане и го праша:
-Вие, господине, дали сте верник?
-Да, па што?
-Е, тогаш, послушајте ме што ќе ви речам: да не сте се осмелиле повеќе на мојата паства да ѝ пцуете Богородица, Бог, Светиот крст и… и да не сум ве видал да влезете во оваа црква, варварине!
Лимнео подигна рака. Се чинеше ќе го удри. Му се доближа и просаска низ заби:
-Ти, папа Васили, слушам, со луѓето си зборуваш на нивниот јазик. А за тоа ќе слушне владиката, папа Васили. Не заборавај!
Поп Васил го подигна стапот и извика:
-Сиктер, поганине! Сиктер оттука додека не сум ја испоганил раката од тебе!
Ноќта скришум влегоа луѓе во куќата на поп Васил. Во мракот се обидоа да му ја истрижат брадата. Старчето беше крепко, успеа да се одбрани и да повика помош.
Утредента се расчу за се, а Кузе му рече на поп Васил:
-Е, попе, ова ти го сторија затоа што му ојде на гости на владиката… Ако, де, шо лошо има о тоо? И да знаеш, ако не те избричеа тие, ќе те избричиме ние, комунистите, папа Васили, ха- ха-ха- хе-хе-хе!
На чија страна застана поп Васил? Се прашува Ѓорѓи.
Еве ја и куќата на Кузе на Ленка. Така го викаа: Кузе на Ленка.
По тоа име го знаеја дури на пазарот во Костур. По многу работи го памтат луѓето, ама по една најмногу. Есента 1936, Кузе на Ленка се вратил од Тесалија каде четири години бил наемен работник. Облечен во црн костум со бели риги, на нозе чевли, болскливи, танко избричено мустаче, патец во средината на главата. Конте. Се носеше некако отмено, надуено, како што велеа старите, при поздравување подаваше само два прста и кога поминуваше покрај селските буништа, со дланка го покриваше носот и устата. Со заработените пари го поправи покривот од кој со години капеше, купи чифт здрави волови и железно рало со тркалце, го повика поп Васил да го благослови и како сите домаќини и тој појде на орање. Покрај семето што го носеше во вреќа, со себе ја понесе и свеста дека властите забранија да се зборува македонски, та затоа на воловите им зборуваше само на грчки. Тие кои поминуваа покрај неговата нива слушаа како тој им викаше: - Пано Гајто, като Баљо!
(Горе Гајто, долу Баљо). А Гајто и Баљо, стојат, дрезнат, мавтаат со опашките, стрижат со ушите. Кузе вика, се инаети, ги бодина со остенот, тие клоцаат, се удираат. Стои Кузе зад нив, размислува, истрчува пред нив, покажува со раце каде е горе и долу, оди напред, се свртува и постојано нешто вреви. А Баљо и Гајто стојат, си дрезнат. Не издржа Кузе. Плукна во дланките, со десната ја фати дршката од ралото и со левата остенот. Лесно ги боцна и галежливо им викна: - Ајде Баљо, ајде Гајто, ај мили, ај, така, о - о - о! - Воловите тргнаа. - Долу Гајто, така горе, горе Баљо, не влечи долу, разбојнику! Изораа половина бразда и Кузе сврти на грчки – пано-като и секој ден стануваше подбив во селото. Кога некој од орачите или овчарите поминуваа скраја од неговата нива, застануваа за миг и го поздравуваа: -Аирлија орање даскале! И за таквиот даскалук властите го начекаа и го одведоа во полициската станица. Прво му прочитаа дека треба да плати казна за тоа што зборува на забранет јазик. Му дадоа и потврда. И кога Кузе се прибираше да си оди дома, го викнаа кај началникот. Тој незадоволен од висината на паричната казна, нареди да испие седумдесет и пет грама рицинус и да изеде три ренки. Патем во сите полициски станици рицинусот и ренката секогаш беа при рака. Кузе, ја ценеше власта и без противење направи како што му беше речено. И пред да си оди, на врат му обесија табла со натпис:
“Кој нема да зборува грчки – истото го чека” – и му ги врзаа рацете. Кузе сам не стигна до дома. Го најдоа легнат ничкум надвор од селото. Сиот бербат. Така осрамотен го донесоа дома и Ленка врз него ги истури сите стомни. Оттогаш го нарекоа Кузе Гуштерот, зашто до местото каде што го најдоа тој се довлечкал. И оттогаш Кузе се зарече и се заколна дека за таквата срамота мора да врати! Амо како? На помош му дојде Лазо. Му ја наполни главата со дел од тоа што нему други му ја наполнија. По времето поминато во искушение, Кузе на Ленка го примија во партијата на комунистите. Попарталавите и попростите од него му рекоа дека во една голема земја што се вика Русија пред години е извршена пролетерска револуција и дека таму владее комунизмот во кој најслободно живеат луѓето, имаат што душа ќе им посака, малку работат и многу добиваат и сите се исти, нема богати и сиромаси и дека ако и тој се вклучи во борбата на пролетаријатот, тогаш и тука во селото и во сите села и градови ќе го нема насилството, сиромаштијата, а што е најважно – рицинусот и ренката, а тие кои му направија лошо, строго ќе бидат казнети. На Кузе некако не му влегуваше в глава се што му велеа, ама за него најважно беше да им се одмазди на тие со рицинусот и ренката. И мечтаеше и сонуваше Кузе, и поради таа неправда што ја доживеа, во него вриеше длабока, одмаздлива, гнасна, кобна, скриена и запечена злоба и сакаше да врати само со злоба.
Одејќи од куќа-урнатина до друга урнатина, влегувајќи од еден во друг двор и преку нив во неодамнешните живеења, што како на ѓердан ги нанижа споменот, Ѓорѓи дури сега забележа дека привршува денот. Небото и планината добија боја на пурпурно кадифе. Од кај Деволското поле поддувна ветер, затреперија лисјата на старата топола. Јато гаврани, грачејќи, прелета во низок лет и се изгуби отаде ридот. Помина уште две сокачиња. И тука куќите изгорени. Почувствува мирис на чад. Тргна по мирисот.
Пред него куќарка. Некој излезе пред вратичето, фрли нешто и со бавен чекор се врати. Ѓорѓи се доближи, стави дланка на чело и погледна низ прозорчето. Внатре, пред огништето, свртена со грбот, клечи старица и дува во огнот. Во ќошот икона на Богородица. Пред неа трепери малендавото пламенче на масленичето. Пламенот во огништето наеднаш порасна, се издолжи нагоре и го осветли одајчето. Старицата со прстите потпирајќи се на подот, стана и полека се сврте кон Богородица.
Ѓорѓи сега ја позна. Зоја, Лабровица. Чукна на прозорчето. Таа во првиот миг не слушна, но брзо се сврте на повторното чукање.
Наслушкува. Ѓорѓи пак тропна. Таа појде кон вратата, го тргна лостот и без да праша кој е, отвори.
-Ѓорѓи се исправи пред неа и тивко ја поздрави:
-Добро најдов, Лабровице…
-Добро дојде… а, а кој си ти? – таа се загледа во него.
-Ѓорѓи…
-Јорги? – праша Лабровица. – Ами кој Јорги? – повтори и се загледа во остареното лице на Ѓорѓи што одвај го осветлува бледата светлина од огништето. – Јорги… Ами, да не си ти Јорги на Петковци? – го позна повеќе по гласот отколку по изгледот.
-Тој сум, Лабровице.
-Ој, бре Јорги… - одолговлечено, напевливо и вчудовидено рече Лабровица. – Ами од де се најде ти туа, бре Јорги? Па јаска те знае за уморен, бре Јорги… Жив си? Сите велее дека си уморен…
- возбудено зборува таа и се воздржува од плачот. Неколкупати се прекрсти. Сврти се, бре, да те вида… Жими Госпу златен, па ти си жив!
-Ете, ка шо ме пулиш. Жив, Лабровице, за мака.
-Влези, влези… Добро дојде. Седни таму о буџо, до огно…
Застуде. Дома е топло. Седни, седни, Јорги…
Ѓорѓи го одрами ранецот и го стави настрана. Седна скрснозе, испружи дланки кон огнот.
-Ами, бре Јорги, од де се најде ти. Од ка си ојде за тебе никој лаф не шчукна. Опитвае људјето шо се стори со Јорги и шо се стори, ама никој не знаеше да кажи… - Лабровица се поврте околу стомната, налеа вода и му подаде: - Добро дојде, Јорги.
-Добро најду. Госпу да ти дај здравје, Лабровице. Сполајти… -тој ја испи водата и додека таа нешто преместуваше во сандакот, тој го одврза ранецот, извади конзерва и почна да ја отвора.
Лабровица, кога виде што прави, го замоли:
-Жити Госпу, оставија кутијата да ти се нај. Јаска не се без леб и без заирје… Имам пченица, сирење и улишчата ми останае… Ќе вечераме шо даде Госпу, а кутијата остај си ја, ќе ти притреба… И да те опита, бре Јорги. Си дојде за везден или само на поминвање?
Ѓорѓи подигна поглед, кратко се загледа во Лабровица и рече:
-Дојду, Лабровице за да запалам свешчи на гробојте… А потоа…
-Па ќе ош таму? Не ти се годињето за по планињето, Јорги, не ти се… - таа го подигна капачето од котленцето во кое вари пченица, со лажицата зеде неколку зрна, со прсти ги згмечи. – Ушче малку нека повари пченицата. Утре ќе ојме на гробишча…
Денес погача меси и вино ќе пушча – побрза да рече Лабровица.
Така, на Митровден, ка шо е адето, на гробишча се носи младо вино… Лозјата, Јорги, годинаа родија чудо, ама така останае гроздојте на прачка. Нема кој да бери. Људјето си ојдое од ‘нде синоро и никој досега от таму не се врна. Лазо и Кузе на Ленка викае – бегајте, бегајте, људје, аскеро ќе не фати, ќе не коли, ќе не дери! – Избегае људјето о Албанија и никој до сега не се врна. Се врна само кучката на Пандовци… Дојде по кутаљчинката. Еден аскерлија му и умори. Ету, сега, кутрата, вие там на Синадев Рид.
Така од жртва… ја крева таа муцката и вие, вие, како да плачи…
Ами плачи, како да не… Плачи по својата рожба, по својата мака и по стопаните…
Вечераат молкома. Пешникот се уште топол, ‘ржен, со дебела и испукана корка. Лабровица го држи во скутот и го крши со растреперените раце. Во котлето клокоти пченицата. Прскаат искри во огништето. Пламенот ги лиже зелените дабови дрва, се подига, го подлижува котлето, се смалува, трепери, се кине, се врзува за жарта, меѓу неа се губи и одново од неа роден, разнишано се исправува. Пишти влагата во разгореното дрво, капе од крајчето зовриена мака, се пени над жарта и пламенот синкав, со шилест врв, се губи, се појавува блед, живнува, трепери…
Трепери и пламенчето на масленичето што гори пред исчадената икона на Богородица и на ѕидот се нишаат големите сенки на подгрбавените старци. Надвор поддувна и затропа откинатата ламарина. Ветерот се засили и во бранови удира по пеплосаните ѕидови, ги рони, стенка во шуплините. Ја измати тишината и ги испомеша сите шумови на дрвјата, пред себе собира лисја, ги врти, ги преместува и ги растура од двор во двор и низ црните ѕидови-чолаци ги развева отаде селото…
Пламенот во огништето одеднаш се подигна, го осветли одајчето и лицето на Ѓорѓи. Дури сега Лабровица забележа дека тој е остарен и посивен. Пред неа седи човек со сурово и избрчкано и коскесто лице, од грижи изорано, изморено и испечено од сонцето и планинскиот ветер.
-А људјето, Јорги – го врза Лабровица скинатиот конец – се исп 'ндие, селото изгоре… го изгорее, оган да ги изгори… се расипа дуњата… Жива душа не остана… Народо го кренае и го растурие… Мара на Киро куршум ја погоди по глава. Киро влезе дома нешчо за да земе и таму го најде лошото. Не излезе. Изгоре…
Само јаска, кутрата, остана да го чувам селото и да ги бера коските шо излегое од гробојте. Аскеро помина, а по него дојдое маџирите.
Удрие тие да пљачкосве. Све, све опљачкае… Се тепаа за самари, за мотики, за вили и лопати… Шо не му беше по ќеф – кинее, кршее, палее…
Молчење. Болно, тешко, длабоко и глуво. Потонаа во него.
Вгледани ту во лебот, ту во распаленото огниште, вслушани се во одзвуците на деновите што останаа зад нив и копаат во векот детски и векот зрел и во времето што било раскажување за дамнешнината пренесувана од уста в уста од колено на колено.
Како бисер и мониста на врвца – се нижат спомените. Излегуваат од стреата прадедова, се вртат во дворот, па низ портата и по тесното селско сокаче се постелуваат по ливадите и нивите, полјанките и кориите, се вкрстуваат на селските друмови, се пренесуваат отаде ридиштата, небаре ги бараат празниците, радоста и смеата, ората и песните во седенките во долгите зимски ноќи, и лулашките на Ѓурѓовден, зелените венци и цвеќиња на Велигден, песните жетварски и гроздоберски, свадбите и крштевките и плачот на првачето и приновата; воздишките во долгите ѕвездени ноќи, чекањата и бдеењата…
Повлекува Ѓорѓи од чибукот, испушта густ чад и со замижани очи врти глава, се ниша ту в десно, ту в лево, чиниш во скутот ги лули дамнешните мили и болни, драги и измачувачки, неизбришливи и живи спомени и болката од овој бој што донесе пустош и лудудва сега… Топло е, тивко и блажено под оваа ниска стреа во која живнаа спомените и навираат и се менат еден врз друг како многубројни мониста нанижани на копринена врвца вденета на разбој што тука во вековите без престан ткаеше живот… И не сака да помисли дека се скина конецот, дека се скрши разбојот, дека секнаа изворите и пресушија потоците…
Тогаш во ќошот место икона, пајак ќе ткае пајажина и над селото гавран со грачење ќе коби… И боли, до сржта ќе боли ако врз калдрмата на тесните селски сокачиња врз кои послана е пепел и крш од урнатини – одново не заоди и не легне човечка нога…
Ѓорѓи кога се разбуди, надвор веќе беше дење. Лабровица лесно отвори врата и влезе, држејќи стомне наполнето со младо вино. Разменија само по некој збор, колку да се знае дека се тука и дека е Митровден и треба да одат на гробишта. Излегоа.
Лабровица под мишка ја носи сапетката со варена пченица, исечени парчиња леб, неколку јаболка. Ѓорѓи погледна на стомнето и праша:
-Да не ми е подречено, Лабровице, ама дали доста ќе е виното?
-Немам во шо да налеам – срамежливо рече таа.
Тој погледна наоколу. Му текна дека скраја од старите гробишта вчера забележа фрлено ѓумче. Отиде. Ѓумчето – искривено и дупнато. Понатака виде шлем. Го подигна, ја истресе земјата, погледна кон сонцето. Го стави под мишка и забрза чекор кон чешмата. Таму, со песок го истри, го исплакна.
-Лабровица, може ли тука да налееме?
-Ако … рече таа и се вратија по вино.
На гробишта одат молкома. Ѓорѓи со двете раце го држи наполнетиот шлем и полека, чекор в чекор, кротко гази покрај Лабровица и чува капка да не капне.
-Таму – рече Лабровица и покажа со глава – зад Претсело, о коријата, има непогребени деци и чупи. На жетвар, кога бегае од Грамос останае уморени и ранети… Кој можеше, влеченичкум, ојде о Лабаница, а кој не можеше – остана таму. Ношја до туа се шчукаше ка викае и молее плачешчем… Јаска оде таму, му носе вода и леб. Дојдое од Преспата и ги собрае ранетите. Уморените и оставие така непогребени… С’лде млади чупи и деци.
Стигнаа на гробишта. Лабровица одврза црна шамија, зареди.
Плаче тивко, небаре моли. Со липтеж во гласот, праша:
-Од де ќе фатиме?
Utilisez les flèches gauche et droite pour tourner la page.
Imprimé depuis https://macedonianhistory.ca/fr/narrative/golemata-izmama/3 le 29 octobre 2026