ГЛАВА 2 Два дена пред Митровден, на Вичо и Мали-Мади падна првиот снег. Ѓорѓи, - Part 04
Воздивнува и шепоти: - Ах Прага, најубава си кога долж твоите шероки булевари цутат багремите и дивите костени и кога јоргованите цутат во бавчите, кога цвеќињата во саксиите поставени на прозорците и балконите расцутуваат во спарните топли прашки ноќи. Ги засака и прашките боеми, кои иако опиени со пиво, мочајќи зад аголот не престануваа гласно да го менуваат светот. Оптоварен со тие драги спомени, сега му се присторува дека до него допира некакво задоцнето свирење на виолончело и ноќно пеење на кос…
Дојде до крајот на полуостровот. Се врати до првите куќи на Нивици и пак обратно, скоро тапкајќи ги своите траги.
-Животен простор – тој честопати гласно зборуваше небаре во себе наоѓаше соговорник кој внимателно слуша и кој не ги оспорува неговите мисли – сега го имаме само овој простор – Вичо. Грамос скоро е загубен. Централна и Јужна Грција за нас веќе не постои. Таму речиси сите наши одреди се уништени.
Тотален пораз! Две боишта-тврдини – Вичо и Кајмакчалан.
Меѓупросторот целосно е населен со славомакедонско население.
И треба целосно да се искористат, да се свртат на наша страна. Да се изврши целосна мобилизација. Тоа треба што поскоро да се направи. Како? Кого да прашам за совет? Зарем има такви кои сега мене сосема би ме поддржале? Маркос? Се потврди дека тотално е неспособен. Сега најмногу би ми бил потребен оној мизеријата Велухиотис или Сарафис. Да Сарафис, единствениот образован грчки офицер од редовите на ЕЛАС… Гусјас, Вландас, Барѕотас…
да, овие се ќе прифатат ако им се вети дека ќе си ги сочуваат главите… Немаат друг избор. Се ќе прифатат. Тие се прости, послушни, желни за чинови и верни како овчарски кучиња. Со нофитите? И тие бараат чинови. И да не мислат дека народот ги издигнал. Јас само да мрднам со прст и ќе ги снема. А тие си мислат дека народот ги истакна. Не! Јас и тие таму – подигна рака и покажа на север – тие таму во Скопје! Заради интересите на борбата се уште ги чувам и ги поддржувам. Инаку тие се готови за стрелање. Со нив внимателно и на растојание. Потврдено е дека се Титови агенти. Еден со друг нејќат да се видат. Дури и не се поздравуваат. Секој секого пред мене клевети… А би требало да ја стрелам и Вера и некои други – Уранија, Павле… Тие постојано на Лазо му праќаат извештаи. Нашата служба за безбедност и разузнавање тоа го знае и има сигурни докази. Ако, нека праќаат.
Еден ден со тие нивни извештаи ќе ги задавам. Ќе ги натерам да ги јадат и ќе прогласам дека судот народен ги осуди. Мајките и татковците чии чеда веќе испогинаа – ќе им ги потпуштам.
Народниот гнев против нив ќе го подигнам. А против Тито – меѓународното комунистичко и работничко движење…
Во главата веќе му се вртат нови намери, нови иден. Најважно е секоја негова идеја да добие поддршка. На партиски пленум. Доста со планините. Војната треба да се води во рамничарските села и во градовите. Таму се резервите. И децата кои веќе созреаја таму во државите да ги прибере во строј. Се на оружје, се за победата!
Никој надвор од стројот. А потоа? Ќе објасни. И ќе му поверуваат.
Така ги учи сите – да веруваат и да не прашуваат. За прашување има време. А кој ќе праша? Кој се осмели да праша да грешки?
Партијата е силна и моќна кога си ги признава грешките. На грешките се учи. Важно е да имаш храброст да ја признаеш грешката. А тој имаше храброст во признавањето на грешките.
Велеше – ако болшевиците имаат храброст да си ги признаваат грешките, зошто тогаш ние, нивни ученици, тоа да не го правиме?
Болшевиците му беа пример за се!
Облакот што висеше над Цуце го одвеа ветерот. Отаде езерото, по џадето – колона камиони и над нив облак прашина. Знае што има во нив. Веќе две години натаму носат ранети и наваму… Да, секогаш се полни. Во овие две години македонските друмови од Маркова Нога и од Кајмакчалан до Катланово се обележани со крвта на борците на ДАГ и со солзите на долгите колони одведени малолетни деца… Камионите веќе ги снема зад свиокот што води кон Љубојно. Да, Љубојно. Го засака тоа село. Таму, во гостинската одаја на народната милиција секогаш беше сигурен и во печеното и во ракијата и во виното и во луѓето кои беа негово обезбедување. Тука се чувствуваше посигурен отколку во Нивици, Винени, Граждено или Орово. Се чувствуваше посигурен и во стражарот и во возачот и во двајцата цивили на кои под кожните палта секогаш им висеа шмајзери. Ама, да, тоа ама кај него секогаш го имаше. Да им верува? Што знаеш – си мислеше – див народ, балкански, кој само бара, само сака и уште повеќе меѓу себе се кодоши… И одеднаш си го спомна последното патување до Скопје, а оттаму во Белград и натаму во Москва и обратно. На краток здив, колку да испие едно кафе или чај, секогаш се задржуваше во караулата на Маркова Нога. Оттука не се гледа, но правливото џаде и острите свиоци, посебно на делот од Прилеп до Велес преку добро памти каде се наоѓа. И оттука, без задржување
– право во Скопје. Навикна на Бабуна и на оние од Црн Врв до рамницата пред Скопје. Знаеше дека десно од патот, таму некаде во расекот што го има изрежано реката Пчиња има бања каде се лекуваат борци на ДАГ. Знае, ама не беше таму и никогаш не ги посети.
Кога еднаш, полковникот на УДБ-а кој го придружуваше на патот од Битола до Скопје, му предложи да одат таму, Захаријадис, лесно одмавнувајќи со рака, рече дека нема потреба, бидејќи тој знае оти ранетите се наоѓаат во добри и сигурни раце и благодарение на тоа, тие брзо ќе се вратат на борбе-ните позиции.
Влегувањето низ дебелата и масивна врата на ЦК на КПМ му ја враќаше сигурноста изгубена за време на патувањето, а сосема се чувствуваше олеснето во гостинската соба обложена со широки штици со изрезбани мотиви од растителниот и животинскиот свет карактеристични за македонското поднебје. Гледаше на нив, се восхитуваше на нивната убавина и уметничкиот мајсторлак на македонските копаничари и се прашуваше: - Кој ли знае што е вградено зад овие убавини? Освежителниот сок, а потоа кафето испиено во друштво на првите луѓе на македонскиот централен комунистички врв го закрепнуваше и расположуваше. Разговорот воден на едно словенско есперанто – тој на руски, а тие на македонски и српски со многу примеси на македонските народни говори, во мигови предизвикуваше вчудовиденост и смеа. Но за време на вечерата подобро се разбираа со помош на преведувач кој одлично зборуваше руски и српски јазик. Тој ги памти таквите вечери и разговори. На одење во гостинскиот апартман, тој секогаш прашуваше:
-Како е мојот голем и драг пријател Маршалот? Дали во врска со закажаната средба има некои промени?
Средбите со Тито му беа многу важни. Овие во Скопје ги сметаше за попатни, но разговорите што ги водеше во Белград беа вистинскиот печат.
Зависно од потребите и итноста Захаријадис патуваше во Белград со воз или со авион. А времето и потребите на оружената борба најмногу одлучуваа за изборот на превозното средство.
Малкумина знаеја за неговите престои во Скопје и во Белград. И додека тој патуваше за Белград, од двете страни на специјалниот телефон веќе беа дигнати слушалките. И си спомнува сега дека во мај годинава во резиденцијата на Маршалот, двајца штабни генерали на Југословенската народна армија, стоејќи пред големата воена карта на Северен Пинд, го изложуваа планот што генералштабот на грчката армија го изготви под стручното око на американскиот генерал Ван Флит и купот негови советници.
Захаријадис слушаше внимателно. Кога генералите го завршија излагањето, тој рече:
-И нам ни се познати деталите. Ние ги презедовме сите потребни воени мерки и од Грамос направивме несовладлива и нескршлива тврдина. Непријателот го чекаме подготвени и ќе примениме одбранбено-офанзивна тактика. Наша цел е да го искрвавиме, нанесувајќи му големи загуби во луѓе и материјал и во најсоодветниот момент ќе тргнеме во противнапад и на овој начин ќе потврдиме дека Демократската армија на Грција е подготвена и способна да води фронтовска војна, што значи дека се откажуваме од партизанштината.
Наредниот ден, летајќи за Москва за мозокот му се залепи зборот партизанштина и се до слетувањето на московскиот аеродром Шеремјетево се каеше што го употреби. Му текна дека партизанството беше ‘рбетот на југословенското војување. Во Москва се задржа два дена и на враќање, на воениот аеродром во Батајница го пречека Ранковиќ. Молчаливо се поздравија, а разговорот се разврза дури по богатата вечера што во негова чест ја приреди Маршалот. Старото бело вино што најмногу го фалеше Маршалот повлијае Захаријадис да омекне. Дали намерно или му излета зборот, тој со видлива загриженост рече:
-Хазјаинот ме посоветува…
-Да не ти нареди? Тивко праша Ранковиќ, насмевнувајќи се со крајчето од устата.
-Хазјаинот ме посоветува – повтори Захаријадис, преправајќи се дека воопшто не го слушна прашањето на Ранковиќ – заради новосоздадената меѓународна ситуација и новата веќе зајакната позиција на СССР и на земјите со народна демократија, да ја прекинеме оружената борба. Да побараме примирје и да им дозволиме на нашите борци да го предадат оружјето и да се вратат дома, а тие кои тоа нема да сакаат да го сторат, да се повлечат во Албанија. Хазјаинот рече дека за тоа веќе разговарал со Енвер Хоџа кој ги прифатил соодветните укажувања и инструкции…
Маршалот и Ранковиќ одвај забележливо се погледнаа.
-А нас – праша Ранковиќ – не не спомна?
-Не… - излажа. Не им кажа дека за времe на вечерата што за него ја приреди Сталин, по третото наздравување, Молотов му рече:
-Вие, другар Захаријадис, треба да се подготвите за борбата против ревизионизмот… ние знаеме дека одржувате добри контакти со Тито, но… на некој начин треба да ни се придружите… Ние имаме информации дека таму во Југославија работите не одат најдобро… Тито нам ни изгледа сомнителен… на човекот му се присака да биде независен кога целиот прогресивен свет под мудрото раководство на великиот Сталин се бори против империјализмот и за траен мир…
-Не – повтори Захаријадис – не ве спомна…
Пак се погледнаа. Маршалот ја допре празната чаша. Келнерот ги дополни чашите со вино и прописно се повлече.
Еден месец по оваа средба, две недели по започнувањето на големите борби за Грамос, на 28 јуни, радио Белград ја пренесуваше содржината на писмото на ЦК КПЈ, која беше одговор на писмото од Информбирото. Во седиштето на Главниот штаб на ДАГ, Захаријадис, пиејќи планински чај, со увото залепено на батериското радио, откако го ислуша текстот на писмото, стрелката ја префрли на долгите радиобранови и внимателно слушаше вести од Москва. Се муртеше кога радиото крчеше. Се потсети на чудните погледи на Маршалот и Ранковиќ.
Дури сега сфати. Тие значи, нешто знаеја, ама не ми кажаа. И по долго размислување рече:
-Не е жртва само југословенското раководство. Големата жртва ќе биде моето движење. –И веќе тој го знаеше одговорот на Атина:
- Безусловно предавње или смрт! Требаше ли да го послуша Сталин? На своите најблиски од политбирото не им кажа што му рече Сталин. Беше предоцна. Приодите на Грамос веќе беа во пламен. Утредента ги повика во својата земјанка Маркос, Барѕотас, Вландас и Гусјас и откако им ја соопшти веста за осудата на Тито и неговата партија, праша:
-Каков став ќе заземе нашата партија во однос на југословенската, која се отцепи од антиимперијалистичкиот лагер?
Молкот го прекина Маркос:
-Ние, другари, си имаме наши проблеми и …
-Директно, другар Маркос. Прашањето е јасно, нели? – го пресече Захаријадис и, не чекајќи некој друг да се вклучи во разговорот, рече: - Во услови кога ние водиме отворена војна, нашиот став треба да биде неутрален. Сите знаеме што значи Југославија за нашето движење. Меѓутоа, за нашиот став ќе мораме да го известиме другарот Сталин. Не гледам дека некој е против. Состанокот е завршен.
Вечерта Захаријадис со шифрирана радиограма го извести Сталин, подвлекувајќи дека во соодветно време КПГ отворено ќе застани на страната на Информбирото.
Шетајќи долж езерскиот брег врз тие неодамнешни доживувања и спомени наткајува нови размисли. Во главата веќе му се вртат нови идеи, нови планови. Најважно е секоја идеја, секој план да добие поддршка. Барем ДАГ да добие еден град, да го задржи, па ќе го прогласат за престолнина и тогаш пријателите од Прага, Букурешт, Будимпешта, Варшава, Софија и Тирана мораат да ја признаат неговата влада и ќе дадат поголема помош…
Свесен е дека идејата да се отворат битки за градовите ќе однесе многу животн, многу ранети, многу сакати, ќе ја намали борбената моќ на ДАГ; ќе падне моралот, духот, еланот. И натаму му останува да вети, уште многу да вети и со ветувања да го привлече остатокот од она што е македонско население; децата кои таму во државите веќе созреаја – да ги собере во строј. Сите на оружје – се за победата! Никој надвор од стројот! А потоа? Потоа ќе објасни.
За ветувања и објаснувања тој е мајстор. Ќе му поверуваат. Така тој цело време ги учи – да веруваат и да не прашуваат. За прашување има време. Кој ќе праша? Кој ќе се осмели да го праша?
Борбата е нужност и кога е нужност тогаш нема прашања.
Партијата и движењето се јаки кога си ги признаваат грешките.
Важно е да знаеш да ја признаеш грешката, но за тоа е потребно да имаш храброст. А тој имаше најмногу храброст во признавањето на грешките. Велеше: - Ако болшевиците имаат храброст да си ги признаваат грешките, тогаш зошто ние, нивните ученици, тоа да не го правиме!? Болшевиците му беа пример за се! За него болшевикот беше врв над врвовите. Самиот збор – болшевик – го изговараше со огромна почит, бидејќи тој за него беше и совршенство. И ги тераше грчките комунисти, а покрај нив и македонските лесноверници, да веруваат во тоа совршенство, што пренесено на грчки терен значеше да му веруваат нему.
Застана. Се загледа пред себе. Далнината му изгледа празна, ама затоа во неговата глава врие. Зачекори и со подзамижани очи ткае нова идеја. Како лудо надојдена река мислата прескокнува мисла. До неговите нозе плискаат мали бранови. Клекна. Испружи рака. Малите, пенливи бранови се шират, се растураат, му ја мијат шепата. Прстите ги собра во тупаница и силно стегната ја принесе пред очи. Се загледа во неа не откинува поглед. Напнува мускули, набабруваат жили и во очи навира крв. Се цеди водата првин во поројче, потоа капка по капка. Ја отвори раката и се загледа во неа.
Линиите се пресечуваа и шареа по дланката. Се насмевна. Се потсети на Циганката која во далечната 1929 година во Москва, на Таганка, тогаш тој 25-годишен студент на Марксовиот работнички универзитет, лудо вљубен во Чехинката, по наговор на НКВД се мешаше меѓу московската младина, слушаше, со умот бележеше очи, коса, ликови, запаметуваше слушнати зборови и до доцна во ноќта во една од одаите на партиското општежитие ги правеше своите белешки. Тоа беше дел од учебната програма. Да, тогаш, на една од клупите каде седеше, му пријде Циганка и за два рубли му гледаше на дланка.
-Ой, ой, парень, дорога твоя плохая… дурень ты парень. Вот, смотри, миленький, линия дороги никуда не ведет. Ты красивий, умен, но характер у тебя, характер подлеца. Ты случайно не коммунист?
-Да.
-Вот – то и правда, на ладони видно…
Стигна до крајот на полуостровот. Застана, погледна на езерската шир покриена со проѕирна замаглина. Застана. Загледан во далнината, размислува. Во неговата глава веќе почнаа да се зацртуваат и средуваат првите редови на тоа што треба да го напише, а потоа да го изнесе на претстојниот пленум на Централниот. Нагло се сврте и со забрзан чекор ја фати угорнинката што води кон караулата.
Телохранителите го испратија до дворот на караулата и не беа сигурни дали вечерва ќе ноќева тука. Беа навикнати на тоа дека тој честопати, без претходна најава, го менуваше местото на конакување, убеден дека никој не може однапред да си ја одреди судбината…
ГЛАВА 4 Во одајата, со поглед на Галичица, по цели ноќи светеше газиената ламба. Захаријадис работеше. Пишуваше, правејќи мали прекини, колку да испие чаша јак грузиски чај. Петтата ноќ тој го заврши пишувањето на рефератот за претстојниот петти пленум.
Некаде пред да зазори, го стави моливот настрана, ги собра испишаните хартии и ги среди според обележаните страници.
Оддели две страници и небаре се подготвува да одржи говор, полугласно почна да чита:
-Во Северна Грција македонскиот народ… - прекина. Во движењата на неговата глава – пројава на несигурност. Посегна по моливот. Стана. Шета по одајата. Размислува. Мршти веѓи. Се доближи до прозорецот, и лесно поместувајќи ја завесата, долго се загледа во замаглената езерска шир. Се сврте. Бавно и тивко чекори од прозорецот до вратата и обратно. Во огништето фрли две-три дрвца и застана крај масата. Седна. Навали чело на левата рака и одново почна да го чита текстот:
-Во Северна Грција македонскиот народ… - прекина, долго гледа на овие два зборови, закова во нив поглед, се ниша напред-назад, под него крцка стариот стол и со моливот лесно удира на хартијата. Стана. Со бавни и тивки чекори тој шета од едниот до другиот агол. Застана среде одајата, размислува. Мршти веѓи и одново се слуша неговиот тивок чекор. Се доближи до прозорецот и, лесно поместувајќи ја завесата, долго се загледа во мракот.
Надвор лудува снежна бура. Виулицата кобно завива меѓу стеблата. Го отвори прозорецот. Студениот ветер му плисна в лице бран студенило. Во одајата влетаа големи снегулки. За кусо време го остави прозорецот отворен, се сврте и одново шета, ги мери и ги средува мислите. Кога почувствува освежување, пријде до огништето. Клекна и со машата ги намести едно врз друго недогорените дрва и го потсили оганот. Се исправи, го затвори прозорецот и пријде до масата. Ја зеде испишаната хартија, го најде делот што го натера долго да размислува, одново го прочита и гласно се запраша:
-Ем македонски, ем народ? – тој го почна разговорот со себе – ако така напишам, значи признавам и име и народ. А дали вака употребени овие два збора во сегашнава политичка и воена ситуација би придонеле за доброто на нашето движење и дали би ја зајакнале позицијата на нашата партија кај ова население?
Несомнено – да! А дали еден ваков став би предизвикал негодување кај некои членови на политбирото и централниот комитет? Несомнено – да! Во самото раководство ќе има бура.
Ја стави хартијата на маса, од големата чаша со моливи, зеде црвен молив и по зборот македонски, во заграда допиша: - славомакедонски. Гласно прочита:
-Во Северна Грција македонскиот (славомакедонскиот) народ – несигурен во себе, мрдна со глава и над зборот народ напиша малцинство и се запраша: - Дали народ или малцинство? Не звучи лошо и “славомакедонското малцинство.” А можеби е подобро вака: славомакедонското население? Малцинство, да… - Држејќи го в рака запишаниот лист, стана, направи неколку чекори по одајата. Оди во круг. Пак го отвори прозорецот. Студениот воздух го натера да го затвори. Пак си го постави истото прашање: -Зарем мора отворено да биде напишано македонски народ? – Се колеба дали зборот народ да го замени со зборот малцинство или во краен случај со население? Пак кругови по одајата, пак измачувачки размислувања оптоварени со сомнеж. Нагло се сврте, ја стави хартијата на маса. Со црвениот молив замавливо ги избриша зборовите малцинство и население. Сега без размислување и колебање напиша – народ. Небаре му олесна, тој се наведна над листот и почна да пишува:
Στη Βορεια Ελλαδα ο µακεδυικος (σλαβοµακεδονικος) λαος ταδοσε ολα για τον αγωνα και πολεµα µε µια ολοκληρωση ηροισµου και αυτοθυσιας που προκαλουν το θαυµασµο.
(Во северна Грција македонскиот (славомакедонскиот) народ даде се за борбата и се бори со сеопшт хероизам и самопожсртвуваност, со што предизвикува восхит…)
Прекина. Загледан во зопишаната мисла, рече:
-Последново е точно. Од извештаите што ми ги праќаат тие од НОФ и од АФЖ, па и од Главниот штаб населението посебно од костурските, леринските и воденските краишта, даде се од себе. А тие, селските момчиња и девојки навистина предизвикуваат исклучителна восхит. Да. Добро е кажано. Со ова им се оддава признание. Ќе ги охрабри уште подобро да се борат… А што ќе ги мотивира? За тоа подолу… Значи со зборовите македонскиот народ ги задоволуваме оние од НОФ и АФЖ и, се разбира Тито и Колишевски, бидејќи тие во сите разговори што ги имавме, постојано ова население го нарекуваат македонски народ. Ќе ги задоволиме и тие кои во Северна Грција се доселиле од југот на државата и од островите, а посебно тие, кои по размената на населението меѓу Грција и Турција, тука ги доселиле и така станале мнозинско население и по името на делот од Македонија што Грција го присвои по делбата во 1913 година, не само што велат, ами и тврдат дека се Македонци. За разлика од себе ќе прифатат дека до нив, покрај нив или заедно со нив живее словенско население кое пред петнаесетина години или порано, ние, грчките комунисти, ги нарековме Славомакедонци. Ете, значи во овој случај двете страни ќе бидат задоволени. До тука е одлично смислено и држи… Да одиме натаму…
Задоволен од првиот дел на запишаната мисла, седна поудобно, настрана ги стави другите испишани хартии и пак го почна разговорот со себе:
-Сега да видиме што ќе го мотивира тој македонски или славомакедонски народ и натаму да дава се од себе, а посебно, што ќе ги мотивира неговите синови и ќерки и натаму херојски и самопожртвувано да се борат? Прво треба да им се каже на оние од НОФ-АФЖ и групата отпадници во Скопје дека не треба да се сомневаат во тоа дека во нова демократска Грција ќе им бидат ограничени правата. Второ, дека во таквата нова Грција ќе се здобијат со национална возобнова. За да се здобијат со тоа, тој македонски (славомакедонски) народ и натаму треба самопожртвувано да се бори за да победи Демократската армија на Грција. Да. Тоа се условите за неговото возобновување. Да. Ова е основата…
Во себе уште еднаш ја преповтори мислата. Од чашата со моливи зеде наострен црвен молив и без да брза, меѓу редовите на претходно напишаниот текст, почна да пишува, гласно изговарајќи го секој збор:
∆εν πρεπει να υπαρχει καµια αµφιβολια οτι σαν αποτελεσµα της νικησ του ∆ΣΕ και της λαικης επαναστασης ο µακεδονικος λαος θα βρει την πληρη εθνικη αποκατασταση του ετσι οπως τη θελει ο ιδιος, προσφεροντας σηµερα το αεµα του για να την αποκτησει.
(Не треба да постои никакво сомнение дека како резултат на победата на Демократската армија на Грција и на народната револуција, македонскиот народ целосно ќе се здобие со национално возобновување така, како што самиот тоа го сака и за да го добие, денес ја жртвува својата крв…
-Ова е добро – рече. И откако го прочита целиот текст, со истиот црвен молив двапати ги подвлече зборовите национално возобновување и гласно се запраша: -Дали тие прости и полуписмени раководители и активисти на НОФ ќе го разберат зборот αποκασταση и како ќе го преведат на нивниот јазик што значи национално возобновување во случајот на македонскиот (славомакедонскиот) народ, кој во Грција е непризнато малцинство? Нашата партија го призна како национално малцинство и во текот на оружената борба тоа малцинство ги доби сите права што му припаѓаат. Во новата фаза на оружената борба и народната револуција ние му даваме нова надеж…
За миг прекина и, удирајќи со прстот на хартијата, рече:
-Па, да. Овие зборови – национално возобновување – треба да ги сфатат како целосно национално самоопределување. На Скопјани, па преку нив и најмногу на Тито, а уште повеќе на опонентите во однос на решавањето на националното прашање и самоопределбата на народите во духот на резолуцијата на Обединетите нации да им се докаже дека токму во нашата револуција и единствено преку неа македонскиот народ со својот хероизам и придонес со крв се избори национално да се определи така како што тој самиот сака и како што ќе посака. Теоретски е одлично. Камо ли ова да можеме пропагандно да го искористиме меѓу народот во Вардарска Македонија за да посака и тој да се определи и во тој дух да побара отцепување од Југославија , а и поради тоа да покаже солидарност со нивните браќа кои денес гинат, крвават во оваа борба да им се приклучи, сфаќајќи ја таквата своја определба како чекор за остварување на стремежот за нивно национално обединување во една држава. Да. Да сфатат дека во нова демократска Грција можат да имаат најдобар свој сојузник. – И одново го прочита делот од реченицата:
македонскиот народ ќе се здобие со целосно национално самоопределување така, како што тоа самиот го сака.
Utilisez les flèches gauche et droite pour tourner la page.
Imprimé depuis https://macedonianhistory.ca/fr/narrative/golemata-izmama/5 le 29 octobre 2026