Canadian Macedonian Heritage Society Canadian Macedonian Heritage Society Devenir membre !

The Great Lie

ГЛАВА 9

Par Петре Наковски · Partie 11 sur 29 · Environ 18 minutes

Lire en English

ГЛАВА 9

-За да можеме да го оствариме планот ни требаат најмалку пет до седум илјади борци. Од каде? Од бегалските маси. На Албанија не можеме да сметаме. Таму имаме само луѓе во години и сакати.

Би можеле да обезбедиме едно три до три и половина илјади борци од редовите на децата што ги испративме внатре, то ест во народните републики, а останатиот дел, оној најголемиот, од Југославија. Тука ни е отежната работата поради предавството наТито. Во краен случај би можеле со него да разговараме и преговараме, ама ако дознае другарот Сталин, тогаш лошо. Јас своевремено се согласив таму да одат Михали, Вангели и оној угурсузот Гоце, ама досега немам никакви посакувани резултати.

Пред да ги испратам требаше да ги стреламе и да ги прогласиме за шпиони и предавници на нашето движење и на партијата. Бидна.

Има време. Сакам, Милтијадис – кога Захаријадис некому од своите блиски соработници сакаше да му довери многу важна работа, тогаш му се обраќаше по име – сакам Милтијадис тебе да ти доверам многу важна задача. Сакам ти да одиш во Скопје, ама не сам. Со тебе ќе дојдат Пасхалис Митропулос, Мангос и Марика Елкова. Таму ќе ти се придружи Никос Дафнис, кој во Скопје раководи со нашата јавка.

-Јасно – тивко се одгласи Порфирогенис. – Кои се моите задачи таму?

-Ќе раководиш со целата група. На почеток само ќе слушаш што ќе речат тие, Славомакедонците, и се ќе бележиш. На крај ќе постапиш остро. Како? Ќе се договориме. Тие, кои ќе те придружуваат, секој ќе има свој дел од задачата и свој збор. Јас со секој од нив одделно разговарав и си ја знаат улогата. Цел на престојот и разговорите во Скопје: мобилизација на четири до пет илјади борци, па дури и повеќе.

-А децата? Мислам на повозрасните?

-Со нив ќе биде лесно. Таа работа пак тебе ќе ти биде доверена.

Ќе одбереш неколку добри говорници-пропагандисти и како што знаеш самиот, ќе го распалите во нив борбениот дух, а потоа отворете ги тефтерите и запишувајте доброволци. Останатото ќе го направат други… За твоето одење во Скопје е известена нашата јавка која веќе ги договори состаноците со луѓето со кои треба да разговараш. Внимавај на Керамитчиев. Тој е итар и лесно не губи нерви. Знае да сослуша и има талент да убедува други. Зборувај во име на партијата и постави се остро…

* * * Доцна ноќе, на 8 февруари, Порфирогенис, со шифрограма испратена од јавката во Скопје, му јави на Захаријадис дека наишол на тешкотии и во врска со тоа бара да се врати заради консултации. По еден час шифрантот од јавката му подаде лист во кој пишуваше: “Веднаш враќај се.” Пред зори Порфирогенис ја помина границата кај Маркова Нога и вечерта му реферираше на Захаријадис.

-Ми оставија впечаток дека воопшто не ни веруваат и дека не игнорираат. Подолго време им го објаснував ставот на нашиот ЦК и значењето на петтиот пленум. А знаеш што ми рече Оче? Тој вака ми рече:

-Со таа одлука на вашиот петти пленум им ја потпишавте смртната пресуда на илјади македонски и грчки комунисти кои денес се во затворите и логорите. Бидете сигурни, рече, дека сите тие ќе мораат да потпишат изјави дали се согласни со таквиот став.

Захаријадис подзастана да шета по одајата и рече:

-За сите важи партиската дисциплина. А тој, Оче, за кого знаев дека е соработник на ОЗНА и УДБА, уште лани требаше да го стреламе.

Захаријадис се доближи до прозорецот и го отвори. Се загледа далеку во планините. Секогаш лошо се чувствува во затворена просторија. Не ги трпи малите прозорци и темните тесни одаи. Се чувствува како во кафез. На своите соработници честопати им велеше дека неговата ќелија во затворот во Акронавплија беше поголема од најголемата одаја во оваа селска куќа. Повеќе од еден или два дена никогаш не остануваше во истата куќа. Во неговата нарав длабоко беше вгнездено чувството на недоверба. Никому не му веруваше. Се сврте и рече:

-Да излеземе на прошетка. Одиме да вдишиме малку свеж планински воздух…

Излегоа. В лице им удри студен ветер. Под нозете крцка замрзнатиот снег. Лаеж на куче. Одат еден до друг. Патот ги води кон крајната куќа, на излез од селото, најблизу до шумата.

Влегуваат. Голема просторна одаја. Во ќошот баботи распалениот пампур. Ги соблекуваат шинелите. Захаријадис застана до печката и подаде раце, трие дланки. Се топли. Свртен со грбот кон Порфирогенис, појде до прозорецот, го отвори и погледна надвор.

Високо, над пелистерските врвови, полна месечина. Нејзин отсјај во белината на снегот и во одвај разбранетите води на малото Преспанско Езеро. Далеку на север, бледо мижуркаат светлата на Ресен и над него Големата Мечка. Секогаш кога ќе ја најдеше, со мислата се преселува во Прага. Го затвори прозорецот, се сврте и појде на кај газиената ламба. Го подигна фитилот. Бледа светлина ја осветли одајата. Виде како Порфирогенис ја спушти на маса офицерската чанта и како од неа извади дебела тетратка. Тој ја отвори и, стоејќи, чека. Во големиот чајник врие водата.

Захаријадис извади од долапчето две стаклени чаши, ги доближи до ламбата и една по една ги избриша со бел пешкир. Ги стави во сребрени држачи (подарок од Сталин) и во нив стави по една лажичка чај, а потоа чашите ги наполни со жешка вода, која полека почна да добива боја на топол килибар.

-Повели – му се обрати на Порфирогенис - грузиски чај засладен со шумски мед. Крепок. Од татковината на другарот Сталин. Се пие додека е жежок. Ја освежува мислата и го смирува духот. Пиј…

Во одајата молк. Тишината ја прекинува тивкото чекорење на стражарите пред куќата. Под нивните нозе крцка замрзнатиот февруарски снег.

Захаријадис го испи чајот и, посегнувајќи по чајникот, рече:

-Докладивай…

Во кругот на своите најблиски соработници, тој имаше обичај разговорот да го почнува и да го завршува со руските зборови докладивай и понятно.

Порфирогенис ја отвори тетратката и откако кашлицата ја исплука во шепата, го почна извештајот:

-Согласно твоите директиви, во нашата јавка во Скопје ги повикавме Гоче, Керамитчиев, Ајановски, наречен Оче и Славјанка. Се договоривме прв да зборува Ставрос Мангос (тие го викаат Крсте Мангов) кој одлично ја познава целата четворка која се засолна во Скопје. Тој почна со информацијата за одржаниот пленум на НОФ на кој е донесена одлука за свикување на вториот конгрес, подвлекувајќи дека таму пред се ќе стане збор за решавањето на македонското национално прашање и засилувањето на борбата на македонскиот народ, дека ќе биде променета програмата и статусот. Не му беше врзано зборувањето.

Прескокнуваше од тема на тема. Час зборуваше за дезертерства, час за славости, за успеси. Буквално тој рече:

-Македонскиот народ по ослободувањето на Грција ќе има можност да се самоопредели, самоотцепи, со право до формирање и постоење на самостојна македонска држава и при тоа тој подвлече дека македонскиот народ ќе биде слободен и рамноправен во рамките на балканската федерација.

Порфирогенис го сврте листот и продолжи:

-Мангос подвлече дека од редовите на Македонците има многу дезертерства кои народот ги осудува како кукавичлук и за да им биде простена постапката, тие треба да се вратат. Рече дека во новата влада ќе има еден министер Македонец, а и во Главниот штаб исто така еден член Македонец и дека ќе се формира одделна македонска комунистичка организација која ќе биде составен дел на КПГ од која и ќе се раководи и дека 11-тата дивизија на ДАГ ќе го носи името македонска дивизија. Тој во повеќе наврати те цитираше. Меѓу другото рече дека според оценката на Захаријадис доколку ДАГ би располагала со повеќе војска, тогаш би го држела Олимп, па оттука е потребно да се изврши мобилизација на егејските Македонци кои пребегнаа во Југославија. Меѓу нив се разврза остра дискусија, која повеќе личеше на караница и заемно обвинување. Нашите, условно така да ги наречам, настапија остро. Еве некои искажувања. “Јас не сум согласен со тоа што вие останувате тука. По мое мислење воопшто земено вашето држење не е правилно. Можеби затоа што не сте задоволни. Тоа е едно.

Еве и друго. “Другари јас би сакала да знам кои се причините поради кои вие седите во Југославија. Барам да ми објасните. Што ве држи вас тука? Треба да се вратите долу. Не го помогнавте раководството на НОФ. Потребно е што побрзо да се вратите во овие критички моменти кога народот денеска се бори, стари и млади сите се на фронт. Ако не се вратите народот ќе ве осуди.

Ако не го спечаливме тоа што сакавме да го спечалиме, за тоа сте криви и вие. Захаријадис отворено ни рече нека дојдат со една или две дивизии и нека организираат и едно нивно раководство, на ако сакат нека водат и титовска политика… И уште и ова - “вашето останување тука претставува центар кој влијае на сите незадоволници и плашливи елементи и се создава и натаму расцеп.

Или сакате или не сакате – вие сте одговорни за целата ваква состојба и поради тоа ќе бидете карактеризирани како предавници.

Таму денеска нашето НОФ-итско движење се спротивставува на многу тешкотии, таму се води борба на живот и смрт и во една ваква состојба вашето останување тука нанесува големо зло на нашето движење. Ако се вратите, можно е тоа зло да го снема, а и од друга страна и вие ќе си ги поправите грешките, ама пред да се вратите добро ќе биде да се разберете со тукашните власти, барајќи од нив да ги затворат вратите и да не примаат ниту еден дезертер…” Никос, овие неколку искажувања потврдуваат дека во НОФ-итското раководство постојат…

-Скрати – му забележа Захаријадис. – Добро е што не се единствени… Тоа го знам. Кажи ми што рекоа тие во врска со твојата мисија, тоа е важно.Продолжи.

-Тие, Никос, најбезобразно ја подложија на остра критика целокупната политика на нашата партија во врска со македонското прашање, подвлекувајќи дека за тоа лично ти си одговорен.

Сосема кратко речено: тврдат дека тие се измамени и дека не се во состојба да ги мобилизираат измамените Македонци. Тој, Гоче главно, со подигнат тон, буквално рече, само момент, имам запишано. Да Го имам. Тој рече: - “Прашањето за создавање македонски единици е лага. Тоа е ваша демагогија и ние тука врз основа на вашите измами го лажеме нашиот народ. Дека сето тоа е лага ни зборуваат и фактите што од ваша страна се расформирани македонските партизански единици што беа формирани во Преспа и дека не е спроведена во дело спогодбата што во 1946 година ја потпишаа НОФ и КПГ…” Порфирогенис прекина за миг, па рече:

-На ова реагираше Паскалис.

-Што рече тој?

-Паскалис во основа ги повтори зборовите на Мангос за тоа дека македонскиот народ во Егејска Македонија доби право на самоопределување и формирање на самостојна македонска држава и дека…

-Скрати!

- Добро. Во продолжение што се однесува на спогодбата меѓу НОФ и КПГод 1946 година, Паскалис буквално рече: ”Јас тврдам дека таа е спроведена во дело. Ние тогаш како раководство тргнавме да оствариме единство и согласно со оваа спогодба, ги растуривме постојните македонски единици.” Така рече Паскалис, а малку подоцна го рече и ова: “Јас лично не се согласувам со постапката и оцената на другарот Оче дека македонскиот народ во Егејска Македонија нема желба и доверба во демократското раководство да се бори и понатаму. Вистина е дека постојат некои ситници околу неправдата и потценувањето на македонските кадри од страна на грчките партиски и воени функционери.

Вистина е дека ништо не е остварено во практиката од спогодбата меѓу НОФ и КПГод 1946 година. Ние не треба да се фаќаме за такви ситници, туку треба да гледаме со доверба во намерите на другарот Захаријадис, дека прави се за нас Македонците. На пример, да ве потсетам што рече другарот Захаријадис на вториот пленум на Централниот совет на НОФ. Тој таму рече дека на конгресот на НОФ треба да се изјасни националното прашање на македонскиот народ, кој со своето учество во денешната борба, врви кон создавање независна македонска држава… Зарем малку е ова”

-А ти, Милтијадис, што им рече?

-Јас, како што се договоривме, слушав и бележев. Ги оставив тие меѓусебно да се караат и да се убедуваат, меѓутоа сфатив дека, условно да ги наречам – нашите, настапија несигурно и без аргументи. Имам впечаток дека единствен аргумент им беше честото повикување на твоето презиме, веројатно убедени дека самото негово спомнување е доволно за да бидат убедени. Што реков јас? Само момент… - Тој префрли неколку листови од тетратката, долго се искашла, пивна од веќе оладениот грузиски чај. – Еве, најдов. Тука се имам запишано. Еве што им реков. Јас, другари, по налог на другарот Захаријадис тука ги донесов другарите Паскалис, Мангос и Марика Елкова со цел да направат се што е можно да пронајдат и пратат долу нови македонски борбени сили – резерви. Исто така и јас како и вие треба да им помогнеме на другарите да се постигне успех. По мое мислење тука, во Југославија, треба да пронајдеме и испратиме во Егејска Македонија пет илјади Македонци што значи исполнување на педесет отсто од планот на Главниот штаб. Пронаоѓањето на овие пет илјади Македонци и нивното испраќање долу може да биде доброволно или со сила, што значи и со насилна мобилизација. Во продолжение пошироко им ја објаснив резолуцијата на петтиот пленум на нашиот Централен комитет, укажувајќи на тоа дека од нашите редови исфрливме неколку опортунисти заради нивната неспособност на воен план, како на пример Маркос, кој се покажа некадарен да сфати дека демократската армија на Грција е способна да води фронтална војна и настојувал да опстанеме на партизанштината. Понатаму подвлеков дека евентуалните недоразбирања меѓу КПГ и НОФ се од безначаен, а не од принципиелен карактер. На крај им реков писмено да се изјаснат дека веднаш ќе почнат со мобилизацијата на македонските егејци и нивно испраќање на фронт. Тие не рекоа дека нема да дојдат и дека нема да мобилизираат борци, тоа ќе го направат, но под одредени услови.

-Што бараат?

-Бараат да признаеме дека не сме го решиле правилно македонското прашање; во составот на ДАГ да се формираат одделни македонски единици со свој штаб и командувани од македонски команден кадар; да дејствуваат на македонските простори; да се отстранат од раководството на НОФ Којчев, Коцопулос и Гусопулос; на сите болни, неспособни за работа и носење оружје, како и на сите стари мажи, жени и деца да им се дозволи да преминат во Југославија; да не се мобилизираат деца на возраст од 14 и 15 години и жени постари од 36 години македонските деца кои се испратени во државите да се воспитуваат во духот на македонскиот патриотизам; да се воспостават слободни контакти меѓу Македонците од двата дела на Македонија; да му се дозволи на НОФ слободно да зборува за тоа дека македонското прашање најправилно го решиле југословенските комунисти и да се спречи пропагандата против Тито; Комунистичката партија на Грција на овие дезертери да им се извини и јавно да признае дека направила многу грешки во однос на Македонците; да не се бара одговорност од Македонците кои пребегнаа во Југославија и да не се нарекуваат дезертери и предавници и за се што бараат да се потпише договор, а доколку не се согласиме, тогаш тие целата одговорност за настанатите последици ќе ја фрлат врз нас. На крајот тие рекоа дека сите свои забелешки и барања кои ќе бидат нивен официјален став, наскоро ќе ги достават во форма на писмо.

-Понятно… - одолговлечено рече Захаријадис. Тој стана.

Направи еден круг околу масата. Застана до прозорецот. Надвор зазорува. Врвовите на Пелистер и Бела Вода ги снема во облаците.

Над езерото легна магла. Го отвори прозорецот. Одајата се наполни со студенило. Северецот навева ситен студен снег.

Захаријадис се сврте, се доближи до масата, ја наполни чашата со чај. Топлејќи си ги дланките, рече одвај чујно: - Шикли се разбравте. Признавам, згрешив. Не дека им поверував на Гоче и на Керамитчиев. Не! Ним никогаш не им верував. Како што не му верувам ниту на Паскалис и на целиот НОФ. Туку, кажи ми, какви ни се шансите да ги прибереме тука тие пет илјади?

-Според мене, Никос, никакви. Тито е на нивна страна. Да не беше резолуцијата на Информбирото… Туку јас, Никос, мислам дека не треба да ја оставиме тукутака работата. Тие што се засолнија во Југославија се наши државјани и ние имаме право, согласно грчките закони и прописи, дури и насилно да ги мобилизираме. Ако Тито не ни дозволи, тогаш ние нему и на неговата комунистичка партија можеме да му објавиме идеолошка војна…

Захаријадис ја остави чашата на маса и се загледа во очите на Порфирогенис. Долго го гледа, а тој спушти очи и наведна глава.

-Да му објавиме идеолошка војна, велиш?

-Е, не баш така, ама…

-И ти, како и другите, брзаш. Не брзај. Имаме време. Се во свое време. Тито се уште е на наша страна. Границата е отворена, материјалот редовно пристигнува, стотици наши борци се лекуваат во југословенските болници. Таму се нашите бази со оружје и храна. И се додека е така, јавно ниту еден лош збор за Тито и за неговата партија. И додека е така, а да се молиме така да биде, ниту еден лош збор за Тито. Ние своевремено зазедовме став и за тоа го известивме другарот Сталин дека во соодветно време ќе си ја извршиме обврската спрема Информбирото. Кога ќе дојде време, тогаш Тито и неговата партија и најпогрдно ќе ја наклеветиме, значи, ќе ја нападнеме…

-Да, се разбира, другар Захаријадис, ти си во право, така е, се разбира. И јас можеби брзам, по некогаш не внимавам што зборувам. Големите тешкоти што ги имаме, за жал, водат и кон неконтролирани мисли. Простете…

-А Колишевски?

-Колишевски? Па мислам дека тој ја бурбати работата.

Разговаравме повеќе од еден час. Му ги изнесов сите наши потреби и најмногу се задржав на нашето барање за мобилизација на нашите Славомакедонци.

-И што ти рече?

-Ми рече дека нивната страна ќе си остане на тоа што го ветија во 1946 година, значи нема да го сопрат опремувањето со оружје и храна и дека и натаму нивните болници ќе бидат отворени за нашите ранети борци. Но, кога му спомнав за мобилизацијата на нашите славомакедонци, подвлекувајќи дека тие се наши државјани кои според нашите закони и насилно можеме да ги мобилизираме, тој најостро ми рече дека тоа право го немаме. Ние сме први, рече, кои сестрано го поддржавме вашето движење и први сме кои ви излеговме во пресрет со сета помош и покрај нашите големи тешкотии, но, рече, никој не ја призна вашата влада, па според тоа вашите закони немаат правно дејство. Во текот на разговорот го запознав и со одлуката на нашата партија донесена на петтиот пленум, подвлекувајќи дека Македонците во Северна Грција ќе имаат право да се самоопределат и да создадат своја држава, дека ќе имаат своја комунистичка организација, еден член во привремената влада и во Главниот штаб и дека е одлучено единаесеттата дивизија на ДАГ да се преименува во македонска дивизија…

-И што рече Колишевски?

-Ете што рече тој: - Македонците - отсечно рече тој – веќе имаат своја држава, која ја извојуваа со борба и големи жртви, а не им ја создаде некоја пленумска одлука. –Така ми рече. Добив впечаток дека тој ги штити тие неранимајковци и дезертери. Тој им дава засолниште. На излегување од неговиот кабинет тој им дофрли: - Вие ги помценувате македонците организации НОФ и АФЖ. Без нив, во тој дел на Македонија, вие сте ништо. Зарем се уште не сфативте дека тие се подвижната сила? Без нив во вашите единици не би имале ниту еден Македонец освен оние неколку верни на вашата партија. Не заборавајте дека со помош на НОФ и нашата поддршка успеавме да ги мобилизирате Македонците…

Захаријадис направи круг по одајата и исцеди:

-Да не беше тоа проклето Информбиро, јас преку Тито ќе му ја сварев пченицата на Колишевски. Ако тој така се однесува, тогаш сигурно ја има поддршката на Тито. Ова е уште една потврда за Титовото предавство… Велиш дека немаме шанси да ги собереме Македонците?

-Искрено, Никос, никакви… Сакам да знаеш дека нашите дезертери целосно ги поддржува Колишевски. Така ми рекоа тие од нашата јавка во Скопје.

Захаријадис молкома го прегази просторот до вратата и полека свртувајќи се, рече:

-Можеби некои од нашите нофити, а и тие таму во Скопје ќе ги потсмири нашата одлука за промените што ги извршивме во раководството на НОФ…

-А јас, Никос, мислам – му ја прекина мислата Порфирогенис…

-Што мислиш?

-Мислам дека тие во услови на војна многу бараат.

-Па тоа што го бараат, веќе го добија. Доста воени кадри унапредивме во повисоки чинови, имаат свој претставник во владата и во воениот совет… децата таму во државите учат македонски, а и во единиците во кои има голем број борци од македонско потекло се организираат часови за учење на македонскиот јазик… Наскоро ќе им формираме и комунистичка организација… Неочекувана за нив е одлуката на нашиот петти пленум и во тој дух треба да се одржи и претстојниот втор конгрес на НОФ. Свесни сме дека се што направивме е штетно за чисто грчкиот карактер на нашето движење, па оттука имаме негативно реагирање и од некои членови на нашиот Централен комитет, а да не зборувам за реакциите на нашите непријатели… Јасно е дека мораме да одиме на задоволување на нивните барања, зашто така како што НОФ успеа да го мобилизира тој народ, така може и да го одврати од нас… И за да не ни се случи тоа, потребно е да не дозволиме раководството на НОФ да е обединето. Меѓу нив одамна е фрлен црвот на меѓусебната нетрпеливост и сомнеж и таквата состојба и натаму треба внимателно и грижливо да ја одржуваме…

Остро заѕвони полскиот телефон. Захаријадис брзо, неколкупати ја заврти рачката и ја подигна слушалката.

-Единиците тргнаа… операцијата почна… - јави глас од другата страна на жицата.

-Добро… пожелувам успех… - со растреперен глас рече Захаријадис и полека ја спушти слушалката.