Canadian Macedonian Heritage Society Canadian Macedonian Heritage Society Devenir membre !

The Great Lie

БОРБА ПОБЕДА НАЦИОНАЛНО ОСЛОБОДУВАЊЕ - Part 01

Par Петре Наковски · Partie 13 sur 29 · Environ 22 minutes

Lire en English

БОРБА ПОБЕДА НАЦИОНАЛНО ОСЛОБОДУВАЊЕ

-Дај да видам! – Захаријадис го прекина читањето и испружи рака. – Па ова е сосема на руски! Само последните два збора ако би биле напишани националъное освобождение, тогаш целата парола би била на руски и некој од страна би рекол дека со нив, со НОФ-итите, раководат Русите, а не нашата партија. Голема сличност. Скоро исто! Што можеш, словенски јазици! И убаво наместено – скалесто и редум, се разбира, прво во борба, преку неа до победа, а по победата до националното ослободување. Василис, читај!

Трето. Да се изработат значки, почесни и како спомен од конгресот. На горната страна да стои НОФ, а на долната II конгрес. Илустрираните прикази да излезат во 500 примероци секоја илустрација. Исто така и значките. Ние тука немаме средства и можности да ги направиме тие работи. Поради тоа ве молиме да ги прифатите нашите предлози и да се погрижите предложените прикази да се изработат во странство. Можеме да испратиме и човек кој има некаква идеја и разбирање за сликарство и може да помогне. Треба да имате предвид дека 25 март го определивме за одржување на конгресот. Исто така добро е на денот на одржувањето на конгресот да им дадеме по една кутија цигари на мажите и по една чоколада на жените-делегати…

Барѕотас прекина со читањето.

-Толку? - праша Захаријадис.

-Во врска со конгресот толку, но има нешто друго.

Барѕотас го отвори вториот плик.

-Никос, имам уште едно писмо од Паскалис…

-Пак ли бара нешто?

-Така нешто, ама повеќе информира…

-За што?

-За некои неправилности, според него…

-Читај…

-Еве што пишува тој…

Едно друго прашање што треба да го имате предвид и што го подвлекувам и поставувам пред вас. Имено економската ситуација на населението во подрачјето на Пополето и Костенаријата, во Костурскиот округ, е очајна, особено по последните масовни обездомувања. Многу семејства, заедно со тоа што можеле да го понесат, жито и добиток, минале на слободните територии.

Житото им го зела нашата армија, со тоа што им е речено дека таа ќе ја преземе врз себе нивната исхрана. Исто така, земени им се и овците под услов армијата да им ги врати кога семејствата ќе се населат во слободните села. Многу од овците се исклани и потрошени за потребите на армијата. Другите се измешани со овците на нашата армија (14 бригада) што се од трофеј. Луѓето сега се населени во слободните села и си ги бараат преостанатите овци што до овој момент бригадата не им ги вратила. Ве молам да го разгледате прашањето и да видите што може да се направи. Ќе забележам дека од економски аспект нивниот живот е многу тежок и тие негодуваат. Исто така, кадрите кои работат во Костурско Поле не известуваат дека во тие села оделе интендантите и им го земале сето жито на селаните и не им оставале ништо за исхрана на семејствата. Тоа е сторено во селата Тиквени, Жупаништа, Изглеби и Желин.

Повеќе словеномакедонски кадри во ДАГ се потценети… -Барѕотас прекина, го преврти листот и продолжи: … се поставени како обични борци, додека грчките кадри од Булкес веднаш се поставуваат за помошници на политички комесари на бригади, одговорни за безбедноста на баталјон, интенданти…

-Во продолжение Паскалис пишува…

-Не раскажувај, туку читај! - подвикна Захаријадис.

-Добро. Паскалис натаму пишува:

Не е правилен односот на некои грчки кадри, како на пример Пацурас или Аријанос, кои ги слушав како викаа пред народот:

“Убивајте секого кој не слуша.” Тоа беше на почетокот од започнувањето на работите за утврдување на теренот кога народот неорганизирано го влечкаа од едно место на друго без да му дадат конкретна работа. Таков однос постои и во однос на пренесувачките на ранетите, како и во работилниците, а сето тоа создава неблагопријатна состојба и резултат на тоа е дезертирањето на повеќе жени… Нешто за самоволието и антинародните постапки на интендантурата и на некои партизани од 107 бригада во Арменско и во Буф. Во Арменско еден стар партизан го тероризирал населението и грабал што сакал. На населението му го земал дури и лебот. Тој беше пријавен но наместо да му суди воениот суд, тој и сега продолжува да оди во селото. Во селото Буф се украдени јаболка и тутун. Интенданти на XI дивизија слегоа во селото Арменско и од некои куќи зеле сено и жито. Од Ставровица Куртева зеле 320 оки жито, од Илија Цуцов, партизан, зеле 5 товари сено и 40 оки жито, од Иљов, партизан, го зеле целиот тутун што го имал дома, од Јован Јованов, партизан, 8 товари сено, на Ристовица Иљовска ѝ зеле 20 товари сено, а на Коста Маркулов му го зеле целото сено. Еден интендант од 107 бригада, по име Спирос од Пиреј, на девојките од Буф им велел: “Земете пушки и потоа дезертирајте кај бурандарите.” Еден началник на бригада им велел на носачките “ќе умрете тука “, а потоа цели дваесет и четири часови ги држел под дожд изолирани во шумата. Некои од нив без покривка ги ставиле да спијам во црквата во село Кономлади. Од работните бригади дезертира Атина Гелемисинова. Таа сега заедно со мајка ѝ се наоѓа во затворот на народната милиција во село Желево. Таа има двајца браќа борци на ДАГ, едниот е загинат, а другиот е инвалид од борбите на Грамос. Народната милиција многу лошо и сурово се однесува спрема народот…” Барѕотас прекина. Писмото го врати во чантата и по кратко размислување оттаму извади жолт плик.

-А ова, Никос, е адресирано до тебе…

-Од кого е?

-Од Паскалис…

-Отвори го и читај…

-Само момент… - тој го скрши восочниот печат и со растреперени прсти, го отвори пликот. Од обете страни листот испишан со молив. Барѕотас го измери со погледот, го сврти, та рече: - Убав, читлив ракопис…

-Па образован е… Адвокат… Читај!

-Читам…

“Другар Никос, Прашањето за самоволијата што се случија во селата Горно и Долно Дреновени, Кономлади, Поздивишта и Габреш, за што завчера ви јавив, се состои во следното. Лицето кое ме извести се вика Димитриос Сукарис од село Црновишта. Тој е одговорен за бегалците во Ошчима. Жената која била малтретирана се вика Ламбрина Петропулу од Горно Дреновени. Партизаните кои ја малтретирале биле од 14 бригада. Имињата тој не им ги знае, бидејќи отишле ноќе. Во истото време тие ја заклале и ја однеле свињата. Исто така го отвориле бурето со вино, источиле околу 50 оки, а останатото го оставиле да истече. Истовремено измалтретирале и други две жени од истото село и трите заедно со Лабровица Петропулу ги натерале да го играат орото “Елено моме”. Лабровица Петропулу има тројца партизани во ДАГ од кои едниот е убиен, а другите двајца се ранети. Исто така, таа има и ќерка партизанка, а втората нејзина ќерка е негователка на група деца кои заминале во народните републики. Истиот Димитрис Сукарис го изнесе и долунаведениот настан. Имено борецот Диме Попадин од село Горно Дреновени, кој служел во 14 бригада отишол во селото по некоја работа. Кога влегол во куќата, видел како мајка му и жена му борци на ДАГ од 14 бригада ги тепале.

Другиот ден тој си ја зел жената и му се предал на непријателот кај месноста Биковик. Спомнатиот борец бил партизан од мај 1947 година и ранет во минатогодишните борби на Грамос. Истиот ми го изнесе и овој настан. Петрос Панопулос од село Црновишта, татко на тројца партизани. Сите ранети. Една вечер некој борци на ДАГ од 14 бригада влегле во неговата куќа и сакале да земат некои работи. Жена му се спротивставила, а тие ја тепале и ја газеле по мевот. А Петропулос му рекол на Сукарис дека по овој случај тој секоја вечер ќе стои пред куќата и со секира ќе убие секого кој ќе дојде и дека ако продолжи ова натаму, тој ќе си ја запали куќата и ќе избега во Костур и таму ќе објави во весниците… Луѓето, ми велеше Сукарис, ноќе кога поминуваат партизаните и чукаат на портите, не отвораат и се кријат по таваните зашто се плашат…” -Толку, другар Никос…

-Предлага ли нешто, тој Паскалис?

-Да… предлага да се преземат соодветни мерки и да се казнат сторителите на таквите антинародни постапки…

-А ти, Барѕотас, како политички комесар на Главниот штаб, имаш ли сознанија што вели народот?

-Народот? Народот, Никос, колни. Колни народот.

-Лошо, многу лошо… Кога народот колни, значи не е задоволен и губи доверба… Да… Треба да му ја вратиме довербата, нели?

-Да, се разбира - потврди Барѕотас, додавајќи: - Паскалис го пишува и ова:

Ви доставуваме една изјава од три жени од село Вишени, Костурско. Тие се жалат во врска со нивните деца кои пред извесно време ги донесовме од народните републики и ги мобилизиравме во армијата. Тврдат дека децата се на 15-годишна возраст. Сега служат во 8-та чета, трети батаљон. За ова прашање се дискутира во поширок круг луѓе и има коментари, негодувања и полемика. Други мајки, кои имаат деца во народните републики и кои се на иста возраст, доаѓаат и плачат, создаваат расправии дека ќе ги мобилизиравме и нивните деца и во продолжение бараат да им ги вратиме малолетните деца кои се наоѓаат во народните републики. Таквите гласови и работи ќе се искористат од непријателските елементи и ќе се создаде негативна, лоша атмосфера. Се фрлаат пароли дека мобилизираните мали деца повеќето загинале или биле ранети, а некои заробени во борбите со непријателот. Ние од наша страна поставивме задача прашањето организационо да се согледа и да се разгледа. Добро е и вие да го разгледате прашањето, се разбира, во рамките што ги дозволуваат и определуваат воените потреби.

Захаријадис прекина со шетањето по одајата. Стоејќи со грбот кон Барѕотас, замислено и со строг глас рече:

-Ни протече една од строго чуваните тајни. Ова не е прашање на НОФ, туку на Главниот штаб, а пред се на Второто биро!

Веднаш, уште денес, сега, да се почне со истрагата. Откриените виновници најстрого да се казнат!

-И не е само ова, Никос. Паскалис пишува…

-Со убави вести си ми дошол, Василис!

-Еве, што уште пишува Паскалис:

Друго прашање по кое се дискутира, е прашањето дека Славомакедончињата во народните републики не се школуваат на македонски јазик. Се разбира тоа е славост на организацијата што досега не го решила прашањето. По тоа прашање ќе ни помогнете ако некои ранети-инвалиди, кои служат во ДАГ, а кои се учители, ни ги дадете да ги употребиме за таа работа.

Захаријадис наеднаш се исправи пред Барѕотас, строго му се загледа в очи и со тивок, одмерен и шушталив глас, во кој се чувствува закана, праша:

-Кажи ми дали од декември 1947 до февруари ланската година на слободните и полуслободните територии работеа македонски училишта? Да или не?!

Барѕотас се поднамести, ги поправи очилата.

-Јас, Никос, како што знаеш, задолжен сум за воени прашања, а не за просветата…

-Ама си член на Политбирото на ЦК – налутено викна генералниот – и твоја должност е исто така да се интересираш и за овие работи! Нели си политички комесар на Главниот штаб? Ако не ти, тогаш кој друг ќе ја согледа политичката штета, а?! И што мислиш, зошто Паскалис токму тебе ти го прати писмото, а не на некој друг? Ако во воени услови децата учеа мајчин јазик, тогаш зошто таму каде имаат услови, тоа им е скратено, а? Ќе ми објасниш ли? Захаријадис направи неколку нервозни чекори по одајата и, стоејќи со грбот кон Барѕотас, викна: - Јас ќе ти објаснам! Затоа што таму некој ја минира целата наша политичка работа меѓу Славомакедонците. Што им велиме? Што им ветуваме Што бараме од нив? Веднаш да се почне со истрага и виновниците да се пратат на фронт! Јави му на Паскалис дека неговото писмо ние во Политбирото многу внимателно го прочитавме и го анализиравме, дека извлековме заклучоци и одлучивме да преземеме најстроги мерки за да ги откриеме виновниците. И уште ова. Тој нека ги собере своите НОФ-ити и АФЖ-итки и нека им каже дека во врска со прашањето за учење на мајчин јазик се обратил до највисокото политичко раководство на нашата партија и ги изнел тие и тие проблеми и дека веќе се преземени сите неопходни мерки состојбите да се подобрат.Тие поради ова ќе го пофалат, а тој кај нив ќе си ја подобри и онака својата расколебана позиција. И поздрави го од мене и кажи му дека и јас лично ќе се заложам сите негативни појави брзо да бидат отстранети. Не стој, оди и веднаш побарај да дојди кај тебе. Барај го пред да дознаат тие во Скопје. Оди! Дознаа ли тие во Скопје, веднаш ќе направат проблем! Оди, слободен си!

ГЛАВА 11 На состанокот на Главниот одбор на НОФ на кој се разгледуваше списокот и редоследот на лицата кои треба да говорат и да го поздрават конгресот, по долги расправии, беше одлучено конгресот да го поздрави и претставник на жените кои во реонот на Вичо копаат ровови и носат трупци и камења за градење бункери. Но, и покрај тоа, се појавија спротивни гласови.

-Ами, шо можи да речи една неписмена жена? –прва се јави АФЖ-итската секретарка за Костурско. – Ка ќе излеј таа пред телку људје? Јаска разбервам дека тие жени геројски носе горе гулеми и дибели дрва за бункерте, ама да зборве пред многу људје и уште пред Захаријади, тоо не го разбервам. Зошчо, ве опитвам јаска вас?

-Па знаете - со помирувачки тон се огласи Паскал - ова може да е вистина, ама тие жени таму на теренот претставуваат еден многу важен дел од општите напори за да го спречиме непријателот и мислам добро е некоја од нив барем да го поздрави конгресот.

-Јаска се сагласна со мишљењето на другаро Паскал. Тој ести о право и никој друг. Одлучиме ка шо одлучиме и зашчо се врнваме сега на саштото? – со тон на протест прозборе Вера. - Јаска уз целото поштение – таа милува да употребува некои туѓи зборови, бидејќи ѝ се чини дека со таквото богатство на својот речник е над сите други – спрјамо другарката, јаска нејќум да причам за тоо дали требит иљ не треба да му се дај лаф на ена жена, така да реча, скоро од первата линија на фронто. Така ести иљ не ести вака?

-Во ред, другари, да не се расправаме повеќе. Ние одлучивме што одлучивме, но проблемот останува. Точно е тоа дека жените таму се обични и неписмени селанки. Но, јас мислам дека би можеле меѓу нив да најдеме некоја поумна, поитра, па да речам и поинтелигентна жена – помирувачки убедуваше Паскал - и да ја подготвиме, значи да ја научиме и доучиме што треба да каже и како да каже, нели? Затоа предлагам другарката Вера која е одлечен говорник, да ја задолжиме да најде таква жена. Сите сме согласни, нели?

* * * Дел од жените кои беа мобилизирани за да пренесуваат ранети од битката за Лерин беа задржани и сместени во земјанки ископани во големата и осојна букова шума меѓу Желево и Псодери. Во одделни земјанки беа мажите од околните преспански и корештански села. Сите нив ги викаа работна бригада, која работеше во две смени денска и ноќна. Во мугрите им беше будењето и појадокот, најчесто овчо сирење и бајат леб, и со изгревот тргнуваа на работа. Цел ден, се до времето кога врз шумата се распостелуваше сенката на отадешната планина, се слушаше удирање на секири, кркорливо стружење на пили и повремено гласно викање, преду-предување - чувај! Под секирите и пилите паѓаа буките. Очистени од гранките и по мерка од четири до пет и шест метри должина, потешките трупци, пругоре ги влечеа впрегнати волови, а другите врз своите рамена и потсвиени плеќи – ги носеа жени. Со бавен и растреперен чекор одеа до последните сенки на разретчената букова шума. Тука ги фрлаа трупците и по краток одмор, колку да избришат пот и да наберат сила, по истата патека, слегуваа прудолу, по нови трупци. Ноќната смена, во која имаше најмногу жени, пак на рамо, истите трупци ги префрлуваа на голите ридови каде со други жени и мажи и со борци на ДАГ ги префрлуваа преку ископаните дупки. Ред трупци, ред камење и земја и се така накрсно до петтиот, шестиот, седмиот и осмиот ред.

Тука дојде Вера за да побара погодна жена за да го поздрави конгресот на НОФ. Најпрвин се сретна со командантот на секторот и политичкиот секретар на кои им ја објасни целта на својата – како што им рече борбено-политичка задача – и замоли да и биде дозволено да се сретне со жените, а тие ја упатија кај раководителот на работната бригада.

Висок, строен и набиен маж, чиј голем мустаќ кај Вера предизвика отворено восхитување, тргна пред неа да ја одведе кај жените од ноќната смена.

-Дење - објаснуваше мустаќлијата - тука на голо не се работи.

Жените си почиваат.

-А зошто да не се работи?

-Затоа што тука е борбена линија која постојано е набљудувана од непријателот. Затоа само ноќе копаме ровови и пренесуваме трупци за да ги градиме бункерите…

-А каде се бункерите? Јас не гледам бункери – го прекна Вера.

-Па не гледаш затоа што тие се покриени со гранки. Значи бункерите се камуфлирани. Така се вели на војнички јазик.

-А можам ли еден да видам?

-Па штом ти си од високото раководство, мислам дека командантот на секторот нема да брани… Воена тајна, знаеш…

Оди по мене. Ене, ова што е под гранките, е бункер. Оддалеку се гледа како да е малечко пошумено ритче.

Вера влезе од западната страна. Низ двете митралески пушкарници се разлева сончевина. Се доближи до едната пушкарница, погледна низ неа и праша:

-А како се вика овој рид на кој сме сега?

-Јоргова Глава.

-Висок ли е?

-Висок.

-А колку е висок?

-Висок е 1858 метри.

-Многу е висок… И до тука ги носите трупците?

-Аха… До тука и до потаму…

-А како се викаат тие планини лево и десно и пред нас?

-Па лево, онаа голата, е Бела Вода… Десно Чука, во продолжение Моро и Лисец и отаде е Мали-Мади…

-Зарем оттука се гледа Мали-Мади? Ја знам јас добро таа планина… А пред нас?

-Пред нас е Лунѕер. Оттаму како на дланка се гледа Лерин, целото Леринско поле, Кајмакчалан, па дури и Вичо… Десно од Лунѕер е Голината, па Кулкутурја, понадесно онаа издолжената е Полената… и зад Полената се Баро, Рото, Главата, Кресто, Плати…

-Многу убави планини имаме… Сите се наши? Мислам дали сите се под наша контрола?

-Сите.

Вера се тргна од пушкарницата. Погледна на таванот и праша:

-Колку редови трупци има над нашите глави?

-Пет и толку редови камење…

-Многу. Ако такви бункери ќе изградиме по сите овие планини, тогаш навистина, како што рече другарот Захаријадис, непријателот на Вичо нема да помини. А кој ги донесе до тука овие долги и дебели трупци?

-Жените… и … и впрегнатите волови…

-Како бре жените!

-Па жените на рамо…

-Жените велиш? Па ние сме имале многу силни жени, нели?

Излегоа од бункерот. Вера се сврте на исток и дури сега пред неа ширум се отвори просторот. Занесено мрдна со глава и рече со издишка на восхит:

-Оттука никој нема да не извади! Да одиме кај жените.

-Јас, жени, доаѓам од Централниот совет на НОФ за да ви ги донесам топлите поздрави и благодарноста за тоа што го правите тука. Поздрав и благодарност ви праќа и другарот Захаријадис, нашиот омилен и умен водач. Дојдов и да ви кажам дека наскоро ќе се одржи Вториот конгрес на нашиот НОФ на кој ќе бидат донесени важни одлуки за нашата натамошна борба и за целосно учество на нашиот народ во таа борба во која учествувате и вие.

Затоа е потребно и вие да го поздравите конгресот и на сите да му кажете што и колку сте дале за борбата и да му се заблагодарите на другарот Захаријадис за тоа што не води од борба во борба и од победа. Јаска не знам дали ме разбирате, ама од сега ќе ви зборвам на попрост јазик. На конгресот ќе кажиме све што сторивме досега и што треба да сториме од сега за да ја добиеме победата. Така ести или не ести така? Се разберва дека така ести. Јаска добро знам дека сакате таму на конгресот на нашите раководители, а пред се на другарот Захаријадис да му кажите што направивте и што правите и колку многу верувате во победата. Ама тоа не можите да го сторите сите. Само една од вас која денес ќе ја изберите, таа во ваше име таму на конгресот ќе му кажи како вие работите тука, да речам на вториот фронт. Вие ќе си ја изберите и таа таму лепо на Захаријадис и на свите друзи ќе му раскажи како вие туа работите, како вие туа верувате во победата, а знам дека верувате, бидејќи му верувате на партијата и на Захаријадис…

Вера втурната во занесот на својот говор, дури сега забележа дека многу од жените спиеја или дремеа налактени. Истоштени од умор и ненаспиеност, топлиот марговски ден ги спови во дремка.

Жената која беше најблиску ја повлече за рака и ја искара.

-Што зарем ти спиеш? Јаска тука за конгресот, за победата, за Захаријадис ви зборвам, а ти, ете, и други спиете. Срам да ви е…

-А мори, чупо – тивко замоли жената – остај не малку да дремнеме, да прибереме душа… Ти зборвај, зборвај си колку што ти е мерак. Све шо велиш нека е така, ама остај не да дремнеме малку. Те слушам. Ние знаеме да спиеме и со отворени очи…

одиме со трупците на рамо и спиеме и само тогаш, кога некоја ќе се сопне или ќе падне, тогаш се будиме и сме на нога и одиме пругоре, пругоре, пругоре… а ти, чупо, зборвај си – таа широко зевна и попадна во сон.

Вера не издржа. Стана, удри со камшикот на валканата чизма и подвикна:

-Сите, сите слушајте и внимавајте што ви зборувам. Ако така правите, вие немате верба во победата! Е па што велите? Која ќе ја изберете?

-Земи ја Евгенија. Таа е подолго време по овие работи и позборлеста е од сите нас… Земи ја неа.

-Добро, жени, го решивме и ова прашање. Која е таа Евгенија?

Ти ли си? Добро. Уште денес ти заедно со мене ќе одиш и таму каде што треба.

Вера јавната на коњ и зад неа, пеш, нејзиниот курир и Евгенија, пред стемнување стигнаа во Желево. Селскиот одбор на НОФ на конакување ги смести кај Ставровица. Таму, наизменично со една дрвена лажица сркајќи посна леќа и кршејќи го потсушениот ‘ржен леб без сол, со потсмешлив и наврелив глас, Вера праша:

-Ставровице мори, зарем некнежната леќа ни ја даде?

-Ами денес тоа даде Господ златен – врати Ставровица и, ставајќи го на софрата стомнето со потскршена уста, дорече: -Погача, Веро, нема зашто ланската пченица ја дадовме за борбата.

И печено нема зашто и овците и козите со твоја помош ги изезе борбата. И лажиците и вилушките и чиниите, пак со твоја помош, Веро, отидоа за борбата. И сега за борбата, Веро, некни ни ги собраа воловите заедно со јаремот и жеглите… Со што ќе ораме?

-Ајде, ајде де, не туку се жали. Нашите пријатели од демократските држави веќе почнаа на вагони да ги товараат тракторите и другите машини. Само прашање е кој ќе ги тера…-потврдно и самоуверено дофрли Вера.

Ставровица трипати се прекрсти и откако со дланките покри лице, уста и очи за да не ѝ се види вчудовидението, стана и отиде во соседната одаја. Низ отворената врата довикна:

-Тука ќе ви постелам за спиење…

Вера прекина да срка и, береќи ги трошките од софрата, упорно гледаше во лицето на Евгенија и во главата и се роеја десетици прашања и се околу тоа дали оваа проста селанка ќе успее да одржи говор? Запамти дека жените ја фалеа, велејќи дека е позборлеста од нив, дека за разлика од нив е посигурна, посамоуверена, поборбена, похрабра… И на мигови се каеше и се осудуваше себе си затоа што прифати токму таа да најде жена за да го поздрави конгресот. “Лесно им е на тие кои ќе читаат напишани говори и напишани пароли – си зборуваше со умот – а јас ќе морам оваа збор по збор да ја научам не само да го одржи говорот, туку и како да го одржи… Најдобро е да ѝ го напишам” – и потсмирена од оваа мисла ѝ се обрати на Евгенија:

-Знаеш ли ти да читаш?

-Не знам, а зошто?

Вера го премолча одговорот.

* * * До Нивици пешачеа цел ден. Пред влезот во селото, при проверката на пропусниците, ја задржаа Евгенија. Објаснувањата и уверувањата за луѓето од обезбедувањето не беа доволни иако Вера им се закани дека поради таквата нивна постапка уште денес ќе оди да се пожали во Главниот штаб, па дури и кај Захаријадис.

Не помогна ниту нејзиното уверение во кое со големи букви, на грчки јазик, беше напишана нејзината функција. Командирот на патролата, враќајќи ѝ го на Вера уверението нареди:

-Оваа – покажа со пиштолот на Евгенија – носете ја во командата, а вие, другарко, продолжете…

Вера го бодна коњот и се упати кон куќата во која е командата.

-Тргни ми се од патот! – му се развика на стражарот и откако го врза коњот за оградата, со поткованата чизма удри на вратата и влезе внатре. – Каде ти е, бре, командирот!

-Јас сум…

-Ти ли си?! – со вчудовиден глас праша Вера, бидејќи не очекуваше дека толку млад човек може да биде командир. – А знаеш ли која сум јас? – таа му го пикна пред очи уверението за нејзината функција и, не чекајќи одговор, подигна глас: - Ти таков седиш тука и дремиш, а таму твоите пандури ми ги апсат моите луѓе!

Командирот додека се созеде од ненадејниот напад, двајца милиционери ја доведоа Евгенија.

-Еве - рече Вера – оваа е жената што треба да соработува со мене. Евгенијо, дојди тука и не се плаши. А ти веднаш да ѝ издадеш пропусница и двапати на неа да удриш печат! Напиши дека е делегатка на конгресот на НОФ.

Командирот ја отвори папката што лежеше на масата и, влечејќи го прстот долж списокот, рече:

-Делегатка со такво име и презиме на списокот нема…