ГЛАВА 17 Седиште на Главниот штаб на Демокраската армија на Грција - Part 04
-Ти си најдобриот нишанција. Земи пушка и појде по мене.
Дрвоно го гледаш?
-Го гледам.
-Што гледаш таму?
-Во двогледот – имам кутија – реков. Во тој миг пуштија песна.
Пееше Софија Вембо, онаа позната пеачка од времето на грчко-италијанската војна. Таа убаво пееше, а јас ги запаметив зборовите:
Τωρα που αιµα ελληνικο το χωµα ιδρωνει Κ’η Ελλαδα σφαζει την Ελλαδα απ’ τα βουνα Ξυπνα απ τον ταφο Θωδορη Κολοκοτρονη Να δης πως Ελληνας τον Ελληνα σκοτωνει (Сега кога грчка крв земјата ја полева И Грција од планините Грција ја коли Од гробот стани Тодори Колокотрони За да видиш како Гркот – Грк убива…)
-Нишани – нареди командантот – и пукај!...
-Нанишанив и бам. Молк. Ја убив…
-Пеачката?!
-Не, будало. Песната…
-А јас си помислив пеачката… Види, се испотив. Ќе излезам.
Се врати по половина час. Седна на сандакот со муниција и спушти глава.
-Зошто си така скиснат? Праша Нумо.
-Абе, како да ти кажам. Влегувам јас во бункерот кај Манолис…
-Оној со очилата и без левата нога?
-Да кај него. И што гледам? Тој држи отворена тетратка и пишува. Што пишуваш – го прашав.
-Се што се случува – ми рече.
И мене тогаш пот ме облеа. Исто како пред малку. А знаеш зошто? Затоа што не сум писмен како Манолис.
-Па тој има само гимназија, нели?
-Гимназија, а не како јас само две одделенија основно, девет години овчар и две години во партизани… Писменост ли е тоа? А кој знае колку книги тој има прочитано. И тоа велат е образование, да знаеш да читаш книги и да ги разбираш… Јас да знаев барем половина од тоа што тој го знае, тогаш и јас, жими мајка, ќе си земев тетратка и во неа ќе запишев како тие оттаму не пцујат, како ние им враќаме, ќе запишев како во првите партизански денови ни велеа дека ќе се бориме за да ја ослободиме Македонија, а потоа кога го направија договорот ни велеа дека отсега ќе се бориме против англоамериканскиот империјализам и атинските лакеи. Ќе го запишев и тоа како лани цели 59 денови ја браневме Аљавица и тоа дека од 500 останавме само 90 и тоа повеќето ранети. Ќе го запишев и тоа како есента 47-та собрани под буките на Грамос чистевме стари ‘рѓосани пушки и голи, боси и гладни пеевме борбени песни и мислевме дека сето тоа ни е доволно за да победиме. Би запишал дека тогаш само по неколку дена учење и вежбање одевме во бој и крвавејќи ја учевме вештината на борење.
А паметиш ли колку бевме гладни и како пасевме трева таму во Грамос, паметиш, нели? И тоа би го запишал. Би го запишал и тоа како копавме и градевме бункери таму на Пинд. Би пишувал за Копанче, Свети Илија и Гупата, за Горуша, за Бел Камен и Круша, за отстапувањето од Грамос, би ги запишал по име и презиме другарите кои останаа таму… Би го запишал и тоа како на грб сум го носел тој Манолис кога по онаа голема ланска битка на Мали-Мади, тогаш кога ја разбивме 22 –та владина бригада и ги гоневме владините се до Костур. Мојата десетина тогаш стигна до Мањак и токму тогаш стигна наредба – браќање, отстапување. Дваесетина минути трчање ни требаа за да го заземеме Костур од каде и војска, и полиција, и кодоши, и попови сосе владика беа во бегање кон Кожани. Отстапување - гласеше наредбата и отстапивме. Под селото Сливени, облеан во крв го најдов него, Манолис. Аделфе – брате – молеше тој – не ме оставајте. Спасете ме. Се вратив, го легнав на моите плеќи и цел ден се влечкав се до ридиштата над селото Света Недела. Тука стигнаа авионите.Во полето се појавија облаци прашина, тоа тенковите јуришаа на кај нас. Дваесетина минути не толчеа авионите, а потоа топовите не покрија со стотици ѓулиња. Костур не го зазедовме, а ни требаа само дваесетина минути за да го претрчаме патот до првите куќи.
Полето од Костур од Света Недела го посеавме со телата на многу наши и со мојата нога. Ете за ова би напишал во тефтерот да бев писмен како Манолис. А Манолис знаеш што ми рече?
-Не знам.
-Ми рече дека само тоа останува што е запишано и што ќе биде запишано, дека тоа што е запишано, тоа останува трајно и дека се друго се заборава, си оди заедно со човекот. И ми рече тој Манолис:
- А знаеш ли ти зошто ние Грците имаме голема историја?
Затоа што нашите предци запишувале се што се случувало. Така ми рече. Ме разбираш?
-Зошто да не те разбирам? Сосема те разбирам.
-И пак ќе речам и многупати ќе преречам – штета голема штета што не сум писмен. Ете, тој Манолис, се седи во бункерот и пишува, и пишува, секој ден си пишува тој. Вели – во дневникот запишувам, вели, како ние Грците сега се бориме. Го опитав дали и за нас Македонците пишува? А тој ми вели – па вие не сте Грци!
И пак го прашав дали и за мене пишува како јас заедно со него, тој Грк, јас Македонец, заедно се бориме, заедно гниеме во овие влажни бункери, заедно си ги делиме вошките и трошките? А тој ми вели - јас пишувам за Грците. Е, сега јас тебе да те опитам – ама не знам дали ќе ме разбереш. Ете, тој Манолис секој ден пишува, бележи се што се случуба и во тие негови белешки мене Македонецот ме нема. Сигурно и тебе те нема. Ме разбра? Мене таму во тој негов тефтер-дневник ме нема, значи јас ќе останам безимен, зашто никој нема да запише и да одбележи зошто јас Македонец сум тука во овој бункер, лани што ѓавол барав на Грамос и за какви лајна го претрчав Мали-Мади се до Мањак од каде само дваесетина минути ми требаа за да влезам во Костур, на грб како сум го носел тој постан Манолис и зошто ми се случи сакат да останам. И зошто мојот брат се биел во Воден и загина во Лерин? Не ми зуе туку ми тропа во ушите тоа што ми го рече Манолис дека само тоа што е запишано, тоа се памти. И види, Бога ти, едно парче хартија утре ќе биде стопати, море милион пати ќе биде повредно од мене, тоа ќе остане, ќе биде чувано, а јас ќе бидам прав, ќе бидам заборавен зашто ќе ме нема во никој тефтер.
Ете, затоа ми е големата мака. Чекај, не си оди. Остани за да слушнеш дека тоа е голема мака, жими мајка. А јас пак ќе ти кажам, ама не знам дали ќе ме разбереш. Така тие тоа, прво не такоа, па не онадија и на крај не онегваа, да речеме што велиш ти, ме разбра? И кој знае уште колку ќе не такоат, колку ќе не онадват и колку ќе не онегват… И слушај да видиш, Бога ти, цело време откако сме по планињето ни велат дека сме исто, а утре од тефтерите ќе излезе дека не сме исто и како ли да не опцуеш и да не викнеш дека некој лаже? Се смееш? Зошто бре се смееш? Зарем смешно е тоа што ти го реков?
-Не, тоа не е смешно…
-Аме што?
-Нешто ми текна, та се смеам…
-Кажи, што е тоа?
-Ланската година четниот, некој си од Румели, ми нареди да му донесам мед. Го прашувам каде ли да најдам? А тој ми вели – го гледаш цвеќево? Го гледам. – Што има во него? –Мува. – не е мува туку пчела – ми вели. – Истерај ја и трчај по неа, таа ќе слета таму каде има мед. Му велам мува е. – Ако, вели, истерај и трчај по неа.
– Ја истерав и потрчав, а таа, мувата што мислиш каде слета?...
-Разбрав… Да речам?
-Не вели, туку од тоа сандакот отвори некоја конзерва… Со полн стомак подобро се мисли…
Utilisez les flèches gauche et droite pour tourner la page.
Imprimé depuis https://macedonianhistory.ca/fr/narrative/golemata-izmama/24 le 29 octobre 2026