ГЛАВА ОСМА Нова година 1950 во столипински вагон Ги начулив ушите кога од наза - Part 02
Ох, боже што не сум рекол, спротивно на она што сум го пропагирал пред нашиот народ, дека оваа војна била продолжение на Илинден, на нашиот исконски идеал и дека е достојно така да се загине за Македонија... Можеби се се судрило во мојот измачен мозок?
Во логорот веднаш ме одведоа на стриг, а потоа со задоволство изедов две порции борч. (Руско јадење, кисела зелка).
Наеднаш станав пољубопитен отколку загрижен!?
Ги читав лозунгите. Како недоветен одев низ цела територија на логорот. Ги посетував, хорот, театралната група, оркестарот во кој подоцна се зачленив. Вежбав на виолина, но кога умре тапанарот Игор Василевич Кедро, со декрет на маестро Иван Петрович Кокоткин бев поставен за тапанар. Тој само ме праша: “Ако си комунист, најдобро ќе одговориш на оваа задача...” Удирав, пустев, повеќе од некаков бес, отколку што водев сметка за некаков музички такт. Кога се свиреа народни ора, играчите викаа “Давај сиљне е е !” Удирав, едноподруго.
Кокоткин се лутеше, но најзадоволни беа руските мужики.
Играа сите робијаши - Руси, Германци, Полјаци, Романци, Бугари, Грци, Чехословаци, Унагарци, Македонци, Монголци, Кинези, Корејци и Југословени, кои напати и тие ми се обраќаа со “Удри буразеру!.. Нек се чује докле смо стигли ми комунисти да играмо сви заједно са фашистима...” Градот Тајшед, како да се состоеше само од логори, локомотиви и чад. Кожата ми беше сува и студена, безмирисна. Можеби од чадот на локомотивата. Повторно почувствував треперење кога еден ден ме однесоа во централниот логор О-25 и ме фотографираа. Којзнае по кој пат откако бев робијаш. Ниту налутено, ниту победнички, ме повикаа во една канцеларија и ме снабдија со храна за три дена. Кога стигнавме на излезната врата, црн пес седеше отспротива и ме набљудуваше, неподвижен.
Очите ми беа пропаднати длабоко во шуплините и не ми светкаа. Од назад ми се обрати еден со чкрипав глаас: “Гатов!” Одговорив: “Давно!..” Сепак почувствував некаква сатисфакција кога стариот портир ми рече:
“Ну молодој человек, счасливого пути и все харошова...” Пред мене беше нов живот. Имав документ дека сум слободен!?
Тајшедската зора беше тврдосива и бурна. Сега весел под една Берјоза ги повторував стиховите што ги составував во ќелијата, а и до ден денес не ги запишав, така си ги носам во душата како товар...
Но, млад човеку, среќен ти пат и се најдобро
*** Строгов со мака ја криеше ироничната насмевка, но Сувогорски беше занесен во допишувањето на последниот лист. Можеби уште ќе пишуваше ако некој пак му потпикнеше листови.
Строгов мирно гледаше во него и чекаше да му предаде се што имаше напишано. Настана штама. Молчеа и гледаа во листовите. Сувогорски си помисли: “Глупости. Зборови без значење. Тоа се мои лични песни, а не за полицијата.” Потоа ја крена олеснетата глава кон Строгов. Молкот престана, му блеснаа очите на Сувогорски и рече:
- Ќе изрецитирам само по еден стих од некои песни.
Без да чека одобрение од Строгов, почна занесен, возбудено, со тивка тревога...
Словените не оставија на мртва стражаа чекаме фрлени во заборав уште од пред Самојла и живееме во грчот на времето што лачи злоба...
Од нас создадоа рака бесконечна по светот за иднина недогледно строго корито мрачи...
Не подјадуваат ветрови талкајќи по туѓи патеки и нашите гробови имаат нелогичен ред...
Се будиме заплискани од бескрајни дождови зли Утредента трасираме пат за да се пронајдеме...
Во ридјето наши оставивме стражари вечни и на простување како да знаевме гробовите им ги наполнивме со песни...
Понекогаш во ќелијата викав на сиот глас, а стражарот Русин однадвор ми викаше: “Човеку! престани да бладаш... Ја ничего вас не понимају! Чјорт его знает что он балтает?.. Но, бладај колку што сакаш, тоа не е моја работа. Можеби човекот споулавел, а што му можам јас... Грчки политимигрант, а блада нешто што не е грчки... Се му се сплеткало; Словени, мртва стража, некаков си Самоил. Можеби е татко му, кој ѓавол го знае... Јас неколкупати му реферирав на мојот началник. Тој дојде, послуша, и ми рече дека тој човек не е Грк, а Грците велат дека е тој предател од меѓународни размери... Заедно се бореле во Грција. Но, јас ништо не можам да му помогнам, нели Грците сега се наши браќа по комунизмот, а ние треба да им веруваме. Началникот ми рече дека овој човек ја предал револуцијата на Грција и дека јас треба добро да го чувам, а тој веќе сполулавел...” Се смееја на глас; Строгов и Сувогорски, но Сувогорски сакаше да објасни дека Русите на Грците им правеле “Братска услуга”.
Се воомјази и небаре се задлаби во мислите:
- Што можам, сега можеби не... Не знам, дали помина модата на
“Инетрнационалистичката должност...” Така беше пред и по револуцијата, кога јас и сиот наш народ викаше: “Еј, вие, вие!
Ако сте епигони на Хомера, не слушате ли? Ние Македонците бараме национална слобода!.. А тие пред дипломатските обврски ги креваа рацете и рамениците во знак на мирољубивост и сите освен ние остануваа со мирна совест, а тие Епигоните, со блазирана насмевка. Всушност, кога не тераа да се влечкаме под нивните тврдини, нивните психолози и историчари изјавуваа дека се работи за наш религиозен обред.
За нас велеа пред светот дека не соработуваме со нив, не поради страв, туку поради совеста... Да, си припомнувам под руската берјоска се радував како дете... А еден Кореец ме гледаше што сум радосен. Тој се викаше Ким Лан, па ми рече, ние Корејците имаме една поговорка: “Ако ја пуштиш рибата во сад со вода, немој да мислиш дека си и дал слобода... Ти, Добрине, треба да знаеш, јас и ти, цел живот ми се чини дека ќе го минеме во сад со вода.” По неколку месеци во мај 1957 година се најдов пред вратите на Министерството за внатрешни работи на Алма-Ата. Ми читаа нова пресуда на воениот колегиум при Врховниот Суд на СССР. “Порано донесената пресуда против мене (АО-238) на бившото Особое Совештание се анулира, поради Отсуствија состава преступленија”.
Многу луѓе настрадаа така, дури и денес човек може да си го постави прашањето: “Како и зошто лажно се прогласуваат луѓето за предавници и ги праќаат на робија?”
- Можеби кај нас тука нема такви случаи, - му се обрати на Строгов.
Строгов неочекувано, чиниш се најде како тој да е пред иследник.
- Добрине и јас си го поставувам истото тоа прашање. И нормално е времето да ја покаже вистината. На вистината и е судено да се бори против лагата. А најголем пријател на вистината е времето. Но, ти си веќе во татковината, па да го оставиме времето да покаже.
Добрине, такви се нормите... Не тврдиме, зошто немаме докази, но мислиме, можеби си превоспитан... Мислиме дека доаѓаш како агент!..
Добрин збунето ги ококори очите.
- Значи, уште ум со разум не може да пресуди? Па јас се враќам, зашто сакам детето да ми учи на родниот јазик и да се воспитува и да расте сред родниот народ... Не сум никаков агент!
А бре, за оваа наша Југославија, јас би жртвувал и десетина Сувогорци! - со чуден и нагласен патриотизам му возврати Строгов.
- Зар јас уште треба да чекам?.. И тука, во татковината? За мене правдата задоцнила... Добро вели Румена: “Личам на излитен пустиник... на минатовековен камен со разголен грб...” Разбирам, како и до сега и понатаму радоста и злото ќе ги пречекувам во прифатилиштата, во тие мрестилишта на туѓи несреќи, во тие наши вечни студени лекувалишта... а можеби не ќе ми одредат да имам и сопствен гроб? Тоа е тешка навреда.
Строгов сигурно знае дека НЕ ПОСТОИ ВИНА БЕЗ ДОКАЗИ, а сепак е готов да “жртвува” дури десетина како мене! Само во интерес на оваа Југославија, заради која и јас станав сибирски робијаш...
Зар се заборавило дека на 23 април 1945 година, ние НОФИТИТЕ тргнавме оттука со задачи напишани на едно ливче за да го кренеме македонскиот народ во социјалистичка револуција? Зар не се знае кој го бараше сето тоа? Зарем не се знае, дека сите НОФИТИ бевме осудени за југословенски агенти? Зар не се знае... не, не. Строгов знае дека јас сум само Македонец, а не македонски Југословен... Тој знае дека само јас посакав да се вратам кај моите соборци и да им докажам на Грците дека тие немаат право така да манипулираат со нашиот народ.
Зошто тргнав по тој пат, каде понатаму? Сега јас сум непријател и за КПГ и за КПЈ...
Се покажа дека не знаеме како се умира за татковината, оти татковината не се брани со напуштање на домовите и искоренување на човекот.
Никогаш како комунист не сум верувал дека комунисти од други народи можат еден мал народ за свои интереси да го турнат и да го жртвуваат до геноцид! Никогаш! Никогаш!
Заврна дожд. Потоа болсна сонцето. Се сменуваа едно со друго, ненадејно, дождот и сонцето. Добрин се врати во бараката број
4 соба 13.
Use the left and right arrow keys to turn the page.
Printed from https://macedonianhistory.ca/narrative/wanderers-talkachi-e-book-macedonian/7 on October 29, 2026