Canadian Macedonian Heritage Society Canadian Macedonian Heritage Society Become a member!

Wanderers

ГЛАВА ТРЕТА Молк со чувство на вина

By Стојан Кочов · Part 3 of 26 · About 7 minutes

Read in English Read in English Read in Македонски

ГЛАВА ТРЕТА Молк со чувство на вина...

Румена дојде уште поблиску до него и сега тој нешто промрмори и ја праша:

- Да замолкнам?

- Нема зошто да молкнеш. Сакам да ја дознаам твојата свест што те натера да се бориш за своето сопствено убедување, а не за некакви апстрактни идоли, за пароли што политичарите можат да ти го свртат лево или десно умот според околностите... - му рече Румена со многу сериозност.

- Мајка ми ме сакаше со сета преданост од себе, а тоа во мене влеваше силен устрем. Таа ме надари со својата смиреност, со внатрешен мир и волја никогаш да не ја загубам надежда.

- Но, зошто вие комунистите се движите во сферата во која претпазливоста и сомневањето ви се мудрост во животот... - го запраша испитувачки Румена и пак се поднамести на креветот што крцкаше поради олабавените пружини.

- А зошто вие жените посакувате да бидете во средиштето на вниманието и тоа ви е како услов за вашето расположение, - и одговори насмеано Добрин.

Настана пауза.

- Ех, најголемата грижа што уште ме мачи е дека не ми достигаше доверба во самата себеси. И сега ми се случува во моментите на потиштеност.

- Низ овие години на емиграција, во душата ми се вовлече нејасно чувство дека не можам да успеам во ништо што не работам. Можеби затоа што дури и пријателите со своите погледи ме укоруваа што сум жена на непријател на партијата.

Јас бев несреќна, ти додека беше испратен во Сибир. Јас во Полска лунѕав по работничките ресторани облежана. Можеби затоа сум агресивна. Многу време минав несреќна токму во младите години, кога се зацврстува во душата тоа што човек си го носи вечно - замолкна и се навали на рамката од железниот кревет.

Добрин се почувствува виновен за нејзината несреќа. Тоа силно чувство на вина толку го печеше што дури несвесно почна да се однесува, небаре посакува некаво вербално празнење со цел да го неутрализира внатрешниот немир.

- Човек без “Верују” не бидува! - мој Добрине.

- Но вие политичарите исто така знаете да подметнете и вештачки религии; Хитлер го натурил национал-социјализмот, Мусолини - фашизмот, Сталин - болшевизмот...

- Ах, многу ти изнареков... Но, сите што се искачија на врвот од пирамидата останаа сами...

- Јас никогаш не сум помислил на тоа, - и одговори Добрин со некаква сериозност и продолжи.

- И што сакаш да сторам сега? - ја праша со чудење.

- Продолжи да ми раскажуваш за себе, сакам да знам. Во тебе имав верба и надеж.

- Политиката во крајна линија е вештина на живеење. Стара вистина е дека народ не може да постои без имагинации, па и без религии, без идеологија која прикажува подобро утре не само за човештвото, туку и за вселената...

Си спомнувам на човекот што се викаше Василију, водач на леринските скаути, ми се приближи и ми тутна неколку скаутски книги.

“Прочитај ги”, ми рече. Книгите беа полни со написи, практични и од полза. Па така станав скаут. Меѓутоа, брзо соучесниците ме убедија дека скаутите се “буржоаска” организација. Па ја напуштив. Но, долго останав да размислувам за друштвото што би сакал да го имам. Еден ден Теохаридис ми предложи да се зачленам во комунистичката младина ОКНЕ (Организација на комунистичката младина на Грција). Откажав и му реков: “Не сакам да ги напуштам родителите и гимнзијата и да се занимавам со револуционерна работа”. Тој се насмевна и премолчи. Но, во април 1933 станв петиот член на ОКНЕ.

Избегнував повеќе за тоа да размислувам и времето ми минуваше чудесно. По завршувањето на гиманзијата, директорт Теодорос Котронис ме замоли како претставник на леринската гимназија, да положам венец на гробот на Павлос Мелас во селото Статица, каде што беше и убиен.

Котронис ме убедуваше дека ние сите мораме да ги почитуваме нашите “ослоботидели” и настојуваше да покаже блискост со зборовите.

“Вистина, ти си зачекорил во самостоен живот, но сепак, ти си наш воспитаник”, ми зборуваше директорот. “Ќе смислиш неколку одбрани зборови и ќе положиш венец. јас сум сигурен дека достојно ќе ја претставуваш нашата гимназија”.

Помислив на дедо ми Иљо и посакав да се откажам, но најмногу не ми достигаше доверба во себе си. Можеби затоа што многу време минав, додека бев помал, чувствувајќи се несреќен, што го изгубив дедо Иљо.

Не знам. Тоа малку ме отргна кога во еден момент мајка ми ми рече: “Оди, запиши се во гимназијата. За трошоците, некако ќе се снајдеме...” Моите родители најверојатно од некаде дознаа дека јас како дете на “Ксенофони” само симболично ќе плаќам за упис и за тримесечните испити.

Чудна беше грижата на Теодорос Котронис, примамлива и катадневно чувствував како ми влеваше вера во свеста.

Низ целото школување ми се потврдуваше класичното правило

- условите и целите што ги одредуваа како да постапувам. Сега немам сомневање за луѓето како станале “торбеши”, за нивното душевно погубување и како ги снема - фатија видвиделија по Анадолија.

- Значи, Котронис добро знаеше дека без вера не е можно да му се угоди кога и да било на Бога, -Румена насмеана, го прекина Добрина, во најтажното припомнување и продолжи:

- Смири се, смири се! Значи сепак, најсудбоносното застршаување не беше лесноверието, туку празноверието, зашто жртва на лесноверието може да биде и чесен човек, а празноверието го наказува и човекот. Ех, мој Добрине, ете како може да биде мал човекот - “и кога е голем е мал...” Добрин остана збунет, но по малку продолжи да објаснува за своите искуства, што пред него беа поставени како замка.

Можеби искушението не е грев, само прилика за грев... Но, тоа во мене го разреши мојот пријател кога ми рече: “Глупости, собери се и оди напред! Тоа го бара животот...” Другиот ден изутринта се најдов на собирното место. Вриеше од претставници на воените, полициските, судските, државните власти, на Клеросот и Општината, на синдикатите, фудбалерите и другите клубови. Цела колона автомобили. Тоа беше голем собир. Многу попови и архиереи, офицери и сериозни господа со бели јаки од Лерин и Костур. Секоја година беше така, а се знае почестите кон мртвите, тоа е превоспитување на живите.

Кога попскиот хор заврши со верската церемонија, еден со писклив глас прочита краток реферат за делото на Мелас и го нарече ослободител на Македонија. Потоа, со по неколку збора поминаа повеќе луѓе ставајќи венец. Тоа го сторив и јас и уште не знам зошто така лесно го погазив дедо ми Иљо.

Во еден момент, излезе еден во грчка андарска униформа и тогаш се случи нешто неверојатно. Човекот полагајќи го венецот, пред толку полицајци, официјални лица и народ, проговори на наш јазик:

“Павле, мил Павле!..”, извика човекот и продолжи. “Дали помниш кога бевме заедно кај стрина Јованица, па ни даде топол леб и младо сирење? Ех, бре Павле, Павле!” - воздивна длабоко и заврши со зборовите: “ Ајде, еонија и мни!..” (ајде нека ти е вечна слава) Потоа, чекорејќи гордо, се врати на своето почесно место. Некои од жените се фатија за уста, а другите го гледаа зачудени. Од официјалните лица, некои најдоа за потребно да изразат осуда, тоа се виде спрема лицата, но повеќето покажаа разбирање и олабавено се насмевнаа.

Тој му бил соборец на Мелас, мртвиот водач на грчките Андарти во Македонија. Му се доближив и го запрашав шепотејќи: “Од каде си бре, чичко?” “Од Черновишта, а ти?..” и продолжи. “Јас сум другар на Коте од Руља”.

Почувствував дека рацете му се испрскани со крв и за малку ќе го запрашав:

“Заедно ли му ја сечевте главата на Лазе Поптрајков?..” Го гледав човекот облечен во андартската униформа и ми се раѓаа морници, ме потсетуваа бледите очи на дедо ми Иљо. Во себе си реков, човекот врши предавство спрема својот народ и не е свесен за тоа.

Не може да се види дека личи ни на карикатура за да рече некој дека е Грк. Го навредувам човекот, а и јас положив венец на херојот, на тој што ги убиваше нашите војводи.

Си реков - “Можеби условите и целите одредуваат како човекот треба да постапува, против својата волја и совеста...” Во тој миг дрвјата се стресоа од грмежот со стравичен одек и се истури силен дожд. Гробиштата останаа пусти под тешкиот дожд, а цвеќињата и венците пливаа во матна вода.

“Сигурно севишниот ги казни што се собираат на туѓ гроб...” промрмори едно старче гледајќи во нас како во разулавено стадо.