Canadian Macedonian Heritage Society Canadian Macedonian Heritage Society Become a member!

Wanderers

ГЛАВА ДЕСЕТТА На сон сум го читал статусот на партијата Нам ни дадоа ручек - м - Part 04

By Стојан Кочов · Part 11 of 26 · About 21 minutes

Read in English Read in English Read in Македонски

Ставре, задоволен од тоа што се покажа вешт во одговорите, си зеде слобода малку повеќе да раскаже и за животот во социјалистичка Полска, поткрепувајќи го целиот развоен период и народниот петгодишен план со научно фундирани методи, употребувајќи строго научни изрази, така што за момент офицерите останаа со зинати усти. Неговото доаѓање во Југославија го образложи со два основни мотива - македонскиот патротизам и Македонија, но исто така како интернационалист, најмногу го засакал атрактивниот самоуправен систем, што го цени како висок дострел во социјалистичката изградба на југолсовенската мултинационална заедница. Офицерите останаа збунети и веќе престанаа да инсистираат, но едниот од нив се осмели да го праша: - Вие другар Кафеџиев, сигурно се познавате со некој од нашето раководство?

Прашањето уште повеќе му ја зацврсти позицијата на Кафеџиев и само потврди со социјалистичкиот манир:

- Секако дека не...

Уште тој ден се смести во прифатилиштето во “Автокоманда”, задоволен што си го докажа своето социјалистичко самоуправно педигре. Не можеше да се одлепи од мислата, дека стана слободен граѓанин.

Сега веќе не беше под контрола на Партијата, влезен во педесетата година од животот, маркиситички добро потокован, се посвети на анализата на минатото, како да велеше - на револуцијата и нејзиниот пораз, на одамна збрканата историја, на одењето по маките низ Полска, Бугарија, Романија, Унгарија, Чехословачка и Русија.

Се присетуваше на постојаното приспособување на учењето нови јазици, средби, разделби, на газењето на достоинството, но не сакајќи се повеќе ги насочуваше мислите во Полска, кога беше во немилост од Грчата комунистичка партија, кога впрочем како по психограм му се подредуваа настаните, откако го исклучија од Партијата и го испратија од Бугарија по казна за Полска. Тоа беше партиска казна што уште го боли и ја носеше како незарасната рана која небаре и ден-денес ја крие пред своите борци, пред идното комунистичко општество во кое утре треба да зачекори човештвото. Тоа го мачеше, го назадуваше, го правеше немирен со необјасниви душевни причини.

Во Вроцлав, се вработи во фабриката ПА-ФА-ВАГ. Го помнеше социјалдемократот Радомски, кога небаре со татковска грижа му помогна да се запише во Високата школа за општествени науки при ЦК ПОРП, во Варшава. Не можеше да го заборави доброто на еврејката Буздинска, која настојуваше да се прими како беспартиец, но таа го сторила тоа од причина што Кафеџиев ја откри многу подоцна.

Кога дозна која била таа Еврејка, Кафеџиев доживеа нешто необјасниво, доби крилја и нова вера во идеалите на комунистичките идеи. Отиде, купи значка со ликот на Ленин, која до ден-денес ја носеше на реверот.

Еврејката, директор на школата беше вдовица на почитуваниот полски комунист и соработник на Ленин, другарот Станислав Буздински, кога во триесет и осмата, заедно со целиот ЦК на Полската комунистичка партија, монструозно како “предавник” го ликвидирал Сталин. Ставре најмногу беше трогнат од тоа, кога таа, на Комисијата за неговиот прием им рече: “Другари ете уште една трагедија на еден револуционер... Треба да го примиме на студии, ваквите луѓе ќе му требаат на идното комунистичко општество...” Кафеџиев со тоа почувствува дека вербата во комунизмот му е вратена и останува света задача пак да се вклучи во социјалистичката самоуправна изградба. Сега небаре следејќи го приемот на Еврејката Буздинска, по неговото враќање во прифатилиштето, се сретна со многу луѓе, другари борци, од Полска, Бугарија, Унгарија, Романија и Русија, дозна многу непријатни и убави работи. Пред се му бодеше очи тоа што сите Егејци се поделени во две основни различни групи и луѓето беа зајадени за идејните прашања на револуцијата, но кај луѓето беше загубено трпението, па нештата мошне се беа извртиле и искривоколчиле, во корист на едната група или на другата, а за Кафеџиев остануваше да си објасни дека таквите феномени во сите револуции се присутни и останува да се избере вистинскиот ленински курс, но се плашеше дека луѓето ќе бидат толку теоретски подготвени кои се пред скршнувањето од овие принципи, бидејќи водачите на основните ривали се стремеа што повеќе луѓе да придобијат со помош на своите позиции во државните функции.

Кафеџиев тоа го сметаше за непринципиелна партиска политика и ценеше дека тоа е спротивно на ленинските принципи.

Кафеџиев во своето медитирање забележа и други ненормалности, а таквите појави ги сметаше како спротивни на некои човечки и рационални норми и установи дека тоа било пречка за нормалното вклопување на егејската популација во овдешната средина. Тој забележа дека сите Егејци, иако се политички и професионално подобро потковани во опшетествениот развој не се соодветно исползувани, затоа што луѓето се заразени од источноевропските идеологии. Кафеџиев како правдољубец, преку истражувањата со помош на источноевропските методи кои на малкумина им беа познати, од поединечните случаи направи систематизирани табели и графикони дури по реони како што живееле во Егејска Македонија, потоа по земјите од каде што дошле и на крајот по прифатилиштата во Скопје и низ целата земја. На Кафеџиев, откако ги означи сите пунктови на таквите жаришта, работата му стана јасна. Според неговите размислувања, беше дојден моментот да се алармира научната марксистичка мисла за таквите сложени идејни прашања меѓу Ефејците. Тој долго остана во своето размислување “како да се реагира” но најмногу се потпираше на своите сонародници, повратници од Полска. Мислеше дека само тие се израснати како слободољубиви и либерали, благодарение на полскиот режим.

Тука ја наоѓаше потпорната точка и го ценеше како интересен феномен што бараше посебни социолошки и психолошки истражувања.

Но за овој проблем немаа проговорено ниту социолозите, ниту психолозите, само политичарите душкаа по нивните стапала, а историјата уште немаше втасано да ги забележи епопејските борби на Вичо и Грамос и на хероите во таа војна. Кафеџиев мислеше дека неговите искажувања, неговите марксистички ставови еден ден ќе созреат и ќе нараснат, па ќе може да се организира една акција за идентификација на идејните раслојувања на Егејците. Овој проблем го измачуваше со денови и непреспани ноќи и оттогаш секој ден преживуваше моменти на речиси неиздржлив ентузијазам - со повод и без повод.

ГЛАВА ТРИНАЕСЕТАТА Добрин:”Убава си. Во Америка си се разубавила.

Прифатилиштата те имаа остарено.” Беше шест часот наутро, а Румена ја немаше. Добрин чекаше загрижен. Помисли дека можеби авионот не полетал, но гледајќи низ прозорецот на својата соба, ја виде натоварена со куфери.

Румена беше силна по природа и никогаш вербата ја немаше напуштено. Погледот ја одразуваше нејзината внатрешна сила.

Нејзиното двегодишно отсуство на Добрина му донесе многу грижа, но сега веќе како да заборави на се кога ја здогледа како ја отвара вратата.

- Сполај му на бога, - и рече Делјан.

- Жал ми е, навистина ми е жал, - му одговори Румена. - Но не знаев што друго да сторам.

- Добро утро - му се обрати на Добрина кој лежеше неподвижен. Неговото благо лице зрачеше со добрина, но беше исцрпен од тешката болест.

- Мило ми е што ти се допаднаа подароците, Добрине, - рече и се наведна да го бакне. Знаеше дека сета лутина му помина. Го чувствуваше нежниот допир на неговите усни. Со немиот бакнеж како да сакаше да и каже дека се и простува.

- Врската е од покојниот маж на тетка ми Фросина. И свечениот костим е од него, а гледам дури и не се познаваат дека се носени. Тој бил голем џентлмен, ми раскажуваше тетка Фросина.

Сега Румена и покрај своите фантазии и мечти за богатство, беше свесна за домашната положба. Нејзините чувства кон Добрина беа изменети и необични, чиниш од неа се беше изгубило она што постојано ја опседнуваше, желбата да се бори и да освојува.

- Сега не грижете се за облека - им велеше.

- За сите донесов, дури и повеќе. Американците се богати, - им зборуваше вознесена од некаква среќа.

Стана и набрзина се облече. Вознемирена и измачена од мислите кои ја обземаа за Добрина, застана пред огледалото и ја поправи шминката. Добрин ја гледаше со втренчен израз на лицето и даваше одраз на чесност и замореност, на љубов и воздржаност, па не издржа да и рече:

- Убава си. Во Америка си се разубавила. Прифатилиштата те имаа остарено.

- Верував дека ќе ми признаеш, мој Добрине - му одговори свртувајќи се кон него со расплетени коси.

Румена сега ги избегнуваше караниците и непријатностите што доаѓаа од органите на власта и од непризнавањето на Добрина, сега беше секогаш со насмевка и со љубезен збор. Но, мислите и се насочуваа кон иднината и така многупати се запрашуваше каков ќе и биде животот...

Сега се и беше јасно, по долгото непризнавање на заслугите.

Добрин можеби и од тоа се разболе. Тажните спомени повторно и ги опседнуваа мислите и ја чувствуваше болката што и го имаше загорчено животот. Оценија и таа и Добрин дека им останаа само талкањата и докажувањата.

- Боже, навистина колку ме излудуваше таа неправда, а сета вина ја фрлав врз тебе, - му рече на Добрин.

Румена понекогаш седеше задлабочена во талкањето на својата фантазија, чекајќи барем малку да се изменат времињата; ќе дојде ли време на правда и просперитет, барем, за младите, за овој мој Делјан. Такви мисли и се вртеа во главата кога гледаше во Добрина, како го подјадува болеста. А можеби и Делјан ќе ја наследи нашата анатемисаност.

Во социјализмот, родителите на децата им оставаат само тоа да им се протега како црно-црвена нишка во нивниот живот.

Можеби луѓето ќе се прашуваат: “Кое е тоа момче? Зошто да не му помогнам на момчето? Тоа момче е од анатемисани родители и го бие лош глас, а вие многу грешите ако мислите дека не е така. Плодот од крушата ќе падне само под стеблото.

Минатото не лаже.” Вознемирена и подисплашена, посакуваше да заборави и самата си даваше одговор: “Какво ужасно размислување е тоа! Зарем треба да сметам дека луѓето не ќе се изменат?” Одмавна со глава и рече со подбивен но тажен тон: “Едноставно бог има моќ и сила. Нека стори се што е во негова моќ да ги среди работите”.

Таа веќе не веруваше во ништо, сите празни фрази што ги имаше слушано од минатото ги здипли како стари износени шејови и ги исфрли одамна од својата глава.

Се присети на луѓето што стрижеа до гола кожа, и потоа им црнееше черепот, а веѓите им остануваа густи и темни како тоа да и правеше луѓе кои и се закануваа на иднината.

Ја држеше фотографијата од Добрина што му ја имаше испратено од сибирискиот град Тајшот и небаре и се воомјази еден таков човек, облечен во сиво грубо палто, со недоврзани скорни, како држи торба со вошкосани партали; тој е непријател на револуционерната татковина, непријател на народот, излезен од студените ќелии и превоспитан. Таа фотографија сега ја стискаше и ја сакаше најмногу, бидејќи и кажуваше се.

Се присети на паролите од партијата - “Сомнителните испратете ги во логорите за да ги извршуваат казните, не треба да се води никаква истрага, ниту да се поведуваат некакви обвиненија, оти тоа не води во заблуда и им даваме време за да се соземат, туку едноставно доволен е зборот на партискиот секретар. Секретарите се синови на партијата...” Едно утро, Румена го допре лицето до прозорското стакло и долго гледаше во прифатилиштето.

Некаков грижлив немир и го обзеде срцето. Посака да ги посети тие стари сожители. Се облече во рубата од тетка Фросина, косата ја собра во кок, се изнакити со старомодни прстени, а в раце држеше длабока чанта со блескава тока. Одот и беше чуден и несигурен, причината беше во високите чевли што ја правеа и повисока, и и даваа посебен шарм, небаре на постара дама.

- Каква радост? Каква среќа? - рече првата жена што ја сретна.

Парфемот што се лачеше од неа се почувствува низ целиот ходник и жените завидливо ги отвораа носниците да помирисаат од ова американско ливанто, како што и рече жената на Хенри Марузелски.

Секоја од жените посака да ја покани, но Румена со задоволство влезе кај Лина Диневичина, почитувајќи го нивното домашно пријателство.

- Убава си, Румено, - и рече Лина, фаќајки едно влакно од нејзините гради.

- Ох, Америка ти е Америка. Што да се прави. Ние уште ќе талкаме. Ќе се бориме со овие гадинки - во тој момент со лачените чевли згмечи една покрупна лебарка.

- Зошто си толку тажен? - му се обрати на Мице Диневичин. - Изгледа си загубил во играта со домино?

- Не, не, ништо само така, - и одговори Мице, со некаква партиска конспиративност.

- Ајде, ајде кажи и на Румена. Таа е наш човек. Тоа кога и да е ќе излезе на видело, - му велеше молбено Лина. Мице се поднаведна и како да зазеде став пред партиски актив, се фати за подбрадата и рече:

- Доживеавме раскол меѓу нас. Сега никој со никого не зборува.

Длабоко се разминавме по идејните прашања за изградбата на социјализмот.

- Не разбирам зошто, - запраша Румена. Па зарем тоа е вистина!

Не ми се верува? - уште еднаш зачудено рече Румена.

- Здивеа луѓето, не се сакаат. Почнаа да се откаажуваат од основните постулати на работничкото движење. Ова е чудо невидено. Сакаш се да знаеш?

- Да, - одговори Румена со љубопитност и продолжи. - Убаво се ослободи од улавштините.

- Добро жено, убедена си во тоа? - ја запраша со исчудување Мице.

- Човеку, ако не бев убедена, не ќе ти го кажев! - му одговори Румена. Мене и Добрин, вчера ми рече:

“Прости ми, Румено, се гледа дека сум бил опседнат со тоа што го сакаш ти. Јас си го поминав животот исполнет со празни илузии за се”. Ете тоа ми го рече Добрин мој.

- Па тогаш, зошто не ми плукнеш мене в лице? - зачудено и рече Мице.

- Така е човеку!

- Зошто се смееш толку, несреќен човеку?

- Се смеам оти многу полошо ќе биде ако душата ми ја направеа превртлива како на Алексо Шлипковски.

- Прибери се, Румено! Немој многу да го дигаш гласот - рече Мице.

- Прави што сакаш, јас одбивам секаква дискусија по тоа прашање - му рече Румена. - А долгогодишниот стаж во Партијата? - ја запраша зачудено Мице, ценејќи го како едно од најклучните прашања.

- Е, за тоа ништо не се добива ниту пак некој ти гарантира. Тоа ти е како заборавена љубов. Обично во љубовта се чуваат фотографиите и љубовните писма, а во нашиот случај ќе си ја чуваш партиската книшка и ако си способен ќе си пресметаш што си можел денес да купиш од каматата на членството што си го давал, - смеејќи се му рече Румена.

- Зошто зборуваш така чудно? Доволно беше да ја видиш Америка и да плукаш на се. Ме изненадуваш. Зар така да зборува една жена на револуционер и раководител на револуцијата?

- Што сакаш со тоа да кажеш? Сакаш ли уште да живееш во заблуди или да бидеш...

Румена којзнае зошто не ја доврши мислата, но во тој момент се присети на Добрина и остана натажена небаре не можеше да најде одговор за овие триесет и неколку години.

- Ти знаеш што се случува со сите нас во прифатилиштето?

Сигурно не! Тие што се дојдени од Полска, сите се ревизионисти и во ништо не веруваат. А пак, тие од Романија, ниту таму ниту ваму, оди ти со нив да градиш социјализам. Од Чехословачка, сите најдобро се вклопија во самоуправувањето.

А за чудо едно, неколцина од Унгарија, се затворија во себе и јавно не ја одобруваат интервенцијата на Црвената армија.

Само ние од Ташкент, крепко стоиме, непоколебливи инетренационалисти. Тоа се вели верност, а не дувниветровци.

Види нешто од капитализмот и преврти го умот, ете како тебе...

- малку подналутено и зборуваше Мице.

- Вие ме изненадувате - му одговори, газејќи на лебарка што протрчуваше околу нејзините нозе.

- Те изненадувам, велиш, а што ќе речеш ако ти кажам дека неколцина од нас се обележани...

- Како и зошто обележани, човеку? - љубопитно и зачудено му се обрати Румена.

- Ете така! Кога доаѓа на посета кралот на Грција, нас неколцина не земаат во притвор. Хрушчов да дојде исто. Сега, пред еден месец беше царот Хаиле Саиле, пак исто, или кој било друг државник, ние веќе си го знаеме... и објаснуаваше Мице даскалот од Долна Преспа.

Румена прсна од смеење и одвај, со солзи на очите, рече:

- Ама, интернационалисти сте биле! Во Америка, Канада и Австралија, нашите за такви будалштини не знаат ништо. Само тука си го потхрануваме умот со такви лудости, - посакуваше уште нешто да каже, но ја прекина Мице.

- Прибери се, Румено! Немој да газиш по нашите идеали. Такви негатори низ нашата славна историја на работничкото движење и на социјализмот ги имаше многу, - и одговори со некакво олеснување и со надеж дека и докажал дека тука нема никакви двоумења.

- Така е, човеку жртвите најмногу веруваат, си се запрашал зошто? Ако знаеме зошто и како сме излажани, во таа револуција, па уште и од кого, денес не ќе не јадеа и овие гадинки. Ги гледаш! Тоа се мелези со меѓународни муцки, јаки и приспособени за живот, неуништливи и откога знам се по нас одат. Дури и под кожата ќе ни се напикаат, ќе ни ја исцедат крвта, потоа и умот. Ништо не ги уништува, освен да излеземе надвор сите голи и да ги запалиме овие наши судбински прифатилишта, оти ако тоа не го сториме до смрта ќе страдаме од нив. Можеби тогаш умот ќе ни се одмори, не ќе има кој да ја пренесува заразата, ќе оздрави човекот...

ГЛАВА ЧЕТИРИНАЕСЕТАТА Каков шок! Погоди Добрине!

Што? - со мака отварајќи ја својата сува уста и капаците од впиените очи, изусти тој.

- Ти признаа. Ќе ти го прочитам!

Предмет: Известување во врска со жалбата Број 13 59355-ти октомври 1989 годинаСкопје Врз основа на позитивното мислење, согласно Законот (“Службен весник на СРМ, бр.23/80)

Вечерта во станот владееше голема тежина и молк. Пред да го земе јадењето, Добрин ги постави рацете како за молитва, потоа ги рашири и ги покри дланките во став на примање милост.

Вилицата му беше стегната, а кожата на лицето исушена.

“Веќе сум мртовец, не можам ништо да си кажам... Не вреди да се живее на пепелот од изгасената среќа. Човек треба да собере сила и целосно да расчисти со минатото...” загледан во книгите со рамнодушна заинтересираност разговараше сам со себе.

Делјан ги исчисти трошките од постелата и со особена грижа му ги покри нозете со уште едно резервно ќебе. Таткото небаре посака да го благослови со блага насмевка на неговата искривена уста. Зборуваше се потешко, ги затвораше очите и така потонуваше во некоја меланхолија.

Ноќта, небаре беше близу до неговото лице. Снегот се лепеше по прозорците. Понекогаш ги отвораше очите, низ телото му поминуваше некаков кус, но вознемирувачки трепет.

“Можеби тоа е страв од смртта?”, и пак ги затвораше очите, посакаувајќи да заспие по примањето на ињекцијата за смирување од неподносливите болки. Понекогаш сам се зачудуваше на своето минато, кога се присетуваше: “Од каде ми беше таа моќ да минувам низ животот со гордост, со толкава храброст. Ех, мој Добрине. Можеби затоа што сме се нарекле како револуционери и треба да бидеме луѓе од “посебен ков” или нашата закаленост?” Сувогорски беше многу чувствителен и не дозволуваше ни ронка лажна вина да падне врз него. Тој уште од раното детство се наоѓаше длабоко во несреќите, во трагедијата, но животот го принудуваше да истрае, да не ја прекине нишката на животот, да го зајакне неговото битие, да направи од него не исклучително суштество, туку нормално.

Пак молчеше и не гледаше во сликата на Румена, туку во главниот прозорец од собата, некаде далеку, можеби некаде каде што не допира смртта. Не, сега лежеше болно, со омрачени очи и олабавени раце. Чувствуваше како му се намалуваат способностите и многу од сознанијата му исчезнуваат како протерана магла. Неговите очи како да бараа прошка, но кога вратата зачкрипи и се отвори, Румена влезе радосна.

- Прекрасна вест! Порадосна не може да биде! Лицето на Румена зрачеше од среќа и несвесно промрморе, надвор од себе од вчудоневиденост и од среќа - Каков шок! Погоди Добрине!

- Што? - со мака отварајќи ја својата сува уста и капаците од впиените очи, изусти тој.

- Ти признаа. Ќе ти го прочитам!

Предмет: Известување во врска со жалбата Број 13 5935

5-ти октомври 1989 година Скопје Врз основа на позитивното мислење, согласно Законот (“Службен весник на СРМ, бр.23/80)

Напоменуваме, дека уважувањето на жалбата од Добрин Сувогорски од страна на Комисијата е и на позитивно мислење на Посебната комисија при Републичкиот одбор на СЗБ од НОБ на Македонија, која согласно Законот дава мислење за учесниците во ЕЛАС и НОДЕМ. Според ова мислење и искажувањата на членовите на Комисијата за утврдување на својство на носител на одговорни функции во воените и политичките органи за време на НОВ во Грција - Егејска Македонија од 1941-1945 година (ЕЛАС0 и органите на Демократската армија на Грција и органите на политичките организации на Макеонците од Егејскиот дел на Македонија од 1946-1949 година (НОДЕМ).

Имајќи го предвид напред изнесеното Комисијата за утврдување својство на носител на одговорни и раководни должности одлучи... ПОЗИТИВНО Шеф на кабинетот Румена возбудена се доближи и го бакна, а потоа извика триумфално.

- Добрине! Конечно по триесет години ти признаа!! Тоа е ПРАВДА! А не одмазда од своите соборци.

Добрин стана и имаше заканувачки изглед што човек го има пред своето супер-его да ја поврати контролата врз неговото тело, да се тргне од смртта, па како да се исплаши од она што го дознал со текот на годините и како со рака болеста го седна на креветот што мирисаше на камфор и пот. Двајцата седеа молкома, неподвижно и не сакаше повеќе да зборува, помина во некоја агонија.

Румена го куражеше и му велеше:

- Подобро изгледаш... Навали се. Ти барем ме знаеш, дека не ги сакам мажите кои дрдорат само за минатото...

- Да ти донесам млеко? - го запраша, местејќи му ја постелата.

Добрин небаре потона во мислите на минатото. Се присети на сибирските затвори. На судбината која му беше насилно скршена. На едно време кое имаше боја на отсутност. На ќелијата, во која можеше само да размислува, но не и да изговори нешто, да молчи, да ги гмечи болката, лутината, стравот, срамот, бесот и смеата. Да се обвинува самиот себе си, да си легнува како во гроб, но смртта се уште да не го допира, а таа да биде тука, до него, во влажните ѕидови. Да се живее со затворени очи и уста во сибирските ноќи. Над тој ужасен мраз, под таа бледа месечина, под тие далечни ѕвезди.

Дури и да не посакуваш да го мериш времето. Чуму ти е тој божемен ден и неговата светлина? Небаре беа тоа векови.

Скован во иње, тоа влечкање на греди низ непроодните тундри.

Снегот кревок, ти крцка под голите стапала и одиш кон целта што ти ја покажуваат смрзнатите бајонети. Тука и таму ќе гушнеш некоја берјоза, како да ти е сестра и само еден миг посакуваш да и ја кажеш целата вистина. Темницата во тундрата била потопла и на човека му дава мигови на отсутност и инстиктивно повеќе му ја грее душата отколку тоа сибриско млечно сонце.

Бараш голтка чај, да ти мине пријателски низ телото.

- Добрине, земи го млекото, - молбено му рече Румена.

Добрин ги отвори очите со страв.

- Што се случи? - прошепоти Румена.

- Ништо, - рече Добрин, ми се пристори како да слушнав нешто.

- Да не влезе некој? - потстана да види Румена.

- Не, не е тоа.

- Па што?

- Ми се пристори како некаде далеку да слушам топовска падба

- рече тој и пак се отпушти.

- Сигурно си вообразив, - и пак остана напрегнато да слуша.

- Господе - рече тој, - би сакал барем брзо да осамне.

Во главата му одекнуваа топовски канонади, му навираа спомени. Почнуваше секогаш од најблиското време и се сведуваше кон минатото.

Спомените му се движеа низ темната февруарска ноќ. Во снежното поле му се движеа темни фигури. Луѓето како да му се потскриваат од смрзнатиот ветар или почнуваат брзо да одат.

Пак, ужасни грмотевици, огномет од бои. Стрелаат тенкови, топови, автомати, митралези, пушки. Крвават ранети луѓе.

Небото чисто, свети месечината. Колоната оди кон Кајмакчалан. Дим, јазици од пламен, мирис од изгорена крв.

Му се редеа сите села, изгорени, само ѕидините како џурувкосани тела виреат над снежните намети. Три деноноќија траеа борбите. Му истекуваа годините од четириесеттата до четириесет и деветата. Гледаше пред себе со вкочанет поглед. И туку одеднаш како да се запраша - “Војувавме за победа, колку црна крв, војничка крв. Плач по своите луѓе. Зарем навистина ли така доаѓа смртта...” Настапи молчење. Но небаре во овој смртен час посака да си приспомне пак на нив.

“Го гледаш смртно ранетиот војник, чувствува порив, со подгорени усни, да промрмори. Зошто? Зошто? Таа празнина, несомнено, што по смртта следи. За да згасне конечно огнот и времето, потоа да ги избрише сопствените траги. Да, омразата ти го уништува духот, како што борбата телото. Зарем гордоста не ќе ја крене нашата горчлива судбина до вистината? Ми признаа, по триесет години? Ми признаа! Ми признаа!!?