My Family and the Macedonian Community in Canada: My Life Story (1939-1985) - The John Givens Story
__________________________ VLADE STERIOVSKI - Part 05
Од бројните столетија што не делат од времето на св. Климент Охридски, можеме да укажеме на некои незнајни, анонимни запишувачи на важни настани од животот на македонското население, за тоа дека таа година и тој ден во едикоеси село или град се случило ова или она, пустошеле разни болести, чуми и колери, владеела голема скапотија и глад, дека неподносливи биле насилијата на господарите, дека се јавила дзвезда со опашка, дека бил земјотрес или поплава и слично...
Веќе во минатото столетие неколку свештеници, калуѓери и учители се осмелуваат и излагаат од незнајноста, анонимност. Тие покрај со својата племенита учителска работа се зафаќаат и со пишување дела и со нивно печатење.
Уште првите две десетлетија на XIX столетие ни ги дадоа првите учители-писатели, кои на чист народен јазик објавиле повеќе дела. Тоа се калуѓерите-учителите Јоаким Крчовски од Кривопаланечко и Кирил Тетоец Пејчиновиќ од селото Теарце близу до Тетово. Учителот и писателот Јоаким Крчовски објави пет книги на народен јазик. Тие се во врска со неговата учителска и свештеничка работа, но тие содржат и многу податоци за животот на македонското население во почетокот на XIX век. Со оглед на тоа дека во Македонија немаше печатница, сите пет книги на Крчовски беа напечатени во Будим. Нив ги напечатија познати трговци “купци” од Штип, Кратово, Крива Паланка и други места на Македонија.
Делата на Крчовски биле многу користени од населението, и биле препишувани.
Како и Јоаким Крчовски и Кирил Тетоец Пејчиновиќ објавил две книги, а некои други негови работи останале во ракопис. Во своите дела Пејчиновиќ го насликува животот на селското население од околината на Скопје и Тетово, во почетокот на минатото столетие. Пишувани на пристапен, разбирлив јазик, убаво компонирани, во секој поглед блиски до разбирањата на нашите луѓе, делата на Пејчиновиќ оставиле силни траги во издигањето на народот во просветен и културен поглед.
Насловите на делата на Пејчиновиќ се “Огледало”/печатено во Будим, 1816) и “Утјешение грјешним”/печатено во Солун 1840 година). Во врска со печатењето на второто дело на учителот и писателот Пејчиновиќ, ние доаѓаме во можност да кажеме некој збор и за учителот, писателот и печатарот- Теодосија Синаитски, првиот Македонец кој на теренот на Македонија, во Солун, во 1837/8 година основал прва македонска печатница. Печатницата на Синаитски (инаку родум од Дојран) работела до 1841/2. Неколку пати горела.
Во се објавила 5 книги, сите пишувани на разни македонски говори. По еден пожар за обновата на печатницата се заинтересирал и писателот Кирил Пејчиновиќ, кој дал доволно пари таа да се обнови. Истовремено тој на печатарот Теодосија му оставил и ракопис од едно свое дело: “Утјешение грјешним”. Тоа дело е напечатено во Солун 1840 година. Во предговорот печатарот Теодосија ја изнесува историјата на печатницата и многу го истакнува уделот на Пејчиновиќа при нејзината обнова, истакнувајќи го значењето на книгата на Пејчиновиќа. Во врска со книгата на Пејчиновиќа, Теодосија Синаитски, со возбуда во гласот, им се обрнува на “љубочитателите”: “еве кључ что отворует сердцето ваше, не кључ от злато или от сребро, но кључ от жлезо чилик, што да не се вие, оти среброто и златото ест меко и се вие скоро...” За Синаитски народниот збор, македонскиот, е железен и челичен клуч, кој може да го отвори срцето на “простиот человек”, додека словенскиот и рускиот се од злато и од сребро- тие се меки и не можат да го отворат срцето на македонскиот човек. Токму во делото на Пејчиновиќа се наоѓа тој челичен клуч, народниот јазик, и секој Македонец треба да ја чита книгата на Пејчиновиќа.
И подоцна, во Солун имало и други печатници. Значајна со својата работа е печатницата на Константин Држиловиќ, од селото Држилово. Оваа печатница печатела книги на македонски јазик со грчки алфавит и, дела на грчки јазик.
Печатницата работела од 1851 година.
Други учители –писатели се познатите македонски преродбеници, кои се одалечуваат од манастирските училишта и учат световни училишта. Мнозина од нив се школуваат и надвор од Македонија.Во текот на XIX век во Македонија имаме школи на народен јазик, но има и доста школи на грчки јазик, подоцна, во втората половина започнуваат и пропагандите од Србија и Бугарија, со внесувањето на дела пишувани на бугарски и на српски јазик, со доаѓањето на учители од Србија и Бугарија, со основање бугарски и српски училишта.
Познати се нашите преродбенски учители и како борци за ослободување на македонскиот народ од грчкото културно иго и македонската црква од фанариотските владици. Имињата на нашите преродбенски борци-учители и писатели вам ви се добро познати. Тоа се: Јордан Хаџи Константинов Џинот, од Велес, борбен учител и разноврстен писател: на стихови, школски текстови, патеписи, драмски творби, трудови од областа на јазикот и литературата, собирач на народни умотворби. Во текот на целиот живот се борел за народното училиште:
во Велес, Скопје, Прилеп, Тетово. Неговите описи на Македонија се значајни по богаството на податоци за богатството на Македонија со културни и книжевни споменици, но и со своите кажувања за патилата на македонскиот народ под двојното ропство. Џинот е еден од првите македонски учител кој отвора школи на народен јазик.
Браќата Миладиновци- најзнаменитите македонски преродбеници- паднаа како жртви за доброто на својот народ, во цариградските зандани, во почетокот на 1862 година. Обајцата отпрвин биле учители на грчки јазик по разни градови на Македонија (Охрид, Струга, Битола, селата Магарево и Трново, Кукуш и др). По националното пробудување, кое настанува по завршувањето на Кримската војна и Парискиот мир, во 1856 година Димитрија започнува, во Прилеп, со воведувањето на народниот македонски јазик во училиштата. Започнува со собирање на народни песни и приказни, со собирање на стари споменици со будење на народната свест.
Покрај во Прилеп Димитрија Миладинов ги удира темелите на народното училиште и во Кукуш каде соработува неколку години живо со Нако Станишев и Атанас Кушовалија, првенци кукушки. Таму го преведува евангелеието на македонски јазик и го воведува словенскиот јазик во богослужбата.
Брат му Константин Миладинов, кој завршил и универзитет во Атина, во 1856 година го испраќа во Москва на студии, за да може, по враќањето да предава на народен јазик. Во руската средина Константин Миладинов започна да пее стихови и тој се јавува како прв вистински македонски поет. Чувени се неговите песни “Т га за југ”, “Сираче”, “Голапче” и други. Во Загреб 1861 година, со помош на бискупот Јосип Јурај Штросмајер, ја објавува најзначајната збирка на македонски народни песни зборникот на Миладиновци...
На враќањето во татковината, во Цариград, каде дошол да го спаси брата си Димитрија од затвор, и тој е затворен- така што двајцата умираат во затворот, прогонувани од власта и од фанариотите...
Нивен близок човек, ученик и зет, Кузман А. Шапкарев, од Охрид, долго време учителувал по Македонија и осеќајќи ги желбите на македонскиот народ, напишал и напечатил неколку учебници на македонски јазик, сакајќи со своите учебници да ги истисне туѓите учебници од Македонија. Познат е и како вреден собирач на народни умотворби.
Од учителите-просветители уште би ги спомнал Рајко Жинзифов, кој кратко време бил учител во Прилеп и Кукуш, за да замине во 1858 година во Русија на школување. Во Русија пишува песни и статии во кои се труди да ја извести руската јавност за тешката положба во Македонија. Умира како прокуден поет во Москва.
Жинзифов е еден од нашите најплодни поети и публицисти.
Целиот свој живот, отпрвин како грчки учител, а потоа како народен учител, ќе го помине во Македонија, во Охрид, Струга, Битола, Прилеп, Солун, учителот и писателот Григор С. Прличев. Охриѓанец, воспитан на класичните грчки писатели, Хомера и другите, тој најголем поетски талент на Македонија во XIX век, ќе се здобие со таква слава на поетското поле, што во 1860 година, на поетскиот конкурс во Атина, ќе ја добие првата награда и названието “втор Омир” за своето дело “О арматолос” -Сердарот”. Долго години грчки учител, откако делумно ќе се прероди тој ќе стане еден од најборбените македонски учител, кој ќе работи на народното дело.
Венијамин Мачуковски, родум од селото Мачуково, Ѓевѓелиско, откако завршил духовни училишта и историско-филолошки факултет во Русија, бил учител во Солун, потоа живеел во Цариград. Мачуковски (1847-1878) во 1872 г. во печатот дал објавление дека спрема “Блгарска граматика на македонско наречие”.
Образложението зашто пишува таква граматика гласи: “Изучението за Б лгарската Граматика в Македонските училишта е един от наитрудните предмети за учениците, вместе с тем наи-безтолковнии. Он им отнима доста долго време, и това не им мешае пак да немат понотие от грамматиката. Това происходи от несообразноста в грамматическите форми на досегашните издадени Блг.
грамматики с ониа на македонското наречие... Сум наредил веке првата част за грамматиката, и успехот што са показале учениците в изучението на този предмет по записките ми, наполно сум са убедил за достижение на целта ми.” И понатаму во објавлението ги моле “учителите по Македонија да са постараат да ми соберат спомоштество важниот които зависе исклучително издаванието на книжката ми.
“Објавлението било пишувано во Кукуш на 16 август 1872 година (Блаже Конески, Кон македонската преродба. Македонските учебници од 19 век, Скопје, 1959, 84-85). “Објавата на Мачуковски е можеби најјарок пример за тоа како тешко се помирувале и соживувале со употребата на бугарскиот литературен јазик кај нас”, пишува Блаже Конески/стр. 85/. До печатењето на граматиката на Мачуковски не дојде, дека во бугарскиот печат (“в, “Право” од 30 октомри 1872 г.) се дигна силен глас против македонската граматика.
Со својата родолјубива работа на помагањето народното училиште во Солун се истакнале Константин Динката Држиловец, родум од воденското село Држилово и неговите деца Ѓорги Динката, кој бил учител во разни места на Македонија (Прилеп, Битола, с. Загоричине) поет, човек со научни заложби и застапник за една балканска федерација, како и ќерката Славка, учителка....
И така би можело уште долго да се зборува за учителите и училиштето во Македонија во минатиот век се до трагичната поделба на Македонија на три дела по балканските војни и првата световна војна, кога во сите три дела на Македонија беше забранета употребата на македонскиот јазик во училиштата и администрацијата, во печатот и литературата.
Дури по крајот на втората светска војна македонскиот јазик стана јазик на просветата, науката, администрацијата, печатот и литературата, со еден збор стана јазик на македонската нација во оној дел на Македонија, што денеска ја сочинува Република Македонија.
Просвета и наука во Република Македонија Употребата на народниот, македонски јазик во училиштата, печатот и литературата почна да се воведува во Македонија уште во текот на Народноослободителната војна, кога на слободната територија се основаа народии училишта и се печатеа разни билтени и стихозбирки на македонски јазик.
По создравањето на македонската држава, се донесоа нужни законски акти, за воведувањето на македонскиот јазик во сите јавни служби и училишта, се изработи македонскиот правопис и првиот македонски буквар. “Македонското школство го започна својот развиток со слабо развиена материјална база, без стручен кадар, но со големи желби и ентузијазам да се развие широк систем на образование. Во основното образование е поставена широка основа на целиот образовен систем”, пишуваше овие денови Томислав Чокревски, републичкиот секретар за образование, наука и култура (Македонија од распаќата кон иднината, Скопје, 199)
Прашањето со основните училишта вака изгледа.
Пред втората светска војна во Македонија (се мисли на теренот на денешна република Македонија, бидејќи за останатите делови на Македонија ни недостигаат податоци) имаше 850 основни училишта и виши основни училишта со 95.000 ученици и 1500 учители и наставници. Наставата се одвиваше на српскохрватски јазик.
Во текот на училишната 1945/46 г. имаше 1106 основни и виши основни училишта со 113.000 ученици и 2200 наставен персонал.
Денешната состојба е следнава: 1400 основни училишта со преку 250.000 ученици и 9.600 наставен персонал.
Во основните училишта се опфатени 90% ученици.
Прашањето со средните училишта пред втората световна војна беше многу скромно.
Во 1945/46 година имаше 69 училишта со 19.000 ученици и 700 наставници.
Денеска е оваа состојба:152 училишта со 51.000 ученици и 2.700 наставници. 80% од учениците се опфатени во средното школство.
Високото и вишето школство во Македонија во голема мера претставува гордост на нашата земја. Додека пред војната, во 1939 година, во Скопје постоеше само еден непотполи филозофски факултет, на кој студираа просечно по околу 150 студенти, од кои помалиот дел беа од теренот на Македонија, денеска на Скопскиот универзитет “Кирил и Методиј” студираат околу 17.000 студент на девет факултети, со повеќе оддели, што се всушност одделни факултети. Најстар факултет на Скопскиот универзитет е Филозофскиот факултет, основан во училишната 1946/47 година, потоа од година на година се наголемуваше бројот на факултети, така што денеска тој изнесува, како реков, девет факултети и тоа: покрај филизофскиот, природно-математички, земјоделско-шумарски, медицински (со оддел за стоматологија), архитектонско-градежен, правен, економски, електро-машински, технолошко-металуршки. За изминатото време на Скопскиот универзитет завршиле околу 12 илјади стручњаци од разни профили, а секоја година тој број се наголемува уште за една илјада. Од малиот број на професори и асистенти на Филозофскиот факултет, кој во почетната година на работата на тој факултет изнесуваше девет професори и десетина предавачи, денеска на Скопскиот универзитет “Кирил и Методиј” работаат околу осум стотини професори, доценти, асистенти и други наставни помошници. –Кога кон бројот на факултетите ќе се додаде и бројот на вишите школи (педагошки академии во Скопје, Битола, Штип;
Театарската академија и Вишата музичка школа во Скопје, и околу десет други виши пколи во внатрешноста, од кои секоја година излагаат стручњаци, бројот на дипломираните стручњаци кај нас го надминува бројот од околу 12.000.
Кога станува збор за факултетите на Скопскиот универзитет треба да се рече дека, покрај неколку кои работаат во прилично дотрајани згради, помладите факултети имаат нови згради со најсовремени лаборатории и институти, така што Скопскиот универзитет се вброј меѓу најсоврмено опремените универзитети на Балканот. Штетите што ги предизвика катастрофалниот земјотрес во 1963 година постепено се лекуваат; токму овие денови се удрија темелите на три нови факултетски згради (филозофскиот, правниот и економскиот) и на ректоратот на Скопскиот универзитет.
Желбата за студирање е особено развиена кај македонските младичи и девојки.
Во нашата република најголем е бројот на населението, кое студира: 1,5% /во Америка, 1963: 1,19, во Велика Британија, 0,64, во Сојузна република Германија:
0,45 итн./.
Значењето на Скопскиот универзитет “Кирил и Методиј” не е само во формирањето на стручни кадри. Тој е всушност базата и за научната работа во нашата земја. Најголемиот дел од професорите и асистентите се бават и со наука, покрај со настава. На разни факултети на универзитетот студираат, или специјализираат, студенти од целиот свет. Како гости на наши разни факултети гостувале истакнати научници-професори од познати универзитети од целиот свет.
Знатен број наши наставници-научници гостувале со свои предавања на низа универзитети во светот; помлади наши научни работници одат на специјализација во разни универзитети во Европа и Северна Америка.
Кога станува збор за разните училишта кај нас, од основните до факултетите, треба да ве известам дека за потребите на учениците, во изминатиот период се напечатени голем број учебници и учебни помагала за сите возрасти и струки на ученици. При рака ми се некои податоци, што се објавени поповод прославувањето
25. годишнината на издавачкото претпријатие “Просветно дело” од Скопје. За македонски основни училишта објавени се над 700 дела со тираж од 16.000.000 примероци; во истото време за албански основни училишта има објавено 126 книги со тираж од 1.000.000 примероци, а за турски основни училишта 200 книги со нешто помал тираж, зависно од потребите. –За срени школи објавени се 330 учебници и помагала со тираж од над 1.500.000 примероци и така натаму 200 учебници за стручни школи и голем број за универзитетски студии.
Универзитетски учебници покрај “Просветно дело” објавува и специјализираната универзитетска печатница. “Просветно дело”објавило и десетина двојазични речници; од капиталните дела што ги објавило “Просветно дело” ќе го споменам “Речникот на македонскиот јазик”, во три книги.
Како придружник на просветата и еден вид врвен резултат од школувањето се јавува и развојот на научната мисла кај нас, во Македонија.
Додека пред втората војна во Македонија одвај на прсти можеја да се набројат работниците на научното поле, денеска, во нашата Република имаме широко развиена мрежа на научни установи, започнувајќи со Скопскиот универзитет, преку низа научни институти од факултетски, универзитетски, републички или самостоен карактер, преку бројни музеи, архиви, заводи, па се до Македонската академија на науките и уметностите, како врвна научна установа во земјата, која се јавува како координатор и иницијатор за развојот на науката.
Најголемиот број научни работници се наоѓаат на Универзитетот, каде, покрај со наставна работа, се бават и со научно-истражувачка работа. Поголемиот дел од наставниците и асистентите на Универзитетот се бави со научна работа, било да работи на индивидуален план или да е вклопен во колективни теми. Резултатите од научната дејност на универзитетските професори и асистенти се објавува во изданијата на сите факултети: во годишните зборници, посебните изданија и списанијата. Мнозина од универзитетските работници публицират свои дел во разни научни и стручни списанија во нашата земја и во странство.
Како резултат од научната дејност на нашите луѓе се јавуваат и признанија, што им се оддават на истакнати наши научни работници во Југославија и во странство.
Неколку наши научни работници станале членови на разни академии на науките и научни друштва во Југославија и во странство: во САД, Франција, Англија;
неколку цина станале почесни доктори на разни универзитети во САД, Франција и Англија, го спомнав порано случајот со изборот за почесен член на Чикашкиот универзитет на академикот Блаже Конески. – Сите овие признанија на научните резултати на македонските научници, претставуваат и признание и афирмација на македонската наука во светот.
Покрај на Скопскиот универзитет “Кирил и Методиј”, научната дејност се одвива и по разни институти во Македонија. Денеска во Македонија има 23 самостојни научни институти и заводи во кои работаат околу 900 научни работници. Институтите се главно лоцирани во Скопје, но ги има и по внатрешноста на Републиката: во Битола, Прилеп, Охрид, Струмица.
Од институтите по внатрешноста особено треба да го истакнеме Хидробиолошкиот завод во Охрид, во кој се изучува животот на Охридското Езеро и се дејствува на зголемувањето рибниот фонд на Езерото. Од крилото на Хидробиолошкиот завод во Охрид веќе израснале десетина еминентни научници, од кои некои се и редовни професори на универзитетот и познати научни работници.
Значајно место му припаѓа и на Институтот за тутун во Прилеп, кој се афирмирал како солидна научно-истражувачка институција, која делува на подобрувањето на производството на тутунот.
Самиот назив на Институтот за памук во Струмица зборува за преокупацијата на научните работници од тој Институт.
Од институтите во Скопје, ќе споменам само неколку, кои имаат значајна улога во изучувањето на историјата, јазикот и народното творештво на македонскиот народ. Тука е пред се Институтот за македонски јазик “Крсте Мисирков”, кој неодамна славеше уселување во нова зграда, која беше изградена и со помош на нашите иселеници во странство. Околу 50 научни работници во Институтот го обработуваат македонскиот јазик во секој поглед. Институтот издава свои разни изданија од кои најзначајно е списанието “Македонски јазик”, кое излага веќе 19 години и околу себе ги собрало сите македонски јазиковеди и голем број слависти од целиот свет, особено од САД, Полска, Германија, Финска и други земји.
Значајна е и улогата на Институтот за национална историја во афирмацијата на националната наука. Со своите бројни паучни работници, од кои над десетина се и доктори на историската наука, Институтот се истакнува со бројните и многу солидните свои изданија, од кои особено треба да се спомене Гласникот на институтот за национална историја, кој излага повеќе од 12 години и на своите страници објавил ценети прилози од македонската историја покрај од македонски и од странски научници. Со заслуга на Институтот се организираат често научни собири на кои се разгледуваат разни прашања/прашањето за АСНОМ, Илинденското востание и др./. Најнова работа на Институтот беше објавувањето на три книги од областа на историјата на македонскиот народ, кои беа презентирани на меѓународниот конгрес на историчарите, кој се одржа во август во Москва.
Корисна научна работа работи и Институтот за фолклор. По својот број на соработници, тој е уште мал, но по она што го сторил за собирањето народни умотворби, народна музика и сл, тој претставува значјна институција за афирмација на македонскиот фолклор. Досега објавил поголем број на книги со народни умотворби, сега го издава делото-народните умотворби на Марко Цепенков, најплодниот собирач на македонски народни умотворби, во десет книги, и го издава списанието “Македонски фолклор”, во кое се застапени и голем број странски фолклористи.
Покрај самостојни институти во Скопје има уште околу 40 институти и заводи, кои работаат на разните факултети.
Во нашата република покрај институтите, за кои што зборува, со научна работа се бават и разни музеи, архиви, заводи, кои, покрај основната задача да ги конзервираат материјалите, што спаѓаат во нивната надлежност, издаваат и свои публикаци, во кои ги објавуваат резултатите од својата работа.
Информацијата за основањето и работата на највисоката научна установа во Македонија, Македонската академија на науките и уметностите.
Со закон на Собранието на Македонија, донесен на 23.II.1967 г., основана е Македонската академија на науките и уметностите. Првите избори за членови на МАНУ извршени се во август истата година во Охрид, стариот центар на словенската и македонска просвета и култура, градот на Климент Охридски, Григор Прличев и толку други знаменити луѓе на Македонија.
Основањето на Македонската академија го поздравија -и најавија соработка со неа- голем број на академии на науките од целиот свет: Австрија, Англија, Белгија, Бугарија, Венецуела, Германска демократска република, Израел, Ирска, Италија, Канада, Либан, Португалија, Романија, Сирија, Соединетите амерички држави, Сојузна република Германија, СССР, Франција, Холандија,Чехословачка и Шпанија.
За ова кратко време од основањето, Македонската академија на науките и уметностите успеа околу себе да собере знатен број соработници-покрај редовните и дописните членови- и да покрене жива научна дејност: покрена низа публикации, одржа два значајни научни собири, од кои минатата година еден посветен на 1100 годишницата од смртта на Кирил Солунски, на кој учествуваа и научници од САД.
Сега се привршува печатењето на рефератите што се одржани на овој Собир, во две книги. Во почетокот на идната година Академијата ќе даде во печат 5 книги во кои ќе се разгледа историјата на Македонија, јазикот, литературата-воопшто ќе се даде делосна претстава за Македонија и Мадедонците од нивното доаѓање на Балканот до денеска. Книгите ќе бидат напечатени, покрај на македонски јазик, и на некои странски јазици, од кои на прво место на англиски.
Во текот на оваа и идната година Академијата ќе издаде и два најстари споменици на македонската писменост од X;XI век.
Во текот на овие три години Македонската академија ја посетија низа научници од целиот свет, а неколку наши академици престојуваа во повеќе држави во светот, меѓу кои три члена во САД.
Користете ги левата и десната стрелка за да ја свртите страницата.
Испечатено од https://macedonianhistory.ca/mk/narrative/the-john-givens-story/18 на 29 октомври 2026