ДЕЛ ВТОРИ ГЕМИЏИИТЕ НА ДЕЛО ГЕМИЏИИТЕ - РЕВОЛУЦИОНЕРНАТА ОРГАНИЗАЦИЈА - Part 12
Тоа се должело на фактот што во Грција биле против создавање на автономна Македонија - за што се водела борбата во Македонија. Наспроти тоа што грчкото население во цела Македонија претставувало една осмина од вкупното население (македонското било повеќе од една половина), грчките владејачки кругови сметале дека имале право да претендираат на цела, или речиси на цела Македонија. За докажување на своето “право” врз Македонија тие ја повикувале на помош историјата (тоа го правеле и во Бугарија и во Србија), но и статистиката. Но, ако се исклучат најјужните околии коишто биле населени со грчко или со турско население, во другите делови на Македонија грчката “сила” ја сочинувало, главно, македонското и влашкото население, кое ја признавало Цариградската патријаршија. На пример, во Костурско над 80% од христијанското население било македонско, кое, повеќето, ја признавало грчката црква, поради што Грците ја сметале таа околија за населена со “Грци”. Меѓутоа, Револуционерната организација, во името на автономна Македонија успеала поголемиот дел од нашиот народ во Костурско, како и во целата земја, кој ја признавал религиозната власт на патријархот, да го придобие и да го вклучи во своите редови, што во Атина и во Фенер се сметало за крајно опасно по однос на великогрчките интереси. Зашто, ова население, прифаќајќи ја автономијата како цел на своите ослободителни стремежи, во политички поглед се одвоило од грчката црква, а тоа значи и од грчката “национална идеја”. Поради тоа, основна преокупација на целокупната грчка пропаганда, раководена од Атина и од Цариград, била со неизбирливи средства да ја компромитира Организацијата пред европската дипломатија и пред јавноста како орудие на бугарската пропаганда во Македонија. Покрај другото, како повод за тоа и послужиле и Солунските атентати.
Интересите на грчката влада наполно се совпаѓале со тие на турската. Двете земји се повеќе се доближувале и сојузувале.
Грција била заинтересирана турските власти да го задушат револуционерното движење, за тоа со своите акции да не предизвика сериозни проблеми и промена на статус-квото во интерес на Македонија. Затоа, сите мерки што турските власти ги преземале против револуционерното движење во Македонија, па и оние што обично во Европа предизвикувале гнасење, во Грција се одобрувале и оправдувале.
Грци во Солун зеле учество во башибозучките одреди при погромот врз невиното македонско население. Грчката пропаганда и одделно весникот “Емброс”, што тука излегувал, се натпреварувале со турската пропаганда во напаѓањето и клеветењето на револуционерното движење. Во рамките на познатата политика да се убеди Европа дека македонското револуционерно движење било, наводно, управено повеќе против Грците отколку против турските власти, грчката пропаганда се трудела да докаже дека Солунските атентати биле управени и против патријаршиските установи.
Аргументите биле измислувани. Евгенијадис, како што видовме, јавил во Атина дека, според “сигурните” податоци што ги имал, заговорниците планирале да го дигнат во воздух грчкиот конзулат. За да се “осуети опасноста” барал помош од турскиот командант. Во “Емброс” била објавена вест во која се кажувало дека атентаторите имале планирано да ги нападнат со бомби грчкиот конзулат, Грчката митрополија и грчката гимназија, но не успеале да го реализираат тој план. На 1 мај бил фатен со пакет динамит некојси млад Бугарин, кој имал задача, “согласно неговото признание”, да го минира грчкиот конзулат. Бил дојден пред неколку дена од Софија за да земе
“учество во движењето”. (Makedonika, 62-63.) Се разбира, сето тоа било измислено. Гемиџиите никогаш не помислиле да нападнат грчки институции и имоти во градот. Тоа што загинал еден Грк, било сосем случајно.
Кампањата против македонското револуционерно движење во Грција зела невидени димензии. Хистеричните изливи на омраза против населението кое во Македонија се борело против турската власт биле проследени со изразување на дотогаш нечуени симпатии кон султанот и неговите крвави репресалии во Македонија. На имениот ден на грчкиот крал, на 6 мај, тогаш кога во битолските улици се колело невино христијанско население, во Атина Атинскиот универзитет приредил банкет, на кој музиката го свирела маршот “Хамидие”, кој бил ислушан на нозе и бпл проследен со “Да живее султанот!”. Неколку дена по оваа манифестација, група грчки офицери отишла кај турскиот пратеник во Атина и, од името на 1.000 души доброволци, го замолила да му ги пренесе на султанот нивните сочувства и желби да стапат во турска служба за да и помогнат на турската војска во борбата против востаниците во Македонија. Турскиот пратеник, изразувајќи задоволство од симпатиите што му биле укажани на султанот, им изјавил дека нивната молба не можела да биде уважена, бидејќи турската војска и полиција за кусо време ќе ги ликвидираат “бандитите”.
Овие симпатии и додворувања на “крвавиот” султан од страна на една христијанско-православна земја, којашто само пред 6 години го вкусила горчливиот пораз од војската на истиот тој султан (Турско-грчката војна во 1897 година), предизвикале вчудовиденост во Европа и принудило некои елинофили остро да реагираат. Сојузувањето на Грција со султанот В. Берар го нарекол “вистинско морално фијаско”. Констатирајќи дека водачите на елинизмот водат политика “којашто води само кон срам”, Берар со индигнација пишува: “Атина... денес е под чизмата на турскиот пратеник. Кралот, кнезовите и министрите се сметаат за извонредно почестени ако го добијат големиот кордон на Абдул Хамид... Кога подигаат во Ламија споменик на некој херој за грчката независност, Грците се чуваат како од оган во своите говори да го спомнат некогашниот ентузијазам и желбата за одмазда; кога ги слуша човек, би помислил дека Дијакос, Колокотронис... (херои од времето на Грчкото востание во 1821 година против османското ропство - б. м.) беа најверните пријатели на Портата, најсрдечни слуги на целатот...
Не разбираат ли тие дека од ден на ден станува се потешко да се застапува нивната кауза пред цивилизирниот свет? (V. Berar, Pros tus Hellinas, 1903; La Revue de Paris, ц. Кн.)
“Ди Информацион” од 22 мај 1903 година пишувал дека поради тоа морално паѓање на Грците “лордот Бајрон, Џорџ Канинг... и сите филелини сигурно се превртиле во своите гробови... Но тие (Грците - б. м.) ја добија својата казна. Абдул им ја искажа својата благодарност на луѓето што ја понудија својата помош на неговиот разбојнички џган. Тешко, но заслужено, е да го носат тие на своите чела срамот на таа благодарност”. (Според Хр. Силјанов, 269.)
Прашањето за реформи подигнато од Русија и од Австро-Унгарија кон крајот на 1902 година предизвикало значителна вознемиреност меѓу владејачките кругови на Грција и меѓу фенерските Грци. Стравот доаѓал оттаму што прашањето за реформи од големите сили било доста сериозно сфатено, а тоа всушност било сторено под притисок на револуционерните настани во Македонија. Тоа во Грција ги потсетувало на 1875-76-78 година, кога покорените словенски народи востанале против османската власт и кога за нив, главно, Европа се заангажирала да им ја поправи положбата преку наложување реформи на Турција. Сега во Атина се сметало дека кризната ситуација создадена од гемиџиите и Организацијата можела да се реши на штета на нејзините создадени интереси во Македонија. Затоа официјална Грција била против било какви реформи во Македонија и наполно застанала на страната на Турција во крвавото задушување на македонското движење. Таа прифаќала реформи, но такви коишто би го гарантирале успешниот развиток на грчко-патријаршиската пропаганда и на нејзината асимилаторска политика, како и такви коижто би ја оспособиле турската жандармерија за ефикасна борба против Револуционерната организација. Автономијата за којашто се борела Организацијата, поради тоа што ја оневозможувала можноста за делење и заграбување на македонската земја, не се прифаќала. Спедејќи ги наредбите од Атина, органите на грчката црковно-училишна пропаганда во Македонија уште од порано се ставиле во служба на турските власти и многумина од нив се претвориле во опасни доушници и непријатели на Организацијата. “... Потчинувајќи се, впрочем, на јавно дадените директиви од страна на грчките конзули и патријаршиското свештенство - пишува Стег - Грците од Македонија играат улога на поткажувачи... Што се однесува до мене, јас не верувам дека таквиот став ќе им служи на интересите на елинизмот...” Грчката пропаганда, рековме, со сите сили се трудела да ја компромитира Револуционерната организација како носител на туѓи интереси. “Цел на Комитетот беше – пишува в. “Емброс” од 25 април (8 мај) 1903 година - да создаде во Солун, преку анархистички потреси, такви заплети, несигурност и ненормална ситуација, што големите сили да бидат принудени да ја испратат својата флота и да го преземат градот. Комитетот се надеваше дека од меѓународното заземање на Солун ќе произлезе дефинитивното решавање на македонското прашање согласно бугарските желби”. (Makedonika, 82, забелешка 1.)
Грчките фактори пред Цариград и пред Европа, се претставувале како носители на мирот, а за оние што ја имале смелоста да се дигнат во името на слободата и на човечкото достоинство барале од султанот физички да ги уништи, а од големите сили да покажат разбирање за ваквиот грчки став.
Нека се надеваме - пишува Евгенијадис - дека турските судии во оваа ситуација ќе се покажат беспоштедни кон злосторниците и ќе им ја изречат заслужената казна и дека нејзиното извршување нема да биде одложено, како што се случувало со порано осудените од редовните судови комитетски убијци.
Тоа би требало да се стори за да им служи за пример на другите, но и за да се спречат новите опасности што виселе над градот, бидејќи, според некои кажувања атентаторите, од разни причини, побрзале и не можеле наполно да го исполнат својот “сатански” план. (Makedonika, 82. Грчкиот конзул сметал дека атентаторите, од некакви причини, во акција стапиле предвреме, што имало за последица нивните планови да се осуетат. Предизвикот на колежи врз сите христијани од страна на турската толпа, според него, би им донела на Грците поголеми штети, затоа што би предизвикал европска интервенција, што со своите “злосторства” “движењето” се трудело да ја постигне. Тоа не било во интерес на грчката политика.
АПСЕЊЕ И СУДЕЊЕ НА АТЕНТАТОРИТЕ Видовме дека паралелно со првиот заклучок за “пукање” на котлите на “Гвадалкивир” се јавиле, сомневања за можност од диверзија. Меѓутоа, тие сомневања се јавиле кај Французите, додека турските власти, изгледа, на таквата евентуалност не помислиле. Инаку и не може да се објасни како можело сите патници од бродот да заминат кој каде знаел и можел и да не биде извршена веднаш најелементарна истрага за уништувањето на “Гвадалкивир”.
Во француската болница, каде што била сместена посадата на бродот имало и неколку ранети. Веднаш било забележано дека ранетите морнари немале никакви знаци на изгореници од пареа, што би било нормално при експлозија на котлите.
На 29 април, утрината, болницата ја посетил капетанот на бродот и долго време се консултирал со ранетиот главен механичар за причините на експлозијата и за евентуалното лице кое би можело да го изврши атентатот. Сомневањето паднало на лицето што било облечено во раскошна европска облека, но на источнички начин, што изгледало смешно за европските поими. Личел на источнички трговец. Сомнително им станало и тоа што без потреба се вртел во близината на машините, непосредно пред експлозијата, носејќи со себе куфер (тоа било пакетчето со динамит), од кој не се одвојувал. Капетанот ги повикал властите и им ги изложил своите сомневања. (Од Дневникот на сестрата Писи. “Нова Македонија”, 9 јануари 1961.) Откако биле собрани сите информации (неподигнувањето на куферот од агенцијата било силен аргумент), се знаело дека тоа лице било Бугарин, кое по преспивањето во хотелот “Партенон” заминало со воз кон Скопје. Била издадена потерница за негово задржување во Скопје.
Во меѓувреме Георги Манасов ,речиси спокојно патувал за “Врање”. Тој во Солун се качил во “Гвадалкивир” со визиран пасош за Варна. Сега, патувајќи кон Скопје, се надевал дека Варна би можело да се прочита и како “Врање”. И навистина, првата полициска контрола извршена меѓу Криволак и Велес не ја забележала “грешката”. Меѓутоа, во Скопје била примена наредбата за апсење и, штом стигнал, Шатев бил притворен. По кратко време, со возот што доаѓал од Зибевче, бил вратен за Солун.
Кога возот се доближил ноќта (на 29 април) во Солун, патниците љубопитно се прашувале зошто не се забележувало остветлението во градот. Одговорот на тоа прашање го знаел само еден патник – Шатев. Огромната железничка станица ја осветлувале 4-5 фенери. Целиот град потонал во темница. Само Отоманската банка со својот силен пламен ја осветлувала престолнината на Македонија и како да се трудела да ја осветли целата земја. Од време на време се слушале татнежи на бомби и како одговор на тоа стрелба од пушки. Се биеле десетина македонски херои со цела една империја, тука, во нејзиното балканско срце.
Под стража, Шатев и неколку други притворени лица биле пренесени во вилаетската управа. Зората уште не пукнала кога дворот на зградата започнал да се полни со затвореници.
Почнала крвавата пресметка на жандармите и војниците со невиното македонско население. Шатев се судрил со опачината на своето дело. “Јас никогаш не претпоставував дека судбината ќе ме постави во положба на таков трагизам. Јас бев еден од непосредните виновници за извршените, атецтати... Ме обзеде жал, гнев и јарост, но со ништо не можев да помогнам и требаше да го испијам отровот до дното од чашата. Иако се сопирам на овој факт, го правам тоа единствено за да забележам како типичен пример да се види како во решителните моменти виновниците не страдаат толку колку што страдаат невините кога се однесува за една, општа, национална кауза. (П. Шатев,
380.)
Штом се разденило, на 30 април, Шатев бил лично одведен при валијата Хасан Фехми-паша.
“Ти ли беше патник во паробродот “Гвадалкивир”? - прашал валијата. “Да! - одговорил Шатев”. Потоа бил вратен во затворот и до 6 мај не бил распрашуван. (Сестрата Писи на 1 мај напишала дека сомнителното лице за атентатот на бродот било затворено и тоа, наводно, изјавило дека целта на атентаторите била не само да ја натераат Франција да интервенира пред големите сили и Турција во нивна полза, туку и да ја привлечат власта кон пристаништето со дигање во воздух на бродот и потоа, непречено и без големи народни жртви, да го извршат преостанатиот план. Самиот Шатев не спомнува за таква изјава и за таков план.)
Павел Шатев бил прв од останатите живи гемиџии кој бил уапсен. Се поставува прашањето: Зошто тој, кој бил против да се гине по секоја цена, дозволил да биде уапсен и да биде осуден на смрт? На ова прашање самиот тој не дава одговор. А услови за спасување, или барем за обид за спасување, имало.
Тој пристигнал до Скопје со воз што застанувал на голем број станици. Признава дека можел да слезе во Велес, меѓутоа, сметал дека како странски поданик би и дал повод на полицијата да го следи, а со тоа би ги изложил на опасност другарите со кои би се сретнал во Велес. Меѓутоа, има вистина во неговото признание, кое може да се смета за една од важните причини што не се обидел да бега, а тоа е: “при постојните односи со лицата на Месниот комитет”, не можело ниту збор да станува да бара содејство и канал за бегство кон Бугарија. (П.
Шатев, 372-373.)
Апсењето на Богданов и на Арсов било извршено следните денови. Апсењето на Марко Бошнаков - “бакалот” било резултат на предавство. Било петок, 15 мај приквечер, кога пред Стефан во портирницата при влезот на католичката црква се јавил некојси Наум, кого Стефан го познавал и го замолил да му даде засолниште до другиот ден наутро, под изговор дека немал време да стигне дома пред полицискиот час. Молбата му била задоволена, но Наум, во знак на “благодарност”, му раскажал на Стефан дека Марко - “бакалот” на дуќанот од кој бил ископан каналот до темелите на Банката, бил скриен во куќата на неговиот брат, служител во Егзархиската гимназија. Утредента наутро, без двоумење, Стефан отишол право кај валијата и му раскажал за засолнињтето на Марко. Претресот во означената куќа не дал резултат. Наум, решен докрај да се прослави како предавник, во неделата се јазил пак кај Стефан и му раскажал дека Марко не бил пронајден затоа што успеал да се скрие.
Заедно со Стефан, Наум во неделата лично отишол во приватниот дом на валијата да го пријави случајот. Било договорено попладнето пак да се изврши претрес. Меѓутоа, Наум попусто чекал - полицијата не покажала интерес за случајот. Стефан решил да се обрати директно кај шефот на полицијата на квартот. При претресот извршен на 18 мај, Марко бил откриен и уапсен. (А. М., ф. 238 - Француски конзулат во Солун, 27 мај 1903 - анекс-изјава на Стефан гавазот на католичката црква по случај апсењето ва Марко.) Треба да се забележи дека Наум живеел во истиот дом заедно со Марко и со неговиот брат Христо!
Апсењето на Марко било прогласено за вонредно значаен настан. Јавноста веќе претходно била известена за неговата улога во атентатите и неговото останување на слобода властите, особено полицијата, тешко го поднесувале. Веќе истиот ден кога тој бил уапсен, “Солунски Дневник” со големо задоволство пренесува некои детали од неговото апсење. На полицијата и биле праќани честитки, а за предавникот, односно предавниците, се разбира, не се кажувало ништо. Марко Стојан бил прогласуван за член на “Македоно-бугарскиот револуционерен комитет” и за “анархист”. Дотогаш потеклото на Марко било спорно за властите, се мислело дека бил Влав, а сега со сигурност се констатирало дека бил од Охрид. Заедно со Марко бил уапсен и Христо.
Веспикот дава податоци и за другите гемиџии. Тие биле 9.
Милан и Богдан (Георги Богданов) биле фатени живи. Другите петмина, што не сакале да се предадат, “паднаа од куршумите на жандармите”, а Јован Константин (Коста Кирков) добил “два добри куршума” во градите во моментот кога, користејќи го дождот што врнел, се обидувал да се вовлече во поштенскиот телеграф за да “фрли во воздух се”. Покрај пет динамитни бомби, кај него биле најдени разни документи, од кои, наводно се гледало јасно дека му припаѓал на Револуционерниот комитет. (Истото, анекс “Солунски Дневник” од 18 и од 20 мај
1903.)
Целта на ваквото пишување била јасна. Требало да се истакне “храброста” на војската и полицијата коишто успеале ладнокрвно да ги ликвидираат атентаторите (иако за нивното херојско однесување и загинување знаел целиот град) и по секоја цена, било преку прогласувањето дека тие, наводно, му припаѓале на “Македоно-бугарскиот комитет” или преку “пронаоѓањето” кај Коста документи, да се убеди домашната и странската јавност дека гемиџиите биле членови на “комитетите” и дека имале врска со Бугарија. Тоа ќе се обиде да го докаже и судот, но без успех.
Со цел да го зголемат револтот против атентаторите, властите прошириле вест според која, наводно, гемиџиите планирале да го дигнат во воздух целиот европски кварт, но, за среќа, тоа не се случило, бидејќи не експлодирал целиот динамит ставен во тунелот. (Овие вести властите ги добиле или од Наум или од Стефан. Имено, Наум му признал на гавазот дека тој и братот на Марко, Христо, помогнале во исфрлувањето на земјата од каналт низ разни делови од градот. Каналот, рекол наводно Наум, требало да биде подолг, за да може да се фрли во воздух целиот европски квартал. Меѓутоа, поради поправката на канализацијата од комуналците работници, операцијата била забрзана и немало време за исполнување на тој план. Како што е познато, гемиџиите планирале и се подготвиле да ја дигнат во воздух само Отоманската банка, а не и да ги уриваат куќите на невиното васеление.)
Марко Бошнаков бил уапсен две недели по почетокот на работата на Вонредниот воен суд. Пред него биле изведени повеќе лица, меѓу кои биле и четворицата гемиџии. За нивното судење владеело вонредно големо интересирање. Работата на Судот била тајна, што давала повод да се прават разни претпоставки за објективноста во водењето на истрагата и на самото судење. Меѓутоа, имајќи доволно и непобитни докази, Високата Порта решила да организира судење на кое требало да му позавидат и судовите со вековна демократска традиција.
Паралелно со полнењето на затворите во речиси цела Македонија и применувањето на познатите и испитани тортури против целото македонско население (специјални експедиции против македонски села, палежи, грабежи и слично), во Солун се подготвувало судење кое, според замислата на официјален Цариград, правосудството на султанот требало да го претстави пред Европа во една за неа непозната светлина. Судејќи им на гемиџиите, желбата на властите била да му судат на едно цело ослободително движење, на еден цел народ. Меѓутоа, како што ќе видиме, тоа ќе остане само желба.
Во своите спомени П. Шатев накратко кажува за мачењата и другите жестокости на кои биле изложени затворениците, меѓутоа, за тоа каков бил односот на затворските власти кон гемиџиите, речиси ништо не пишува. Произлегува дека тие како да уживале некаков посебен похуман третман. За себе пишува дека не бил мачен. Но, има податоци од кои се гледа дека тие биле мачени.
“Денес добив дозвола - пишува сестрата Писи на 21 мај - да ги посетам затворениците унијати од Кукуш, за да им укажам лекарска помош... Едип-паша ми дозволи да ги посетам и другите болни, доколку има нужда од помош. Беаз-куле (Бела кула) - пародија на своето име. Грозно ми е да помислам сега за ова страшно дувло што насекаде сее ужасна смрт. Секаде сретнував претепани луѓе, јачеа и удираа со глава во ѕид не би ли ја повикале смртта пред време.
Атентаторите ги има четири, сите во одделни ќелии. Бидејќи им се ближи судењето, што е прокламирано како јавно, режимот е доста ублалжен... Го видов и атентаторот врз нашиот пароброд.
Ја немаше на образот онаа дамка за која раскажуваше капетанот на бродот. Само десното око му е надуено. Му ставив студена облога и го запрашав, на француски, за да не разберат стражарите: ‘Зошто, жив ти господ, посегна врз Французите, кога ние ништо не сме ви сториле?’ Тој се потсепна и одговори кратко: ‘Задача! Францускиот народ е богат и ќе направи нов пароброд. Но секогаш ќе се сеќава дека постои еден мал поробен народ што бара слобода!’ Четвртиот атентатор е во мошне тешка здравствена положба.
Лицето воопшто не му се познава, а повеќе прилега на една безлична крвава маса. Постојано е без свест...
Не можев понатаму, сакав да избегам што подалеку од овој ужас. Му ја изложив на Едип-паша, како на претседател на судот, тешката положба на затворениците, а посебно на болните, и барав подобрување на условите. Тој цинично ми одговори: ‘Сеедно ни е дали тие ќе бидат обесени здрави или болни!...’” (Од дневникот на сестрата Писи, “Нова Македонија”, 12 јануари 1961.)
На 6 мај Георги Манасов бил внесен во еден голем салон, во кој, покрај неколку виши офицери на чело со претседателот на Вонредниот воен суд Едип паша, имало и двајца цивили. Тоа биле Стег и директорот на паробродската агенција “Месажери мартим”. Светските агенции ја пренеле веста дека атентаторот на “Гвадалкивир” бил младиот Бугарин од Ќустендил Георги Манасов.
Како се викаш и од каде си?” - било првото прашање на Едип- паша.
“Се викам Георги Манасов и сум роден во Ќустендил”.
“Знаеш ли што се случило во градот? Си бил патник во еден пароброд, кој пред една недела изгоре” – било следното прашање.
“Да! Знам дека еден пароброд изгоре и по се изгледа дека ме обвинувате мене за тоа. Но, бидејќи делото е извршено под француско знаме, т.е. на француска територија, сметам дека францускиот суд е компетентен и може да ми суди и само таму ќе кажам што знам”.
Таквото барање Едип-паша го сметал за дрскост, меѓутоа, пред Французите морал да реагира коректно.
Тука бил донесен куферот на Шатев, што останал во паробродската агенција, и пред него бил прегледан и предаден на судската власт.
По овој прв краток распит, во продолжение на две седмици, Шатев речиси секој ден бил сослушуван. Главна личност во иследната постапка бил мајорот Џемал-бег. За сето време на истрагата Шатев тврдел дека се вика Г. Манасов од Ќустендил.
Користете ги левата и десната стрелка за да ја свртите страницата.
Испечатено од https://macedonianhistory.ca/mk/narrative/solunskite-atentati/16 на 29 октомври 2026