Canadian Macedonian Heritage Society Canadian Macedonian Heritage Society Станете член!

The Solun Assassins

ДЕЛ ВТОРИ ГЕМИЏИИТЕ НА ДЕЛО ГЕМИЏИИТЕ - РЕВОЛУЦИОНЕРНАТА ОРГАНИЗАЦИЈА - Part 13

Од Крсте Битоски · Дел 17 од 20 · Околу 19 минути

Читај на English

Тој го признал делото, но Судот, бидејќи, како што истакнавме, планирал пресудата да ја изрече на јавен процес, не се задоволувал само со неговото признание туку сакал со факти и сведоци да констатира дека Шатев го уништил паробродот.

Судот, се разбира, сакал по секоја цена да го открие вистинскиот идентитет на обвинетиот: дека сс викал Павел Шатев, дека е од Кратово и дека е турски поданик. За таа цел бил повикан и соочен со Шатев Иван Гарванов, кој повеќе години му бил професор. Гарванов потврдил дека тој е Шатев, но овој, негирајќи да признае дека го познава, одговорил дека Гарванов греши, веројатно лаже. Бил повикан и професорот Едхем-ефенди, кој на Шатев му предавал турски јазик. Шатев негирал дека знае турски јазик. Тој “бил” - од Ќустендил и знаел само бугарски и француски.

“Тој знае ли турски” - прашал претседателот.

“Добродушниот и сострадателен Едхем-ефенди - пишува Шатев

- повеќе за да ме извини, се обрна кон претседателот и му рече:

“Добро се сеќавам дека како ученик по турски јазик беше многу слаб ученик”.

На крај, за да се докаже дека Георги Манасов всушност е П.

Шатев, било извршено споредување на негови ученички писмени задачи со неговиот ракопис. Но попусто. Шатев упорно одбивал да признае дека е Павел Шатев. Иако Судот располагал со сите нужни аргументи за докажување на идентитетот на Шатев, сепак таквото тврдоглаво држење на обвинетиот го вадел судот од такт.

“Овој не е - му пишува Стег на Делкасе - како што бев телеграфирал на амбасадата (во Цариград - б. м.) Бугарин од Ќустендил, туку е Македонец од Кратово... Тој се вика Павел Шатев и е некогашен ученик на Гимназијата во Солун.

Впрочем, иако тој бил препознаен од директорот на Гимназијата и од старите соученици, продолжил да тврди дека е Георги Манасов, на кое име гласи неговиот пасош. (А. М., ф.

238, Француски конзулат во Солун, 13 мај 1903.)

Судот во истрагата бил особено заинтересиран да открие две, за него многу важни нешта: врска на атентаторите со Бугарија и врска со Револуционерната организација. Властите претпоставувале поточно сакале да претпоставуваат, дека атентаторите биле испратени од Бугарија, можеби од некое министерство, да ја исполнат динамитната акција по план изработен во Софија. Се разбира, такво нешто немало и не можело да се открие, Гемиџиите биле рожба на македонските услови и нивното дело било дело на македонски револуционери. Тоа на Едип-паша не му се допаѓало.

Не му се допаѓала и другата вистина.

“Припаѓаш ли кон некое современо социјално учење, кон некоја организација, национална или социјална?” - прашал преведувачот Тефиков.

“Не припаѓам кон никаква организација” - одговорил Шатев.

Значи, ако не може да се докаже дека атентаторите биле испратени од Бугарија, тогаш требало по секоја цена да се докаже дека биле членови на Револуционерната организација или пак анархисти.

Бугарскиот трговски агент (дипломатски претставник) во Солун А. Шопов, “засрамен” што неговите “Бугари” ги извршиле атентатите, разгласил во градот дека атентаторите не биле “народни борци” туку социјалисти и анархисти. “И навистина -пишува Шатев јас не знам кој жалеше повеќе за атентатите:

дали Хасан Фехми-паша или А. Шопов”. (П. Шатев, 401.)

При истражната постапка гемиџиите биле изолирани, а постапката била едноставна, адвокати немало. Тешко може да се објасни зошто П. Шатев, кој ги изнесува главните моменти од истражниот затвор, ништо не кажува за другите тројца свои другари. Веднаш по изрекувањето на пресудата, тие биле заедно в затвор и потоа на заточение.

Воениот суд истрага вршел и врз другите затвореници. Се разбира, сите тие немале никаква врска со атентаторите, но во прво време тоа не се знаело, а властите на таков начин особено се труделе да го одржат првобитниот впечаток за постоењето на голем заговор против султанската власт во Македонија.

Високата Порта решила да им организира помпезно судење на гемиџиите. Со тоа требало да се докаже дека властите дејствуваат решително и строго против револуционерите, но во исто време на Европа, којашто постојано вршела притисок за спроведување на реформи во Македонија, да и се даде на знаење дека турското правосудство не се разликува многу по својата “демократска” постапка од европските судови.

Интересот за судењето на атентаторите, и одделно на атентаторот на “Гвадалкивир” и “бакалот”, бил огромен. Денот на јавниот претрес и изрекувањето на пресудата бил однапред објавен, но за него ништо не знаеле обвинетите. Изутрината на 24 мај, кога од ќелиите на Беаз-куле, под силна стража, гемиџиите тргнале кон судската сала (во зградата на дивизијата), биле изненадени од насобраната на улиците љубопитна публика. Очекувале зад секој агол да видат бесилки на кои требало да висат. Имено, атентаторите (и не само тие)

мислеле дека ги водат на бесење. Затоа биле вчудовидени од она што го виделе во истата сала во која до пред извесно време ги сослушувале.

Судската сала била специјално подготвена за нивното судење.

Во длабочината на салата, лево и десно од централната фотелја наменета за претседателот на Судот, биле распоредени фотелјите за судиите, спроти нив, на далечина од неколку метра, била клупата за обвинетите, лево од неа - масата на записничарот, преведувачот и за еден служител, а другиот дел од салата бил исполнет со столови за многубројните “гости” што биле поканети да присуствуваат на читањето на пресудата.

Имено, за да му се зачува на претресот сета негова “достоинственост”, и за да можат сите да се уверат во законското постапување на отоманските судии, било решено претресот да биде јавен. За таа цел биле известени и поканети да присуствуваат конзуларниот кор, цивилните и воените високи функционери на вилаетот, шефовите на големите претпријатија и други јавни работници на Солун. Хикмет-бег, директор на политичките работи на Вилаетот, одговорен по протоколот, ги дочекувал поканетите лица и на секого му го покажувал определеното место за седење. Салата била веќе полна кога кратко време пред 3 часот (“алатурка”) пристигнал валијата Хасан Фехми-паша и го зазел своето место недалеку од претседателската фотелја, до него седнал командантот на Третата армија маршалот Хаири-паша.

Во судската сала имало претставници на конзулатите:

француски, англиски, српски, грчки, романски, почесниот конзул на САД и други.

Точно во 3 часот сите во салата станале. Влегле судиите на чело со Едип-паша. Покрај претселателот, Воениот суд го сочинувале: Расим-паша, висок морнарички офицер, Шабан-бег, артилериски полковник, Омер-бег, коњанички потполковник, Изет-бег, артилериски мајор, Џемал-бег, генералштабен мајор, Хусни-ефенди, записничар, жандармерискиот мајор Хусеин-ефенди, преведувач. Како што се гледа, и по својот состав судот требало да импресионира.

Претседателот седнал, тоа го сториле и сите други во салата.

Едип-паша му наредил на дежурниот офицер да ги воведе обвинетите. Веднаш потоа настанало раздвижување. Сите присутни ги свртеле своите погледи кон вратата. Влегувале обвинетите, секој придружен со по двајца војници.

Ѕвончето заѕвонело. Завладеала тишина. Претседателот објавил дека претресот е отворен.

“Јас гледам само тројца обвинети. Каде е четвртиот, Богданов” - прашал тој.

“Тој е спречен да дојде” - одговорил дежурниот офицер.

“Има ли законско оправдување?” - прашал Едип-паша, иако добро знаел дека Богданов бил ранет и не можел да присуствува.

Записничарот прочитал еден лекарски извештај, од кој се гледа дека Богданов се наоѓал во таква здравствена положба којашто не му дозволувала да присуствува на пресудата. (Видовме дека сестрата Писи била потресена од изгледот на Богданов. Тој, покрај другото, бил ранет в гради од стражарот, затоа што ја извадил раката од прозорчето и се обидел да ја отвори вратата за да избега. Вратата била заклучена и не можела да се отвори.

По се изгледа, Богданов тоа го направил во состојба на душевно растројсво.)

По овие формалности, претседателот му наредил на записничарот да го прочита образложението на пресудата.

Првата реченица од образложението повеќе ја изразувало желбата на Судот отколку што се констатирала вистината.“Со цел да ја изменат формата на владеењето во Румелиските вилаети на Отоманската империја, членовите на субверзивниот комитет, чие седиште е во Софија, решиле да извршат ред атентати во градот Солун..., служејќи се со бомби и динамит за да го зголемат на тој начин ефектот на своите злосторства”.

Понатаму во пресудата се редат веќе познатите настани: ноќта на 29 април, во моментот кога жителите на градот не биле уште прибрани во своите домови, “агитаторите,” се обиделе да го спроведат во дело својот план. За да го исплашат населението и да создадат паника, тие започнале со уништување на гасоводите, оставаји го градот во темница и да го попречат гасењето на пожарите што ќе настанат и што ќе се шират поради отсуството на помош; потоа тие фрлиле бомби пред поштите, пред англиската кафеана, во градината “Алхамбра”; ја дигнале во воздух Отоманската банка преку копање канал до нејзините темели; претходниот ден го запалиле паробродот “Гвадалкивир”; следниот ден се обиделе да го дигнат во воздух телефонското биро...” Биле прочитани убиените гемиџии и останатите живи, на кои им се судело:

Георги Петре Богданов, од Велес, комисионер, на 24 години.

Георги Манасов, со вистинско име Павел Поцев, од Кратово, 21 година.

Марко Стојан Бошњак, бакал, од Охрид, 26 години.

Милан Арсов, од Велес, ученик во Бугарската гимназија во Солун, 19 години.

Интересни се исказите дадени во истрагата, секако под принуда, од кои се гледа обидот на некои од обвинетите, по можност да си ја олеснат положбата, да откриваат некои работи што не можеле да се потврдат од други извори. Богданов изјавил дека бил врбуван од Орце, од Коста и од други, да му пристапи на Кружокот дека тој одбивал, но на крајот се согласил. “Операциите” биле водени од Диме Мечев, кој, по обидот да го убие со секира познатиот велешки трговец, избегал. Динамитот бил внесен во Солун во буриња за солена риба; сите го копале каналот до Банката; во дуќанот на Марко биле складирани 283 кг динамит. Богданов зборувал за малку поинаква распределба на задачите меѓу гемиџиите. Павел Поцев требало да ја нападне царинарницата, а самиот Богданов

- австроунгарскиот конзулат и други конзуларни службеници што би поминале покрај неговата куќа. Но тој немал кураж тоа да го стори, се прибрал дома и не зел учество во атентатите.

Значи, освен учеството во копањето на каналот, Георги Богданов не признавал дека зел активно учество во динамитните напади низ градот. Меѓутоа, Судот, изнел докази од кои се гледало дека тој бил еден од активните атентатори, имено во моментот кога бил уапсен (30 април) кај него, наводно, бил најден полн куфер со динамит. Прашан од агентот што го апсел дали тој фрлил динамит на “Алхамбра”?, одговорил:

“Не на ‘Алхамбра’ туку на англиската кафеана, на Банката, на мостот и на сите други места на коишто вие тоа го сакате”.

Ова го потврдил и подоцна пред повеќе агенти. Домаќинката на куќата во која Георги живеел под кирија изјавила дека набргу по експлозијата кај “Алхамбра” видела како тој дошол дома силно возбуден. Нејзиниот син Ксенофон Ксантопулос бил вчудовиден кога во средата навечер видел шапка на главата на Богданов наместо фес, што редовно го носел. Богданов бил товарен дека нарочно изнајмил стан во овој дел од градот за да биде близу до “Алхамбра”.

На крајот, Богданов, наводно, сам се јавил пред Воениот суд и се си признал. Меѓутоа, се знае, дека тој и физички и умствено бил мошне болен.

Од непознати причини, Павел Шатев фигурирал како втор обвинет, иако меѓу живите гемиџии тој бил најпознат,а неговото дело најпознато и најнеспорно. Образложението за неговата пресуда започнува со она најкарактеристичното -прашањето за неговиот идентитет. Тврдејќи дека е од Ќустендил, тој и другите биографски податоци ги приспособил кон тоа. На пример, дека божем учел во Софија и во Пловдив, но таму било тешко да се матурира, па поради тоа дошол во Солун на 19 март. Меѓутоа, се докажало дека тој бил Павел Поцев (по името на татко му) од Кратово. Покрај другото, Судот испратил негова фотографија до кајмакамот во Кратово, на која властите и многу поединци потврдиле дека тој бил нивни сограѓанин.

Се гледа дека Шатев, освен идентитетот, не сакал ништо друго да скрие. Во образложението се повторуваат веќе познатите факти коишто, главно, и самиот ги кажува во своите спомени.

Се качил на “Гвадалкивир” како патник и 10 минути пред да тргне паробродот, тој ставил “огромна паклена машина” на еден премин, меѓу кабините на прва класа и кабините на посадата, точно спроти еден парен колектор. Марко Бошнаков потврдил дека спроти тргнувањето на “Гвадалкивир” Шатев зел од неговиот дуќан “голема” количина динамит и друг експлозивен запаллив материјал и дека пред тоа зел учество во копањето на каналот. Милан Арсов изјавил дека Поцев добил задача да го дигне во воздух паробродот. Делото на Шатев било потврдено и од изјавите на екипажот на “Гвадалкивир” дадени пред конзуларните власти и пред Судот.

За Марко Бошнаков се тврдело дека во Солун дошол кога и Јордан Попјорданов, дека бил член на “субверзивниот комитет” и дека основна негова задача била да им помага на членовите на Кружокот да ги извршат “злосторничките дела”. За таа цел го зел под наем дуќанот од чија визба бил ископан каналот до Банката и хотелот “Коломбо”, а имале намера и да го дигнат во воздух целиот кварт. Овие факти биле потврдени делумно од самиот Марко, во чиј дуќан биле најдени буриња од динамит, електрични батерии и разни алати за копање.

Милан Арсов целосно го признал делото. Тој изјавил дека бил член на Кружокот, дека учествувал во копањето на каналот, дека скрил кај себе бомби и гилзи итн. Некои факти биле потврдени од Марко Бошнаков.

Бидејќи сите нивни дела биле докажани и било потврдено дека сите четворица биле членови на “револуционерниот комитет”, кој имал за цел “да убива луѓе и да го урива градот”, именуваните едногласно биле прогласени за виновни за цитираните дела.

Треба да се забележи дека во образложението на Судот има доста неточни работи, што гемиџиите не би можеле доброволно да ги кажат, тие, по се изгледа, биле изнудени од властите, зашто им конвенирале.

По читањето на образложението, претседателот на Судот Едип-паша им се обратил на обвинетите:

“Вие тукушто ја чувте пресудата со која се прогласувате за виновни за злосторствата што ги направивте; сега се пристапува кон примена на казнените одредби содржани во чл.

54 и 56 и дополнителниот параграф кон член 58 од Кривичниот закон... Врз основа на трите члена што тука се прочитани, вие, обвинетите: Георги П. Богданов, Павел Поцев, Марко Стојан Бошнаков и Милан Арсов се осудувате на смрт!” Веднаш по изрекувањето на пресудата, салата започнала да се празни. Валијата и сите други поистакнати лица сметале за своја должност да му честитаат на Едип-паша и да го изразат “своето восхитување” за успешното водење на процесот. “Сите беа буквално воодушевени” гледајќи како воените судии успеале да приберат огромни докази против оние што се решиле да вршат убиства и предизвикуваат пожари.

Судиите ги слушале скромно сите тие пофалби и одговарале дека тие само ја исполниле својата должност.

Така го завршува своето видување на ова спектакуларно судење турскиот весник “Солунски Дневник”, објавувајќи ги во исто време и судските материјали. Тоа всушност било и официјално запознавање на јавноста со обвинителниот акт и судењето на гемиџиите. Стег, а веројатно и другите конзули, овој број од весникот го испратил до своето министерство. (А. М., ф. 238 – Француски конзулат во Солун, 12 јуни 1903 – анекс.)

Како оваа, толку очекувања во Турција и во Европа пресуда, била доживеана од самите осудени и од избраната публика во салата? Еве самиот Шатев што пишува:

“При изговарањето од страна на претседателот на зборот ‘смрт’, мнозина од публиката испитувачки не погледнаа. Во тој момент ние осудените дававме изглед на совршено спокојни луѓе, иако всушност не беше така. Нешто повеќе, како одговор на злобната насмевка на некои од присутните цивили (повеќето Европејци), јас нарочно ги раздвижив усните и давав изглед како да се смеам. Тоа обрна внимание на многумина...

Публиката ја коментираше рамнодушноста со која тројцата обвинети ја ислушавме пресудата. Некои од љубопитната публика сметаа дека ние сме необични луѓе, а други веројатно претпоставуваа дека ние ќе се натажиме, дури и ќе почнеме да плачеме и молиме за милост поради смртната пресуда која за нас беше повеќе спас отколку казна, зашто затворската самица е толку жестока казна што смртта се јавува како спасение”. (П.

Шатев, 411-412.)

Еве како новинарот на “Солунски Дневник” го забележал тој момент: “Осудените го ислушаа објавувањето на пресудата со возбудување. Тие беа скаменети за сето време на претресот.

Марко Стојан и Милан Арсо почнаа грчевито да дишат уште во моментот кога се читаа членовите на Законот. Павел Поцев гледаше во далечина, неопределено. Можеби во тој момент мислеше на актот на лудост што сакаше да го изврши. Имаше ли грижа на совеста? Чувствуваше ли каење? Не, без сомнение, бидејќи ниту една црта од неговото лице не се мрдна. Тој стоеше како закован на место. И тој си отиде од салата како што беше и дошол, со автоматски движења, не покажувајќи никакво чувство, ниту жалење ниту гнасење”. (А. М., ф. 238 -

“Солунски Дневник”.)

Од објавените судски материјали (објавен е само дел: резиме од судската постапка и пресудата - тоа што им конвенирало на властите) се гледа дека јавниот претрес не бил никаков претрес туку едноставно јавно читање на доказниот материјал и изрекување на пресудата. Се отишло направо од тајното судење, поточно - од прибирањето на доказниот материјал - на јавно изрекување на пресудата, без да им се даде никаква можност на обвинетите на јавниот “процес” да се бранат.

Судските власти инстистирале, покрај признанијата на обвинетите, да има признанија и на сведоци. Бидејќи поради строго конспиративната дејност на атентаторите сведоци тешко можело да се најдат, такви признанија за меѓусебните врски и конкретни динамитни акции се добивале од самите гемиџии.

Главниот доказ, на пример, што ги товарел гемиџиите било нивното признание дека сите учествувале во копањето на каналот. Сите атентатори, освен Шатев, се посочени како сведоци што го признаваат, покрај своето дело, и делото на својот соучесник во акцијата.

Во образложението на пресудата само воопштено се кажува каква била целта на гемиџиите: да се измени формата на владеењето во Румелиските вилаети, што во основа било точно, но сосем измислено било тврдењето дека на “субверзивниот комитет” седиштето му било во Софија. Во пресудата особено се крие тоа што го знаеле многумина, а и солунските конзули, дека гемиџиите со своите акции сакале да предизвикаат активна интервенција на Европа за давање автономија на Македонија.

Судските власти, се разбира, немале сметка јасно да ги изнесат причините што ги натерале македонските револуционери да го извршат тоа опасно дело и со зачудувачка смелост да го положат својот млад живот по солунските улици. Тие ги претставувале гемициите како “злосторници” што сакале да убиваат, да палат, да ги уништуваат европските имоти, што планирале да убиваат и дипломати. На прашањето “зошто?”, не давале одговор. Одговорот се состоел само во констатацијата дека сакале да ја изменат формата на владеењето во Македонија.

Судот не успеал да открие врска на гемиџиите со Револуционерната организација, ниту пак врска со некои бугарски министри. Во врска со ова, Стег му пишува на Делкасе:

“Судењето... ќе им донесе горко разочарување на оние што очекуваа дека, по истрагата од повеќе од еден месец, ќе се откријат интересни поединости околу врските помеѓу авторите на последните атентати и револуционерните комитети. Речено е, навистина во почетокот, дека членовите на субверзивниот комитет од Софија одлучиле да извршат серија атентати во градот Солун, но никаков доказ не е даден во таа смисла, така што пресудата се ограничува на констатацијата, навистина сосем сигурна и комплетна, за личното учество на обвинетите во атентатите од 28 и 29 април.

Можеби прашањето ќе стане појасно во подоцнежните процеси што ги подготвува Вонредтиот суд. Меѓутоа, отсуството на јавноста при судењето создава извесни сомневања по однос на прашањето каква била улогата на револуционерните комитети во последните настани во Солун”. (Истото, извештај од 12 јуни

1903.)

Се разбира, и следните судењ не можеле да откријат директно учество на Организацијата во Солунските атентати.

Само што била изречена смртната пресуда во Солун, се претпоставувало дека таа ќе биде изменета од султанот. Кај муслиманите владеело општо мислење дека животот на четворицата гемиџии ќе биде поштеден како одговор на помилувањето што го извршил рускиот цар на убиецот на рускиот конзул Шчербин. Од друга страна, се сметало дека извршувањето на смртната казна врз атентаторите по повеќе од еден месец од извршените атентати не би го имало саканиот ефект. А Вонредниот воен суд, како што обично било насекаде, бил создаден со цел ефикасно и брзо да ја задоволи правдата.

Бидејќи повеќето од гемиџиите биле од Велес, а во истрагата се констатирало дека динамитот дошол од Велес. Воениот суд својата дејност ја проширил и во овој град. Специјална истражна комисија на чело со Џемал-бег отишла во Велес да врши истрага. Биле уапсени, обвинети како соучесници во атентатите и доведени во Солун над 20 души, меѓу нив: Ѓошо Попјорданов - татко на Орце, Петар Попјорданов - брат на Ѓошо, Иван, Илија и Гиго Попјорданови - синови на Петар, Илија Малинкин, Алексо Минов (Канико), Лазо и Никола Органџиеви, брат му на Тодор Органџиев - Ѓошо, зет му Тодор Ванов, Иван Бошков, Ангеле Кирков, Диме Ничев, Гиго Шарлаганџијата. Кај А. Минов биле пронајдени неколку пакетчиња динамит поради што и најмногу бил мачен. За да се спаси, се фрлил од скалите на општинската зграда, но останал жив иако бил тешко ранет.

Повеќето од уапсените велешани, според некои податоци, биле осудени на 3-5 години затвор. Ѓошо, Петар и Иван Попјорданови биле осудени на по 3 години затвор. Илија Попјорданов бил осуден на 10 години. Другите лежеле близу една година во “Еди-куле” и потоа биле ослободени.

Веќе следниот ден по главните атентати, во Велес се разбрало дека во Солун се случило нешто големо. На оние граѓани што се сомневале дека Орце со неговите пријатели нешто подготвува, сега им станало јасно што било тоа. Тодор Органџиев само што разбрал за атентатите, заминал во Скопје под изговор да купи тутунов расад. Положбата нагло се влошила. По возовите немало речиси никакво движење на патници. Не можејќи да разбере за тоа што се случувало во Велес, Органџиев решил да бега, приклучувајќи се кон една чета. Со таа чета се движел до зимата на 1903 година кога емигрирал во Бугарија. (П. Шатев, 402-403; Хр. Силјанов, 264-265; Т. Органџиев, 123.)

Бидејќи само Органџиев знаел како пристигнал динамитот во Велес и оттука во Солун, властите не можеле ништо повеќе да дознаат од тоа што веќе го знаеле. Шатев не признал дека динамитот го транспортирал тој до Кочани.

Вината на Ѓошо Попјорданов била исклучиво таа што бил родител на Орце. Сите Попјорданови, всушност, биле осудени затоа што биле роднини на Орце. Речиси сите велешани биле осудени како сомнителни, а не затоа што била докажана некаква врска со гемиџиите.

* Од околу 350 обвинети, од Воениот суд биле осудени 4 (гемиџии) на смрт, 29 на затвор од 5-101 година, а 25 биле ослободени. Делата на 29 души биле препратени на редовниот суд, а по 266 дела судот се прогласил за некомпетентен да се искаже. (Хр. Силјанов, 264.)

Меѓу тие дела што биле препратени до редовниот суд, било и делото на претседателот на ЦК на МРО Иван Гарванов. Некои автори коишто пишувале за Солунските атентати, за виновници за апсењето на И. Гарванов, Д. Мирчев и други ги прогласиле гемиџиите. Силјанов пишува дека “дрдорливоста” на атентаторите ги отерала в затвор членовите на ЦК на МРО. Тие, наводно, признале дека од Гарванов добиле парична помош, што било доволно да бидат осудени. Милан Арсов ги “предал” и раководителите на Организацијата во Велес и други членови.

(Истото.)

“Јас сум жртва, јас сум предаден” - зборувал Гарванов.

На прашањето: “Од кого”?, тој го спомнал Милан Арсов. (П.

Шатев, 445.)