Canadian Macedonian Heritage Society Canadian Macedonian Heritage Society Станете член!

The Solun Assassins

ДЕЛ ВТОРИ ГЕМИЏИИТЕ НА ДЕЛО ГЕМИЏИИТЕ - РЕВОЛУЦИОНЕРНАТА ОРГАНИЗАЦИЈА - Part 11

Од Крсте Битоски · Дел 15 од 20 · Околу 18 минути

Читај на English

Солунските атентати властите решиле да ги исползуваат како повод за да истераат, по можност, што поголем број македонско население од Солун. Прогласувајќи го целото население за морално одговорно за динамитната акција, тие масовно го праќале во краевите од каде што тоа во минатото било преселено во Солун. Затворениците што ги ослободувале исто така ги терале да се вратат во своите, често, одамна напуштени родни краеви. Тоа создавало сериозен проблем. Нивните семејства, останувајќи без својот хранител, биле изложени на глад. Прогонетите мажи, исто така, немало што да работат, па и тие биле изложени на глад. “Моите колеги и Јас - пишува Стег -му обрнавме внимание на валијата на опасноста поради одземање на заработувачката на луѓето што овде се занимавале со определена професија, коишто, кога ќе останат без работа во нивните села, ќе го зголемуваат бројот на четите.

До почетокот на јули околу 200 лица биле насилно истерани од Солун во нивните родни места. Во исто време биле ослободени околу 600 души од солунските затвори. Кон крајот на јуни по затворите на трите вилаети имало околу 600 души. Во скопскиот затвор на 2 јули имало 250 души, од кои 35 биле предвидени за интернирање надвор од Македонија. (Turkey, No 1 (1904), ц. док. 250; Освободителната борба, док. 70, 74, 89,

127. Според Евгенијадис, во првите десетина дена во солунските затвори имало 500-600 затвореници — Makedonika,

81.)

Во прво време властите од Солун апселе се што било македонско. Покрај егзархисти, затворале и Македонци - патријаршити. Грчкит конзул Евгенијдис испратил список, до министерот за надворешни работи на Грција, од кој се гледа 24 лица, речиси сите Македонци-патријаршисти, биле уапсени, но по негова интервенција, Kako “Грци", биле ослободени.

Турските власти во критични ситуации обично не правеле разлика - за нив сите христијани, без разлика на националната и црковната припадност, биле еднакво опасни за режимот. Тие биле свесни дека, и покрај пријателското додворување на официјална Грција на Високата Порта, христијанското население во Македонија, што ја признавало Патријаршијата било исто толку незадоволно од османското ропство колку што било и населението што ја признавало Егзархијата. Под ударот на првиот налет на аскерот и башибозукот во Солун, покрај Македонци-егзархисти, паднале и 12 патријаршисти, речиси сите Грци. (Makedonika, 68, 70-71.)

* Под ударот на репресалиите во Солун, па и во други градови, паднал и богатиот слој Македонци од егзархиската средина, коишто немале никаква врска со динамитарите, но многумина од нив ниту со Револуционерната организација. “Може да се верува - пишува Стег - дека, загрижени за своите интереси, поголем број од нив се чувале директно да се замешат во револуционерното движење. Меѓутоа, турските власти, не мислат така”. И тој пак додава дека тие “отворено тврдат” оти секој егзархист бил виновен за соучешништво, барем морално, со револуционерите и атентаторите. Така, утредента по атентатите, полицијата почнала да врши претреси и да им ги запленува документите на овие трговци во Солун. Повеќе од 30 сопственици на трговски куќи, некои од кои мошне големи, биле затворени во очекување да се утврди дали меѓу запленетите документи нема компромитирачки материјал.

Полицијата била преплавена со трговски документи запленети во претресите, а тоа кај конзулите во Солун предизвикало оправдан страв дека истрагата ќе продолжи долго време и дека тоа сигурно ќе влијае негативно врз исполнувањето на обврските спрема европските трговци.

Тешките последици по стопанскиот живот на Солун брзо се почувствувале. Полициските мерки со кои се запирало секакво движење по 8 часот навечер, покрај апсењето на трговците, претставувале исто така тежок удар за стопанството.

Недовербата се ширела на сите страни, бидејќи не се знаело кој се ќе биде вовлечен во амбисот поради пропаѓањето на некои трговски куќи што им припаѓале на крупните македонски трговци. Во Солун бил обичај купената стока да се плати во готово во првиот петок по извршената зделка. Но отсега секој барал веднаш да му се плати во злато или во сребро.

Компанијата на градските трамваи губела дневно 300 франци.

Компанијата за гас не ги остварувала приходите потребни за плаќање на персоналот. Пловидбените компании речиси не склучувале веќе зделки. Приходите од увоз на пристаништето нагло се намалиле. (А. М., ф. 238 Францускиот конзулат во Солун до Делкасе, Солун, 27 мај 1903.)

Европската колонија во Солун ја притискал стравот од нови динамитни атентати, а особено од репресалиите што во таков случај би можеле да се очекуваат од муслиманите и од Евреите

- староседелци, коишто наводната европска толеранција кон револуционерите ја сметале за причина што гемиџиите се осмелиле да ги извршат атентатите. Солунските власти давале изјави според кои “комплетен мир” владеел во Солун и во сите вилаети. Ова требало да се сфати како да било резултат на масовните апсења извршени во цела Македонија. Меѓутоа, од секаде доаѓале вести што ги демантирале турските изјави за мир.

Не само во Солун туку во цела Македонија настанал застрашувачки застој во стопанскиот живот. Слична на Солун била ситуацијата и во Битола. Иако во градот владеел мир, стопанската активност кон средината на мај се уште била речиси наполно замрена. Власта се трудела да ја отвори чаршијата, меѓутоа, слабо успевала. На 12 мај одвај четвртина од дуќаните биле отворени. Освен неколку Турци, ниту еден селанец не дошол во Битола на пазар на 11 мај - кога бил пазарен ден. Од 12 мај ситуацијата во градот по малку започнала да се менува. “Страв и загриженост ги обзема христијаните не од Комитетот, туку од муслиманите”.

(Извештаи од 1903, 220.) Стравот и недовербата биле толку големи што бил доволен и најмал повод населението веднаш да се повлече во своите домови, сообраќајот сосем да престане и делумно отворената чаршија да се затвори. Карактеристичен бил случајот со една тенекија фрлена во реката Драгор.

Нејзизиното тропање исплашило двајца Евреи што биле близу и тие, мислејќи дека пукаат бомби, прснале да бегаат низ градот ширејќи ја неточната вест. Чаршијата за половина час заличила на пустина.

Занаетчиството и трговијата престанале да функционираат.

Селаните не доаѓале во градот да продаваат и да купуваат.

Атмосферата на страв и несигурност ја одржувале постојаните гласови што се ширеле за “решеноста” на Организацијата да го нападне градот; дека овде-онде се пронајдени бомби; дека Турците пак се подготвувале да извршат колежи и слично.

Христијанското население живеело постојано во очекување дека нешто крупно ќе се случи. Голем дел од дезинформациите за наводните напади на комитите, по се изгледа, ги ширеле заинтересираните муслимански кругови. Еве во рамките на ширењето на невистини како биле објаснети настаните од 6 мај во официјалниот весник “Монастир” од 30 април (13 мај): “Во минатата среда некои бунтовници, со намера да предизвикаат буна, почнаа во разни делови од градот да пукаат на војската и на турското население. Благодарејќи на брзата интервенција на војската и на жандармеријата, намерата на бунтовниците беше осуетена, а редот и мирот веднаш воспоставени. Неколку бунтовници загинаа, а од муслиманското и од немуслиманското население неколкумина се ранети. Под моќната заштита на НВ Султанот сега во градот владее целостен мир и поредок, секој жител си ја врши својата работа и не престанува да се моли за долг и среќен живот на нашиот возвишен господар султанот Хамид-Хан”. (Истото, 221-222.)

Ваквото пишување српскиот конзул М. Ристиќ го нарекува лага. А оваа лага битолскиот валија му ја испратил и на Хилми- паша во Скопје, а по се изгледа и на Високата Порта во Цариград.

Пишувајќи за навистина тешката економска и психичка ситуација во која се нашло речиси целото христијанско население во Битола, М, Ристиќ ги изнесува и следниве интересни сознанија до кои дошол: “Христијанското население живее постојано во некакво очекување дека нешто ќе се случи што еднаш ќе тури крај на оваа неподнослива ситуација. Него оваа заедничка опасност од муслиманите го зближила.

Националните и пропагандните разлики се повлекоа и Комитетот во секој случај не ќе пропушти да го искористи таквото расположение на христијаните. Чувството дека таквата положба не може веќе да се трпи и дека некаков излез мора да се најде, општата омраза спрема Турците, направија целото христијанско население да го прифати оној кој сега ќе му помогне или кој покажува на дело дека сака да му помогне... Јас повеќе пати ја навестував можноста дека ќе дојде време кога Комитетот со својата работа, којашто наполно ќе одговара на чувствата на сите тукашни христијани, ќе ги добие нивните симпатии и ќе стане господар на ситуацијата... (Истото, 221.)

ОДГЛАСИ НА СОЛУНСКИТЕ АТЕНТАТИ ВО СТРАНСТВО Европската дипломатија и европската јавност со внимание и донекаде со загриженост ги следеле револуционерните настани во Македонија. Повеќе европски весници имале дури и редовни рубрики преку кои, иако често воопштено, ги информирале своите читатели за она што се случувало на револуционерен план на овој дел на Балканот. Дипломатите и јавноста биле навикнати да читаат за оружени судири, за провали, апсења и малтретирања, за теророт против христијанското население, за обесправеноста и неконтролираната експлоатација на која било изложено тоа, и друто. И покрај силната кампања што од Турција и кралството Грција се водела против револуционерното движење, голем дел од јавноста, особено од таа прогресивно ориентирана, во Англија, Франција, Италија, Русија и Австрија, со разбирање и со симпатии гледала на борбата што се водела во Македонија против султанска Турција. Меѓутоа, Солунските атентати тешко можела да ги разбере таа јавност. Јавното мислење било изненадено, поточно вчудовидено. Иако претходно се пишувало и се претпоставувало дека “нешто” се подготвува во Солун и во други градови на Македонија, сепак не се очекувало дека гневот на македонските револуционери ќе се насочи кон динамитни акции директно против европските интереси. “Што се однесува до впечатокот што тие вести го предизвикаа врз тукашните политички кругови, тој е грозен - пишува Иван Гешов, бугарски претставник во Цариград. - Речиси сите странски претставници ги осудуваат тие терористички акции и без колебање ги квалификуваат како анархистички... (Според Хр. Силјанов, 267.)

Сличен став кон атентатите имал и печатот. При тоа особено се истакнувал германскиот протурски ориентиран печат. Еден весник сликовито ќе напише: “Цела Македонија да беше загинала, немаше да предизвика толку шум и толку негодување во Европа колку што предизвика пропаста на ‘Гвадалкивир’”.

Да повториме, освен неколку ранети, потопувањето на паробродот не предизвикало ниту една жртва.

Некои весници, меѓутоа, по првите возбудувања и негодувања, започнале потрезвено да размислуваат за солунските настани и, имајќи го предвид “безумното” херојство и саможртва на гемиџиите, започнале да ги бараат причините за нивните постапки. Како што одминувале деновите по атентатите, така станувале појасни резултатите и разните фантастични и противречни вести, започнале да отстапуваат пред вистината, пред она што навистина се случило. Човечката и професионалната етика терале на размислување и барање на причините за стореното дело. Тие биле малубројни, но ги имало. Меѓу нив бил и “Тајмс”. Спомнатиот “Ди Информацион” напишал:

“Динамитниот атентат во Солун ќе се пресретне со еднодушна осуда во целиот културен свет и повеќе ќе му наштети отколку што ќе му користи на ослободувањето на Македонија. Меѓутоа, колку и да е неопходно да се осуди тој престап, сепак не би требало да се заборави дека имаме работа со еден народ доведен до очајание од еден неподнослив гнет. Не треба, се разбира, да се фрлаат динамитни бомби, и тоа низ улиците на еден многунаселен град, но кој е нагазен, тој се брани како што може. Динамитарите треба да се осудат, но не помалку треба да се осудува турската власт”. (Истото, 268.)

Имало луѓе што добро го знаеле коренот на злото и самоубивачкиот акт на гемиџиите го сметале за нормален и му се поклонувале. Виктор Берар, француски научник, балканолог, добар познавач на Османската империја, блескав заштитник на македонската кауза и на борбата на Македонската револуционерна организација, смело ќе го дигне својот глас во полза на гемиџиите, величајќи ја нивната акција како херојско дело.

“... Додека солунските динамитари со гордост му покажуваа на светот дека Македонецот знае да умира, ние одново го чувме целиот угледен печат, сите најголеми министри и политички луѓе како во еден глас викаат дека со своето безумие и жестоко однесување овие разбојници засекогаш ја дискредитираа својата македонска кауза.

Настаните се иследени и пресудата е изречена: Македонците се престапници, јакобинци и убијци! Тие носат ‘револуционерен жиг’ или, како што тоа денес го велиме, тие се анархисти.

Нивните потпалувачи и динамитари заслужуваат се што можеше да се каже за Канарис и Мјаулис во 1825 година.

(Херои на Грчкото востание против Османлиите.) Па дури и нешто повеќе. За нив ги нема овие извинувања какви што можеа да се најдат за Грците. Затоа што тие... не се потомци на хероите од Маратон. Во животот на своите прадедовци тие ќе најдат само примери на вековна послушност, робување и благодарност. Уште пред 50 години нивните дедовци сметале дека се почестени ако можат да го земат она што ќе им го остави Турчинот, а бабите да им бидат обесчестени од најништожниот ага...

Во Солун е извршено грозно и безобѕирно колење на луѓе.

Никакви правдања и протести не се во состојба да го поправат тоа. И јас, кој ја знам цената на крвта, сочувствувам во болката на сите и проколнувам повеќе отколку кој и да е друг... Ако постои некаков принцип до кој најмногу се придржував и со кој сум проникнат - тоа е старата поговорка на англиските либерали: ‘Силата никаде не е лек’. Но јас го задржувам своето огорчување спрема вистинските автори на атентатот, спрема оние што полни 50 години го буткаа македонскиот народ кон тој ќорсокак. Што се однесува до извршителите на атентатот, јас не можам да го избришам своето сознание дека тие, носејќи бомби, знаеле дека одат во смрт. Тие без двоумење ја пролеаја крвта на други, ја пролеаја крвта без скрупули, но без колебање ја дадоа и својата. Нивното злосторство можеби е неоткупливо -нивниот кураж несомнено е херојски." (La Revue de Paris, кн.

12, 15. VI 1903. Берар за Македонците, “ Нова Македонија", 15 и

20 декември 1972.)

Благородната сестра Писи, која искрено и од се срце сочувствувала со ужасите што ги преживувале нашите луѓе, на 7 мај запишала: “... Французите великодушно им го простија на атентаторите нападот на паробродот “Гвадалкивир", бидејќи се повеќе ја сфаќаат незлосторничката намера на младите фанатизирани луѓе. Францускиот народ се повеќе ја согледува неодржливата ситуација во Македонија и еднодушно е на нивна страна. Нашите весници, што редовно ги добиваме, се полни со протести против уништувањето на невиното и изгладнето македонско население".

Државниците на Европа повеќе или помалу го знаеле тоа што го знаел Виктор Берар и други интелектуалци слични на него.

Меѓутоа, партиско-државните интереси и ставот кон македонската криза што произлегувал од тие интереси не им дозволувале да гледаат поинаку на Солунските атентати, освен како на анархистичка акција. Како што турската влада ги исползувала атентатите како повод за брутално пресметнување со се што било побудено во редовите на нашиот народ, така и големите сили се послужиле со динамитните акции за да ја компромитираат Револуционерната организација и да го оправдаат пред својата јавност пасивното однесување кон жестокото задушување на македонското движење и востанието и наполното застанување на страната на крвавиот султан. Тоа особено се однесува на Англија и на Франција, чиј став кон македонското движење во извесна мера се разликувал од чисто непријателскиот став на Германија, па и на Русија и на Австро- Унгарија. Министерот за надворешни работи на Франција Делкасе најдобро од сите знаел кои биле гемиџиите, зошто ги извршиле атентатите и какви биле нивните односи со Организацијата. Но, и покрај тоа, тој ги идентификувал атентаторите со Организацијата и ја напаѓал и оваа за жестокости против мирното население што таа не ги сторила.

“Ами да зборуваме ли за динамитните атентати? Во Солун ние првин со експлозијата на ‘Гвадалкивир’ ја добивме на својот грб таа нова метода за добивање на симпатии; ние први настрадавме, макар што не ги криевме нашите симпатии. Потоа дојде атентатот против Отоманската банка... И како-така, за да се одмаздат на своите непријатели - Турците, востаниците повеќе пати ги насочија своите атентати против Европејците...

Со тие атентати востаниците, коишто од почетокот имаа придобиено општи симпатии, постепено ги изгубија тие симпатии... Дури и владите што отпрвин ја симпатизираа нивната кауза се принудени, поради тие атентати, да се откажат од тоа и да се присоединат кон сите други влади што сакаат обновување на мирот, за да го советуваат Турчинот да го задуши што поскоро тоа востание кое дегенерира во анархизам.

Не им стигаше ли на востаниците да ги атакуваат Турците, впрочем нивни угнетувачи, туку отидоа да фрлаат во воздух пароброди, установи и друго, при што речиси исклучиво настрадаа не Турци, туку други невини лица? Со тоа, можеби, востаниците сметаа да ги предизвикаат европските кабинети да се замешат во Европска Турција во нивна полза? Европските кабинети, коишто, евентуално, би се замешале ако борбата беше го зачувала карактерот на востание, какви што историјата познава, не можат да ја земат страната на динамитарите коишто системно уриваат”. (Освободителната борба, док. 155.)

Делкасе употребил тешки зборови на сметка на Организацијата и на атентаторите. Што се однесува до првата - сосем неоправдан, а што се однесува до вторите – полни со иронија и сарказам. Тешко може да се поверува дека атентатите навистина биле причина владите што го симпатизирале македонското движење (најверојатно се мисли на Франција, на Англија, а можеби и на Италија), да им се придружат на оние влади што барале што поскоро и што поефикасно да се задуши востанието. На оној дел од јавното мислење, кај кое настаните во Македонија и положбата во која се нашло христијанското население предизвикувале сочувство и критика на политиката што ја воделе владите спрема македонското прашање, требало да му се каже, за да се неутрализира, дека револуционерното движење “не заслужило” повеќе. Делкасе не криел дека бил “заплашен” со интерпелација во Парламентот за ерменските и македонските работи. Ако таква интерпелација биде поднесена, рекол тој, “мојот одговор нема да биде тежок”. Во таков случај Делкасе планирал да ги изнесе “неделата” на револуционерите, за да ги отстрани аргуменмте на интерпелаторот.

Веста за Солунските атентати во протурски ориентирана Германија била пречекана на нож. Германската влада атентатите ги сметала за опасна ескалација на македонската криза и ги прогласила за дело на Бугарија. Го зела во заштита султанот, тврдејќи дека февруарските реформи, коишто според замислата на владите на големите сили требале да ја поправат положбата на христијанското население и да го неутрализираат револуционерното движење, не можеле да се реализираат не по вина на Високата Порта туку по вина на Бугарија и индиректно по вина на сама Русија. Германската влада своевремено ги поддржала реформите предложени од Русија и во таа смисла вршела притисок врз султанот за нивно прифаќање. Меѓутоа, сега, кога по “сите изгледи” започнувала “една бугарска динамитна кампања според анархистички пример”, не можело да се бара од турската влада да ги реализира тие реформи. По солунските настани, кога акциите на четите започнале да се дополнуваат со “бугарски динамитни атентати”, дипломатската акција за реализирање на руската програма требало да почне не во Цариград туку “единствено само во Софија”. Меѓутоа, во Софија “водачите на воената партија” биле инспирирани од рускиот конзул Бахметев. Самото негово присуство во Бугарија било доволно за да ја “охрабрува динамитната партија”.

“Познато” било каде се фабрикувал динамит во Бугарија и по кој пат се пренесувал тој во Македонија. “Зар можело точно рускиот претставник во Софија да не знае за тоа?” - се прашувале во Германското министерство за надворешни работи. При еден конфликт на Балканскиот Полуостров, Германија, “ако воопшто земе учество” не стоела на првата линија и според тоа би се наоѓала во релативно поволна положба. Ако таа се бори за зачувување на мирот, тоа го прави затоа што сака во овие критични моменти да и помогне на Русија!! Единствено средство да се осуети една балканска војна останувал притисокот врз Бугарија. Но, како тоа Германија да го стори? Нејзините обиди во таа смисла во Софија, “вистинското огниште на пожарот”, не би ги дале потребните резултати. Тоа требало да го стори Русија, која имала далеку поголемо влијание врз бугарскиот кнез. Германија не гледа како може да се мотивира натамошниот притисок врз султанот. (Die Grosse Politik, 19 Band, т. I, док. 5541.)

Така било формулирано гледиштето на германската дипломатија кон македонската криза по Солунските атентати.

Германија наполно се солидаризирала со султанот и со неговото тврдење дека револуционерните настани во Македонија, наводно, биле дело на Бугарија, а не продукт на султанскиот систем на владеење. Тенденциозното пишување на германскиот печат и разните претпоставки таа ги прогласувала за вистина и изразувала сомневање во политиката на Русија, обвинувајќи ја руската дипломатија за дволичност. Меѓутоа, познато е дека рускиот цар, прогласувајќи се за пријател на христијанското население во Македонија, во исто време бил непријател на македонското револуционерно движење. Тој вршел силен притисок врз бугарската влада и и сугерирал што построго да ја држи затворена бугарско-турската граница и да ги прогонува македонските револуционери. Руската политика кон македонското прашање од речиси сите владејачки кругови на Бугарија јавно или тајно била сметана за антибугарска, којашто не водела сметка за “ санстефанските идеали”.

Било крајно некоректно што, само за да му се помогне на султанот и да се оправда неисполнувањето на февруарските реформи од негова страна, одговорни за солунските атентати да се прогласуваат рускиот конзул во Бугарија, Бахметев и бугарскиот кнез Фердинанд. Тие со атентатите немале никаква врска.

Освен во лицето на германскиот кајзер, Абдул Хамид имал уште еден сличен сојузник, далеку помал, но не помалку верен.

Тоа било Грчкото кралство. Кајзерот бил сојузник, но сепак ги одобрувал прокламираните февруарски реформи, иако султанот бил против нив. Кралството Грција било безрезервно на страната на султанот.

Како во Европа, така и во Грција се изразувало жалење за невино загинатите од гемиџиските бомби, но таму не се нашла ниту трошка сожалување и сочувство и за оние невини што паѓале под ударите на аскерот и на башибозучката толпа.

Напротив, сметајќи дека дошло време да се сотре се што било револуционерно и словенско и што не им служи на великогрчките амбиции за голема Елада, компетентните политички фактори во Грција решиле да застанат наполно на страната на султанот и да му понудат помош против “заедничкиот непријател”.

Ставот на грчките владејачки кругови и на грчката пропаганда спрема револуционерните настани во Македонија не се разликувал од оној на турската влада. Тој бил непријателски.