ДЕЛ ВТОРИ ГЕМИЏИИТЕ НА ДЕЛО ГЕМИЏИИТЕ - РЕВОЛУЦИОНЕРНАТА ОРГАНИЗАЦИЈА - Part 07
Кај патниците со еден чамец пристигнал секретарот на Францускиот конзулат во Солун. Малку подоцна тука се нашол и самиот генерален конзул на Франција, Стег. Размислувајќи малку посериозно за причините што можеле да го предизвикаат пожарот на паробродот, секретарот дошол до заклучок дека тој не би можел да биде предизвикан од прскањето на парните котли. Така, на прашањето од Стег дали навистина причината за пожарот се. котлите, тој одговорил: “Не! Ако пожарот бил предизвикакан од повреда на котлите, пламенот требало да се јави по час-два, а не заедно со експлозијата. На крај, погледнете, од што е направена таа дупка на паробродот. Без сомнение таа е создадена како последица на некаков експлозив”.
Ние не знаеме кога оваа точна констатација за причините на пожарот им била пренесена на властите. Во меѓувреме и меѓу сеирџиите, кои во групи, со чамци, се доближувале до бродот, се ширела веста: пукнал парниот котел.
Сите паптици и посадата на паробродот го напуштиле паробродот и тргнале кон кејот. Патниците се пријавиле во канцеларијата на француската компанија, каде што им ги запишале имињата и им било речено следниот ден да се јават за да си го земат багажот. Меѓу нив бил и Георги Манасов, а меѓу багажот бил и неговиот куфер. (П. Шатев, В Македония под робство, 358-367.)
Ранетите, 5-6 члена од посадата, биле пренесени во француската болница. Меѓутоа, по молба на францускиот конзул, сите членови на посадата биле сместени во болницата.
Сите легнале и заспале, само главниот механичар, кој бил и најтешко ранет, не можел да заспие. Тој раскажувал како трговците ги заборавиле своите драгоцени товари и панично скокале во морето. Неколку жени, избезумени, коленичеле пред капетанот барајќи спас. Во прво време капетанот и посадата не можеле да се снајдат, но брзо се прибрале. Неколку морнари ги извадиле од вода трговците што спасот го побарале скокајќи в море. Бидејќи сите машини не биле уништени, механичарот успеал да го насочи бродот кон пристаништето. Во своите мисли механичарот се мачел да ја открие вистинската причина за експлозијата и за пожарот на паробродот. Се повеќе доаѓал до сознание дека тоа можело да биде диверзија.
“Оф, господи, напишала сестрата Писи, дали и тоа може да биде? Дали кутрите Македонци го сториле тоа? Што им се криви моите сонародници?” На кејот огромна маса народ со големо љубопитство ја гледал илуминацијата којашто од морската шир го осветлувала градот.
Еве како го видел и како го доживеал овој настан споменатиот Хр. Коцев: “Во неделата вечерта, на 27 април, пукна бомба на станицата и искрши само неколку стакла на предните вагони.
Ефектот беше страшен: сите се прашуваа во недоумение чија ли е таа работа. Се растрчаа конзули и аташеа да разберат што станало, ама немаше кој да им го задоволи љубопитството.
Другиот ден вечерта (горната диверзија беше извршена на 28 април, вечерта, истиот ден кога беше запален и “Гвадалкивир”)
сред морето пламна паробродот “Гвадалкивир”, а Гарванов, Т.
Лазаров и јас седиме на “Ноњо” и си го пиеме пивото, чудејќи се заедно со сите како е можен пожар среде морето и како при толку вода да не можат да го изгаснат уште во почетокот.
Требаше човек да го има срцето на Нерона за да ужива во таа глетка што ја претставуваше запалениот пароброд во заливот.
Би рекол секој дека морската вода се претворила во газија па така стихијно гори. Целата ноќ и другиот ден до вечерта солун беше илуминиран така што и самиот султан Хамид би жалел што таква ‘донанма’ (свеченост) не му направиле и во Цариград на 19 август кога тој го празнуваше своето стапување на престолот.
Таа втора акција (палењето на паробродот) ги натера да затреперат сите: Турци, Евреи, Грци, Европејци (Солун во тоа време, како што видовме, бил доста голем град.) - сите беа поразени од невидливата рака што висеше над градот и му се закануваше да го запали од сите страни... Гласот дека пукнал казанот... не им изгледал веројатен”. (Хр. Коцев, 48-49.)
Вечерта Г. Манасов спиел во хотелот “Партенон”, Истата ноќ во 8 часот, Мече, Трчков и Арсов извршиле неуспешна диверзија врз патничкиот воз што доаѓал од Цариград. Тие на една кривина, меѓу големата станица што била надвор од градот, и малата станица, што била во градот, поставиле на пругата динамит во моментот кога се појавил возот.
Локомотивата минала преку динамитот (петардите), настанала експлозија, но сето тоа минало без сериозни последици. Од патниците никој не бил повреден. Оваа експлозија, како што пишува и Хр. Коцев, предизвикала возбудување и страв во градот. За многумина станало јасно дека пожарот на
“Гвадалкивир” не бил случаен, туку бил дело на една координирана акција на револуционерните комитети што ги имало насекаде во Македонија. Еве сега тие комитети ја прошириле својата револуционерна дејност и во Солун.
Полицијата наредила никој од гостите што се наоѓале по хотелите да не го напушти градот пред да се јави во полициската станица. Затоа Шатев одвај успеал да го земе својот пасош од сопственикот и да го напушти хотелот.
Шатев тогаш се нашол пред една сериозна дилема. Полицијата веќе се сомневала дека Ha “Г вадалкивир" била извршена диверзија. Според тоа, не било тешко да се открие кој е сторителот на делото. Сите патници што се качиле на паробродот, како што видовме, биле заведени во специјалниот дефтер. Нивните имиња биле заведени и во бродската агенција при враќањето од запалениот брод. Не било тешко да се претпостави дека првото сомневање ќе падне врз оние луѓе што патувале со пасош на некоја од балканските земји и особено на оние што биле дојдени од Бугарија, а сега патувале пак за Бугарија. (Според некои податоци (Makedonika), заменикот на капетанот на паробродот го забележал Шатев кога во ходникот барал место за да го остави пакетчето со динамит. Самиот Шатев признава дека некој од посадата бил во ходникот и дека затоа морал да го чека додека тој не се оддалечи, за да може безбедпо да го заали фитилот. Тој човек потоа успеал, наводно, да направи доста верна скица на ликот на Шатев.) Ако пак се случи да биде уапсен како сомнителен, тоа многу лесно можело да дојде до апсење и на некои од гемиџиите, како негови другари со кои тој се дружел, а тоа можело да го доведе во опасност исполнувањето на главниот дел од планот. Значи, ризично било да се остане во хотелот, бидејќи сигурно се очекувало доаѓањето на полицијата, но ризично било и да се стори обид за бегство. Сепак ова, второво, било единствен излез. Да се спречи апсењето да се случи истиот ден, на 29 април, кога требало да почне главниот дел од атентатите, била главна преокупација на Шатев. Од хотелот тој со пајтон се упатил кон скопската станица. Облечен елегантно, по европската мода, успеал да ги совлада сите пречки и безбедно да се качи на возот за Скопје.
По она што се случило истиот ден вечерта станало јасно за сите дека во Солун била организирана “голема завера” и дека лицето што го напуштило хотелот “Партенон” и не се пријавило во полицијата бил патникот кој ја предизвикал експлозијата во “Гвадалкивир”. Уште повеќе што тој бил единствениот патник кој не се јавил да си го земе куферот од агенцијата на “Месажери мартин” – компанијата.
Во средата на 16/29 април 1903 година започнале главните динамитни акции во Солун. Паробродот бил запален претходниот ден околу 11 часот претпладне, но граѓаните, сметајќи дека тоа било резултат на дефект машинското одделение, не биле вознемирени. Диверзијата на железничката станица предизвикала сериозна вознемиреност, меѓутоа, за неа можело да дознаат ограничен број граѓани. Тоа што се случило на 29 април било од таков карактер што предизвикало ужас и паника во целиот град.
Во средата, во договореното време, сите гемиџии биле на однапред определените места. Акцијата ја започнал Кирков, најнестрпливиот во Кружокот. Тој, околу 20,30 часот, со неколку килограми динамит, ги оштетил гасоводните и водоводните цевки што минувале под еден мал мост во близина на морето. За миг целиот град потонал во мрак и останал без вода. Тоа било знак за почеток на акцијата.
Дежурен во бакалницата таа ноќ бил Орце Попјорданов.
Неколку минути по гасењето на светлината Орце го запалил фитилот во визбата, ги затворил ролетните на дуќанот и тргнал кон својот дом кој не бил далеку од Банката. За тоа што се случило од палењето на фитилот до експлозијата има три верзии. Според Симеонов (и Силјанов), Орце, откако го запалил долгиот фитил, избегал од бакалницата и истрчал кон вториот кат на Банката, каде што живеел директорот со своето семејство, за да го предупреди веднаш да ја напушти зградата, бидејќи таа по пет минути ќе биде дигната во воздух. Оттаму тој се прибрал во својот стан што се наоѓал зад католичката црква во куќата на Италијанецот Антонио Пете. (Ст. Симеонов,
17.)
Според другата верзија, Попјорданов, бегајќи од бакалницата кон дома, забележал дека токму тогаш директорот на Банката влегувал во неа преку задниот влез. Го предупредил веднаш да го спасува своето семејство. (К. Црнушанов, 171. Каде авторот го пронашол овој податок? Дали ова му изгледа пологично од она што го кажува Симеонов и го прифаќа Силјанов?)
Директорот успеал во последниот момент со семејството да излезе и да се засолни во католичката мисија на сестрите-лазаристки близу до Банката. П. Шатев, пак, пишува (П. Шатев, 386.) дека директорот на Банката пред една недела се преселил од зградата претчувствувајќи дека би можело нешто да се случи.
Католичката милосрдна сества Писи во својот “Дневник” пишува дека по дигањето на воздух на Банката “пред зори кај нас најнапред побара засолниште семејството од директорот на Банката, кое по некое чудо се извлекло живо од експлозијата и пожарот”. Потоа пристигнале семејствата на францускиот, малку потоа и на австрискиот конзул. Тие сметале дека атентаторите можат да ги нападнат и нивните конзулати, па така во болницата фамилиите ќе им бидат посигурни. (Славко Димевски, “Нова Македонија”, 10 јануари 1961.)
Дали Орце, кој и без тоа решил да го жртвува својот живот, го направил просто невозможното - се обидел да го спаси, и го спасил, семејството на директорот на Банката. А како можел да го направи тоа кога се знае дека Банката била добро чувана од турски стражари. Дали времето од палењето на фитилот до експлозијата било доволно Орце да излезе од бакалницата и, криејќи се од стражарите, да го пронајде директорот и потоа целото семејство безбедно да се оддалечи од зградата. Дали навистина неговото семејство претходно се иселило од Банката? Ако се иселило порано, зошто морало да го напушти новиот стан и зошто во ниедно време, пред зори, кога Банката уште горела а војската можела да пука во се што било сомнително без предупредување, директорот го преселил семејството во француската болница којашто била во опасната зона до самата банка. Иако имал друг стан, зошто неговото семејство не ја напуштило француската болница тогаш кога семејствата на конзулите ја напуштиле болницата и се прибрале дома? Писи пишува дека директорот немал каде да оди, зашто се му било изгорено. Не може да се тврди, но по се изгледа Орце на некој начин успеал да го спаси семејството на директорот на Банката.
По силната експлозија, Банката ја опфатил силен пожар. Еве сестрата Писи, чија болница, рековме, се наоѓала непосредно до Банката, како го доживеала тој страшен и возбудлив настан:
“...Коцката е фрлена, назад нема каде. Поедна експлозија далеку од нас, изгасна осветлението во целиот град. Наеднаш една страшна детонација го процепи воздухот и истиот момент избувна пожар во Отоманската банка. Пламен го лижеше небото и го осветлуваше нашиот двор како бел ден.
Чувствувавме пеколна жештина. За среќа, француските морнари што од претходната ноќ беа кај нас ги грабнаа шмрковите... и почнаа да го гаснат пожарот од нашата страна.
Опасноста од пожарот траеше до 2 часот по полноќ. За тоа време градот беше во жална положба. Бомби избувнуваа на сите страни. Нападнати беа и други установи...
За време на пожарот болните и ранетите беа опфатени од ужас.
Слегуваа од постелите и сакаа да ја напуштат болницата. Некои ги пренесовме во нашиот манастир одвоен од болницата со едеп двор... Ним им се придружија и семејствата на конзулите и на директорот на Банката”. (Истото.)
Димитар Мечев и Илија Трчков се обиделе да се префрлат преку ѕидот во дворот на фабриката за осветлување на градот и со динамитна бомба да го запалат резервоарот за газија.
Меѓутоа, биле забележани од чуварот и морале да бегаат без да ја извршат задачата. Потоа со пајтон се префрлиле до австриската пошта. Илија влегол во поштата оставил запалена бомба пред шалтерот и избегал. Еден од гавазите ја зел бомбата да ја фрли надвор, но експлодирала во неговите раце и го разнела “на еден грозен начин”. (Архив на Македонија (АМ), ф.
238, Францускиот конзулат во Солун - до министерот за надворешни работи Делкасе, Солун, 7 мај 1903.) Оттука двајцата отишле во својот дом кој се наоѓал близу до касарната “Топхане”, ја затвориле добро железната врата на куќата, како и другите врати, и започнале од терасата и од собата да фрлаат бомби на улица. Војската што брзо пристигнала на бомбите одговорила со истрели. Во прво време, изгледа, некои војници настрадале, меѓутоа, сфаќајќи дека од фрлањето на бомба до експлозијата (додека изгори фитилот) има доволно време за да се заштитат, под команда, на командирот тие легнувале и потоа, до фрлањето на друга бомба, го продолжувале стрелањето.
Според некои податоци, во растојание од неколку часа, Мече и Илија фрлиле над 40 бомби и потоа се самоубиле со своите револвери.
Веднаш по гасењето на осветлението, Владимир Пингов “берберот” со бертолетова сол и со едно шише фосфорна течност го запалил “Бошнак-ан”. Потоа тргнал кон куќата на Д.
Мечев и Илија Трчков. Кога минувал пред главните порти на “Топхане”, стражарот сакал да го сопре и да го задржи како сомнителен, се разбира без да знае ништо за неготвото тукушто извршено дело. Но, овој се противставил, фрлил една бомба и бил убиен.
Многумина и тогаш и сега не можат да објаснат зошто гемиџиите го запалиле “Бошнак-ан”. Овој ан бил едно од важните сврталишта на македонското население што доаѓало во Солун. Тој не му припаѓал на европскиот капитал и за него немало никој да жали, освен оние што од внатрешноста отседнувале тука.
Најмладиот гемиџија Милан Арсов, по дадениот знак, фрлил бомба во кафе-вариетето “Алхамбра”. Тука загинал еден келнер. Посетителите на кафеаната, сфаќајќи за што всушност се работи, успеале да избегат пред да експлодира бомбата.
(Makedonika, 76.) Се разбира, имале време за тоа, бидејќи бомбата на Милан била со долг фитил, за да им се овозможи на граѓаните да се спасат.
Георги Богданов фрлил бомба во кафеаната “Ноњо”, што било на плоштадот до самиот кеј. И неговата бомба била со долг фитил. Тука немало жртви. Потоа Милан и Богданов го продолжиле патот фрлајќи бомби по улиците.
На 29 април, т.е. на вториот ден од Солунските атентати, паднале првите жртви од редовите на Гемиџискиот кружок.
Биле убиени Димитар Мечев, Илија Трчков и Владо Пингов.
Орце Попјорданов, Костадин Кирков, Милан Арсов, Георги Богданов, Марко Бошнаков и Цветко Трајков останале живи и се прибрале по своите домови.
Планот на гемиџиите главно бил успешно извршен. Повеќето од нив останале живи и имале услови да се спасат. Поради немање бомби, а и како приврзаници на идејата да не се гине по секоја цена Милан Арсов, Георги Богданов и Марко Бошнаков не се изложиле на огинот на аскерските пушки и не се самоубиле. Меѓутоа, Орце и Коста требало да умрат. Барајќи ја својата смрт, тие всушност уште два дена ги продолжиле атентатите, уште два дена го држеле во ужасна напнатост целиот град и уште два дена ги потсетувале беспомошните и фрлени во бес власти дека се тука.
Само што градот малку се смирил, на 30 април тој пак бил потресен од силни експлозии. Се огласил Орце, забарикадиран во својот стан, кој, видовме, се наоѓал во главниот дел од градот во близина на Отоманската бавка и француската болница. Орце започнал да фрла бомби од балконот против војската и полицијата, која за миг се нашла тука. Оваа нерамна борба траела неколку часа. Фрлајќи ја последната бомба, Орце го извадил пиштолот, се исправил на балконот и се самоубил.
(Според Шатев и Ст. Симеонов, Орце, не чувајќи се по фрлањето на последната бомба, паднал пронижан од куршумите на војниците.) Војниците, командувани од некојси познат на солунчани Арап Бимбаши, истрчале да го скрнават телото на убиениот, меѓутоа, командирот, изненаден од готовноста на херојот да се саможртвува за своите идеи, како и од пројавената смелост и ладнокрвност пред смртта, забранил да се унакажува телото на младиот револуционер, посочувајќи го како пример како треба да, се гине за татковината.
Бидејќи сестрата Писи била непосредно до настанот и временски и просторно, нејзиното пишување може да се смета за поверодостојно од било кои други што за тоа чуле од друго место и во друго време. А еве што пишува таа за тоа како изгледал Солун на 30 април и за убиството на Орце:
“Турската полиција спроведува најстрога контрола над секого.
На излезот од секоја улица се поставени војници... Градот сега е во полно опсадна состојба. Дуќаните се затворени... Од градот се евакуираат повидните турски фамилии. Возот денеска не пристигна од Цариград... Секако дека турските и странските семејства брзаат да се фатат за возот за Цариград.
Потоа Солун пак заличи на гробишта. Во еден часот попладне, додека се трудевме малку да отпочинеме по непроспиената ноќ, бевме изненадени од експлозија на повеќе бомби проследени со силни истрели во нашата непосредна близина. Паника повторно ги зафати луѓето собрани кај нас. Овој пат навистина поверувавме дека е нападната нашата куќа. Меѓутоа, малку подоцна разбравме дека еден Македонец, враќајќи се во станот што се наоѓа во нашата непосредна близина, им бил сомнителен на војниците и тие пошле по него да го уапсат. Успевајќи да влезе во зградата, тој од балконот почнал атака врз војската.
Откако фрлел 11 бомби, извадил револвер и извикал: “Еве, вака умира јунак’! Потоа несреќникот се самоубил”. (С. Димевски, “Нова Македонија”, 10 јануари 1961.)
При правењето на дефинитивниот план за акција гемиџиите предвиделе да биде убиен солунскиот валија, и тоа при крајот, неколку дена по завршувањето на атентатите. Цветко Трајков требало да стои настрана, да се крие, и кога сите гемиџии ќе бидат мртви, да го издебне валијата кога излегува од дома или од вилаетската зграда и да го убие, а и самиот да се застрела.
Цветко Трајков немал стрпливост да го чека крајот па потоа да стапи во акција. Истиот ден кога Орце ги испукал последниге бомби, кон 5-6 чаоот попладне тој го зачекал валијата во новиот кварт на градот - “Пиргите” - кога се враќал во својот дом и се обидел да се доближи до неговиот пајтон и да го убие. Меѓутоа, бил забележан од телохранителите и, сфаќајки дека не ќе може да ја изврши својата задача, се повлекол малку, запалил една бомба и седнал над неа. По неколку секунди неговото тело било разнесено пред вчудовидениот валија и неговата придружба.
Последен останал Коста Кирков. Кога загинал Коста? Според Шатев, Коста се исправил пред пушките на аскерот истиот ден кога и Орце, според други, тоа се случило следниот ден. На 1 мај, петокот утрото, тој, убаво дотеран, со паларија на главата и чанта в раце излегол од својот дом и се упатил кон улицата “Сабри паша”, каде што се наоѓала телеграфската станица.
Тргнал со цел да предаде “телеграма”, а всушност во поштата да фрли бомба. Тој знаел дека сите јавни установи биле будно чувани од власта и дека не ќе може да влезе во поштата. Но, сеедно, и така тој требало да загине.
На влезот од поштата Кирков бил сопрен од стражарот, кој бил должен согласно добиените наредби, да го претресе. Се разбира, Коста не можел да го дозволи тоа, се повлекол малку назад, ја извадил бомбата од џебот и се обидел да ја запали.
Меѓутоа, стражарот бил побрз и го спречил. Така Кирков ја исполнил и последната важна задача што ја имал. Паднал прободен од штркот на турскиот стражар.
Според некои податоци (К. Црнушанов, 172.), Коста успеал да ја запали бомбата пред да биде прободен и таа, експлодирајќи, убила двајца од стражарите. Но по се изгледа дека најнемирниот дух меѓу гемиџиите загинал “најмирно”. Тој бил последен, но освен стражарите што го убиле и властите, градот не бил информиран дека акциите на младите самоубијци продолжиле и на 1 мај. Зашто, кога Кирков пркосно отишол кај турските стражари да го убијат, сепак не успеал на време да ја запали бомбата за да му даде на знаење на градот дека еве и тој го сторил тоа што му било најлесно да го направи - го дал својот живот за својата татковина.
За тоа како Коста загинал, главно, нема дилеми. Меѓутоа, дилемата останува и натаму во врска со датумот на загинувањето. Имено, откриени се нови документи што го стават под сомневање споменатиот датум. На 4 мај сестрата Писи, покрај другото, во својот “Дневник” го запишала и ова:
“Денеска еден млад човек се преправал, дека носи телеграма во телеграфското биро. Запрен на сред скалите, успеал набрзина да фрли бомба во внатрешноста на зградата. Меѓутоа пожртвуваниот гаваз, додека бомбата не експлодирала, ја фрлил надвор и таа го убила и гавазот и атентаторот”. (С. Димевски, “Нова Македонија”, 11 јануари 1961.)
Грчкиот конзул е поконкретен од сите други: Во саботата -пишува тој - “бандитите” не презедоа ништо, но другиот ден, неделата (3 мај) кон пладне, еден од нив се обиде да влезе во телеграфската станица, за, божем, да предаде телеграма, но бидејќи не само што одби да дозволи да го претресат, туку и се противстави, веднаш беше убиен од војниците. Кај него беше најдена една бомба, две капсули за динамит и револвер. Има знаци што потврдуваат дека тој го оштетил газијаспроводникот.
Овој обид беше и последен, но не може да се тврди дека нема други заговорници коишто би направиле слични злостори.
Уште повеќе што се знае дека бакалот од чиј дуќан започна заговорот како и друг водач на “бандата”, не се фатени.
(Makedonika, 78-79.)
Гемиџиите сакале нивната акција да трае по можност што подолго, за да се држат и Турција и Европа што подолго во напната ситуација и што подолго да се пишува и зборува за Македонија. Затоа и распоредот на атентатите бил направен така: првиот ден - бродот и диверзијата на станицата, вториот ден - Банката и разни напади по градот, третиот ден - напади (загинување на Орце). Тие што немале бомби и што решиле да останат живи, се повлекле и се притаиле. По се изгледа Коста решил да почека и тогаш, кога сите помислиле дека акцијата е завршена и дека атентаторите се ликвидирани, да се јави тој и со својата бомба и со својата смрт да предизвика нова вознемиреност и да ги потсети сите дека тие уште не се уништени.
НЕПОСРЕДНИ ПОСЛЕДИЦИ ОД АТЕНТАТИТЕ Сите дипломатски претставници во Солун ги известувале своите влади за солунските настани. Особено педантно тоа го правеле тие што биле најмногу засегнати од атентатите, како што биле францускиот генерален конзул и грчкиот генерален конзул, кој во секоја револуционерна акција во Македонија гледал смртна опасносг за грчките “интереси”. Во дипломатските извештаи, првин накратко а подоцна опширно, се опишува ситуацијата во Солун на 28, 29 и 30 април но никаде не се спомнува дека на 1 мај имало експлозии.
Евгенијадис на 30 април, односно на 29 по полноќ, испратил телеграма во која меѓу другото стои дека околу 8 часот вечерта (на 29 април) се фрлени околу 20 бомби врз кафеани и други места во центарот и во неговата периферија, предизвикувајќи паника. “Голема маса народ се растрча по улиците очаена и возбудена. Бомби и натаму се фрлаат... во Отоманската банка предизвикаа пожар. Жртвите се мали, бидејќи бомбите фрлени по кафеаните предизвикуваа мала штета. Војската почна да апси... Во овој момент, на полноќ се слуша многу и продолжително пукање на периферијата од градот по експлозијата на бомби... Положбата крајно сериозна...” Во следната телеграма испратена на 30 април, секако попладне, стои: “Големата паника продолжува... Вечерва се закануваат нови напади со бомби. Имам сигурна информација дека заговорниците решиле вечерва да го дигнат во воздух нашиот конзулат. Се разбрав со валијата како да се осуети оваа опасност. Досега се уапсени околу 300 души...” Во телеграмата стои дека од средата (значи по она што се слчуило на 29 вечерта) престанал секаков напад со бомби, но прогоните, претресите по куќите и апсењата продолжуваат. “Решено е да се убива секој кој ќе се спротивстави или ќе се обиде да бега.
Користете ги левата и десната стрелка за да ја свртите страницата.
Испечатено од https://macedonianhistory.ca/mk/narrative/solunskite-atentati/11 на 29 октомври 2026