ДЕЛ ВТОРИ ГЕМИЏИИТЕ НА ДЕЛО ГЕМИЏИИТЕ - РЕВОЛУЦИОНЕРНАТА ОРГАНИЗАЦИЈА - Part 09
Личните расположенија на валијата беа, значи, поволни -пишува Стег - но требаше без одлагање да му се каже дека злоупотребите беа веќе сторени. Разбрав потоа од лица што виделе убивање на уапсени на улица дека еден офицер ги обиколувал улиците околу 5 часот и забранувал убивање или тепање на фатените затвореници, наредувајќи оружјето да се употребува само против тие што даваат отпор со оружје или со бомби. Овие наредби беа почитувани и, по ова, мислам дека немало примери на малтретирање”. (Истото.)
Еве како изгледало ова масакрирање за кое конзулот истрчал да го извести валијата и да го предупреди дека ваквите злосторства на полицијата и војската треба да се спречат.
Дипломатите во Солун знаеле дека се вршат такви злосторства од слушање, меѓутоа, ова масакрирање се извршило во домот на еден Французин, што се сметало за голема дрскост, но и за опасно загрозување на животите на странските државјани.
Куќата во којашто живеел Х. Мишел се наоѓала во квартот “Вардар” до егзархиската црква, во реонот во кој живеело, главно, егзархиско население. Во оваа куќа живеел и Бадети, веројатно Италијанец. На 30 април околу 3 часот попладне две лица, подгонети од жандарми и војници, се префрлиле во дворот на Мишел со цел да се спасат од разбеснетите гонители.
На повикот од Мишел да излезат оттука, бидејќи неговиот дом не бил “засолниште на бунтовници”, бегалците откажале, свесни дека ќе бидат фатени и исечени. Тогаш некои од станарите на куќата повикале полиција. Полицијата, придружена од педесетина жандарми со вперени револвери, и Албанци вооружени со стапови, навлегле во дворот и првин убиле еден шеесетгодишен бездомник, кој често тука спиел.
Еден од двајцата бегалци се вовлекол во станот на Мишел каде што се наоѓало неговото семејство и некои роднини. Дознавајќи за тоа, жандармите влегле во станот, го фатиле бегалецот, во приземјето го убиле и потоа на улицата го изрешетале со пушки и револвери. Барајќи го другиот, тие пак се качиле во домот на Мишел и клетиот човек го нашле како, облечен во престилка и со чинија и салата в раце, се преправа дека е готвач на француското семејство. Се надевал дека христијанското милосрдие нема да му дозволи на домаќинот да го предаде на крволочните сверови. Мишел пишува: “Сите жандарми во еден глас ме прашаа дали го познавам човекот, и кога им одговорив дека не го познавам, го измасакрираа тука, во мојот стан, во присуство на нашите фамилпи коишто испопаѓаа во несвест од страв. Потоа, за секоја сигурност, ја напуштивме куќата и избегавме во квартот “Свети Никола". (Анекс кон извештајот на Францускиот конзулат во Солун од 7 мај 1903.)
Плашејќи се дека ќе станат жртва “на бесот на жандармите, кои лути како тигрови секој момент ме прашуваа кои сме и ШТО сме", жителите на куќата се сетиле да истакнат француско знаме за да се заштитат.
Треба да се истакне дека масакрираните лица не биле ниту атентатори ниту бунтовници, како што пишува Мишел, ниту имале оружје. Тие биле “виновни исклучиво за тоа што како обични граѓани не сакале да паднат во рацете на полицијата и башибозукот и да бидат убиени.
И другите конзули во Солун се служат со претпоставки кога го определуваат бројот на убиените и масакрирани Македонци.
Италијанскиот генерален конзул Ди Ривел, во својот извештај до министерот за надворешни работи адмирал Морин, сметал дека убиените биле помалку од 100, веројатно 70-80. И Ди Ривел видел многу колички со по 2-3 трупа. Се носеле гласови дека во деновите на репресалиите биле убиени повеќе од 300 луѓе, но, според Ди Ривел, немало докази за тоа. Н. Билјоти, генерален конзул на Англија во Солун, посочува 30-32 погребани на егзархиските гробишта. Билјоти не дава претпоставки за општиот број убиени од војската и полицијата, но, според него, едно било сигурно - не стигнале до колежи.
(Turkey No 1 (1904), док. 123.) Со оваа констатација се согласува и Стег. Тој пишува: “Колку и да се за жалење констатираните ексцеси, сепак може да се тврди дека тие релативно биле доста ретки и дека треба да бидеме среќни што ги немаше во поголем број. Главно муслиманското население беше држано настрана во репресалиите, а војската ја вршеше својата должност со една ладнокрвност, за што треба да и се оддаде признание. Без сомнение среќниот исход се должи пред се на директивите пратени од Цариград, каде што се разбрало каква корист ќе има Турција ако не си натовари ѕверства што би можеле во очите на европското јавно мислење да изгледаат како противтежа на ужасот предизвикан од атентатите.” Стег, како и некои други конзули, најголема заслуга за тоа што во Солун не биле извршени големи масакри му припишува на валијата. Во споменатиот извештај до министерот за надворешни работи Делкасе, тоа тој посебно го истакнува: “Но, јас морам да им оддадам признание за напорите сторени од страна на нашиот генерален гувернер, за да го задржи настрана муслиманското население. Неговото однесување беше колку енергично толку и коректно и јавното мислење смета дека ако големото зло е одбегнато, тоа се должи на неговото лично влијание и на личните примери на храброст и ладнокрвност, што го покажа обиколувајќи ги безброј пати во отворени коли разбунтуваните квартови. Офицерскиот кор исто така покажа примерна дисциплина и ладнокрвност, и тој не може да се смета за одговорен, во својата целина, за ексцесите, коишто во вакви околности се неизбежни”. (Извештај на францускиот конзулат во Солун од 7 мај 1903.)
Општа констатација, значи, била дека немало масовни масакри и убиства и дека немало можност попрецизно да се определи бројот на убиените Македонци. Турските власти секогаш ги криеле теророт и убиствата што ги вршеле, а роднините на жртвите, особено во такви критични моменти, немало каде да ги пријавуваат. Од економски и од политички причини, а и како резултат на големата несигурнот што владееле во внатрешноста на Македонија, во последните месеци во Солун дошло македонско население во поголем број, кое, во мнозинството, ниту имало некакви лични врски во градот ниту било пријавено. Според тоа, исчезнувањето на лица од овие надворешни граѓани, не можел никој да го забележи.
Како што некој не верувал во бројката од 30-40 убиени Македонци, посочувана од турските власти, така изгледа никој не верувал и во бројката од 300 убиени. Ние сметаме дека бројот на убиените Македонци во Солун изнесувал 100 до 120.
И додека со право му се оддавало признание на валијата Фахми-паша и на заповедниците на турската војска што не дозволиле да се извршат масакри од големи размери, слични на ерменските, дотогаш неспособноста на полицијата да ги открие атентаторите и навреме да ги спречи атентатите предизвикала вчудовиденост и кај многумина огорчување. И навистина, зачудува фактот како можело со години да се подготвува една крупна револуционерна акција во еден толку значаен град, полн со странци и дипломати, голем поморско-трговски центар, каде што полицијата секогаш била будна и на штрек, прочуените Хамидови агенти да не се посомневаат и да не откријат ништо.
Небудноста и неспособноста особено ги изненадиле дипломатските претставници, и воопшто странците коишто знаеле дека цела Македонија врие како во котел, и како сурово се пресметнувале органите на власта со македонските селани, затоа што овие му припаѓале на револуционерното движење, а најчесто само затоа што властите се сомневале во тоа.
Имало полно индикации коишто укажувале дека во Солун “нешто” се подготвувало. Иако тие на обичниот човек не му биле познати или не му биле важни, и полицијата би требало да бидат многу важни. По ненадејното откривање на каналот при Отоманската банка во Цариград, речиси секој кој од поблиску ги следел револуционерните настани во Македонија можел да претпостави дека реално би било такви акции да се подготвуваат и на друго место. Се разбира, најнадлежна да се посомнева во таква евентуалност била полицијата.
Уште пофрапантна неспособност Хамидовата полиција покажала подоцна, кога низ сите страни се ширеле гласови, а некои европски весници ја објавиле веста, дека македонските револуционери подготвувале напади врз разни значајни установи во Солун и во други градови во Македонија. Оттогаш Отоманската банка во Солун била добро чувана, но нападот се очекувал над земја. Зар, по цариградското искуство, било можно никој да не се посомнева дека Банката би можела да биде загрозена и под земја.
Секој можел да забележи дека голем број новодојдени млади луѓе без определено занимање се движат во градот. Поголемиот број од нив не се занимавале со конспиративна дејност, меѓутоа, имало и такви што биле сомнителни, но никој во нив не се посомневал. На пример, “берберницата” била изнајмена и за кратко време напуштена. Подоцна, веднаш до неа, од истите луѓе била изнајмена “бакалницата”. И во “берберницата” и во “бакалницата” влегувале и излегувале истите млади луѓе. А треба да се потцрта дека овој дел бил централен дел на Солун, во кој биле лоцирани важни европски установи. Овој кварт, во кој се наоѓала Банката, бил познат како “Франк-маало” и тука биле сместени уште католичката катедрала, француската болница, женското училиште раководено од француски сестри, американската и шкотската мисија, солунската банка и голем број магазини на крупни трговци. Се разбира, киријата тука била скапа. Отпосле се разбрало дека “бакалницата” била изнајмена за висока кирија во септември 1902 година од Марко.
Марко купил стока за 20 турски лири и повеќе не набавувал друга стока. Кога ќе се појавел муштерија, стоката што ја барал била потрошена. Одговорот на Марко обично гласел:
“Повелете, ве молам, тоа што го барате само што ни заврши”.
Стоката ни се наоѓа во царинарница. Дојдете утре и ќе бидете услужени”.
Се разбира, таквото извинување изгледало нормално и прифатливо, но доколку тоа не се повторувало често.
Гемиџиите, за да ја елимирираат непожелната посета на комуналните органи, однапред за повеќе месеци ги исплатиле разните комунални давачки. Тие, како што видовме, биле големи конспиратори, меѓутоа, имало некои работи што ги правеле кои не можеле да се скријат. На пример, нивното често излегување и влегување во “бакалницата” колку да се вршело внимателно, не можело сосем да се скрие.
Нивниот изговор дека во Солун се дојдени за да безделничат и да ги трошат парите на своите родители уживајќи, не бил доволно убедлив. Тие главно се хранеле во познатите скромни ресторани чии сопственици биле наши луѓе, еден од кои се наоѓал отспроти Банката, и живееле скромно. Тоа нивно движење го имал забележано директорот на Банката, но не обрнувал внимание. Меѓутоа, по она што се случило на 28 април со “Гвадалкивир” и вечерта на железничката станица, на 29 претпладнето директорот своите сомневања му ги изнел на комесарот на полицијата, барајќи од него да изврши претрес во хотелите и во дуќаните во соседството на Банката. (Истото.)
“Нема место за било каква загриженост, господин директоре -му одговорил комесарот. - Градот е мирен и полицијата подготвена!” Комесарот бил во право кога зборувал дека полицијата е подготвена. И покрај тоа што во тие денови во Солун немало доволно војска, сепак имало доволно сили за заштита на поважните установи - Банката, поштата и другите слични згради. Се разбира, комесарот не го очекувал непријателот под земја и не знаел дека ќе има работа со македонски револуционери-самоубијци. А комесарот на полицијата не можел да не ги слушне гласовите што упорно се ширеле дека цел на револуционерите била отоманската банка.
Имало, значи, полно факти што го натерале Стег да ја даде следнава необична оценка за солунската полиција:
“Слепилото на полицијата, којашто дозволила такви значајни работи да се изведуваат во најнепосредна близина на Банката, толку голема количина динамит да се внесе или произведе во Солун и непознати сомнителни лица да одат и доаѓаат без да бидат забележани од нејзините агенти, овде изгледа толку необично што, според мислењето на голем број луѓе, тоа не може на друг начин да се разбере, освен со тоа: можеби е дадена директива таа (полицијата) да ги затвора очите додека револуционерите не се осмелат да преземат акција од таков карактер којашто на властите би им дала можност да ги оправдаат најстрогите репресалии”.
Стег со голема резерва ги примил таквите гласови: “Јас не би бил наклонет да верувам во еден таков макевијализам на турските власти, и сигурен сум дека солунскиот валија Хасан-Фехми-паша не би се замешал никогаш во слични комбинации.
Сепак, сметав за потребно да укажам на такви гласови, бидејќи постои веројатност тие да бидат прифатени од некои весници, било на запад, било... во Бугарија”. (Истото.)
Неспособноста на полицијата да излезе накрај со македонските револуционери била очевидна. Тоа се објаснува со повеќе факти, но најмногу со дезорганизацијата што владеела во Македонија. И не случајно големите сили што биле заинтересирани за консолидирање на турската власт во Македонија редовно предлагале со реформи да биде опфатена и полицијата. Меѓутоа, апелите за реорганизација на полицијата и жандермеријата биле праќани до истите раководители на администрацијата коишто се покажале неспособни и не можеле ништо значајно да изменат. Затоа, правело впечаток што истиот шеф на полицијата во Солун, кој се покажал песпособен да ја открие гемиџиската акција, сега раководел со истрагата против извршителите на атентатите. Поради тоа, се појавило сомнение дека лесно можело да се забошотат вистинските факти, да пострадаат главно невини, за да се скријат сопствените грешки.
Се разбира, тешко би било за секоја полиција да се бори против такви конспиратори какви што биле гемиџиите. Тие не му припаѓале на масовното движење, кое по силата на историските околности не може да остане долги години строго конспиративно и кое е подложено на разни провали и разоткривања. Но, и поради својот масовен карактер, не може и да биде уништено. Гемиџиите биле изолирана група, чие откривање во почетниот период можело да ја прекине нивната динамитна акција. Меѓутоа, со оглед на нивната решеност секој момент да паднат на бојното поле, во втората фаза од подготовките нивното евентуално откривање не би можело да го осуети главниот дел од акцијата. Зашто, по ставањето на дицамитот во темелите на Банката, немало веќе сила што би можела да ги спречи атентаторите неа да ја дигнат во воздух.
Дежурниот секогаш бил готов да го запали фитилот и да исчезне заедно со Банката.
И покрај чувството на горчина и осуда на делото, храброста на гемиџиите ги импресионирала речиси сите, па и солунските конзули. Затоа, кога се давало оценка за неспособноста на турската полиција, се имала предвид поразувачката смелост и ладнокрвноста со која гемиџиите го положувале својот млад живот на олтарот на македонската слобода. “Без сомнение -пишува Стег - би имало многу да се рече за очајничката храброст што тие ја внесоа при извршувањето на нивните злосторства. Сигурно е дека е тешко да се бориш против решителноста на луѓето што решиле да го жртвуваат својот живот. Така би се објаснил еден изолиран атентат, но не и организирање на една голема завера, што опфаќа голем број припадници, што скоро сите се странци во градот, и особено ништо не можело да го оправда тоа што, без полицијата да забележи, беа употребени такви материјални средства во деновите 28, 29 и 30 април”. (Истото.)
Првата законска мерка преземена од солунските власти за “заштита” на населението била воведувањето на полициски час.
Му се забранувало на граѓанството да се движи низ градот од еден час по зајдисонцето до утрото. Прво било навестено прогласување на опсадна состојба, меѓутоа, владата се задоволила со поблаги мерки и со издавање на наредба за формирање на Воен (прек) суд за брзо судење на атентаторите.
Воениот суд ја започнал својата работа истиот ден кога била донесена султанската наредба за неговото формирање - на 4 мај 1903 година. Оваа наредба регулирала и некои задолженија на граѓаните што произлегувале од полицискиот час и ги наложувала критичната ситуација. Се забранувало граѓани да земаат учество во прогонувањето и задржувањето на други граѓани, да вршат претреси по куќи, да се собираат во поголеми групи во кафеани и во други центри со цел да пренесуваат лажни вести и слично. Се забранувало влегувањето во Солун на лица без оправдани причини. (Makedonika, 63-64.)
Оваа наредба требала да создаде впечаток дека сите виновни лица за солунските настани ќе одговараат пред судот по законски ред и дека државата нема да дозволи случајни лица да ја делат правдата. Во тоа имало доста вистина, но правдата што ја делела државата се покажала исто така жестока и крвава.
НАСТАНИТЕ ВО БИТОЛА И ВО ДРУГИ ДЕЛОВИ НА МАКЕДОНИЈА Сомнението што било изразено за “замижување” на полицијата пред подготовките за атентати, за да можат да се оправдаат прогонствата на македонското население, не било потврдено.
Меѓутоа, дека навистина солунските настани биле исползувани за масовни репресалии, па и за убиства, било веднаш потврдено. Додека масовни убиства биле одбегнати, дотогаш апсењето и малтретирањето на егзархискиот дел од нашиот народ во речиси цела Македонија зело невидени размери.
Солунските атентати имале силен одглас во внатрешноста на Македонија. Турските власти, под изговор дека тие биле почеток па слични акции во други македонски градови, како и сигнал за востание, а користејќи го негодувањето што тие го предизвикале во Европа, решиле репресалиите да ги прошират и надвор од Солун, со цел да ја обезглават Револуционерната организација. Во прилог на тоа одела и создадената клима и кулминацијата на фанатизмот кај значителен дел од непросветеното муслиманско население.
Пролетта 1903 година, како резултат на солунското решение за востание, во Македонија се чувствувало силно раздвижување на чети и чести судири со турската војска и полиција. Приближно истовремено кога станале атентатите, се дознало за два значителни судира на чети со аскерот во Источна Македонија.
Според верзијата дадена од турските власти, една чета, што броела околу 50 души, била уништена, а меѓу загинатите биле, наводно, пронајдени двајца бугарски мајори и двајца капетани.
И другата чета била уништена - 29 души наводно биле убиени, а 17 заробени. И додека овие информации, особено за бројот на загинатите и заробените, можеле да се примат со голема резерва, една друга вест се покажала како наполно точна. “На 4 мај - му пишува Стег на Делкасе - се случи во Баница, Серско, значаен судир... Ако е точно, како што се дознава од разни извори, дека во борбите кај Баница е убиен Делчев, тогаш на македонското револуционерно здружение, чијшто главен организатор, како што се тврди, бил тој, му е нанесена речиси ненадоместлива загуба”. (А. М. ф. 238, француски конзулат во Солун до Делкасе, Солун, 13 мај 1903.)
Турските власти ја употребувале сета своја итрина и вештина за да докажат дека солунските атентатори биле припадници на Македонската револуционерна организација и дека и Организацијата и тие биле тесно поврзани со бугарската влада и работеле по нејзина директива. Тоа се правело во рамките на познатата турска политика којашто се мачела да ја убеди Европа дека македонското револуционерцо движење било поттикнато однадвор, од Бугарија, и дека не било рожба на месните општествено-економски услови и на султанскиот систем на експлоатација и терор. Затоа турскиот политички речник слабо познавал термини “македонска” организација, “македонски” комитет и слично. За турските власти речиси сето тоа било “бугарско”, кое се борело за проширување на бугарските граници во Македонија, а не за ослободување на земјата. Ист речник употребувала и грчката дипломатија и пропаганда.
Сега Високата Порта била живо заинтересирана да ги убеди големите сили дека “анархистичките злосторства” во Солун биле дело на Револуционерната организација. Таа всушност сакала да го “обвини” целото македонско население за Солунските атентати, за да ги оправда репресалиите против него. Еден од важните “аргументи” со кои требало да се убедат силите дека солунските настани биле дело на единствена револуционерна организација била употребата на динамит од страна на четите во борбите со аскерот. Совпаѓањето на честите судири со аскерот во април и во почетокот на мај, како и почестата употреба на динамит од страна на четите, биле акции “што со цитираат за да и се припишат последните атентати на акцијата на револуционерните комитети” - пишува Стег.
(Истото.) Властите не ја пропуштиле оваа прилика да фрлат “дрвја и камења” против егзархистите во Македонија. За да ја оправдаат политиката на масовни затворања и прогонувања, тие го лансирале тврдењето според кое немало егзархист во Солун, па и во Македонија во целина, кој не бил, барем морално, соучесник во атентатите.
Наспроти турските власти, коишто секого што се борел против нив во Македонија го прогласувале за “бугарски злосторник” и немале сметка да прават разлика меѓу Револуционерната организација, Врховниот комитет и гемиџиите, некои од дипломатските претставници на големите сили се потрудиле да навлезат во суштината на проблемот и да откријат кои се всушност, гемиџиите. Ние почесто го цитираме францускиот генерален конзул, бидејќи неговите извештаи се посодржајни и пообјективни од сите други. Иако од акциите на атентаторите најмногу настрадал француски капитал, и според тоа Стег имал право да биде поогорчен од другите негови колеги, сепак тој се покажал релативно пообјективен и при опишувањето и при оценувањето на настаните.
Во првиот опширен извештај за Солунските атентати (од 7 мај), во врска со ова важно прашање Стег пишува: Уште е тешко да се утврдат потеклото и вистинските размери на овие настани.
Ние уште не располагаме со доволно податоци за да го одгатнеме ова суштинско прашање. Дали се атентатите дело на една изолирана група револуционери со анархистички тенденции? Потекнуваат ли тие од едниот од двата големи комитети: бугарскиот комитет или внатрешното здружение (Под бугарски комитет Стег подразбира Врховен комитет, а под внатрешно здружение - МРО) или пак се продукт на договор меѓу двата комитета или, на крајот, дали комитетите, или еден од нив, го помагаат нивното изведување, без самите да го конципираат и диригираат?
Дипломатите и јавноста се уште не можеле да знаат кои биле гемиџиите и дали тие работеле самостојно или под команда на МРО. Но турските власти не биле заинтересирани за тоа и не сакале да знаат (А тие можеле да знаат, бидејќи еден од најактивните гемиџии - П. Шатев – веќе на 30 април бил во нивни раце). Турските власти сега биле заинтересирани и преокупирани со прашањето: Како преку масовни апсења на интелигентните сили на нашиот народ да ја десеткуваат Револуционерната организација и да го осуетат претстојното востание.
Не случајно по Солун, Битола бил градот што најмногу настрадал.
Утрината на 30 април во Битола се прошириле гласови за Солунските атентати и за големата паника што настанала во градот. Во исто време воените и полициските патроли во градот се засилиле, а напнатоста меѓу граѓаните започнала брзо да расте. Биле пуштени гласови дека штом ќе се даде знак за востание, ќе биде заклано целото егзархиско население.
Францускиот вицеконзул во Битола Готје му зборувал на д-р Б.
Бешков, вршител на должноста управник на бугарското агентство (всушност дипломатско претставништво), дека интересите диктирале населението да биде мирно, зашто инаку му се заканувала грозна “катастрофа”. (Освободителната борба на българите в Македония и Одринско 1902/1904.
Дипломатически документи, София, 1978, документ No 48.)
За да не изгледа дека се тие само гласови, властите презеле и некои конкретни мерки. По наредба на началникот на битолската полиција, неколку бивши собирачи на данок, по народност “Грци”, придружени од полициски чиновници, оделе низ градот и им ги кажувале куќите во кои живееле Македонци егзархисти. (Истото, док. 50. Бугарскиот дипломат сметал дека
Користете ги левата и десната стрелка за да ја свртите страницата.
Испечатено од https://macedonianhistory.ca/mk/narrative/solunskite-atentati/13 на 29 октомври 2026