ДЕЛ ВТОРИ ГЕМИЏИИТЕ НА ДЕЛО ГЕМИЏИИТЕ - РЕВОЛУЦИОНЕРНАТА ОРГАНИЗАЦИЈА - Part 08
Денес се убиени 30, како што официјално сум известен, но од неофицијални информации се дознава дека од вчеравечер и денес беа убиени стотина и педесет. Од 6 часот попладне сите се затворени во своите куќи и секакво движење по улиците е забрането”. (Истото, 62-63.)
Слично изгледале телеграмите што во време на настаните ги праќале и другите дипломати од Солун до своите влади. Се пренесувале доста точни, но и многу неточни вести. Тоа било разбирливо кога се знае во каков хаос го фрлиле гемиџиите градот со своите бомби, кога никој не знаел точно што се случува, а властите, секогаш наклонети да ја кријат или изопачуваат вистината, давале информации што често биле сосем спротивни на вистинската положба. Грчкиот конзул, пак, кога се однесувало за македонското револуционерно движење и воопшто за било која акција што не се совпаѓала со желбите и со стремежите на грчката пропаганда во Македонија, ниту можел а ниту сакал да биде објективен. За него гемиџиите биле пред се “Бугари” што ја сакале Македонија за себе и, според тоа, тие не можат да бидат ништо друго освен злосторници.
Затоа и не е ништо чудно што за него атентатите завршиле на 29, иако тој слушнал бомби и на 30 април, но тогаш тие, атентаторите, “се бранат фрлајќи бомби против војската, но редовно од неа биваат убиени или фатени”. Значи, атентаторите се присутни, но не се способни да напаѓаат! Но сепак “планирале” да го нападнат грчкиот конзулат!
Интересни се првите податоци што конзулите ги праќале до своите претпоставени за најкрупниот настан - кревањето во воздух на Банката. Никој од конзулите не претпоставил дека нападот е извршен под земја. “Пред вратата на Отоманската банка - пишува италијанскиот генерален конзул во Солун Ди Ревел - застана една кола, од која слегоа многу луѓе придружени од други и, симулирајќи дека се расправаат меѓу себе, го убија стражарот и двајца ноќни чувари. Поради шумот, притрча еден патролен одред од 12 војници, што убиле некои од заговорниците, но другите, ползувајќи го нередот, влегоа во зградата на Банката и фрлија динамитни бомби во сите насоки.
Се слушнаа 3 експлозии на вториот дел од зградата, се урна еден ѕид кој падна кон соседниот хотел “Коломбо” и го затрупа германскиот клуб наречен “Кегел-клуб”... Останаа, затрупани во зградата на Банката многу заговорници, други се убиени или уапсени”.
Дипломатските извештаи на солунските конзули, па донекаде и тие на грчкиот конзул, што биле составени 7-10 дена по Солунските атентати, биле далеку посодржајни и, се разбира, поточни. Но, за тоа малку понатаму.
Билансот од атентатите бил следен: директно од динамитот на гемиџиите настрадале “Гвадалкивир”, Отоманската банка, кафеаните “Алхамбра” и “Ноњо”, и “Бошнак-ан”. Се спомнува дека Коста, откако ја оштетил газијапроводната цевка, се вратил во градот и фрлил една бомба пред “Гранд-хотел”, но изгледа без да предизвика штета. Мечев исто така фрлил две бомби пред кафеанжа “ Кгипет". Бил урнат Германскиот клуб, како и некои куќи.
Од гемиџиите херојски загинале Јордан Попјорданов-Орце, Коста Кирков, Димитар Мечев, Владимир Цингов, Илија Трчков и Цветко Трајков.
Останале живи: [Tagen Шатев; Георги Богданов, Милан Арсов и Марко Бошнаков.
Додека траеле атентатите, македонското население во Солун де факто, било ставено надвор од законот. Toa важело 3a сите Македонци, без разлика дали припаѓале кон Кгзархијата, односно кон Патријаршијата, и ги викале “ Бугари", односно “Грци". Сепак, првите, егзархистите, се нашле во исклучително тешка ситуација. Сметајќи ги за револуционерен и “опасен" елемент, властите решиле да го исползуваат поводот што го давале атентатите за да со пресметнат со нашето население во Солун и што поголем дел од него да истерат или да го принудат да го напушти градот. Стег и другите конзули на големите сили се плашеле дека во Солун, и воопшто во Македонија, може да се случи истото тоа што се случило порано со Ерменците.
Во рамките на борбата за своите права (чл. 61 од Берлинскиот договор предвидувал спроведување реформи во Ерменија слично на чл. 23 кој се однесувал на Македонија), во август 1896 година ерменските револуционери, приврзаници на Комитетот “Дашнак", снабдени со 16 кг динамит поставен BO торби, влегле во Отоманската банка во Цариград, ја заклучиле вратата и ја окупирале. Преку директорот на Банката, до пратениците на големите силе тие испратиле еден проект за реформи за шесте ерменски вилаети, заканувајќи се дека, ако тој не се прифати ќе ја фрлат Банката во воздух. Штом се разбрало за окупацијата на Банката, толпа Курди и Лази, вооружени со стапови и јатагани, извршиле невидени колежи врз Ерменците во Цариград. Наместо да бараат од султанот реформи, пратениците ги вложиле сите сили да го спречат безразборното,колење на Ерменците. Султанот ветил дека на атентаторите ќе им дозволи да ја напуштат безбедно земјата и ветувањето го исполнил. Меѓутоа колежите продолжиле.
Владата имала организирана брза погребна служба, којашто ги чистела улиците од труповите. Специјални команди оделе по подивените убијци, и убиените и уште недоубиените жртви ги фрлале во коли за ѓубре. Десетина илјади Ерменци биле убиени по улиците, по своите домови и дуќани во Цариград. Во ерменските вилаети биле убиени над 25.000 Ерменци.
Колежите престанале другиот ден по улимативната телеграма испратена до султанот од страна на пратениците на големите сили. Се покажало дека овој геноцид врз ерменското население не бил никаков спонтан чин, туку бил организиран од крвавиот султан.
Од ладнокрвните колежи на Ерменците јавното мислење на Европа било згрозено. Протестите против тој злосторнички акт се претвориле во движење кое постојано ги потсетувало народите и државниците на Европа дека султанска Турција е анахронизам во современото општество и дека ако не се преземат мерки и не им се помогне на угнетените да добијат свои човечки и политички права, крвавите настани можат пак да се повторат.
Колежите на Ерменците имале толку силен одглас во Европа, особено во земјите со демократски традиции, какви што биле Англија и Франција, што кога станале Солунските атентати и Илинденското востание, значи по 7 години, за нив се пишувало и зборувало како да биле сосем скоро.
Нормално, се поставувало прашањето пред солунските конзули:
Ерменците само се заканиле дека ќе ја дигнат Банката во воздух (истата таа банка што требало групата на Мерџанов да ја минира), значи, не испукале ниту една бомба а тоа го платиле со неколку десетици илјади жртви. Што ли ќе стане во Солун, па и пошироко, каде што атентаторите пукале и дигале во воздух згради 3-4 дена? Овој факт го имале пред очи конзулите кога тргнале да го бараат валијата веднаш штом разбрале за атентатите.
Стег, заедно со генералните конзули на Англија и на Италија, што живееле близу, не водејќи сметка за бомбите што трештеле во градот, тргнале да го бараат валијата за да се информираат поодблизу за ситуацијата и за мерките што требало да се преземат за враќање на мирот. Валијата го сретнале на пат кон Отоманската банка и преминале во неговата кола. По патот им се придружил и генералниот конзул на Австро-Унгарија.
Валијата им ветил на конзулите дека ќе стори се за да бидат заштитени европските државјани. При тоа, на инсистирање на конзулите, тој ветил дека нема да дозволи мешање на турското население во воведувањето на ред во градот. (А. М., ф. 238, Францускиот конзулат во Солун – до Делкасе, Солун, 7 мај
1903.)
И покрај ветувањето на валијата, масакрите во Солун и Македонија не можеле да се спречат. Тоа што се случило со Ерменците се случило и со Македонците, но во многу помал обем што се однесува до жрвите. Погромите во Солун додека траеле атентатите биле извршени повеќе од војската, а помалку од турското, еврејското и грчкото население. Главниот дел од атентатите бил ноќта во средата, а другиот ден војската и полицијата започнале масовно апсење на егзархисти.
Педесетина војници Албанци, вооружени само со штикови, поделени во 5-6 групи, а водени од фанатизирани граѓани од турската средина, под изговор дека и помагаат на војската што ги прогонува егзархистите и ги претресува нивните куќи, се нафрлиле врз затворените анови и кафеани во населбата “Вардар”, пљачкајќи се што ќе најдат. Овие “апсеа и убиваа секого кого го сметаа за Бугарин или како таков од други бил посочен”. Во четвртокот прогоните на егзархиското население во Солун добило “форма на колежи”, но било убивано и друго христијанско население. (Makedonika, 65, 78. Убивањето ва “Бугари” во Солун Евгенијадис го сметал за нормално, меѓутоа, го бунело тоа што биле убивани и Грци, што убијците не сакале многу да ги разликуваат христијаните по својата “вина”.)
Во средата, кога започнале атентатите, според вестите што ги добил грчкиот конзул, од војската биле убиени 10 души, во четвртокот - 30 и, заедно со другите убиени потоа, вкупниот број не би стигнал до 50 души.
Оѕверената толпа тргнала да ги бара виновниците. А виновници за неа биле сите оние за кои со години се слушало дека се бијат со турската власт по планините и по селата - комитите. Додека полицијата ги претресувала егзархиските куќи и ги апсела мажите, војниците и башибозукот беснеел по улиците. Хр.
Коцев, криејќи се да не биде уапсен, се засолнил воо домот на учителката Ф. Јосифова. Јосифова, не сфаќајќи ја сериозно ситуацијата, тргнала на работа, а нејзиниот татко отишол да купи нешто. Прво се вратил таткото, а бргу по него и ќерката -и на Коцев му раскажале грозни работи:
“Многу лоша работа, даскале, не можев да излезам на главната улица. Турци, Грци и Евреи се развикале како да гонат бесно куче... Турците со штикови на пушките, а Грците и Евреите (бог да ти убие!) со дрвја и камења го претепуваат човека и умрен-неумрен го фрлаат во кола при другите...” Слични вести донела и Јосифова. По сите улици во чаршијата -раскажала таа - хајка од Турци, Грци и Евреи да ловат и убиваат егзархисти. “Без да знаат нашите, си тргнале на работа да си ги отворат дуќаните и, само што ќе се покаже некој на главната улица, започнуваа да се истураат врз него кундаци, ножови, камења, додека го убијат. Кој ќе излезе не се враќа. Во училиштето нема никого - сите се скриле”. (Хр. Коцев, 52.)
Сепак колежите не зеле големи размери. Причините за тоа биле повеќе. Властите не можеле да си го дозволат овде, во Европа тоа што си го дозволиле во Азија, со Ерменците. Колежот на Ерменците бил уште пресен, осудите на жестокото дело уште продолжувале и султанот не можел да си дозволи во толку кратко време реприза на еден акт кој му создал толку неволји во односите со големите сили. Силното ангажирање на солунскиот валија да ја спречи толпата да го земе законот во свои раце, според тоа, не било инспирирано од некаква хуманост, туку од повисоки државни интереси.
Интервенцијата на големите сили, во случајов, имала значително влијание врз војската и полицијата и врз солунскиот башибозук. При првото среќавање на конзулите со валијата било побарано да се стори се за да се спречи мешањето на неодговорни лица во воведувањето на мир. Меѓутоа, далеку поважен бил воениот притисок. На 1 мај топовски салви го најавиле доаѓањето во Солунското пристаниште на една италијанска ескадрила. По неа пристигнале и австриски и француски воени бродови. Се повторило она што се случило во 1876 година, кога на жесток начин од фанатизираната муслиманска маса биле убиени германскиот и францускиот конзул во Солун. Тогаш за миг, де факто, градот се нашол окупиран од морнаричките одреди на големите сили. Тоа можело лесно да се случи и сега. Пред ова заканување, и властите и башибозукот решиле да ги прекратат злосторствата.
Било решено да се измијат попрсканите со крв улици и да се отворат дуќаните. Требало, значи, Солун што поскоро да добие изглед на град што живее нормален живот.
Појавата на воените бродови придонесла егзархиското население да се успокои, а кај некои предизвикувала и лажна надеж дека, сепак, саможртвата на гемиџиите ќе даде некакви резултати. Еве како сликовито го опишува тоа чувство Хр.
Коцев, образован човек (бил професор во Егзархиската гимназија) и познавач на политиката: “... Слушам грмежи.
Погледнав и, што да видам? Неколку црни мечки се појавија на хоризонтот и влегуваа во заливот стрелајќи ги вообичаените салви. Од ‘Еди куле’ им одговараа на поздравот. Потоа разбрав дека тоа била италијанска ескадрила, којашто добила наредба да им дојде напомош па христијаните што беа изложени на колеж. Еден-два часа потоа нови грмежи ми го привлекоа вниманието и видов нови десетина мечки - австриска ескадрила. Малку потоа ете ти уште толку француски и англиски, разбрав дека работата на Турција и е спукана:
автономијата на Македонија доаѓаше. Се збудалив од радост, слегов долу при домаќинот (Коцев веќе се наоѓал скриен кај друг пријател - б. м.) и го замолив да излезе малку низ градот, можеби ќе научи нешто утешно. По малку време тој се врати радостен.
“Кажувај брзо што има?” - го прашав со нестрпливост.
“Турците ја сварија кашата! Мечките дојдоа да ги истераат и да воведат автономија. За шашарма, тие веднаш престанаа да колат и убиваат... По улиците, во чаршијата - локви крв насекаде. За да не ги видат Европејците, натераа Цигани да ги измијат тие локви, издадоа наредба да се отвори чаршијата и објавија дека секој е слободен да си ја гледа работата”. (Истото,
54.)
Колку Европа се мешала во внатрешните работи на Турција, толку владејачките кругови во Цариград станувале почувствителни и нервозни. Тоа мешање тие го сметале, покрај другото, и како охрабрување на македонското револуционерно движење, кое, еве сега, било “виновно” и за солунските настани. За властите не било тешко да забележат какво влијание имало присуството на воените бродови врз она население со кое, ползувајќи ги атентатите како повод, тие планирале посериозно да се пресметнат. Затоа Високата Порта сторила се што можела да ги убеди големите сили да ги повлечат своите бродови од Солун. Основен аргумент при тоа секако бил:
праќајќи ги своите бродови во Солун, големите сили ги поттикнувале христијаните да се бунтуваат. Пред ова “логично” образложение, амбасадорите во Цариград попуштиле.
Бродовите биле повлечени пред ветувањето на Великиот везир дека фаќањето на виновниците и нивното казнување ќе било извршено во духот на законите. А виновник за него бил речиси целиот наш народ. Затоа апсењата и теророт продолжиле.
Потопувањето на “Гвадалкивир” било планирано да се изврши недалеку од брегот, со единствена цел – бродот да се уништи, но по можност да не настрада никој од патниците и од посадата.
П. Шатев бил силно вознемирен кога забележал како бродот полека се оддалечува од пристаништето, а тој поради спомнатите околности, не можел веднаш да го запали фитилот.
И кога акцијата била готова, и патниците претоварени во чамците за спасување, тој со задоволство констатирал:
“Јас во душата си се радував што целиот пароброд ќе изгори и што нема да има ниту една човечка жртва, зашто со својата акција ние никогаш не сме се стремеле да даваме човечки жртви, уште повеќе кога се знае дека патниците во паробродот се невини по однос на нашата - македонската кауза”. (П. Шатев,
365.)
Како што спомнавме, динамитните бомби што гемиџиите ги фрлале по кафеаните биле направени со долг фитил, за да им се даде можност на гостите благовремено да го напуштат локалот.
Целта, значи, била да се урива, да се дига што поголем шум преку динамитните експлозии, и со тоа да се создава паника, да се напаѓа непријателот, но сето тоа, по можност, да се изврши со што помалку жртви меѓу невиното население. Во тоа наполно се успеало.
Жртвите меѓу цивилното население биле минимални. При уривањето на Банката, еден од ѕидовите се урнал врз Германскиот клуб, кој бил до Банката, и во дворот на еден од главните хотели во Солун. Притоа бил убиен еден француски поданик, трговец, и еден чевлар - Италијанец. Повеќе Германци и Австријци биле ранети, како и еден италијански кројач. При уривањето на Банката случајно минувал еден пајтон со германскиот инженер Хекел, кој загинал. Од урнатините на “Алхамбра” било извлечено и телото на еден Грк келнер. (П.
Шатев, 386; Makedonika, 76; цитираниот извештај на францускиот конзул во Солун од 7 мај 1903.)
Меѓу муслиманското и еврејското цивилно население изгледа немало жртви. Во постојните извори не се спомнуваат такви.
Колку жртви дала турската војска и жандармеријата не е познато. Со оглед на фактот дека динамитните бомби што ги фрлале гемиџиите повеќето биле примитивни, се претпоставува дека бројот на убиените војници и жандарми, спротивно на волјата на гемиџиите, бил беззначаен. Три службени лица загинале до Банката, еден во поштата.
Се покажале неточни и тенденциозни вестите според кои гемиџиите планирале да нападнат некои грчки општински установи. Се знае дека атентаторите немале таква намера. Бил прескап нивниот динамит за да го употребат против грчките просветни институции. На крајот, самиот Евгенијадис во врска со тоа сметал да го напише следново: “Сметам за нужно тука да изнесам дека наспроти проширените гласови, ниту една од грчките општински установи или бројни цркви во градот не настрада...” (Makedonika, 79.)
Се покажал сосем неоправдан стравот на некои од конзулите на големите сили дека заговорниците би можеле да ги нападнат нивните конзулати. Стег, на пример, само што ги чул силните експлозии, заедно со гавазите ги држел “на око” влезовите на конзулатот, “знаејќи дека револуционерите нема да ги поштедат странските функционери”. Се разбира, конзулите не можеле да знаат дали нивните згради ќе бидат нападнам или не.
Минирањето на бродот, на железничката пруга и на Банката ги терало да се посомневаат дека се што им припаѓа на големите сили ќе биде нападнато. Нивните семејства, како што видовме, биле преместени во француската болница, каде што биле чувани од турската војска. На 4 мај сестрата Писи напишало:
“... Почнуваме да се успокојуваме, бидејќи сме начисто дека атентаторите немаат ништо против нас. Конзулите си ги одведоа семејствата во домовите. Само семејството на директорот од Банката е се уште кај нас, бидејќи им е се изгорено”.
Што се однесува до материјалните штети предизвикани од атентатите, и тие не биле толку големи како што изгледало на прв поглед. Ако се искпучи паробродот и стоката што останала во него и убавата зграда на Отоманската банка, другите штети не биле толку големи. Придружните простории на Банката, во кои се наоѓал трезорот (касата), не настрадале. Околу 150.000 турски лири во готово и други вредности, како и поважните документи и книги, биле спасени. (Истото.)
ДЕЛ ТРЕТИ ПО АТЕНТАТИТЕ МАСАКРИ Гемиџиите не сакале невини жртви и сториле се што можеле тој број да го сведат на минимум. Меѓутоа, се поставува едно мошне важно прашање. Ним им било познато како турските власти ја исползувале окупацијата на Цариградската банка од нивните ерменски колеги за да ги извршат ужасните кодежи врз невиното ерменско население. Дали гемиџиите не размислувале дека уривајќи ги капиталистичките објекти во Солун (без разлика колку и да го штеделе цивилното и невино население), создавајки ужасна паника и растројство во еден така важен град за Турската империја, ќе дадат повод за извршување на слични масакри врз сопственото население, какви што биле извршени врз Ерменците? Спомените на преживеаните атентатори не даваат одговор на ова прашање. Изразувајќи недоверба во можноста на Револуционерната организација да дигне општо востание и да постигне некакви резултати, гемиџиите редовно ги истакнувале тешките последици за населението од предизвикувањето на едно недоволно подготвено востание, сметајќи дека со нивната лична саможртва и без учество на широките народни маси ќе се постигне повеќе. По се изгледа тие не очекувале дека нивната динамитна акција ќе предизвика некаква одмазда врз македонското население од широки размери.
Впрочем, и не е важно што мислеле, што предвидувале и што претпоставувале гемиџиите кога ги организирале и ги извршиле своите атентати. Факт е дека турските власти ги исползувале тие атентати за да ја обезглават и компромитираат Револуционерната организација како анархистичка и да му се одмаздат на нашиот народ кој ја имал смелоста да дигне глава во цела Македонија против режимот на султанот.
Како што видовме, жртвите од динамитните атентати биле малубројни, но затоа жртвите од турските масакри биле доста бројни, иако, рековме, тие не можат да се споредат со ерменските. Жртви на овие “мали” погроми во Солун биле егзархистите. Најмногу настрадале Вардарското и Куфалското маало. Во овие маала, покрај масакрите, биле ограбени и стотици куќи, а биле ранети и многу жени. Колку точно биле убиени, никогаш нема да се дознае. Многу е тешко, пишува Стег, да се определи бројот на оние што нашле смрт на 29 и 30 април. Оценките варирале меѓу 35 - цифра дадена од страна на валијата, и повеќе од 300, што треба да се земе за точна доколку би им се верувало на повеќемина Европејци, главно Германци и Австријци што живееле во западните делови на градот каде што живеело егзархиското население.
Официјалната цифра од 35 до 40, колку што имало закопано во егзархиските гробишта, на многумина, па и на Стег, им изгледала “сосем мала”. Стег лично видел најмалку 20 трупови.
Некои турски офицери посочувале цифра од 112 убиени егзархисти. Оваа цифра изгледала доста веројатна. “Меѓутоа - пишува Стег - невозможно е да се утврдат сега прецизни цифри.
Нема да се дознае ни по завршувањето на процесите што станало со многу затворени лица. Многу тешко е да се дознае што станало со телата што не се однесени на гробиштата, а сигурно е дека сите не се однесени таму. Еве еден пример: еден Италијанец и еден Германец, според изјавата дадена во нивниот конзулат, виделе како Албанци ја скршиле вратата на една егзархиска црква и убиле еден свештеник што таму се наоѓал.
Мене ме уверуваа дека никаков труп на свештеник не е однесен на гробиштата”. (Извештај ва францускиот конзулат во Солун од 7 мај 1903.)
Еве што лично видел и чул францускиот конзул веднаш по главниот гемиџиски удар. Тој, како што спомнавме, веднаш по првите експлозии на 29 април ноќта излегол и со други конзули се сретнал со валијата. Се вратил во конзулатот околу полноќ и останал таму до зори, бидејќи било крајно опасно да се движи по улиците.
“Утрото - пишува Стег - јас набавив една кола за да ги обиколам нашите установи и да видам што станало минатата ноќ. Големо возбудување владееше во нашата болница што од Отоманската банка ја дели само една тесна удичка. Посадата на “Гвадалкивир”, што беше тука сместена, го локализира со успех пожарот на соседното крило на Банката и на таков начин ја спаси нашата установа.
Малку понатаму, во истиот квартал, двајца млади луѓе, засолнати во една куќа што се наоѓа покрај германското училиште, беа опседнати од полицијата и војската, врз кои фрлаа многу бомби. Едно од момчињата успеа да избега, другото беше убиено. Неговото тело, што пред мои очи го натоварија во една количка, беше тело на младинец од 20 до 22 години, во европски но бедни алишта: тоа е заедничкиот тип на злосторниците што беа фатени или убиени онаа ноќ или утредента.
Цела ноќ вршени се апсења и претреси. Извесен број злосторници се бранеа фрлајќи бомби. Некои се убиени во бегство. Слични борби траеја до крајот на попладнето на 30 април. Последната што се водеше во една куќа близу до установата на милосрдните сестри предизвика голема возбуда кај нашите калуѓерки и кај морнарите од ‘Гвадалкивир’, кои мислеа дека се цел на заговорниците (во случајов се мисли на Орцевата акција).
Сретнав, додека вршев работи во градот, во овој ден најмалку 15 колички за ѓубре натоварени со два до три откриени трупа.
Имав причини да се плашам дека репресалијата не се претвори, барем во некои пунктови, во масакр. Кога се вратив околу 4,30 часот од болницата, затеков кај мене еден Французин, кој ми раскажа дека тројца бегалци биле масакрирани во неговата куќа во присуство на неговото семејство. Јас го зедов со мене в кола, како и еден Италијанец што присуствувал на истата сцена, и ги одведов во конакот, кај валијата.
Валијата тоа претпладне ги обиколувал квартовите на градот каде што се случувале убиствата, советувајќи го и убедувајќи го башибозукот дека војската и полицијата биле способни да воспостават ред и дека секој што не ќе си ја гледа својата работа и ќе прави ‘ексцеси’ ќе биде строго казнет.
Користете ги левата и десната стрелка за да ја свртите страницата.
Испечатено од https://macedonianhistory.ca/mk/narrative/solunskite-atentati/12 на 29 октомври 2026