V ДЕЛ - Part 01
V ДЕЛ
1. Лазарос Пападоглу седна на столот зад редакцискиот коректор. Беше спокоен. Се навали на масата, потоа го зема пенкалото што стоеше на мастилницата и по кратко размислување почна да пишува:
“Улиците на Солун деновиве се полни со човечки трупови за кои никој од жителите на градот не знае како се нашле пред нивните врати. Управата на градот го ангажира погребалното претпријатие, па така секое утро нивните работници минуват низ улиците и ги собираат труповите на убиените, изгладнетите и претепаните и ги закопуваат во голема јама на градските гробишта. Се шири низ жителите на градот кажувањето на некои припадници на левицата дека низ градот теророт го вршат неколку банди кои се заштитени како некаков раритет од новата влада. Некои граѓани кои се поплашливи престанаа да се движат по улиците. Луѓето од погребалното претпријатие се жалат на се пообемната работа. Улиците почнаа да мирисаат на мрша. Количките со кои луѓето од погребалното претпријатие товараат мртовци се премалку да за можат да ги соберат сите умрени. Нашиот град почна да ги губи своите жители и преку денот, така што многумина кои излегуваа да пазарат храна, зашто друго не сметаат за неопходно како да е луксуз од кој немаат потреба, се сопнуваат од труповите. Гладта го притисна градот. Жителите се почесто мислат на своите стомаци. И не е чудо што излегуваат на улица и бараат леб. Бидејќи никој не им дава леб, а и она што го има во градот се набавува по баснословни суми (златото вреди колку и калта), го свртеа својот гнев кон владата во Атина, обвинувајќи ја дека таа е единствен виновник. И замеруваат што се крие за грбот на САД и Англија. Со право народот бара од владата, таа да ги истера нивните војници од земјата и да воведе демократија.
Смртта на кралот Ѓорѓи II не ги трогна граѓаните на нашиот град, како и низ целата земја. Народот уште еднаш собран по улиците ја плукна владата и нејзината фашистичка политика.
Полицијата и џандармеријата истрошија многу железо. Трупови ја поплавија калдрмата на нашиот град. Сега на секој жител на градот му е јасно дека мора да се пролеат потоци крв за да се смени владата и да си одат од нашата земја англиските и армериканските војници. Народот се поотворено и посмело стапува во судир со полицијата и џандармеријата, сигурен дека пролеаната крв ќе им ја донесе саканата слобода и ќе им ги наполни стомаците: ќе им ја оттргне од скутот смртта.”
Го потпиша текстот со ЛАЗАРОС ПАПАДОГЛУ и се навали на столот. Потоа му го подаде на редакцискиот коректор. Човекот со крупно лице и очила го зема текстот и набрзина го прегледа. Не поправи ништо на него. Му го врати на Лазарос.
“Носи го во печатницата. Таму е уредникот”, му рече и се потпре со лактите на столот. 2. Лазарос Пападоглу слезе во печатницата. Уредникот го прегледа текстот и потврдно кимна со главата. Беше задоволен од напишаното.
“Дај му го на Хронос да го сложи”, му рече тивко.
Лазарос се насмевна победоносно. Во печатницата влегоа неколкумина кои носеа шешири и долги мантили. Во рацете држеа пиштоли. Се наредија крај вратата и припукаа. Лазарос пребледе од страв. Се фрли на подот. Словослагачот Хронос се фати за градите и падна мртов на подот. Луѓето пукаа. Лазарос се искрадна помеѓу печатарските машини и влезе во другото одделение и оттаму низ задната врата уплашен се најде на улицата, што водеше кон пазарот. Трчаше по калдрмата и се држеше за десната града.
“Ме погодија, мамичето нивно фашистичко!”, промрмори и не престана да трча. Стигна до Агиос Екатеринис и застана. Потоа потрча со наведната глава. Не знаеше каде да се скрие. Му беше потребна лекарска помош.
“Пондилаки и докерите одамна ги нема во градов. Кому да му се обратам за помош?”, умуваше Лазарос. Почувствува како
удри со главата во нечие тело. Се скамени од страв. Ја подигна главата и пред себе ја виде Уранија Папајоану која се напрегаше да се додржи на нозете. Потоа го зграби Лазарос за половината. Успеа да се задржи за него и да не тресне на плочникот.
“Види, види па тоа е нашиот новинар!”, се насмевна топло.
Лазарос беше блед во лицето. Раната од куршумот го болеше. Уплашен гледаше немо во убавото лице на Уранија.
“Ме бркаат. Ќе разговараме во некоја друга прилика”, и рече и сакаше да се оттргне од нејзините раце.
Уранија се насмевна уште поблаго и потопло. Лазарос се уште вознемирен трепереше.
“Не грижи се, шкрабало. Ние, Македонците, не јадеме луѓе. Појди со мене! Ќе ти помогнам”, му рече и го повлече за рака. Појдоа по улицата. Скршнаа двапати и влегоа во едно сокаче. Уранија застана до една куќа приземница. Лазарос ја препозна куќата.
“Ова е твојата куќа?”
“Да. Во неа нема никој да те побара. Ќе бидеш на сигурно место”, потоа го внесе внатре. Се држеше за десната града. Се плашеше. Очите му шараа загрижено по внатрешноста на собата во која го внесе Уранија.
“Легни на креветот! Смири се!”, му рече Уранија и излезе од собата. Лазарос несигурно се спушти на креветот.
“Морам да си одам. Уранија е човек на власта. Ќе ме предаде”, умуваше Лазарос.
Уранија се врати во собата. Се појави во друга облека. Во деколтиран фустан со процеп на десната нога. Чекореше мирно и со сигурност во држењето.
“Раскомоти се! Што се случило? Сметај дека си дома”, го уверуваше. Седна до него на креветот. Му помогна да го соблече палтото. На сината кошула забележа голема црвена дамка. Се вознемири.
“Ти си ранет!”, му рече и му ја раскопча кошулата. Пред нејзините очи се појави засеченото месо на телото на Лазарос. Се насмеа.
“Само те закачил мерецкиниот куршум. Ќе ти ја превиткам раната со чиста крпа”, стана од креветот и извади од шифоњерот шише ракија и чиста бела маичка. Му ја исчисти раната со ракија и му ја преврза со крши, што ги направи од маичката.
“Легни си! Сонот ќе ти ја поврати силата”, му рече нежно и замина во другата соба да си легне и да го смири немирното прекрасно тело што и поигруваше нервозно од заморот. Легна на креветот и се покри со две шарени ќебиња. Беше замислена.
“Проклета судбина. Еден ден ќе завршам во некој валкан каллив трап, прободена од нечие остро сечило какви што носат многумина во овој град со кои ката ден сечат глави без да постават прашање кому му припаѓаат. И нема никој да ги гони заради тоа, напротив ќе добие награда. Какво лудо време”, помисли Уранија и ги склопи големите клепки на очите. Се разбуди нарединот ден на пладне. Подготви јадење и појде во другата соба во која спиеше Лазарос Пападоглу. Го разбуди.
Лазарос Пападоглу скокна уплашено.
“Не плаши се! Лежи и не станувај! Нека заздрави мерецкината рана, потоа ќе видиме што ќе правиш”, му рече и му го подаде големиот послужавник во кој имаше чинија со пржени јајца, малку сирење и чај.
Лазарос полека го прифати послужавникот. Ја гледаше чудно.
“Не ми веруваш? Не ти се лутам заради тоа, иако во твоите очи забележувам колку многу се сомневаш во мојата чесност... Не
те кријам и негувам зашто си ми мил, или ми треба нешто од тебе. Ме потсетуваш на брат ми Христо. Тој е причината што ти помагам”, му рече смирено.
“Го познавав брат ти Христо. Го испратија со една група комунисти во Акронафплија” и рече Лазарос. Гласот не му трепереше. Почна да јаде и брзо го изеде појадокот.
Уранија гламјоса во лицето од она што и го кажа Лазарос. Потоа ја заврте главата и му даде до знаење на Лазарос дека не му верува.
“Сега ти не ми веруваш. Јас го однесов списокот со имињата во Македонската организација.”
Уранија почувствува како и ги сече нешто колената и го губи долниот дел од прекрасните нозе. Се струполи на подот и исчезна во некој нов свет, познат само на оние кои паѓаа во бесознание. Лазарос Пападоглу и покрај болката што го стегаше во пределот на десната града, стана од креветот и ја довлечка Уранија на свилената постела. И стави малку алкохол под носот и ги всели нејзините очи во своите, среќни што се отворени и оживуваат. Се насмеа победносно и ја истри со ракија по високото убаво чело.
“Уххх”, воздивна Уранија болно и полека стана од креветот. “Веќе е доцна. Морам да ги соберам парите во пансионот. Ти биди спокоен. Овде нема никој да те бара. Ако немаш доверба во мене, оди си!”, му го подаде од полицата големиот клуч. “Понеси го со себе, јас имам друг”, му рече и влезе во другата соба. Се облече и излезе низ излезната врата.
Лазарос Пападоглу се вознемири. Срцето почна да му чука. Се уште не и веруваше. Си ги заплетка мислите така што успеа да ги отплетка дури кога на вратата повторно се појави високата става на Уранија Папајоану.
“Тука си?”, го поздрави насмеано Уранија и појде во другата соба да се раскомоти. Се врати растоварена од облеката. Тоа предизвика немир кај Лазарос. Уранија забележа.
“Не мислам да те дојам со храброст, момче. Не те посакувам во мојот кревет. Сакам да те набљудувам од далеку. Ми ги враќаш спомените на брат ми Христо. Би поднела се само тој да живее”, му рече и го растресе убавото тело. Му приготви јадење и му го принесе на креветот. Лазарос го прифати јадењето.
“Јади! Вестите од печатницата “Агонистис”, стигнаа во пансионот. Владините луѓе убиле тројца а седмина раниле. Целата печатница ја демолирале. Се плашам дека си ти осмиот и дека не ќе смееш да се појавиш во градот на јавно место. Трагаат по тебе. Ако те најдат ќе те убијат. Твојата крв им влегла во жилите и душкаат насекаде”, му рече Уранија.
Лазарос не проговори. Погледот му стана бистар, но од очите му изби загриженост. Уранија седна до него на креветот и му ја размрси косата.
“Не грижи се! Ќе те пратам на сигурно место. Таму нема да те најдат” му рече смирено. Ја прифати големата тацна од неговите раце и стана од креветот.
“Биди спокоен! Ако те пронајдат во мојата куќа ќе страдаме заедно” му рече и појде во својата соба. Лазарос се истегна мрзоволно на креветот и по половина час потона во сврцт сон.
3. Уранија Папајоану му донесе нова облека, скромна за нејзиниот вкус. На Лазарос му се виде премногу богата. Уранија му помогна да се облече. Донесе една торба од другата соба и му ја даде. Го бакна во челото.
“Мораш да заминеш. Мене ме следат луѓето на Пампас. Ќе одиш во Костанерија и ќе го побараш Ставре Наковски. Кажи му дека те праќам јас, и внимавај по патот зашто се зборува дека војската, џандармеријата и полицијата прво убивале а потоа поставувале прашања. Секогаш биди засолнет од шумата”.
“Сум бил близу до Костанерија. Ти благодарам. Не знам како да ти се оддолжам”, промрморе Лазарос.
Уранија Папајоану го погледна мило со убавите очи. Го испрати до вратата и го поттурна да излезе. Лазарос зачекори по калдрмата и набрзо се загуби меѓу ниските куќарки скриен од антаријата на ноќта.
Уранија се врати во собата. Стоеше загрижена во просторијата што некогаш била нејзина најубава приемна одаја, и замислена излезе надвор, оставајќи ја вратата незаклучена. Завиткана во долга волнена шамија и со тажен поглед стигна во црквата Света Катерина. Внатре беше само попот Иракло. Не ја познаваше. Ги ококори очите кога виде колку пари Уранија остави до иконата на света Богородица. Дојде во искушение да и пријде и да го тргне црниот превез, за да види какво лице се крие зад него, но се уплаши да не го предизвика нејзиниот гнев и да си натовари каква било беља што можеше да му ја одземе службата која му носеше се што другите жители на Солун немаа: храна и облека а и многу пријатели како и заштита од власта. Остави случајот да му открие кој се крие зад црниот превез.
Уранија запали две поголеми свеќи. Воопшто не мислеше на попот. Таа и се молеше на Богородица за животот на нејзиниот брат Христо како да беше последната сламка за која се закачи и да го спаси.
Иракло не издржа и и пријде. Не се осмели да и го тргне црниот превез.
“Многу пари оставивте. Црквата ви благодари за подарокот”, и рече Иракло и љубезно се поклони.
“Дај им ги на комунистите, попе! Секој ден ќе добиваш по толку. Нека купат пушки и нека пукаат. Нека ја преземат еднаш веќе власта за да си го спасам братот”, му рече Уранија и без поздрав го напушти а потоа и црквата.
Попот остана зачуден. Се вознемири.
Уранија се врати во пансионот, но не се задржа со гостите, туку отиде во одајата и се испружи на креветот. Уморнината ја совлада и заспа.
Долу во ресторанот немаше гости. На една од масите седеше Хаш со монархистите, Расим бег и неговиот придружник. Во скутовите им седеа полупијаните девојки кои Уранија ги донесе да ги забавуваат гостите. Не ја забележаа Уранија кога влезе и се искачи по скалите. Ги лигавеа девојките среќни што можат безгрижно да го силуваат денот. Два часа пред полноќ, изгаснаа светилките. За миг загосподари тишина. Потоа се појави сноп светлина на подиумот. Салата ја исполни нежниот плачлив звук на бузуката. Свиреше само еден бузукист. Под снопот светлина се појавија три полуоблечени танчерки. Почнаа да ги виткаат телата, следејќи го ритмот на музиката.
Расим бег во скутот држеше една од девојките и и ги лигавеше големите гради со јазикот. Со едното око ги голташе мазните простомати тела на танчерките кои не ја напуштаа музиката како да беа заинатени докрај да и служат.
“Спушти ги ролетните на прозорците!”, му рече Расим бег на придружникот заповеднички.
Скендер само ја наведна понизно главата и по неколку мига за очите кои од улицата сакаа да видат што се случува во пансионот глетката беше прекината. Расим бег задоволно се насмеа и ја тргна девојката со големите гради од скутот. Им пријде на танчерките и се замеша во нивната игра. Хаш се насмеа гласно. Монархистите почнаа да плескаат со дланките во ритмот на музиката. Расим бег задоволен што танчерките го прифатија и што не е принуден сосила да ја бара нивната покорност ги погали по голите тела. Танчерките се пикнаа во него и го удираа со колковите. Тој одвај се додржуваше на нозете. Цел час бузуката не престана да испушта звуци. Потоа се се стиши. Танчерките со насмевка, љубезно го оставија Расим бег на снопот светлина.
“Вратете се!”, викна по нив Расим бег.
Танчерките не го слушнаа неговиот пригушен повик. На вратата на пансионот се појави Алексеј Иванович Старовкин и ја исполни просторијата со својот пештерски глас. Со него влегоа двајцата Критјани. Вратата зад нив се затвори со силен тресок и како да ја најави точката на новата ѕвезда на Уранија и пансионот “Македонија”. Бузуката екна и таа го извитка своето еластично тело. Алексеј Иванович Старовкин си ги излижа усните со јазикот и испушти сладострасен крик. Настана тишина во која само се слушаше бузуката.
“Април е мој месец и отсекогаш ми бил најомилен”, му рече грубо на Хаш и го пушти пештерскиот глас да ја затресе просторијата. “Донесете виски од шанкот!”, им рече на Критјаните и седна на една маса близу до Хаш и монархистите. Критјаните донесоа шише виски од шанкот и го ставија на масата пред Алексеј Иванович Старовкин.
Алексеј Иванович Старовкин го голташе телото на новата ѕвезда на пансионот “Македонија” и пиеше виски. Голото тело на девојката го измами да го посака за себе. Го зграби шишето од масата. Сакаше да стане. Над главата почувстува нечие тешко дишење. Ја крена главата и го виде лицето на Расим бег.
“Оваа е моја вечерва. Ќе буричкам во неа како во ниедна друга досега и ќе истурам во неа се што имам во себе”, рече Расим бег. Го бакна Украинецот во челото и му го излигави.
Алексеј Иванович Старовкин го изгледа по целото тело. Му се згнаси од лигавиштината на Расимбеговото пијано лице и грубо го турна. Расим бег се струполи во масите, немоќен да застане на нозете. Не почувствува болка. Го избриша окрвавеното лице, ја протресе силно главата и бесен тргна накај Алексеј Иванович Старовкин да го усмрти.
Едниот Критјанин молскавично стана од столот и му се иступори на Расим бег. Не стигна да му се опули во едното око. Придружниот на Расим бег, Скендер без предупредување,
незабележливо му го зари ножот во грбот и додека Критјанинот офна од болката Скендер му го пресече гркланот.
Вториот Критјанин подиве од глетката. Беше збунет од брзината на Скендер. Стана од столот и му појде во пресрет на Скендер. Го извлече ножот со големото ребрасто сечило и му се закани. Почнаа да се гледаат како петли. Си ги испитуваа силите. Потоа се скачнаа. Од првиот судир Скендер се извлече со окрвавена десна рака. Во вториот судир Критјанинот го расече по градите. Потоа почнаа пак да се надмдруваат одалечени еден од друг толку колку што беше потребно за да се наденат на острите ножеви.
Алексеј Иванович Старовкин се насмеа толку гласно што затреперија чашите и шишињата на шанкот. Се исправи и со еден удар го испрати Расим бег повторно под масите. Потоа го зграпчи Скендера и со голи раце го задави и како ништо да не се случило се најде под снопот светлина под кој спокојно ја докрајчуваше својата точка на разголување новата ѕвезда на пансионот “Македонија”.
“Продолжи да свириш!”, му викна на бузукистот грубо. Го подигна кревкото тело на девојката што се виткаше голо под светлото и го понесе низ пансионот.
“Помини си убаво со убавицата, Алексеј, и пробај да ја задржиш убавината подолго време во себе. Утре заминуваме од Солун. Одиме во планините да ловиме комунисти”, му рече Хаш и плесна со рацете за да му донесат пијалок.
5. Алексеј Иванович Старовкин се искачи по скалите. Во неговите големи раце уплашено мируваше новата ѕвезда на пансионот “Македонија”. Поминаа покрај собата на Уранија Папајоану. Алексеј Иванович Старовкин не се сврте како никогаш да не постоела таа соба а ни нејзината сајбијка, со која знаеше да ужива и по неколку дена не излегувајќи меѓу луѓето. Се буфна во одајата во која престојуваше и со се ѕвездата на пансионот“Македонија” која на себе немаше никаква облека се џитна на креветот. Штиците попуштија под налетот на
горостасното чудовиште во човечки облик и со тресок полегнаа на подот. Алексеј Иванович Старовкин прсна во смеа. Новата ѕвезда на пансионот “Македонија” притисната од тромоста на Украинецот за малку што не го испушти зврцките. Одвај го задржа воздухот во себе. Почуствува силна болка во стомакот, но не испушти глас. Украинецот и ја зари устата во градата и немилосрдно ја гризна за пупулката од што новата ѕвезда на пансионот “Македонија” врисна до небото.
“Колку пари треба да платам за вечерва?”, рече Алексеј Иванович Старовкин сериозно.
“Пет илјади”, му рече девојката како навиена.
Алексеј Иванович Старовкин се насмеа толку гласно од што се потресе целиот пансион.
6. Уранија Папајоану се разбуди. Ја накриви устата мрзоволно и стана да ја заклучи вратата на одајата. Тоа го направи за првпат откако е во пансионот. Се почувствува осамена и се уплаши од силната смеа на Украинецот. Цела ноќ не заспа очекувајќи некој да ја скрши вратата на нејзината одаја и да и нанесе големо зло. Луѓето со кои до вчера какетираше и ги вртеше околу малиот прст престанаа да ја посакуваат. Никако не можеше да сфати зошто настапила таква промена во нивните глави. Стана од постелата и си го погледа ликот во големото огледало. Забележа брчки на челото и околу очите. Го виде во огледалото што извираше од нејзиниот скршен поглед. Сето црнило на лицето и се иструи во умот. Помисли на староста, но ја отфрли брзо таквата мисла зашто не и беше пријатна. Потоа неволно и тромо се фрли на креветот. Го слушаше грубиот глас на Алексеј Иванович Старовкин и врескањето на новата ѕвезда на пансионот “Македонија” што самата ја повика од Атина по наговор на Дастин Бровн. Утрото, со широко отворени, зацрвенети очи ја пречека во постелата. Иако стомакот и кркотеше од глад не слезе во ресторанот да јаде, од страв да не налета на Украинецот, или на некои од неговите пријатели посебно на Расим бег и на Хаш. Слегна многу подоцна, уверена дека си заминале. Сакаше нешто набрзина да фрли во устата и
да изчезне каде, било само да не е во пансионот кога тие ќе се вратат. Некој чуден страв се всели во неа, нешто што и велеше дека ноќта нема да ја дочека жива. И се чинеше дека повремено гледа сеништа што доаѓаат со бела кочија покриена со црни проѕирни чаршави, и ја повикуваат да се качи за да ја однесат кај нејасно оцртаната фигура, што неколкупати и се закани дека ќе ја окова во своето царство. Не гледаше страст во неговите очи кои едноставно јасно можеше да ги види и за кои повремено мислеше дека му припаѓаат на Хаш. Нешто нејасно, магливо, искреше од нив и се впикуваше во неа, внесувајќи и несогледлив страв што ја доведуваше до границата на лудилото.
“Ќе го напуштам пансионот засекогаш”, помисли. “Вака налудничава ќе го загубам авторитетот како сопственик на пансионот”, потоа набрзина испржи јајца со сирење. Изголта се и се качи во собата. Долго време ја бараше тапијата. Не ја пронајде. Собра сува храна во една поголема торба и го напушти пансионот. На улицата си спомна за златниците што ги држеше под душекот. Се врати назад во пансионот. Застана крај шанкот. Нешто зашумоли. Се стресе од страв. Полека се сврте, се успокои и ги забележа солзите што и го влажнеа лицето и ја правеа погрда одошто беше. Скоро не личеше на девојката што ја доведе од Атина. Беше тоа новата ѕвезда на пансионот “Македонија”.
“Ме осакати онаа грдосија. Сега сум готова. Отиде во мајчината мојот занает. Еве, види што ми направи тој скот”, мрмореше немоќна да зборува од липањето и ги откри малите гради пред Уранините очи.
Уранија мирно го погледна црвенилото што царуваше на местата на кое требаше да бидат пуполките.
“Не си само ти со одгризнати пуполки”, и рече мирно Уранија, но не за да ја успокои туку некому да го исповеда сопственото црнило што и ја стискаше душата и и се закануваше со препукнување на жолчката. Гледаше во унакажаните гради на новата ѕвезда на пансионот “Македонија” и не тажеше по нејзините пуполки. Не знаеше Уранија каде да најде цели пуполки кои ќе и ги красат сопствените гради за кои сите во
градот што имаа вкус за убаво мислеа се најубавите на светот. Уранија повеќе не можеше да се гордее со нивната убавина. Ги криеше од себе си за да не се самоубие.
“Оди си назад во Атина! Ќе ти дадам доволно пари за да започнеш некоја нова работа што не е зависна од играта и разголувањето. Отвори некој киоск за мекици или бутка за цигари. Занимавај се со што било само не со соблекување, зашто можеш и животот да го загубиш” и рече и ја поведе по скалите во одајата. Ги извади златниците и и ги даде на девојката. Таа ги зеде парите.
“Како ти е името?”, праша Уранија.
“Се викам Ирина”, рече девојката со блага срамежлива насмевка. Потоа лизна покрај Уранија во ходникот. Се врати. Застана на вратата.
“Хаш, Украинецот, Расим бег и монархистите ќе бидат подолго време отсутни од градот. Отидоа во војна далеку од пансионот. Ако има господ нема да се вратат”, и рече девојката и се загуби во ходникот.
“Сирота девојка”, промрморе Уранија и ја затвори вратата. Легна на креветот и ја зари главата во перницата. Заплака. Потоа долго време се превртуваше во постелата. Најпосле заспа. Се разбуди по полноќ. Слезе во ресторанот и касна суво месо. Се качи во собата. Легна и продолжи да спие. Попладнето, следниот ден, сонлива излезе да му отвори на човекот што тропаше на влезната врата на пансионот. Излезе во ноќница и неизмиена. Очите и беа потечени од спиење.
“Влезете!” му рече Уранија.
Човекот беше млад и калеш со убаво лице и стројна става. Ја потсетуваше на брат и Христо. Влезе во пансионот. Во рацете носеше торба. Уранија ја препозна торбата.
“Земете ја торбата! Ми ја даде една млада девојка пред да умре”, и рече мирно човекот и и ја подаде торбата.
Уранија ја зеде торбата. Некоја непозната сила за неа ја присилуваше да го гледа човекот.
“Што се случило со Ирина? ”, праша мирно.
“Мртва е. Некои момчиња се дрзнаа да ја силуваат во возот. Таа се опирала. Седев во соседното купе и слушнав врискање. Истрчав и стигнав доцна. Момчињата побегнаа. Девојката лежеше со нож зариен во вратот. Успеа да ми каже да ви ја предадам торбата доколку сте вие Уранија Папајоану”, рече човекот мирно.
“Јас сум Уранија. Понекогаш господ казнува невини души”, рече Уранија. “Сепак благодарам”.
“Простете, но морам да одам. Имам обврски”, рече човекот.
“Нема да се напиете една ракија со мене?”
“Благодарам, не пијам алкохол” рече човекот и и ја подаде раката да се ракуваат.
Уранија ја прифати неговата подадена рака и му ја стегна цврсто.
“Повелете, кога сте слободни. Ќе ми биде мило да празговараме”, му рече Уранија и му ја пушти раката.
“Довидување и благодарам за поканата. Се надевам дека ќе ни се вкрстат повторно патиштата”, и рече човекот и излезе од пансионот.
Utilisez les flèches gauche et droite pour tourner la page.
Imprimé depuis https://macedonianhistory.ca/fr/narrative/smrt-vo-solun-macedonian/16 le 29 octobre 2026